ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w23 Ноември стр. 14-19
  • Имај доверба дека Јехова ќе ти помогне во тешки времиња

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Имај доверба дека Јехова ќе ти помогне во тешки времиња
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2023
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • КАКО ВЛИЈАЕЛЕ ТЕШКОТИИТЕ ВРЗ ЕВРЕИТЕ
  • БОЖЈАТА ВОЛЈА НЕКА ТИ БИДЕ НА ПРВО МЕСТО
  • КАКО МОЖЕМЕ ДА СИ ЈА ЗАЈАКНЕМЕ ДОВЕРБАТА ВО ЈЕХОВА
  • ИМАЈ ДОВЕРБА ВО ЈЕХОВА ДО КРАЈОТ
  • Избрани стихови од книгата Езра
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2006
  • Дали твоето поучување е делотворно?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2002
  • Езра поучувал за Божјиот закон
    Поуки од Библијата
  • „Јас сум со вас“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2006
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2023
w23 Ноември стр. 14-19

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 48

Имај доверба дека Јехова ќе ти помогне во тешки времиња

„Биди силен, народе... Зашто, јас сум со вас“, вели Јехова над војските (АГЕЈ 2:4)

ПЕСНА 118 „Дај ни уште вера!“

КРАТОК ПРЕГЛЕДa

1-2. а) Какви сличности има помеѓу нашата ситуација и ситуацијата на Евреите кои се вратиле во Ерусалим? б) Опиши некои од предизвиците со кои се соочиле Евреите. (Види ја рамката „Времето на Агеј, Захарија и Езра“.)

ДАЛИ понекогаш си загрижен за иднината? Можеби си ја изгубил работата и си загрижен како ќе го прехраниш семејството. Дали можеби си загрижен за безбедноста на твоето семејство поради нестабилни политички услови, прогонство или затоа што многумина му се противат на проповедничкото дело во вашето место? Дали се соочуваш со некој од овие проблеми? Ако да, оваа статија може да те охрабри бидејќи во неа ќе разгледаме како Јехова им помагал на Израелците во минатото кога се соочувале со слични проблеми.

2 На Евреите кои живееле во Вавилон целиот свој живот, им била потребна силна вера за да го остават удобниот живот што го имале таму и да отпатуваат во земја за која повеќето од нив знаеле многу малку. Кратко откако пристигнале, тие биле погодени од нестабилната економска и политичка состојба, а се соочиле и со противење. Затоа, на некои им било тешко изградбата на Јеховиниот храм да ја стават на прво место во својот живот. Од таа причина, во околу 520 год. пр.н.е., Јехова испратил двајца пророци, Агеј и Захарија, да му помогнат на народот да ја разгори својата ревност (Агеј 1:1; Зах. 1:1). Како што ќе видиме, овие пророци навистина успеале да го охрабрат народот. Сепак, речиси 50 години подоцна, на Евреите што се вратиле во Ерусалим повторно им било потребно охрабрување. Потоа, Езра, кој бил вешт препишувач на Законот, дошол од Вавилон во Ерусалим за да го поттикне Божјиот народ да го стави обожавањето на Јехова на прво место во својот живот (Езра 7:1, 6).

Времето на Агеј, Захарија и Езра

Хронолошки преглед на важните настани од времето на Агеј, Захарија и Езра (сите датуми се од пр.н.е.). 537: Еврејски изгнаници го напуштаат Вавилон. 520: Пророците Агеј и Захарија зборуваат со Израелците во Ерусалим. 515: Храмот во Ерусалим. 484: Царицата Естира пристапува кон престолот на цар Ахасвер. 468: Езра патува со караван. 455: Ѕидините на Ерусалим.

СИТЕ ДАТУМИ СЕ ОД ПР.Н.Е.

  1. 537: Првата група еврејски изгнаници се враќа во Ерусалим

  2. 520: Агеј и Захарија пророкуваат во Ерусалим

  3. 515: Храмот е завршен

  4. 484: Естира се зазема за својот народ откако Ксеркс I (Ахасвер) издава наредба да бидат убиени сите Евреи

  5. 468: Езра патува од Вавилон кон Ерусалим заедно со втора група изгнаници

  6. 455: Ѕидините на Ерусалим се завршени

3. Кои прашања ќе ги разгледаме? (Изреки 22:19).

