Продолжете со смелост да ја зборувате Божјата реч
1 Како христијански слуги ние знаеме дека нема сите да слушаат кога ќе проповедаме (Мат. 10:14). Меѓутоа, не дозволуваме негативната реакција од некои да нѐ спречи да ја објавуваме добрата вест (Посл. 29:25). Што ни помага да продолжиме со смелост да ја зборуваме Божјата реч?
2 Апостол Павле ја разбрал „ненадминливата вредност на спознанието за Христос Исус“. Ова го поттикнало да зборува „со силно уверување“ (Фил. 3:8; 1. Сол. 1:5). Иако некои сметале дека пораката што ја проповедал е слаба и луда, тој сфатил дека таа била „Божја сила за спасение на секој кој има вера“ (Рим. 1:16). Затоа, дури и кога се соочувал со противење, тој продолжил да зборува „смело со овластување од Јехова“ (Дела 14:1-7; 20:18-21, 24).
3 Нашиот Извор на сила: Павле не можел со своја сила смело да сведочи. Зборувајќи за себе и за Сила, тој напишал: „откако прво пострадавме и дрско се постапуваше со нас во Филипи, . . . со помош на нашиот Бог собравме смелост да ви ја зборуваме Божјата добра вест со голема борба“ (1. Сол. 2:2; Дела 16:12, 37). Освен тоа, додека бил затворен во Рим, Павле побарал другите да се молат за него за да може да продолжи да ја објавува добрата вест ‚со смелост, како што и требало да зборува‘ (Ефеш. 6:18-20). Со тоа што се потпирал на Јехова наместо на себе си, Павле можел да продолжи со смелост да ја зборува Божјата реч (2. Кор. 4:7; Фил. 4:13).
4 Истото се случува и денес. Еден брат, на кој му било многу тешко да им каже на своите колеги дека е Јеховин сведок и да сведочи неформално, се молел за тоа и започнал да сведочи. Еден колега во почетокот ги одбивал неговите обиди, но кога слушнал за надежта за воскресение, тој прифатил да ја проучува Библијата. Оттогаш братот ја користел секоја можност да сведочи. На неговото ново работно место, во текот на 14 години, тој им помогнал на 34 колеги да се крстат. Можеме да бидеме уверени дека на сличен начин Јехова ќе нѐ зајакне и нас ‚да продолжиме да ја зборуваме неговата реч со смелост‘ (Дела 4:29).