ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • Јехова дава мир и вистина во изобилство
    Стражарска кула 1996 | 1 Јануари
    • Јехова дава мир и вистина во изобилство

      „Ќе ги исцелам и ќе им откријам изобилие на мир и вистина“ (ЈЕРЕМИЈА 33:6).

      1, 2. а) Какво е минатото на народите што се однесува до мирот? б) Каква лекција му дал Јехова на Израел во врска со мирот во 607 година пр. н. е.?

      МИР! Колку само е посакуван, а сепак колку редок бил во човечката историја! Особено нашиот XX век не бил век на мир. Напротив, тој ги доживеал двете најразорни војни во човечката историја. По Првата светска војна беше основана Лигата на народите за да го зачува светскиот мир. Таа организација потфрли. По Втората светска војна, со истата цел беше основана Организацијата на обединетите нации. Треба само да ги прочитаме дневните весници за да видиме дека и таа целосно потфрлува.

      2 Треба ли да бидеме изненадени од тоа што човечките организации не можат да донесат мир? Воопшто не. Пред повеќе од 2.500 години, Божјиот избран народ, Израел, добил една лекција во овој поглед. Во седмиот век пр. н. е., мирот во Израел бил загрозен од доминантната светска сила Вавилон. Израел се обратил кај Египет за мир. Египет потфрлил (Јеремија 37:5-8; Језекиил 17:11-15). Во 607 година пр. н. е., вавилонските војски ги уништиле ѕидовите на Ерусалим и го запалиле Јеховиниот храм. На овој тежок начин, Израел научил дека е залудно да се ослонува на човечки организации. Наместо да ужива мир, нацијата присилно била одвлечена во изгнанство во Вавилон (2. Летописи 36:17-21).

      3. Кои историски настани му ја дале на Израел втората битна лекција за мирот, во исполнување на Јеховините зборови преку Јеремија?

      3 Меѓутоа, пред падот на Ерусалим, Јехова открил дека не Египет, туку самиот Тој ќе му донесе вистински мир на Израел. Преку Јеремија Тој прорекол: „Ќе ги исцелам и ќе им откријам изобилие на мир и вистина, ќе ги вратам заробените на Јуда и заробените на Израилот и ќе ги зацврстам како порано“ (Јеремија 33:6, 7). Јеховиното ветување почнало да се исполнува во 539 година пр. н. е., кога Вавилон бил освоен, а на израелските изгнаници им била понудена слобода (2. Летописи 36:22, 23). Кон крајот на 537 година пр. н. е., една група Израелци за првпат по 70 години го прославила празникот Сеници на израелска почва! По празникот, започнале повторно да го градат Јеховиниот храм. Како се чувствувале поради ова? Извештајот вели: „[Народот] воскликнуваше громогласно, славејќи Го Господа поради тоа што беа поставени темелите на Господовиот дом“ (1. Ездра 3:11).

      4. На кој начин Јехова ги поттикнал Израелците да ја извршат изградбата на храмот, и какво ветување дал за мирот?

      4 Но, по тој радосен почеток, Израелците биле обесхрабрени од страна на противниците и прекинале со изградбата на храмот. По неколку години, Јехова ги подигнал пророците Агеј и Захарија за да ги поттикнат Израелците да ја довршат работата на повторната изградба. Колку само мора да било возбудливо за нив да го слушаат Агеј како вели за храмот што требало да се гради: „Славата на овој последен храм ќе биде поголема отколку на поранешниот — вели Господ Саваот; и на ова место ќе му дадам мир“! (Агеј 2:9).

      Јехова ги исполнува своите ветувања

      5. Што е значајно во врска со осмото поглавје на Захарија?

      5 Во книгата Захарија читаме за бројни инспирирани визии и пророштва кои го зајакнале Божјиот народ во шестиот век пр. н. е. Истите овие пророштва продолжуваат да нѐ уверуваат и нас во Јеховината поддршка. Тие ни даваат секаква причина да веруваме дека Јехова и во наше време ќе му даде мир на својот народ. На пример, во осмото поглавје од книгата што го носи неговото име, пророкот Захарија десет пати ги изговара зборовите: ‚Вака вели Господ [Јехова, НС]‘. Секојпат, изразот воведува некоја божествена изјава која се однесува на мирот на Божјиот народ. Некои од овие ветувања се исполниле уште во Захариино време. Денес сите тие или се исполнети или, пак, се во процес на исполнување.

      ‚Ревнував за Сион‘

      6, 7. На кои начини Јехова бил „ревен за Сион со голем гнев“?

      6 Изразот најпрво се појавува во Захарија 8:2, каде читаме: „Вака вели Господ Саваот: ‚Ревнувам за Ерусалим и за Сион со голема ревност и со голем гнев ревнував за него‘“. Јеховиното ветување дека ќе биде љубоморен, дека ќе има голема ревност, за неговиот народ значело дека Тој ќе биде спремен да го обнови нивниот мир. Обновата на Израел во неговата земја и повторната изградба на храмот биле доказ за таа ревност.

      7 Но, што е со оние кои му се спротивставувале на Јеховиниот народ? Јеховината ревност за својот народ ќе биде еднаква на неговиот „голем гнев“ врз тие непријатели. Кога верните Евреи практицирале обожавање во обновениот храм, тие биле во можност да размислуваат за пропаста на моќниот Вавилон, кој веќе бил паднат. Исто така, можеле да мислат и на целосниот неуспех на непријателите кои се обидувале да ја спречат повторната изградба на храмот (1. Ездра 4:1-6; 6:3). Исто така, можеле да му благодарат на Јехова што го исполнил своето ветување. Неговата ревност им донела триумф!

      „Град на вистината“

      8. На кој начин Ерусалим требало да стане град на вистинитоста во времето на Захарија, за разлика од поранешните времиња?

      8 Захарија по втор пат пишува: „Така вели Господ“. Кои се Јеховините зборови во оваа прилика? „Ќе се обрнам кон Сион и ќе живеам во Ерусалим, и Ерусалим ќе се вика град на вистината [вистинитоста, НС], и гората на Господа Саваот ќе се вика — Света Гора“ (Захарија 8:3). Пред 607 година пр. н. е., Ерусалим воопшто не бил град на вистинитоста. Неговите свештеници и пророци биле расипани, а неговите луѓе неверни (Јеремија 6:13; 7:29-34; 13:23-27). Сега Божјиот народ повторно го градел храмот, покажувајќи ја својата приврзаност кон чистото обожавање. Духовно, Јехова повторно престојувал во Ерусалим. Во него повторно биле кажувани вистините за чистото обожавање, така што Ерусалим можел да се нарече „град на вистината“. Неговата возвишена локација можела да биде наречена ‚гора на Господ [Јехова, НС]‘.

      9. Каква значајна промена на состојбата доживеал ‚Божјиот Израил‘ во 1919 година?

      9 Иако овие две изјави биле значајни за древниот Израел, тие имаат големо значење и за нас додека овој XX век се ближи кон крај. Скоро пред 80 години, за време на Првата светска војна, неколку илјади помазаници кои тогаш го претставувале ‚Божјиот Израил‘, отишле во духовно заробеништво, исто како што древниот Израел отишол во заробеништво во Вавилон (Галатјаните 6:16). Пророчки, тие биле опишани како трупови кои лежат на улица. Сепак, имале искрена желба да го обожаваат Јехова „со дух и вистина“ (Јован 4:24). Затоа, во 1919 година, Јехова ги ослободил од нивното заробеништво, подигнувајќи ги од нивната духовно мртва состојба (Откровение 11:7-13). На тој начин, Јехова одговорил со едно громогласно Да на Исаииното пророчко прашање: „Никне ли од земјата [Се раѓа ли земја со породилни болки, НС] во еден ден? Се раѓа ли народ наеднаш?“ (Исаија 66:8). Во 1919 година, Јеховиниот народ повторно постоел како духовна нација во нивната сопствена „земја“, односно во духовниот имот на Земјата.

      10. На какви благослови се радувале помазаните христијани во својата „земја“ од 1919 година наваму?

      10 Безбедни во таа земја, помазаните христијани служеле во Јеховиниот голем духовен храм. Тие биле означени како „верен и разумен роб“ и ја прифатиле одговорноста да се грижат за Исусовиот земен имот — предност која тие сѐ уште ја уживаат додека XX век се ближи кон својот крај (Матеј 24:45-47, НС). Тие добро ја научиле лекцијата дека Јехова е ‚Самиот Бог на мирот‘ (1. Солунјаните 5:22).

      11. На кој начин верските водачи на т. н. христијанство се покажале како непријатели на Божјиот народ?

      11 Но, што е со непријателите на Божјиот Израел? Јеховината ревност за својот народ е исто толкава колку и неговиот гнев спрема противниците. За време на Првата светска војна, религиозните водачи на т. н. христијанство извршиле огромен притисок во обидот да ја истребат оваа мала група од христијани кои ја зборувале вистината, но не успеале во тоа. За време на Втората светска војна, слугите на т. н. христијанство биле обединети само во една работа: На обете страни од конфликтот, тие ги поттикнувале владите да ги малтретираат Јеховините сведоци. Дури и денес, во многу земји, верските водачи ги подбуцнуваат владите да го ограничат или забранат христијанското проповедничко дело на Јеховините сведоци.

      12, 13. На кој начин е изразен Јеховиниот гнев против т. н. христијанство?

      12 Тоа не поминало незабележано кај Јехова. По Првата светска војна, т. н. христијанство, заедно со преостанатиот дел од Големиот Вавилон, доживеало пад (Откровение 14:8). Реалноста за падот на христијанството станала јавно позната кога, почнувајќи од 1922 година, била истурена една серија од симболични неволји, кои јавно ја разобличиле неговата духовно мртва состојба и предупредиле на неговото претстојно уништување (Откровение 8:7-9:21). Како доказ дека истурањето на овие неволји продолжува, на 23 април 1995 година ширум светот беше одржано предавањето „Близу е падот на лажната религија“, после кое следеше дистрибуцијата на стотици милиони примероци од едно посебно издание на Веста за Царството.

      13 Денес, христијанството се наоѓа во една јадна состојба. Низ целиот XX век, неговите членови се убивале едни со други во злобни војни што биле благословувани од страна на неговите свештеници и слуги. Во некои земји, неговото влијание практично е рамно на нула. Тоа е одредено за уништување заедно со остатокот од Големиот Вавилон (Откровение 18:21).

      Мир за Јеховиниот народ

      14. Каков сликовит опис пророчки е даден за еден народ кој е во мир?

      14 Од друга страна, во оваа 1996 година, Јеховиниот народ ужива изобилен мир во својата обновена земја, како што е опишана во Јеховината трета изјава: „Така вели Господ Саваот — ‚И пак старци и старички ќе седат по улиците на Ерусалим, секој со стапчето свое поради напреднатата возраст своја. А и улиците на тој град ќе се исполнат со момчиња и девојки, кои ќе си играат по улиците негови‘“ (Захарија 8:4, 5).

      15. Каков мир уживаат Јеховините слуги и покрај војните на народите?

      15 Оваа прекрасна слика од зборови опишува нешто единствено во овој завојуван свет — народ во мир. Од 1919 година наваму, се исполниле Исаиините пророчки зборови: „Мир на далечен и на ближен, вели Господ, и ќе го излекувам. А . . . Мир нема за нечестивите [злобните, НС], вели Господ Бог“ (Исаија 57:19-21). Се разбира, иако не е дел од светот, Јеховиниот народ не може да избегне да биде зафатен од метежот на народите (Јован 17:15, 16). Во некои земји, тие поднесуваат големи тешкотии, а некои од нив дури биле и убиени. Па сепак, вистинските христијани доживуваат мир главно на два начина. Прво, тие ‚имаат мир со Бога, преку [нивниот] Господ, Исуса Христа‘ (Римјаните 5:1). Второ, имаат мир меѓу себе. Ја негуваат „мудроста, што иде одозгора“, која е „најнапред чиста, а потоа мирна“ (Јаков 3:17; Галатјаните 5:22-24). Освен тоа, тие очекуваат да уживаат мир во најпотполна смисла на зборот кога „кротките ќе ја наследат земјата и ќе се насладуваат во изобилен мир“ (Псалм 36:11).

      16, 17. а) На кој начин ‚старците и старичките‘, како и ‚момчињата и девојките‘, ја зајакнале Јеховината организација? б) По што се гледа мирот на Јеховиниот народ?

      16 Меѓу Јеховиниот народ сѐ уште има „старци и старички“, помазаници кои ги паметат раните триумфи на Јеховината организација. Нивната верност и истрајност многу се ценети. Помладите помазаници презеле водство во текот на огнените денови во 1930-тите години и за време на II светска војна како и во возбудливите години на пораст кој уследил. Понатаму, се појавило и ‚големото мноштво‘ од „други овци“, особено од 1935 година (Откровение 7:9; Јован 10:16). Како што помазаниците старееле и нивниот број се намалувал, другите овци го презеле делото на проповедање и го рашириле низ Земјата. Во последниве години, другите овци ја преплавиле земјата на Божјиот народ. Па, само минатата година, 338.491 од нив беа крстени во знак на нивното предание на Јехова! Таквите нови, духовно речено, се навистина многу млади. Нивната свежина и одушевеност се драгоцени додека тие ги зголемуваат редовите на оние кои му пеат благодарни фалби „на нашиот Бог, Кој седи на престолот, и на Агнецот“ (Откровение 7:10).

      17 Денес, ‚улиците на тој град се исполнети со момчиња и девојки‘, односно со Сведоци со младешка виталност. Во службената 1995 година, беа добиени извештаи од 232 земји и морски острови. Но, нема меѓународно ривалство, немаше меѓуплеменска омраза ниту неисправна љубомора помеѓу помазаниците и другите овци. Сите растат заедно во духовен поглед, обединети во љубов. Светското братство на Јеховините сведоци навистина е единствено на светската сцена (Колосјаните 3:14; 1. Петрово 2:17).

      Претешко за Јехова?

      18, 19. На кој начин од 1919 година наваму, Јехова го извршил она што можеби изгледало претешко од човечка гледна точка?

      18 Уште во 1918 година, кога помазаниот остаток се состоел од само неколку илјади обесхрабрени души во духовно заробеништво, никој не можел да предвиди во кој правец ќе се одвиваат настаните. Меѓутоа, Јехова знаел — како што потврдува неговата четврта пророчка изјава: „Вака вели Господ Саваот: ‚Ако во очите на другите им биде чудно во тие дни, зар ќе биде тоа чудно и во очите Мои?‘ — вели Господ Саваот“ (Захарија 8:6).

      19 Во 1919 година, Јеховиниот дух го оживеал неговиот народ за делото што претстоело. Сепак, била потребна вера за да се држат за малата организација од Јеховини обожаватели. Тие биле малку, а толку многу работи не им биле јасни. Но, малку по малку, Јехова ги зајакнал организациски и ги опремил да го вршат христијанското дело на проповедање на добрата вест и на правење ученици (Исаија 60:17, 19; Матеј 24:14; 28:19, 20). Постепено, тој им помогнал да ги распознаат таквите битни спорни прашања како што се неутралноста и универзалната сувереност. Дали за Јехова било претешко да ја изврши својата волја преку таа мала група од Сведоци? Одговорот, секако, е „не“! Тоа е потврдено на страниците 12 до 15 од ова списание, каде што е покажана картата на активност на Јеховините сведоци за 1995 службена година.

      „Јас ќе станам нивни Бог“

      20. Во склад со она што било проречено, колку било обемно собирањето на Божјиот народ?

      20 Петтата изјава понатаму ја покажува среќната состојба на Јеховините сведоци денес: „Вака вели Господ Саваот: ‚Ете, Јас ќе го спасам Својот народ од источната страна и од западната; ќе ги доведам, и тие ќе живеат во Ерусалим и ќе бидат Мој народ, и Јас ќе им бидам нивни Бог, во вистина и во правда‘“ (Захарија 8:7, 8).

      21. На кој начин бил зачуван и проширен изобилниот мир на Јеховиниот народ?

      21 Во 1996 година можеме без колебање да речеме дека добрата вест била проповедана ширум светот, од „источната страна“ до ‚западната страна‘. Направени се ученици од луѓето од сите нации кои го виделе исполнувањето на Јеховиното ветување: „Сите твои синови ќе бидат научени од Господа, и голем мир ќе има меѓу синовите твои“ (Исаија 54:13). Ние имаме мир затоа што сме поучени од Јехова. За оваа цел, се издава литература на преку 300 јазици. Само минатата година беше додаден уште 21 јазик. Списанието Стражарска кула сега се издава симултано на 111 јазици, а Разбудете се! на 54. Националните и меѓународните конгреси даваат јавен доказ за мирот на Божјиот народ. Седмичните состаноци нѐ обединуваат и ни го даваат потребното охрабрување за да останеме цврсти (Евреите 10:23-25). Да, Јехова го подучува својот народ „во вистина и во правда“. Тој му дава мир на својот народ. Колку само сме благословени што имаме удел во тој изобилен мир!

  • „Сакајте ги вистината и мирот“!
    Стражарска кула 1996 | 1 Јануари
    • „Сакајте ги вистината и мирот“!

      „И би слово до мене од Господ, Саваота: ‚ . . . сакајте ги вистината и мирот‘“ (ЗАХАРИЈА 8:18, 19).

      1, 2. а) Какво е минатото на човештвото што се однесува до мирот? б) Зошто овој сегашен свет нема никогаш да види вистински мир?

      „СВЕТОТ никогаш немал мир. Некаде — а честопати на повеќе места одеднаш — секогаш имало војна.“ Тоа го рекол професор Милтон Маер од универзитетот Масачусетс (САД). Каков жалосен коментар за човештвото! Вистина, луѓето сакаат мир. Политичарите ги испробале сите можни начини за да го зачуваат — од Пакс Романа од римското време па сѐ до политиката на „Загарантирано взаемно уништување“ во текот на студената војна. Сепак, на крајот, сите нивни напори пропаднале. Како што се изразил Исаија пред многу векови, „пратениците за мир горко плачат“ (Исаија 33:7). Зошто е тоа така?

      2 Затоа што за да има траен мир, не смее да има омраза и алчност; тој мора да се темели на вистина. Мирот не може да се темели на лаги. Затоа, кога ветувал обнова и мир за древниот Израел, Јехова рекол: „Ете ќе навртам кон него мир како река, и богатство на народите — како поток, кој се разлива“ (Исаија 66:12). Богот на овој систем на ствари, Сатана Ѓаволот, е „човекоубиец“, убиец и „лажец и татко на лагата“ (Јован 8:44; 2. Коринтјаните 4:4). Како може воопшто еден свет да има мир со таков бог?

      3. Каков значаен подарок му дал Јехова на својот народ, и покрај тоа што живее во еден вознемирен свет?

      3 Сепак, значајно е тоа што Јехова му дава мир на својот народ уште додека тој живее во Сатановиот завојуван свет (Јован 17:16). Во шестиот век пр. н. е., тој го исполнил своето ветување дадено преку Јеремија и му дал „мир и вистина“ на својот посебен народ кога го вратил во неговата родна земја (Јеремија 33:6). И во овие последни денови, Јехова му дал „мир и вистина“ на својот народ во нивната „земја“, односно земниот духовен имот, иако тој живее во време на најголема неволја кое досега го доживеал овој свет (Исаија 66:8, НС; Матеј 24:7-13; Откровение 6:1-8). Додека понатаму дискутираме за Захарија поглавје 8, ќе стекнеме подлабоко ценење за мирот и вистината дадени од Бог и ќе видиме што треба да сториме за да го зачуваме нашиот удел во нив.

      ‚Поткрепете ги рацете свои‘

      4. Како Захарија го охрабрил Израел да постапува ако сакал да доживее мир?

      4 По шести пат во 8. поглавје од Захарија, слушаме возбудлива изјава од Јехова: „Така вели Господ Саваот: ‚Поткрепете ги сега рацете свои вие, што ги слушате овие зборови од устата на пророците, кои беа при основањето на домот за Господа Саваота, за да се изгради храмот. Оти пред оние дни немаше ни плата за човек ниту награда за трудот на животното; немаше спокојство од непријателите ни за оној што доаѓаше, ниту за оној што си одеше; и дозволував Јас секој човек да му е непријател на друг човек“ (Захарија 8:9, 10).

      5, 6. а) Каква била ситуацијата во Израел поради обесхрабреноста на Израелците? б) Каква промена му ветил Јехова на Израел ако Неговото обожавање го стави на прво место?

      5 Захарија ги изговорил овие зборови додека повторно се градел храмот во Ерусалим. Пред тоа, Израелците кои се вратиле од Вавилон, се обесхрабриле и ја прекинале градбата на храмот. Поради тоа што го свртеле своето внимание кон својата лична удобност, немале ниту благослов ни мир од Јехова. Иако ја обработувале својата земја и се грижеле за своите лозја, тие не напредувале (Агеј 1:3-6). Како да работеле без „плата“.

      6 Сега, додека повторно се градел храмот, Захарија ги охрабрил Евреите да „се поткрепат“, смело да го стават Јеховиното обожавање на прво место. Што ќе се случело ако направеле така? „,А сега за остатокот од овој народ Јас не сум веќе таков како во поранешните денови‘ — вели Господ Саваот. Зашто селидбата ќе се врши во мир [Тука ќе биде семето на мирот, НС], лозата ќе го даде својот плод, земјата ќе го даде својот род, а и небесата ќе ја даваат својата роса; и сето тоа ќе го предадам на остатокот од овој народ. И како што вие, доме Јудин и доме Израилев, бевте проколнати меѓу народите, така ќе ве избавам, и вие ќе бидете благословени; не плашете се, рацете ваши нека се поткрепат!“ (Захарија 8:11-13). Ако Израел постапувал со решителност, тој би напредувал. Порано, кога народите сакале да наведат некаков пример за проклетство, можеле да укажат на Израел, а сега Израел би бил пример за благослов. Каква извонредна причина да ‚ги закрепнат рацете‘!

      7. а) Какви возбудливи промени доживеал Јеховиниот народ, кои достигнале кулминација во 1995 службена година? б) Гледајќи го годишниот извештај, кои земји имаат забележителен извештај на објавители, пионери и просек на часови?

      7 А како е денес? Па, во годините пред 1919 година, на Јеховиниот народ некако му недостасувала ревност. Тие не зазеле потполно неутрален став во Првата светска војна и имале склоност да следат човек, а не нивниот Цар, Исус Христос. Како последица на тоа, некои биле обесхрабрени од противењето во и надвор од организацијата. Тогаш, во 1919 година, со Јеховина помош тие дозволиле да им зајакнат рацете (Захарија 4:6). Јехова им дал мир и тие силно напредувале. Тоа се гледа од нивниот извештај за последниве 75 години, кој во 1995 службена година достигна кулминација. Како народ, Јеховините сведоци избегнуваат национализам, чувство на племенска припадност, предрасуди и секакви други извори на омраза (1. Јованово 3:14-18). Му служат на Јехова со искрена ревност во неговиот храм (Евреите 13:15; Откровение 7:15). Само минатата година, тие поминаа над една милијарда часови во разговор со другите за нивниот небесен Татко! Секој месец водеа по 4.865.060 студии. Во просек, 663.521 секој месец учествуваа во пионерската служба. Кога свештениците на христијанството сакаат да наведат пример за луѓе кои се навистина одушевени во своето обожавање, понекогаш укажуваат на Јеховините сведоци.

      8. Како може секој христијанин поединечно да извлече корист од „семето на мирот?“

      8 Поради нивната ревност, Јехова му го дава на својот народ „семето на мирот“. Секој поединец кој го негува тоа семе, ќе види како расте мирот во неговото срце и во неговиот живот. Секој христијанин кој верува и кој тежнее кон мир со Јехова и со своите сохристијани, има удел во вистината и во мирот на народот што го носи Јеховиното име (1. Петрово 3:11; спореди Јаков 3:18). Зарем тоа не е прекрасно?

      „Не плашете се“

      9. Каква промена во своите постапки со својот народ ветил Јехова?

      9 Сега ја читаме седмата изјава од Јехова. Која е таа? „Така вели Господ Саваот: ‚Како што бев определил да ве казнам, кога татковците ваши Ме прогневуваа — вели Господ Саваот — и не зажалив, така пак определив во овие дни на Ерусалим да му направам добро и на домот Јудин; не бојте се!‘“ (Захарија 8:14, 15).

      10. Кој извештај за Јеховините сведоци покажува дека тие не се исплашиле?

      10 Но, иако Јеховиниот народ во текот на Првата светска војна бил раштркан во духовна смисла, сепак во своето срце тој сакал да го прави она што е исправно. Затоа, откако дал извесна стега, Јехова го променил својот начин на постапување со нив (Малахија 3:2-4). Денес, додека гледаме наназад, горливо му благодариме за она што тој го сторил. Вистина, ние сме ‚мразени од сите народи‘ (Матеј 24:9). Многумина биле затворани, а некои дури и умреле за својата вера. Честопати се соочуваме со рамнодушност или непријателство. Но, не се плашиме. Знаеме дека Јехова е посилен од какво и да е противење, видливо или невидливо (Исаија 40:15; Ефесјаните 6:10-13). Ние нема да престанеме да ги слушаме зборовите: „Надевај се на Господа, биди мажествен; нека е цврсто срцето твое“ (Псалм 26:14).

      „Зборувајте вистина еден на друг“

      11, 12. Што треба секој од нас поединечно да има на ум ако сакаме да имаме полн удел во благословите што му ги дава Јехова на својот народ?

      11 За да имаме потполн удел во благословите од Јехова, треба да запомниме некои работи. Захарија вели: „Еве ги наредбите што треба вие да ги извршувате: зборувајте вистина еден на друг; праведно и мирољубиво судете [судете со судот на мирот, НС] при портите ваши. Никој од вас да не му мисли зло на ближниот свој, и не посакувајте лажна клетва, зашто сето тоа Јас го мразам — говори Господ Севишниот“ (Захарија 8:16, 17).

      12 Јехова нѐ поттикнува да ја зборуваме вистината (Ефесјаните 4:15, 25). Тој не ги слуша молитвите на оние кои планираат штетни работи, кои ја кријат вистината заради лична добивка или лажно се заколнуваат (Изреки 28:9). Поради тоа што мрази отпадништво, тој сака да се држиме за библиската вистина (Псалм 24:5; 2. Јованово 9-11). Понатаму, како постарите мажи на градските порти во Израел, така и старешините кои денес решаваат правни случаи треба својот совет и своите одлуки да ги темелат на библиската вистина, а не на личното гледиште (Јован 17:17). Јехова сака да бараат ‚суд на вистината‘, трудејќи се, како христијански пастири, да го обноват мирот помеѓу противничките страни и да им помогнат на покајничките грешници повторно да дојдат во мир со Бог (Јаков 5:14, 15; Јуда 23). Во исто време, тие го запазуваат мирот на собранието, храбро отстранувајќи ги оние кои го нарушуваат тој мир со намерна упорност во престапувањето (1. Коринтјаните 6:9, 10).

      „Радост и голема веселба“

      13. а) Каква промена во врска со постот прорекол Захарија? б) Каков пост се држел во Израел?

      13 Сега ја слушаме осмата важна изјава: „Вака вели Господ Саваот: ‚Постот во четвртиот месец, постот во петтиот, постот во седмиот и постот во десеттиот месец за домот Јудин ќе бидат радост и голема веселба, сакајте ги вистината и мирот‘“ (Захарија 8:19). Под Мозаитскиот Закон, Израелците постеле на Денот на помирувањето за да изразат жалост за своите гревови (3. Мојсеева 16:29-31). Четирите пости што ги споменал Захарија, изгледа биле држани за да се оплакуваат настани во врска со освојувањето и уништувањето на Ерусалим (4. Царства 25:1-4, 8, 9, 22-26). Но, сега храмот се обновувал и Ерусалим повторно се населувал. Оплакувањето се заменило со радување, а постите можеле да станат празнични пригоди.

      14, 15. а) На кој начин Споменот бил голема причина за радување, и на што треба тоа да нѐ потсети? б) Како што се гледа од годишниот извештај, кои земји имале истакнат број на присутни на Споменот?

      14 Денес, ние не ги држиме постите што ги споменал Захарија или постењето што е пропишано со Законот. Поради тоа што Исус го понудил својот живот за нашите гревови, ние ги уживаме благословите од еден поголем Ден на помирување. Нашите гревови се покриени не само делумно туку потполно (Евреите 9:6-14). Следејќи ја заповедта на небесниот Првосвештеник, Исус Христос, ние го славиме Споменот на неговата смрт како единствена свечена прослава во христијанскиот календар (Лука 22:19, 20). Зарем не доживуваме „радост и голема веселба“ кога секоја година се собираме заедно на оваа прослава?

      15 Минатата година, 13.147.201 лице се собраа за да го прослават Споменот — 858.284 повеќе отколку во 1994 година. Колкаво мноштво! Замисли си го радувањето во 78.620-те собранија на Јеховините сведоци додека необично големи броеви се слеваа во јата во нивните Сали на Царството за прославата. Секако, сите присутни беа поттикнати да ги ‚сакаат вистината и мирот‘ додека се сеќаваа на смртта на Оној кој е „патот, вистината и животот“ и кој сега владее како Јеховин голем „Кнез на мирот“! (Јован 14:6; Исаија 9:6). Оваа прослава имаше посебно значење за оние кои ја одржаа во земјите што се измачувани од немир и војна. Во текот на 1995 година, некои наши браќа беа очевидци на неописливи ужаси. Па сепак, ‚мирот Божји, што надвишува секој ум, ги запазил нивните срца и нивните мисли во [преку, НС] Исуса Христа‘ (Филипјаните 4:7).

      ‚Да го омекнеме лицето на Јехова‘

      16, 17. Како можат луѓето од нациите да го ‚омекнат лицето на Јехова‘?

      16 Но, од каде дошле сите тие милиони кои присуствувале на Споменот? Деветтата изјава на Јехова објаснува: „Така вели Господ Саваот: ‚Уште ќе доаѓаат народи и жители од многу градови, и ќе дојдат жителите од еден град при жителите во друг град, — па ќе речат: да дојдеме да се помолиме пред [да го омекнеме, НС] лицето на Господа и да Го побараме Господа Саваота; тогаш секој ќе рече — ќе појдам и јас. И ќе доаѓаат многу племиња и народи силни, за да го бараат Господа Саваота во Ерусалим и да се помолат пред [да го омекнат, НС] лицето на Господа“ (Захарија 8:20-22).

      17 Луѓето кои присуствуваа на Споменот, сакаа да го бараат ‚Господ Саваот [Јехова на војските]‘. Многу од нив беа негови предадени, крстени слуги. Милиони други присутни сѐ уште не стигнале до тој степен. Во некои земји, присутноста на Споменот беше четири или пет пати поголема од бројот на објавители на Царството. На голем број од овие заинтересирани лица им е потребна помош за да продолжат да напредуваат. Да ги поучиме да се радуваат на спознанието дека Исус умрел за нашите гревови и дека сега владее во Божјето Царство (1. Коринтјаните 5:7, 8; Откровение 11:15). Исто така, да ги охрабруваме да се предадат на Јехова Бог и да се подложат на неговиот поставен Цар. На овој начин, тие ќе го ‚омекнат лицето на Јехова‘ (Псалм 115:8, 9; Филипјаните 2:12, 13).

      „Десет души од разни народи“

      18, 19. а) Во исполнение на Захарија 8:23, кој денеска е Јудеец? б) Кои се денес ‚десетте мажи‘ кои ‚се фаќаат за полите на еден маж кој е Јудеец‘?

      18 За последен пат во осмото поглавје од Захарија читаме: „Така вели Господ Саваот: ‚Во тие дни ќе се фаќаат по десет души од разни народи за полата од Јудеец и ќе речат — ќе појдеме со тебе, оти чувме дека Бог е со вас‘“ (Захарија 8:23). Во времето на Захарија, природниот Израел бил Божја избрана нација. Меѓутоа, во првиот век, Израел го отфрлил Јеховиниот Месија. Затоа, нашиот Бог избрал еден „Јудеец“ — еден нов Израел — како свој посебен народ, „Израилот Божји“, составен од духовни Евреи (Галатјаните 6:16; Јован 1:11; Римјаните 2:28, 29). Нивниот конечен број треба да биде 144.000, избрани од човештвото за да владеат со Исус во неговото небесно Царство (Откровение 14:1, 4).

      19 Повеќето од овие 144.000 веќе умреле како верни и ја добиле нивната небесна награда (1. Коринтјаните 15:51, 52; Откровение 6:9-11). На Земјата сега има малкумина од нив и тие се радуваат да видат дека ‚десетте души‘ кои избрале да појдат со ‚Јудејците‘, навистина се „големо мноштво . . . од сите племиња и колена, народи и јазици“ (Откровение 7:9; Исаија 2:2, 3; 60:4-10, 22).

      20, 21. Како можеме да останеме во мир со Јехова додека се приближува крајот на овој свет?

      20 Додека крајот на овој свет неумоливо наближува, т. н. христијанство е исто како Ерусалим од времето на Јеремија: „Чекаме мир — а нема ништо добро; чекаме време за спасување — а еве, ужаси“ (Јеремија 14:19). Тој ужас ќе достигне кулминација кога нациите ќе се свртат против лажната религија и насилно ќе ѝ стават крај. Набргу потоа, и самите нации ќе доживеат уништување во Божјата конечна војна, Армагедон (Матеј 24:29, 30; Откровение 16:14, 16; 17:16-18; 19:11-21). Какво само време на метеж ќе биде тоа!

      21 Низ сето тоа, Јехова ќе ги заштити оние кои ја сакаат вистината и кои го негуваат „семето на мирот“ (Захарија 8:12, НС; Софонија 2:3). Затоа, да останеме на сигурно во земјата на неговиот народ, ревносно фалејќи го јавно и помагајќи им на колку што е можно повеќе лица да го ‚омекнат лицето на Јехова‘. Ако правиме така, секогаш ќе уживаме Јеховин мир. Да, „Господ ќе му даде сила на Својот народ, Господ со мир ќе го благослови народот Свој“ (Псалм 28:11).

      Можеш ли да објасниш?

      ◻ На кој начин Божјиот народ ‚ги поткрепил своите раце‘ во времето на Захарија? А на кој начин денес?

      ◻ Како реагираме на прогонството, непријателството и рамнодушноста?

      ◻ Што се подразбира под тоа да ја ‚зборуваме вистината еден на друг‘?

      ◻ Како може некој да ‚го омекне лицето на Јехова?‘

      ◻ Која голема причина за радост се гледа во исполнувањето на Захарија 8:23?

Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
Одјави се
Најави се
  • македонски
  • Сподели
  • Подесување
  • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
  • Услови за користење
  • Полиса за приватност
  • Поставки за приватност
  • JW.ORG
  • Најави се
Сподели