Надгледници кои преземаат водство — надгледник на Теократската школа за служба
1 Надгледникот на Теократската школа за служба е духовно постар човек кој напорно работи на говорењето и поучувањето и кој ја заслужува нашата чест и соработка (1. Тим. 5:17). Кои се неговите одговорности?
2 Под негова надлежност е библиотеката на Теократската школа за служба во Салата на Царството. Тој е живо заинтересиран да ги охрабри да се запишат во школата сите оние кои имаат квалификации. Води точна евиденција да се доделуваат задачите уредно и најмалку три седмици однапред за секоја сесија. Треба добро да го познава собранието, имајќи го на ум секој ученик и неговите способности. Иако еден брат може да му помага во подготвувањето на распоредот за школата, уредното доделување на учествата бара личен надзор од надгледникот.
3 Со цел делотворно да поучува во школата, надгледникот мора трудољубиво да се подготвува секоја седмица, темелно проучувајќи го доделениот материјал. Тоа му овозможува да го држи собранието воодушевено за наставниот план, да одреди дали доделениот материјал е точно обработен и да ги истакне важните мисли кои ќе бидат вклучени во писмените повторувања.
4 После говорот на секој студент, надгледникот ќе го пофали студентот и ќе објасни зошто извесна говорна одлика била добра или зошто е потребно подобрување. Кога некому му треба дополнително поучување за да ги подготви своите задачи за школата, надгледникот или некој што го одредил тој може да даде лична помош.
5 За да имаме потполна корист од напорната работа на надгледникот на Теократската школа за служба и од сите дополнителни советници кои служат под негово водство, треба редовно да присуствуваме на школата. Исто така, треба да ги исполнуваме сите наши задачи и да го применуваме советот што го добиваме, како и советот што им е даден на другите студенти. На тој начин постојано ќе ја подобруваме нашата способност да ја изнесуваме пораката на Царството јавно и од куќа до куќа (Дела 20:20; 1. Тим. 4:13, 15).