СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 51
ПЕСНА 132 Сега сме едно
Како да му донесете слава на Јехова со вашата венчавка
Сѐ нека биде пристојно и така како што е редот (1. КОР. 14:40)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да видиме како христијаните кои планираат да стапат во брак може да му донесат слава на Јехова на денот на својата венчавка.
1-2. Како гледа Јехова на венчавките?
ДАЛИ веќе си свршен и правиш планови да стапиш во брак? Ако да, се радуваме за тебе. Веројатно многу си зафатен околу подготовките за твојата венчавка. Јехова сака ти и твојот сопружник да уживате на денот на венчавкатаa и да имате среќен брак (Изр. 5:18; Песна 3:11).
2 Јехова заслужува да му донесете слава со вашата венчавка. Зошто може да го кажеме ова? И, како може да го постигнете тоа? Иако оваа статија првенствено се однесува на паровите кои планираат венчавка, начелата во неа може да ни помогнат на сите нас да му донесеме слава на Јехова ако присуствуваме на венчавка или ако сме замолени да дадеме предлози во врска со планирањето на некоја венчавка.
ЗОШТО ДА МУ СЕ ДОНЕСЕ СЛАВА НА ЈЕХОВА?
3. Што треба да земе предвид еден пар кој планира венчавка, и зошто?
3 Паровите кои планираат венчавка треба да го прават тоа во склад со начелата што Јехова ги дал во својата Реч. Зошто? Бидејќи Јехова го основал бракот. Тој го склучил бракот помеѓу првите луѓе, Адам и Ева, што, всушност, била првата венчавка (1. Мој. 1:28; 2:24). Затоа, на оние кои планираат венчавка најважно треба да им биде Божјето гледиште.
4. Од која друга причина паровите треба да му оддадат слава на Јехова на денот на венчавката?
4 Има и друга важна причина зошто треба да го земеш предвид гледиштето на Јехова во врска со денот на твојата венчавка: Тој е твојот небесен Татко и твојот најдобар пријател (Евр. 12:9). Без сомнение, ти и понатаму сакаш тоа да остане така. Никогаш не би сакал да се случи нешто на тој ден или на кој било друг ден што би го повредило твојот пријател (Пс. 25:14). Ако размислиш што сѐ Јехова направил за тебе и што ќе направи, зарем нема да се согласиш дека тој заслужува да му оддадеш слава со твојата венчавка? (Пс. 116:12).
КАКО МОЖЕТЕ ДА МУ ДОНЕСЕТЕ СЛАВА НА ЈЕХОВА?
5. Како може Библијата да им помогне на паровите да ја планираат својата венчавка?
5 Во Библијата нема список со правила за тоа како треба да изгледа една свадбена прослава. Затоа, паровите може да ја планираат својата венчавка во склад со нивните околности, со она што е вообичаено во нивната култура и со нивните желби. Исто така, вистинските христијани ги почитуваат законските барања поврзани со бракот (Мат. 22:21). Сепак, една венчавка која е организирана во склад со библиските начела ќе му донесе слава на Јехова и ќе го радува. Затоа, кои начела треба да ги земете предвид?
6. Зошто е важно еден пар да ги почитува законските барања за стапување во брак?
6 Почитувајте ги законските барања (Рим. 13:1, 2). Во повеќето земји, еден пар треба да исполни одредени законски барања пред да стапи во брак. Парот треба да дознае кои се барањата во местото каде што живее. Ако ви е потребна помош за да ги дознаете овие информации, слободно обратете им се на старешините.b
7. Каква атмосфера е соодветна за една венчавка?
