Писмо од Водечкото тело
Драги соработници,
Многу сме радосни што можеме да ви го испратиме ова писмо во почетокот на оваа значајна година! До крајот на 2014 год., ќе помине цел век откако нашиот сакан Цар, Исус Христос, почна да владее меѓу своите непријатели (Пс. 110:1, 2).
Во почетокот на оваа службена година, на годишниот состанок на Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania, одборот што работеше на преводот Нов свет го објави излегувањето на ревидираното англиско издание на еден од најдобрите преводи на Библијата кој му е достапен на човештвото. Јехова ги користеше своите синови помазани со дух за да го направат првиот Превод Нов свет (Рим. 8:15, 16). Зарем самото тоа не го прави овој превод посебен?
Веќе со години наназад, Одборот за пишување на Водечкото тело го става преведувањето на Библијата на прво место. Денес, Преводот Нов свет е достапен во целост или делумно на 121 јазик. Ве поттикнуваме да му покажете на Јехова колку многу ја цените Библијата што ја имате. Читајте ја и размислувајте за неа секој ден. На тој начин, ќе станете уште поблиски со нејзиниот Автор, Јехова Бог (Јак. 4:8).
Многу ни е жал кога слушаме за разните неволји низ кои минуваат нашите мили браќа и сестри. Разбирливо е што понекогаш им е тешко да се радуваат заедно со своите браќа. На пример, животот на едно семејство во Азија се сменил од корен кога мајката одненадеж целосно се парализирала. Лекарите не можеле да сфатат која е причината за таквата состојба и биле немоќни да ѝ помогнат. Колку жално! Сега сопругот деноноќно се грижи за неа. Синот и двете ќерки даваат добар пример како христијани така што со љубов им помагаат на своите родители. Ова семејство, како и сите вие кои успешно се справувате со разни неволји можете да се радувате затоа што истрајувате додека се соочувате со испити на верата (Јак. 1:2-4). Јехова ги уверува и помазаниците и другите овци дека ќе бидат среќни ако истрајно ги поднесуваат тешкотиите, затоа што ќе бидат наградени со вечен живот (Јак. 1:12).
Минатата година, на Спомен-свеченоста присуствуваа 19.241.252 лица. Навистина е охрабрувачки да се види колку многу луѓе им оддаваат чест на Јехова и на Исус Христос со тоа што го одбележуваат најважниот годишен настан за Божјиот народ! Пресреќни сме што во периодот околу Спомен-свеченоста одекна силен извик на фалба додека повеќе од два милиона браќа и сестри беа во помошна пионерска служба во март и во април. И зарем не се радуваше кога слушна дека и помошните пионери ќе можат да присуствуваат на целиот состанок што го води покраинскиот надгледник за време на својата посета, без оглед во кој месец ќе дојде во вашето собрание? Мудрите духовни личности сфаќаат колку е важно ревносно да проповедаат и да учествуваат во собраниските активности. Тоа што сме зафатени во делото ни помага да останеме постојани и непоколебливи, и да не му дозволиме на Ѓаволот да ја поткопа нашата вера и да ни го одвлече вниманието (1. Кор. 15:58).
Восхитени сме што во изминатата службена година 277.344 лица се крстија и сега чекорат по патот што води во живот заедно со своите браќа низ целиот свет! (Мат. 7:13, 14). Ним им треба нашата поддршка за да ‚се утврдат во верата‘ (Кол. 2:7). Продолжете и понатаму да се храбрите еден со друг за да истраете до крајот (Мат. 24:13). „Тешете ги потиштените души, помагајте им на слабите, бидете долготрпеливи со сите“ (1. Сол. 5:14). На крајот, секој од нас нека ‚се моли непрестајно‘ со зборовите: „Да дојде царството твое“ (1. Сол. 5:17; Мат. 6:10).
Многу ве сакаме сите вас кои со сето срце му служите на Јехова!
Вашите браќа,
Водечко тело на Јеховините сведоци