Да им помогнеме на другите да го слават Јехова
1 Една многу важна порака им се проповеда на луѓето по целата Земја: „Плашете се од Бога и оддајте му слава, зашто дојде часот на неговиот суд, и обожавајте го Оној кој ги создаде небото и земјата и морето и изворите на вода“ (Откровение 14:6, 7). Имаме чест да учествуваме во таа објава. Што треба да знаат луѓето за Јехова за да се плашат од него и за да го обожаваат?
2 Неговото име: Луѓето треба да можат по име да го разликуваат единствениот вистински Бог од многуте лажни богови што се обожаваат денес (Втор. 4:35; 1. Кор. 8:5, 6). Всушност, библиските писатели го употребиле Јеховиното славно име повеќе од 7.000 пати. Иако исправно користиме проникливост кога првпат го кажуваме Божјето име, никогаш не треба да го криеме ниту да се срамиме да го користиме. Божја волја е целото човештво да го знае неговото име (Изл. 34:5).
3 Неговата личност: За да го слават Јехова, луѓето треба да знаат каков Бог е тој. Мораме да ги запознаеме со неговата извонредна љубов, ненадминливата мудрост, апсолутната правда и огромна моќ, а и со неговата милост, оддадена љубезност и други прекрасни особини (Изл. 34:6, 7). Исто така, мораат да научат да имаат здрав страв од Бог, длабоко да го почитуваат, сфаќајќи дека животот им зависи од тоа дали го имаат Јеховиното одобрување (Псал. 89:7).
4 Да му се приближат на Бог: За да се спасат од Божјиот суд што доаѓа, луѓето мораат да го повикуваат Јехова во вера (Рим. 10:13, 14; 2. Сол. 1:8). Ова вклучува повеќе отколку само да стекнат спознание за Божјето име и за неговите особини. Мораме да им помогнеме на луѓето да развијат личен однос со Јехова, така што ќе имаат доверба во него со сето свое срце (Посл. 3:5, 6). Како што го применуваат она што го учат, му се обраќаат на Бог во искрена молитва и ја чувствуваат неговата рака во својот живот, нивната вера расте, помагајќи им на тој начин да му се приближат на Јехова (Псал. 34:8).
5 Ревносно да го објавуваме Божјето име и да им помагаме на другите да ја полагаат својата целосна доверба во него и да се плашат од него. Можеби сѐ уште можеме да им помогнеме на многу луѓе да го запознаат Јехова и да го слават како ‚Богот на своето спасение‘ (Псал. 25:5).