7 Погрижете се да има достоинствена атмосфера (1. Кор. 10:31, 32). Потрудете се атмосферата на венчавката да ги одразува особините кои се плод на светиот дух, наместо духот на светот (Гал. 5:19-26). Во склад со библиското начело за поглаварство, младоженецот има одговорност да се погрижи венчавката да биде радосен и достоинствен настан. Што може да придонесе за тоа? Еден библиски говор за венчавање кој е изнесен со љубов, топлина и достоинство им го зголемува ценењето на присутните за бракот како дар од Бог. Исто така, може да им помогне да сфатат колку сериозен настан е венчавката. Затоа, повеќето парови одлучуваат говорот да се одржи во салата за состаноци доколку е возможно. Ако сакате да ја користите салата за состаноци, треба да напишете писмена молба до старешинството доволно време однапред.
8. Што може да придонесе атмосферата на свадбената прослава да биде достоинствена? (Римјаните 13:13).
8 Прочитај Римјаните 13:13. Доколку одлучите да има свадбена прослава, како можете да спречите таа да го одразува духот на светот? Грчкиот збор кој е преведен со „разуздани гозби“ се однесува на дружења на кои луѓето се опиваат и на кои има музика до доцна во ноќта. Ако одлучите да се служи алкохол, преземете мерки за да бидете сигурни дека никој нема да пие премногу.c Доколку има музика, погрижете се да не биде премногу гласна за да може гостите да си разговараат без да се надвикуваат. Внимателно изберете го видот на музиката и проверете го текстот на песните за да не се спрепне некој.
9. Што треба да има на ум еден пар во врска со кратките говори и други слични работи за време на прославата?
9 Дали на прославата ќе има кратки говори од другите, презентации, видеоклипови или други слични работи? Тие може да го направат тој ден уште понезаборавен. Сепак, погрижете се сѐ што ќе биде изнесено да биде охрабрувачко (Фил. 4:8). Прашајте се: „Дали со тоа ќе се покаже почит кон другите? Дали ќе се покаже ценење за бракот?“ И, што е уште поважно, прашајте се: „Дали ќе му се донесе слава на Јехова?“ Иако одреден вид хумор би бил на место, треба да се избегнува сѐ што би можело да ги наведе луѓето да размислуваат за секс (Еф. 5:3). Ако некои од членовите на семејството или пријателите сакаат да кажат неколку збора, уверете се дека знаат кои се вашите желби и дека ќе ги почитуваат.
10. Зошто еден пар треба да биде скромен кога ја планира својата венчавка? (1. Јованово 2:15-17).
10 Бидете скромни. (Прочитај 1. Јованово 2:15-17.) Јехова цени кога неговите слуги се трудат да му оддадат слава нему наместо да привлечат несоодветно внимание кон себе. Затоа, скромните христијани избегнуваат да трошат огромни суми пари и да се истакнуваат. Како ќе ви користи тоа што вашата венчавка ќе биде скромна? Размисли за примерот на Мајк, еден брат од Норвешка. Тој вели: „Не западнавме во долгови и можевме да продолжиме со пионерската служба. Нашата венчавка беше едноставна, но сепак убава и незаборавна“. Табита, една сестра од Индија, вели: „Се поштедивме од многу грижи. Бидејќи имавме едноставна венчавка, не моравме толку да планираме и избегнавме многу несогласувања“.
Без разлика каде живееме, една христијанска венчавка може да биде скромна, убава и незаборавна (види во пасуси 10-11)
11. Како може младоженецот и невестата да покажат скромност со својата облека и со изгледот? (Види ги и сликите.)
11 Дали сте одлучиле што ќе облечете? Нема сомнеж дека сакате да изгледате најдобро што можете. Дури и во библиски времиња, невестата и младоженецот обрнувале внимание на тоа како ќе изгледаат (Иса. 61:10). Се разбира дека она што ќе го носите на венчавката можеби донекаде ќе се разликува од она што би го носеле во други прилики, но не треба да биде помалку скромно (1. Тим. 2:9). Немој да дозволите облеката — или која и да било друга материјална работа — да биде најважното обележје на вашата венчавка (1. Пет. 3:3, 4).
12. Зошто еден пар треба да внимава да не вклучи во својата венчавка небиблиски обичаи кои се вообичаени во местото каде што живее?
