ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • Опасност што го плаши секој родител
    Разбудете се! 2007 | Октомври
    • Опасност што го плаши секој родител

      ХРИСТИНА и Симон се весел, среќен брачен пар и имаат паметно, здраво тригодишно синче за кое добро се грижат.a Тоа не е лесно во денешниов свет. Родителите имаат многу грижи и одговорности. Треба да ги поучат децата за толку многу работи! Христина и Симон чувствуваат особена одговорност за една работа — да го заштитат своето дете од сексуално малтретирање. Зошто?

      „Татко ми беше бездушен, гневен пијаница“, вели Христина. „Многу ме тепаше и сексуално нѐ малтретираше мене и моите помали сестри.“b Секој ќе се сложи дека таквото малтретирање може да остави длабоки емоционални лузни. Не е ни чудо што Христина и Симон се решени да го заштитат своето синче!

      Многу родители се загрижени поради половите напади врз деца. Можеби и ти си загрижен. За разлика од Симон и Христина, ти лично можеби не си бил малтретиран, но сигурно си запрепастен што слушаш колку често се случуваат такви гнасни работи. Родителите во целиот свет се ужаснати кога гледаат што им се случува на деца во нивното соседство.

      Не изненадува тоа што еден професор што го истражува сексуалното малтретирање рече дека половиот напад врз дете е „еден од најстрашните изуми на нашето време“. Ова навистина е лоша вест, но дали човек треба да биде изненаден? Не, ако ја познава Библијата. Божјата реч објаснува дека живееме во тежок период наречен „последните денови“, време во кое луѓето се „сурови“, „себељубиви“ и „бесчувствителни кон другите“ (2. Тимотеј 3:1-5).

      Проблемот со сексуалното малтретирање поприма алармантни размери. Некои родители се згрозуваат кога ќе помислат до кој степен се злобни луѓето што сексуално злоупотребуваат деца. Но, дали овој проблем е премногу голем за да можат родителите да се справат со него? Или, пак, има некои практични чекори што можат да ги направат за да си ги заштитат децата? Овие прашања ќе бидат разработени во следните статии.

      [Фусноти]

      a Имињата во овие статии се сменети.

      b Сексуално малтретирање на дете е кога возрасно лице злоупотребува дете за да си ги задоволи своите сексуални желби. Во тоа честопати спаѓаат работи што во Библијата се наречени блуд, или порни́а, како што се допирање на половите органи, полов однос и орален или анален секс. Некои други постапки, како што се милување на градите, отворени предлози за секс, прикажување порнографски материјали на дете, воајерство и покажување на половите органи може да се вбројат во она што Библијата го осудува како „бесрамност“ или ‚лакомо да се врши нечистотија‘ (Галатите 5:19-21; Ефешаните 4:19).

  • Како да си ги заштитите децата
    Разбудете се! 2007 | Октомври
    • Како да си ги заштитите децата

      ТЕМАТА за сексуално малтретирање на деца никому не му е пријатна. Родителите се стресуваат на самата помисла! Но, во денешниов свет сексуалното малтретирање е застрашувачка и непријатна реалност и може да остави големи трауми кај децата. Дали вреди да зборуваме за оваа тема? Па, како родител, ти сѐ би дал за да си го заштитиш детето. Сигурно нема да те чини многу ако научиш нешто повеќе за грдата реалност наречена сексуално малтретирање. Тие сознанија можат многу да ти помогнат за да си го заштитиш детето.

      Најпрво, не дозволувај поради страшните факти за сексуалното малтретирање да ја изгубиш храброста да се соочиш со овој проблем. Ако ништо друго, ти имаш сила каква што твоето дете нема — јаки страни за кои на твоето дете ќе му требаат години, па дури и децении да ги стекне. Со годините ти си стекнал знаење, искуство и мудрост. Многу е важно уште повеќе да ги зајакнеш тие јаки страни и да ги користиш за да си го заштитиш детето. Ќе разгледаме три основни чекори што треба да ги направи секој родител: 1) Биди му штит на своето дете, 2) запознај го со опасностите и 3) покажи му некои практични начини како да се заштити.

      Дали си му штит на своето дете?

      Најголема одговорност да ги заштитат децата од сексуална злоупотреба имаат родителите, а не самите деца. Затоа, прво мора родителите да се информираат, а потоа децата. Ако си родител, има неколку работи што треба да ги знаеш во врска со злоупотребата на деца. Треба да знаеш какви луѓе злоупотребуваат деца и како се обидуваат да го сторат тоа. Родителите честопати си мислат дека напасниците се некои непознати луѓе што демнат во мракот и бараат начин да грабнат и да силуваат некое дете. Такви монструми навистина постојат. Многу често слушаме вести за такви случаи. Но, сепак тоа се случува релативно ретко. Во околу 90 отсто од случаите на сексуална злоупотреба на деца, сторителот е некој што детето веќе го познава и на кого му верува.

      Нормално, сигурно не би сакал да помислиш дека некој мил сосед, наставник, лекар, тренер или роднина има такви чувства кон твоето дете. Факт е дека повеќето луѓе не се такви. Нема потреба да почнеш да се сомневаш во секого. Сепак, можеш да си го заштитиш детето ако научиш кои се тактиките што обично ги користи еден напасник. (Види ја рамката на 6. страница.)

      Ако ги научиш тие тактики, ти, како родител, ќе можеш подобро да го заштитиш своето дете. На пример, што ќе направиш ако некој што повеќе се интересира за деца отколку за возрасни почне да го опсипува твоето дете со внимание и со подароци, ако се понуди да ти го чува бесплатно или да го однесе на излет? Веднаш ќе помислиш дека тој човек е напасник? Не. Не избрзувај со заклучоците. Сето тоа внимание може да биде сосем невино. Сепак, може да те наведе да бидеш претпазлив. Библијата вели: „Лековерниот верува на секој збор, а паметниот внимава на своите чекори“ (Изреки 14:15).

      Не заборавај, секоја понуда што ти звучи премногу добро, можеби е токму тоа — измама. Внимателно испитај го секого што ќе се понуди да поминува време насамо со твоето дете. Јасно стави му на знаење дека одвреме-навреме ќе ги проверуваш. Мери и Боби се млади родители и имаат три синчиња. Тие се многу претпазливи кога треба да ги остават децата сами со некој возрасен. Кога едно од синчињата дома имало часови по музика, Мери му рекла на наставникот: „Јас постојано ќе влегувам и ќе излегувам од собата додека сте тука“. Можеби ова звучи малку претерано, но овие родители повеќе сакаат и да претераат отколку подоцна да зажалат.

      Биди вклучен во сѐ што прави твоето дете, интересирај се кои му се другари и какви задачи има на училиште. Дознај ги сите детали за некоја екскурзија што се планира. Еден специјалист по ментално здравје кој 33 години работел со лица кои биле сексуално малтретирани, вели дека има видено безброј случаи кои можеле да се спречат со само малку поголема претпазливост од страна на родителите. Тој ги цитира зборовите на еден осуден напасник, кој рекол: „Родителите сами ни ги ставаат во раце децата... Барем мене многу ми ја олеснија работата“. Не заборавај, повеќето напасници гледаат да зграпчат лесна цел. Децата чии родители знаат сѐ што се случува не се лесна цел.

      Друг начин да му бидеш штит на своето дете е внимателно да слушаш. Децата многу ретко отворено ќе кажат дека се сексуално малтретирани — премногу се срамат и страв им е како ќе реагираат другите. Затоа, слушај и обрни внимание дури и на најмалите знаци.a Ако детето каже нешто што ќе те вознемири, смирено поставувај му прашања за да го охрабриш да зборува.b Ако каже дека повеќе не сака тој и тој да го чува, прашај го зошто. Ако каже дека некој возрасен си игра чудни игри со него, прашај го: ‚Какви игри? Што правите?‘ Ако се пожали дека некој го скокотка, прашај го: ‚Каде те скокотка?‘ Немој да ги игнорираш зборовите на детето. Напасниците им велат на децата дека никој нема да им верува, и честопати навистина е така. А за да може едно дете што било сексуално малтретирано побрзо да закрепне, од голема помош ќе му биде ако родителот му верува и го поддржува.

      Запознај го детето со опасностите

      Во една книга во која се разработува темата за сексуално малтретирање на деца цитирани се зборовите на еден осуден напасник: „Дајте ми дете кое не знае ништо за сексот, и сте ми ја дале следната жртва“. Овие ужасни зборови се опомена за родителите. На напасниците им е многу полесно да ги прелажат децата што не знаат ништо за сексот. Во Библијата се вели дека знаењето и мудроста можат да нѐ избават „од човек што кажува изопачени работи“ (Изреки 2:10-12). Сигурно сакаш и твоето дете да биде заштитено. Затоа, како втор важен чекор за да го заштитиш, немој да се стегаш да го поучиш за оваа важна тема.

      Но, како да го сториш тоа? Речиси на секој родител му е незгодно да зборува со своето дете за секс. На детето можеби му е уште понезгодно и веројатно нема само да ја начне таа тема. Затоа, ти стори го тоа. Мери вели: „Почнавме уште кога беа мали, и тоа со имињата на деловите од телото. Ги користевме вистинските зборови, а не некои бебешки изрази, за да им покажеме дека нема ништо смешно ниту срамно во врска со кој и да било дел од нивното тело“. Потоа многу полесно ќе можеш да ги поучиш како да се заштитат од сексуална злоупотреба. Многу родители едноставно ќе им кажат на децата дека деловите од телото што се покриваат со костим за капење се посебни и никој не смее да ги допира.

      Христина, која ја спомнавме во претходната статија, вели: „Јас и Симон му рековме на син ни дека неговиот пенис си е само негов, и дека не е играчка. Никој не смее да го допира — ниту мама, ниту тато, па дури ни лекарот. Кога го носиме на лекар, му кажувам дека лекарот само ќе провери дали е сѐ во ред и дека затоа можеби ќе треба да го допре“. И двајцата родители треба одвреме-навреме да зборуваат со детето за вакви теми и да му дадат на знаење дека во секое време може да дојде и да им каже ако некој го допира каде што не треба или како што не треба. Стручњаците од областа на грижата и заштитата на децата од сексуална злоупотреба препорачуваат сите родители да водат слични разговори со своите деца.

      Кога ги поучуваат децата за оваа тема, на мнозина од голема помош им е книгата Учи од Големиот Учител.c Во 32. поглавје, „Како Исус бил заштитен“, на децата директно, но сепак благо им е кажано дека постои опасност од сексуална злоупотреба и дека е многу важно да се заштитат. Мери вели: „Книгата совршено го поткрепува она што ние им го кажавме на децата“.

      Во денешниов свет, секое дете треба да знае дека има луѓе кои сакаат да допираат деца или кои тераат деца нив да ги допираат каде што не треба. Децата не треба да живеат во страв или да ја изгубат довербата во сите возрасни поради вестите за вакви случаи. „Тие се само лекција како да се заштитат“, вели Христина. „Но, тоа е само една од лекциите. Има и многу други лекции кои немаат никаква врска со сексуалната злоупотреба. Син ми воопшто не е преплашен.“

      Кога го поучуваш своето дете, научи го разумно да гледа на послушноста. Тоа е многу важна и тешка лекција (Колошаните 3:20). Но, внимавај да не претераш. Ако го научиш детето дека, во каква и да било ситуација, секогаш мора да го послуша секој возрасен, го изложуваш на опасност да биде злоупотребено. Напасниците веднаш забележуваат кога децата се претерано послушни. Мудрите родители ќе ги поучат децата дека од нив не се очекува да послушаат сѐ и секого. Можеби ова звучи комплицирано, но не и за христијаните. Едноставно треба да им кажат на децата: „Ако некој ти рече да направиш нешто за што Јехова Бог вели дека е погрешно, немој да го правиш. Дури и мама и тато никогаш не смеат да ти кажат да направиш нешто за што Јехова вели дека е погрешно. И секој пат кога некој ќе проба да те натера да направиш нешто погрешно, дојди и кажи ѝ на мама или на тато“.

      Исто така, објасни му на детето дека никој не смее да го тера да крие работи од тебе. Кажи му дека ако некој му рече да не ти каже или да скрие нешто од тебе, секогаш треба да дојде и да ти каже. Што и да му рекол некој — па дури и ако напасникот му рекол дека ќе му направи страшни работи или, пак, самото направило нешто погрешно — секогаш е добро да дојде кај мама или тато и да им каже сѐ. Детето не треба да се плаши од ова. Смири го со тоа што ќе му кажеш дека повеќето луѓе никогаш не би му направиле такви лоши работи — да го допираат каде што не смеат, да го тераат да не го слуша Бог или да не каже нешто на мама и на тато. Како што се планираат мерки во случај на пожар, така и овие поуки се „за секој случај“ и веројатно никогаш нема да притребаат.

      Покажи му на детето практични начини да се заштити

      Третиот чекор е да го поучиш детето некои едноставни работи што треба да ги направи ако некој се обиде да го злоупотреби кога не си со него. Обично се препорачува една тактика која личи на игра. Родителите поставуваат прашања што почнуваат со „Што би направил ако..?“, а детето одговара. Може да прашаш: „Што би правел ако сме во некоја голема продавница и се разделиме? Како ќе ме најдеш?“ Можеби детето нема да одговори баш како што очекуваш, но помогни му поставувајќи му дополнителни прашања, како: „Ти текнува ли што би можел да направиш за да бидеш на сигурно?“

      Можеш да користиш слични прашања за да го поучиш детето што би било најдобро да направи ако некој се обиде да го допира каде што не смее. Ако детето веднаш се вознемири на овие прашања, можеби е добро во прашањата да користиш некој друг лик, друго дете. На пример, би можел да кажеш: „Едно девојченце е со свој роднина што многу го сака, но потоа тој почнува да ја допира каде што не смее. Што мислиш дека треба да направи за да се одбрани?“

      Што треба да му кажеш на детето да направи во таква ситуација? Еден писател вели: „Отсечно ‚Немој!‘ или ‚Тргни се!‘, ‚Пушти ме!‘ може многу да го уплаши напасникот и да го натера да се повлече и да се подзамисли дали да ја нападне жртвата што ја избрал“. Вежбајте со детето такви ситуации за да може цврсто и гласно да се спротивстави, брзо да избега и да ти каже што се случило. Можеби изгледа дека детето ја разбира поуката, но децата брзо забораваат. Затоа, вежбајте редовно.

      Сите под чија директна грижа е детето, вклучувајќи ги и мажите — сеедно дали е татко, очув или друг роднина — треба да учествуваат во овие разговори. Зошто? Затоа што сите што се вклучени во поуката, всушност, како да му ветуваат на детето дека тие никогаш не би му направиле такво нешто. За жал, многу често сексуалното малтретирање се случува токму во семејството. Во следната статија ќе зборуваме за тоа што ќе ти помогне твоето семејство да биде сигурно место во овој изопачен свет.

      [Фусноти]

      a Стручњаците велат дека многу деца што биле злоупотребувани, преку однесувањето на некој начин даваат знаци дека нешто не е во ред. На пример, ако едно дете одеднаш почне пак да прави нешто што го правело кога било помало, како на пример да се помочува, да не се одделува од родителите или да се плаши да биде само, можеби праќа сигнали дека нешто сериозно го мачи. Но, ваквите симптоми не се доказ дека детето е злоупотребувано. Смирено поставувај му прашања за да дознаеш зошто е вознемирено. Така ќе можеш да го утешиш, да му ја вратиш самодовербата и да го заштитиш.

      b За да биде поедноставно, во оваа статија и напасникот и жртвата се во машки род. Но, истите начела важат за двата пола.

      c Издадена од Јеховините сведоци.

      [Истакната мисла на страница 5]

      Биди му штит на своето дете

      [Истакната мисла на страница 7]

      Запознај го детето со опасностите

      [Истакната мисла на страница 8]

      Покажи му на детето практични начини да се заштити

      [Рамка на страница 4]

      СЕКСУАЛНО МАЛТРЕТИРАЊЕ — СВЕТСКИ ПРОБЛЕМ

      Во 2006 год., генералниот секретар на Обединетите нации поднесе извештај пред генералното собрание на ОН во врска со насилствата што се вршат врз децата низ светот. Овој извештај беше подготвен од независен стручњак. Според извештајот, во текот на една од изминатите години, 150 милиони девојчиња и 73 милиони момчиња под 18 години биле „принудени на полов однос или доживеале некој друг облик на сексуално малтретирање“. Ова се страшни бројки, но како што стои во извештајот: „Вистинските бројки се многу поголеми“. Од внимателната анализа на истражувањата спроведени во 21 земја се гледа дека во некои места дури 36 отсто од жените и 29 отсто од мажите биле сексуално малтретирани како деца. Повеќето од сторителите на тие полови напади биле роднини на децата!

      [Рамка на страница 6]

      ТАКТИКИ НА ЗАВЕДУВАЊЕ

      Еден напасник е доволно мудар да не користи сила со своите жртви. Тој обично ги заведува децата малку по малку. Почнува со тоа што ќе си избере жртва, честопати дете кое изгледа беспомошно и кое им верува на луѓето, поради што лесно може да го контролира. Потоа го опсипува со внимание. Исто така, може да се обиде да ја стекне довербата на родителите на детето. Напасникот честопати многу вешто се преправа дека искрено се интересира за детето и за целото семејство.

      Со текот на времето, ќе почне да го подготвува детето за да му изврши полов напад. Почнува повеќе да го допира во наводно невини изрази на љубов, како што е борење или скокоткање. Можеби ќе почне да му дава подароци на детето и ќе го одвои од другарите, браќата и сестрите и родителите, за да може да биде насамо со него. Може ќе му рече на детето да не им кажува на родителите за некоја помала работа — можеби за некој подарок или план за некоја прошетка. Со овие тактики си го подготвува теренот. Кога напасникот ќе ја стекне довербата на детето и на родителите, спремен е да го нападне детето.

