Благослови од покажувањето ценење за Јеховината љубов — 2 дел
1 Минатиот месец кога ја разработувавме оваа тема, истакнавме четири начини на кои можеме во службата да го покажеме своето ценење за Јеховината љубов (1. Јов. 4:9—11). Сега ќе додадеме уште пет начини на кои можеме да го правиме тоа. Кога имаме целосно учество во духовното помагање на другите, добиваме благослов.
2 Сведочејќи неформално: Ова е ефикасен начин да ги пронајдеме луѓето што се гладни и жедни за праведноста и да им оставиме литература што ќе им помогне. Добро е ‚да си го откупуваме поволното време‘ и да сведочиме во сите прилики и секому што ќе го сретнеме (Ефеш. 5:16). Можеби ќе треба да собереме храброст за да сведочиме на овој начин, но ако ја цениме Божјата љубов и потребите на луѓето, ќе сведочиме во секоја прилика (2. Тим. 1:7, 8).
3 Еден мисионер бил богато благословен што започнал разговор со некој сопатник во такси возило. Човекот се заинтересирал. Биле направени повторни посети и била започната библиска студија. Тој човек дошол во вистината и напредувал, така што станал собраниски старешина!
4 Пишувајќи писма: Можеби не можеме да одиме од куќа до куќа заради некоја болест или заради лошото време. Би можеле да пишуваме писма, давајќи им кратко сведоштво по пошта на лицата што ги познаваме, оние на кои им умрел некој сакан или на оние што не биле дома на подрачјето. Можеме да приложиме некој од нашите навремени трактати што содржи привлечна библиска порака и го охрабрува примателот да одговори ако има некои прашања. Користи ја твојата лична адреса или адресата на Салата на Царството, но те молиме, не ја користи адресата на канцеларијата на подружницата.
5 Сведочејќи по телефон: Ова е еден убав начин да дојдеме до луѓето што не можеме да ги сретнеме при сведочењето од куќа до куќа. Ако го правиме тоа дискретно, љубезно, тактично и вешто, можеме да наидеме на многу добар одѕив. Наша служба за Царството од февруари 2001, страници 5 и 6, дава практични предлози за тоа како да постигнеме најдобри резултати.
6 Кога некоја сестра сведочела по телефон, ја прашала жената дали размислувала за тоа што ѝ носи иднината нејзе и на нејзиното семејство. Жената одговорила дека размислувала. Признала дека, од очај, се изолирала дома. Поттикната од искрениот интерес што го покажала сестрата, жената се согласила да се сретне со неа на блискиот пазар. Како резултат на тоа, жената спремно прифатила библиска студија!
7 Дочекувајќи ги непознатите: Ако ги сакаме своите ближни, будно ќе го забележиме секој непознат што доаѓа на нашето место за состаноци и ќе му изразиме добредојде (Рим. 15:7). Нека види дека е меѓу луѓе што се искрено заинтересирани за неговото духовно добро. Нашата искрена заинтересираност и понудата на лична библиска студија може да го мотивира да ја прифати нашата помош.
8 Со нашето добро однесување: Со нашето добро однесување, ние ја украсуваме вистината (Тит 2:10). Кога луѓето од светот кажуваат добри работи за нас како Јеховини сведоци, му оддаваат чест на нашиот Бог (1. Пет. 2:12). Исто така, тоа може да им помогне на другите да тргнат на патот на животот.
9 Разгледај ги овие пет начини на кои покажуваме ценење за Јеховината голема љубов кон нас и примени ги (1. Јов. 4:16). Додека го правиш тоа, ќе пожнееш многу благослови.