3 Пророштвата на Агеј и Захарија им помогнале на Божјите слуги во минатото да си ја зачуваат довербата во Јехова и покрај противењето. Тие можат да ни помогнат и нам денес да не изгубиме доверба дека Јехова ќе нѐ поддржува без разлика со какви проблеми ќе се соочиме во животот. (Прочитај Изреки 22:19.) Додека ја разгледуваме Божјата порака која ја пренеле Агеј и Захарија и додека го разгледуваме примерот на Езра, ќе добиеме одговор на следниве прашања: Како влијаело врз Евреите тоа што се соочиле со различни тешкотии? Зошто треба Божјата волја да ни биде на прво место дури и кога минуваме низ тежок период? Како можеме да си ја зајакнеме довербата во Јехова во тешки времиња?

КАКО ВЛИЈАЕЛЕ ТЕШКОТИИТЕ ВРЗ ЕВРЕИТЕ

4-5. Што можеби придонело ревноста на Евреите да згасне?

4 Кога се вратиле во Ерусалим, Евреите ги чекало многу работа. Тие брзо го изградиле жртвеникот на Јехова и ги поставиле темелите на храмот (Езра 3:1-3, 10). Но, ревноста што ја имале на почетокот брзо згаснала. Зошто? Освен што требало да го градат храмот, тие требало да ги градат и своите куќи, да садат ниви и да обезбедат храна за своите семејства (Езра 2:68, 70). Згора на сѐ, се соочиле со противење од своите непријатели кои сковале заговор со цел да ја прекинат изградбата на храмот (Езра 4:1-5).

5 Евреите што се вратиле од изгнанство биле погодени и од нестабилните економски и политички услови. Нивната земја сега била дел од Персиското Царство. Откако персискиот цар Кир умрел во 530 год. пр.н.е., неговиот наследник Камбис сакал да го освои Египет. Кога со својата војска тргнал на воен поход кон Египет, неговите војници веројатно барале храна, вода и засолниште од Израелците и така уште повеќе им го отежнале животот. Кога со Персиското Царство почнал да владее следниот цар, Дариј I, во земјата сѐ уште имало бунтови и политички немири. Без сомнение, поради сето ова, Евреите кои се вратиле од изгнанство биле загрижени како ќе ги прехранат своите семејства. Поради сите овие проблеми со кои се соочиле, некои Евреи сметале дека сѐ уште не е вистинското време да се гради Јеховиниот храм (Агеј 1:2).

6. Според Захарија 4:6, 7, со кои други тешкотии се соочиле Евреите, и во што ги уверил Захарија?

6 Прочитај Захарија 4:6, 7. Освен што имале економски проблеми и се соочиле со политичка нестабилност, Евреите требало да трпат и прогонство. Во 522 год. пр.н.е., нивните непријатели успеале да ја убедат персиската власт да ја забрани изградбата на Јеховиниот храм. Но, Захарија ги уверил Евреите дека Јехова ќе го употреби својот моќен свет дух за да ја отстрани секоја пречка. Во 520 год. пр.н.е., цар Дариј ја укинал забраната и им дозволил на Евреите да продолжат со изградбата на храмот, па дури им ги дал и потребните средства за тоа. Исто така, тој им наредил на локалните управители да им ја пружат потребната помош (Езра 6:1, 6-10).

7. Какви благослови добиле Евреите што се вратиле во Ерусалим поради тоа што ја ставиле Божјата волја на прво место?

7 Преку Агеј и Захарија, Јехова му ветил на својот народ дека ќе ја има неговата поддршка ако во својот живот на прво место ја стави изградбата на храмот (Агеј 1:8, 13, 14; Зах. 1:3, 16). Охрабрени од пророците, Евреите што се вратиле во Ерусалим почнале повторно да го градат храмот во 520 год. пр.н.е. и за помалку од пет години завршиле со работата. Бидејќи Евреите ја ставиле Јеховината волја на прво место и покрај многуте проблеми што ги имале, Јехова им помогнал и во материјален и во духовен поглед. Како резултат на тоа, тие му служеле на Јехова со радост (Езра 6:14-16, 22).

