ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w21 Февруари стр. 14-19
  • Начелото за поглаварство во собранието

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Начелото за поглаварство во собранието
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2021
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • КАКОВ СТАВ ТРЕБА ДА ИМАМЕ КОН СЕСТРИТЕ?
  • ДАЛИ СЕКОЈ БРАТ ВО СОБРАНИЕТО Е ГЛАВА НА СЕКОЈА СЕСТРА?
  • УЛОГАТА НА ГЛАВИТЕ НА СЕМЕЈСТВАТА И НА СТАРЕШИНИТЕ
  • ПОЧИТУВАЈ ГО ХРИСТОС КАКО ГЛАВА НА СОБРАНИЕТО
  • „Глава на секој маж е Христос“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2021
  • Давај им поддршка на сестрите во собранието
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2020
  • Дали постапуваш со жените како што постапува Јехова?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2024
  • Прашања од читателите
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2002
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2021
w21 Февруари стр. 14-19

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 7

Начелото за поглаварство во собранието

Христос е глава на собранието, тој е спасителот на тоа тело (ЕФ. 5:23)

ПЕСНА 137 Жените верно му служат на Бог

КРАТОК ПРЕГЛЕДa

1. Наведи една причина што придонесува за нашето единство?

НИЕ сме среќни што сме дел од Јеховиното семејство. Зошто меѓу нас владеат единство и мир? Една причина е што секој од нас дава сѐ од себе за да покажува почит кон оние на кои Јехова им дал одредени одговорности и овластувања. Всушност, ако подобро го разбереме начелото за поглаварство ќе бидеме уште пообединети.

2. Кои прашања ќе ги разгледаме во оваа статија?

2 Во оваа статија ќе го разгледаме начелото за поглаварство во рамките на собранието. Меѓу другото, ќе одговориме на следниве прашања: Каква улога имаат сестрите? Дали е точно дека секој брат во собранието е глава на секоја сестра? Дали старешините имаат исти одговорности и овластувања над браќата и сестрите, како што главата на семејството има над својата жена и своите деца? Најпрво, да видиме каков став треба да имаме кон сестрите.

КАКОВ СТАВ ТРЕБА ДА ИМАМЕ КОН СЕСТРИТЕ?

3. Што ќе ни помогне уште повеќе да го цениме она што го прават сестрите?

3 Ние ги цениме нашите сестри кои многу се трудат да се грижат за своето семејство, да ја проповедаат добрата вест и да им помагаат на другите во собранието. Можеме да го продлабочиме нашето ценење за сестрите ако размислиме за тоа како Јехова и Исус гледаат на нив. Освен тоа, ќе научиме како треба да постапуваме со жените од начинот на кој апостол Павле се однесувал со нив.

4. Како Библијата покажува дека Јехова ги цени и жените и мажите?

4 Библијата покажува дека Јехова ги цени и жените и мажите. Таа открива дека во првиот век Јехова им дал свет дух и на жените и на мажите за да можат да прават чуда како, на пример, да зборуваат на разни јазици (Дела 2:1-4, 15-18). И едните и другите биле помазани со свет дух и ќе владеат заедно со Христос (Гал. 3:26-29). Освен тоа, и жени и мажи ќе живеат засекогаш на Земјата (Отк. 7:9, 10, 13-15). Исто така, и едните и другите имаат задача да ја проповедаат добрата вест и да ги поучуваат луѓето за Бог (Мат. 28:19, 20). На пример, во книгата Дела се спомнува една сестра по име Прискила. Таа и нејзиниот маж Акила поточно му ја објасниле вистината на еден образован човек по име Аполо (Дела 18:24-26).

5. Според Лука 10:38, 39, 42, каков став имал Исус кон жените?

5 Исус ги почитувал жените и им искажувал чест. Тој не постапувал со нив како фарисеите, кои гледале со презир на жените. Тие не зборувале со жена на јавно место и никогаш не разговарале со нив за Божјата реч. За разлика од фарисеите, Исус разговарал за длабоки духовни работи и со жени и со мажи.b (Прочитај Лука 10:38, 39, 42.) Исто така, меѓу учениците кои патувале заедно со него додека проповедал, имало и жени (Лука 8:1-3). И, Исус им дал чест на некои жени да ги известат неговите апостоли дека воскреснал од мртвите (Јован 20:16-18).

