ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • Што е вистински успех?
    Разбудете се! 2014 | Октомври
    • Жена држи статуетка

      ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА

      Што е вистински успех?

      ШТО е полошо од неуспех? Лажниот успех. Зошто? Па, кога ќе доживееш неуспех, можеш да направиш нешто за да ја исправиш грешката. Во најмала рака, можеш да научиш нешто од неа и да се трудиш да не ја повториш.

      Но, со лажниот успех не е така. Можеби си мислиш дека одлично ти оди, а ти всушност пропаѓаш. Кога ќе сфатиш дека мораш да преземеш нешто, може да е веќе предоцна.

      Да разгледаме еден пример. Исус Христос еднаш рекол: „Од каква корист му е на човекот ако го добие целиот свет, а го загуби животот?“ (Матеј 16:26). За овие зборови би било добро да размислат луѓето на кои главна цел во животот им е да заработат и да трупаат материјални работи — типичен пример за лажен успех. „Ако постојано размислуваме како да добиеме унапредување, да заработиме повеќе или да купиме повеќе работи, тоа не нѐ прави среќни“, пишува Том Денам, советник за развој на кариера. „Површно е да се мисли дека парите се мерило за успех. Долгорочно гледано, таквото размислување ни остава само чувство на празнина.“

      Најверојатно, голем број луѓе ќе се сложат со ова. На пример, една анкета спроведена во САД покажала дека, од 22 „фактори кои придонесуваат за успешен живот“, факторот „да имам многу пари“ се нашол дури на 20-тото место. Меѓу првите работи по важност биле ставени здравјето, добрите односи со другите и работата што ја сакаш.

      Очигледно, многу луѓе можат да направат разлика помеѓу вистински и лажен успех — барем на збор. Но, предизвикот е во тоа да се донесуваат одлуки од кои се гледа дека имаме исправно гледиште за успехот.

  • Како ти го мериш успехот?
    Разбудете се! 2014 | Октомври
    • ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ШТО Е ВИСТИНСКИ УСПЕХ?

      Како ти го мериш успехот?

      За да откриеш како гледаш на успехот, размисли за следниве замислени ситуации.

      Што би рекол, која од овие личности е вистински успешна?

      • Александар

        АЛЕКСАНДАР

        Александар е бизнисмен. Тој е чесен, вреден и љубезен човек. Бидејќи бизнисот му оди добро, неговото семејство живее убаво.

      • Никола

        НИКОЛА

        Никола има сличен бизнис како Александар, ама заработува многу повеќе од него. Меѓутоа, сакајќи да е подобар од конкуренцијата, Никола сега е работохолик и има неколку болести.

      • Лидија

        ЛИДИЈА

        Лидија е средношколка која е посветена на учењето и сака да стекнува нови знаења, па затоа добива добри оценки.

      • Елена

        ЕЛЕНА

        Елена има уште подобри оценки од Лидија и е ученик на генерацијата. Но, препишува на тестови и не е баш заинтересирана за своето образование.

      Ако мислиш дека Никола и Елена — или сите четворица — се успешни, можеби го мериш успехот само според резултатите, сеедно по која цена биле постигнати.

      Ако, пак, си ги избрал само Александар и Лидија, веројатно го мериш успехот според особините и работната етика. Така и би требало да биде. Размисли за следново:

      • Долгорочно гледано, што е подобро за Лидија — да добива највисоки оценки или да развива љубов кон учењето?

      • Што е подобро за децата на Александар — да имаат сѐ што може да се купи со пари или да имаат татко кој ќе поминува време со нив?

      Заклучок: Лажниот успех се темели на желба да се остави впечаток, а вистинскиот успех се темели на желба да се следат исправни вредности.

  • Патот до вистинскиот успех
    Разбудете се! 2014 | Октомври
    • Шарлот и Тимоти

      ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ШТО Е ВИСТИНСКИ УСПЕХ?

      Патот до вистинскиот успех

      Библијата нѐ поттикнува да имаме исправно гледиште за успехот. Таа не вели дека патот до успехот го наоѓаат само неколкумина среќници. Од друга страна, не ни создава ни лажна слика дека ќе ни се остварат сите желби ако едноставно ‚го следиме својот сон‘. Оваа идеја, со која децата се задоени уште од мали нозе, најверојатно ќе води до разочарување.

      Факт е дека секој може да постигне вистински успех, но за тоа е потребен труд. Размисли за следниве начела.

      • Купче монети

        ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:

        „Кој го љуби среброто, никогаш не му е доста сребро, и кој го сака богатството, никогаш не му е доста добивка“ (Проповедник 5:10).

        ШТО ЗНАЧИ ОВА: Материјалните работи не се гаранција за среќа. Напротив, „луѓето на кои животот им се врти околу парите обично се многу позагрижени и подепримирани од луѓето кои поголемо значење им придаваат на односите со другите“, пишува д-р Џин М. Твенги во својата книга Генерација „јас“ (Generation Me). Во книгата понатаму се вели: „Истражувањата одново и одново потврдуваат дека на луѓето не им треба многу за да бидат среќни — повеќе пари не се гаранција за повеќе среќа“.

        ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ: Постави си за цел да стекнеш нешто повредно од богатство и имот. Исус рекол: „Бидете претпазливи, чувајте се од секаква лакомост, бидејќи, дури и кога некој има во изобилство, неговиот живот не произлегува од она што го поседува“ (Лука 12:15).

      • Горд човек

        ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:

        „Гордоста оди пред пропаста, и вообразеноста — пред падот“ (Изреки 16:18).

        ШТО ЗНАЧИ ОВА: Претераната амбициозност и нечесноста нема да ти помогнат да бидеш вистински успешен. Всушност, според резултатите од едно истражување, во книгата Од добри подобри (Good to Great) пишува дека директорите што постигнале долгорочен успех „се вистински скромни и не се истакнуваат. За разлика од нив, во две третини од фирмите, луѓето на раководна положба имале преголемо его, што било причина фирмите да пропаднат или да имаат само просечен успех“. Што покажува ова? Ако имаме превисоко мислење за себе, поголема е веројатноста тоа да води до неуспех, отколку до успех.

        ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ: Наместо да ти биде најважен престижот, труди се да бидеш скромен. Библијата вели: „Ако некој мисли дека е нешто, а не е ништо, самиот себеси се залажува“ (Галатите 6:3). За таков човек тешко би можело да се каже дека е успешен!

      • Рака што држи чекан

        ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:

        „За човекот нема ништо подобро отколку да... ужива во добрите работи од неговиот труд“ (Проповедник 2:24).

        ШТО ЗНАЧИ ОВА: Ако стекнеш добра работна етика, веројатно повеќе ќе уживаш во работата. Во својата книга Добро поучете ги своите деца (Teach Your Children Well), д-р Медлин Левајн вели: „За да кажеме дека сме успешни во нешто, треба добро да го правиме, а дали ќе го правиме добро најмногу зависи од трудот и упорноста што ги вложуваме“. Тоа вклучува и да не дозволиме повремените разочарувања да нѐ спрепнат.

        ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ: Работи на тоа да се подобруваш и не откажувај се кога ќе наидеш на пречки. Ако имаш деца, учи ги сами да ги решаваат проблемите, се разбира, во склад со нивната возраст и способности. Немој веднаш да им ги решаваш сите проблеми. Младите ќе се чувствуваат поисполнето ако научат сами да се снаоѓаат, а тоа ќе им даде добра основа за понатаму во животот.

      • Куче

        ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:

        „На живиот пес му е подобро отколку на мртвиот лав“ (Проповедник 9:4).

        ШТО ЗНАЧИ ОВА: Ако си вработен, работата треба да ти биде само дел од животот, а не сѐ во животот. И навистина, за колку успешен ќе се сметаш, дури и да си најдобар во твојата професија, ако ги изгубиш здравјето или почитта од семејството? Луѓето кои се вистински успешни се трудат да одржуваат рамнотежа меѓу работата, здравјето и семејството.

        ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ: Води сметка за себе. Одморај се доволно. Не вреди да станеш работохолик кој за лажен успех жртвува сѐ — здравје, семејство, пријатели.

      • Отворена Библија

        ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:

        „Среќни се оние што настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби“ (Матеј 5:3).

        ШТО ЗНАЧИ ОВА: За да бидеме вистински успешни, неопходно е да ја проучуваме Библијата и да ги применуваме начелата содржани во неа. Милиони Јеховини сведоци можат од лично искуство да потврдат дека тоа што ги ставаат духовните работи на прво место во животот им помага да не бидат претерано загрижени за материјалните работи (Матеј 6:31-33).

        ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ: Дознај како Библијата може да ти помогне да постигнеш вистински успех. За повеќе информации, стапи во контакт со Јеховините сведоци или посети ја нашата интернет-страница www.pr2711.com/mk.

      „Успехот што порано го имав не ме исполнуваше“

      Шарлот и Тимоти

      Тимоти и Шарлот живееле во голема куќа со многу соби. Имале неколку луксузни автомобили и секоја година оделе на скапи одмори. Но, токму кога во материјален поглед се нашле на врвот, решиле да го остават сето тоа зад себе. Разбудете се! зборуваше со Тимоти во врска со тоа што ги поттикнало на таков чекор.

      Со што се занимававте?

      Јас работев во музичката индустрија, а се занимавав и со финансиски дејности. Едно време Шарлот работеше како физиотерапевт, а се занимаваше и со банкарство. Подоцна отворивме четири фризерски салони. Важев за прилично успешен на секое поле. Јас, практично, и не морав да работам — други работеа за мене. Но, по некое време, заедно со Шарлот решивме да смениме нешто. Го продадовме поголемиот дел од она што го поседувавме.

      Зошто се решивте на тоа?

      Имавме чувство дека тоа, всушност, не е вистински успех. Секојпат кога ќе купевме нешто, чувствувавме возбуда, но таа траеше само кратко. Потоа пак се чувствувавме празно и незадоволно.

      Што ви донесе вистински успех?

      Како Јеховин сведок, редовно им зборував на луѓето за Божјата Реч. Иако некое време јас и Шарлот поминувавме по 70 часа месечно поучувајќи ги другите за Библијата, тоа не ни беше најважно во животот. Затоа, го продадовме бизнисот и бевме спремни да служиме таму каде што имаше потреба од повеќе објавители што ќе поучуваат за Библијата. Сега служиме во подружницата на Јеховините сведоци во САД. Бидејќи таа служба е доброволна, не добиваме плата ниту некои посебни признанија. Во материјален поглед го имаме она што ни е потребно. Но, материјалните работи не ни се најважни во животот.

      Дали сега се чувствуваш поисполнето?

      Апсолутно. Успехот што порано го имав не ме исполнуваше. Но, она што го имам сега ми носи вистинско задоволство затоа што знам дека она што го правам придонесува библиската порака да им се пренесе на луѓето низ целиот свет и да им помогне да имаат подобар живот.a

      a Јеховините сведоци не добиваат плата за библиското образовно дело што го вршат.

Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
Одјави се
Најави се
  • македонски
  • Сподели
  • Подесување
  • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
  • Услови за користење
  • Полиса за приватност
  • Поставки за приватност
  • JW.ORG
  • Најави се
Сподели