Следи го Христос со достоинствено однесување
1. Како темата на овогодишната конгресна програма е поврзана со достоинственото однесување?
1 Во Библијата пишува дека Севишниот Владетел, Јехова, се облекол во чест (Пс. 104:1). Со своите зборови и постапки, Исус секогаш му оддавал чест на неговиот Татко и покажувал почит за сето она што Тој го обезбедил (Јован 17:4). Во текот на претстојниот Обласен конгрес „Следи го Христос!“, секој од нас ќе има можност да го следи примерот на Исус и да го прослави Јехова.
2. Како нашата подготовка за да бидеме присутни на секој дел од програмата го прославува Јехова?
2 Достоинствено обожавање: Јехова можеме да го славиме така што ќе направиме сѐ што е потребно за да бидеме присутни на духовната гозба што тој ја подготвил за нас. Разговараше ли со својот работодавач и ги среди ли своите обврски за да можеш да присуствуваш секој ден на конгресот, вклучувајќи го и петок? При твоите подготовки не заборавај дека треба да стигнеш доволно рано за да најдеш место и да можеш да учествуваш во почетната песна и молитва. Освен тоа, земи предвид оброците за време на паузата да ги јадеш на конгресното место заедно со браќата. Во почетокот на секој дел од програмата, пред да започне музиката, претседавачот љубезно ќе нѐ замоли да си ги заземеме местата. Тогаш треба брзо да завршиме со разговорите и да седнеме, за да бидеме спремни кога ќе започне програмата.
3. Како придонесуваме за достоинството на нашето обожавање со тоа што внимателно ја слушаме програмата?
3 Нашиот небесен Татко ќе го прославиме и ако добро внимаваме на програмата. Откако бил на еден обласен конгрес, некој новинар напишал дека секој што би дошол на конгресот би бил воодушевен од ‚примерното однесување на присутните, кои со почит внимавале на програмата, покажувајќи дека се заинтересирани за духовните работи‘. Исто така, тој спомнал дека имало ‚голем број деца... и сите се однесувале необично добро па дури и ги барале стиховите во Библијата‘. За време на програмата не е прикладно непотребно да зборуваме, да праќаме пораки по мобилен телефон, да јадеме, или да се шетаме по ходниците. Младите треба да седат со своите родители, за да можат родителите да им помогнат да извлечат корист од програмата (5. Мој. 31:12; Изр. 29:15). Со сите овие постапки покажуваме дека ги почитуваме другите и дека ја цениме важната духовна храна што таму ја добиваме.
4. Зошто треба да имаме достоинствен изглед додека сме на конгресот?
4 Достоинствен изглед: Мнозина изразија ценење за потсетувањата што ги добивме минатата година на обласниот конгрес во говорот „Однесувај се достоинствено во секое време“. Во него беше нагласено дека Божјите слуги треба да се трудат нивното облекување и нивниот изглед да бидат достоинствени како што им прилега на христијаните. Оваа година треба повторно да обрнеме посебно внимание на оваа работа. Нашиот изглед покажува што чувствуваме кон Јехова и кон честа што сме негови Сведоци. Секогаш треба да се облекуваме како луѓе што „велат дека го почитуваат Бог“ (1. Тим. 2:9, 10).
5. На кој начин можеме да имаме достоинствен изглед и во слободното време во конгресниот град?
5 Дали треба да имаме достоинствен изглед само додека присуствуваме на конгресот? Имај на ум дека мнозина ќе ги забележат нашите конгресни значки и ќе нѐ набљудуваат додека сме во конгресниот град. Нашиот изглед треба да се разликува од изгледот на другите луѓе. Затоа, дури и во слободното време како, на пример, кога ќе излеземе некаде на оброк по програмата, не треба да носиме фармерки, кратки панталони, или маици, туку треба да се облечеме како што прилега на Божји слуги што дошле во градот за да присуствуваат на христијански конгрес. Така навистина ќе дадеме убаво сведоштво во тоа место! Јехова се радува кога нашиот изглед прилега на нашата улога како Божји слуги.
6. Кои добри резултати произлегуваат кога се однесуваме достоинствено, како што прилега на христијани?
6 Убави резултати: Кога на нашите конгреси се однесуваме достоинствено како што прилега на христијани, се создаваат можности да сведочиме неформално. Освен тоа, им оставаме добар впечаток на луѓето што нѐ набљудуваат. На крајот на еден конгрес, еден службеник рекол: „Никогаш досега не сме виделе луѓе што толку добро се однесуваат. Вие се однесувате онака како што Бог очекува од нас“. Со нашето достоинствено однесување го славиме Јехова и покажуваме дека се почитуваме и дека се сакаме еден со друг (1. Пет. 2:12). Од тоа се гледа и дека имаме страв од Бог и дека ја цениме честа да бидеме поучени од нашиот Татко (Евр. 12:28). Затоа, да се трудиме да се однесуваме достоинствено додека го очекуваме овогодишниот Обласен конгрес „Следи го Христос!“
[Рамка на страница 5]
Потсетувања за Обласниот конгрес
◼ Програмски термини: Секој ден програмата ќе започне во 9.20 часот. Вратите ќе бидат отворени во 8.00 часот. Кога ќе биде пуштена теократска музика, сите треба да седнеме на нашите места за да може програмата да започне на достоинствен начин. Во петок и во сабота програмата ќе заврши во 17.05 часот, а во недела во 16.10 часот.
◼ Чување седишта: Може да чуваш седишта само за оние што патуваат во ист автомобил со тебе или за оние со кои живееш во ист дом.
◼ Пладневен оброк: Ве молиме, подобро донесете си ручек наместо да ја напуштате конгресната локација за да купувате храна во текот на пладневната пауза. Храната можете да ја понесете во мал сад што ќе можете да го ставите под вашето седиште. Во конгресниот објект не се дозволени големи садови за ладење на храна, стаклени садови и алкохолни пијалаци.
◼ Прилози: За да се организира еден конгрес потребни се многу средства. Нашето ценење можеме да го покажеме ако дадеме доброволни прилози за светското дело во Салата на Царството или на конгресот.
◼ Несреќи и итни случаи: Ако на конгресната локација се појави потреба од итна медицинска помош, те молиме кажи му за тоа на некој редар, кој веднаш ќе го извести Одделот за прва помош. Таму има медицински оспособена екипа која ќе процени колку е сериозен проблемот и ќе може да даде помош.
◼ Опрема за снимање: Никаква опрема за снимање не треба да се приклучува на електричната или на разгласната мрежа во објектите. Таква опрема може да се користи само на начин на кој нема да им пречи на другите.
◼ Парфеми: Повеќето конгреси се одржуваат во затворени простории. Затоа, би било љубезно од нас да не користиме јаки парфеми, колонски води и дезодоранси кои можат да им пречат на оние што имаат проблеми со дишењето или други слични проблеми (1. Кор. 10:24).
◼ Формулари за да се посетат заинтересираните: На формуларот Те молиме, посети го ова лице (Ѕ-43) треба да се внесат основните податоци за секое лице што покажало интерес кога сме му сведочеле неформално за време на конгресот. Објавителите треба да си носат еден или два вакви формулара на конгресот. Тие формулари можат да се добијат и на конгресот во Одделот за литература. Пополнетите формулари можете да ги предадете во тој оддел или да му ги дадете на секретарот во вашето собрание кога ќе се вратите од конгресот. (Види во Нашата служба за Царството од февруари 2005, стр. 6.)
◼ Хотели и студентски домови: 1) Те молиме, не резервирај повеќе соби отколку што ти требаат, а во собата не треба да преноќеваат повеќе луѓе отколку што е дозволено. 2) Ако мораш да ја откажеш резервацијата, веднаш јави се во хотелот. 3) Немој да готвиш во собите ако тоа не е дозволено. 4) Како христијани, сигурно нема прекумерно да ги користиме бесплатниот појадок, кафето или мразот што се обезбедени за гостите во хотелот. 5) Во секое време покажувај ги плодовите на духот додека соработуваш со хотелскиот персонал. 6) Ако се појави некој проблем околу хотелската соба, извести го за тоа Одделот за сместување кога ќе дојдеш на конгресот.