ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • Како да пребродиш немил настан
    Разбудете се! 2014 | Јули
    • 1. Урнатини по природна катастрофа; 2. Болнички кревет; 3. Сообраќајна несреќа

      ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | КАКО ДА ПРЕБРОДИШ НЕМИЛ НАСТАН

      Како да пребродиш немил настан

      КОГА-ТОГАШ, сите ќе се соочиме со некој немил настан. Тоа не ги одминува ни оние што навидум имаат сѐ.

      БИБЛИЈАТА ВЕЛИ:

      „Трката не ја добиваат брзите, ни битката силните, ниту лебот го имаат мудрите, ни богатството разборитите, ниту се во милост оние што имаат знаење; зашто, времето и непредвидените настани го снаоѓаат секого од нив“ (Проповедник 9:11).

      Значи, не се работи за тоа дали ќе те снајде неволја, туку што ќе правиш кога ќе се случи тоа. На пример:

      • Што ако во некоја катастрофа изгубиш сѐ?

      • Што ако тешко се разболиш?

      • Што ако ти почине некој близок?

      Јеховините сведоци, кои го издаваат ова списание, веруваат дека Библијата може да ни помогне кога ќе ни се случи некој немил настан, но и да ни даде вистинска надеж (Римјаните 15:4). Ова го потврдуваат искуствата на многу луѓе. Еве што велат некои од нив.

  • Материјална загуба
    Разбудете се! 2014 | Јули
    • Рушевини по земјотрес и цунами

      ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | КАКО ДА ПРЕБРОДИШ НЕМИЛ НАСТАН

      Материјална загуба

      Во петок, на 11 март 2011 год., Јапонија ја погоди земјотрес со јачина од 9 степени, во кој животот го изгубија над 15.000 луѓе и беше причинета материјална штета од преку 200 милијарди американски долари. По предупредувањата за цунами, 32-годишниот Кеј избегал на повисоко место. Тој вели: „Следното утро, се вратив да видам што можам да спасам, но водата имаше однесено сѐ во морето, дури и зградата каде што живеев. Беа останати само темелите.

      Кеј

      Ми требаше време да сфатам дека целиот живот ми го снема за миг. Изгубив сѐ — автомобилот, компјутерите што ги користев за работа, масите, столчињата и каучот на кои пречекував гости, синтисајзерот, гитарата, укулелето и флејтата, моите сликарски материјали, водените и маслените бои, пастелните боици, сите мои слики и цртежи“.

      КАКО ДА ПРЕБРОДИШ

      Труди се да се концентрираш на она што го имаш, а не на она што си го изгубил. Библијата вели: „Дури и кога некој има во изобилство, неговиот живот не произлегува од она што го поседува“ (Лука 12:15). Кеј раскажува: „Прво си направив список со работи што сакав да ги имам, но тоа само ме потсеќаше на она што го изгубив. Затоа решив на списокот да ги ставам само оние работи што навистина ми беа потребни и, како ги добивав една по една, така додавав други работи на списокот. Тоа ми помогна повторно да застанам на нозе“.

      Наместо да се преокупираш со себе, размислувај што би можел да направиш за другите. Кеј вели: „Добив голема помош и од хуманитарни организации и од пријатели, но колку повеќе се навикнував да добивам, толку повеќе ја губев самопочитта. Тогаш на ум ми дојдоа зборовите запишани во Библијата, во Дела 20:35, каде што се вели дека ‚повеќе усреќува давањето отколку примањето‘. Бидејќи не можев многу да дадам во материјален поглед, одлучив да ги храбрам другите преживеани. Тоа многу ми помогна“.

      Моли го Бог да ти дава мудрост да се справиш со ситуацијата. Кеј верувал во зборовите од Библијата дека Бог ‚ќе обрне внимание на молитвата на оние што ќе останат без ништо‘ (Псалм 102:17). И ти можеш да имаш доверба во овие зборови.

      Си знаел ли дека... Библијата прорекла време кога никој нема да се плаши дека ќе изгуби нешто во природна катастрофаa (Исаија 65:21-23).

      a Која е Божјата намера со Земјата можеш да прочиташ во поглавје 3 од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.

  • Болест
    Разбудете се! 2014 | Јули
    • Болнички кревет

      ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | КАКО ДА ПРЕБРОДИШ НЕМИЛ НАСТАН

      Болест

      Мејбел од Аргентина водела активен живот и работела како физиотерапевт. Во 2007 год., почнала да чувствува голем замор и секој ден имала силни главоболки. Таа вели: „Бев кај различни лекари и пробав секакви лекови, ама ништо не ми помогна“. На крајот направила магнетна резонанца и било утврдено дека има тумор на мозокот. „Бев шокирана! Не ми се веруваше дека во моето тело живее непријател.

      Мејбел

      Но, дури по операцијата сфатив колку е сериозна работата. Кога се освестив на одделението за интензивна нега, бев неподвижна. Единствена глетка ми беше таванот. Пред операцијата бев активна и не зависев од никого. Одеднаш не можев да правам ништо. Бев како изгубена. Околу мене само звуци од медицинска опрема и офкање на пациенти. Воздухот беше исполнет со болка и страдања.