6. Како апостол Павле покажал дека ги почитува жените?

6 Апостол Павле конкретно го потсетил Тимотеј да покажува почит кон жените. Тој му кажал да постапува со постарите жени како со мајки, а со помладите жени како со сестри (1. Тим. 5:1, 2). Иако самиот многу му помогнал на Тимотеј да стане духовно зрел христијанин, Павле признал дека мајка му и баба му на Тимотеј биле првите што го поучиле за „светите списи“ (2. Тим. 1:5; 3:14, 15). Во своето послание до Римјаните, Павле ги поздравил сестрите по име. Тој не само што бил свесен за она што го правеле туку изразил ценење за нив и за нивната христијанска служба (Рим. 16:1-4, 6, 12; Фил. 4:3).

7. Кои прашања ќе ги разгледаме?

7 Како што видовме од претходните пасуси, нема никаква библиска основа да мислиме дека сестрите се помалку вредни од браќата. Нашите грижливи и великодушни сестри се вистинско богатство, и старешините се потпираат на нивната помош за да владее мир и единство во собранието. Но, треба да одговориме на некои прашања. На пример: Зошто Јехова бара од сестрите во одредени прилики да си ја покријат главата? Со оглед на тоа што само браќа можат да бидат именувани како старешини и слуга-помошници, дали ова значи дека секој брат е глава на секоја сестра во собранието?

ДАЛИ СЕКОЈ БРАТ ВО СОБРАНИЕТО Е ГЛАВА НА СЕКОЈА СЕСТРА?

Исус седи на својот небесен престол осветлен од зраците на Јеховината слава. Под него се гледаат слики од собраниски состанок, од едно семејство кое одржува Семејна вечер и од една сестра која проучува сама. Истите слики се гледаат во поврзаност со пасус 8 и пасуси 11-14.

8. Според Ефешаните 5:23, дали секој брат е глава на секоја сестра во собранието? Објасни.

8 Краткиот одговор на ова прашање е „не“. Ниту еден брат не е глава на сите сестри во собранието. Глава на сите сестри е Христос. (Прочитај Ефешаните 5:23.) Во семејството, сопругот е глава на својата жена. Но, еден крстен син не е глава на својата мајка (Еф. 6:1, 2). А во собранието, старешините имаат само ограничени одговорности и овластувања над сестрите и браќата (1. Сол. 5:12; Евр. 13:17). Сестрите кои не се во брак и кои повеќе не живеат со својот татко и својата мајка, и понатаму покажуваат почит кон своите родители и кон старешините. Сепак, исто како мажите во собранието тие имаат само една глава, Исус.

Една сестра проучува сама.

Глава на сестрите кои не се во брак и не живеат со своите родители е Исус (Види во пасус 8)

9. Зошто сестрите понекогаш треба да си ја покријат главата?

9 Меѓутоа, точно е дека Јехова поставил мажи за да предводат во поучувањето и во другите теократски активности во собранието. Тој не им ја дал таа одговорност на жени (1. Тим. 2:12). Зошто? Од истата причина од која го поставил Исус како глава на мажот — за да има ред во собранието. Ако поради некои моментални околности една сестра мора да извршува некоја задача што обично ја извршува некој брат, тогаш Јехова бара таа да си ја покрие главатаc (1. Кор. 11:4-7). Со тоа Јехова не сака да ги понижи сестрите, туку им дава можност да покажат почит кон начелото за поглаварство што го поставил тој. Имајќи ги овие работи на ум, да одговориме на следново прашање: Какви одговорности и овластувања имаат главите на семејствата и старешините?

Кога треба една сестра да си ја покрие главата?

Една сестра води состанок за проповедање. Таа седи, а главата ѝ е покриена со марама.

За да знае дали треба да си ја покрие главата, една сестра треба да одговори на следниве три прашања:

  1. 1. Дали ќе мора да се моли на глас или да поучува од Библијата во присуство на крстен брат? (1. Кор. 11:4, 5).

  2. 2. Дури и ако не е присутен крстен брат, дали таа задача во собранието обично ја извршува некој брат? (1. Тим. 2:11, 12; Евр. 13:17).

  3. 3. Ако сестрата е мажена, дали нејзиниот сопруг е присутен додека таа се моли на глас за други или ги поучува за Библијата? (1. Кор. 11:3).

