Како цена за невестата можело да се дадат животни
Дали сте знаеле?
Зошто Израелците од минатото плаќале цена за невестата?
ВО БИБЛИСКИ времиња, кога две семејства ќе се согласеле да биде склучен брак, на семејството на невестата му се плаќало цена за невестата. Како цена за невестата можело да се дадат вредни предмети, животни или пари. Понекогаш, цената се плаќала со работа, како што било случај со Јаков, кој се согласил седум години да работи за татко ѝ на Рахела за да може да ја земе за жена (1. Мој. 29:17, 18, 20). Зошто се плаќала цена за невестата?
Керол Маерс, која е библиски изучувач, вели: „Цената за невестата можеби се плаќала како надомест поради тоа што ќерката повеќе не можела да работи за семејството, што било особено важно за семејствата [кои се занимавале со земјоделство]“. Исто така, таа можеби се плаќала со цел да се зацврстат односите меѓу семејствата кои се поврзувале со бракот. Така, членовите на овие семејства можеле да си помагаат едни на други кога ќе се соочеле со некоја тешкотија. Освен тоа, цената за невестата служела како доказ дека една девојка е свршена и дека оттогаш натаму, наместо нејзиниот татко, за неа ќе се грижи и ќе ја штити нејзиниот сопруг.
Тоа што се плаќала цена за невестата не значело дека жената е предмет кој може да се купи или да се продаде. Во една книга во врска со животот во древниот Израел пишува: „Обврската да му се плаќа одредена сума пари или нешто друго со иста вредност на семејството на девојката очигледно остава впечаток дека еден израелски брак бил како некое купување. Но изгледа дека на цената за невестата повеќе се гледало како на надомест кој му се давал на семејството отколку како на цена која се плаќала за жената“ (Ancient Israel—Its Life and Institutions).
И денес, во некои земји луѓето го држат обичајот да се плаќа цена за невестата. Доколку родителите кои се Сведоци бараат да им се плати цена за невестата, тие се трудат нивната разумност да им биде позната на сите со тоа што не бараат повеќе од она што е разумно (Фил. 4:5; 1. Кор. 10:32, 33). На тој начин, тие покажуваат дека не се „алчни за пари“ (2. Тим. 3:2). Освен тоа, кога родителите не бараат превисока цена за невестата, идниот сопруг нема да биде принуден да го одложи стапувањето во брак сѐ додека не заработи доволно пари за да ја плати цената. Или пак, ако служи како пионер, нема да се чувствува обврзан да прекине со службата и да работи полновремено за да може да ја плати високата цена за невестата.
Во некои земји законот бара да се плаќа цена за невестата. Во таков случај, родителите кои се Сведоци се послушни на тие закони. Зошто? Затоа што Божјата Реч бара христијаните да им бидат подложни на властите и да ги држат законите кои не се косат со Божјите закони (Рим. 13:1; Дела 5:29).