Храбрете се еден со друг додека сте во служба
1 Сите сме благодарни кога некој ќе нѐ охрабри со „зборови кажани во право време“ (Изр. 25:11). Затоа, да разгледаме како би можеле да ги охрабруваме другите објавители со нашиот разговор додека сме во служба.
2 Позитивни разговори: Навистина многу ќе се охрабриме ако разговараме за духовни работи додека проповедаме (Пс. 37:30). Би можеле да зборуваме за нашата презентација или да раскажеме некое убаво поново искуство од службата (Дела 15:3). Дали сме наишле на некоја интересна мисла при читањето на Библијата или на најновите списанија? Дали сме научиле нешто ново на некој собраниски состанок? Можеме да разговараме и за убави мисли од некое јавно предавање што неодамна сме го чуле во Салата на Царството.
3 Кога некој станар ќе изрази некаков приговор, а не знаеме како да му одговориме, можеби ќе се разочараме. Тогаш би било добро, откако ќе си отидеме од вратата, да поразговараме накратко со партнерот за тоа како да одговориме ако повторно наидеме на таков приговор. Притоа, би можеле да побараме предлози во книгата Расправљање. Освен тоа, нашиот партнер ќе се охрабри ако искрено го пофалиме за нешто што ни се допаднало во неговата презентација.
4 Преземи го првиот чекор: Има ли некој од нашата група за проучување на книга со кого одамна не сме биле во служба? Ако го поканиме да дојде со нас, ќе можеме „заемно да се охрабриме“ (Рим. 1:12). Општите и помошните пионери се благодарни кога имаат со кого да соработуваат, особено рано наутро или доцна попладне, кога помалку објавители проповедаат. Можеме да им помогнеме со тоа што ние ќе се ставиме на располагање. Знаеш ли некој објавител кој, поради слабото здравје, не може многу да оди во служба? Ако го повикаш да дојде со тебе, можеби на библиска студија, тоа ќе биде корисно и за двајцата (Изр. 27:17).
5 Другите секогаш ќе се охрабрат ако ги пофалиме или ако им кажеме дека ги цениме, дури и за мали работи. Имај го тоа на ум додека си со некого во служба, бидејќи сакаме да се ‚изградуваме еден со друг‘ (1. Сол. 5:11).