Дали имаш дух на самопожртвуваност?
1 Ценењето на она што Исус Христос несебично го направил за човештвото треба да нѐ поттикне сите нас да ги користиме своите способности, енергија и сили на еден самопожртвуван начин. Писмото нѐ моли: „Подајте ги телата ваши во жртва жива, света и благоугодна на Бога, и тоа ќе биде вашата духовна служба“ (Рим. 12:1). Повременото самоиспитување ќе ти помогне да увидиш дали покажуваш таков дух онолку колку што дозволуваат твоите лични околности.
2 Во барањето библиско спознание: Дали си одвоил време за редовно лично читање на Библијата и за лична студија? Дали се држиш за тој распоред? Дали имаш рутина добро да се подготвуваш за собраниските состаноци? Ако си семеен поглавар, дали водиш редовна библиска студија со твоето домаќинство? Овие работи можеби ќе бараат да го жртвуваш времето што го минуваш пред телевизорот, пред компјутерот или за други цели. Меѓутоа, колку е мала жртвата што треба да се направи, со оглед на тоа што знаеш дека времето што го минуваш со Божјата реч ќе те води до вечен живот! (Јован 17:3).
3 Во воспитувањето на децата: Најдобро време да почне да се учи самопожртвуваност е детството. Поучете ги своите деца дека, иако има време за игра, мора да има и време за работа и теократски активности (Ефеш. 6:4). Дајте им да извршуваат некоја корисна работа во домот. Имајте редовен распоред за да учествувате заедно со нив во службата. Зајакнете ја вашата поука со сопствениот добар пример.
4 Во собраниските активности: Собранието е збогатено кога секој што е во него прави спремни жртви за да ги изврши работите што се за доброто на сите (Евр. 13:16). Можеш ли да поминеш повеќе време во делото на проповедање на Царството и правење ученици? Можеш ли доброволно да се погрижиш за болните или постарите, можеби помагајќи им да дојдат на состаноците?
5 Пред да ја направи последната жртва во својот човечки живот, Исус ги советувал своите ученици да го вперат погледот кон интересите на Царството, ставајќи ги сите други работи во животот на второ место (Мат. 6:33). Следењето на таков дух на самопожртвуваност ќе ни донесе поголема среќа додека и понатаму му служиме на Јехова со радост.