Помош за семејствата
1. На кој начин држењето на саботата било корисно за израелските семејства?
1 Јехова од љубов им заповедал на Израелците да ја држат саботата, и тоа се покажало како многу корисно за семејствата. Сите се одморале од секојдневната работа и имале време да размислуваат за Јеховината добрина и за својот однос со Бог. Родителите можеле во тие прилики да го всадуваат Божјиот закон во срцето на децата (5. Мој. 6:6, 7). Секоја сабота, Јеховиниот народ имал можност да посвети внимание на својата духовност.
2. Што учиме за Јехова од законот за саботата?
2 Се разбира, Јехова повеќе не бара од семејствата да ја држат саботата. Меѓутоа, од тој закон учиме нешто за нашиот Бог: Тој отсекогаш бил длабоко заинтересиран за духовното добро на својот народ (Иса. 48:17, 18). Денес, еден начин на кој Јехова ја покажува својата љубов и грижа кон нас е преку Семејната вечер посветена на Јехова.
3. Која е целта на Семејната вечер посветена на Јехова?
3 Која е целта на Семејната вечер посветена на Јехова? Од јануари 2009 год., Собраниското проучување на книга почна да се одржува во исто време со Теократската школа и со Состанокот за нашата служба. Една причина за оваа промена беше желбата да им се даде можност на семејствата да ја зајакнат својата духовност така што ќе имаат одредена вечер во седмицата што ќе му ја посветат на Јехова. Сите семејства беа поттикнати, доколку е изводливо, да го префрлат своето семејно проучување во денот кога обично оделе на Собраниско проучување на книга, и тоа време, без никакво брзање, да го користат за да разговараат за Библијата и да проучуваат библиски материјал избран според потребите на семејството.
4. Дали Семејната вечер мора да трае само еден час? Објасни.
4 За да присуствуваме на Собраниското проучување на книга, требаше да одвоиме време за облекување, патување и сл. Повеќето од нас трошеа многу повеќе од еден час за да бидат присутни на овој состанок. Со промената на нашиот седмичен распоред на состаноци, ни останува цела вечер која можеме како семејство да му ја посветиме на Јехова. Затоа нашата Семејна вечер не мора да ја ограничиме само на еден час. Наместо тоа, треба да ги земеме предвид потребите и можностите на нашето семејство, и според нив да одредиме колку долго ќе трае овој семеен состанок.
5. Мора ли целото време да се посвети на заедничка дискусија? Објасни.
5 Дали мора целото време да се посвети на заедничка дискусија? Кога брачните парови и семејствата со деца дискутираат на библиски теми, заемно се охрабруваат и меѓусебно се зближуваат (Рим. 1:12). Затоа, дискусиите на темел на Библијата треба да се најважниот дел од Семејната вечер. Меѓутоа, секој член на семејството би можел да одвои време и за лично проучување. На пример, по заедничката дискусија, семејството може да остане заедно, но секој сам да продолжи да проучува — можеби ќе доврши со подготовката за состаноците или ќе ги чита списанијата. Некои семејства решиле воопшто да не го вклучуваат телевизорот таа вечер.
6. Како треба да изгледа Семејната вечер?
6 Како треба да изгледа Семејната вечер? Не мора секогаш да биде со прашања и одговори. За Семејната вечер да биде радосен и интересен настан, многу семејства имаат програма како на состанокот во текот на седмицата. Секој дел од програмата е различен. На пример, понекогаш читаат заедно од Библијата, се подготвуваат за дел од состаноците и вежбаат презентации за служба. На 6. страница има и други предлози.
7. За каква атмосфера треба да се погрижат родителите?
