Младите прашуваат . . .
Тиранизирање — каква е штетата?
‚Еј! Само малку се шегував. Што е толку важно? Освен тоа, Рон го заслужи тоа.‘
МОЖЕБИ ти си поголем и посилен од повеќето твои врсници. Или, пак, можеби си остроумен, со остар јазик и агресивен. Во секој случај, заплашувањето, задевањето или смеењето на сметка на некој друг се чини како лесно да ти доаѓаат.
Иако тероризирањето на другите може да ги засмејува твоите пријатели, тоа не е мала работа. Всушност, некои истражувачи увидуваат дека тиранизирањето ѝ нанесува поголема штета на жртвата отколку што тие некогаш помислиле. Една анкета на младинци на школска возраст од САД открила дека „90 проценти од оние кои биле тиранизирани рекле дека тие страдале од несакани последици — намалување на оценките, зголемена тегобна загриженост, губење на пријателите или на друштвениот живот“. Во Јапонија, еден 13-годишник „се обесил откако оставил едно подолго писменце кое во детали опишувало тригодишно тиранизирање“.a
Но, што го прави едно лице тиранин? И, доколку самиот се однесуваш така, како можеш да се промениш?
Што е тиранин?
Библијата кажува за тирани кои живееле пред Ноевиот потоп. Тие биле наречени нефилими — збор што значи „оние кои предизвикуваат другите да паѓаат“. За време на нивното терористичко владеење, ‚земјата се исполнила со неправда [насилство, НС]‘ (1. Мојсеева 6:4, 11).
Меѓутоа, ти не мораш да ги удираш или да ги туркаш луѓето за да бидеш тиранин. Секој кој со другите луѓе — особено со оние кои се слаби или ранливи — се однесува на суров или навредлив начин, е тиранин. (Спореди Проповедник 4:1.) Тираните се обидуваат да се закануваат, да застрашуваат и да контролираат. Но, повеќето ја користат својата уста, не своите тупаници. Всушност, емоционалното тиранизирање е најчестиот облик на оваа злоупотреба. Така, тоа може да вклучува навреди, сарказам, исмејување и ставање навредливи имиња.
Но, понекогаш тиранизирањето може да биде едвај забележливо. Земи го за пример она што ѝ се случило на Лиза.b Таа пораснала со една група пријателки. Но, кога наполнила 15 години, работите почнале да се менуваат. Лиза многу се разубавила и почнала да привлекува големо внимание. Таа објаснува: „Моите пријатели почнаа да ме изоставуваат и да кажуваат злобни работи за мене зад грб — или дури и в лице“. Исто така, тие ширеле лаги за неа, обидувајќи се да ѝ го уништат угледот. Да, предизвикани од љубомора, тие ја тиранизирале на еден нечувствителен и суров начин.
Создавање тиранин
Агресивното однесување честопати е поврзано со нечија домашна средина. „Татко ми беше агресивен“, вели еден младинец по име Скот, „па така и јас бев агресивен.“ И Арон имал тежок домашен живот. Тој се сеќава: „Сфатив дека луѓето знаат за мојата семејна ситуација — дека беше поинаква — а јас не сакав луѓето да ме сожалуваат“. Така, кога Арон учествувал во спортови, морал да победува. Но, победувањето не било доволно. Тој морал да ги понижува своите противници — да им го извади тоа низ нос.
Брент, од своја страна, пак, бил одгледан од богобојазливи родители. Но, тој признава: „Јас ги смеев луѓето, но понекогаш не знаев кога да запрам и така ќе повредев нечии чувства“. Желбата на Брент да се шегува и да го привлече вниманието кон себеси предизвикало да ги занемарува чувствата на другите луѓе (Изреки 12:18).
Се чини дека други млади се под влијание на телевизијата. Криминалните драми величаат ‚крути момчиња‘ и прават да изгледа дека не е машки да се биде љубезен. Популарните комедии се полни со сарказам. Новинските извештаи честопати прикажуваат борбен и груб говор кој се употребува во спортските настани. Нашите пријатели можат исто така да влијаат врз начинот на кој се однесуваме со другите. Кога нашите врсници се тирани, лесно е да им се приклучиме за да избегнеме и самите да бидеме избрани како жртви.
Каква и да е твојата ситуација, доколку користиш тирански тактики, тогаш твоите жртви не се единствените на кои им е нанесена штета.
Доживотни последици
Списанието Psychology Today известува: „Тиранизирањето може да започне уште во детството, но продолжува во зрелите години“. Една истражувачка студија за која е известено во The Dallas Morning News, открила дека „65 проценти од момчињата кои се идентификувани како тирани во второто одделение, биле осудувани за кривични дела до 24-тата“.
Точно, сите тирани не стануваат криминалци. Но, стекнувањето навика да ги игнорираш чувствата на другите може да ти создаде вистински проблеми во подоцнежниот живот. Пренесена во бракот, таа би можела да има за последица тешка неволја за твојот партнер и за децата. Бидејќи работодавачите се наклонети кон оние кои знаат како да се сложат со другите, тоа може да те одбие од приликите за вработување. На сличен начин, би можеле да ти бидат ускратени и идните предности во христијанското собрание. „Еден ден, би сакал да се квалификувам да служам како старешина“, вели Брент, „но, татко ми ми помогна да увидам дека луѓето нема да доаѓаат кај мене со своите проблеми доколку мислат дека би можел да кажам нешто саркастично“ (Тит 1:7).
Како да се измениш
Ние не ги гледаме секогаш јасно сопствените недостатоци. Писмото нѐ предупредува дека некој дури може да се „залажува себеси, место да го увиди своето беззаконие и да го намрази“ (Псалм 35:2). Затоа, би можел да се обидеш да го замолиш родителот, некој доверлив пријател или зрел христијанин за некои забележувања. Вистината може да ранува, но токму таа можеби ќе ти помогне да увидиш кои промени треба да ги направиш (Изреки 20:30). „Мислам дека слушањето беше најголемата работа која ми помогна“, вели Арон. „Оние кои беа чесни ми кажаа што правев погрешно. Тоа не беше секогаш она што јас сакав да го чујам, но тоа беше всушност она што ми беше потребно.“
Дали тоа значи дека ти мораш да се подложиш на драматична промена на целокупната твоја личност? Не, веројатно тоа ќе биде само работа на преиначување на твоето размислување и нешто од твоето однесување (2. Коринтјаните 13:11, НС). На пример, досега можеби си мислел за себе дека си супериорен поради твојата големина, сила или остроумност. Но, Библијата нѐ охрабрува ‚со понизност да се сметаме еден друг за погорни од себе си‘ (Филипјаните 2:3). Сфати дека другите — без оглед на големината или силата — имаат извонредни особини кои ти ги немаш.
Можеби ќе треба да се ослободиш и од склоноста да бидеш агресивен или доминантен. Работи на тоа ‚да не се грижиш само за себе, туку и за другите‘ (Филипјаните 2:4). Ако треба отворено да зборуваш, прави го тоа без да бидеш дрзок, саркастичен или навредувачки (Ефесјаните 4:31).
Ако си искушан да прибегнеш кон тиранизирање, сети се дека Бог ги уништил тиранските нефилими (1. Мојсеева 6:4—7; 7:11, 12, 22). Со векови подоцна, во деновите на пророкот Језекиил, Бог изразил големо незадоволство кон оние кои биле виновни за ‚туркање‘ и ‚бодење‘ на беспомошните (Језекиил 34:21). Сознанието дека Јехова го мрази тиранизирањето, може да биде моќен поттик за некој да ги направи потребните промени!
Од помош е и ако искрено се медитира за библиските начела. Златното правило наведува: „Сѐ она што сакате да ви прават луѓето, правете им го и вие“ (Матеј 7:12). Кога си искушан да застрашиш некого, прашај се: ‚Дали јас сакам да бидам туркан, застрашуван или понижуван? Тогаш, зошто се однесувам со другите на таков начин?‘ Библијата ни заповеда ‚еден спрема друг да бидеме добри [љубезни, НС], сочувствителни‘ (Ефесјаните 4:32). Исус дал совршен пример во тој поглед. Иако бил супериорен во однос на сите други луѓе, со секого се однесувал со љубезност, сочувство и почитување (Матеј 11:28—30). Обиди се да го правиш истото доколку се најдеш пред некој кој е послаб од тебе — или дури ти оди на нерви.
Но, што ако твоето агресивно однесување извира од чувствата на лутина поради начинот на кој се однесуваат со тебе дома? Во некои случаи, таквата лутина може да е оправдана. (Спореди Проповедник 7:7, НС.) Сепак, Библијата ни кажува дека праведниот човек Јов бил предупреден: „Внимавај, бесот да не те намами на злобни [постапки] . . . Внимавај да не се свртиш кон она што е штетно“ (Јов 36:18, 21, НС). Дури и да си малтретиран, ти немаш право да ги малтретираш другите. Еден подобар пристап би било да се обидеш да разговараш за работите со твоите родители. Ако си жртва на грубо малтретирање, можеби ќе биде потребна надворешна помош за да те заштити од понатамошна штета.
Менувањето можеби нема да биде лесно, но возможно е. Брент вели: „Се молам за тоа скоро секој ден, и Јехова ми помогна да направам некои добри прочистувања“. Додека на сличен начин правиш прочистувања во начинот на кој се однесуваш со луѓето, несомнено ќе увидиш дека на луѓето повеќе ќе им се допаднеш. Запомни, луѓето можеби се плашат од тирани, но никому всушност не му се допаѓаат.
[Фусноти]
a За дискусија во врска со тоа како жртвите на тиранизирање можат да избегнат шиканирање, види „Младите прашуваат . . . Што можам да сторам со школските тирани?“ во нашето издание од 8 август 1989 (англ.).
b Некои имиња се изменети.
[Истакната мисла на страница 23]
„Тиранизирањето може да започне уште во детството, но продолжува во зрелите години“
[Слика на страница 22]
Вербалната навреда е облик на тиранизирање