Спомен-свеченоста — причина за зголемена активност!
1. Зошто треба да размислиме дали можеме да ја зголемиме својата активност во март, април и мај?
1 Можеш ли повеќе да учествуваш во службата пред и по овогодишната Спомен-свеченост? Тогаш времето обично е поубаво и деновите се подолги. Некои објавители ќе добијат слободни денови од работа или од училиште, и тоа време можат да го користат за проповедање. А од 2 април ќе имаме можност да учествуваме во посебна акција во која ќе делиме покани за Спомен-свеченоста на 17 април. По Споменот, ќе се трудиме да ги посетиме оние што присуствувале на свеченоста за да го зголемиме нивниот интерес за Библијата и да ги поканиме на специјалното предавање што ќе се одржи во седмицата од 25 април. Ова покажува дека имаме многу причини да размислиме дали можеме да ја засилиме својата активност во март, април и мај.
2. На кој извонреден начин можеме да направиме повеќе во службата?
2 Помошна пионерска служба: Еден извонреден начин да направиме повеќе е помошната пионерска служба. Бидејќи сите сме многу зафатени, обично треба однапред да планираме и да направиме промени во распоредот ако сакаме да бидеме помошни пионери (Изр. 21:5). Можеби ќе можеш да одложиш некои помалку важни вообичаени активности (Фил. 1:9-11). Кажи им и на другите во собранието дека сакаш да бидеш помошен пионер. Можеби уште некој ќе ти се придружи во оваа служба.
3. Што можат да сторат семејствата за да ја засилат својата активност?
3 За време на вашата следна Семејна вечер, би било добро да зборувате за целите што ги имате како семејство (Изр. 15:22). Со добра соработка, можеби некој од вас ќе може да биде помошен пионер еден или повеќе месеци. Но, што ако заклучите дека тоа воопшто не е изводливо? Дури и во таков случај би можеле да ја засилите својата активност така што понекогаш ќе одите во служба навечер или ќе проповедате подолго на викендите.
4. Какви благослови ќе добиеме ако ја зголемиме својата служба пред и по Спомен-свеченоста?
4 Јехова ги забележува сите наши напори да му служиме и ги цени жртвите што ги правиме (Евр. 6:10). Ако великодушно им даваме на Јехова и на другите, ќе бидеме среќни (1. Лет. 29:9; Дела 20:35). Затоа размисли дали би можел да ја зголемиш својата служба пред и по Спомен-свеченоста? Така ќе почувствуваш поголема радост и ќе добиеш уште повеќе благослови.