7 За каква атмосфера треба да се погрижат родителите? Вашето семејство најдобро ќе учи во пријатна и опуштена атмосфера. Можеби понекогаш, доколку времето е убаво, ќе проучувате надвор. Слободно правете паузи кога е потребно. Некои семејства на крајот имаат некаква закуска. Родителите не би требало на Семејната вечер да ги караат или да ги казнуваат децата, но понекогаш сепак ќе треба таа вечер да зборуваат за проблемите или погрешните склоности што ќе ги забележат кај нив. Меѓутоа, ако некое од децата има осетлив личен проблем, би било најдобро другпат да разговараат со него насамо за да не го посрамат пред неговите браќа и сестри. Семејната вечер посветена на Јехова не треба да биде здодевна или премногу формална, туку треба да има радосна атмосфера, бидејќи му служиме на среќниот Бог (1. Тим. 1:11).
8, 9. Како треба да се подготвуваат семејните поглавари?
8 Како може да се подготви поглаварот на семејството? Семејството ќе има најголема корист ако поглаварот однапред се подготви за секоја Семејна вечер. Тој треба да одреди која тема ќе се разгледа и како најдобро да се стори тоа (Изр. 21:5). По ова прашање, би било добро да се договори со својата сопруга (Изр. 15:22). А понекогаш би можел да побара предлози и од своите деца. Така од нив лично ќе дознае што ги интересира и што ги загрижува.
9 Семејниот поглавар најчесто не ќе мора да троши премногу време за да се подготви. Семејството сигурно ќе ужива во програмата дури и ако некои активности се повторуваат секоја седмица. Така поглаварот нема да мора секојпат да измисли нешто сосема ново. За него можеби ќе биде практично да се подготвува веднаш откако ќе заврши Семејната вечер, додека сѐ уште ги има јасно на ум моменталните духовни потреби на семејството. Некои поглавари прават еден краток дневен ред и го закачуваат на место каде што целото семејство може да го види — на пример, на фрижидерот. Тоа кај сите создава радосно исчекување на следната Семејна вечер и му дава можност на семејството да се подготви ако е потребно.
10. Што би можеле да прават на Семејната вечер оние што живеат сами?
10 Што можат да прават оние што не се во брак или се сами во вистината? Оние што живеат сами можат да ја користат Семејната вечер за лично проучување. Во добра основна програма за проучување спаѓа читањето на Библијата, подготвувањето за состаноците и читањето на Стражарска кула и Разбудете се! Освен тоа, некои објавители проучуваат нешто што посебно ги интересира. Понекогаш би можеле на Семејната вечер да поканат друг објавител или семејство и заедно да разгледаат некоја библиска тема за меѓусебно да се охрабрат.
11, 12. Каква е користа од Семејната вечер посветена на Јехова?
11 Каква е користа од Семејната вечер посветена на Јехова? Сите што со цело срце го прават она што Јехова го очекува од нив, стануваат поблиски со него. Освен тоа, членовите на семејството се зближуваат еден со друг кога заедно му служат на Јехова Бог. Една брачна двојка, која служи во пионерска служба и нема деца, во писмо го напиша следново во врска со благословите што ги има: „Нашата Семејна вечер посветена на Јехова е настан кој секојпат нестрпливо го очекуваме! И двајцата забележуваме како таа ни помага да станеме поблиски еден со друг и со нашиот небесен Татко. Таа вечер е толку убава за нас што ѝ се радуваме уште од наутро!“
12 Семејната вечер им користи и на семејствата кои немаат многу слободно време. Една самохрана мајка, која има два сина и е општ пионер, пишува: „Во минатото, нашето семејно проучување страдаше. Воопшто не беше редовно затоа што бев уморна. Не знаев каде да најдам време за сѐ. Ви пишувам за да ви се заблагодарам од сѐ срце што ја воведовте Семејната вечер посветена на Јехова. Сега успеваме редовно да проучуваме како семејство, и тоа многу ни користи“.
13. Од што зависи колкава корист ќе има нашето семејство од овој семеен состанок?
13 Исто како законот за саботата, Семејната вечер е дар кој нашиот небесен Татко им го дава на семејствата за да им помогне (Јак. 1:17). Од секое израелско семејство зависело колку добро ќе ја искористи саботата за да се зближи со Јехова Бог. И од нас зависи колку добро ќе ја искористиме оваа вечер посветена на Јехова за да се зближиме со него како семејство (2. Кор. 9:6; Гал. 6:7, 8; Кол. 3:23, 24). Ако добро го користиме овој семеен состанок, ќе можеме исто како псалмистот да кажеме: „А мене ми е добро да бидам близу до Бог, Севишниот Господар Јехова е моето засолниште“ (Пс. 73:28).
[Истакната мисла на страница 5]
Семејната вечер посветена на Јехова не треба да биде здодевна или премногу формална, туку треба да има радосна атмосфера, бидејќи му служиме на среќниот Бог
[Рамка на страница 6]
ЗАЧУВАЈ!
Неколку предлози за Семејната вечер посветена на Јехова
Библија:
• Прочитајте заедно дел од она што е предвидено за седмичното читање на Библијата. Ако материјалот дозволува, еден нека го чита текстот на раскажувачот, а другите нека ги читаат зборовите на ликовите.
• Направете драма од библискиот текст предвиден за седмичното читање.
• Секој член на семејството нека ги прочита поглавјата од седмичното читање на Библијата и нека си запише едно до две прашања што му се наметнале додека читал. Потоа заедно побарајте го одговорот на прашањата.
• Секоја седмица, на картичка напишете еден библиски стих (на едната страна името на библискиот стих, а на другата текстот) и обидете се да го запомните и да го објасните. Собирајте ги таквите картички и, со нивна помош, секоја седмица проверувајте колку стихови сте запомниле.
• Слушајте аудиоснимка од читање на Библијата и следете во својот примерок.
Состаноци:
• Заедно подгответе се за дел од состаноците.
• Вежбајте ги теократските песни што се предвидени за состаноците.
• Ако некој од семејството има говор во Теократската школа или приказ на Состанокот за нашата служба, зборувајте за начинот на кој може да го изнесе или нека го вежба пред семејството.
По потреба на семејството:
• Обработете материјал од книгата Младите прашуваат или Учи од Големиот Учител.
• Вежбајте како да се постапи во некоја ситуација која може да се појави на училиште.
• Одглумете различни ситуации во кои децата ќе бидат во улога на родители. Децата треба да истражат некоја тема, а потоа да им помогнат на родителите да го разберат тоа.
Служба на проповедање:
• Вежбајте уводи за службата на проповедање за следниот викенд.
• Размислете заедно како семејство кои реални цели би можеле да си ги поставите за да ја зголемите службата пред и по Спомен-свеченоста и за време на одморите.
• Секој член на семејството нека истражува неколку минути за да најде одговор на различни прашања што би можеле да ги добијат во службата, а потоа вежбајте како би му го изнеле тој одговор на станарот.
Други предлози:
• Прочитајте заедно една статија од новите списанија.
• Секој член на семејството нека прочита однапред една статија од новите списанија која најмногу го интересира, а потоа нека ја раскаже.
• Понекогаш поканете некој објавител или брачен пар на вашата Семејна вечер, а можете и да ги интервјуирате.
• Гледајте некое од нашите ДВД-ја, и потоа зборувајте за неговата содржина.
• Разгледајте ја заедно рубриката „Младите прашуваат“ или „Семејно катче“ од Разбудете се!
• Разгледајте ја заедно рубриката „Поучете ги своите деца“ или „Катче за младите“ од Стражарска кула.
• Прочитајте и зборувајте за дел од најновиот Годишник или од некоја нова публикација објавена на последниот обласен конгрес.
• Откако сте биле на конгрес или на собир, повторете ги главните мисли.
• Набљудувајте ја природата и зборувајте за она што може да се научи од неа за Јехова.
• Работете на некој заеднички проект, како изработување на макета, на карта или на графикон.