Помогни им на луѓето да го запознаат Бог
1. Кои брошури беа објавени на Обласниот конгрес „Нека дојде Божјето Царство“, и зошто се толку корисни?
1 На Обласниот конгрес „Нека дојде Божјето Царство!“ беа објавени две нови брошури — Запознај го Бог и живеј засекогаш и поедноставената верзија Запознај го Бог. Бидејќи во нив има малку текст, можат да се преведат брзо и лесно. Всушност, беше одобрено брошурата Запознај го Бог и живеј засекогаш да се преведе на 431 јазик.
2. Кој ќе има корист од овие брошури?
2 Кој ќе има најголема корист од овие брошури? Размисли за следниве чести ситуации вообичаени низ целиот свет:
• Еден објавител разговара со станар, сеедно дали на ново место или на повторна посета, и му станува јасно дека станарот е неписмен или дека слабо чита.
• Еден објавител им проповеда на луѓе на чиј јазик се преведени многу малку од нашите публикации или воопшто нема наши публикации. Или повеќето луѓе на подрачјето не можат да читаат на јазикот што најлесно го зборуваат.
• Еден објавител им проповеда на знаковен јазик на глуви лица од неговото подрачје.
• Еден родител сака да го поучи за вистината своето мало дете кое сѐ уште не знае да чита.
3. Како изгледа брошурата Запознај го Бог?
3 Како изгледаат овие брошури: Запознај го Бог има многу малку текст. Обично најдолу на секоја страница има само една едноставна реченица и библиски цитат што ги истакнуваат главните мисли. Зошто? Замисли си некој да ти понуди брошура на јазик што не знаеш да го читаш, можеби со писмо што не ти е познато. Ќе се заинтересираш ли за неа, дури и ако внатре има прекрасни слики? Најверојатно не. Слично на тоа, на луѓето што не знаат да читаат им се одбивни публикации со текст. Затоа, на секоја страница има внимателно осмислени слики и стрелки кои покажуваат по кој редослед да се разгледуваат.
4. Како изгледа брошурата Запознај го Бог и живеј засекогаш?
4 Во брошурата Запознај го Бог и живеј засекогаш ги има истите слики како и во Запознај го Бог. Наменета е да се проучува со лица што читаат слабо или сега учат да читаат. Оваа брошура може да ја користи учителот додека проучува со некого од брошурата Запознај го Бог. За секоја тема, која е обработена на две страници, во горниот дел лево има прашање што е одговорено на тие страници. До сликите има и коментари и цитирани стихови. На долниот дел од многу страници има потемна рамка со додатни мисли и библиски стихови што може да се разгледаат, во зависност од способноста на интересентот.
5. Кога и како можеме да ги нудиме овие брошури?
5 Како да ги користиме: Можеш да ја понудиш која и да било од овие две брошури во служба од куќа до куќа секогаш кога мислиш дека тоа е соодветно, дури и ако брошурите не се предвидени со месечната понуда. (Види ја рамката „Како може да се понудат“.) Би можел да ја понудиш на повторна посета така што на заинтересираното лице едноставно ќе му кажеш дека сакаш да му покажеш нешто и ќе му ја дадеш.
6. Како да водиме библиска студија со помош на овие брошури?
6 Бидејќи во брошурата Запознај го Бог нема отпечатени прашања, разговорите нема да се водат во форма прашање-одговор како кога проучуваме на темел на книгата Што учи Библијата? Во секоја култура, луѓето сакаат да слушаат приказни. Затоа користи ги сликите за да ги раскажеш вдахновените приказни кои се запишани во Библијата. Објасни што има на сликите. Прави го тоа со одушевеност. Замоли го интересентот да објасни што гледа на сликите. Прочитај ги стиховите на долниот дел од страницата и дискутирај за нив. Поставувај прашања за да го вклучиш во разговорот и за да бидеш сигурен дека те разбира. Ако ја користи брошурата Запознај го Бог и живеј засекогаш, прочитајте ги заедно соодветните стихови додека дискутирате за сликите.
7. Како да му помогнеме на интересентот да напредува?
7 Помогни му на интересентот да напредува: Се надеваме дека ќе успееш кај интересентот да разгориш желба да научи да чита за да може и сам да учи за Јехова (Мат. 5:3; Јован 17:3). Затоа, ако проучувате на темел на брошурата Запознај го Бог, можеби со текот на времето ќе ти се укаже прилика да му предложиш на интересентот да му помогнеш да научи да чита, а потоа да се префрлите на брошурата Запознај го Бог и живеј засекогаш. Сеедно која брошура ја користите, интересентот нема да биде спремен за крштавање откако ќе ја завршите. Треба да продолжите со книгата Што учи Библијата? или со некоја друга соодветна публикација која ќе му помогне подобро да ја разбере Библијата.
8. Зошто си благодарен за овие нови публикации наменети за служба?
8 За да живеат вечно, луѓето мора да го запознаат Севишниот Господар на вселената (Иса. 55:3). А Јехова сака да го запознаат „најразлични луѓе“, вклучувајќи ги и оние што не знаат да читаат (1. Тим. 2:3, 4). Многу сме благодарни за овие нови брошури што можеме да ги користиме за да им помогнеме на луѓето да го запознаат Бог!
[Рамка на страница 3]
Како може да се понудат
Покажи му ги на станарот 2. и 3. страница и речи: „Дали би сакале да живеете во ваков свет? [Почекај да одговори.] Библијата [или оваа света книга] ветува дека наскоро Бог ќе направи светот да биде прекрасно и мирно место во кое нема да има сиромашни или болни. Забележете што мораме да правиме за да живееме таму. [Прочитај Исаија 55:3.] Бог ги поттикнува сите луѓе да го запознаат. Но, како можеме да го запознаеме Бог?“ Отвори на 4. и 5. страница и разгледајте го заедно одговорот на ова прашање. Ако нема време, остави му ја брошурата и договори се да навратиш за да го разгледате одговорот.