ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • Судот над срамната блудница
    Откровение — близу е величествената завршница!
    • Поглавје 33

      Судот над срамната блудница

      Видение 11 — Откровение 17:1-18

      Тема: Блудницата Големиот Вавилон седи на црвен ѕвер, кој на крајот се свртува против неа и ја уништува

      Кога се исполнува: Од 1919 година до големата неволја

      1. Што му открил еден од седумте ангели на Јован?

      СИТЕ седум садови на Јеховиниот праведен гнев мора да бидат излеани до последна капка! Тоа што шестиот ангел го излева својот сад врз местото каде што се наоѓал древниот Вавилон, е соодветен симбол за неволјите што ќе го снајдат Големиот Вавилон додека настаните брзо се движат кон конечната пресметка во Армагедон (Откровение 16:1, 12, 16). Најверојатно истиот ангел сега открива зошто и како Јехова ќе ги изврши своите праведни судови. Јован е вџашен од она што го гледа и го слуша: „И дојде еден од седумте ангели, кои ги имаа седумте садови, и ми се обрати со зборовите: ‚Дојди, ќе ти го покажам судот над големата блудница, која седи на многу води, со која блудствуваа царевите на земјата, а оние што живеат на земјата се опија со виното на нејзиниот блуд‘“ (Откровение 17:1, 2).

      2. Кои докази посочуваат дека „големата блудница“ а) не е древниот Рим? б) не е трговскиот свет? в) е религиозна творба?

      2 „Големата блудница“! Зошто едно вакво шокантно име? Која е таа? Некои мислеле дека оваа симболична блудница бил древниот Рим. Но, Рим бил политичка сила. Оваа блудница блудствува со царевите на Земјата, а меѓу нив секако спаѓаат и римските цареви. Освен тоа, по нејзиното уништување, се вели дека „царевите на земјата“ жалат што веќе ја нема. Затоа таа не може да биде политичка сила (Откровение 18:9, 10). Со оглед на тоа што по неа тагуваат и трговците на Земјата, таа не може да го претставува ни трговскиот свет (Откровение 18:15, 16). Но, читаме дека од нејзините ‚гатања биле заведени сите народи‘ (Откровение 18:23). Сето ова јасно покажува дека оваа голема блудница мора да претставува една светска религиозна творба.

      3. а) Зошто големата блудница мора да означува нешто поголемо од Римокатоличката црква, па дури и од христијанскиот свет? б) Кои вавилонски учења можат да се најдат во многу источни религии, како и во сектите на христијанскиот свет? в) Што признал римокатоличкиот кардинал Џон Хенри Њуман во врска со потеклото на многу учења, обреди и обичаи во христијанскиот свет? (Види ја фуснотата.)

      3 Но, која религиозна творба? Дали се работи за Римокатоличката црква, како што тврдат некои или, пак, станува збор за целиот христијански свет? Не, не е ниту едното ниту другото. Бидејќи за оваа блудница се вели дека ги заведува сите народи, мора да е нешто уште поголемо. Всушност, таа го претставува целото светско царство на лажната религија. Многуте вавилонски учења и обичаи што им се заеднички на повеќето религии низ целиот свет покажуваат дека нејзините корења лежат во мистичните учења на Вавилон. На пример, верувањето во бесмртност на човечката душа и во пекол каде што душите се мачат, а и верувањето во троедни богови, се вообичаени како за многу источни религии така и за сектите на христијанскиот свет. Од лажната религија, која била зачната пред 4.000 години во древниот град Вавилон, се развило денешното чудовиште кое има соодветно име — Големиот Вавилон.a Но, зошто е претставена како една одвратна ‚голема блудница‘?

      4. а) Во која смисла древниот Израел блудствувал? б) На каков бесрамен начин блудствува Големиот Вавилон?

      4 Вавилон (или Вавел, што значи „збрка“) бил на врвот на својата моќ во времето на Навуходоносор. Тој бил религиозно-политичка држава во која имало повеќе од илјада храмови и капели. Неговите свештеници имале големо влијание. Иако веќе долго време оттогаш Вавилон не постои како светска сила, религиозниот Голем Вавилон и понатаму живее и, како и во старо време, настојува да влијае и да манипулира со политичките збиднувања. Но, дали Бог го одобрува мешањето на религијата во политиката? Во Хебрејските списи се вели дека Израел се оддал на блуд кога се впуштил во лажно обожавање и кога, наместо да има доверба во Јехова, склучувал сојузи со народите (Еремија 3:6, 8, 9; Езекиел 16:28-30). И Големиот Вавилон блудствува. Без никаков срам, тој ги користи сите средства што му стојат на располагање за да има што е можно поголема власт и влијание врз владејачките цареви на Земјата (1. Тимотеј 4:1).

      5. а) Во какво внимание уживаат свештениците? б) Зошто желбата за углед во светот е во чиста спротивност со зборовите на Исус Христос?

      5 Денес, верските водачи честопати учествуваат во предизборни кампањи со цел да се наместат на некоја висока положба во власта, а во некои земји успеале да станат членови на државниот врв и седнат во министерски фотелји. Во 1988 година, двајца познати протестантски свештеници беа кандидати на изборите за претседател на Соединетите Американски Држави. Водечките лица на Големиот Вавилон уживаат да бидат во центарот на вниманието на јавноста, а по весниците и списанијата честопати можат да се видат фотографии од нив во придружба на познати политичари. Спротивно на ова, Исус не сакал да се меша во политика, а за своите ученици рекол: „Тие не се дел од светот, како што и јас не сум дел од светот“ (Јован 6:15; 17:16; Матеј 4:8-10; види и Јаков 4:4).

      Денешното ,блудствување‘

      6, 7. а) Како Националсоцијалистичката партија на Хитлер дошла на власт во Германија? б) Како спогодбата што ја склучил Ватикан со нацистичка Германија му помогнала на Хитлер во неговите настојувања да завладее со светот?

      6 Со своето мешање во политиката, големата блудница им нанела неописливи страдања на луѓето. Да видиме, на пример, како Хитлер дојде на власт во Германија, иако ова е непријатен факт што некои би сакале да го избришат од учебниците по историја. Во мај 1924 година, Националсоцијалистичката партија имаше 32 места во Германскиот парламент (Рајхстаг). До мај 1928 година, им останаа само 12 пратенички места. Но, во 1930 година изби светска економска криза, по која националсоцијалистите доживеаја значаен подем, а на изборите во Германија во јули 1932 година освоија 230 од вкупно 608-те пратенички места. Наскоро на помош на националсоцијалистите им дојде папскиот витез Франц фон Папен. Историчарите велат дека Фон Папен сонувал да го обнови Светото Римско Царство. Бидејќи доживеа неуспех во својата кратка служба како канцелар, тој се надеваше дека повторно ќе дојде на власт со помош на националсоцијалистите. До јануари 1933 година, Фон Папен успеа да ја придобие за Хитлер поддршката на индустриските магнати, а на 30 јануари 1933 година со лукави сплетки го намести Хитлер на функција канцелар на Германија. Самиот тој стана вицеканцелар, а Хитлер го искористи за да ја придобие поддршката на католичкиот дел од Германија. Во рок од два месеца откако дојде на власт, Хитлер го распушти парламентот, испрати илјадници водачи на опозицијата во концентрациони логори и започна отворена кампања за угнетување на Евреите.

      7 На 20 јули 1933 година, кога кардиналот Пачели (подоцна папата Пие XII) го потпиша конкордатот (спогодбата) во Рим меѓу Ватикан и нацистичка Германија, стана очигледно дека Ватикан е заинтересиран за јакнењето на моќта на националсоцијализмот. Фон Папен го потпиша овој документ како претставник на Хитлер, а Пачели во таа прилика му го подари високото папско одликување — Големиот крст на редот на Пие.b Во својата книга Сатана со цилиндар на главата (Satan in Top Hat), Тибор Кевес пишува за тоа: „Оваа спогодба беше голема победа за Хитлер. Со неа тој ја доби првата морална поддршка надвор од својата земја, и тоа од највисок извор“. Спогодбата бараше Ватикан да престане да ја поддржува Германската католичка централна партија, и на тој начин да ја одобри еднопартиската, „тоталитарна држава“ на Хитлер.c Освен тоа, во член 14 од спогодбата стоеше: „Надбискупите, бискупите и другите од сличен ранг ќе бидат поставени во служба дури откако гувернерот, кој го поставува Рајхот, претходно ќе утврди дали тие се потполно согласни со општите политички ставови“. До крајот на 1933 година (која папата Пие XI ја прогласи за „Света година“), поддршката на Ватикан беше главниот фактор што му помогна на Хитлер во неговите настојувања да завладее со светот.

      8, 9. а) Како реагирале Ватикан, Католичката црква и нејзините свештеници на нацистичката тиранија? б) Каква изјава дале германските католички бискупи во почетокот на Втората светска војна? в) Кои се последиците од верско-политичките односи?

      8 Иако само неколку свештеници и калуѓерки се побуниле против ѕверствата на Хитлер — и страдале поради тоа — Ватикан, како и Католичката црква со сета нејзина војска од свештеници, или активно или молчешкум, ја поддржаа нацистичката тиранија, на која тие гледаа како на заштита од ширењето на комунизмот во светот. Седејќи си спокојно во Ватикан, папата Пие XII го дозволи холокаустот на Евреите и суровото прогонство на Јеховините сведоци и на многу други без да изусти ниту еден збор на протест. Иронично е тоа што во една своја посета на Германија во мај 1987 година, папата Јован Павле II го величаше антинацистичкиот став на еден искрен свештеник. Што правеа останатите илјадници германски свештеници за време на свирепото владеење на Хитлер? Едно пастирско писмо кое го објавија католичките бискупи во Германија во септември 1939 година, на самиот почеток на Втората светска војна, фрла светлина на оваа работа. Делумно, тоа гласи: „Во овој решавачки час, ги поттикнуваме нашите католички војници да ја исполнат својата должност и да му бидат послушни на Фирерот, да бидат спремни да се жртвуваат и со душа и со тело. Ги повикуваме верниците да ни се придружат во горливите молитви до Бог за тој да нѐ благослови со успех во оваа војна“.

      9 Оваа католичка дипломатија е пример за начинот на кој блудствувала религијата во последниве 4.000 години умилкувајќи ѝ се на политичката држава за да стекне власт и повластици. Таквите верско-политички односи во голема мера ги разгорувале војните и прогонствата, и ја зголемиле човечката беда. Колку среќни треба да бидат луѓето што Јеховиниот суд над големата блудница е на прагот! Нека биде извршен што поскоро!

      Седи на многу води

      10. Што се ‚многуте води‘ на чија заштита се надева Големиот Вавилон, и што се случува со нив?

      10 Древниот Вавилон лежел на многу води — на реката Еуфрат и на многу канали. Овие води му служеле како заштита, но и како извор на материјална благосостојба — сѐ додека не пресушиле за само една ноќ (Еремија 50:38; 51:9, 12, 13). И Големиот Вавилон се надева дека ‚многуте води‘ ќе го заштитат и ќе го збогатат. Овие симболични води претставуваат „луѓе и мноштва и народи и јазици“, односно ги претставуваат милијардите луѓе над кои владее големата блудница и од кои црпи материјална поддршка. Но, и овие води полека пресушуваат, односно ѝ ја скратуваат таа поддршка (Откровение 17:15; спореди Псалм 18:4; Исаија 8:7).

      11. а) Како древниот Вавилон ‚ја опил целата земја‘? б) Како Големиот Вавилон ‚ја опил целата земја‘?

      11 Освен тоа, древниот Вавилон е опишан и како ,златна чаша во раката на Јехова, чаша што ја опила целата земја‘ (Еремија 51:7). Древниот Вавилон ги присилувал околните народи да го „пијат“ Јеховиниот гнев кога ги победувал во војна, и со ова тие станувале слаби како да се пијани. Во овој поглед, тој му послужил како алатка на Јехова. И Големиот Вавилон извојувал многу победи и така станал светско царство. Но, тој сигурно не е Божја алатка. Напротив, тој им послужил на „царевите на земјата“ со кои врши духовен блуд. Тие имале корист од оваа блудница затоа што со своите лажни учења и угнетувачки обичаи таа го опила и го ослабнала народот, односно „оние што живеат на земјата“, до тој степен што тие пасивно им се покоруваат на своите владетели.

      12. а) Во која смисла еден дел од Големиот Вавилон во Јапонија бил виновен за големото крвопролевање во Втората светска војна? б) Како се повлекле ‚водите‘ што му давале поддршка на Големиот Вавилон во Јапонија, и со каков резултат?

      12 Јапонија, каде што преовладува шинтоизмот, посебно се истакнува во овој поглед. Идеолошки обликуваниот јапонски војник сметал дека за него е најголема чест да го даде својот живот за императорот, кој бил сметан за најголем шинтоистички бог. Во Втората светска војна, околу 1.500.000 јапонски војници загинаа во битките. Речиси секој од нив сметал дека е срамно да се предаде. Но, поради поразот на Јапонија, императорот Хирохито беше принуден да се откаже од правото да се смета за бог. Како резултат на ова, дојде до големо повлекување на ‚водите‘ кои го поддржуваа шинтоистичкиот дел на Големиот Вавилон — но дури откако шинтоизмот одобри да се пролее многу крв на бојното поле на Тихиот Океан! Во последниве години, ова слабеење на шинтоизмот им го отвори патот на над 200.000 Јапонци, од кои повеќето порано биле шинтоисти и будисти, да му го заветуваат својот живот на Севишниот Господар Јехова и да станат негови крстени слуги.

      Блудницата јава на ѕвер

      13. Каква зачудувачка глетка се појавила пред Јован кога ангелот го однел во духот во една пустина?

      13 Што друго открива пророштвото за големата блудница и за она што ја чека? Јован продолжува со жив опис на следнава сцена: „И [ангелот] ме однесе во духот во пустина. И здогледав жена како седи на црвен ѕвер полн со богохулни имиња, кој имаше седум глави и десет рогови“ (Откровение 17:3).

      14. Зошто е на место тоа што Јован е однесен во пустина?

      14 Зошто ангелот го носи Јован во пустина? Една претходна објава, во која се зборува за пропаста на древниот Вавилон, била упатена „против морската пустина“ (Исаија 21:1, 9). Со неа однапред било предупредено дека, и покрај својот одбранбен систем од река и канали, древниот Вавилон сепак ќе стане безживотна пустош. Тогаш, на место е што во своето видение Јован е однесен во пустина за да види што ќе се случи со Големиот Вавилон. И тој мора да биде опустошен (Откровение 18:19, 22, 23). Но, Јован е вџашен од она што го гледа таму. Големата блудница не е сама! Таа седи на еден страшен ѕвер!

      15. Каква разлика постои помеѓу ѕверот од Откровение 13:1 и оној од Откровение 17:3?

      15 Овој ѕвер има седум глави и десет рогови. Тогаш, дали е истиот ѕвер што Јован го виде порано, кој исто така имаше седум глави и десет рогови? (Откровение 13:1). Не, има разлика. Овој ѕвер е црвен, и во споредба со првиот, на главите нема круни. И, нема богохулни имиња само на своите глави, туку целиот е „полн со богохулни имиња“. Сепак, мора да постои некоја врска меѓу овој нов ѕвер и претходниот; сличностите меѓу нив се премногу големи за да бидат случајни.

      16. Што претставува црвениот ѕвер, и што било кажано за неговата цел?

      16 Тогаш, што претставува овој нов црвен ѕвер? Тој мора да е кипот на ѕверот што беше направен на поттик на англо-американскиот ѕвер кој има два рога како јагне. Откако беше направен овој кип, на дворогиот ѕвер му беше дозволено да му вдахне живот (Откровение 13:14, 15). Јован сега гледа дека овој кип е жив и диши. Тој ја претставува Лигата на народите, организација на која дворогиот ѕвер ѝ вдахна живот во 1920 година. Вудроу Вилсон, претседател на САД во тоа време, ја замислувал Лигата како „суд кој ќе им додели правда на сите луѓе и кој засекогаш ќе ја збрише опасноста од војна“. Кога оваа организација воскресна по Втората светска војна, под името Обединети нации, во нејзината повелба стоеше дека има цел „да го одржува меѓународниот мир и сигурност“.

      17. а) Што значи тоа што симболичниот ѕвер е полн со богохулни имиња? б) Кој го јава црвениот ѕвер? в) Како вавилонската религија се поврзала со Лигата на народите и со неговиот наследник уште од самиот почеток?

      17 Што значи тоа што овој симболичен ѕвер е полн со богохулни имиња? Тоа значи дека овој меѓународен идол е создаден како замена за Божјето Царство, и дека негова цел е да го направи она што, според Бог, може да го направи само Неговото Царство (Даниел 2:44; Матеј 12:18, 21). Најзначајно за видението на Јован е тоа што Големиот Вавилон го јава овој црвен ѕвер. Верно на пророштвото, вавилонската религија, а особено христијанскиот свет, се поврза со Лигата на народите и со нејзиниот наследник. Уште на 18 декември 1918 година, здружението што денес е познато како Национален совет на Христовите цркви во Америка, усвои декларација во која, меѓу другото, стоеше: „Оваа Лига не е само политичко средство, таа е политички израз на Божјето Царство на Земјата... Црквата може да даде дух на добра волја, без кој Лигата на народите не може да постои... Лигата на народите има корени во евангелието. Исто како евангелието, нејзина цел е ‚мир на земјата, добра волја меѓу луѓето‘“.

      18. Како свештениците на христијанскиот свет покажале дека ја поддржуваат Лигата на народите?

      18 На 2 јануари 1919 година, на насловната страница на San Francisco Chronicle се појави следниов наслов: „Папата се залага да биде прифатена Лигата на народите на Вилсон“. На 16 октомври 1919 година, до сенатот на САД беше приложена петиција потпишана од 14.450 свештеници од водечките религии, со која тие бараа ова законодавно тело ‚да го ратификува Парискиот мировен договор, во кој беше предложена и Повелбата на Лигата на народите‘. Иако сенатот на САД не го ратификува мировниот договор, свештенството на христијанскиот свет продолжи да се залага за Лигата на народите. А како започна да работи оваа Лига? Во еден новински извештај од 15 ноември 1920 година од Швајцарија, стоеше: „Првото заседание на Лигата на народите започна претпладнево во единаесет часот, а беше најавено со биење на сите камбани во Женева“.

      19. Што направила класата на Јован кога се појавил црвениот ѕвер?

      19 Дали класата на Јован, единствената група на Земјата која спремно го призна владеењето на месијанското Царство, му оддаде чест на црвениот ѕвер заедно со христијанскиот свет? Во никој случај! Во недела, на 7 септември 1919 година, на конгресот на Јеховиниот народ во Седар Поинт (Охајо, САД), беше одржано јавното предавање со наслов: „Надеж за измаченото човештво“. Следниот ден, весникот Star-Journal од Сандаски (САД) извести дека во своето обраќање до речиси 7.000 присутни, Џ. Ф. Ратерфорд „тврдеше дека Господарот сигурно ќе го покаже своето незадоволство од Лигата... бидејќи свештениците — и католичките и протестантските — кои се изјаснуваат како Божји претставници, го отфрлаат Неговиот план и ја одобруваат Лигата на народите, поздравувајќи ја како политички израз на Христовото Царство на Земјата“.

      20. Зошто било богохулење тоа што свештениците ја поздравиле Лигата на народите како „политички израз на Божјето Царство на Земјата“?

      20 Поразителниот неуспех на Лигата на народите требаше да му биде јасен показател на свештенството дека таквите човечки организации не се дел од Божјето Царство на Земјата. Какво богохулење е да се каже такво нешто! Со тоа практично како да тврдеа дека и Бог имал удел во огромниот неуспех што го доживеа оваа Лига. Но, Божјето ‚дело е совршено‘. Јеховиното небесно Царство во рацете на Христос — а не некое здружение од раскарани политичари, од кои мнозина се атеисти — е средството со кое Бог ќе донесе мир и преку кое неговата волја ќе се врши како на небото така и на Земјата (5. Мојсеева 32:4; Матеј 6:10).

      21. Што покажува дека големата блудница го поддржува и му се восхитува на наследникот на Лигата, Обединетите нации?

      21 А што можеме да кажеме за Обединетите нации, кои ја наследија оваа Лига? Големата блудница седи на оваа организација уште од самите нејзини зачетоци — видливо е поврзана со неа и се обидува да влијае врз нејзините активности. На пример, на 20-годишнината од нејзиното постоење, во јуни 1965 година, претставници на Римокатоличката црква и на Источната православна црква, заедно со протестанти, Евреи, хиндуси, будисти и муслимани — застапници на речиси две милијарди луѓе од светското население — се собраа заедно во Сан Франциско на свеченоста во знак на поддршка и ценење на ОН. Кога ја посети ООН во октомври 1965 година, папата Павле VI ја опиша како „најголема од сите меѓународни организации“, а потоа додаде: „Народите во светот гледаат на Обединетите нации како на единствена надеж за мир и правда“. Еден друг папа, Јован Павле II, кој исто така ја посети ООН, во своето обраќање до нејзините членки, во октомври 1979 година, изјави: „Се надевам дека Обединетите нации засекогаш ќе останат врховен суд за мир и правда“. Интересно е тоа што во својот говор папата им посвети многу мало внимание на Исус Христос и на Божјето Царство. Весникот The New York Times известува дека за време на својата посета на САД во септември 1987 година, „Јован Павле зборуваше надолго и нашироко за позитивната улога на Обединетите нации во унапредувањето на... ‚едно ново меѓународно единство‘“.

      Име, тајна

      22. а) Каков ѕвер избрала да јава големата блудница? б) Како Јован ја опишува симболичната блудница Големиот Вавилон?

      22 Апостол Јован наскоро ќе дознае дека големата блудница избрала да јава еден многу опасен ѕвер. Но, најпрво тој го свртува своето внимание на самата блудница, Големиот Вавилон. Таа носи раскошна облека и накит, но колку е одвратна! „Жената беше облечена во пурпурна и црвена облека и украсена со злато, скапоцени камења и бисери. Во раката имаше златна чаша полна со гадотии и нечистотии од својот блуд. На челото ѝ беше напишано име, кое е тајна: ‚Големиот Вавилон, мајка на блудниците и на гадотиите земни‘. И видов дека жената е пијана од крвта на светите и од крвта на Исусовите сведоци“ (Откровение 17:4-6а).

      23. Како гласи целото име на Големиот Вавилон, и што значи тоа?

      23 Во согласност со обичајот во древниот Рим, оваа блудница на своето чело има име.d Името е доста долго: „Големиот Вавилон, мајка на блудниците и на гадотиите земни“. Ова име е „тајна“, нешто што има скриено значење. Но, оваа тајна ќе биде објаснета во време што го одредил Бог. Всушност, ангелот му дава на Јован доволно податоци за да можат Јеховините слуги денес да го сфатат вистинското значење на ова описно име. Знаеме дека Големиот Вавилон е целокупната лажна религија. Таа е „мајка на блудниците“, бидејќи сите лажни религии во светот, меѓу кои спаѓаат и многуте секти во христијанскиот свет, ѝ се како ќерки затоа што вршат ист духовен блуд како и нивната мајка. Освен тоа, таа е мајка и на „гадотиите“ во таа смисла што родила одвратни „чеда“ како што се идолопоклонството, спиритизмот, гатањето, астрологијата, гледањето на дланка, принесувањето на човечки жртви, храмската проституција, пијанчењето во чест на лажни богови и други срамни обичаи.

      24. Зошто е соодветно тоа што Јован го видел Големиот Вавилон облечен во „пурпурна и црвена облека“ и ‚украсен со злато, скапоцени камења и бисери‘?

      24 Големиот Вавилон е облечен во „пурпурна и црвена облека“, царски бои, и „украсена [е] со злато, скапоцени камења и бисери“. Колку соодветен опис! Помисли само на сите величествени градби, извонредни статуи и слики, бесценети икони и други верски предмети, како и на огромните поседи и парични средства што си ги насобрале религиите во светот! Сеедно дали во Ватикан, во американската империја на телевизиски проповедници или во егзотичните светилишта и храмови на Далечниот Исток, Големиот Вавилон трупал — а понекогаш и губел — невидено богатство.

      25. а) Што симболизира содржината на ‚златната чаша полна со гадотии и нечистотии‘? б) Во која смисла симболичната блудница е пијана?

      25 Погледни сега што држи блудницата во раката. Јован мора да останал без здив кога го видел ова — златна чаша ‚полна со гадотии и нечистотии од нејзиниот блуд‘! Ова е чашата со ‚виното на гневот, со виното на нејзиниот блуд‘, со кое ги напоила сите народи (Откровение 14:8; 17:4). Чашата изгледа скапоцена однадвор, но однатре е полна со гадотии и нечистотии. (Спореди Матеј 23:25, 26.) Таа чаша ги содржи сите одвратни обичаи и лаги што ги користи оваа голема блудница за да ги заведе народите и да ги стави под своја контрола. Уште погнасно е тоа што Јован гледа дека и самата блудница е пијана — и тоа од крвта на Божјите слуги! Всушност, подоцна ќе видиме дека во неа ‚се нашла крвта на пророци и на свети и на сите што се убиени на земјата‘ (Откровение 18:24). Каква огромна вина за крв!

      26. Какви докази постојат за вината за крв што ја носи Големиот Вавилон?

      26 Низ вековите, светското царство на лажната религија пролеало мориња крв. На пример, во средновековна Јапонија, храмовите во Кјото биле претворени во тврдини, а воинствените монаси се бореле едни со други повикувајќи го „светото име на Буда“ сѐ додека улиците не станале црвени од пролеаната крв. Во 20-тиот век, свештениците на христијанскиот свет маршираа заедно со војските на своите земји кои меѓусебно се колеа, при што загинаа најмалку сто милиони лица. Во октомври 1987 година, Ричард Никсон, поранешен претседател на САД, изјави: „Дваесеттиот век е најкрвавиот век во историјата. Повеќе луѓе беа убиени во војните на овој век отколку во сите војни што се воделе пред почетокот на веков“. Религиите во светот се осудени од Бог за уделот што го имале во сето ова — Јехова ги мрази „рацете што пролеваат невина крв“ (Изреки 6:16, 17). Нешто порано, Јован слушна викање од жртвеникот: „До кога, Севишен Господару, свет и вистинит, нема да им судиш и нема да им се одмаздуваш за нашата крв на оние што живеат на земјата?“ (Откровение 6:10). Големиот Вавилон, мајката на блудниците и на гадотиите земни, ќе биде посебно погоден кога ќе дојде време да се одговори на ова прашање.

      [Фусноти]

      a Укажувајќи на нехристијанското потекло на многу отпаднички учења, обреди и обичаи во христијанскиот свет, римокатоличкиот кардинал Џон Хенри Њуман, кој живеел во 19 век, во својот Есеј за развојот на христијанското учење (Essay on the Development of Christian Doctrine) го напишал следново: „Постоењето на храмови, како и нивното посветување на одредени светци и китењето со гранчиња од дрвја на празниците; темјанот, кандилата и свеќите; заветувањето дарови за некој да оздрави; светата водичка; конаците; празниците, календарчињата, поворките, благословувањето на нивите; свештеничките одежди, избриченото теме, венчалниот прстен, свртувањето кон Исток, а подоцна и иконите; можеби и црковното пеење и пеењето на ‚Господи помилуј‘ — сите овие имаат паганско потекло, но биле осветени кога ги прифатила Црквата“.

      Наместо христијаните да го осветуваат таквото идолопоклонство, „Јехова, Семоќниот“ ги советува: „Излезете од нивната средина и одвојте се... и повеќе не допирајте ништо што е нечисто“ (2. Коринќаните 6:14-18).

      b Во историјата на Вилијам Л. Ширер, со наслов Подемот и падот на Третиот рајх (The Rise and Fall of the Third Reich), стои дека Фон Папен, бил „повиновен од сите други што Хитлер дошол на власт во Германија“. Во јануари 1933 година, поранешниот германски канцелар Фон Шлајхер го изјавил следново за Фон Папен: „Тој беше толку голем предавник што, во споредба со него, Јуда Искариот е светец“.

      c Во своето обраќање на факултетот во Мондрагоне на 14 мај 1929 година, папата Пие XI изјави дека, ако има потреба, тој би преговарал и со самиот Ѓавол за да спаси некоја душа.

      d Спореди ги зборовите што римскиот писател Сенека ѝ ги упатил на една блудна свештеничка (како што е цитиран од Свит): „Стоеше, о девојко, во куќата на срамот... Името ти висеше на челото, примаше плата за својот срам“ (Controv. i, 2).

      [Рамка на страница 237]

      Черчил го разоткрива ,блудството‘

      Во својата книга Се подготвува бура (The Gathering Storm, 1948 година), Винстон Черчил известува дека Хитлер го назначил Франц фон Папен за германски пратеник во Виена „за да ја поткопа положбата на некои од водечките австриски политичари или за да ги придобие за германските цели“. Черчил го цитира пратеникот на САД во Виена кој во врска со Фон Папен, го рекол следново: „Дрско и безобразно... Папен ми кажа дека... има намера да го искористи својот углед на добар католик за да придобие некои Австријци како, на пример, кардиналот Иницер“.

      Откако Австрија капитулира и Хитлеровите трупи со параден марш влегоа во Виена, католичкиот кардинал Иницер им нареди на сите австриски цркви да го истакнат знамето со кукаст крст, да удираат во камбаните и да се молат за Адолф Хитлер во чест на неговиот роденден.

      [Рамка на страница 238]

      ,ВОЕНА МОЛИТВА‘ ЗА РАЈХОТ

      Под овој наслов, следнава статија излезе во првото издание на The New York Times од 7 декември 1941 година:

      „Католичките бискупи во Фулда се молат за благослов и победа... На конференцијата на германските католички бискупи собрани во Фулда беше препорачано да се воведе посебна ‚воена молитва‘ во почетокот и на крајот на секоја богослужба. Молитвата содржи молба до Бог да ја благослови германската војска со победа и да ги заштити животот и здравјето на сите војници. Освен тоа, бискупите ги советуваа католичките свештеници барем еднаш месечно да ги спомнуваат во посебна неделна проповед германските војници ‚на копно, на море и во воздух‘“.

      Оваа статија беше повлечена од подоцнежните изданија на овој весник. На 7 декември 1941 година, Јапонија, тогашен сојузник на нацистичка Германија, ја нападна американската флота во Перл Харбур.

      [Рамка на страница 244]

      „Богохулни имиња“

      Кога ѕверот со двата рога презеде иницијатива да се основа Лигата на народите веднаш по Првата светска војна, многуте негови „љубовници“, односно религиите, веднаш се потрудија да го благословат овој политички потег. Како резултат на тоа, беше формирана една мировна организација „полна со богохулни имиња“.

      „Христијанството може да унапредува добра волја, да биде движечката сила зад Лигата [на народите], и на тој начин да ја претвори спогодбата од обичен лист хартија во средство во рацете на Божјето Царство“ (The Christian Century, САД, 19 јуни 1919 година, 15. страница).

      „Лигата на народите има намера да ја прошири идејата за Божјето Царство — тој мирољубив светски поредок — на меѓународните односи во светот... Токму за ова се молат сите христијани кога велат ‚Да дојде царството твое‘“ (The Christian Century, САД, 25 септември 1919 година, 7. страница).

      „Христовата крв е таа што лежи во основата на Лигата на народите“ (д-р Френк Крејн, протестантски проповедник, САД).

      „[Националниот] совет [на конгрешански цркви] ја поддржува Повелбата [на Лигата на народите] како единственото политичко средство што сега ни стои на располагање. Преку неа, Исус Христос уште повеќе ќе го користи својот дух за да интервенира во меѓународните односи“ (The Congregationalist and Advance, САД, 6 ноември 1919 година, 642. страница).

      „Конференцијата ги повикува сите методисти да ги поддржат и од сѐ срце да се залагаат за идеалите [на Лигата на народите] кои се израз на идејата за Бог Таткото и Божјите земни деца“ (Веслијанската методистичка црква, Британија).

      „Ако ги земеме во обѕир целите, можностите и заклучоците од оваа спогодба, гледаме дека таа ја содржи суштината на учењата на Исус Христос, имено, Божјето Царство и неговата праведност... Не е ништо помалку од тоа“ (Проповед на надбискупот од Кантербери при отворањето на заседанието на Лигата на народите во Женева, 3 декември 1922 година).

      „Здружението на Лигата на народите во оваа земја го има истото свето право како и секое друго хуманитарно мисионерско здружение, бидејќи во моментов тоа е најефикасното средство преку кое Христос, како Кнез на мирот, владее меѓу народите“ (д-р Гарви, конгрешански проповедник, Британија).

      [Карта на страница 236]

      (Види во публикацијата)

      Лажните учења кои ги има низ целиот свет потекнуваат од Вавилон

      Вавилон

      Тројства или троедни богови

      Човечката душа живее по смртта

      Спиритизам — зборување со „мртвите“

      Користење на икони и кипови во обожавањето

      Користење на магии за да се смират демоните

      Владеење на влијателно свештенство

      [Слика на страница 239]

      Древниот Вавилон лежел на „многу води“

      [Слика на страница 239]

      Денес големата блудница седи на „многу води“

      [Слика на страница 241]

      Големиот Вавилон седи на опасен ѕвер

      [Слики на страница 242]

      Религиозната блудница врши блуд со земните цареви

      [Слики на страница 245]

      Жената е „пијана од крвта на светите“

  • Разоткриена е една застрашувачка тајна
    Откровение — близу е величествената завршница!
    • Поглавје 34

      Разоткриена е една застрашувачка тајна

      1. а) Како реагирал Јован кога ги здогледал големата блудница и страшниот ѕвер на кој седела таа, и зошто? б) Како реагира класата на Јован на денешните настани со кои се исполнува ова пророчко видение?

      КАКО реагира Јован кога ги здогледува големата блудница и страшниот ѕвер на кој седи таа? Самиот тој ни кажува: „Кога ја здогледав, многу се зачудив“ (Откровение 17:6б). Ни човек со најбујна фантазија не би можел да си замисли вакво нешто. Сепак, Јован ја гледа — одвратна блудница качена на чудовишен, црвен ѕвер во некоја пустина! (Откровение 17:3). И класата на Јован денес исто така со голема зачуденост ги набљудува настаните со кои се исполнува ова пророчко видение. Кога луѓето од светот би можеле да го видат ова, сигурно би извикале: ‚Неверојатно!‘ А светските владетели би повториле: ‚Незамисливо!‘ Но, денес, ова видение се исполнува пред наши очи. Божјиот народ веќе имал извонреден удел во неговото исполнување, и ова му е гаранција дека пророштвото ќе се исполни до крај — и тоа на зачудувачки начин!

      2. а) Што му кажал ангелот на Јован кога видел колку е зачуден? б) Што ѝ било откриено на класата на Јован, и на кој начин?

      2 Ангелот забележува дека Јован е запрепастен. Јован, пак, за него вели: „А ангелот ми рече: ,Зошто се чудиш? Ќе ти ја откријам тајната на жената и на ѕверот со седумте глави и десетте рогови, кој ја носи‘“ (Откровение 17:7). Значи, ангелот има намера да ја открие тајната! Тој му ги објаснува на зачудениот Јован различните детали на видението, како и драматичните настани што треба да се случат. На сличен начин, ова пророштво ѝ беше разјаснето и на будната класата на Јован, која служи под ангелско водство денес. ‚Зарем не е Бог тој што толкува?‘ Исто како верниот Јосиф, и ние се сложуваме со ова (1. Мојсеева 40:8; спореди Даниел 2:29, 30). Божјите слуги се во центарот на вниманието додека Јехова им го толкува значењето на видението и им објаснува од каква важност е тоа за нивниот живот (Псалм 25:14). Токму навреме, тој им ја разоткри тајната за жената и за ѕверот (Псалм 32:8).

      3, 4. а) Кое јавно предавање го изнел Н. Х. Нор во 1942 година, и како во него било покажано кој е црвениот ѕвер? б) Кои зборови што ангелот му ги кажал на Јован ги објаснил Н. Х. Нор?

      3 Од 18 до 20 септември 1942 година, во екот на Втората светска војна, Јеховините сведоци во Соединетите Држави го одржаа својот теократски конгрес со наслов „Нов свет“. Со конгресот што се одржуваше во Кливленд (Охајо, САД) телефонски беа поврзани повеќе од 50 други конгресни места, а бројот на присутните на сите тие конгреси достигна 129.699. Каде што дозволуваа воените услови, истата програма беше одржана и на други места насекаде во светот. Во тоа време, многу Јеховини слуги очекуваа оваа војна да прерасне во Божјата војна Армагедон, и затоа насловот на јавното предавање, „Мир — може ли да потрае?“, предизвика голем интерес. Како можеше Натан Х. Нор да се осмели да зборува за мир кога се чинеше дека народите ги чека сосем спротивното?a Ова беше можно затоа што класата на Јован ѝ обрна „посебно внимание“ на Божјата пророчка реч (Евреите 2:1; 2. Петрово 1:19).

      4 Како ова предавање помогна да се расветли пророштвото? Откако изнесе јасни докази дека црвениот ѕвер од Откровение 17:3 е Лигата на народите, Н. Х. Нор продолжи со преглед на нејзиното бурно постоење осврнувајќи се на зборовите што ангелот сега му ги кажува на Јован: „Ѕверот што го виде беше, но повеќе не е, но наскоро ќе излезе од бездната и ќе биде уништен“ (Откровение 17:8а).

      5. а) Во која смисла „ѕверот... беше“, а потоа „повеќе не е“? б) Како Н. Х. Нор одговорил на прашањето: „Дали Лигата на народите ќе остане во бездната?“

      5 „Ѕверот... беше.“ Да, тој ѕвер веќе постоеше под името Лига на народите од 10 јануари 1920 година, и неговиот најголем број членки изнесуваше 63. Но, Јапонија, Германија и Италија се повлекоа, а поранешниот Советски Сојуз беше исклучен од Лигата. Во септември 1939 година, нацистичкиот диктатор на Германија ја започна Втората светска војна.b Бидејќи не успеа да го одржи мирот во светот, Лигата на народите практично падна во бездна на неактивност. До 1942 година, нејзиното постоење стана минато. Ниту пред тоа ниту потоа, туку токму во тој клучен момент, Јехова му го објасни на својот народ длабокото значење на ова видение! На теократскиот конгрес „Нов свет“, Н. Х. Нор можеше да изјави, во согласност со пророштвото, дека „ѕверот... повеќе не е“. Тогаш праша: „Дали Лигата на народите ќе остане во бездната?“ Цитирајќи го Откровение 17:8, тој одговори: „Лигата на народите пак ќе се појави“. И, се случи токму тоа. Јеховината пророчка реч повторно беше потврдена!

      Излегува од бездната

      6. а) Кога црвениот ѕвер излегол од бездната, и со кое ново име? б) Зошто ОН, всушност, претставуваат повторно враќање на црвениот ѕвер?

      6 Црвениот ѕвер навистина излезе од бездната. Во придружба на бучни фанфари, на 26 јуни 1945 година, во Сан Франциско (САД), 50 земји го изгласаа усвојувањето на Повелбата на Организацијата на обединетите нации. Целта на оваа организација беше „да го одржува меѓународниот мир и сигурност“. Постоеја многу сличности меѓу Лигата и ООН. Во една енциклопедија се вели: „На некои начини, ООН личеше на Лигата на народите, која беше основана по Првата светска војна... Многу од земјите што ги основаа ОН беа и меѓу основачите на Лигата. Исто како и Лигата, ОН беа основани за да го одржат мирот меѓу народите. Главните органи на ОН се многу слични на органите на Лигата“ (The World Book Encyclopedia). Значи, ОН претставуваат, всушност, повторно враќање на црвениот ѕвер. Со своите речиси 190 членки, оваа организација далеку го надминува бројот на членки на Лигата, кој изнесуваше 63. Освен тоа, таа презеде и поголеми одговорности од својот претходник.

      7. а) На кој начин жителите на Земјата му се восхитувале на црвениот ѕвер кога повторно го виделе? б) Што не успеале да постигнат ОН, и што рекол еден нивни поранешен генерален секретар во врска со тоа?

      7 Во почетокот се полагаа големи надежи во ОН. Со ова се исполнија следниве зборови на ангелот: „И ќе се восхитуваат оние што живеат на земјата, а чии имиња од настанувањето на светот не се запишани во свитокот на животот, кога ќе видат дека ѕверот кој беше, а потоа не беше, пак се појави“ (Откровение 17:8б). Жителите на Земјата ѝ се восхитуваа на оваа нова џиновска организација, која дејствува од своето велелепно седиште на Ист Ривер во Њујорк. Сепак, ОН не успеаја да донесат вистински мир и сигурност. Во поголемиот дел на 20-тиот век, светскиот мир беше одржуван само со помош на заканата од „заемно загарантирано уништување“, а трката во вооружување стануваше сѐ пожестока. Во 1985 година, по речиси 40-годишни напори на Обединетите нации, нивниот тогашен генерален секретар, Хавиер Перез де Куељар, се жалеше: „Повторно живееме во ера на фанатици, и не знаеме како да се справиме со тоа“.

      8, 9. а) Зошто Обединетите нации не можат да ги решат светските проблеми, и што ќе се случи наскоро со нив според она што го одлучил Бог? б) Зошто имињата на основачите на ООН и на оние што ѝ се восхитуваат не се запишани во Божјиот „свиток на животот“? в) Што ќе постигне Јеховиното Царство?

      8 Обединетите нации не можат да ги решат проблемите. Зошто? Затоа што оној кој ја оживеа оваа организација не е оној што му дава живот на човекот. Нејзиниот век ќе биде краток, бидејќи Бог одредил да ‚биде уништена‘. Имињата на основачите на ООН, како и на оние што ѝ се восхитуваат, не се запишани во Божјиот свиток на животот. Како воопшто и би можеле грешните, смртни луѓе, од кои мнозина го исмеваат Божјето име, да го постигнат преку Обединетите нации она што Јехова Бог изјавил дека самиот ќе го направи, но не преку луѓе, туку преку Царството на својот Христос? (Даниел 7:27; Откровение 11:15).

      9 Обединетите нации се, всушност, богохулна имитација на Божјето месијанско Царство во рацете на неговиот Кнез на Мирот, Исус Христос — на чија кнежевска власт ќе ѝ нема крај (Исаија 9:6, 7). Дури и да успеат да скрпат некој привремен мир, наскоро повторно ќе избувнат војни. Тоа е во природата на грешниот човек. Нивните „имиња од настанувањето на светот не се запишани во свитокот на животот“. Јеховиното Царство во рацете на Христос не само што ќе воспостави вечен мир на Земјата туку, на темел на Исусовата откупна жртва, ќе ги воскресне мртвите — праведните и неправедните кои се во Божјето сеќавање (Јован 5:28, 29; Дела 24:15). Во нив спаѓаат сите оние што останале цврсти и покрај нападите на Сатана и неговото потомство, како и други од кои ќе се очекува да покажат послушност во иднина. Јасно е дека во Божјиот свиток на животот никогаш нема да бидат запишани имињата на непопустливите приврзаници на Големиот Вавилон и на оние што продолжуваат да го обожаваат ѕверот (2. Мојсеева 32:33; Псалм 86:8-10; Јован 17:3; Откровение 16:2; 17:5).

      Мир и сигурност — залудна надеж

      10, 11. а) За што ја прогласија Обединетите нации 1986 година, и каква беше реакцијата? б) Колку „верски семејства“ се собраа во Асизи (Италија) за да се молат за мир, и дали Бог одговара на ваквите молитви? Објасни.

      10 Во обид да им ги подгреат надежите на луѓето, Обединетите нации ја прогласија 1986 година за „Меѓународна година на мирот“, со тема „Да се зачува мирот и иднината на човечкиот род“. Завојуваните народи беа повикани да го положат оружјето барем за една година. Како реагираа тие? Според еден извештај на Меѓународниот институт за мировни истражувања, само во таа 1986 година во војна беа убиени околу пет милиони војници! Иако беа пуштени во оптек посебни ковани пари и спомен-изданија на поштенски марки, таа година повеќето земји не се потрудија многу да го спроведат идеалот за мир. Но, религиите во светот, кои секогаш се желни да бидат во добри односи со ОН — почнаа на различни начини да ѝ даваат публицитет на оваа година. На 1 јануари 1986 година, папата Јован Павле II ја пофали работата на ОН и таа нова година му ја посвети на мирот. Освен тоа, на 27 октомври истата година, ги собра водачите на многу светски религии во Асизи (Италија) за да се молат за мир.

      11 Дали Бог одговара на таквите молитви за мир? Па, на кој Бог му се молеа тие верски водачи? Доколку би ги прашал, секоја група би дала поинаков одговор. Дали постои пантеон од милиони богови што можат да ги слушнат и да одговорат на молитвите што им се упатуваат на најразлични начини? Многу од учесниците на овој собир го обожаваат тројството на христијанскиот свет.c Будистите, хиндусите и многу други им пееја еднолични молитвени песни на безброј богови. Сѐ на сѐ, беа собрани 12 „верски семејства“, застапени од познати личности како што беше англиканскиот надбискуп од Кантербери, будистот Далај Лама, митрополитот на Руската православна црква, претседателот на шинтоистичкото здружение на Токио, анимисти од Африка и двајца американски индијанци со раскошни перјаници. Најблаго речено, ова беше доста шаренолико мноштво, многу соодветно за едно телевизиско шоу. Една група се молеше 12 часа без престан. (Спореди Лука 20:45-47.) Но, дали макар една од тие молитви стигна подалеку од дождовните облаци кои се надвиснуваа над тој собир? Не, и тоа од следниве причини.

      12. Зошто Бог не ги услишил молитвите за мир што му ги упатиле светските верски водачи?

      12 За разлика од оние што ‚одат во името на Јехова‘, ниту еден од пратениците на овие религии не му се молеше на Јехова, живиот Бог, чие име се појавува околу 7.000 пати во изворниот текст на Библијата (Михеј 4:5; Исаија 42:8, 12).d Како група, тие не му пристапија на Бог во името на Исус, а повеќето од нив воопшто и не веруваат во Исус Христос (Јован 14:13; 15:16). Ниту еден од нив не го врши она што е Божја волја денес — насекаде во светот да се објави дека Божјето Царство што доаѓа, а не Обединетите нации, е вистинска надеж за човештвото (Матеј 7:21-23; 24:14; Марко 13:10). Повеќето од тие верски организации беа вмешани во крвавите војни што се водеа во минатото, како и во двете светски војни во 20-тиот век. На таквите, Бог им вели: „Кажувате многу молитви, но јас не слушам — рацете ви се полни со крв“ (Исаија 1:15; 59:1-3).

      13. а) Зошто е значајно тоа што светските верски водачи се здружуваат со ОН и заедно повикуваат на мир? б) Пред кој крај, проречен од Бог, ќе бидат најгласни повиците за мир?

      13 Многу значајно е и тоа што верските водачи во светот токму во ова време се здружуваат со Обединетите нации и заедно повикуваат на мир. Ним им е многу важно да имаат влијание во ООН заради своја лична корист, особено денес кога мнозина од нивните верници ѝ свртуваат грб на религијата. Исто како неверните водачи во древниот Израел, и тие извикуваат: „‚Мир е! Мир е!‘ — а мир нема“ (Еремија 6:14). Нема сомнение дека овие повици за мир ќе продолжат и ќе стануваат сѐ погласни како што се приближува крајот за кој апостол Павле прорекол: „Јеховиниот ден доаѓа токму како крадец во ноќта. Кога ќе зборуваат: ‚Мир и сигурност!‘ — тогаш ненадејно ќе ги снајде уништување како што ја снаоѓаат родилни болки бремена жена, и нема да побегнат“ (1. Солуњаните 5:2, 3).

      14. Како би можел да се исполни повикот за „Мир и сигурност!“, и како можеме да избегнеме да бидеме излажани од него?

      14 Во последниве години, политичарите го користеа изразот „мир и сигурност“ за да опишат различни човечки замисли. Дали ваквите напори на светските лидери го означуваат почетокот на исполнувањето на 1. Солуњаните 5:3? Или, пак, Павле зборувал за некој конкретен настан кој ќе биде со толку големи размери што ќе го привлече вниманието на целиот свет? Бидејќи пророштвата од Библијата обично се разбираат дури откако ќе се исполнат или додека тече нивното исполнување, ќе мора да чекаме и да видиме. Во меѓувреме, христијаните знаат дека, сеедно каков мир и сигурност ќе се чини дека постигнале народите, во суштина ништо нема да биде променето. Сѐ уште ќе постојат себичност, омраза, криминал, распад на семејствата, неморал, болести, тага и смрт. Затоа никаков повик за „мир и сигурност“ не мора да те излаже тебе ако го разбираш значењето на светските настани и ако ги послушаш пророчките предупредувања од Божјата реч (Марко 13:32-37; Лука 21:34-36).

      [Фусноти]

      a Џ. Ф. Ратерфорд почина на 8 јануари 1942 година, а по него Н. Х. Нор стана претседател на Watch Tower Society.

      b На 20 ноември 1940 година, Германија, Италија, Јапонија и Унгарија го потпишаа основањето на една „нова Лига на народите“. Четири дена подоцна следеше радиопренос од мисата и молитвата за мир меѓу религиите и за нов поредок, која се одржа во Ватикан. Таа „нова Лига“ никогаш не профункционира.

      c Идејата за тројство, односно за Света Троица, потекнува од древниот Вавилон, каде што богот-сонце Шамаш, богот-месечина Син, и божицата на ѕвездите Иштар биле обожавани како тријада од богови. Египќаните го следеле овој пример, и ги обожавале Озирис, Изис и Хор. Главниот бог на Асирците, Асур, е прикажан со три глави. Слично на ова, во католичките цркви се наоѓаат кипови на Бог со три глави.

      d Еден речник од 1993 година ја дава следнава дефиниција за Јехова Бог: „Врховното и единствено Божество кое го признаваат и обожаваат Јеховините сведоци“ (Webster’s Third New International Dictionary).

      [Рамка на страница 250]

      „Мир“ — парадокс

      Иако ООН ја прогласи 1986 за Меѓународна година на мирот, самоубиствената трка во вооружување се засили. Публикацијата Светските воени и социјални издатоци за 1986 година (World Military and Social Expenditures 1986) ги наведува следниве отрезнувачки детали:

      Во 1986 година, во светот беа потрошени 900 милијарди долари за вооружување.

      Парите што за еден час беа потрошени за вооружување ќе беа доволни да се вакцинираат 3,5-те милиони лица што умреа таа година од заразни болести кои можат да се спречат.

      Насекаде во светот, секој петти човек живееше во крајна сиромаштија. Сите овие гладни луѓе ќе можеа да јадат цела година со парите што светот ги потроши на оружје за само два дена.

      Експлозивната енергија на нуклеарното оружје складирано во светот беше за 160.000.000 пати поголема од енергијата на експлозијата во Чернобил.

      Можеше да се фрли нуклеарна бомба која имаше 500 пати поголема разорна моќ од бомбата фрлена врз Хирошима во 1945 година.

      Нуклеарниот арсенал имаше разорна моќ која одговараше на повеќе од еден милион бомби како онаа што беше фрлена врз Хирошима. Таа моќ е за 2.700 пати поголема од експлозивната енергија која беше ослободена во Втората светска војна, кога загинаа 38 милиони луѓе.

      Војните станаа сѐ почести и сѐ посмртоносни. Во 18-тиот век во војна загинале 4,4 милиони луѓе, во 19-тиот век загинале 8,3 милиони, а во првите 86 години од 20-тиот век загинаа 98,8 милиони луѓе. Од 18-тиот век наваму, бројот на жртвите во војните расте за шест пати побрзо од бројот на светското население. Во просек, во 20-тиот век имаше десет пати повеќе жртви во војни отколку во 19-тиот век.

      [Слики на страница 247]

      Како што било проречено за црвениот ѕвер, Лигата на народите падна во бездна за време на Втората светска војна, но повторно оживеа под името Обединети нации

      [Слики на страница 249]

      Со цел да ја поддржат „Годината на мирот“, прогласена од ООН, во Асизи (Италија), претставници на светските религии упатија цел куп молитви на разни јазици, но ниту еден од нив не му се молеше на живиот Бог, Јехова

  • Погубување на Големиот Вавилон
    Откровение — близу е величествената завршница!
    • Поглавје 35

      Погубување на Големиот Вавилон

      1. Како ангелот го опишува црвениот ѕвер, и каква мудрост ни е потребна за да ги разбереме симболите од Откровението?

      АНГЕЛОТ продолжува да му го опишува на Јован црвениот ѕвер од Откровение 17:3 со следниве зборови: „За ова е потребно разум и мудрост: Седумте глави претставуваат седум гори врз кои седи жената. Тие претставуваат и седум цареви: петмина паднаа, еден владее, а другиот уште не дошол, но кога ќе дојде, ќе остане кратко време“ (Откровение 17:9, 10). Ангелот овде ја посредува мудроста одозгора, единствената мудрост што може да ни помогне да ги разбереме симболите од Откровението (Јаков 3:17). Оваа мудрост им помага на класата на Јован и на нејзините придружници да сфатат колку е значајно времето во кое живееме. Таа им помага и на луѓето со богобојазливи срца да ги разберат Јеховините осуди, кои треба да бидат извршени сега, и всадува во нив здрав страв од Јехова. Во Изреки 9:10 се вели: „Стравот од Јехова е првото нешто кое е потребно за да се стекне мудрост, а знаењето за Најсветиот донесува разборитост“. Што ни открива Божјата мудрост во врска со ѕверот?

      2. Што претставуваат седумте глави на црвениот ѕвер, и во која смисла ‚петмина паднале, еден владее‘?

      2 Седумте глави на овој див ѕвер претставуваат седум „гори“, односно планини, или седум „цареви“. Овие зборови во Библијата се однесуваат на влади (Еремија 51:24, 25; Даниел 2:34, 35, 44, 45). Во неа се спомнати шест светски сили кои имале влијание врз животот на Божјиот народ: Египет, Асирија, Вавилон, Медо-Персија, Грција и Рим. До времето кога Јован го добил Откровението, пет од овие влади веќе дошле и поминале, а Рим сѐ уште бил голема светска сила. Ова е во извонредна согласност со зборовите: „Петмина паднаа, еден владее“. Но, што е со „другиот“ кој треба да дојде?

      3. а) Како било поделено Римското Царство? б) Што се случувало на Запад? в) Што претставувало, всушност, Светото Римско Царство?

      3 Римското Царство постоело, па дури и се ширело, уште неколку стотини години по смртта на Јован. Во 330 год. од н.е., императорот Константин ја преместил својата престолнина од Рим во Визант, на кој му дал ново име — Константинопол. Во 395 год. од н.е., Римското Царство било поделено на Источно и Западно Царство. Во 410 год. од н.е., Рим бил освоен од Аларик, цар на Визиготите (германско племе кое се преобратило на ариевскиот облик на „христијанство“). Германски племиња (исто така „христијански“) ја освоиле Шпанија и голем дел од римската територија во северна Африка. Потоа во Европа следеле векови на преврати, немири и промени. На Запад дошле на власт познати цареви, како Карло Велики, кој во 9 век склучил сојуз со папата Лав III, и Фридрих II, кој владеел во 13 век. Но, подрачјето на кое тие владееле — иако било наречено Свето Римско Царство — било многу помало од некогашното Римско Царство кога тоа било во зенитот на својата моќ. Повеќе се работело за еден вид обновување или продолжение на таа древна сила отколку за ново царство.

      4. Какви успеси имало Источното Царство, но што се случило со поголемиот дел од подрачјето на древниот Рим во северна Африка, Шпанија и Сирија?

      4 Меѓу Источното Римско Царство, со престолнина во Константинопол, и Западното Царство постоеле прилично напнати односи. Во шестиот век, Јустинијан I, цар на Источното Царство, успеал да поврати голем дел од северна Африка, а продрел и во Шпанија и Италија. Во седмиот век, Јустинијан II повторно ги зазел подрачјата од Македонија што претходно биле освоени од словенските племиња. Но, до осмиот век, поголемиот дел од поранешното подрачје на древниот Рим во северна Африка, Шпанија и Сирија паднал под власта на новото исламско царство, и на тој начин бил изгубен и за Константинопол и за Рим.

      5. Иако градот Рим бил освоен во 410 год. од н.е., зошто поминале многу векови пред сите политички траги од Римското Царство да ги снема од светската сцена?

      5 Самиот Константинопол се одржал малку подолго. Им одолевал на честите напади на Персијците, Арапите, Бугарите и Русите сѐ до 1203 година, кога конечно бил освоен — но не од муслиманите, туку од крстоносците кои дошле од Запад. Сепак, во 1453 година, бил покорен од муслиманскиот отомански владетел Мехмед II, и наскоро станал престолнина на Отоманското, односно Турското Царство. На тој начин, иако градот Рим бил освоен во 410 год. од н.е., поминале уште многу векови додека сите политички траги од Римското Царство не биле отстранети од светската сцена. Дури и тогаш, неговото влијание можело сѐ уште да се почувствува во религиозните држави поддржани од папството на Рим и од Источните православни цркви.

      6. Кои нови царства се појавиле, и кое од нив било најуспешно?

      6 Меѓутоа, до 15-тиот век, на некои подрачја почнале да никнуваат сосем нови царства. Иако некои од нив се наоѓале на подрачјето на некогашните римски колонии, овие царства не биле само продолжение на Римското Царство. Португалија, Шпанија, Франција и Холандија станале колонијални сили. Но, најуспешна од сите била Британија, која владеела со огромно царство во кое ‚сонцето никогаш не заоѓало‘. Во различни периоди таа опфаќала големи делови од Северна Америка, Африка, Индија и Југоисточна Азија, како и од јужнопацифичките области.

      7. Како настанала една двојна светска сила, и колку долго рекол Јован дека ќе постои таа седма ‚глава‘, или светска сила?

      7 До 19 век, некои од колониите во Северна Америка веќе се отцепиле од Британија и ги основале независните Соединети Американски Држави. Политичките судири меѓу новата нација и поранешната татковина продолжиле. Меѓутоа, Првата светска војна ги принуди и двете земји да увидат дека имаат заеднички интереси, и тие го зацврстија својот посебен однос. На тој начин настана еден вид двојна светска сила, која се состои од Соединетите Американски Држави, сега најбогатата земја во светот, и од Велика Британија, седиште на најголемото царство на светот. Значи, тоа е седмата ‚глава‘, или светска сила која постои во времето на крајот и се наоѓа на подрачјето на кое за првпат пуштија корен денешните Сведоци на Јехова. Во споредба со долгото владеење на шестата глава, седмата останува само „кратко време“, сѐ додека Божјето Царство не им стави крај на сите одделни држави.

      Зошто е наречен осми цар?

      8, 9. Како го нарекува ангелот симболичниот црвен ѕвер, и во која смисла ѕверот потекнува од седуммината?

      8 Ангелот продолжува да му објаснува на Јован: „А ѕверот кој беше, но повеќе не е, е осми цар, но потекнува од оние седуммина, и ќе биде уништен“ (Откровение 17:11). Симболичниот црвен ѕвер „потекнува“ од седумте глави. Тоа значи дека им го должи своето постоење на главите на првиот ‚ѕвер што излегува од морето‘, според чиј лик бил направен. Во која смисла? Па, во 1919 година англо-американската сила беше главата која веќе беше во подем. Претходните шест глави беа паднати, и сега оваа двојна глава заземаше положба на водечка светска сила. Како денешен претставник на низата од светски сили, оваа седма глава беше иницијатор за основањето на Лигата на народите, и до ден-денес се залага за Обединетите нации повеќе од сите други, а им дава и најголема финансиска поддршка. Така, на симболичен начин, црвениот ѕвер — осмиот цар — „потекнува“ од првобитните седум глави. Гледано од овој аспект, изјавата дека потекнува од седумте глави е во согласност со претходното откровение во кое видовме дека ѕверот што има два рога како јагне (односно англо-американската светска сила, седмата глава на првиот ѕвер) ги натера луѓето да направат кип и му вдахна живот (Откровение 13:1, 11, 14, 15).

      9 Освен тоа, меѓу првите членки на Лигата на народите беа, заедно со Велика Британија, и земји чие седиште се престолнините на некои од претходните глави, како што се Грција, Иран (Персија) и Италија (Рим). На крајот, земјите што денес лежат на територијата која порано им припаѓала на првите шест светски сили станаа членки на кипот на ѕверот и му ја даваат својата поддршка. И во оваа смисла може да се каже дека овој црвен ѕвер потекнува од седумте светски сили.

      10. а) Зошто за црвениот ѕвер може да се каже дека „е осми цар“? б) Како еден лидер на поранешниот Советски Сојуз покажал дека ги поддржува Обединетите нации?

      10 Забележи дека самиот црвен ѕвер „е осми цар“. Значи, замислата е Организацијата на обединетите нации да има улога слична на една светска влада. Понекогаш таа и дејствува како влада, така што испраќа војски на фронтот за да разреши меѓународни спорови, како што беа оние во Кореја, на Синајскиот Полуостров, во некои африкански земји и во Либан. Но, овој ѕвер е само кип на цар. Исто како некој кип на светец, тој всушност има само толкаво влијание или моќ колку што ќе му дадат оние што го направиле и што го обожаваат. На моменти, овој симболичен ѕвер се чини немоќен; но никогаш не беше напуштен целосно како што беше напуштена Лигата на народите, која беше турната во бездна на поттик на диктаторски ориентираните членки (Откровение 17:8). Еден истакнат лидер на поранешниот Советски Сојуз, кој инаку имаше сосема спротивни гледишта по други прашања, во 1987 година им се придружи на римските папи изразувајќи ја својата поддршка на ОН. Тој дури повика ОН да воспостават „сеопфатен систем на меѓународна безбедност“. Како што наскоро ќе дознае Јован, ќе дојде време кога на Обединетите нации ќе им биде дадена прилично голема власт. А потоа ќе ‚бидат уништени‘.

      Десет цареви за еден час

      11. Што кажува Јеховиниот ангел во врска со десетте рогови на симболичниот црвен ѕвер?

      11 Во претходното поглавје од Откровението, шестиот и седмиот ангел ги излеаја садовите на Божјиот гнев. Ни беше кажано и дека царевите од целиот свет се собираат за Божјата војна Армагедон, и дека ‚Бог ќе се сети на Големиот Вавилон‘ (Откровение 16:1, 14, 19). Сега ќе дознаеме повеќе поединости за тоа како ќе бидат извршени Божјите судови. Слушај што му кажува Јеховиниот ангел на Јован: „Десетте рогови што ги виде претставуваат десет цареви, кои уште не примиле царство, но ќе примат власт како цареви за еден час заедно со ѕверот. Тие имаат иста замисла, па затоа својата моќ и власт му ја даваат на ѕверот. Тие ќе се борат против Јагнето, но Јагнето ќе ги победи, бидејќи е Господар над господарите и Цар над царевите, а ќе ги победат и оние што со него се повикани и избрани и верни“ (Откровение 17:12-14).

      12. а) Што претставуваат десетте рогови? б) Во која смисла симболичните десет рогови „уште не примиле царство“? в) Во кој поглед симболичните десет рогови имаат „царство“ сега, и колку долго ќе владеат?

      12 Десетте рогови ги претставуваат сите политички сили што моментално владеат на светската сцена и го поддржуваат кипот на ѕверот. Во времето на Јован постоеле само неколку од земјите што постојат сега, а оние што постоеле, како, на пример, Египет и Персија (Иран), денес имаат сосем поинакво политичко уредување. Според тоа, во првиот век ‚десетте рогови сѐ уште не примиле царство‘. Но сега, во денот на Господарот, тие имаат „царство“, односно политичка власт. Со падот на големите колонијални царства, практично откако заврши Втората светска војна, беа создадени многу нови држави. Овие, заедно со земјите што постојат веќе подолго време, мора да владеат истовремено со ѕверот, но кратко — само „еден час“ — пред Јехова да им стави крај на сите светски политички влади во Армагедон.

      13. Во која смисла десетте рогови имаат „една мисла“, и каков став кон Јагнето покажуваат со тоа?

      13 Денес, национализмот е една од најголемите сили што ги мотивира овие десет рогови. Тие имаат „иста замисла“ во тој поглед што сакаат да ја задржат својата национална независност наместо да го прифатат Божјето Царство. Токму затоа и станаа членки прво на Лигата на народите, а потоа и на Организацијата на обединетите нации — да го зачуваат мирот во светот, и на тој начин да си го осигураат своето сопствено постоење. Таквиот став е и причина зошто роговите ќе му се спротивстават на Јагнето, кое е „Господар над господарите и Цар над царевите“, бидејќи Јехова има намера неговото Царство, во рацете на Исус Христос, наскоро да ги замени сите овие царства (Даниел 7:13, 14; Матеј 24:30; 25:31-33, 46).

      14. Како можат владетелите на светот да се борат со Јагнето, и каков ќе биде исходот?

      14 Се разбира, светските владетели не можат да направат ништо против самиот Исус. Тој е на небото, далеку од нивниот дофат. Но, Исусовите браќа, преостанатите од потомството на жената, сѐ уште се на Земјата и навидум изгледаат ранливи (Откровение 12:17). Многу од роговите веќе покажале жестоко непријателство кон нив, и на тој начин се бореле со Јагнето (Матеј 25:40, 45). Но, наскоро ќе дојде време кога Божјето Царство ќе ги „сотре и ќе ги уништи сите други царства“ (Даниел 2:44). Како што ќе видиме, тогаш царевите на целиот свет ќе ја поведат својата последна битка против Јагнето (Откровение 19:11-21). Сепак, одовде дознаваме дека народите нема да имаат успех. Иако имаат „иста замисла“ со црвениот ѕвер, кој ги претставува ОН, тие не можат да го победат „Господарот над господарите и Царот над царевите“, ниту, пак, можат да ги победат „оние што со него се повикани и избрани и верни“, меѓу кои спаѓаат и неговите помазани следбеници кои сѐ уште се на Земјата. Овие помазаници исто така ќе победат со тоа што ќе останат верни и ќе ги побијат дрските обвиненија на Сатана (Римјаните 8:37-39; Откровение 12:10, 11).

      Опустошување на блудницата

      15. Што рекол ангелот за блудницата, како и за ставот што ќе го имаат и за начинот на кој ќе постапат со неа десетте рогови и ѕверот?

      15 Десетте рогови не го мразат само Божјиот народ. Ангелот сега повторно му го свртува вниманието на Јован на блудницата: „И ми рече: ‚Водите што ги виде, на кои седи блудницата, претставуваат луѓе и мноштва и народи и јазици. А десетте рогови што ги виде, и ѕверот — тие ќе ја замразат блудницата и ќе ја опустошат и ќе ја разголат. И ќе го изедат нејзиното месо и ќе ја изгорат со оган‘“ (Откровение 17:15, 16).

      16. Зошто Големиот Вавилон нема да може да очекува заштита од своите „води“ кога политичките влади ќе се свртат против него?

      16 Исто како што древниот Вавилон се потпирал на своите води за одбрана така и Големиот Вавилон денес се потпира на своите многубројни приврзаници од „луѓе и мноштва и народи и јазици“. Не случајно ангелот ни го свртува вниманието на нив пред да извести за еден шокантен настан: Политичките влади на овој свет брутално ќе го нападнат Големиот Вавилон. Што ќе прават тогаш сите овие „луѓе и мноштва и народи и јазици“? Божјиот народ веќе го предупредува Големиот Вавилон дека водата во реката Еуфрат наскоро ќе пресуши (Откровение 16:12). На крајот, таа вода потполно ќе ја снема. Кога најмногу ќе ѝ бидат потребни на одвратната стара блудница, симболичните „води“ нема да ѝ обезбедат никаква заштита (Исаија 44:27; Еремија 50:38; 51:36, 37).

      17. а) Зошто богатството нема да го спаси Големиот Вавилон? б) Во која смисла крајот на Големиот Вавилон воопшто нема да биде достоинствен? в) Кој друг ќе има удел во уништувањето на Големиот Вавилон освен десетте рогови, кои ги претставуваат одделните држави?

      17 Неизмерното материјално богатство нема да го спаси Големиот Вавилон. Напротив, може дури и да го забрза неговото уништување бидејќи, според видението, кога ѕверот и десетте рогови ќе ја излеат својата омраза врз блудницата, тие ќе ѝ ја соблечат царската облека и ќе ѝ го грабнат целиот накит. Ќе го опљачкаат нејзиното богатство. „Ќе ја разголат“, односно, на нејзин срам, ќе разоткријат каква навистина е таа. Какво страшно опустошување! А нејзиниот крај нема да биде ништо подостоинствен. Тие ќе ја уништат и „ќе го изедат нејзиното месо“, оставајќи само безживотен костур. На крајот, „ќе ја изгорат со оган“. Ќе ја запалат како да е заболена од чума, и нема да ја удостојат ни со пристоен погреб! Оваа голема блудница нема да биде уништена само од државите што се претставени со десетте рогови. Ѕверот, односно самите Обединети нации ќе имаат удел во нејзиното уништување. Тие ќе дадат одобрување да биде уништена лажната религија. Со начинот на кој гласаат, голем број од повеќе од 190-те земји-членки на ОН веќе го покажале своето непријателство кон религијата, а особено кон христијанскиот свет.

      18. а) Што покажува дека е сосема можно народите да се свртат против вавилонската религија? б) Која е главната причина за последниот напад врз големата блудница?

      18 Зошто државите ќе постапат толку насилно со својата поранешна љубовница? Во последно време, имавме можност да се увериме дека е сосема можно тие наеднаш да се свртат против вавилонската религија. Непријателското држење на владите значително го ослабна влијанието на религијата во земји како што се поранешниот Советски Сојуз и Кина. Во протестантските делови на Европа, црквите се празнат поради раширената рамнодушност и сомневања, и таму религијата практично е мртва. Огромното католичко царство е поделено со побуни и расправии, кои неговите водачи не можат да ги смират. Но, сепак, не смееме да заборавиме дека овој последен, уништувачки напад врз Големиот Вавилон е израз на неотповикливиот суд што Бог го изрекол над големата блудница.

      Ќе ја извршат Божјата замисла

      19. а) Како извршувањето на Јеховиниот суд над големата блудница е предочен со неговиот суд над отпадничкиот Ерусалим во 607 год. пр.н.е.? б) На што е претслика за нашево време опустошениот и ненаселен Ерусалим, кој се нашол во ваква состојба по 607 год. пр.н.е.?

      19 Како Јехова ќе го изврши овој суд? Еден пример за ова е начинот на кој Јехова постапил со својот отпаднички народ во древни времиња за кого рекол: „Кај пророците на Ерусалим видов грозни работи. Вршат прељуба и кажуваат лага. Ги поддржуваат злосторниците, па ниту еден од нив не се одвраќа од својата злоба. Сите тие ми станаа како Содом, а неговите жители како Гомор“ (Еремија 23:14). Во 607 год. пр.н.е., Јехова го искористил Навуходоносор да ‚му ги слече облеките, да му го земе сето она со кое се украсува, и да го остави гол и разголен‘ тој град што вршел духовна прељуба (Езекиел 23:4, 26, 29). Тогашниот Ерусалим е претслика за денешниот христијански свет и, како што Јован виде во претходните виденија, на сличен начин Јехова ќе ги казни христијанскиот свет и преостанатиот дел од лажната религија. Опустошениот и ненаселен Ерусалим по 607 год. пр.н.е. е пример за тоа како ќе изгледа христијанскиот свет откако ќе му биде одземено сето богатство и откако ќе биде разоткриен неговиот срам. Останатиот дел од Големиот Вавилон нема да си помине ништо подобро.

      20. а) Како Јован покажува дека Јехова повторно ќе ги искористи човечките владетели за да го извршат неговиот суд? б) Што е Божјата „замисла“? в) Во која смисла народите ќе ја извршат својата „заедничка замисла“, но чија замисла, всушност, ќе биде извршена?

      20 Јехова повторно ќе искористи човечки водачи за да ја изврши својата осуда. „Зашто, Бог им стави во срцата да ја извршат неговата замисла, односно да ја извршат својата заедничка замисла, да му го предадат своето царство на ѕверот додека не се исполнат Божјите зборови“ (Откровение 17:17). Што е Божјата „замисла“? Да ги поттикне погубителите на Големиот Вавилон да се здружат со цел потполно да го уништат. Се разбира, кога владетелите ќе го нападнат, намерата ќе им биде да ја извршат својата „заедничка замисла“. Тие ќе мислат дека е во интерес на нивните земји да се свртат против големата блудница. Можеби ќе сметаат дека натамошното постоење на организирана религија во нивната земја им ја загрозува сувереноста. Но, всушност, Јехова е тој што ќе ги води работите. Тие ќе ја извршат неговата замисла со тоа што со еден удар ќе ѝ стават крај на оваа прастара, прељубничка непријателка! (Спореди Еремија 7:8-11, 34.)

      21. Што најверојатно ќе направат државите со Обединетите нации со оглед на тоа што црвениот ѕвер од видението ќе биде искористен за да го уништи Големиот Вавилон?

      21 Да, државите ќе го искористат црвениот ѕвер, Организацијата на обединетите нации, за да го уништат Големиот Вавилон. Тие нема да дејствуваат по своја сопствена иницијатива, туку Јехова ќе им стави во срцата „да ја извршат својата заедничка замисла, да му го предадат своето царство на ѕверот“. Кога ќе дојде време, државите очигледно ќе сфатат дека треба да им дадат поголеми овластувања на Обединетите нации. Ќе им стават заби, така да се каже, и ќе им ја дадат сета потребна моќ и власт што самите ја имаат за ОН да ја нападнат лажната религија и успешно да се борат со неа „додека не се исполнат Божјите зборови“. Така, на таа стара блудница конечно ќе ѝ дојде крајот. И навистина си го заслужи!

      22. а) На што укажува начинот на кој ангелот го заклучува своето сведоштво во Откровение 17:18? б) Како реагираат Јеховините сведоци на откривањето на оваа тајна?

      22 За да нагласи колку е сигурно Јеховиното извршување на осудата над светското царство на лажната религија, ангелот го заклучува своето сведоштво со следниве зборови: „А жената што ја виде го претставува големиот град, кој царува над земните цареви“ (Откровение 17:18). Исто како Вавилон во времето на Валтазар, Големиот Вавилон бил ‚измерен на вага и се нашол премногу лесен‘ (Даниел 5:27). Неговото погубување ќе биде брзо и конечно. Како реагираат Јеховините сведоци на откривањето на тајната за големата блудница и за црвениот ѕвер? Тие со ревност го објавуваат Јеховиниот ден на суд, додека им одговараат со пријатни зборови на оние што искрено ја бараат вистината (Колошаните 4:5, 6; Откровение 17:3, 7). Како што ќе покаже и следното поглавје, сите што сакаат да преживеат кога ќе биде погубена големата блудница мора да сторат нешто, и тоа веднаш!

      [Слики на страница 252]

      Редослед на седумте светски сили

      ЕГИПЕТ

      АСИРИЈА

      ВАВИЛОН

      МЕДО-ПЕРСИЈА

      ГРЦИЈА

      РИМ

      АНГЛО-АМЕРИКА

      [Слики на страница 254]

      „[Тој] е осми цар“

      [Слика на страница 255]

      Тие му го свртуваат грбот на Јагнето, па „својата моќ и власт му ја даваат на ѕверот“

      [Слика на страница 257]

      Христијанскиот свет, кој е главен дел од Големиот Вавилон, ќе биде потполно опустошен исто како што бил опустошен древниот Ерусалим

  • Големиот град е запустен
    Откровение — близу е величествената завршница!
    • Поглавје 36

      Големиот град е запустен

      Видение 12 — Откровение 18:1—19:10

      Тема: Падот и уништувањето на Големиот Вавилон; најавена е свадбата на Јагнето

      Кога се исполнува: Од 1919 година до времето по големата неволја

      1. Кој настан ќе го означи почетокот на големата неволја?

      НЕНАДЕЕН, страшен, разорен — таков крај го чека Големиот Вавилон! Ова ќе биде еден од најкатастрофалните настани во целата историја и ќе го означи почетокот на една „голема неволја каква што немало од почетокот на светот до сега, ниту повеќе ќе има“ (Матеј 24:21).

      2. Иако политичките царства се појавувале и пропаѓале, кое царство ги надживеало сите нив?

      2 Лажната религија постои веќе доста долго време. Постои без прекин уште од времето на крволочниот Нимрод, кој му се противел на Јехова и ги поттикнал луѓето да ја градат Вавилонската кула. Кога Јехова ги побркал јазиците на тие бунтовници и ги распрснал по целата Земја, тие со себе ја понеле и вавилонската лажна религија (1. Мојсеева 10:8-10; 11:4-9). Оттогаш наваму, политичките царства се појавувале и пропаѓале, но вавилонската религија ги надживеала сите нив. Таа постоела во многу облици и прераснала во едно светско царство на лажната религија — проречениот Голем Вавилон. Неговиот главен дел е христијанскиот свет, кој настанал кога се соединиле старовавилонските учења со отпадничките „христијански“ доктрини. Бидејќи Големиот Вавилон има многу, многу долга историја, мнозина не можат да веруваат дека некогаш ќе биде уништен.

      3. Како Откровението ја потврдува пропаста на лажната религија?

      3 Затоа е на место пропаста на лажната религија да биде потврдена во Откровението со два детални описа на нејзиниот пад и на настаните што ќе следат веднаш потоа и ќе водат до нејзиното целосно запустување. Веќе ја видовме во улога на ‚голема блудница‘ која на крајот ја опустошуваат нејзините поранешни љубовници од светот на политиката (Откровение 17:1, 15, 16). Сега, во едно друго видение, таа е претставена како град, религиозен двојник на древниот Вавилон.

      Големиот Вавилон паѓа

      4. а) Кое видение го гледа Јован сега? б) Од каде можеме да дознаеме кој е ангелот, и зошто е на место токму тој да го објави падот на Големиот Вавилон?

      4 Јован продолжува: „Потоа видов како од небото слегува еден друг ангел, кој имаше голема власт, и целата земја светна од неговата слава. И извика со силен глас: ‚Падна, падна блудницата Големиот Вавилон‘“ (Откровение 18:1, 2а). Јован по вторпат ја слуша истата објава од ангелот. (Види Откровение 14:8.) Но, овој пат, нејзината важност е нагласена со величествениот изглед на небесниот ангел, бидејќи целата Земја светнува од неговата слава! Кој може да биде тој? Со векови пред тоа, кога зборувал за едно небесно видение, пророкот Езекиел изјавил дека ‚земјата блеснала од [Јеховината] слава‘ (Езекиел 43:2). Единствениот ангел што би можел да блесне со слава слична на Јеховината е Господарот Исус, кој е „одраз на [Божјата] слава и точна слика на неговото битие“ (Евреите 1:3). Во 1914 година, Исус се зацарил на небото и оттогаш има власт над Земјата како Судија и Цар што владее заедно со Јехова. Затоа, навистина одговара токму тој да го објави падот на Големиот Вавилон.

      5. а) Кого го користи ангелот за да го објави падот на Големиот Вавилон? б) Како си поминал христијанскиот свет кога започнал судот над оние што тврделе дека се ‚дом Божји‘?

      5 Кого го користи овој ангел, кој има толку голема власт, за да им ја објави таа прекрасна вест на луѓето? Ги користи истите лица што беа ослободени по тој пад — преостанатите помазаници на Земјата, односно класата на Јован. Од 1914 до 1918 година, тие пострадале многу од рацете на Големиот Вавилон, но во 1918 година Господарот Јехова и неговиот „гласник... на сојузот [со Авраам]“, Исус Христос, почнале да му судат на „домот Божји“, односно на оние што се изјаснувале како христијани. Така отпадничкиот христијански свет бил изведен на суд (Малахија 3:1; 1. Петрово 4:17). Огромната вина за крв што си ја навлече во Првата светска војна, соучеството во прогонувањето на Јеховините верни сведоци, како и неговите вавилонски верувања не го спасија во тоа време на суд. А Божјата милост не ја заслужува ниту еден друг дел од Големиот Вавилон. (Спореди Исаија 13:1-9.)

      6. Зошто може да се каже дека Големиот Вавилон веќе бил паднат во 1919 година?

      6 Значи, во 1919 година Големиот Вавилон веќе беше паднат и така се отвори патот за Божјиот народ да биде ослободен — како за еден ден — и вратен во својата земја на духовна благосостојба (Исаија 66:8). До таа година, Јехова Бог и Исус Христос — поголемиот Дариј и поголемиот Кир — ги воделе работите на тој начин што лажната религија повеќе не можела да го задржи Јеховиниот народ во ропство. Повеќе не можела да ги спречи да му служат на Јехова и да им објават на сите што сакаат да слушнат дека тој развратен Голем Вавилон е осуден на пропаст и дека е дојдено времето да се оправда Јеховиното право да владее! (Исаија 45:1-4; Даниел 5:30, 31).

      7. а) Иако Големиот Вавилон не бил уништен во 1919 година, како Јехова гледал на него? б) Што се случило со Јеховиниот народ кога Големиот Вавилон паднал во 1919 година?

      7 Точно, Големиот Вавилон не беше уништен во 1919 година — исто како што и древниот град Вавилон не бил уништен во 539 год. пр.н.е. кога бил освоен од војските на Кир Персиски. Но, во Јеховини очи, оваа организација доживеала пад. Ѝ била изречена пресуда и таа чекала да биде погубена; затоа повеќе не можела да го задржи Јеховиниот народ во ропство. (Спореди Лука 9:59, 60.) Тој народ бил ослободен за да служи како верен и разборит роб на Господарот и да дава духовна храна во вистинско време. „Одлично!“ — му рекол Господарот и му дал задача ревносно да се зафати со Јеховиното дело (Матеј 24:45-47; 25:21, 23; Дела 1:8).

      8. Кој настан го објавил стражарот од Исаија 21:8, 9, и кого го претставува овој стражар денес?

      8 Неколку илјади години пред тоа, Јехова употребил други пророци да го претскажат овој епохален настан. Исаија зборувал за еден стражар кој ‚се огласил како лав: „На стражарската кула, о Јехова, непрестајно стојам дење, на своето стражарско место стојам по цела ноќ“‘. Кој настан го видел тој стражар и го објавил со лавовска смелост? Токму овој: „Падна! Падна Вавилон! [Јехова] ги разби од земја сите режани ликови на неговите богови!“ (Исаија 21:8, 9). Овој стражар добро ја претставува будната класа на Јован денес, која го користи списанието Стражарска кула и други теократски публикации за да ја објави насекаде веста за падот на Вавилон.

      Пропаѓањето на Големиот Вавилон

      9, 10. а) Како опаднало влијанието на вавилонската религија од Првата светска војна наваму? б) Како силниот ангел ја опишува паднатата состојба на Големиот Вавилон?

      9 Падот на древниот Вавилон во 539 год. пр.н.е. го означил почетокот на долгото пропаѓање што на крајот завршило со негово потполно опустошување. Слично на ова, од Првата светска војна наваму, влијанието што го има вавилонската религија значително опадна низ целиот свет. Во Јапонија, по Втората светска војна беше забрането шинтоистичкото обожавање на императорот. Во Кина, комунистичката влада ги контролира сите верски служби и дејности. Во протестантска северна Европа повеќето луѓе се рамнодушни кон религијата. А Римокатоличката црква во последно време слабее од расколи и внатрешни несогласувања, и тоа секаде каде што има верници. (Спореди Марко 3:24-26.)

      10 Без сомнение, сите овие последици се дел од ‚исушувањето на реката Еуфрат‘ во склоп на подготовките за претстојниот воен напад врз Големиот Вавилон. Ова ‚исушување‘ беше очигледно и во една изјава на папата во октомври 1986 година. Тој рече дека Црквата „повторно мора да проси“ поради огромниот недостиг на средства (Откровение 16:12). Особено од 1919 година наваму, јавноста јасно можеше да види дека Големиот Вавилон, всушност, е духовна пустелија, во согласност со зборовите што сега ги кажува силниот ангел: „И стана живеалиште на демони, извор на секаква нечиста смрдеа и скривалиште на сите нечисти и омразни птици!“ (Откровение 18:2б). Наскоро и дословно ќе биде запустен, исто како што се запустени урнатините на Вавилон во денешен Ирак. (Види и Еремија 50:25-28.)

      11. Во која смисла Големиот Вавилон станал „живеалиште на демони“ и ‚извор на нечиста смрдеа и скривалиште на нечисти птици‘?

      11 Зборот „демони“ кој се користи овде најверојатно го има истото значење што го има изразот „демони со јарешки лик“ (сиирим), кој го користи Исаија во својот опис на паднатиот Вавилон: „Таму ќе пладнуваат животни што живеат во безводен крај, бувови ќе ги населат куќите на некогашните негови жители. Ноеви ќе живеат таму, демони со јарешки лик ќе потскокнуваат таму“ (Исаија 13:21). Најверојатно овој збор не означува вистински демони, туку рунтави, пустински животни кои ги потсетувале минувачите на демони. Фактот што во урнатините на Големиот Вавилон симболично постојат вакви животни, како и застојан, отровен воздух („нечиста смрдеа“) и нечисти птици, укажува на неговата духовна смрт. Тој не може да им понуди на луѓето никаква надеж за живот. (Спореди Ефешаните 2:1, 2.)

      12. Како Еремија добро ја опишал состојбата на Големиот Вавилон во 50. поглавје?

      12 Неговата состојба добро ја опишал и ја прорекол Еремија: „,Меч доаѓа против Халдејците‘, вели Јехова, ‚и против жителите на Вавилон, против неговите кнезови и против неговите мудреци... Опустошување доаѓа против неговите води, и тие ќе пресушат. Зашто, тоа е земја на режани ликови. Луѓето полудуваат од своите застрашувачки виденија. Затоа, таму ќе се населат животни што живеат во безводни подрачја и животни што завиваат, и ноевите ќе живеат во него. Никогаш повеќе нема да биде населен, ќе го нема повеќе во ниту едно идно поколение‘“. Идолопоклонството и постојаното пеење на истите молитви не може да го спаси Големиот Вавилон од казната што ќе биде слична на уништувањето на Содом и Гомор, кое го предизвикал Бог (Еремија 50:35-40).

      Вино на блудот

      13. а) Како силниот ангел го свртува вниманието на раширеноста на блудот што го врши Големиот Вавилон? б) Кој облик на неморал, раширен во древниот Вавилон, постои и во Големиот Вавилон?

      13 Потоа силниот ангел го свртува вниманието на раширеноста на блудот што го врши Големиот Вавилон, објавувајќи: „Зашто, сите народи се опија со виното на гневот, со виното на нејзиниот блуд. Царевите на земјата блудствуваа со неа, и трговците на земјата се збогатија од нејзиниот огромен и бесрамен раскош“ (Откровение 18:3). Оваа блудница ги задоила сите народи на Земјата со своите нечисти верски обреди и обичаи. Според грчкиот историчар Херодот, секоја жена во древниот Вавилон морала еднаш во животот да се продаде како проститутка во склоп на службата во храмот. Одвратната сексуална изопаченост до ден-денес може да се види на оштетените статуи во Ангкор Ват (Камбоџа) и во храмовите во Каџураху (Индија), во кои е прикажано хиндуистичкото божество Вишну опкружено со гнасни еротски сцени. Светот на телевизиските евангелисти во Соединетите Држави беше потресен во 1987 и 1988 година кога во јавноста се дозна за неморалот што владее меѓу нив. Освен тоа, беше обелоденето и дека многу свештеници се хомосексуалци. Овие случаи покажуваат дека дури и христијанскиот свет им гледал низ прсти на шокантните испади на дословен неморал. Но, сите народи вршат еден уште пострашен блуд.

      14-16. а) Какви духовно расипани верско-политички односи се развиле во фашистичка Италија? б) Какви изјави дале бискупите на Римокатоличката црква кога Италија ја нападнала Абисинија?

      14 Веќе зборувавме за расипаните верско-политички односи со чија помош Хитлер дојде на власт во нацистичка Германија. Но, и други народи пострадаа затоа што религијата се меша во световни работи. На пример, во фашистичка Италија, на 11 февруари 1929 година, Мусолини и кардиналот Гаспари ги потпишаа Латеранските договори, со што Ватикан стана независна држава. Папата Пие XI тврдеше дека „му ја вратил Италија на Бога, а Бог ѝ го вратил на Италија“. Дали ова беше вистина? Размисли што се случи шест години подоцна. На 3 октомври 1935 година, Италија ја нападна Абисинија тврдејќи дека е „варварска земја во која сѐ уште постои ропство“. Но, кој, всушност, постапи варварски? Дали Католичката црква го осуди варварството на Мусолини? Додека папата даваше двосмислени изјави, неговите бискупи доста гласно ги благословуваа вооружените сили на нивната „татковина“ Италија. Во книгата Ватикан во ерата на диктаторите (The Vatican in the Age of the Dictators), Ентони Роудс известува:

      15 „Во своето Пастирско писмо од 19 октомври [1935 година], бискупот од Удине [Италија] напиша дека ‚сега не е ниту време ниту место ние да кажуваме кој е во право, а кој не е. Наша должност како Италијани, а уште повеќе како христијани, е да придонесеме за победата на нашето оружје‘. На 21 октомври, бискупот од Падова напиша: ‚Во овие тешки часови низ кои минуваме, ве молиме да имате вера во нашите државници и во нашата војска‘. На 24 октомври, бискупот од Кремона освети цел куп воени знамиња и рече: ‚Бог да ги благослови овие војници кои, на африканско тло, ќе заземат нови и плодни земји за италијанскиот род, и ќе им ја однесат римската и христијанската култура. Италија нека застане уште еднаш како христијански предводник на целиот свет‘“.

      16 Абисинија беше заземена со благослов на римокатоличките свештеници. Дали некој од нив може да тврди дека, во секој поглед, исто како апостол Павле, е „чист од крвта на сите“? (Дела 20:26).

      17. Како Шпанија пострадала затоа што нејзините свештеници пропуштиле да „ги прековаат своите мечеви во плугови“?

      17 Освен Германија, Италија и Абисинија уште една земја стана жртва на блудот на Големиот Вавилон — Шпанија. Искрата на граѓанската војна, која во таа земја се водеше од 1936 до 1939 година, делумно ја потпали демократската влада, која презеде чекори да ја намали огромната моќ на Римокатоличката црква. Во текот на војната, католичкиот фашистички лидер на револуционерните сили, Франко, си ја присвои титулата „врховен христијански генерал на светата крстоносна војна“ — титула која подоцна ја отфрли. Во таа војна загинаа неколку стотици илјади Шпанци. Освен тоа, според една внимателна проценка, националистите на Франко убиле 40.000 членови на Народниот фронт, а тие, пак, убиле околу 8.000 црковни лица — монаси, свештеници, калуѓерки и искушеници. Ова е трагичниот биланс на граѓанската војна, кој јасно покажува колку е мудро да се послушаат следниве зборови на Исус: „Врати го својот меч на неговото место, зашто сите што ќе се фатат за меч, од меч ќе загинат“ (Матеј 26:52). Колку е одвратно тоа што христијанскиот свет учествувал во ова огромно крвопролевање! Неговите свештеници навистина пропуштиле да „ги прековаат своите мечеви во плугови“! (Исаија 2:4).

      Трговците

      18. Кои се „трговците на земјата“?

      18 Кои се „трговците на земјата“? Денес сигурно би ги нарекле бизнисмени, трговски магнати или газди на големи трговски фирми. Ова не значи дека е погрешно човек да се занимава со чесна трговија. Библијата содржи мудри совети за трговците, а и предупредувања против нечесноста и алчноста (Изреки 11:1; Захарија 7:9, 10; Јаков 5:1-5). Сепак, извор на многу поголема добивка е „оддаденоста на Бог... кога човек е задоволен со она што го има“ (1. Тимотеј 6:6, 17-19). Но, Сатановиот свет не се придржува за праведните начела. Корупцијата цвета. Ја има насекаде — и во религијата и во политиката и во трговијата. Средствата за јавно информирање одвреме-навреме откриваат скандали како, на пример, проневери од страна на високи владини службеници и незаконска трговија со оружје.

      19. Кој факт во врска со светската економија помага да се објасни зошто трговците на земјата се спомнати во лошо светло во Откровението?

      19 Секоја година, од меѓународната трговија со оружје се остварува добивка од над еден билион долари, додека стотици милиони луѓе немаат средства за да ги задоволат ни најосновните животни потреби. Самото ова е доволно големо зло. Но, сега производството на оружје се смета за главна потпора на светската економија. На 11 април 1987 година, во една статија на лондонскиот весник Spectator стоеше следново: „Ако ги земеме предвид само оние индустриски гранки што директно учествуваат [во ваквото производство], добиваме бројка од 400.000 работни места во САД и 750.000 во Европа. Но, чудно е тоа што со зголемувањето на општествената и на економската улога на производството на оружје, вистинското прашање — дали ова оружје добро ги штити оние што го произведуваат или не — е ставено во втор план“. Низ целиот свет се заработуваат огромни пари и од продажбата на бомби и на друго оружје, кое им се продава дури и на можните непријатели. Еден ден истите тие бомби би можеле да бидат фрлени врз оние што ги продаваат и да ги уништат во огнен холокауст. Каков парадокс! На ова можат да се додадат и кражбите, кои се честа појава во индустријата за оружје. Според весникот Spectator, само во Соединетите Американски Држави, „Пентагон, на необјаснив начин, годишно губи воена опрема и оружје во вредност од 900 милиони долари“. Не е ништо чудно што трговците на земјата се спомнати во лошо светло во Откровението!

      20. Кој пример покажува дека религијата се меша во расипани трговски зделки?

      20 Како што прорекол славниот ангел, религијата е длабоко вмешана во ваквите расипани трговски зделки. На пример, Ватикан беше вмешан во пропаѓањето на италијанската банка Амброзијана во 1982 година. Случајот се влечеше низ целата таа деценија, а сепак не беше даден одговор на прашањето: Каде отидоа парите? Во февруари 1987 година, судот во Милано издаде налог за апсење на три свештени лица од Ватикан, меѓу кои беше и еден американски надбискуп. Беа обвинети дека биле соучесници во лажен стечај, но Ватикан одби да му ги предаде на судот. Во јули 1987 година, и покрај жестоките протести, налозите за апсење беа поништени од највисокиот Апелационен суд на Италија врз основа на една стара спогодба меѓу Ватикан и италијанската влада.

      21. Од каде знаеме дека Исус не бил вплеткан во сомнителните трговски зделки во негово време, но што прави вавилонската религија денес?

      21 Дали Исус бил вплеткан во сомнителни трговски зделки во негово време? Не. Тој дури не поседувал сопствен имот, бидејќи Библијата вели дека ‚немал каде глава да потпре‘. На еден богат млад владетел, Исус му го дал следниов совет: „Продај сѐ што имаш и парите раздели им ги на сиромасите, па ќе имаш богатство на небесата! Тогаш дојди и оди по мене!“ Ова бил многу убав совет бидејќи на тој начин младиот човек ќе се ослободел од сите деловни грижи (Лука 9:58; 18:22). Спротивно на ова, вавилонската религија честопати одржува недолични врски со трговскиот свет. На пример, во 1987 година, во весникот Albany Times Union пишуваше дека управникот за финансии на католичката надбискупија во Мајами (Флорида, САД) признал дека црквата поседува акции во компании што произведуваат атомско оружје, што снимаат филмови забранети за лица под 18 години и што произведуваат цигари.

      „Излезете од неа, народе мој“

      22. а) Што вели еден глас од небото? б) Зошто се радувал Божјиот народ во 537 год. пр.н.е и во 1919 година?

      22 Следните зборови на Јован укажуваат како понатаму ќе се исполни ова пророштво: „И чув еден друг глас од небото како вели: ‚Излезете од неа, народе мој, за да не учествувате и вие во нејзините гревови и за да не ве снајдат нејзините неволји!‘“ (Откровение 18:4). И пророштвата за падот на древниот Вавилон што се дадени во Хебрејските списи ја содржат Јеховината заповед до неговиот народ: „Бегајте од Вавилон“ (Еремија 50:8, 13). Со оглед на тоа што Големиот Вавилон наскоро ќе биде уништен, Божјиот народ добива ист совет: да бега од него. Во 537 год. пр.н.е. верните Израелци многу се радувале што можеле да побегнат од Вавилон. На ист начин се радуваше и Божјиот народ во 1919 година кога беше ослободен од ропството на Големиот Вавилон (Откровение 11:11, 12). Оттогаш наваму милиони други ја послушаа заповедта да бегаат.

      23. Како гласот од небото нагласува колку е итно да се побегне од Големиот Вавилон?

      23 Зарем навистина е толку итно да бегаме од Големиот Вавилон — да истапиме од него и да ја прекинеме секоја врска со религиите од светот? Да, итно е. Мораме да го гледаме ова прастаро религиозно чудовиште, Големиот Вавилон, како што го гледа Бог. Јехова не заобиколувал туку отворено го нарекол голема блудница. Затоа гласот од небото му го кажува следново на Јован во врска со оваа блудница: „Зашто, нејзините гревови се натрупаа до небото и Бог се сети на нејзините неправедни дела. Направете ѝ така како што таа им направи на другите, вратете ѝ двапати повеќе, двојно вратете ѝ за нејзините дела! Во чашата, во која таа мешаше опоен пијалак, измешајте ѝ го двојно повеќе! Колку што таа се славеше себеси и живееше во бесрамен раскош толку мака и тага дајте ѝ! Зашто, во срцето си велеше: ‚Седам како царица, и не сум вдовица, и нема да видам тага‘. Затоа во еден ден ќе дојдат нејзините неволји: смрт и тага и глад, и ќе биде изгорена во оган, зашто е силен Јехова Бог, кој ѝ судеше“ (Откровение 18:5-8).

      24. а) Зошто Божјиот народ мора да побегне од Големиот Вавилон? б) Во какви гревови ќе учествуваат оние што нема да побегнат од Големиот Вавилон?

      24 Навистина силни зборови! Значи, мора да се стори нешто. Еремија ги поттикнал Израелците од негово време да преземат чекори велејќи: „Бегајте од Вавилон... Зашто, време е за одмаздата на Јехова. Тој му плаќа според неговите дела. Излези од него, народе мој, и секој нека си ја спаси душата од распламтениот гнев на Јехова!“ (Еремија 51:6, 45). На сличен начин, и гласот од небото го предупредува Божјиот народ денес да бега од Големиот Вавилон за да не го снајдат неговите неволји. Денес се објавуваат Јеховините тешки осуди над овој свет, а тука е вклучен и Големиот Вавилон (Откровение 8:1 — 9:21; 16:1-21). Божјите слуги мора да се одвојат од лажната религија ако не сакаат и самите да пострадаат од овие неволји и на крајот да умрат заедно со неа. Освен тоа, ако останат во таа организација, ќе учествуваат во нејзините гревови. Ќе бидат исто толку виновни за духовна прељуба, како и за пролевањето на крвта на ‚сите што се убиени на земјата‘ (Откровение 18:24; спореди Ефешаните 5:11; 1. Тимотеј 5:22).

      25. На кој начин Божјиот народ излегол од древниот Вавилон?

      25 Но, како Божјиот народ излегува од Големиот Вавилон? Во времето на древниот Вавилон, Евреите морале навистина да патуваат од градот Вавилон назад до Ветената земја. Но, ова не било сѐ. Исаија пророчки им рекол на Израелците: „Одете си, одете си, излезете оттаму, не допирајте ништо нечисто! Излезете од него, бидете чисти, вие кои го носите приборот од Јеховиниот дом!“ (Исаија 52:11). Да, тие морале да престанат да ги прават сите нечисти обичаи на вавилонската религија што можеле да го извалкаат нивното обожавање на Јехова.

      26. Како христијаните во Коринт ги послушале зборовите: ‚Излезете од нивната средина и не допирајте ништо што е нечисто‘?

      26 Апостол Павле ги цитирал овие зборови на Исаија во своето писмо до Коринќаните кога рекол: „Не впрегнувајте се во нееднаков јарем со неверници. Зашто, што им е заедничко на праведноста и на беззаконието? Или какво заедништво има светлината со темнината?.. ‚Затоа, излезете од нивната средина и одвојте се,‘ вели Јехова, ‚и повеќе не допирајте ништо што е нечисто‘“. Коринтските христијани не морале да излезат од Коринт за да ја послушаат таа заповед. Но, не смееле ни да одат во нечистите храмови на лажната религија, а морале и духовно да се одвојат од нечистите обичаи на тамошните идолопоклоници. Во 1919 година Божјиот народ почна на овој начин да излегува од Големиот Вавилон и да се прочистува од сите преостанати нечисти учења и обичаи. Само така можеше да му служи на Бог како чист народ (2. Коринќаните 6:14-17; 1. Јованово 3:3).

      27. Какви сличности има меѓу судот над древниот Вавилон и судот над Големиот Вавилон?

      27 Древниот Вавилон бил казнет за своите гревови со тоа што доживеал пад и на крајот бил опустошен. „Зашто, неговата осуда допира до небото и се крева до небесните облаци“ (Еремија 51:9). Слично на ова, гревовите на Големиот Вавилон „се натрупаа до небото“, и веќе му се пред очи на самиот Јехова. Оваа блудница е виновна за неправда, идолопоклонство, неморал, угнетување, грабежи и убиства. Падот на древниот Вавилон делумно бил одмазда за она што му го сторил на Јеховиниот храм и на неговите вистински обожаватели (Еремија 50:8, 14; 51:11, 35, 36). И падот на Големиот Вавилон и неговото конечно уништување ќе биде одмазда за сето она што низ вековите им го правел на вистинските Божји слуги. Всушност, неговото конечно уништување е почеток на „денот на одмаздата на нашиот Бог“ (Исаија 34:8-10; 61:2; Еремија 50:28).

      28. Кое праведно мерило ќе го примени Јехова на Големиот Вавилон, и зошто?

      28 Според Мојсеевиот закон, ако некој Израелец украл нешто од друг Израелец, морал да му надомести најмалку двојно (2. Мојсеева 22:1, 4, 7, 9). Во претстојното уништување на Големиот Вавилон, Јехова ќе примени слично мерило за правда. Оваа блудница ќе си добие двапати повеќе за она што го правела. За Големиот Вавилон ќе нема милост затоа што и тој не покажал милост кон своите жртви. Таа блудница паразитски живее во „бесрамен раскош“ на сметка на народот. Сега ќе доживее страдање и жалост. Древниот Вавилон се чувствувал потполно безбеден и се фалел: „Нема да останам вдовица, нема да почувствувам како е да изгубиш деца“ (Исаија 47:8, 9, 11). И Големиот Вавилон се чувствува безбеден. Но, неговото уништување што решил да го изврши Јехова, кој е „силен“, ќе дојде многу брзо, како „во еден ден“!

      [Рамка на страница 263]

      „Царевите... блудствуваа со неа“

      Во почетокот на 19 век европските трговци криумчареле големи количини опиум во Кина. Во март 1839 година, кинеските власти се обиделе да ја запрат оваа незаконска трговија со тоа што заплениле 20.000 сандаци дрога од британските трговци. Ова довело до напнатост меѓу Британија и Кина. Додека односите меѓу овие две земји се влошувале, некои протестантски мисионери ја терале Британија да тргне во војна, давајќи изјави како што се следниве:

      „Овие тешкотии ми носат навистина голема радост во срцето зашто мислам дека ќе го разгорат гневот на англиската влада, и Бог, во својата моќ, ќе може да ги сруши пречките што не дозволуваат евангелието на Христос да продре во Кина“ (Хенриета Шак, мисионерка на Јужната баптистичка црква).

      На крајот, избувнала војна — денес позната како Опиумска војна. Мисионерите со воодушевеност ги храбреле Британците со изјави како што се следниве:

      „Принуден сум да не гледам на сегашнава состојба како на некаква приказна за опиум или како на некоја англиска работа, туку како на голема замисла на Бога, кој може да ја искористи човечката злоба за да ги исполни своите милосрдни намери со Кина и да го пробие ѕидот со кој таа се оградува од надворешниот свет“ (Питер Паркер, мисионер на Конгрешанската црква).

      Еден друг мисионер на Конгрешанската црква, Семјуел В. Вилијамс, додал: „Раката Божја јасно може да се види во сето она што се случува, и ние не се сомневаме дека Оној што рекол дека дошол да донесе меч на Земјата, веќе е дојден овде со цел брзо да ги уништи Своите непријатели и да го воспостави Своето царство. Тој ќе се бори и ќе се бори, сѐ додека не биде поставен Кнезот на мирот“.

      Во врска со ужасниот колеж на Кинезите, мисионерот Џ. Луис Шак напишал: „Ги сметам овие сцени... за директен начин на кој Господ го чисти ѓубрето кое го кочи ширењето на Божјата вистина“.

      Конгрешанскиот мисионер Илајџа К. Бриџмен додал: „Бог честопати се служел со силната мишка на световните власти за да го подготви патот за Своето царство... Човекот е средството што го користи и во овие славни моменти, но водството и силата се од Него. Возвишениот владетел на сите народи ја користи Англија за да ја казни и да ја понижи Кина“ (Цитатите се земени од есејот на Стјуарт Крејтон Милер со наслов „Цели и средства“, издаден во 1974 година во една студија од Харвард со наслов Мисионерството во Кина и во Америка [The Missionary Enterprise in China and America], уредник Џон К. Фербенк).

      [Рамка на страница 264]

      „Трговците... се збогатија“

      „Меѓу 1929 година и избувнувањето на Втората светска војна [Бернадино] Ногара [управник за финансии во Ватикан] го вложи ватиканскиот капитал и постави службени пратеници од Ватикан во различни сектори во италијанската економија — особено во електростопанството, во телекомуникациите, во кредитирањето и банкарството, лесните железници, како и во производството на земјоделски машини и алатки, цемент и вештачки влакна. Многу од овие инвестиции се исплатија.

      Ногара презеде голем број компании меѓу кои и La Società Italiana della Viscosa, La Supertessile, La Società Meridionale Industrie Tessili и La Cisaraion. Сите овие ги спои во една компанија која ја нарече CISA-Viscosa и ја стави под контрола на баронот Франческо Марија Одасо, еден католички верник во кој Ватикан имаше многу голема доверба. Потоа Ногара среди оваа нова компанија да ја преземе најголемиот италијански производител на текстил, SNIA-Viscosa. Со текот на времето уделот на Ватикан во SNIA-Viscosa стануваше сѐ поголем и поголем, и на крајот Ватикан ја презеде контролата и над неа. Доказ за ова е тоа што баронот Одасо стана потпретседател на оваа компанија.

      На тој начин Ногара се проби во текстилната индустрија. Во другите индустрии навлезе на други начини, бидејќи знаеше многу трикови. Овој несебичен човек... најверојатно направи повеќе од кој и да било друг деловен човек во историјата на Италија за да ја врати италијанската економија во живот... Бенито Мусолини никогаш не го оствари царството за кое сонуваше. Но, им овозможи на Ватикан и на Бернадино Ногара да создадат царство од поинаков вид“ (Царството Ватикан — The Vatican Empire, од Нино ло Бело, страници 71-73).

      Ова е само еден пример за блиската соработка меѓу трговците на Земјата и Големиот Вавилон. Не е никакво чудо што овие трговци ќе тагуваат кога нивниот деловен партнер ќе го снема!

      [Слика на страница 259]

      Кога луѓето се распрснале по Земјата, со себе ја понеле вавилонската религија

      [Слики на страница 261]

      Како стражар, класата на Јован објавува дека Вавилон паднал

      [Слика на страница 266]

      Урнатините на древниот Вавилон го навестуваат претстојното уништување на Големиот Вавилон

  • Жалост и радост поради крајот на Вавилон
    Откровение — близу е величествената завршница!
    • Поглавје 37

      Жалост и радост поради крајот на Вавилон

      1. Како ќе реагираат „царевите на земјата“ на ненадејното уништување на Големиот Вавилон?

      КРАЈОТ на Вавилон е добра вест за Јеховиниот народ, но дали е добра вест и за другите народи? Јован ни кажува: „И  царевите на земјата, кои блудствуваа со неа и живееја во бесрамен раскош, ќе плачат и ќе жалат за неа кога ќе гледаат како се крева чад од огнот во кој ќе гори. Исплашени од нејзината мака, ќе стојат малку подалеку и ќе велат: ‚Штета, штета, голем граде, Вавилоне, силен граде, зашто во еден час стигна твојата осуда!‘“ (Откровение 18:9, 10).

      2. а) Со оглед на тоа што симболичните десет рогови на црвениот ѕвер го уништуваат Големиот Вавилон, зошто „царевите на земјата“ тагуваат поради неговата пропаст? б) Зошто ожалостените цареви стојат малку подалеку од разурнатиот град?

      2 Реакцијата на народите можеби ќе нѐ изненади со оглед на тоа што Вавилон е уништен од симболичните десет рогови на црвениот ѕвер (Откровение 17:16). Но, кога Вавилон ќе го снема, „царевите на земјата“ очигледно ќе сфатат колку голема корист имале од него затоа што ги држел луѓето мирни и покорни. Свештенството ги прогласувало војните за свети, ги поттикнувало луѓето да одат во војна и со своите проповеди ги убедувало младите да одат на фронтот. Зад маската на светост што им ја дала религијата, расипаните владетели можеле да го угнетуваат обичниот народ. (Спореди Еремија 5:30, 31; Матеј 23:27, 28.) Но, забележи дека овие ожалостени цареви сега стојат малку подалеку од разурнатиот град. Не му приоѓаат доволно близу за да му помогнат. Тие тагуваат поради неговата пропаст, но не доволно за да ризикуваат да му помогнат.

      Трговците плачат и тагуваат

      3. Кој друг тагува поради крајот на Големиот Вавилон, и кои причини за ова ги наведува Јован?

      3 Царевите на Земјата не се единствените што тагуваат поради крајот на Вавилон. „И трговците на земјата ќе плачат и ќе тагуваат за неа, бидејќи никој повеќе нема да купува од нивните стоки — ни злато, ни сребро, ни скапоцени камења, ни бисери, ни фин лен, ни пурпур, ни свила, ни црвено платно; ниту некакво мирисливо дрво, ниту некакви предмети од слонова коска, ниту некакви предмети од скапоцено дрво, ниту од бакар, ниту од железо, ниту од мермер; ни цимет, ни индиски зачин, ни темјан, ни мирисливо масло, ни бел темјан, ни вино, ни маслиново масло, ни фино брашно, ни пченица, ни говеда, ни овци, ни коњи, ни кочии, ни робови, ни човечки души. Зрелото овошје, по кое копнееше твојата душа, си отиде откај тебе [Голем Вавилоне], ти пропаднаа целиот раскош и сјај, и никогаш повеќе нема да се вратат“ (Откровение 18:11-14).

      4. Зошто „трговците“ плачат и тагуваат поради крајот на Големиот Вавилон?

      4 Да, Големиот Вавилон им бил близок пријател и добар муштерија на богатите трговци. На пример, манастирите и црквите во христијанскиот свет низ вековите насобрале огромни количини злато, сребро, скапоцени камења и дрво, како и други материјални богатства. Освен тоа, религијата го благословила расипничкото трошење пари, како и пијанките и гозбите што се составен дел од славењето на Божиќ (со кој се срамоти Христос), а и на други таканаречени свети денови. Мисионерите од христијанскиот свет стигнале до далечни земји, и на тој начин им отвориле нови пазари на „трговците“ од овој свет. Во 17 век, во Јапонија дури и католиците (католицизмот стигнал таму со трговците) учествувале во феудалните војни. Во извештајот за една решавачка битка под тврдината Осака, една енциклопедија вели: „Војските на Токугава се бореле со непријатели чии знамиња биле украсени со крстови и со слики на Спасителот и на св. Јаков, светецот-заштитник на Шпанија“ (The Encyclopædia Britannica). Победничката владетелска фракција го потиснала католицизмот во таа земја и речиси го искоренила. Ни денес мешањето на Црквата во световните работи нема да ѝ донесе благослов од Бог.

      5. а) Како гласот од небото сега го опишува тагувањето на „трговците“? б) Зошто и трговците „стојат на растојание“?

      5 Сега гласот од небото вели: „Трговците, кои тргуваа со сето тоа и се збогатија од неа, ќе стојат на растојание, исплашени од нејзината мака, и ќе плачат и ќе тагуваат: ‚Штета, штета, голем граде, облечен во фин лен и во пурпурна и црвена облека, и накитен со злато и скапоцени камења и бисери! Во еден час беше опустошено толкаво богатство!‘“ (Откровение 18:15-17а). Откако ќе биде уништен Големиот Вавилон, „трговците“ ќе тагуваат затоа што изгубиле важен трговски партнер. Каква „штета“ е тоа за нив! Но, забележи дека тагуваат од потполно себични причини и дека и тие — исто како и царевите — „стојат на растојание“. Тие не се приближуваат доволно за да му помогнат на Големиот Вавилон.

      6. Како гласот од небото го опишува тагувањето на капетаните на бродови и на морнарите, и зошто плачат тие?

      6 Извештајот продолжува: „И сите капетани на бродови и сите што допловија од разни места, морнарите и сите што живеат од морето стоеја на растојание и се јадосуваа, гледајќи како се крева чадот од огнот во кој гореше: ‚Кој град е како овој голем град?‘ И си ги посипаа главите со прав и викаа, плачејќи и тагувајќи: ‚Штета, штета — голем граде, во кој сите што имаат бродови на морето се збогатија од неговото изобилство! Во еден час беше опустошен!‘“ (Откровение 18:17б-19). Древниот Вавилон бил трговски град и имал голема поморска флота. На сличен начин, и Големиот Вавилон ревносно тргува со посредство на својот народ, односно ‚многуте води‘. Така им обезбедува работни места на многу од своите религиозни поданици. Каков економски удар ќе им нанесе уништувањето на Големиот Вавилон на сите нив! Веќе никогаш нема да имаат таков извор на приходи каков што им бил тој.

      Радост поради неговото уништување

      7, 8. Како достигнува кулминација веста за Големиот Вавилон што ја кажува гласот од небото, и кој ќе се одѕвие на овие зборови?

      7 Кога древниот Вавилон бил освоен од Медијците и Персијците, Еремија пророчки изјавил: „Над Вавилон радосно ќе воскликнуваат небото и земјата и сѐ што е во нив“ (Еремија 51:48). Кога ќе биде уништен Големиот Вавилон, веста што ја кажува гласот од небото ќе достигне кулминација. Тој вели: „Радувајте се, небо, и сите свети и апостоли и пророци, поради она што ја снајде, зашто Бог, осудувајќи ја неа, вам ви досуди правда!“ (Откровение 18:20). Јехова и ангелите, заедно со апостолите и првите христијански пророци, кои дотогаш ќе бидат воскреснати и ќе ги заземат своите положби како дел од 24-те старешини, со радост ќе го следат уништувањето на древниот Божји непријател. (Спореди Псалм 97:8-12.)

      8 Навистина, сите свети — сеедно дали се воскреснати на небото или сѐ уште живеат на Земјата — радосно ќе извикуваат заедно со своите придружници, големото мноштво од други овци. Со текот на времето, сите верни луѓе од дамнина ќе бидат воскреснати во новиот свет и ќе се радуваат заедно со останатите. Божјиот народ не се обидел сам да им се одмазди на своите прогонители од лажната религија. Тие ги зеле присрце Јеховините зборови: „Одмаздата е моја, јас ќе вратам, вели Јехова“ (Римјаните 12:19; 5. Мојсеева 32:35, 41-43). Па, Јехова сега се одмаздил. Одмаздена е сета крв што ја пролеал Големиот Вавилон.

      Фрлен е голем мелнички камен

      9, 10. а) Што прави и што вели силниот ангел сега? б) Слично на она што го прави силниот ангел од Откровение 18:21, што било направено и во времето на Еремија, и за што било гаранција тоа? в) Што ни гарантира постапката на силниот ангел што го гледа Јован?

      9 Она што Јован го гледа сега потврдува дека Јеховината осуда над Големиот Вавилон е конечна: „И еден силен ангел подигна камен сличен на голем мелнички камен и го фрли во морето, велејќи: ‚Вака во миг ќе биде фрлен Вавилон, големиот град, и никогаш повеќе нема да постои‘“ (Откровение 18:21). Во времето на Еремија било направено нешто слично, и тоа имало големо пророчко значење. Бог го вдахнал Еремија да ја напише во една книга ‚сета неволја што требало да дојде врз Вавилон‘. Тој му ја дал книгата на Сераја и му рекол да отиде во Вавилон. Таму, според упатствата што му ги дал Еремија, Сераја ја прочитал следнава објава против градот: „О Јехова, ти зборуваше против ова место, дека ќе го уништиш, така што во него нема да има жители, ни луѓе ни стока, туку ќе биде пустош довека“. Потоа Сераја ја врзал книгата за камен и ја фрлил во реката Еуфрат велејќи: „Вака ќе потоне Вавилон и никогаш повеќе нема да се подигне поради неволјата што ќе ја доведам врз него“ (Еремија 51:59-64).

      10 Тоа што книгата била врзана за камен и фрлена во реката било гаранција дека Вавилон ќе биде фрлен во заборав, и никогаш повторно нема да се крене. Апостол Јован гледа како еден силен ангел прави нешто слично. Ова е иста таква силна гаранција дека Јеховината намера во врска со Големиот Вавилон ќе се исполни. Урнатините на древниот Вавилон денес се моќно сведоштво за она што во многу блиска иднина ќе се случи со лажната религија.

      11, 12. а) Што му вели сега силниот ангел на Големиот Вавилон? б) Што прорекол Еремија во врска со отпадничкиот Ерусалим, и што значи тоа за нашево време?

      11 Сега силниот ангел му се обраќа на Големиот Вавилон: „И музика од харфисти и флејтисти и трубачи и од други музичари никогаш повеќе нема да се чуе во тебе. Никаков занаетчија, од каков и да било занает, повеќе нема да се најде во тебе. Звук од мелнички камен нема повторно да се чуе во тебе. Светлина од светилка никогаш повеќе нема да свети во тебе. Глас од младоженец и невеста повеќе нема да се чуе во тебе. Зашто, твоите трговци беа големци на земјата и преку твоите гатања беа заведени сите народи“ (Откровение 18:22, 23).

      12 Еремија дал едно многу слично пророштво во врска со отпадничкиот Ерусалим: „Ќе го сотрам меѓу нив гласот на радост и гласот на веселба, гласот на младоженец и гласот на невеста, звукот од рачна мелница и светлината на светилката. Целата оваа земја ќе се претвори во пустош и ќе стане грозна глетка“ (Еремија 25:10, 11). Како главен дел од Големиот Вавилон, христијанскиот свет ќе стане безживотна пустелија, толку живописно претставена со Ерусалим, кој по 607 год. пр.н.е. останал запустен. Христијанскиот свет, кој некогаш бил полн со радост и исполнет со секојдневна врева, ќе биде победен и напуштен.

      13. Каква ненадејна промена ќе му се случи на Големиот Вавилон, и какви последици ќе доживеат неговите ‚трговци‘?

      13 Навистина, како што овде ангелот му вели на Јован, целиот Голем Вавилон — моќно, меѓународно царство — ќе се претвори во гола пустелија. Неговите ‚трговци‘, меѓу кои се и најголемите милијардери, ја користеле религијата за своја лична добивка или како параван, а на свештенството му одговарало да биде во центарот на вниманието заедно со нив. Но, тие трговци повеќе нема да го имаат Големиот Вавилон за свој ортак. Тој повеќе нема да ги заведува народите на Земјата со неговите мистични верски обичаи.

      Ужасна вина за крв

      14. Според ангелот, зошто Јехова извршил таква строга осуда, и која слична работа ја кажал Исус кога бил на Земјата?

      14 На крајот, силниот ангел кажува зошто Јехова извршил таква строга осуда над Големиот Вавилон. Тој вели: „Во тој град се најде крвта на пророци и на свети и на сите што беа убиени на земјата“ (Откровение 18:24). Исус им рекол на верските водачи во Ерусалим дека тие се одговорни за „сета праведна крв пролеана на земјата, од крвта на праведниот Авел“ наваму. Затоа, во 70 год. од н.е., тоа расипано поколение било уништено (Матеј 23:35-38). Денес едно друго поколение на верски водачи носи вина за крв затоа што ги прогонува Божјите слуги.

      15. За кои две работи била виновна за крв Католичката црква во нацистичка Германија?

      15 Во својата книга Католичката црква и нацистичка Германија (The Catholic Church and Nazi Germany), Гунтер Леви пишува: „Кога Јеховините сведоци беа забранети во Баварија на 13 април [1933 година], Црквата сериозно си ја сфати задачата од Министерството за образование и религија да го пријави секој член на сектата што и понатаму се занимава со оваа забранета религија“. Значи, и Католичката црква е одговорна за тоа што илјадници Сведоци беа испратени во концентрациони логори — нејзините раце се извалкани со крвта на стотици Сведоци што беа погубени. Кога младите Сведоци, како што беше Вилхелм Кусеров, покажаа дека се спремни храбро да умрат пред стрелачки вод, Хитлер заклучи дека стрелачкиот вод е предобар за лица што имаат приговор на совеста. Затоа братот на Вилхелм, Волфганг, кој имаше 20 години, беше убиен на гилотина. Истовремено, Католичката црква ги храбреше младите германски католици да умираат како војници бранејќи ја татковината. Навистина, нема никакво сомнение дека Црквата е виновна за крв!

      16, 17. а) За каква вина за крв е одговорен Големиот Вавилон, и зошто Ватикан е виновен за крвта на Евреите што загинале во нацистичките погроми? б) Во кој поглед лажната религија е виновна за убивањето на милиони луѓе во стотиците војни што се водеа само во нашево време?

      16 Но, пророштвото вели дека Големиот Вавилон е виновен за крвта на „сите што беа убиени на земјата“. Ова навистина важи за нашево време. На пример, бидејќи Хитлер беше доведен на власт во Германија со сплетки од Католичката црква, Ватикан си навлече огромна вина за крвта на шесте милиони Евреи што загинаа во нацистичките погроми. Освен тоа, само во нашево време, во стотици војни умреа повеќе од сто милиони луѓе. Дали треба да ја обвиниме лажната религија и за ова? Да, таа е виновна, и тоа за две работи.

      17 Првата е тоа што многу војни се водат поради верски разидувања. На пример, насилството во Индија помеѓу муслиманите и хиндусите во 1946-1948 година беше поттикнато од верски побуди. Загинаа стотици илјади луѓе. Судирот меѓу Ирак и Иран во 1980-тите беше предизвикан од несогласувања меѓу сектите, и беа убиени стотици илјади лица. Насилството меѓу католиците и протестантите во Северна Ирска одзеде илјадници човечки животи. Во врска со ова, во 1976 година, новинарот К. Л. Сулцбергер изјави: „Тажна вистина е дека веројатно половина и повеќе од војните што моментално се водат низ целиот свет или се отворени верски судири или се поврзани со верски спорови“. Навистина, вака било низ целата бурна историја на Големиот Вавилон.

      18. За која друга работа се виновни за крв религиите во светот?

      18 Која е втората работа за која е виновна религијата? Од Јеховина гледна точка, религиите во светот се виновни за крв затоа што не ги поучуваат своите верници на уверлив начин за она што Јехова навистина го бара од своите слуги. Не ги учат луѓето дека вистинските Божји слуги мора да бидат како Исус Христос и да ги сакаат другите без оглед на нивната народност (Михеј 4:3, 5; Јован 13:34, 35; Дела 10:34, 35; 1. Јованово 3:10-12). Бидејќи религиите во Големиот Вавилон не ги поучуваат луѓето за овие работи, нивните приврзаници се вовлечени во вителот на меѓународните војни. Ова навистина можеше јасно да се види во двете светски војни што се водеа во првата половина на 20 век, а кои започнаа во христијанскиот свет и доведоа до меѓусебно убивање на верници од иста религија! Ако сите што тврдеа дека се христијани се држеа за библиските начела, тие војни никогаш немаше да избувнат.

      19. Каква ужасна вина за крв сноси Големиот Вавилон?

      19 Јехова го обвинува Големиот Вавилон за сето ова крвопролевање. Доколку верските водачи, а посебно оние во христијанскиот свет, ги поучеле луѓето за библиската вистина, никогаш немало да има такво огромно крвопролевање. Затоа е точно дека, било директно било индиректно, Големиот Вавилон — големата блудница и светско царство на лажната религија — мора да положи сметка пред Јехова, не само за ‚крвта на пророците и на светите‘, кои ги прогонувала и ги убивала, туку и за крвта „на сите што беа убиени на земјата“. Големиот Вавилон навистина сноси ужасна вина за крв. Какво олеснување ќе биде за сите кога конечно ќе биде уништен!

      [Рамка на страница 270]

      Цената на компромисот

      Во својата книга Католичката црква и нацистичка Германија, Гунтер Леви пишува: „Доколку германскиот католицизам уште од почетокот цврсто му се спротивставеше на нацистичкиот режим, најверојатно историјата на светот ќе тргнеше во сосема поинаква насока. Дури и ако Хитлер не беше поразен и сите негови злосторства не беа спречени, моралниот углед на Црквата многу ќе пораснеше. Се разбира, ваквиот отпор ќе беше платен со многу човечки животи, но овие жртви ќе послужеа за највредната од сите цели. Ако немаше поддршка во својата земја, можеби Хитлер немаше да се осмели да започне војна, и така ќе беа спасени дословно милиони животи... Кога илјадници Германци што му се спротивставија на нацизмот беа мачени до смрт во концентрационите логори на Хитлер, кога беше убивана полската интелигенција, кога стотици илјади Руси беа убиени затоа што [нацистите] ги сметаа за словенски народ со пониска вредност, и кога 6.000.000 човечки суштества беа убиени само затоа што не беа ‚Ариевци‘, главните лица во Католичката црква во Германија го поддржаа режимот што ги вршеше овие злосторства. Папата во Рим, духовниот поглавар и највисокиот морален авторитет на Римокатоличката црква, не рече ни збор“ (страници 320, 341).

      [Слика на страница 268]

      „Штета, штета“, велат владетелите

      [Слика на страница 268]

      „Штета, штета“, велат трговците

Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
Одјави се
Најави се
  • македонски
  • Сподели
  • Подесување
  • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
  • Услови за користење
  • Полиса за приватност
  • Поставки за приватност
  • JW.ORG
  • Најави се
Сподели