12 Внимавајте да не вклучите небиблиски обичаи (Отк. 18:4). Во венчавките во светот честопати се вклучени обичаи поврзани со лажната религија, спиритизам и суеверие. Јехова јасно нѐ предупредува да се чуваме од такви нечисти работи (2. Кор. 6:14-17). Ако во местото каде што живеете има некои традиции или обичаи за кои не сте сигурни дали се прифатливи за Јехова, побарајте информации за нив, како и библиски начела кои ќе ви помогнат да одлучите што да вклучите во венчавката.
13. Како може еден пар да го има Јеховиното гледиште во врска со подароците?
13 Дали е вообичаено во местото каде што живеете гостите да им дадат подарок на младоженците? Финансиската состојба на некои гости може да влијае врз тоа каков подарок ќе дадат. Се разбира, христијаните се поттикнати да даваат, и тоа ги прави среќни (Изр. 11:25; Дела 20:35). Сепак, не сакаме нашите гости да се чувствуваат обврзано да дадат подарок, ниту пак сакаме да мислат дека еден скромен подарок нема да се цени. Ние го следиме примерот на Јехова — се трудиме да го имаме неговото гледиште за подароците така што го цениме она што другите го даваат од срце и во склад со нивните можности (2. Кор. 9:7).
КАКО ДА ГИ ИЗБЕГНЕТЕ ИЛИ ДА ГИ НАДМИНЕТЕ ПРЕДИЗВИЦИТЕ
14. Со какви предизвици се соочуваат некои парови?
14 Додека планирате венчавка која ќе му донесе слава на Јехова, можеби ќе се соочите со некои предизвици. На пример, можеби ќе ви биде тешко да организирате едноставна венчавка. Чарли, кој е од Соломоновите Острови, вели: „Ни беше многу тешко да одлучиме кого да поканиме на прославата. Имаме многу пријатели, и во нашата култура секој очекува да биде поканет“. Табита, која беше спомната претходно, вели: „Каде што живеам, обично се прават големи свадби. На нашите родители им требаше време за да ја прифатат нашата одлука дека ќе поканиме само околу 100 луѓе“. Сара, од Индија, вели: „На некои луѓе многу им е важен социјалниот статус. Моите братучеди имаа голема свадба. Затоа бев под притисок дека јас треба да направам уште полуксузна свадба“. Што може да ви помогне да надминете вакви и други предизвици?
15. Зошто молитвата е важен дел од планирањето на венчавката?
15 Често молете се во врска со плановите за венчавката. Во молитва, можете да му кажете на Јехова за секој проблем со кој се соочувате и за вашите чувства (Фил. 4:6, 7). Можете да го молите Јехова да ви помага да носите добри одлуки, да останете смирени кога сте вознемирени и да покажете храброст кога тоа е потребно (1. Пет. 5:7). Вашата доверба во Јехова ќе се зајакнува додека гледате како ви одговара на молитвите. Табита, која беше спомната претходно, вели: „Јас и мојот свршеник бевме загрижени за тоа дали ќе имаме несогласувања еден со друг и со нашите семејства. Затоа, секогаш кога разговаравме за плановите околу венчавката, започнувавме со молитва. Навистина чувствувавме како Јехова ни помага и го зачувавме мирот“.
16-17. Како може да помогне добрата комуникација кога се планира венчавка?
16 Комуницирајте отворено и тактично (Изр. 15:22). Како пар, вие ќе треба да донесете многу одлуки поврзани со венчавката. Во тоа се вклучени датумот на венчавката, буџетот, списокот со гости и многу други работи. Пред да донесете некоја одлука, разгледајте кои опции ви стојат на располагање и разговарајте за библиските начела кои може да се применат во вашата ситуација, како и за советите кои можеби ќе ги добиете од духовно зрели христијани. Кога ги кажувате своите лични желби, бидете љубезни, обѕирни и флексибилни. Ако некои блиски членови на семејството, како што се вашите родители, имаат разумни барања, трудете се да им ги исполните. Тоа е посебен настан и за нив. Ако не можете да ги исполните нивните желби, тактично објаснете им ги причините (Кол. 4:6). Дајте им до знаење на членовите на семејството дека најважно ви е вашата венчавка да биде радосен настан со кој ќе му се оддаде слава на Јехова.
