Како да ги поучуваме новите да проповедаат
1. Како се чувствуваше кога за првпат беше во служба?
1 Се сеќаваш ли кога за првпат беше во служба од куќа до куќа? Веројатно имаше многу трема. Ако си бил со оној што проучувал со тебе или, пак, со некој друг објавител, сигурно ти било мило што ти помагал. Сега, откако и самиот си стекнал искуство како објавител, и ти можеш да ги поучуваш новите да проповедаат.
2. Што треба да научат новите објавители?
2 Новите објавители треба да научат како да започнуваат разговор со станарите, како да ја користат Библијата на врата, како да прават повторни посети и како да започнуваат и да водат библиски студии. Исто така, треба да научат да проповедаат на различни начини како, на пример, да сведочат на улица и на деловно подрачје. Со твојот пример и со твоите предлози можеш да им помогнеш да се подобруваат.
3. Како можеме да им помогнеме на другите со нашиот пример?
3 Поучувај со пример: Исус им покажал на своите ученици како да проповедаат (Лука 8:1; 1. Пет. 2:21). Кога ќе се договориш да одиш во служба со некој нов објавител, подготви едноставна презентација која би можел да ја користи и објавителот. Тоа би можело да биде презентација од некоја наша публикација. Потоа, предложи му прво ти да сведочиш на една или на две врати за да може да слушне што ќе кажеш. Додека одите на следната врата, би можел да го замолиш објавителот да ти каже што мисли за твојата презентација. Ова ќе му помогне да сфати колку е корисно да соработува со другите во службата и полесно да ги прифати предлозите што ќе му ги дадеш откако ќе ја изнесе својата презентација.
4. Како би можеле да му помогнеме на некој нов објавител откако ќе ја слушнеме неговата презентација?
4 Давај предлози: На своите ученици, Исус им давал и упатства како да проповедаат (Мат. 10:5-14). И ти можеш на сличен начин да му помагаш на некој нов објавител. Кога тој ќе дојде на ред да сведочи, слушај внимателно. Потоа, откако ќе си одите од вратата, искрено пофали го за нешто конкретно, дури и ако во неговата презентација си забележал нешто што би требало да го смени. Пред да му дадеш предлог, можеби ќе биде подобро да видиш дали ќе се поправи на следната врата. Можеби имал само трема. Исто така, не заборавај дека сите објавители немаат исти способности и дека честопати постојат повеќе начини на кои може да се направи нешто (1. Кор. 12:4-7).
5. Што можеме да кажеме кога даваме предлози?
5 Понекогаш, некој нов објавител самиот ќе побара предлози од тебе. Но дури и ако не го стори тоа, преземи чекори да му помогнеш. Како може ова да се направи тактично? Некои искусни објавители едноставно прашуваат: „Може ли да ти дадам еден предлог?“ или: „Што мислиш, како беше?“ Или би можел да кажеш: „Кога јас бев нов објавител, не ми беше лесно да.., но ова ми помогна...“ Понекогаш ќе биде добро заедно да видите некои предлози од Нашата служба за Царството или од брошурката Како да се започнат и продолжат библиски дискусии, во која има уводи и некои приговори што ги слушаме на подрачјето. За да не го преплавиш со информации, дај му предлози само за еден аспект од неговата презентација.
6. Во поглед на службата, на кој начин „железо со железо се остри“?
6 Железо со железо се остри: Тимотеј, кој бил искусен проповедник, добил поттик од Павле да се посвети на поучувањето и да напредува (1. Тим. 4:13, 15). Иако можеби поминале години откако си почнал да проповедаш, никогаш не треба да престанеш да се подобруваш. Учи од објавителите со кои проповедаш, дури и од оние што имаат помало искуство во службата, и биди спремен љубезно да им помагаш на другите, особено на новите, за да станат вешти проповедници на добрата вест (Изр. 27:17).