      Сега сум малку подобро. Можам сама да се движам, па дури и излегувам понекогаш. Но, имам проблем со видот и сѐ уште немам целосна контрола над мускулите.“

      КАКО ДА ПРЕБРОДИШ

      Остани позитивен. Во Библијата, во Изреки 17:22, пишува: „Веселото срце дејствува добро како лек, а скршениот дух ги суши коските“. Мејбел вели: „Додека закрепнував, минував низ истото што го минуваа и моите пациенти. Вежбите беа многу болни, а понекогаш ми идеше и да се откажам. Морав да се терам да ги отфрлам таквите негативни мисли, зашто знаев дека на крајот ќе има резултати“.

      Размислувај за она што ти влева надеж. „Знаев зошто се случуваат лоши работи, Библијата го кажува тоа“, вели Мејбел. „Но, знаев и дека со секој изминат ден сме сѐ поблизу до времето кога повеќе ќе нема болка.“a

      Имај на ум дека Бог се грижи за тебе (1. Петрово 5:7). Мејбел раскажува како ѝ помогнало ова: „Кога ме однесоа на операција, сфатив колку се вистинити зборовите од Исаија 41:10, каде што Бог вели: ‚Не плаши се, зашто јас сум со тебе!‘ Почувствував голем мир зашто знаев дека Јехова Бог се грижи за мене“.

      Си знаел ли дека... Библијата кажува дека ќе дојде време кога ниеден човек нема да биде болен (Исаија 33:24; 35:5, 6).

      a Нешто повеќе можеш да прочиташ во поглавје 11 од книгата Што навистина учи Библијата?

  • Смрт на близок
    Разбудете се! 2014 | Јули
    • Сообраќајна несреќа

      ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | КАКО ДА ПРЕБРОДИШ НЕМИЛ НАСТАН

      Смрт на близок

      Роналдо од Бразил доживеал сообраќајна несреќа во која загинале петмина од неговото семејство, меѓу кои и мајка му и татко му. „Во болница бев два месеца и дури тогаш ми кажаа дека загинале во сообраќајката“, вели тој.

      Роналдо

      „Отпрвин не ми се веруваше дека веќе ги нема. Зарем е можно сите да се мртви? Кога сфатив дека тоа е вистината, бев во шок. Никогаш порано не сум почувствувал таква болка. Во еден период мислев дека нема зошто повеќе да живеам. Со месеци плачев секој ден! Се обвинував што дозволив друг да вози тој ден. Си мислев дека, ако возев јас, можеби сега ќе беа живи.

      Оттогаш поминаа 16 години и некако успеав да се соземам. Меѓутоа, нивната трагична смрт остави голема празнина во моето срце.“

      КАКО ДА ПРЕБРОДИШ

      Не ја потиснувај тагата. Библијата кажува дека има „време за плачење“ (Проповедник 3:1, 4). Роналдо вели: „Кога и да ми дојдеше да плачам, плачев зашто и онака не успевав да ги задржам солзите. А и ми олеснуваше откако ќе се исплачев“. Се разбира, сите не жалат исто. Затоа, ако ти не ја искажуваш тагата со солзи, тоа не значи дека ги потиснуваш чувствата или дека треба насила да плачеш.

      Не се изолирај (Изреки 18:1). „Ми доаѓаше да се изолирам од другите, но се борев против тоа“, вели Роналдо. „Ги примав сите што доаѓаа да ме видат. Исто така, отворено зборував со жена ми и блиските пријатели за тоа како се чувствував.“

      Остани смирен ако некој каже нешто непромислено. На пример, некој би можел да рече: „Така требало да биде“. Роналдо раскажува: „Некои зборови што требаше да ме утешат, само ме дотолчија“. Но, наместо да се концентрираш на зборовите што те повредиле, послушај го овој мудар совет од Библијата: „Не земај го присрце секој збор што ќе го кажат луѓето“ (Проповедник 7:21).

      Дознај ја вистината за состојбата на мртвите. Роналдо вели: „Во Проповедник 9:5, Библијата објаснува дека мртвите не страдаат и тој факт ми дава мир. Библијата уште кажува и дека ќе има воскресение и дека оние што умреле повторно ќе оживеат. Затоа, за моите блиски што починаа си мислам како да се на далечно патување“ (Дела 24:15).

      Си знаел ли дека... Библијата ветува дека ќе дојде време кога Бог „ќе ја уништи смртта засекогаш“a (Исаија 25:8).

      Во овие статии се зборува за тоа како да пребродиш немил настан. Што вели Библијата во врска со тоа зошто луѓето страдаат можеш да дознаеш од насловната тема „Зошто на добрите луѓе им се случуваат лоши работи?“, во Стражарска кула од 1 јули 2014.

      a Нешто повеќе можеш да прочиташ во поглавје 7 од книгата Што навистина учи Библијата?

Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
Одјави се
Најави се
  • македонски
  • Сподели
  • Подесување
  • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
  • Услови за користење
  • Полиса за приватност
  • Поставки за приватност
  • JW.ORG
  • Најави се
Сподели