Дело поддржано од Бог
1 Малкумина од Божјите слуги денес имаат извонредно образование, богатство или се од некакво големо значење во сегашниов систем на работи. Од таа причина, некои луѓе ја отфрлаат нашата служба, сметајќи ја за безначајна (Иса. 53:3). Меѓутоа, библиското образовно дело што го извршуваме им донело утеха и надеж на милиони луѓе низ целиот свет. Како обични луѓе постигнале такви извонредни резултати? Само со поддршката од Бог (Мат. 28:19, 20; Дела 1:8). „Бог го избира она што е слабо во светот“, објаснил апостол Павле, „за да го посрами она што е силно“ (1. Кор. 1:26—29).
2 Апостолите и другите христијани од првиот век главно биле „неуки и обични“ (Дела 4:13). Сепак, смело го следеле својот налог да ја проповедаат добрата вест и Јехова ги благословил нивните напори. И покрај пречките и противењето, ,Јеховината реч моќно растела и преовладувала‘. Ништо не можело да го запре делото зашто било поддржано од Бог (Дела 5:38, 39; 19:20). Истото е случај и во современа доба. Дури ни цврстото противење од страна на моќни владетели не можело да спречи добрата вест да преовладува и да расте (Иса. 54:17).
3 Сета заслуга е на Бог: Дали нашата привилегирана положба како Божји министри ни дава право да се фалиме? Ни најмалку. Укажувајќи на христијанската служба, Павле напишал: „Ова благо го имаме во земјени садови, за силата која ја надминува нормалната да биде од Бог, а не од нас“ (2. Кор. 4:7). Павле сфатил дека може да ја извршува својата служба само со силата што Бог му ја давал (Ефеш. 6:19, 20; Фил. 4:13).
4 На сличен начин, и ние сфаќаме дека делото на проповедање се извршува само затоа што ,сме добиле помош од Бог‘ (Дела 26:22). Преку таквата објава низ целиот свет, Јехова нѐ користи на еден значаен начин за да ги стресе народите — предзнак за претстојниот суд на уништување (Агеј 2:7). Колку сме само привилегирани што сме „Божји соработници“ во големата духовна жетва! (1. Кор. 3:6—9).