Кој е антихристот?
Што вели Библијата:
Антихристот не е само една личност, организација или суштество бидејќи Библијата вели дека има „многу антихристи“ (1. Јованово 2:18) Изразот „антихрист“, кој доаѓа од еден грчки збор што значи „против (или наместо) Христос“, се однесува на секој што:
Одрекува дека Исус е Христос (Месијата) или одрекува дека тој е Божји Син (1. Јованово 2:22).
Му се противи на Христос, Божјиот помазаник (Псалм 2:1, 2; Лука 11:23).
Тврди за себе дека е Христос (Матеј 24:24).
Ги прогонува следбениците на Христос, бидејќи за Исус тоа е исто како да го прогонуваат него лично (Дела 9:5).
Лажно се претставува како христијанин, а прави беззаконија и ги мами другите (Матеј 7:22, 23; 2. Коринќаните 11:13).
Поединците кои прават вакви работи, Библијата ги нарекува антихристи, но и за сите нив заедно го користи изразот „антихристот“ (2. Јованово 7). Антихристот за првпат се појавил во времето на апостолите и дејствува сѐ до ден-денес. Токму тоа е проречено во Библијата (1. Јованово 4:3).
Како да ги препознаеме антихристите
Тие шират лажни учења за Исус (Матеј 24:9, 11). На пример, оние што поучуваат за тројството или што тврдат дека Исус е Семоќниот Бог, всушност, се спротивставуваат на учењата на Исус, кој рекол: „Таткото е поголем од мене“ (Јован 14:28).
Антихристите го отфрлаат она што Исус го рекол за начинот на кој владее Божјето Царство. На пример, некои верски водачи велат дека Христос дејствува преку човечките влади. Сепак, ова учење е во спротивност со она што го рекол Исус: „Моето царство не е дел од овој свет“ (Јован 18:36).
Тие велат дека Исус е нивен Господар, но не се послушни на неговите заповеди, вклучувајќи ја и заповедта да се проповеда добрата вест за Божјето Царство (Матеј 28:19, 20; Лука 6:46; Дела 10:42).