Писмо од Водечкото тело
Драги браќа и сестри,
„Секогаш му благодариме на Бог за сите вас кога ве спомнуваме во своите молитви, зашто непрестајно ги имаме на ум вашите дела поттикнати од вера и вашиот труд поттикнат од љубов и вашата истрајност која произлегува од вашата надеж во нашиот Господар Исус Христос, пред нашиот Бог и Татко“ (1. Сол. 1:2, 3). Овие зборови на прекрасен начин изразуваат што чувствуваме за вас! Му благодариме на Јехова што ве имаме и што добро ја извршувате службата.
Минатава година правевте „дела поттикнати од вера“ и вложивте „труд поттикнат од љубов“ за Царството. Многумина од вас размислуваа како да ја зголемат службата. Некои се преселија за да служат во места, па дури и во земји каде што има поголема потреба од објавители. Други ја зголемија службата со тоа што учествуваа во сведочењето на прометни места. Многумина се пријавија да служат како помошни пионери во периодот околу Спомен-свеченоста, во месецот кога имаа посета од покраинскиот надгледник или додека траеше посебната акција во август 2014 год. Иако секој од вас има различни околности, гледаме дека од сѐ срце му служите на Јехова и за тоа заслужувате голема пофалба (Кол. 3:23, 24). „Вашите дела поттикнати од вера“ се добра причина да му благодариме на Јехова!
Многу го цениме и „вашиот труд поттикнат од љубов“ додека учествувавте во изградбата на сали, подружници и други објекти низ целиот свет. Бидејќи бројот на Јеховини сведоци постојано расте, итно ни се потребни такви објекти (Иса. 60:22). Минатата година имавме најголем број од 8.201.545 објавители и секој месец се водеа просечно по 9.499.933 библиски курсеви. Поради ваквиот пораст, многу подружници треба да се прошират или да се реновираат. Се разбира, тоа значи и дека ни требаат повеќе сали! Во многу земји се потребни и преведувачки канцеларии за да можат преведувачите да живеат и да работат во место каде што се зборува нивниот јазик.
Затоа, добро е да се прашаме: ‚Каква поддршка може да дадам во изградбата на ваквите објекти?‘ Некои од нас би можеле да се пријават како доброволци за изградба. А сеедно дали сме стручни во градежните работи или не, сите имаме чест да приложиме материјални средства за овие важни проекти (Изр. 3:9, 10). Кога требало да се изгради светиот шатор, Израелците дале толку многу прилози што морало да им се каже да престанат да приложуваат (2. Мој. 36:5-7). Нема никакво сомнение дека ваквите библиски примери нѐ допираат до срце и нѐ мотивираат. Вашиот „труд поттикнат од љубов“ на овие важни подрачја од нашата света служба е уште една причина да му благодариме на Јехова!
Имаме посебна причина за радост и кога гледаме колку се истрајни нашите браќа. Да ги спомнеме како пример нашите драги браќа во Јужна Кореја. Од 1950 год., младите браќа од оваа земја добиваат затворски казни со различно времетраење затоа што се неутрални. Цели генерации наши браќа непоколебливо го издржуваат тоа. Кога гледаме колку се истрајни, се зајакнува нашата вера!
Во Еритреја, тројца наши браќа се во затвор повеќе од 20 години. Други беа затворени на пократко време, а меѓу нив имаше и наши сестри со нивните деца. Се вложуваат големи напори за да бидат ослободени, но досега сѐ уште нема никакви резултати. Нашите браќа остануваат верни во тие тешки околности. Не забораваме да се молиме за нив (Рим. 1:8, 9).
Се разбира, повеќето од вас не сте во затвор поради вашата вера. Сепак, многумина се борат со старост, хронични болести, противење од страна на сопружникот или роднините кои не се Јеховини сведоци, како и со други лични проблеми за кои знаете само вие. И покрај сето тоа, и понатаму верно му служите на Јехова! (Јак. 1:12). Заслужувате пофалба за тоа. Му благодариме на Јехова и за вашата верна истрајност.
Да, вашата верна служба, вашиот труд поттикнат од љубов и вашата истрајност се силна причина ‚да му благодариме на Јехова, зашто е добар!‘ (Пс. 106:1). Искрено ве сакаме сите вас и го молиме Јехова да ве зајакне, да ви помага и да ве благословува за да можете да му служите вечно.
Вашите браќа,
Водечко тело на Јеховините сведоци