БОЖЈАТА ВОЛЈА НЕКА ТИ БИДЕ НА ПРВО МЕСТО

8. Како она што е запишано во Агеј 2:4 може да ни помогне најважно да ни биде вршењето на Божјата волја? (Види ја и фуснотата.)

8 Бидејќи големата неволја е толку близу, многу е важно да имаме на ум дека треба да бидеме послушни на заповедта да ја проповедаме добрата вест (Марко 13:10). Сепак, може да ни биде тешко да останеме сконцентрирани на нашата служба ако имаме финансиски проблеми или ако наидуваме на противење додека проповедаме. Што може да ни помогне на прво место да ни биде извршувањето на Божјата волја? Тоа што ќе останеме уверени дека „Јехова над војските“b е на наша страна. Тој ќе ни помага ако и понатаму ни биде поважно да ја вршиме неговата волја отколку нашата. Според тоа, немаме никаква причина да се плашиме. (Прочитај Агеј 2:4.)

9-10. Како еден брачен пар се уверил дека она што го кажал Исус во Матеј 6:33 е вистина?

9 Да го разгледаме примерот на брачниот пар Олег и Иринаc кои служат како пионери. Откако се преселиле на друго место за да помагаат во едно собрание, тие ја изгубиле работата поради влошените економски услови во нивната земја. Иако речиси една година не можеле да најдат постојано работно место, за сето тоа време тие ја чувствувале Јеховината љубов и поддршка, а понекогаш добивале помош од браќата и сестрите. Како се справиле со тие тешки околности? Олег, кој во почетокот бил разочаран, вели: „Тоа што бевме зафатени со службата на проповедање ни помогна да бидеме сконцентрирани на она што е најважно во животот“. Додека продолжиле да бараат работа, Олег и неговата сопруга останале зафатени со службата на проповедање.

10 Еден ден, кога се вратиле дома од служба, еден од соседите им кажал дека некој нивен близок пријател патувал околу 160 километри за да им донесе две ќеси со намирници. Олег вели: „Тој ден уште еднаш почувствувавме колку многу Јехова и собранието се грижат за нас. Уверени сме дека Јехова никогаш нема да ги заборави своите слуги без разлика колку безнадежна изгледа нивната ситуација“ (Мат. 6:33).

11. Што може да очекуваме ако ни е најважно да ја вршиме Божјата волја?

11 Јехова сака да се концентрираме на проповедничкото дело со кое се спасуваат животи. Како што видовме во пасус 7, Агеј го поттикнал Јеховиниот народ повторно да почне да работи на храмот. Јехова им ветил на своите слуги дека, ако повторно почнат со изградбата, тој ќе им го дава својот благослов (Агеј 2:18, 19). И ние можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе го благослови нашиот труд ако и нам ни биде најважно да ја вршиме задачата што ни ја дал.

КАКО МОЖЕМЕ ДА СИ ЈА ЗАЈАКНЕМЕ ДОВЕРБАТА ВО ЈЕХОВА

12. Зошто на Езра и на тие што патувале со него им била потребна силна вера?

12 Во 468 год. пр.н.е., Езра тргнал на пат од Вавилон кон Ерусалим заедно со втора група Евреи. На Езра и на оние што патувале со него им била потребна силна вера. Зошто? Тие требало да минуваат по опасни патишта, носејќи со себе голема количина злато и сребро кои царот им ги дал за храмот. Затоа, тие можеле да бидат лесна мета за крадците (Езра 7:12-16; 8:31). Освен тоа, тие набрзо сфатиле дека дури ни Ерусалим не е безбедно место. Во градот имало малку луѓе, а неговите ѕидови и порти требало да се поправат. Што можеме да научиме од Езра за тоа како да си ја зајакнеме довербата во Јехова?

13. Како Езра си ја зајакнал довербата во Јехова? (Види ја и фуснотата.)