Ако одговорот на кое и да било од овие прашања е „да“, тогаш таа треба да си ја покрие главата. Ако одговорот на сите овие прашања е „не“, тогаш таа не мора да си ја покрие главата.e

УЛОГАТА НА ГЛАВИТЕ НА СЕМЕЈСТВАТА И НА СТАРЕШИНИТЕ

10. Зошто можеби некој старешина сака да поставува правила во собранието?

10 Старешините го сакаат Христос, а ги сакаат и „овчичките“ што им ги довериле Јехова и Исус (Јован 21:15-17). Со добра намера, некој старешина може да се гледа себеси како татко на другите во собранието. Тој може да си мисли дека, ако главата на семејството има право да поставува правила за да ги заштити жената и децата, тогаш и старешината може да поставува правила кои според него ќе служат како заштита за Божјите овчички. Без да сакаат, некои браќа и сестри можат да ги поттикнуваат старешините да го прават тоа, така што ќе бараат тие да донесуваат одлуки за нив. Но, дали старешините во собранието и главите на семејствата имаат исти овластувања и одговорности?

Еден старешина држи говор на собраниски состанок.

Старешините се грижат за духовните и емоционалните потреби на собранието. Јехова им дал одговорност да ги отстранат непокајничките грешници од собранието (Види во пасуси 11-12)

11. Какви сличности постојат меѓу улогата на главите на семејствата и улогата на старешините?

11 Апостол Павле укажал дека има некои сличности помеѓу улогата на главата на семејството и улогата на старешината (1. Тим. 3:4, 5). На пример, Јехова сака жената и децата да му бидат послушни на оној што е глава на семејството (Кол. 3:20). И, тој сака другите во собранието да им бидат послушни на старешините. Јехова очекува и од главите на семејствата и од старешините да им помагаат во духовен поглед на оние за кои се грижат, и да обрнат внимание на нивните емоционални потреби. Старешините, слично како главите на семејствата, се трудат да им помагаат на оние во собранието што имаат проблеми (Јак. 2:15-17). Освен тоа, Јехова очекува и од старешините и од главите на семејствата да ги застапуваат неговите мерила и да не одат преку она што е напишано во Библијата (1. Кор. 4:6).

Еден брат ја одржува Семејната вечер со своето семејство.

Главите на семејствата се овластени од Јехова да предводат во својот дом. Пред да донесе одлука, еден сопруг и татко кој си го сака своето семејство ќе се советува со својата жена (Види во пасус 13)

12-13. Според Римјаните 7:2, какви разлики постојат помеѓу улогата на главите на семејствата и на старешините?

12 Сепак, меѓу улогата на главите на семејствата и улогата на старешините има и големи разлики. На пример, Јехова ги поставил старешините да служат како судии и им дал одговорност да ги отстранат непокајничките грешници од собранието (1. Кор. 5:11-13).

13 Од друга страна, Јехова им дал на главите на семејствата некои овластувања што не им ги дал на старешините. На пример, таткото смее да поставува правила и да се погрижи тие правила да се спроведат. (Прочитај Римјаните 7:2.) Тој има право да одреди во колку часот неговите деца треба да се вратат дома навечер. А исто така, има право и да ги укори децата ако не го почитуваат тоа правило (Еф. 6:1). Се разбира, пред да постави некое правило во својот дом, еден татко и сопруг кој си го сака своето семејство се советува со својата жена, бидејќи тие двајцата се „едно тело“d (Мат. 19:6).

ПОЧИТУВАЈ ГО ХРИСТОС КАКО ГЛАВА НА СОБРАНИЕТО

Исус седи на својот небесен престол осветлен од зраците на Јеховината слава.

Под водство на Јехова, Исус обезбедува упатства за христијанското собрание (Види во пасус 14)

14. а) Во склад со Марко 10:45, зошто е соодветно што Јехова го поставил Исус како глава на собранието? б) Каква улога има Водечкото тело? (Види ја рамката „Улогата на Водечкото тело“.)

14 Преку Христовата жртва, Јехова го откупил животот на секој поединец во собранието и на секој што ќе покаже вера во Исус (Прочитај Марко 10:45; Дела 20:28; 1. Кор. 15:21, 22). Затоа е соодветно што тој го поставил Христос, кој го жртвувал својот живот за нас, како глава на собранието. Од таа причина, Исус има право да поставува правила кои треба да ги почитуваат поединци, семејства и цели собранија, а и да се погрижи тие правила да се спроведат (Гал. 6:2). Но, Исус прави и нешто друго освен што поставува правила. Тој нѐ храни и со љубов се грижи за секој од нас (Еф. 5:29).

Улогата на Водечкото тело

Членовите на Водечкото тело одржуваат состанок.

Членовите на Водечкото тело не се господари на верата на своите браќа и сестри (2. Кор. 1:24). Тие го признаваат Исус Христос како глава на христијанското собрание, и со сето срце се согласуваат со зборовите што тој им ги кажал на своите ученици: „Сите вие сте браќа“ (Мат. 23:8). Но, исто така, многу ги сакаат своите браќа и сестри и даваат сѐ од себе за да се грижат за нивните потреби. Под водството на Христос Исус, членовите на Водечкото тело обезбедуваат корисни упатства за да ги организираат Јеховините слуги низ целиот свет. Тие ги именуваат членовите на Одборите на подружниците, како и покраинските надгледници (Еф. 4:7-13). А покраинските надгледници именуваат старешини во собранијата (Дела 14:23; Тит 1:5). Освен тоа, Водечкото тело ја сфаќа сериозно својата одговорност да обезбеди духовна храна и водство од Божјата реч. Тоа го прави преку писма, печатени упатства и публикации, разни програми на JW Broadcasting®, како и преку школи, состаноци, конгреси и собири (Дела 15:22-35). А кога некаде ќе се случи природна катастрофа или некоја друга неволја, членовите на Водечкото тело, поттикнати од искрена љубов кон своите браќа и сестри, веднаш преземаат нешто за да им се пружи практична помош.f

15-16. Што учиш од она што го кажале сестра Марли и брат Бенџамин?

15 Сестрите покажуваат дека го почитуваат Христос така што го следат водството кое им го даваат мажите кои тој ги поставил да се грижат за нив. Многу сестри ќе се сложат со Марли, една сестра која живее во САД. Таа вели: „Многу ја ценам мојата улога на сопруга и на сестра во собранието. Постојано морам да се трудам да имам исправен став кон начелото за поглаварство што го поставил Јехова. Но, мојот сопруг и браќата во собранието многу ми го олеснуваат тоа, затоа што ме почитуваат и изразуваат ценење за она што го правам“.

16 Браќата покажуваат дека го разбираат начелото за поглаварство така што ги почитуваат сестрите и им оддаваат чест. Бенџамин, еден брат кој живее во Англија, вели: „Научив многу од коментарите што сестрите ги даваат на состаноците и од нивните предлози за тоа како да проучувам и како делотворно да ја извршувам службата. Сметам дека она што го прават е од огромна важност“.

17. Зошто треба да го почитуваме начелото за поглаварство?

17 Кога сите во собранието — мажите, жените, главите на семејствата и старешините — го разбираат и го почитуваат начелото за поглаварство, меѓу нас владее мир. Што е уште поважно, на тој начин му носиме чест и слава на нашиот небесен Татко Јехова, кој толку многу нѐ сака (Пс. 150:6).

КАКО БИ ОДГОВОРИЛ?

  • Каков став треба да имаме кон сестрите во собранието?

  • Дали секој брат е глава на секоја сестра во собранието? Објасни.

  • Какви разлики постојат меѓу улогата на главите на семејствата и улогата на старешините?

ПЕСНА 123 Верно се држиме за теократскиот ред

a Каква улога имаат сестрите во собранието? Дали секој брат е глава на секоја сестра? Дали старешините и главите на семејствата имаат исти одговорности и овластувања? Во оваа статија ќе видиме како Библијата може да ни помогне да одговориме на овие прашања.

b Види во пасус 6 од статијата „Давај им поддршка на сестрите во собранието“, која излезе во Стражарска кула од септември 2020.

c Види ја рамката „Кога треба една сестра да си ја покрие главата?“

d Види ја статијата „Почитувај ги сите во Јеховиното собрание“ во Стражарска кула од август 2020, каде што во пасуси 17-19 се зборува за тоа кој треба да одлучи во кое собрание ќе служи семејството.

e Подетално објаснување за оваа тема има во книгата Зачувај ја Божјата љубов, на страници 209-212.

f Нешто повеќе за улогата на Водечкото тело има во Стражарска кула од 15 јули 2013, на страници 20-25.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели