ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • Како да стекнеш добри навики
    Разбудете се! 2016 | Бр. 4
    • Жена гледа телевизија и јаде нездрава храна

      ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА

      Како да стекнеш добри навики

      • Часовник со аларм

        КОГА алармот ќе заѕвони, на Остин сѐ уште му се спие. Но, веднаш станува, ги облекува тренерките што ги спремил вечерта и заминува да трча. Тоа го прави трипати неделно веќе цела година.

      • Чоколада

        Лори само што се скарала со маж ѝ. Лута, брзо оди во кујната, зема чоколада и ја јаде целата. Тоа го прави секогаш кога е нервозна.

      Која е сличноста меѓу Остин и Лори? Сеедно дали се свесни за тоа или не, и врз двајцата влијае една иста работа — моќта на навиките.

      А како е со тебе? Има ли некои навики што би сакал да ги стекнеш? Можеби имаш цел редовно да вежбаш, повеќе да спиеш или, пак, почесто да контактираш со блиските.

      Од друга страна, можеби би сакал да прекинеш со некоја лоша навика како, на пример, да ги откажеш цигарите, да избегнуваш брза храна или да трошиш помалку време на Интернет.

      Мора да се признае дека не е лесно да се победат лошите навики. Тие можат да се споредат со топла постела во студен ден — лесно е да се стуткаш во неа за да се стоплиш, ама тешко е да излезеш.

      Тогаш, како би можел ти да ги контролираш твоите навики наместо тие тебе? Да видиме три предлози што се темелат на начелата од Библијата.

  • 1. Биди реален
    Разбудете се! 2016 | Бр. 4
    • Жена прави список

      ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | КАКО ДА СТЕКНЕШ ДОБРИ НАВИКИ

      1. Биди реален

      Можеби сакаш да ги смениш сите свои навики одеднаш. Си велиш: „Од оваа седмица повеќе нема да пушам, да пцујам и да останувам до доцна навечер, а ќе почнам да вежбам, да се хранам поздраво и почесто да им се јавувам на дедо ми и баба ми“. Но, ако се обидеш да ги постигнеш сите свои цели одеднаш, на крајот нема да постигнеш ниту една!

      БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Мудроста е кај скромните“ (Изреки 11:2).

      Оној што е скромен е реален. Сфаќа дека времето, силата и средствата што ги има се ограничени. Затоа, не се обидува да смени сѐ одеднаш, туку прави промени постепено.

      Ако се обидеш да ги постигнеш сите свои цели одеднаш, на крајот нема да постигнеш ниту една!

      ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ

      Не менувај повеќе од една до две навики истовремено. Еве што може да ти помогне:

      1. Направи список со две колони. Во едната напиши ги добрите навики што би сакал да ги стекнеш, а во другата лошите што би сакал да ги отстраниш. Потруди се да наброиш што е можно повеќе навики, а не само неколку.

      2. Подреди ги навиките по важност така што ќе ставиш бројка пред нив.

      3. Од секоја колона избери само неколку навики, можеби една или две, и концентрирај се само на нив сѐ додека не постигнеш барем некаков резултат. Потоа премини на наредните една до две навики од списокот.

      Забрзај го процесот така што некоја од лошите навики ќе ја замениш со некоја од добрите. На пример, ако во колоната со лоши навики имаш напишано „премногу гледање телевизија“, а во колоната со добри навики „да им се јавувам почесто на блиските“, тогаш може да ти биде цел секој ден откако ќе си дојдеш од работа да му се јавиш на некој пријател или роднина наместо веднаш да го вклучиш телевизорот.

      ПОВРЗАНИ БИБЛИСКИ НАЧЕЛА

      „Да можете да процените што е најважно“ (Филипјаните 1:10).

      „Подобар е крајот на една работа отколку нејзиниот почеток“ (Проповедник 7:8).

  • 2. Внимавај на опкружувањето
    Разбудете се! 2016 | Бр. 4
    • Облека за вежбање, патики, шише со вода и електронски уред оставени одвечер

      ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | КАКО ДА СТЕКНЕШ ДОБРИ НАВИКИ

      2. Внимавај на опкружувањето

      • Си решил да внимаваш на исхраната, ама кутијата со сладолед како сама да те вика.

      • Си решил да ги откажеш цигарите, но твојот пријател, иако го знае тоа, повторно ти нуди цигара.

      • Денес требаше да вежбаш, ама тешко ти е дури и да си ги најдеш патиките!

      Можеш ли да забележиш која опасност се провлекува во сите три случаи? Секогаш одново, искуството покажува дека нашето опкружување — ситуациите во кои самите се доведуваме и луѓето со кои го минуваме времето — има големо влијание врз тоа дали ќе успееме да се ослободиме од лошите навики и да стекнеме добри.

      БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Паметниот човек го гледа злото и се трга, а глупавите одат понатаму и ја трпат казната“ (Изреки 22:3).

      Библијата нѐ советува да размислиме пред да направиме нешто. Така ќе избегнеме да се доведеме во ситуации што ќе ни отежнат да ги постигнеме своите цели, а ќе создаваме ситуации што ќе ни помогнат во тоа (2. Тимотеј 2:22). Кратко кажано, опкружувањето е многу важно.

      Отежни си да го правиш она што не сакаш да го правиш, а олесни си да го правиш она што сакаш да го правиш

      ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ

      • Отежни си да го правиш она што не сакаш да го правиш. На пример, ако сакаш да престанеш да јадеш брза храна, тогаш немој да чуваш таква храна дома. Колку потешко можеш да си ја оствариш желбата толку полесно ќе се откажеш од неа.

      • Олесни си да го правиш она што сакаш да го правиш. На пример, ако сакаш секое утро да вежбаш, спреми си ја облеката одвечер и стави ја до креветот. Колку полесно ти е да почнеш да правиш нешто толку полесно ќе ти прејде во навика.

      • Внимателно избирај ги пријателите. Со текот на времето стануваме како оние со кои се дружиме (1. Коринќаните 15:33). Затоа, ограничи ги контактите со оние што ти отежнуваат да се откажеш од лошите навики и барај пријатели што ќе ти помагаат да стекнеш добри навики.

      ПОВРЗАНИ БИБЛИСКИ НАЧЕЛА

      „Кој оди со мудрите, ќе стане мудар“ (Изреки 13:20).

      „Замислите на трудољубивиот сигурно донесуваат корист“ (Изреки 21:5).

  • 3. Не откажувај се лесно
    Разбудете се! 2016 | Бр. 4
    • Жена обележува на календар

      ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | КАКО ДА СТЕКНЕШ ДОБРИ НАВИКИ

      3. Не откажувај се лесно

      Штиклиран календар

      Се вели дека се потребни 21 ден за нешто да ти стане навика. Но, истражувањата покажуваат дека, реално, на некои луѓе им треба повеќе време за да направат поголеми промени, а на други помалку. Треба ли тоа да те разочара?

      Да претпоставиме дека си решил редовно да вежбаш трипати неделно.

      • Првата недела успеваш во тоа.

      • Втората недела пропушташ еден ден.

      • Третата недела повторно успеваш.

      • Четвртата недела едвај успеваш да вежбаш еднаш.

      • Петтата недела повторно ја постигнуваш целта, и оттогаш натаму редовно вежбаш.

      Значи, ти биле потребни пет недели за вежбањето да ти стане навика. Можеби изгледа дека тоа е прилично долго време, но откако ќе ја постигнеш целта, ќе се радуваш што си успеал да стекнеш една убава навика.

      БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Ако праведникот падне и седум пати, пак ќе стане“ (Изреки 24:16).

      Библијата нѐ советува да не се откажуваме лесно. Всушност, не е најважно колку пати ќе паднеш, туку колку пати ќе успееш да станеш.

      Не е најважно колку пати ќе паднеш, туку колку пати ќе успееш да станеш

      ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ

      • Не заклучувај пребрзо дека, ако еднаш не си успеал, никогаш нема да успееш. Очекувај дека ќе имаш и падови.

      • Концентрирај се на она што си успеал да го постигнеш. На пример, ако се трудиш да го подобриш начинот на кој зборуваш со твоите деца, прашај се: „Кога последен пат ми дојде да им се развикам но не го направив тоа? Што направив наместо да им се развикам? Како можам пак да го направам истото?“ Наместо да се концентрираш на неуспесите, поставувај си вакви прашања за да собереш нови сили да работиш на својата цел.

      Би сакал ли да дознаеш како библиските начела можат да ти помогнат кога си загрижен, кога имаш семејни проблеми или кога не можеш да пронајдеш вистинска среќа? Зборувај со некој од Јеховините сведоци или посети ја нашата интернет-страница jw.org/mk.

      ПОВРЗАНИ БИБЛИСКИ НАЧЕЛА

      „Твоите очи нека гледаат право напред“ (Изреки 4:25).

      „Го заборавам она што е зад мене и се трудам да го дофатам она што е пред мене, итам кон целта“ (Филипјаните 3:13, 14).

Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
Одјави се
Најави се
  • македонски
  • Сподели
  • Подесување
  • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
  • Услови за користење
  • Полиса за приватност
  • Поставки за приватност
  • JW.ORG
  • Најави се
Сподели