Вистинско христијанско единство — како?
1 Што може да обедини повеќе од шест милиони луѓе од 234 земји и од околу 380 јазични групи? Само обожавањето на Јехова Бог (Мих. 2:12; 4:1—3). Јеховините сведоци знаат од лично искуство дека денес вистинското христијанско единство е реалност. Како „едно стадо“ под „еден пастир“, решени сме да се спротивставиме на разорниот дух на овој свет (Јован 10:16; Ефеш. 2:2).
2 Непогрешливата намера на Бог е сите интелигентни суштества да бидат обединети во вистинско обожавање (Откр. 5:13). Знаејќи колку е важно ова, единството на неговите следбеници Исус го направил предмет на сесрдна молитва (Јован 17:20, 21). Како може секој од нас да придонесе за единството во христијанското собрание?
3 Како се постигнува единство: Без Божјата реч и без Божјиот дух, христијанското единство би било недостижно. Тоа што го применуваме она што го читаме во Библијата му дозволува на Божјиот дух слободно да протекува во нашиот живот. Тоа ни овозможува ‚да го одржуваме единството на духот во обединувачката врска на мирот‘ (Ефеш. 4:3). Ова нѐ тера да се поднесуваме еден со друг со љубов (Кол. 3:13, 14; 1. Петр. 4:8). Го унапредуваш ли единството со тоа што секој ден медитираш за Божјата реч?
4 Исто така, нѐ обединува и нашиот налог да проповедаме и да правиме ученици. Кога работиме со другите во христијанската служба, „борејќи се рамо до рамо за верата на добрата вест“, стануваме „соработници во вистината“ (Фил. 1:27; 3. Јов. 8). Додека го правиме тоа, обединувачките врски на љубовта во собранието се зајакнуваат. Зошто не поканиш некого со кого во последно време не си бил во службата на теренот да те придружува оваа седмица?
5 Колкава само предност имаме што сме дел од единственото вистинско меѓународно братство на земјата денес! (1. Петр. 5:9). Неодамна, илјадници лица од прва рака го искусија ова глобално единство на меѓународните конгреси „Оддајте му слава на Бог“. Сите ние да придонесуваме за ова скапоцено единство така што ќе ја читаме Божјата реч секој ден, ќе ги решаваме несогласувањата со љубов и ќе ја проповедаме добрата вест „еднодушно“ (Рим. 15:6).