Како пример нека ви послужат пророците — Осија
1. Кое прашање можеби ти паднало на ум?
1 ,Какви жртви сум спремен да направам за Јехова?‘ Можеби ова прашање ти паднало на ум кога длабоко си размислувал за тоа колку добар и милостив е Јехова (Пс. 103:2-4; 116:12). Пророкот Осија му бил послушен на Јехова со сето срце, иако тоа од него барало да направи лични жртви. Како можеме да го следиме примерот на Осија?
2. Како примерот на Осија ни помага да истраеме во службата?
2 Проповедај во тешко време: Пораката што ја пренесувал Осија првенствено му била упатена на десетплеменското царство Израел кое многу застранило од вистинскиот Бог. Царот Јеровоам II го правел она што било зло во Јеховини очи и ги обожавал златните телиња што ги поставил Јеровоам I (2. Цар. 14:23, 24). И царевите кои владееле после него продолжиле да го расипуваат народот во духовен поглед сѐ додека десетплеменското царство не било целосно уништено во 740 год. пр.н.е. Но, и покрај тоа што лажното обожавање било толку раширено, Осија верно служел како пророк најмалку 59 години. Дали и ние сме решени да проповедаме од година во година, дури и кога наидуваме на рамнодушност или противење? (2. Тим. 4:2).
3. Како животот на Осија покажува дека Јехова е милостив?
3 Размислувај за Јеховината милост: Јехова му рекол на Осија да си земе „жена која ќе направи блуд“ (Оси. 1:2). Иако неговата жена, Гомер, му родила син, изгледа дека подоцна таа родила две вонбрачни деца. Тоа што Осија спремно ѝ простил на својата жена покажало колку милостив бил Јехова кон непослушниот Израелски народ кој се покајал (Оси. 3:1; Рим. 9:22-26). Дали сме спремни да се откажеме од личните желби за да им кажуваме на сите луѓе за Јеховината милост? (1. Кор. 9:19-23).
4. Какви жртви можеме да правиме за Јехова?
4 Некои слуги на Јехова се откажале од успешна кариера за да се посветат на службата. Други не стапиле во брак или немаат деца за да можат да прават повеќе за Царството. Кога размислуваме за животот на Осија, можеби си велиме: ‚Јас не би можел да го направам тоа што тој го направил‘. Но, ако стекнеме поголемо ценење за Јеховината незаслужена доброта и се потпираме на светиот дух за сила, Јехова може да нѐ користи на начини на кои не сме ни помислиле, исто како што го користел и Осија (Мат. 19:26; Фил. 2:13).