СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 7
Ние многу го сакаме Јехова, нашиот Татко!
Покажуваме љубов, бидејќи прво тој покажа љубов кон нас (1. ЈОВ. 4:19)
ПЕСНА 3 Нашата сила, надеж и доверба
КРАТОК ПРЕГЛЕДa
1-2. Зошто и на кој начин Јехова ни овозможил да бидеме дел од неговото семејство?
ЈЕХОВА ни упатил покана да станеме дел од неговото семејство на верни слуги. Со тоа навистина ни укажал огромна чест! Нашето семејство се состои од поединци кои му го заветувале својот живот на Бог и кои покажуваат вера во откупната жртва на неговиот Син. Ние припаѓаме на едно среќно семејство. Уште сега водиме исполнет живот, и со нетрпение очекуваме да живееме вечно — сеедно дали на небото или во рајот на Земјата.
2 Бидејќи нѐ сака, Јехова платил висока цена за нас, и со тоа ни овозможил да станеме дел од неговото семејство (Јован 3:16). Библијата вели: „Скапо сте купени“ (1. Кор. 6:20). Преку откупнината, Јехова ни дава можност да бидеме блиски пријатели со него. Имаме чест да му се обраќаме со „Татко“ иако тој е највозвишената личност во вселената. Како што видовме во претходната статија, Јехова е најдобриот можен Татко.
3. Кои прашања можеби си ги поставуваме? (Види ја и рамката „Дали Јехова обрнува внимание на мене?“)
3 Исто како еден библиски писател, и ние можеби се прашуваме: „Со што да му возвратам на Јехова за сите добра што ми ги направи?“ (Пс. 116:12). Всушност, ние никогаш нема да можеме да му се оддолжиме на нашиот небесен Татко. Сепак, поттикнати сме да му возвратиме со љубов. Апостол Јован напишал: „Ние покажуваме љубов, бидејќи прво тој покажа љубов кон нас“ (1. Јов. 4:19). Како можеме да му покажеме на нашиот небесен Татко дека го сакаме?
ОСТАНИ БЛИЗОК СО ЈЕХОВА
Покажуваме дека многу го сакаме нашиот небесен Татко, Јехова, кога му се молиме често и од срце, кога сме му послушни и кога им помагаме на другите да го засакаат (Види во пасуси 4-14)
4. а) Според Јаков 4:8, зошто треба да вложиме труд за да се зближиме со Јехова? б) Како може да се зближиме со Јехова?
4 Јехова сака да бидеме блиски со него и редовно да му се молиме. (Прочитај Јаков 4:8.) Тој нѐ поттикнува да истраеме во молитвата, и дозволува да му пристапиме во секое време (Рим. 12:12). Никогаш не е презафатен или преуморен за да нѐ сослуша. А ние го слушаме него кога ја читаме неговата Реч, Библијата, како и публикациите што ни помагаат да ја разбереме. Го слушаме и кога внимателно ја следиме програмата на состаноците. Исто како што отворениот разговор им помага на децата да бидат блиски со родителите, така и редовната комуникација со Јехова ни помага да останеме блиски со него.
(Види во пасус 5)
5. Како може да си ги подобриме молитвите?
5 Размисли какви се твоите молитви. Јехова сака најискрено да му кажеме сѐ што ни лежи на душата (Пс. 62:8). Добро е да се прашаме: „Дали во молитвите механички повторувам едни исти работи или зборови што сум ги чул од некој друг? Или, пак, се трудам да му се молам на Јехова со свои зборови — искрено и од срце?“ Ти сигурно чувствуваш длабока љубов кон Јехова, и сакаш да бидете блиски. Затоа мора редовно да комуницираш со него. Довери му ги своите најскриени чувства. Зборувај со Бог и кога си радосен и кога ти е тешко. Биди уверен дека во секое време можеш да побараш помош од него.
6. Што мора да правиме за да останеме блиски со нашиот небесен Татко?
6 За да останеме блиски со нашиот небесен Татко, мора секогаш да му бидеме благодарни. Се согласуваме со зборовите на псалмистот кој напишал: „Ти направи многу дела чудесни, о Јехова, Боже мој, и многу работи за нас си намислил — ти нема рамен. Кога би раскажувал и би зборувал за нив, би ги имало повеќе отколку што би можел да ги набројам“ (Пс. 40:5). Ние не само што чувствуваме благодарност туку и се трудиме со нашите зборови и постапки да му покажеме на Јехова колку сме му благодарни. На тој начин се гледа дека сме поинакви од другите. Луѓето во светот не се благодарни за сето она што Бог го прави за нив. Всушност, еден од доказите дека живееме „во последните денови“ е неблагодарноста (2. Тим. 3:1, 2). Никогаш да не дозволиме кај нас да се развие таа особина!
7. Што очекува Јехова од нас, и зошто?
7 Родителите не сакаат нивните деца да се расправаат, туку да бидат во мир и да си помагаат. Слично на тоа, Јехова сака сите негови деца да се сложуваат меѓу себе. Всушност, љубовта што ја чувствуваме еден кон друг е јасен доказ дека сме вистински христијани (Јован 13:35). Се согласуваме со псалмистот кој напишал: „Колку е добро и колку е мило кога браќата живеат заедно во единство!“ (Пс. 133:1). Кога ги сакаме нашите браќа и сестри, му покажуваме на Јехова дека го сакаме него (1. Јов. 4:20). Колку е убаво што сме дел од едно семејство во кое сите се милостиви и сочувствителни еден кон друг! (Еф. 4:32).
ПОКАЖИ МУ НА ЈЕХОВА ДЕКА ГО САКАШ ТАКА ШТО ЌЕ МУ БИДЕШ ПОСЛУШЕН
(Види во пасус 8)
8. Според 1. Јованово 5:3, од која причина сме му послушни на Јехова?
8 Јехова очекува од нас да му бидеме послушни исто како што очекува од децата да им бидат послушни на родителите (Еф. 6:1). Тој ја заслужува нашата послушност бидејќи е наш Творец кој нѐ одржува во живот и бидејќи е најмудриот Татко што постои. Но, главна причина зошто сме му послушни на Јехова е нашата љубов кон него. (Прочитај 1. Јованово 5:3.) Тој не нѐ присилува да му бидеме послушни иако има право да го бара тоа од нас. Јехова нѐ создал со слободна волја, и се радува кога сме му послушни од љубов.
9-10. Зошто е важно да ги знаеме Божјите мерила и да живееме во склад со нив?
9 Родителите сакаат нивните деца да се чувствуваат безбедно. Затоа им поставуваат мерила на однесување кои се за нивно добро. Кога се послушни, децата покажуваат дека имаат доверба во родителите и дека ги почитуваат. Колку поважно е да ги знаеме мерилата што ги поставува нашиот небесен Татко и да живееме во склад со нив! Така ќе му покажеме на Јехова дека го сакаме и дека го почитуваме, а тоа ќе биде и за наше добро (Иса. 48:17, 18). Но, оние што го отфрлаат и Бог и неговите мерила на крајот трпат лоши последици (Гал. 6:7, 8).
10 Кога живееме како што сака Бог, ние сме заштитени од работи кои можат да ни наштетат во физички, емоционален и духовен поглед. Јехова знае што е најдобро за нас. Аурора, која живее во САД, вели: „Знам дека, ако сум му послушна на Јехова, ќе водам најдобар можен живот“. Ова важи за сите нас. Добро е да одвоиме време за да размислиме како нам лично ни користеле мерилата што Јехова со љубов ни ги дал.
11. Како ни помага молитвата?
11 Молитвата ни помага да му бидеме послушни на Бог, дури и кога тоа не е лесно. Бидејќи сме грешни, понекогаш може да биде многу тешко да се држиме за Божјите мерила. Сепак, мора постојано да се бориме да постапуваме како што сака Јехова. Псалмистот од срце го молел Бог: „Разбуди во мене желба да ја вршам твојата волја“ (Пс. 51:12). Дениза, која служи како општ пионер, вели: „Кога ми е тешко да послушам некоја Јеховина заповед, се молам за сила за да го правам она што е исправно“. Може да бидеме уверени дека Јехова секогаш ќе ни одговори на ваквите молитви (Лука 11:9-13).
ПОМАГАЈ ИМ НА ДРУГИТЕ ДА ГО ЗАСАКААТ НАШИОТ ТАТКО
12. Според Ефешаните 5:1, што треба да правиме?
12 Прочитај Ефешаните 5:1. Бидејќи Јехова нѐ смета за свои „љубени деца“, ние даваме сѐ од себе за да бидеме слични на него. Се трудиме да ги развиваме истите особини што ги има тој така што сме обѕирни и добри кон другите, и така што спремно им простуваме. Кога го гледаат нашето убаво однесување, оние што не го познаваат Бог можеби ќе бидат поттикнати да дознаат нешто повеќе за него (1. Пет. 2:12). Родителите имаат добри причини да постапуваат со своите деца на ист начин како што Јехова постапува со нас. Ако го прават тоа, децата можеби ќе бидат поттикнати да се зближат со нашиот грижлив небесен Татко.
(Види во пасус 13)
13. Што ќе ни помогне да бидеме смели?
13 Едно детенце се гордее со својот татко и со восхит зборува за него. И ние сме горди на нашиот небесен Татко, Јехова, и сакаме да им зборуваме на другите за него. Во срцето сите се чувствуваме како цар Давид, кој напишал: „Со Јехова ќе се гордее мојата душа“ (Пс. 34:2). Но, што ако сме срамежливи? Како може да станеме смели? Стекнуваме смелост кога мислиме на тоа колку можеме да го израдуваме Јехова и колку на другите ќе им користи тоа што ќе го запознаат. Јехова ќе ни ја даде потребната храброст. Тој им помогнал на нашите браќа во првиот век да бидат смели, а ќе ни помогне и нам (1. Сол. 2:2).
14. Зошто е важно да учествуваме во проповедничкото дело?
14 Јехова не е пристрасен и се радува кога гледа дека покажуваме љубов кон луѓето, без оглед на нивното потекло или нивните околности (Дела 10:34, 35). Еден од најдобрите начини на кои можеме да покажуваме љубов кон другите е да им ја пренесеме добрата вест (Мат. 28:19, 20). Што може да постигнеме со нашето проповедање? Можеме да им помогнеме на оние што нѐ слушаат да водат подобар живот уште сега и да добијат можност да живеат засекогаш во иднина (1. Тим. 4:16).
САКАЈ ГО НАШИОТ ТАТКО И БИДИ СРЕЌЕН
15-16. Од кои причини може да бидеме среќни?
15 Како родител полн со љубов, Јехова сака неговото семејство да биде среќно (Иса. 65:14). Ние навистина имаме многу причини да бидеме радосни уште сега, иако можеби се соочуваме со тешкотии. На пример, сигурни сме дека нашиот небесен Татко многу нѐ сака. Добро ја познаваме неговата Реч, Библијата (Ерем. 15:16). И сите сме дел од едно посебно семејство кое се состои од луѓе кои го сакаат Јехова, ги сакаат неговите високи морални мерила и се сакаат едни со други (Пс. 106:4, 5).
16 Може да останеме среќни затоа што сме сигурни дека животот ќе биде уште подобар во иднина. Знаеме дека наскоро Јехова ќе го отстрани сето зло, и дека под власта на неговото Царство, Земјата ќе биде претворена во рај. Освен тоа, имаме прекрасна надеж дека оние што починале ќе се вратат во живот и повторно ќе бидат заедно со своите најмили (Јован 5:28, 29). Тоа ќе ни донесе неопислива радост! Најважно од сѐ, сигурни сме дека наскоро сите — и на небото и на Земјата — ќе му служат на нашиот грижлив Татко и ќе му ги оддаваат славата и честа што ги заслужува.
ПЕСНА 12 Јехова е величествен Бог
a Знаеме дека нашиот Татко, Јехова, многу нѐ сака и дека ни овозможил да станеме дел од неговото семејство на верни слуги. Тоа нѐ поттикнува да му возвратиме со љубов. Во оваа статија ќе видиме на кои конкретни начини може да му покажеме на нашиот грижлив Татко дека го сакаме.