13 Езра видел како Јехова му помагал на својот народ во тешко време. Со години претходно, во 484 год. пр.н.е., Езра веројатно живеел во Вавилон кога цар Ахасвер издал наредба да бидат убиени сите Евреи низ Персиското Царство (Ест. 3:7, 13-15). Животот на Езра и на сите Евреи бил во опасност! Кога чуле за таа закана, тие биле толку вознемирени што постеле и плачеле и, без сомнение, го молеле Јехова за помош (Ест. 4:3). Замисли си како се чувствувале Езра и другите Евреи кога оние што го сковале заговорот биле убиени наместо нив! (Ест. 9:1, 2). Она што Езра го доживеал за време на тој тежок период најверојатно го подготвило за идните искушенија и ја зајакнало неговата доверба во Јеховината способност да го заштити својот народ.d

14. Каква поука извлекла една сестра кога видела како Јехова се грижи за неа во еден тежок период?

14 Кога гледаме како Јехова се грижи за нас додека минуваме низ некоја неволја, нашата доверба во него станува посилна. Да го разгледаме примерот на Анастасија, која живее во Источна Европа. Таа дала отказ од работа бидејќи нејзините колеги се обиделе да ја принудат да заземе страна во едно политичко прашање. Таа вели: „Никогаш не сум била во ситуација да немам пари“. Потоа, додава: „Ги оставив работите во Јеховини раце и видов како тој со љубов се грижи за мене. Ако се случи повторно да останам без работа, нема да се плашам. Ако мојот небесен Татко се грижи за мене денес, тој ќе се грижи за мене и утре“.

15. Што му помогнало на Езра и понатаму да има доверба во Јехова? (Езра 7:27, 28).

15 Езра видел како Јехова му помага нему лично. Тоа што размислувал за многуте ситуации во кои Јехова се грижел за него во минатото без сомнение му помогнало на Езра и понатаму да има доверба во него. Забележи дека Езра рекол: „Раката на Јехова, мојот Бог, беше над мене“. (Прочитај Езра 7:27, 28.) Езра употребил слична фраза уште пет пати во книгата што го носи неговото име (Езра 7:6, 9; 8:18, 22, 31).

Во кои ситуации можеме уште појасно да ја видиме Божјата рака во нашиот живот? (види во пасус 16)e

16. Во кои ситуации можеме уште појасно да ја видиме Јеховината рака во нашиот живот? (Види ја и сликата.)

16 Јехова може да ни помогне кога сме во тешка ситуација. На пример, кога го прашуваме нашиот работодавач дали ќе може да нѐ ослободи од работа за да присуствуваме на конгрес или кога прашуваме за промена во работното време за да можеме да бидеме присутни на сите состаноци, тоа ни дава можност да ја видиме Јеховината рака во нашиот живот. Можеби работите ќе излезат подобро отколку што очекуваме. Како резултат на тоа, нашата доверба во Јехова ќе стане уште посилна.

Езра плаче во храмот заедно со други Израелци. Сеханија му помага на Езра да стане.

Езра плаче и се моли во храмот затоа што е вознемирен поради гревовите на народот. Луѓето околу него исто така плачат. Потоа, Сеханија го теши Езра со следниве зборови: „Сѐ уште има надеж за Израел... Ние ќе бидеме со тебе“ (Езра 10:2, 4; види во пасус 17)

17. Како Езра покажувал понизност кога се наоѓал во тешки ситуации? (Види ја сликата на насловната страница.)

17 Езра понизно му се молел на Јехова за помош. Секогаш кога бил загрижен во врска со одговорностите што ги имал, Езра понизно му се молел на Јехова (Езра 8:21-23; 9:3-5). Тоа што се потпирал на Јехова, ги поттикнало и другите да го поддржат и да се угледаат на неговата вера (Езра 10:1-4). Кога сме оптоварени од грижите во врска со материјалните потреби или безбедноста на нашето семејство, мора со доверба да го молиме Јехова за помош.

18. Што може да ни помогне да имаме поголема доверба во Јехова?

18 Ако понизно бараме помош од Јехова и ја прифатиме поддршката од соверниците, нашата доверба во Бог ќе расте. Ерика, која е мајка на три деца, не ја изгубила својата доверба во Јехова и покрај тоа што доживеала тешка загуба. Во текот на еден краток период, таа се соочила со смртта на своето неродено дете и смртта на својот сакан сопруг. Во врска со сето она што се случило, Ерика вели: „Не можеш однапред да знаеш како Јехова ќе ти помогне. Помошта може да дојде на неочекуван начин. Сфатив дека Јехова одговорил на многу од моите молитви преку она што го кажуваа или правеа моите пријатели. Ако отворено им кажам на пријателите што ми се случува во животот, тие можат полесно да ми помогнат“.

ИМАЈ ДОВЕРБА ВО ЈЕХОВА ДО КРАЈОТ

19-20. Што учиме од Евреите кои не можеле да се вратат во Ерусалим?

19 Важна поука можеме да извлечеме и од Евреите кои не биле во можност да се вратат во Ерусалим. Некои од нив не можеле да го направат тоа затоа што биле во поодминати години, некои имале сериозна болест, а други имале семејни одговорности. И покрај тоа, тие спремно ги поддржувале оние што се вратиле така што им дале многу работи што им биле потребни за изградбата на храмот (Езра 1:5, 6). Се чини дека, околу 19 години откако првата група на изгнаници се вратила во Ерусалим, оние што останале во Вавилон сѐ уште праќале доброволни прилози за Ерусалим (Зах. 6:10).

20 Дури и ако не можеме да го правиме сето она што би сакале во службата за Јехова, можеме да бидеме сигурни дека тој го цени она што од срце го правиме за да го радуваме. Од каде го знаеме тоа? Во времето на Захарија, Јехова му рекол на својот пророк да направи круна од златото и среброто што го испратиле изгнаниците во Вавилон (Зах. 6:11). „Раскошната круна“ требало да служи како „спомен“ за нивните великодушни прилози (Зах. 6:14). Можеме да бидеме сигурни дека Јехова никогаш нема да го заборави трудот што со сето срце го вложуваме за да му служиме во овие тешки времиња (Евр. 6:10).

21. Што ќе ни помогне да имаме доверба во Јехова без разлика со што ќе се соочиме во иднина?

21 Без сомнение, во овие последни денови, и понатаму ќе се соочуваме со тешки ситуации, а во иднина условите можеби и ќе се влошуваат (2. Тим. 3:1, 13). Сепак, не треба да бидеме претерано загрижени. Добро е да ги имаме на ум зборовите што Јехова им ги кажал на своите слуги во времето на Агеј: „Јас сум со вас... Не плашете се!“ (Агеј 2:4, 5). И ние можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе биде со нас сѐ додека даваме сѐ од себе за да ја вршиме неговата волја. Ако ги примениме поуките што ги научивме од пророштвата на Агеј и Захарија и од примерот на Езра, ќе успееме да ја зачуваме нашата доверба во Јехова без разлика со какви тешкотии можеби ќе се соочиме во иднина.

КАКО БИ ОДГОВОРИЛ?

  • Како можат тешкотиите да влијаат врз нашата служба за Јехова?

  • Зошто треба да ни биде најважно да ја вршиме Божјата волја и покрај тешкотиите?

  • Како можеме да си ја зајакнеме довербата во Јехова додека сме во тешки ситуации?

ПЕСНА 122 Да бидеме цврсти, непоколебливи!

a Оваа статија ќе ни помогне да си ја зајакнеме нашата доверба во Јехова кога се соочуваме со економски проблеми, со нестабилни политички услови или со противење на нашето проповедничко дело.

b Изразот „Јехова над војските“, кој во книгата Агеј се појавува 14 пати, ги потсетувал Евреите — а нѐ потсетува и нас — дека Јехова има неограничена моќ и дека заповеда со огромна војска од духовни суштества (Пс. 103:20, 21).

c Некои имиња се сменети.

d Тоа што бил вешт препишувач на Божјиот закон му помогнало на Езра, уште пред да тргне на пат за Ерусалим, да развие силна доверба во пророштвата што ги дал Јехова (2. Лет. 36:22, 23; Езра 7:6, 9, 10; Ерем. 29:14).

e ОПИС НА СЛИКАТА: Еден брат го прашува својот работодавач да го ослободи од работа за да присуствува на конгрес, но добива негативен одговор. Тој се моли за помош и за водство додека се подготвува повторно да разговара со својот работодавач. Братот му ја покажува на својот работодавач поканата за конгресот и му објаснува дека Библијата ни помага да бидеме подобри личности. Тоа му остава впечаток на работодавачот и затоа ја менува својата одлука.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели