-
Венчавки што се чесни во очите на Бог и на луѓетоСтражарска кула 2006 | 15 Октомври
-
-
Венчавки што се чесни во очите на Бог и на луѓето
„Имаше свадба во Кана... На свадбата беа поканети и Исус и неговите ученици“ (ЈОВАН 2:1, 2).
1. На што го свртува вниманието извештајот за тоа кога Исус бил во Кана?
ИСУС и мајка му, а и неговите ученици, знаеле колкава радост може да донесе една достоинствена венчавка на некој Божји слуга. Токму на една таква венчавка Христос го направил своето прво запишано чудо. Поради ова, свадбената веселба на која присуствувале била навистина посебна, а самиот Исус придонел тој настан да биде уште порадосен (Јован 2:1-11). Можеби и ти си бил и си се радувал на венчавки на христијани кои сакаат да му служат на Јехова како среќно венчани лица. Можеби и самиот планираш да се венчаш или, пак, се радуваш што ќе му помогнеш на некој твој пријател да има убава венчавка. Што може да се стори за венчавката навистина да биде успешна?
2. Што кажува Библијата за венчавките?
2 Христијаните знаат дека советите од Божјата вдахновена реч можат многу да помогнат кога две лица планираат да стапат во брак (2. Тимотеј 3:16, 17). Се разбира, во Библијата нема список на правила што би важеле за сите христијански венчавки. Ова воопшто не е чудно затоа што обичаите, па дури и законските барања, се менуваат со текот на времето и се разликуваат од место до место. На пример, во древниот Израел немало некоја формална свадбена церемонија. На денот на венчавката, младоженецот едноставно ја доведувал невестата во својот дом или во домот на својот татко (1. Мојсеева 24:67; Исаија 61:10; Матеј 1:24). Штом некој ќе го направел ова, сите знаеле дека тие двајца се венчани, и немало потреба од никакви други официјални формалности кои се вообичаени во многу земји денес.
3. На што присуствувал Исус во Кана?
3 За Израелците, овој чекор бил знак дека две лица стапуваат во брак, односно се венчаваат. Ова обично било проследено и со свадбена гозба, слична на онаа што е спомната во Јован 2:1. Овој стих гласи: „Имаше свадба во Кана“. Изворниот збор за „свадба“ значи „свадбена гозба“ или „свадбена веселба“a (Матеј 22:2-10; 25:10; Лука 14:8). Од извештајот во евангелието на Јован јасно се гледа дека Исус присуствувал и ја зголемил радоста на една гозба по повод една еврејска венчавка. Но, важно е дека денес венчавките се прават поинаку од она што било вообичаено во времето на Исус.
4. За каква венчавка се одлучуваат некои христијани, и зошто?
4 Во многу земји денес, христијаните што сакаат да стапат во брак треба да исполнат извесни законски барања. Ако ги исполнуваат, тие можат да се венчаат на кој и да било законски прифатлив начин. Венчавката може да биде само една мала, едноставна церемонија во која младенците ќе ги венча судија, матичар или религиозно лице што е овластено од државата. Некои избираат да се венчаат на ваков начин и можеби ќе поканат некои нивни роднини или христијански пријатели да присуствуваат за да им бидат законски сведоци или само за да бидат со нив на овој радосен и важен настан (Еремија 33:11; Јован 3:29). Слично на ова, и други христијани можеби ќе решат да не прават голема свадбена веселба за која би биле потребни повеќе пари и време за планирање. Наместо тоа, можеби ќе одлучат да имаат мал ручек или вечера со најблиските. Сеедно што ние лично би избрале во овој поглед, мора да бидеме свесни дека некои други зрели христијани, имаат поинакво гледиште од нашето за оваа работа (Римјаните 14:3, 4).
5. Зошто многу христијани сакаат да им се одржи говор за венчавање кога се земаат, и што содржи тој?
5 Повеќето христијански двојки сакаат да им се одржи библиски говор на венчавката.b Тие признаваат дека Јехова го основал бракот и дека во својата Реч тој дава мудри совети за тоа како бракот може да биде успешен и да им донесе среќа (1 Мојсеева 2:22-24; Марко 10:6-9; Ефешаните 5:22-33). И, повеќето двојки сакаат да ги споделат ваквите среќни моменти со своите христијански пријатели и роднини. Меѓутоа, како треба да гледаме на различните законски барања, постапки, па дури и на утврдените локални обичаи? Во оваа статија ќе видиме како тие се разликуваат од место до место. Можеби некои се сосема различни од она што тебе ти е познато или од она што се прави во твоето место. Во секој случај, ќе можеш да видиш дека постојат извесни заеднички начела или аспекти што се важни за сите Божји слуги.
Чесен брак — законски брак
6, 7. Зошто треба да се интересираме за законските барања за бракот, и како ќе покажеме таков интерес?
6 Иако Јехова го основал бракот, човечките власти имаат извесна контрола врз тоа како треба да постапат оние што стапуваат во брак. Ова е на место. Исус рекол: „Вратете му го цезаревото на цезарот, а Божјето на Бог!“ (Марко 12:17). Сличен совет дал и апостол Павле: „Секој човек нека им биде подложен на властите што се над него, зашто нема власт која не е од Бог. Секоја власт што постои, Бог ја поставил на нејзината положба“ (Римјаните 13:1; Тит 3:1).
7 Во повеќето земји, цезарот, односно граѓанските власти, одлучува кој може да стапи во брак. Затоа, кога двајца христијани што од гледна точка на Библијата можат да стапат во брак, ќе решат да се земат, тие свесно му се подложуваат на она што го бараат локалните закони. Меѓу другото, можеби ќе треба да набават дозвола за регистрација, да бидат венчани од матичар што е овластен од државата и најверојатно да потпишат и писмена венчаница како потврда дека нивниот брак е регистриран. Кога цезарот Август побарал да се „попише“, односно регистрира населението, Марија и Јосиф се подложиле на ова барање и отпатувале во Витлеем ‚за да се попишат‘ (Лука 2:1-5).
8. Што не праваат Јеховините сведоци, и зошто?
8 Кога двајца христијани ќе склучат брак на законски и признат начин, тој брак е важечки во Божји очи. Затоа Јеховините сведоци не го повторуваат венчавањето со тоа што ќе имаат неколку различни законски церемонии ниту, пак, ги обновуваат брачните завети, на пример, на 25-тата или 50-тата годишнина од бракот (Матеј 5:37). (Некои цркви не го признаваат законското склучување на граѓански брак, тврдејќи дека бракот не важи доколку свештеник или поп не ги венча младенците во црква, односно не ги прогласи за маж и жена.) Во многу земји, државата овластува еден Јеховин сведок да биде матичар кога двајца се венчаваат. Доколку е возможно, би било најдобро тој да ги венча младенците во Салата на Царството и овој чин да биде проследен со говор за венчавање. Тоа е локалното место за обожавање и затоа е соодветно во него да се одржи говор за брак, заедница што ја основал самиот Јехова Бог.
9. а) Што можеби ќе одлучи една христијанска двојка доколку склучи граѓански брак? б) Како старешините можат да бидат вклучени во плановите за венчавката?
9 Во други земји, законот бара двојката да се венча во државна установа како, на пример, матична служба, или пред овластен граѓански претставник. Христијаните честопати одлучуваат по овој законски чекор да следи и говор за венчавање во Салата на Царството, истиот или следниот ден. (Не би било пожелно да поминат многу денови меѓу граѓанската церемонија и библискиот говор, бидејќи двојката веќе е венчана пред Бог и пред луѓето, вклучувајќи го и христијанското собрание.) Доколку двајца што ќе се регистрираат би сакале да им се одржи говор во некоја Сала на Царството, треба однапред да побараат дозвола од старешините во Одборот на собранието. Освен тоа што ќе се уверат дека двојката е на добар глас, овие надгледници ќе се потрудат венчавањето да се одржи во време кога нема редовни состаноци или друга програма во Салата (1. Коринќаните 14:33, 40). Тие исто така ќе проверат какви промени ќе сакаат да направат младенците во Салата, и ќе одлучат дали ќе има известување за говорот.
10. Ако државата бара да биде склучен граѓански брак, како ова ќе влијае врз говорот за венчавање?
10 Старешината кој ќе го одржи говорот за венчавање ќе се потруди да го изнесе на срдечен, духовно изградувачки и достоинствен начин. Доколку бил склучен граѓански брак, тој ќе нагласи дека младенците се венчале според законот на цезарот. Ако не го кажале брачниот завет во текот на регистрацијата, можеби ќе сакаат да го направат ова во текот на говорот.c Доколку при регистрацијата го кажале заветот, но сега сакаат да го кажат пред Јехова и пред собранието, треба да ги кажат изјавите во минато време, со што ќе покажат дека Бог веќе ги „составил“ (Матеј 19:6; 22:21).
11. Како може да се венча една двојка во некои места, и како тоа влијае врз говорот за венчавање?
11 Во некои места, можеби законот не бара двојката да се венча со никаква церемонија, дури ни пред претставник поставен од властите. Бракот е склучен кога на едно овластено службено лице ќе му се даде документ за склучен брак потпишан од младенците. Тогаш им се издава венчаница. Така двајцата официјално стануваат маж и жена и тој ден се смета за датум кога бил склучен бракот. Како што веќе беше спомнато, двојката која се венчала на ваков начин можеби ќе сака веднаш потоа да има библиски говор во Салата на Царството. Духовно зрелиот брат што ќе го одржи говорот ќе ги извести сите присутни дека двојката стапила во брак со регистрацијата која штотуку завршила. Заветот може да се изнесе на начинот што беше објаснет во 10. пасус и во фуснотата. Оние што се присутни во Салата на Царството ќе се радуваат со младенците и ќе извлечат корист од советите што се дадени во Божјата реч (Песна над песните 3:11).
Обичајни и граѓански бракови
12. Што е обичаен брак, и што е препорачливо да се направи откако ќе се склучи таков брак?
12 Во некои земји, двојките стапуваат во брак кој е наречен обичаен (или племенски). Ова не се однесува на случаи кога двајца само живеат заедно ниту, пак, се однесува на невенчани бракови кои можеби се признати во некои заедници но не се навистина озаконети.d Овде станува збор за брак кој се склучува во согласност со обичај утврден од одредено племе или на одредено подрачје. Овој обичај може да вклучува целосно плаќање и прифаќање на цена за невестата, со што двојката е венчана законски и библиски. Властите ги сметаат овие обичајни бракови за важечки, законски и непроменливи. Обично потоа е можно овој обичаен брак да се заведе и да се регистрира, и тогаш брачната двојка може да добие и венчаница. Регистрацијата на еден ваков брак овозможува законска заштита за двојката или за жената, доколку остане вдовица, како и за децата што можеби ќе им се родат понатаму. Собранието ќе ги поттикне сите што ќе склучат ваков обичаен брак да го регистрираат што е можно побрзо. Интересно е тоа што, додека важел Мојсеевиот закон, браковите и раѓањата биле официјално запишувани (Матеј 1:1-16).
13. Откако ќе се склучи обичаен брак, како и кога е пожелно да се одржи говорот за венчавање?
13 Младенците кои законски се венчаваат во склад со еден таков обичај, се сметаат за маж и жена кога ќе го склучат бракот. Како што забележавме погоре, христијаните што склучуваат еден ваков законски брак можеби ќе сакаат да им се одржи говор за венчавање и да го кажат брачниот завет во Салата на Царството. Доколку е така, говорникот ќе каже дека двојката веќе била венчана во склад со законите на цезарот. Ќе има само еден ваков говор. Постои само една венчавка, во овој случај законски важечкиот обичаен (племенски) брак, и еден библиски говор. Со тоа што и двата овие аспекти ќе се одржат едноподруго — пожелно е дури истиот ден — ќе му се оддаде чест на христијанскиот брак во заедницата.
14. Што би можел да направи еден христијанин ако постои можност да склучи и обичаен и граѓански брак?
14 Во некои земји каде што обичајниот брак е законски признат, има можност да се стапи и во граѓански (или, уставен) брак. Граѓанскиот брак обично го склучува некое лице овластено од државата, а при регистрацијата може да се каже и брачниот завет и да се потпише официјален документ. Некои христијански двојки повеќе сакаат да склопат ваков брак. Нема законско барање дека мора да се склучат и двата вида — пред законот се важечки и обичајниот и граѓанскиот брак. Она што беше кажано за говорот за венчавање и за брачниот завет во пасуси 9 и 10 важи и во овој случај. Најважно е младенците да стапат во брак на начин што е прифатлив за Бог и заслужува почит од луѓето (Лука 20:25; 1. Петрово 2:13, 14).
Покажувај почит во бракот
15, 16. Како почитта треба да биде основна состојка на бракот?
15 Кога персискиот цар имал проблем во својот брак, главниот советник Мемукан дал еден многу корисен совет — ‚жените да покажуваат почит кон своите мажи‘ (Естира 1:20). Во христијанските бракови, ова важи и без да се даде наредба од некој човечки цар — жените треба да покажуваат почит кон своите мажи. На сличен начин, и христијанските мажи ги почитуваат своите жени и ги фалат (Изреки 31:11, 30; 1. Петрово 3:7). Не треба да чекаме да поминат години па потоа да покажеме почит во бракот. Ова треба да се гледа уште од самиот почеток, да, уште од денот на самата свадба.
16 Мажот и жената — сопругот и сопругата — не се единствените што треба да покажуваат почит на свадбата. Доколку еден христијански старешина изнесе говор за венчавање, и тоа треба да го стори со почит. Говорот треба да им биде упатен на младенците. Говорникот ќе покаже почит кон нив со тоа што нема да внесува многу хумор или народни изреки. Не би требало да зборува ни за некои нивни многу лични работи со што би ги засрамил и нив и другите присутни. Напротив, ќе се труди да биде срдечен и позитивен, и да го стави акцентот на основачот на бракот и на Неговите извонредни совети. Да, достоинствениот говор за венчавање што ќе го изнесе еден старешина ќе придонесе со венчавката да му се оддаде чест и почит на Јехова Бог.
17. Зошто христијаните треба да внимаваат и на законските аспекти на венчавката?
17 Веројатно забележа дека во оваа статија беа изнесени многу законски поединости во врска со бракот. Некои аспекти можеби не важат директно во местото каде што живееш. Сепак, сите треба да бидеме свесни дека, кога двајца Јеховини сведоци стапуваат во брак, мора да покажат почит кон локалните закони, односно кон барањата на цезарот (Лука 20:25). Павле нѐ советува: „Давајте му го секому она што му припаѓа: на оној кој бара данок — данок, кој бара давачка — давачка... кој бара чест — чест“ (Римјаните 13:7). Да, навистина е на место христијаните, уште од самата свадба, да покажуваат почит кон ова уредување што Бог го одобрува денес.
18. Која друга работа што можеби следи по венчавката го заслужува нашето внимание, и каде можеме да најдеме информации за ова?
18 По многу христијански венчавки се одржува свадбена веселба, ручек или вечера. Сети се дека Исус решил да присуствува на една таква гозба. Ако има таква свадбена гозба, како можат библиските совети да ни помогнат да се увериме дека и таа ќе му донесе чест на Бог и ќе фрли поволна светлина на младенците и на христијанското собрание? Следната статија ќе зборува токму за тоа.e
-
-
Докажи ја својата вера со начинот на кој живеешСтражарска кула 2006 | 15 Октомври
-
-
Докажи ја својата вера со начинот на кој живееш
„Верата — ако нема дела, сама по себе е мртва“ (ЈАКОВ 2:17).
1. Зошто првите христијани внимавале и на својата вера и на своите дела?
ГЛЕДАНО во целина, првите христијани ја докажале својата вера со начинот на кој живееле. Ученикот Јаков ги поттикнал сите христијани: „Немојте само да ја слушате речта, туку и извршувајте ја“. Потоа додал: „Како што телото без дух е мртво, така и верата без дела е мртва“ (Јаков 1:22; 2:26). Околу 35 години откако го напишал ова, многу христијани и понатаму ја докажувале својата вера со соодветни дела. Но, за жал, некои престанале да го прават ова. Иако Исус го пофалил собранието во Смирна, на многумина во собранието во Сард им рекол: „Ги знам твоите дела — носиш име дека си жив, а мртов си“ (Откровение 2:8-11; 3:1).
2. Кои прашања треба да си ги постават христијаните во врска со својата вера?
2 Одовде гледаме дека Исус ги охрабрил оние во Сард — а и сите други што подоцна ќе ги читале неговите зборови — да ја докажат својата прва љубов кон христијанската вистина и да бидат духовно будни (Откровение 3:2, 3). Секој од нас може да се праша: ‚Што покажуваат моите дела? Дали од нив се гледа дека навистина правам сѐ што можам за да ја докажам својата вера во сѐ што правам, па дури и на полиња што не се директно поврзани со проповедањето или со собраниските состаноци‘? (Лука 16:10). Овие прашања може да си ги поставиме за многу работи во животот, но сега да разгледаме само една од нив: друштвените собири, меѓу кои спаѓаат и христијанските свадбени веселби.
Мали друштвени собири
3. Што вели Библијата во врска со заедничкото дружење?
3 Повеќето од нас сме радосни кога сме поканети на заедничко дружење со други среќни христијани. Јехова е „среќниот Бог“, и тој сака неговите слуги да бидат среќни (1. Тимотеј 1:11). Тој го поттикнал Соломон да ја запише следнава вистина во Библијата: „Јас ја фалам веселбата, зашто за човекот нема ништо подобро под сонцето отколку да јаде и да пие и да се весели, и тоа да го придружува во трудот негов во сите дни на животот негов“ (Проповедник 3:1, 4, 13; 8:15). Можеме да се радуваме кога имаме заеднички оброк со семејството или кога сме собрани за дружење во помал број како вистински обожаватели на Бог (Јов 1:4, 5, 18; Лука 10:38-42; 14:12-14).
4. За што треба да размисли оној што организира дружење?
4 Ако ти организираш едно такво дружење и ако си одговорен за него, треба добро да размислиш како планираш да се одвива дури и ако си поканил само неколку сохристијани на ручек или на вечера и на пријателски разговор (Римјаните 12:13). Би било добро да се увериш дека ‚сѐ е пристојно‘, и дека те води „мудроста одозгора“ (1. Коринќаните 14:40; Јаков 3:17). Апостол Павле напишал: „Било да јадете, било да пиете, било да правите што и да е друго, правете сѐ за Божја слава. Не бидете [никому] за спрепнување“ (1. Коринќаните 10:31, 32). На кои аспекти треба да им се обрне особено внимание? Тоа што однапред ќе ги разгледаме овие аспекти, ќе ти помогне и тебе и на твоите гости да ја покажете својата вера со дела (Римјаните 12:2).
Какво ќе биде дружењето?
5. Зошто домаќинот треба добро да размисли дали ќе служи алкохолни пијалаци и дали ќе пушта музика?
5 Многу домаќини се соочуваат со прашањето дали да служат алкохолни пијалаци. Ова не е неопходно за едно дружење да биде изградувачко. Сети се дека Исус обезбедил храна за прилично голема група луѓе што дошле кај него — ги умножил лебот и рибите. Во извештајот не се кажува дека тој со чудо обезбедил и вино, иако знаеме дека можел да го стори тоа (Матеј 14:14-21). Ако одлучиш да служиш алкохолни пијалаци на некој собир, тие нека бидат застапени во умерени количини, но погрижи се да има и безалкохолни пијалаци за другите (1. Тимотеј 3:2, 3, 8; 5:23; 1. Петрово 4:3). Како и да е, во никој случај немој да ставаш никого под притисок да пие нешто што може да ‚касне како змија‘ (Изреки 23:29-32). Што е со музиката или со пеењето? Ако на собирот си планирал да има музика, сигурно внимателно ќе ги избереш песните и притоа ќе ги земеш предвид и ритамот и текстот (Колошаните 3:8; Јаков 1:21). Многу христијани сфатиле дека за убава атмосфера многу придонесува ако се слушаат Мелодиите на Царството или дури и ако сите заедно ги пеат овие песни (Ефешаните 5:19, 20). И, се разбира, внимавај колку е гласна музиката за да можат другите да уживаат во меѓусебниот разговор, а и за да не се вознемируваат соседите (Матеј 7:12).
6. Како може домаќинот да покаже дека има жива вера кога станува збор за разговор или за други активности?
6 При едно вакво дружење, христијаните можат да разговараат на најразлични теми, можат гласно да читаат нешто или да раскажуваат интересни искуства. Ако разговорот тргне во погрешна насока, домаќинот може тактично да го пренасочи. Исто така, тој треба да внимава и никој од присутните да не доминира во разговорот. Ако види дека постои таква опасност, тој може промислено да каже нешто за да ги вклучи и другите во разговорот, на пример, младите, или да воведе тема за која можат сите да дискутираат. И младите и старите ќе бидат воодушевени со овој аспект на дружењето. Доколку ти, како организатор, ги водиш работите мудро и тактично, ‚твојата разумност ќе им биде позната‘ на оние што биле присутни таму (Филипјаните 4:5). Тие ќе чувствуваат дека твојата вера е жива и дека влијае врз секој дел од твојот живот.
Венчавки и свадбени веселби
7. Зошто вреди да обрнеме внимание на тоа како ќе ги планираме венчавките и свадбите?
7 Христијанската свадба е посебна прилика за веселба и радост. Божјите слуги во минатото, меѓу кои биле и Исус и неговите ученици, спремно учествувале во такви радосни настани и во гозбите кои обично следеле по нив (1. Мојсеева 29:21, 22; Јован 2:1, 2). Но, неодамнешното искуство јасно покажа дека планирањето на друштвените активности во врска со свадбите навистина бара посебни напори ако сакаме да одразуваат добро просудување и христијанска рамнотежа. Сепак, тие се и нормален дел од животот, во кој христијанинот може да ја покаже својата вера.
8, 9. Како она што се прави на многу свадби јасно ги потврдува зборовите од 1. Јованово 2:16, 17?
8 Многу луѓе, кои ниту ги знаат ниту им се важни Божјите начела, сметаат дека на свадбата може да се оди во крајности, или барем дека крајностите можат да се толерираат. Во едно европско списание, една жена која штотуку стапила во брак го изјавила следново во врска со својата „кралска“ свадба: ‚Се возевме во парадна кочија во која беа впрегнати четири коњи, а по неа одеа 12 еднозапрежни кочии, како и кочија во која свиреа музичарите. Потоа уживавме во извонредна храна и во одлична музика; беше вистинско доживување. Токму така сакав да биде — се чувствував како кралица‘.
9 Иако обичаите се разликуваат од земја до земја, ваквото размислување јасно го потврдува она што го напишал апостол Јован: „Сѐ што е во светот — желбата на телото и желбата на очите и истакнувањето на својот имот — не потекнува од Таткото, туку потекнува од светот“. Можеш ли воопшто да замислиш дека една зрела христијанска двојка би посакала „кралска“ свадба со луксузна гозба како од бајките? Напротив, плановите за свадбата треба да покажат дека го зеле при срце советот дека „оној што ја врши Божјата волја, останува засекогаш“ (1. Јованово 2:16, 17).
10. а) Зошто е неопходно добро да се планира за една разумна свадба? б) Што треба да земеме во обѕир кога размислуваме кого да поканиме?
10 Христијанските двојки сакаат да бидат и реалистични и разумни, а Библијата може да им помогне во тоа. Иако денот на венчавката е многу важен за нив, тие се свесни дека тој е само почеток на заедничкиот живот на двајца христијани пред кои стои вечен живот. Не мора да имаат голема свадбена гозба. Доколку решат да организираат веселба, ќе ги пресметаат трошоците и ќе размислат каква ќе биде таа (Лука 14:28). Кога ќе почнат да живеат заедно во христијански брак, мажот ќе биде поглавар во склад со библиското начело (1. Коринќаните 11:3; Ефешаните 5:22, 23). Затоа, како младоженец, тој е најодговорен за свадбената веселба. Се разбира, љубезно ќе разговара и со својата идна сопруга за тоа кого сакаат или кого ќе можат да го поканат на свадбата. Можеби нема да е возможно или практично да ги поканат сите роднини и пријатели, па затоа ќе треба да постапат поскромно во овој поглед. Младенците треба да имаат доверба дека ќе наидат на разбирање од сохристијаните кои нема да бидат поканети и дека тие нема да се навредат (Проповедник 7:9).
„Управителот на масата“
11. Каква улога може да одигра „управителот на масата“ на една свадба?
11 Ако една двојка реши да прави свадба, што може да стори за таа да биде достоинствена до крај? Веќе неколку децении Јеховините сведоци сфаќаат колку е мудро во свадбите да се вклучи еден аспект кој е спомнат во поврзаност со свадбата на која присуствувал Исус во Кана. Таму имало ‚управител на масата‘, најверојатно некој одговорен соверник (Јован 2:9, 10). Слично на ова, еден мудар младоженец ќе избере некој духовно зрел брат за ова многу важно својство. Откако јасно ќе утврди што сака и што не сака младоженецот, управителот на гозбата ќе може во поединости да ги спроведе неговите желби и пред и во текот на самата свадба.
12. За што треба да размисли младоженецот во врска со служењето на алкохолни пијалаци?
12 Во согласност со она што беше разгледано во 5. пасус, некои двојки решаваат да не се служи алкохол на свадбената веселба за да не се наруши среќата и пријатната атмосфера доколку некој претера со пиење (Римјаните 13:13; 1. Коринќаните 5:11). Ако сепак решат да има и алкохолни пијалаци, младоженецот треба да се погрижи тие да се служат умерено. На свадбата во Кана на која бил Исус, имало вино, а и самиот тој направил вино со многу висок квалитет. Интересно е што рекол управителот на масата: „Секој човек најпрво го изнесува доброто вино, а кога луѓето ќе се опијат, полошото. А ти си го чувал доброто вино сѐ досега“ (Јован 2:10). Се разбира, со овој чин Исус не ги поттикнал гостите да се испијанат, бидејќи за него опивањето било неприфатливо (Лука 12:45, 46). Но, со тоа што бил изненаден од квалитетот на виното, управителот јасно укажал дека видел ситуации кога некои од гостите на свадбите навистина се опивале (Дела 2:15; 1. Солуњаните 5:7). Затоа, и младоженецот и доверливиот христијанин кого тој ќе го одреди како управител на гозбата треба да водат сметка сите присутни да го следат следново јасно упатство: „Не опивајте се со вино, во кое има разузданост“ (Ефешаните 5:18; Изреки 20:1; Осија 4:11).
13. На што треба да мислат младенците ако има музика на нивната свадба, и зошто?
13 Како што е случај и со другите собири, ако има музика, треба да се обрне внимание таа да биде доволно тивка за присутните да можат лесно да разговараат. Еден христијански старешина вели: „Како што одминува вечерта и разговорите стануваат сѐ поживи или присутните стануваат да играат, понекогаш и музиката станува сѐ погласна. Музиката која пред тоа се слуша само во заднина наеднаш станува прегласна и присутните не можат да разговараат. Свадбата нуди можност за пријатно дружење. Колку би било жално ова да се наруши затоа што музиката е многу гласна!“ И во овој случај се одговорни младоженецот и управителот на гозбата. Тие не треба да им дозволат на музичарите — без оглед дали се платени или не — да имаат контрола над тоа што ќе се свири и колку гласно ќе се свири. Павле напишал: „И што и да правите со збор или со дело, сѐ правете во името на Господарот Исус“ (Колошаните 3:17). Кога гостите ќе си заминат од свадбата, дали ќе се сеќаваат на тоа дека музиката покажала дека младенците правеле сѐ во името на Исус? Така треба да биде.
14. Какви пријатни спомени треба да имаат христијаните од свадбите на кои присуствуваат?
14 Да, свадбите што биле добро организирани оставаат многу пријатни спомени. Адам и Едита, кои се во брак 30 години, во врска со една свадба го рекле следново: „Навистина се чувствуваше христијанска атмосфера. Се пееја песни за фалба на Јехова, но имаше и друга убава забава. Играњето и музиката не беа најважни. Дружењето беше пријатно и изградувачко, и сѐ беше во склад со библиските начела“. Јасно е, невестата и младоженецот можат многу да сторат за да ја покажат својата вера со своите дела.
Свадбени дарови
15. Кој библиски совет може да се примени на давањето свадбени дарови?
15 Во многу земји е вообичаено пријателите и роднините да им даваат подароци на оние што се земаат. Доколку и ти го правиш тоа, што треба да имаш на ум? Па, сети се на она што го рекол апостол Јован во врска со „истакнувањето на својот имот“. Тој го поврзал таквото фалење со ‚светот што поминува‘, а не со христијаните што ја докажуваат својата вера со дела (1. Јованово 2:16, 17). Во согласност со овие вдахновени зборови на Јован, дали треба младенците да кажат пред сите кој го дал секој поединечен дар? Христијаните од Македонија и од Ахаја дале прилози за браќата во Ерусалим, но никаде не пишува дека некој ги дознал нивните имиња (Римјаните 15:26). Многу христијани што даваат свадбен дар не сакаат другите да знаат кој го дал подарокот и со тоа да свртат претерано внимание на себеси. Во врска со ова, разгледај го советот што го дал Исус во Матеј 6:1-4.
16. Како можат младенците да избегнат да ги повредат другите во однос на свадбените дарови?
16 Ако се кажат имињата на оние што ги дале подароците, може да се јави натпреварувачки дух за тоа кој дал поубав или поскап подарок. Затоа, мудрите христијани кои стапуваат во брак нема јавно да кажуваат кој ги дал подароците. Кажувањето на имињата може да ги засрами другите што можеби не можеле да дадат подарок (Галатите 5:26; 6:10). Се разбира, не е погрешно невестата и момчето да знаат кој им дал подарок. Тоа можат да го дознаат од картичката што оди со дарот, но која нема да ја читаат пред сите. Кога купуваме, даваме или добиваме свадбени подароци, сите можеме да покажеме дека, и во една толку лична работа, нашата вера влијае врз нашите постапки.a
17. Каква цел треба да имаат христијаните во врска со својата вера и своите дела?
17 Нашата вера не ја покажуваме само со тоа што водиме морален живот, и одиме на христијански состаноци и во служба на проповедање. Сите ние треба да имаме жива вера што влијае врз сѐ што правиме. Да, можеме да ја покажеме својата вера така што потполно ќе ги ‚извршиме‘ своите дела, дури и на полиња од животот како оние што ги разгледавме во оваа статија (Откровение 3:2).
18. Како зборовите во Јован 13:17 можат да се применат во врска со христијанските свадби и собири?
18 Откако Исус им дал убав пример на своите верни апостоли со тоа што понизно им ги измил нозете, тој рекол: „Кога го знаете тоа, среќни сте ако го правите“ (Јован 13:4-17). Можеби во местото каде што денес живееш, ти не е неопходно ниту вообичаено да миеш нечии нозе, на пример, на гостите што ќе дојдат во твојот дом. Но, како што видовме во оваа статија, има други аспекти во животот во кои можеме да ја покажеме нашата вера со љубезни, обѕирни дела, меѓу кои спаѓаат и оние поврзани со друштвените собири и со христијанските свадби. Ова важи за сите без оглед дали самите стапуваме во брак или сме гости на венчавка или на радосно дружење на христијани кои сакаат да ја покажат својата вера со своите дела.
[Фуснота]
a Додатни аспекти на свадбите и на веселбите се обработени во следната статија, „Зголеми ги радоста и достоинството на твојата венчавка“.
Како би одговорил?
Како можеш да ја докажеш својата вера
• кога организираш друштвен собир?
• кога организираш свадба или веселба?
• кога даваш или добиваш свадбени дарови?
[Слика на страница 24]
Дури и ако си поканил само неколку луѓе, нека те води „мудроста одозгора“
-
-
Зголеми ги радоста и достоинството на твојата венчавкаСтражарска кула 2006 | 15 Октомври
-
-
Зголеми ги радоста и достоинството на твојата венчавка
„ДЕНОТ на мојата венчавка беше еден од најважните и најрадосните денови од мојот живот“, рекол Гордон, кој е во брак скоро 60 години. Зошто денот на венчавката е толку значаен за вистинските христијани? Тоа е ден кога даваат свечено ветување на две лица кои тие искрено ги сакаат — на нивниот сопружник и на Јехова Бог (Матеј 22:37; Ефешаните 5:22-29). Точно, двојките што планираат да се венчаат сакаат да се радуваат на денот на својата венчавка, но сакаат и да му оддадат чест на Основачот на бракот (1. Мојсеева 2:18-24; Матеј 19:5, 6).
Како може младоженецот да придонесе овој среќен настан да помине достоинствено? Што може да стори невестата за да му покаже почит на својот маж и на Јехова? Како можат другите кои присуствуваат да придонесат денот на венчавката да биде уште порадосен? Сега ќе разгледаме некои библиски начела што ќе ни помогнат да одговориме на овие прашања. Доколку ги применуваме тие начела, ќе избегнеме многу од проблемите што би можеле да го расипат овој посебен настан.
Кој е одговорен?
Во многу земји, еден овластен Јеховин сведок може законски да венчава. Дури и во места каде што законските чекори мора да ги направи државен матичар, младенците можеби ќе сакаат да им се одржи библиски говор. Во овој говор, младоженецот обично е поттикнат да размислува за улогата што му е дадена од Бог како семеен поглавар (1. Коринќаните 11:3). Според тоа, младоженецот е тој што има првенствена одговорност за она што се случува на венчавката. Се разбира, плановите за самата регистрација и за свадбата што можеби потоа ќе се одржи, обично се прават доста однапред. Зошто може да биде тешко да се направат подготовки за сето тоа?
Една причина е тоа што роднините од едната или од другата страна би можеле да се обидат да го имаат главниот збор во плановите за венчавката. Родолфо, кој венчал многу двојки, вели: „Понекогаш младоженецот е под огромен притисок од роднините, особено ако помагаат да се платат трошоците за свадбата. Тие можеби имаат цврст став околу тоа како треба да се одвива венчавката и свадбата. Така би можеле да ја потценат библиската улога на младоженецот, според која тој е одговорен за настанот“.
Макс, кој венчава двојки повеќе од 35 години, вели: „Имам забележано една работа. Невестата го презема водството во одлучувањето за тоа што ќе се случува на венчавката и на свадбата, а младоженецот има малку можност да каже нешто“. Дејвид, кој исто така има венчано многу двојки, вели: „Младоженецот можеби не е навикнат да преземе водство и обично не е доволно вклучен во подготовките околу свадбата“. Како може младоженецот успешно да ја исполни таа одговорност?
Комуникацијата ја зголемува радоста
За да може младоженецот успешно да ја исполни својата одговорност во свадбените подготовки, мора добро да комуницира. Библијата јасно вели: „Намерите пропаѓаат таму каде што нема доверлив разговор“ (Изреки 15:22). Меѓутоа, може да се избегнат многу нервози ако младоженецот прво разговара за подготовките околу свадбата со невестата, со членовите од семејството и со другите што можат да дадат добар совет од Библијата.
Да, важно е двајца што се свршени прво меѓу себе да разговараат за плановите и можностите. Зошто? Па, слушни некои забелешки на Иван и неговата жена, Делвин, кои среќно живеат во брак повеќе години, но кои потекнуваат од различни култури. Сеќавајќи се на нивните планови за свадбата, Иван вели: „Јас имав конкретни идеи околу тоа што сакав за мојата венчавка. Тоа значеше свадба со сите мои пријатели, свадбена торта и невеста во бело. А Делвин, пак, сакаше мала, едноставна венчавка без свадбена торта. Таа дури се мислеше дали да носи невестински фустан“.
Како оваа двојка ги усогласила овие различни гледишта? Со љубезна, искрена комуникација (Изреки 12:18). Иван додава: „Проучувавме статии на темел на Библијата со теми за венчавки како, на пример, статиите издадени во Стражарска кула од 15 април, 1984 година.a Овој материјал ни помогна да го имаме Божјето гледиште за овој настан. Со оглед на тоа што потекнуваме од различни култури, секој од нас мораше да направи некои отстапки од својот личен избор. Најдовме некоја средина“.
Арет и Пени постапиле на сличен начин. Во врска со нивната венчавка, Арет вели: „Пени и јас разговаравме за нашите различни желби за венчавката, и успеавме да се договориме. Се молевме Јехова да го благослови тој ден. Јас побарав совет и од моите и од нејзините родители и од други зрели брачни двојки во собранието. Нивните предлози многу ни помогнаа. Поради тоа нашата венчавка беше многу убава“.
Да имаме достоинствен изглед и облека
Се разбира, и невестата и младоженецот сакаат да бидат убаво облечени на нивната венчавка (Псалм 45:8-15). Можеби ќе потрошат време, труд и пари за облека што ќе одговара на настанот. Кои библиски начела ќе им помогнат да изберат облека што е и достоинствена и убава?
Да разгледаме на што треба да обрне внимание невестата во врска со облеката во таа пригода. Иако вкусовите се разликуваат од човек до човек и од земја до земја, библискиот совет важи насекаде. Жените треба „да се облекуваат пристојно, а притоа да бидат скромни и разборити“. Ова начело важи за христијанките во секое време, а секако дека се однесува и на денот на венчавката. Всушност, за една свадба да биде среќна пригода не е потребна „многу скапа облека“ (1. Тимотеј 2:9; 1. Петрово 3:3, 4). Ако го примениме овој совет ќе бидеме среќни!
Дејвид, кој го спомнавме претходно, вели: „Повеќето двојки се трудат да ги следат библиските начела, и заслужуваат пофалба за тоа. Но, наместо да бидат скромни, имало случаи кога фустаните на невестата и на девериците биле со многу длабоко деколте или биле проѕирни“. Еден зрел христијански старешина однапред се среќава со невестата и младоженецот и им помага да задржат духовно гледиште. Како? Така што ги прашува дали облеката што ќе ја носат би била доволно скромна за да ја носат на христијански состанок. Точно, стилот на облеката можеби е поинаков од вообичаената облека за состаноци, и врз она што се носи на венчавката можеби ќе влијаат локалните обичаи, но степенот на скромност треба да биде во склад со достоинствените христијански мерила. Дури и ако некои во светот сметаат дека библиските морални мерила ги ограничуваат, вистинските христијани спремно им се спротивставуваат на обидите на светот да ги стави во својот калап (Римјаните 12:2; 1. Петрово 4:4).
„Наместо да гледаме на облеката или на свадбата како на најважното нешто“, вели Пени, „Арет и јас се сконцентриравме на говорот, на духовниот дел од настанот. Тоа беше најважниот дел од денот. Важните работи на кои се сеќавам не се во што бев облечена или што јадев, туку со кого го поминав денот и колку бев среќна затоа што се венчавав со човекот што го сакам“. Една христијанска двојка ќе постапи добро ако ги задржи на ум овие мисли додека ја планира својата венчавка.
Салата на Царството — достоинствено место
Многу христијански двојки сакаат да ја одржат својата венчавка во Салата на Царството, доколку е таа на располагање. Зошто го сакаат тоа? Една двојка објаснува: „Сфативме дека бракот е свето уредување од Јехова. Тоа што се венчавме во Салата на Царството, нашето место за обожавање, ни помогна уште од самиот почеток да го всадиме во нас чувството дека Јехова мора да биде дел од нашиот брак. Друга корист од тоа што венчавката се одржа во Салата на Царството, а не на друго место, беше тоа што им покажа на нашите роднини кои не се Сведоци, а беа присутни, колку ни е важно обожавањето на Јехова“.
Ако собраниските старешини што се одговорни за Салата на Царството одобрат венчавката да се одржи таму, двојката треба однапред да ги извести за тоа што планираат да прават. Еден начин на кој невестата и младоженецот можат да покажат должна почит кон оние што се поканети на венчавката е ако се цврсто решени да пристигнат навреме. И секако, да се погрижат сѐ да се одвива на еден достоинствен начинb (1. Коринќаните 14:40). Така ќе се избегнат крајностите што се карактеристични за многу световни свадби (1. Јованово 2:15, 16).
Оние што присуствуваат на венчавката исто така можат да покажат дека го имаат Јеховиното гледиште за бракот. На пример, нема да очекуваат венчавката да ги надмине венчавките на другите христијани, како да се работи за некаков натпревар чија венчавка е најраскошна. Зрелите христијани исто така сфаќаат дека е поважно и покорисно да бидат присутни во Салата на Царството за библискиот говор отколку да бидат на свадбата или на веселбата што можеби ќе следи. Ако времето или околностите му дозволуваат на еден христијанин да биде присутен само на еден од двата настана, секако дека би било попожелно да биде во Салата на Царството. Еден старешина, кој се вика Вилијам, вели: „Ако гостите, без некоја посебна причина, не дојдат во Салата на Царството но дојдат на веселбата потоа, тоа покажува недостиг на ценење кон светоста на тој настан. Дури и да не сме поканети на свадбата, можеме да покажеме дека ги поддржуваме невестата и младоженецот со тоа што ќе присуствуваме на говорот во Салата на Царството. На тој начин ќе им дадеме одлично сведоштво и на роднините што не се Сведоци, а се дојдени на венчавката“.
Радоста што трае по денот на венчавката
Трговскиот свет од свадбите направи голем бизнис. Според еден неодамнешен извештај, просечната свадба во Соединетите Држави „чини 22.000 долари, или половина од просечниот [годишен] приход на едно американско домаќинство“. Под влијание на рекламната пропаганда, многу нововенчани двојки или нивните семејства за тој еден единствен ден, запаѓаат во голем долг што го отплаќаат со години. Дали е мудро така да се започне бракот? Оние што не ги знаат библиските начела или не им се важни можеби ќе отидат во таква крајност, но колку поинаку стојат работите кај вистинските христијани!
Со тоа што поканиле разумен број гости на свадбата, во склад со своите финансиски можности, и со тоа што се сконцентрирале на духовниот аспект од настанот, многу христијански двојки биле во можност да го употребат своето време и средства во согласност со нивното ветување да му служат на Бог (Матеј 6:33). Да го разгледаме примерот на Лојд и Александра, кои 17 години по својата свадба сѐ уште се во полновремена служба. Лојд вели: „Можеби за некои нашата венчавка беше многу едноставна, но Александра и јас бевме многу среќни. Сметавме дека венчавката не треба да биде настан што ќе ни наметне финансиски товар, туку настан со кој ќе му оддадеме слава на Јехова за тоа уредување кое им носи голема среќа на две лица“.
Александра додава: „Јас бев во пионерска служба пред да се венчаме, и не сакав да се откажам од таа посебна предност само за да имам раскошна свадба. Денот на нашата венчавка беше нешто посебно. Но, тоа беше само првиот ден од нашиот заеднички живот. Го применивме советот да не се концентрираме премногу на чинот на склучувањето на бракот и побаравме водство од Јехова за нашиот брачен живот. Тоа навистина ни донесе благослов од Јехова“.c
Да, денот на вашата венчавка е посебен настан. Ставовите и постапките што ќе се видат тој ден можат да му дадат насока на вашиот живот како брачна двојка во наредните години. Затоа, барајте водство од Јехова (Изреки 3:5, 6). Најважно нека ви биде духовното значење на тој ден. Поддржувајте се еден со друг додека ги извршувате улогите што ви ги дал Бог. На тој начин можете да поставите цврст темел за вашиот брак и, со Јеховин благослов, ќе ја имате радоста која трае многу долго по денот на вашата венчавка (Изреки 18:22).
-