-
Зошто да живееш?Разбудете се! 2014 | Април
-
-
ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА
Зошто да живееш?
ДИЈАНАa е интелигентна и дружељубива девојка. Но, зад нејзината ведра надворешност се крие длабок очај поради кој се чувствува потполно безвредно со денови, седмици, па дури и месеци. „Нема ден, а да не посакам да умрам“, вели таа. „Сигурна сум дека светот би бил подобро место без мене.“
„Според некои истражувања, на секое извршено самоубиство има 200 обиди за самоубиство и 400 случаи кога некој размислува да изврши самоубиство“ (THE GAZETTE, МОНТРЕАЛ, КАНАДА).
Дијана вели дека никогаш не би посегнала по својот живот. Сепак, има моменти кога не гледа причина зошто да живее. „Најмногу би сакала да загинам во некоја несреќа“, вели таа. „Јас не се плашам од смртта — јас ја посакувам.“
Многу луѓе можат да се најдат во зборовите на Дијана, а некои од нив размислувале — па дури и се обиделе — да извршат самоубиство. Меѓутоа, експертите посочуваат дека повеќето луѓе кои се обидуваат да се самоубијат, всушност, не сакаат да му стават крај на животот, туку на маките. Со други зборови, тие се уверени дека имаат причина да умрат, но она што им треба е причина да живеат.
Зошто да живееш? Да разгледаме три причини.
a Името е сменето.
-
-
1. Работите се менуваатРазбудете се! 2014 | Април
-
-
ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ЗОШТО ДА ЖИВЕЕШ?
1. Работите се менуваат
„Притиснати сме од сите страни, но не и сосема притеснети; во недоумица сме, но не очајуваме“ (2. КОРИНЌАНИТЕ 4:8)
За самоубиството се вели дека е „трајно решение за привремен проблем“. Колку и да ти звучи неверојатно, една тешка ситуација — дури и ситуација над која ти се чини дека немаш никаква контрола — исто така може да биде само привремена. Всушност, таа може неочекувано да се смени на подобро. (Види ја рамката „Нивните околности се смениле“.)
Дури и да не се случи тоа, најдобро е секој ден да се концентрираш само на проблемите за тој ден. Исус рекол: „Не бидете загрижени за утрешниот ден, зашто утрешниот ден ќе си има свои грижи. На секој ден му е доволно неговото зло“ (Матеј 6:34).
Но, што ако твојата ситуација не може да се промени? Можеби имаш некоја хронична болест или си во очај поради некоја неповратна загуба, како развод или смрт на некој близок.
Дури и во такви ситуации, сепак има нешто што можеш да смениш: твоето гледиште. Ако се помириш со тоа дека некои работи не можеш да ги смениш, веројатно ќе ти биде полесно да имаш попозитивен став (Изреки 15:15). Исто така, веројатно ќе почнеш да бараш начини да се справиш со ситуацијата, наместо да мислиш дека смртта ти е единствениот излез. Ќе има ли некаков резултат од тоа? Полека ќе стекнеш контрола над она што можеби ти се чинело вон контрола (Јов 2:10).
НЕ ЗАБОРАВАЈ: Планина не можеш да искачиш со еден чекор. Но, можеш да ја искачиш чекор по чекор. Истото важи и за повеќето проблеми што ќе ти се испречат на патот, дури и оние што ти изгледаат како планина.
ПРЕДЛОГ: Разговарај со некого за твојата ситуација — можеби со пријател или со член на семејството. Тој би можел да ти помогне пообјективно да гледаш на ситуацијата (Изреки 11:14).
-
-
2. Има помошРазбудете се! 2014 | Април
-
-
ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ЗОШТО ДА ЖИВЕЕШ?
2. Има помош
„Сите свои грижи фрлете ги на [Бог], зашто тој се грижи за вас“ (1. ПЕТРОВО 5:7)
Кога мислиш дека нема излез од твојата ситуација, смртта може да ти се чини подобра од животот. Но, еве неколку работи што можат да ти помогнат.
Молитва. Молитвата не е само „апче“ против проблемите ниту, пак, решение кон кое прибегнуваме само кога сме во очај. Таа е вистинска комуникација со Јехова Бог, кој се грижи за тебе. Јехова сака да му кажеш што те мачи. Всушност, Библијата нѐ поттикнува: „Фрли го своето бреме на Јехова, и тој ќе те поткрепи“ (Псалм 55:22).
Зошто не разговараш со Бог во молитва уште денес? Користи го неговото име, Јехова, и слободно кажи му за сѐ (Псалм 62:8). Јехова сака да ти биде пријател (Исаија 55:6; Јаков 2:23). Можеш да се молиш во секое време и на секое место.
Според Американската фондација за спречување самоубиства, „истражувањата одново и одново покажуваат дека повеќето од оние што извршиле самоубиство — 90% или повеќе — страдале од ментално нарушување кога си го одзеле животот. Меѓутоа, честопати овие нарушувања не биле препознати, дијагностицирани или соодветно лекувани“.
Луѓе што те сакаат. Твојот живот е вреден за другите — за твоето семејство и за пријателите кои можеби веќе ти кажале дека се загрижени за тебе. Твојот живот е скапоцен и за луѓе кои можеби никогаш не си ги ни запознал. На пример, додека проповедаат, Јеховините сведоци понекогаш наидуваат на очајни луѓе, а некои од нив дури и им признале дека им е неопходна помош и дека размислувале да си го одземат животот. Јеховините сведоци, кои одат кај сите луѓе, имаат можност да им помогнат на таквите лица. Исто како Исус, и тие се заинтересирани за доброто на своите ближни. Тие се заинтересирани и за тебе (Јован 13:35).
Стручна помош. Кога некој размислува за самоубиство, тоа честопати е показател за некакво растројство на расположението, како што е клиничката депресија. Не е срамота да имаш такво растројство, како што не е срамота ни да имаш физичка болест. Всушност, депресијата уште е наречена и „настинка на умот“. Секој може да фати ваква „настинка“, но таа може да се лекува.a
НЕ ЗАБОРАВАЈ: Кога си длабоко потонат во депресија како во некоја длабока бездна, обично не можеш сам да излезеш од неа. Но, со помош од некој друг, можеш.
ПРЕДЛОГ: Побарај добар лекар за растројства на расположението, како што е депресијата.
a Ако во главата постојано ти се вртат мисли за самоубиство, дознај каде можеш да најдеш помош — можеби на СОС-линијата за кризни состојби или во некоја психијатриска установа. Таму работат луѓе што се обучени да пружат помош.
-
-
3. Има надежРазбудете се! 2014 | Април
-
-
ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ЗОШТО ДА ЖИВЕЕШ?
3. Има надеж
„Кротките ќе ја поседуваат земјата и ќе уживаат во изобилен мир“ (ПСАЛМ 37:11)
Библијата отворено кажува дека животот е „полн е со немир“ (Јов 14:1). Денес нема човек без проблеми. Но, некои луѓе се чувствуваат толку безнадежно што сѐ им е црно во животот. Дали и ти се чувствуваш така? Ако да, можеш да бидеш уверен дека Библијата дава вистинска надеж — не само за тебе туку и за сите луѓе. На пример:
Библијата учи дека Јехова Бог имал намера да живееме многу подобро (1. Мојсеева 1:28).
Јехова Бог ветува дека ќе ја направи Земјата рај (Исаија 65:21-25).
Ова ветување сигурно ќе се исполни. Во Откровение 21:3, 4 пишува:
„Еве го Божјиот шатор меѓу луѓето! Бог ќе живее со нив и тие ќе бидат негов народ и самиот Бог ќе биде со нив. И тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка. Сѐ што беше порано, помина“.
Оваа надеж не е само сон. Јехова Бог е решен да ја оствари, а освен тоа има и моќ и желба да го направи тоа. Надежта што ја наоѓаме во Библијата е сигурна надеж и ни дава силна мотивација да живееме.
НЕ ЗАБОРАВАЈ: Иако понекогаш твоите чувства ќе бидат како чамец фрлан од брановите на немирно море, надежта од Библијата може да ти биде како сигурна котва.
ПРЕДЛОГ: Почни да истражуваш каква надеж дава Библијата за иднината. Јеховините сведоци со задоволство ќе ти помогнат. Можеш да стапиш во контакт со Сведоците во твоето место или на нашата интернет-страница jw.org/mk.a
a Предлог: Оди на jw.org/mk и кликни на ИЗДАНИЈА > БИБЛИОТЕКА. Таму можеш да најдеш повеќе информации ако ги внесеш зборовите „депресија“ и „самоубиство“.
-