СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 48
ПЕСНА 129 Да истраеме до крајот!
Книгата Јов може да ти помогне кога страдаш
Навистина, Бог не прави зло (ЈОВ 34:12)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Што може да научиме од книгата Јов во врска со тоа зошто Бог ги дозволува страдањата и како може да истраеме кога страдаме.
1-2. Наведи некои причини поради кои вреди да ја читаме книгата Јов.
ДАЛИ неодамна си имал прилика да ја читаш книгата Јов? Иако е напишана пред околу 3.500 години, оваа древна книга често се вбројува меѓу ремек-делата на светската литература. За писателот на оваа книга, еден библиски изучувач рекол дека е „книжевен генијалец“ бидејќи користел зборови кои се лесно разбирливи, а убави и моќни. Иако Мојсеј бил оној што ја запишал оваа извонредна книга, вистинскиот автор е Јехова Бог (2. Тим. 3:16).
2 Книгата Јов е многу важен дел од Библијата. Зошто? Една причина е затоа што јасно го разоткрива важното спорно прашање кое ги засега сите суштества обдарени со разум — посветувањето на Јеховиното име. Исто така, ни ги открива Јеховините прекрасни особини како што се неговата љубов, мудрост, правда и моќ. На пример, во книгата Јов, изразот „Семоќниот“ се користи за Јехова 31 пат, повеќе од сите други библиски книги заедно. Освен тоа, книгата Јов дава одговор на многу животни прашања, вклучувајќи го и она кое сѐ уште измачува многумина: Зошто Бог ги дозволува страдањата?
3. Како може да ни користи тоа што ќе ја проучуваме книгата Јов?
3 Исто како што од една планина можеме јасно да ја видиме околината што нѐ опкружува, книгата Јов ни помага да гледаме на проблемите во животот од една повисока гледна точка — Јеховината гледна точка. Да видиме како книгата Јов може да ни помогне кога страдаме. Ќе дознаеме како извештајот за Јов можел да им користи на Израелците и како може да ни користи нам денес. Исто така, ќе дознаеме како може да го користиме овој библиски извештај за да им помагаме на другите.
БОГ ДОЗВОЛИЛ ЈОВ ДА СТРАДА
4. Каква разлика постоела помеѓу Јов и Израелците во Египет?
4 Додека Израелците биле робови во Египет, еден човек по име Јов живеел во земјата Уз, која можеби се наоѓала источно од Ветената земја и некаде на северот од Арабија. За разлика од Израелците кои почнале да обожаваат идоли во Египет, Јов верно му служел на Јехова (Ис. Нав. 24:14; Езек. 20:8). Во врска со него, Јехова рекол: „На земјата нема таков како него“a (Јов 1:8). Јов бил многу богат и уживал огромен углед, поголем од кој и да било друг човек на Истокот (Јов 1:3). Сатана сигурно бил многу гневен што овој влијателен и угледен човек верно му служел на Бог!
5. Зошто Јехова дозволил Јов да страда? (Јов 1:20-22; 2:9, 10).
5 Сатана тврдел дека, ако Јов страда, ќе престане да му служи на Јехова (Јов 1:7-11; 2:2-5). Иако многу го сакал Јов, Јехова му дозволил на Сатана да се обиде да докаже дали она што го тврдел за Јов е точно (Јов 1:12-19; 2:6-8). Сатана предизвикал Јов да ја изгуби сета стока, му ги убил сите десет деца и му нанел една мачна и одвратна болест поради која имал чиреви по целото тело. Но, ваквите сурови напади не успеале да ја скршат верноста на Јов. (Прочитај Јов 1:20-22; 2:9, 10.) По некое време, Јехова го излекувал Јов, му ги вратил богатството и угледот, и му дал уште десет деца. Исто така, со чудо му го продолжил животот на Јов за 140 години. Тоа му овозможило на Јов да види четири поколенија од своите потомци (Јов 42:10-13, 16). Како овој извештај можел да им користи на Божјите слуги во минатото, и како може да ни користи нам денес?
6. Како ќе им користело на Израелците доколку знаеле зошто Бог ги допушта страдањата? (Види ја и сликата.)
6 Каква корист можеле да извлечат Израелците. Израелците воделе тежок живот во Египет. На пример, Исус Навин и Халев биле робови во текот на својата младост. Подоцна, иако не по своја вина, тие талкале 40 години во пустината. Ако Израелците знаеле за она што го доживеал Јов и за благословите што ги добил, тоа без сомнение им помогнало и ним и на идните генерации Израелци да сфатат кој е, всушност, виновен за нивното страдање. Освен тоа, можеле и подобро да разберат зошто Бог ги допушта страдањата и колку многу цени кога некој му останува верен и покрај искушенијата.
Израелците, кои долги години биле робови во Египет, подоцна можеле да извлечат корист од она што му се случило на Јов (види во пасус 6)
7-8. Како книгата за Јов може да им помогне на оние што страдаат? Наведи пример.
7 Каква корист може да извлечеме ние. За жал, многу луѓе денес изгубиле вера во Бог бидејќи не можат да сфатат зошто на добри луѓе им се случуваат лоши работи. Размисли за примерот на Хејзелb од Руанда. Кога била мала, верувала во Бог. Но, потоа ѝ се случиле многу лоши работи. Нејзините родители се развеле, и затоа ја одгледал нејзиниот очув кој лошо постапувал со неа. Кога била на тинејџерска возраст, еден маж ја силувал. Хејзел одела на богослужби во нејзината црква, но таму не добила никаква утеха. Подоцна, Хејзел му напишала писмо на Бог, во кое го рекла следново: „Боже, ти се молев, се трудев да правам добри дела, но ти ми врати на доброто со зло. Сега те напуштам и отсега ќе го правам она што мене ме прави среќна“. Срцето ни се кине од жал кога гледаме дека луѓе како Хејзел биле наведени да веруваат дека Бог е виновен за нивните страдања!
8 Меѓутоа, од извештајот за Јов, ние сме дознале дека за нашите страдања не е виновен Бог, туку Сатана! Исто така, сме дознале дека, кога луѓето страдаат, не треба да мислиме дека го жнеат она што го посеале. Од Библијата сме дознале дека лоши работи можат да му се случат на секого (Проп. 9:11; Јов 4:1, 8). А сме научиле и дека, кога верно истрајуваме во неволјите, му даваме на Јехова можност да докаже дека Сатана е лажливец (Јов 2:3; Изр. 27:11). Благодарни сме што сме ги дознале овие работи од Библијата бидејќи сега ја знаеме вистинската причина зошто страдаме ние и нашите сакани. Подоцна, Хејзел ја проучувала Библијата со Јеховините сведоци и сфатила дека Бог не ги предизвикува нејзините страдања. Таа рекла: „Повторно му се молев на Бог од длабочината на моето срце. Му реков на Јехова дека, иако реков дека го напуштам, всушност, не сакав навистина да го сторам тоа. Ги кажав тие работи затоа што не го познавав. Сега сфаќам дека Јехова ме сака. Конечно сум вистински среќна и задоволна“. Многу сме благодарни што знаеме зошто Бог ги допушта страдањата! Сега да разгледаме како извештајот за Јов може да ни помогне нам лично кога минуваме низ неволји.
КАКО ИЗВЕШТАЈОТ ЗА ЈОВ НИ ПОМАГА ДА ИСТРАЕМЕ
9. Што правел Јов додека страдал? (Јаков 5:11).
9 Замисли колку многу страдал Јов. Седел во пепелта, телото му било полно со чиреви и трпел огромна болка. Бил ослабнат од болеста и кожата му била многу оштетена и се лупела. Јов немал многу сила. Тој седел на земја и си ги чешал раните со парчиња скршено грне. Често зборувал за болката што ја чувствувал. Но, Јов не гледал само да преживее туку и да истрае. (Прочитај Јаков 5:11.) Што му помогнало да истрае?
10. Што покажува дека Јов бил близок со Јехова? Објасни.
10 Јов отворено му кажал на Јехова како се чувствува (Јов 10:1, 2; 16:20). На пример, од поглавје 3 дознаваме дека бил огорчен и се жалел за трагедиите што му се случиле, за кои погрешно заклучил дека ги предизвикал Јехова. Потоа, тројцата пријатели на Јов одново и одново тврделе дека Бог го казнува за неговите гревови. Но, тој упорно тврдел дека е верен. Зборовите на Јов укажуваат на тоа дека некое време се сметал за поправеден од Бог (Јов 10:1-3; 32:1, 2; 35:1, 2). Тој и самиот признал дека некогаш кажувал непромислени работи бидејќи очајно се обидувал да докаже дека не му згрешил на Бог (Јов 6:3, 26). Потоа, од поглавје 31 дознаваме дека Јов сакал Бог да му одговори и да каже дека не заслужил да биде казнет (Јов 31:35). Се разбира, Јов немал право да бара од Бог да му открие која е причината за неговите страдања.
11. Како реагирал Јехова на она што го кажал Јов за својата верност?
11 Од начинот на кој Јов зборувал со Јехова сфаќаме дека бил близок пријател со него и имал потполна доверба дека Бог ќе ја потврди неговата верност. Кога на крај му одговорил на Јов од еден виор, Јехова не објаснил во детали кои се причините за неговите страдања. Освен тоа, не го осудил Јов затоа што се жалел и упорно тврдел дека не направил ништо погрешно. Напротив, Јехова љубезно го исправил Јов, како што еден татко би го исправил својот син. Тоа било најдобриот начин да му помогне. Како резултат на тоа, Јов понизно признал колку малку, всушност, знае и се покајал за своите непромислени зборови (Јов 31:6; 40:4, 5; 42:1-6). Како овој извештај можел да им користи на луѓето во минатото и како може да ни користи нам денес?
12. Како извештајот за Јов можел да им користи на Израелците?
12 Каква корист можеле да извлечат Израелците. Израелците можеле многу да научат од она што му се случило на Јов. Размисли за примерот на Мојсеј. Нему не му било лесно да ги води Израелците. Тие многу пати му биле непослушни на Јехова и го разочарале Мојсеј. За разлика од бунтовните Израелци кои честопати мрмореле против Јехова, Мојсеј му се молел на Јехова во врска со своите грижи (2. Мој. 16:6-8; 4. Мој. 11:10-14; 14:1-4, 11; 16:41, 49; 17:5). Освен тоа, на Мојсеј му била потребна истрајност кога добил исправка од Јехова. На пример, додека Израелците биле улогорени во Кадис, веројатно во текот на 40-годишното талкање низ пустината, Мојсеј зборувал непромислено и не му ја оддал на Јехова славата што ја заслужува (Пс. 106:32, 33). Поради тоа, Јехова не му дозволил да влезе во Ветената земја (5. Мој. 32:50-52). Иако тоа веројатно тешко му паднало, Мојсеј понизно ја прифатил исправката. Извештајот за Јов можел да им помогне и на идните генерации од израелскиот народ да ги издржат своите неволји. Ако размислувале за овој извештај, верните Израелци ќе можеле да научат како да му ги изразат своите чувства на Јехова и да имаат на ум дека не се поправедни од него. Исто така, тие можеле да научат како понизно да ги прифатат укорот и исправката од Јехова.
13. Како извештајот за Јов може да ни помогне да истраеме? (Евреите 10:36).
13 Каква корист може да извлечеме ние. Како христијани, и нам ни е потребна истрајност. (Прочитај Евреите 10:36.) На пример, некои од нас се борат со физички или емоционален проблем, имаат проблеми во семејството, им починал некој од најблиските или имаат некој друг сериозен проблем. А понекогаш, зборовите или постапките на другите можат да направат да ни биде уште потешко (Изр. 12:18). Меѓутоа, од книгата Јов учиме дека можеме да му ги кажеме на Јехова нашите најдлабоки чувства, уверени дека тој нѐ слуша (1. Јов. 5:14). Јехова нема да нѐ осуди дури и ако во нашите сесрдни молитви понекогаш кажуваме нешто непромислено, како што било случај со Јов. Наместо тоа, Бог ќе ни ги даде силата и мудроста што ни се потребни за да истраеме (2. Лет. 16:9; Јак. 1:5). Исто така, тој може да нѐ укори до онаа мера до која е потребно, како што направил со Јов. Од книгата Јов учиме и како да истраеме ако добиеме совет или укор од Јеховината Реч, од Божјата организација или од некои зрели пријатели (Евр. 12:5-7). Исто како што на Јов му користело тоа што ја прифатил исправката која ја добил, и нам ќе ни користи ако ја прифатиме исправката што ни е потребна (2. Кор. 13:11). Колку многу корисни поуки учиме од примерот на Јов! Сега да видиме како може да го користиме извештајот за Јов за да им помагаме на другите.
КОРИСТИ ЈА КНИГАТА ЈОВ ЗА ДА ИМ ПОМАГАШ НА ДРУГИТЕ
14. Како можеме да одговориме на прашањето зошто постојат страдањата?
14 Дали некогаш во служба ти се случило некој да те праша зошто има страдања? Како му одговори на тоа прашање? Можеби на темел на Библијата му објасни што се случило во градината Еден. Можеби најпрво спомна дека Сатана, едно злобно духовно суштество, ги излажало првите луѓе и ги навело да се побунат против Бог (1. Мој. 3:1-6). Потоа можеби објасни дека, откако Адам и Ева се побуниле, луѓето страдаат и умираат (Рим. 5:12). И на крај можеби објасни дека Бог дозволил да помине доволно време за да се докаже дека Сатана е лажливец и за да се шири добрата вест дека во иднина луѓето повторно ќе бидат совршени (Отк. 21:3, 4). Ова е добар начин да се одговори на тоа прашање и може да води до добри резултати.
15. Како може да ја користиме книгата Јов за да му објасниме некому зошто има страдања? (Види ги и сликите.)
15 Друг начин како можеме да им објасниме на луѓето зошто страдаме е така што ќе им кажеме за Јов. Најпрво можеме да го пофалиме лицето што поставило такво убаво прашање. Потоа, може да спомнеме дека Јов, еден верен Божји слуга кој многу страдал, го поставил истото прашање. Тој дури верувал дека на некој начин Бог ги предизвикал неговите страдања (Јов 7:17-21). Лицето со кое зборуваш можеби ќе се изненади дека луѓето уште многу одамна сакале да знаат зошто страдаме. Потоа, би можел тактично да му објасниш дека оној кој ги предизвикал страдањата на Јов бил Ѓаволот, а не Бог. Ѓаволот со тоа сакал да докаже дека луѓето му служат на Бог само од себични причини. Би можел да додадеш дека, иако не ги предизвикал страдањата на Јов, Бог ги дозволил и така покажал доверба дека верните луѓе можат да докажат дека Сатана не е во право. На крај, би можел да објасниш дека, со текот на времето, Бог го благословил Јов затоа што му останал верен. Значи, можеме да ги тешиме другите така што ќе ги увериме дека страдањата не доаѓаат од Јехова.
Како можеш да го користиш примерот на Јов за да им објасниш на другите дека лошите работи не доаѓаат од Бог? (види во пасус 15)
16. Раскажи едно искуство кое покажува како книгата Јов може да му помогне на некој што страда.
16 Да видиме како книгата Јов му помогнала на Марио. Еден ден во 2021 год., една сестра сведочела по телефон. Првата личност на која се јавила бил Марио. Таа му прочитала еден стих и му објаснила дека Бог не само што ги слуша нашите молитви туку и ни дава иднина и надеж. Кога го прашала што мисли за тоа, Марио ѝ кажал дека токму тогаш кога се јавила, пишувал проштално писмо до семејството бидејќи планирал да се самоубие. Тој рекол: „Верувам во Бог, но чувствувам дека не му е грижа за мене“. Вториот пат кога му се јавила, разговарале за страдањата на Јов. Марио одлучил да ја прочита целата книга Јов. Затоа нашата сестра му испратила линк од Библијата на jw.org. Кој бил резултатот? Марио прифатил да ја проучува Библијата и со радост почнал да учи за Бог кој е полн со љубов и кој покажал дека се грижи за него.
17. Зошто си му благодарен на Јехова што ја вклучил книгата Јов во својата вдахновена Реч? (Јов 34:12).
17 Јасно е дека Божјата Реч има огромна моќ да им помогне на луѓето, вклучувајќи ги и оние што страдаат (Евр. 4:12). Колку сме благодарни што Јехова го вклучил извештајот за Јов во својата Реч! (Јов 19:23, 24). Книгата Јов нѐ уверува дека „навистина, Бог не прави зло“. (Прочитај Јов 34:12.) Исто така, од неа дознаваме зошто Бог ги дозволува страдањата и како може да истраеме. А таа ни помага и да ги тешиме оние што страдаат. Во следната статија ќе разгледаме како книгата Јов може да ни помогне кога даваме совет.
ПЕСНА 156 Штом верувам
a Разговорот меѓу Јехова и Сатана, како и искушенијата на Јов, веројатно се случиле по смртта на верниот Божји слуга Јосиф (1657 пр.н.е.) и пред Мојсеј да стане водач на Израелците (о. 1514 пр.н.е.).
b Некои имиња се сменети.