17 Може да биде особено тешко да им ги објасните вашите одлуки на родителите доколку тие не се во вистината. Но, можете да успеете во тоа. Сантош, еден брат од Индија, вели: „Нашите семејства сакаа да вклучиме разни хиндуистички ритуали. На мене и на мојата свршеница ни требаше многу време за да им ги објасниме нашите одлуки. Направивме некои промени каде што сметавме дека има простор за тоа без да го разочараме Јехова. На пример, го сменивме менито за прославата за храната да им се допаѓа ним. И одлучивме да нема пеење и танцување бидејќи тие не беа навикнати на такво нешто“.
18. Што може да ви помогне да бидете сигурни дека денот на венчавката ќе помине во најдобар ред? (1. Коринќаните 14:40; види ја и сликата).
18 Добро планирајте. Ако сте добро организирани, веројатно ќе имате помалку стрес на денот на венчавката. (Прочитај 1. Коринќаните 14:40.) Вејн, од Тајван, вели: „Неколку дена пред венчавката, одржавме мал состанок со оние кои се пријавија да помагаат. Разговаравме за нашите планови и пробувавме некои делови од венчавката за да бидеме сигурни дека сѐ ќе помине во најдобар ред“. Покажете почит кон вашите гости така што ќе се трудите сѐ да биде во предвиденото време.
Доброто планирање пред една венчавка може да придонесе сѐ да помине во најдобар ред (види во пасус 18)
19. Што ќе ви помогне да имате контрола над она што ќе се случува на вашата свадбена прослава?
19 Може да се избегнат многу проблеми ако се размислува однапред (Изр. 22:3). На пример, ако во вашето место е вообичаено да се појават непоканети гости на прославата, размислете што можете да направите за да го спречите тоа. Доколку меѓу гостите ќе има роднини кои не се Сведоци, погрижете се да знаат што може да очекуваат и објаснете им го вашето гледиште за одредени свадбени обичаи. Би можеле да им ја покажете статијата „Како изгледаат венчавките на Јеховините сведоци?“, која се наоѓа на jw.org. За да имате контрола над тоа што се случува на прославата, би можеле да замолите еден брат во кого имате доверба да го надгледува настанот (Јован 2:8). Ако јасно му кажете кои се вашите планови за венчавката, тој може да придонесе таа да биде еден достоинствен настан и сѐ да тече според планираното.
20. Што треба да има на ум еден пар во врска со својата венчавка?
20 Можеби чувствувате одредена мера стрес кога размислувате за сѐ што е вклучено во планирањето на венчавката. Сепак, имајте на ум дека вашата венчавка е само еден ден. Тоа е само почеток на еден прекрасен заеднички живот како слуги на Јехова. Дајте сѐ од себе вашата венчавка да биде едноставна и достоинствена. Имајте доверба во Јехова. Со негова помош, ќе можете да организирате венчавка за која ќе имате убави спомени и нема да жалите за ништо (Пс. 37:3, 4).
ПЕСНА 107 Љубов како Божјата
a ПОЈАСНУВАЊЕ: Во многу култури, една венчавка вклучува церемонија во која младоженците си даваат завет пред Бог. Потоа може да следи и прослава. Во култури во кои не е вообичаено да се има говор за венчавање, да се даде завет пред Бог или да се има свадбена прослава, важно е паровите сепак да ги почитуваат библиските начела на денот на венчавањето.
b За повеќе информации во врска со христијанското гледиште за законските барања за бракот, види ја статијата „Венчавки што се чесни во очите на Бог и на луѓето“, која излезе во Стражарска кула од 15 октомври 2006.
c На jw.org, гледај го видеоклипот Дали да служам алкохол?