      Веројатно и тоа нема да го направи на сила, туку лукаво. Можеби ќе ја искористи природната љубопитност на детето во врска со сексот и ќе се понуди „да го поучи“, или може ќе му предложи да играат некоја „посебна игра“ за која ќе знаат само тие двајцата. Може ќе проба да му покажува порнографски материјали на детето за тоа да му изгледа нормално.

      Ако успее да изврши полов напад врз детето, ќе преземе мерки детето да не каже никому за тоа. Може да користи разни тактики — да му се заканува, да го уценува и да го натера да мисли дека тоа е виновно, а можеби и сите овие работи заедно. На пример, може ќе му рече: „Ти си виновен. Не ми рече да престанам“. Може уште да рече: „Ако им кажеш на родителите, ќе викнат полиција и ќе ме стават во затвор засекогаш“. Или може да рече: „Ова е наша тајна. И да кажеш, никој нема да ти верува. Ако мајка ти и татко ти дознаат, ќе им направам нешто страшно“. Има безброј изопачени и злобни тактики со кои се служат напасниците.

      [Слика на страница 5]

      Биди вклучен во сѐ што прави твоето дете

      [Слика на страница 7]

      Не се стегај да го поучиш своето дете за сексот

      [Слика на страница 8]

      Поучи го своето дете цврсто да се спротивстави ако наиде на напасник

  • Семејството — безбедно засолниште
    Разбудете се! 2007 | Октомври
    • Семејството — безбедно засолниште

      „БЕСЧУВСТВИТЕЛНИ.“ Вака се опишани во Библијата повеќето луѓе од нашево време, кое е наречено „последните денови“ (2. Тимотеј 3:1, 3, 4). Бројот на деца што се сексуално малтретирани во семејството поприма невидени размери, што е уште еден силен доказ за вистинитоста на ова пророштво. Всушност, изворниот грчки збор аʹсторгос, кој на македонски е преведен со „бесчувствителни“, укажува на недостиг на љубов што треба да ја има меѓу членовите на семејството, особено љубовта меѓу родителите и децата.a Многу често, ова води до случаи на сексуално малтретирање во семејството.

      Некои истражувачи велат дека најчесто полов напад врз децата вршат татковците или очувите. Често се случува тоа да биде и некој роднина. Иако почесто жртви се девојчињата, и многу момчиња се злоупотребувани. Не е ретко и жена да злоупотребува деца. Веројатно најретко се известува инцестот меѓу брат и сестра. Во тие случаи, обично постарото или посилното дете го присилува или го заведува помалото или послабото дете да имаат полови односи. Како родител, сигурно ти се гади кога слушаш вакви работи.

      Што можеш да направиш за да не дозволиш вакво нешто да се случи во твоето семејство? Секој член во семејството треба да знае и да почитува одредени начела кои не дозволуваат да дојде до малтретирање. Најдобриот извор на такви начела е Божјата реч, Библијата.

      Божјата реч и физичките контакти

      За да биде безбедно, секое семејство треба да ги следи моралните мерила од Библијата. Библијата отворено се изјаснува кога станува збор за половите односи. Тоа го прави на достоинствен, но сепак отворен и јасен начин. Од неа се гледа дека намерата на Бог била половите односи да им бидат на радост на сопругот и сопругата (Изреки 5:15-20). Меѓутоа, во неа се осудени сите полови односи надвор од бракот. На пример, Библијата отворено зборува против инцестот. Во 18. поглавје од 3. Мојсеева е наведена забрана за голем број инцестни врски. Обрни внимание на овие зборови: „Никој од вас да не му се приближува на својот близок крвен роднина за да ја открие неговата голотија [за да има полови односи]. Јас сум Јехова“ (3. Мојсеева 18:6).

      Јехова ги вброил инцестните врски меѓу ‚гнасотиите‘ што се казнувале со смрт (3. Мојсеева 18:26, 29). Очигледно, Творецот има многу високи мерила во врска со оваа работа. Денес, многу влади имаат сличен став и имаат донесено закони со кои сексуалното малтретирање на деца во семејството се смета за кривично дело. Честопати, доколку некој возрасен имал полови односи со дете, законот тоа го смета за силување. Зошто се користи овој силен збор, ако немало никаква присила?

      Многу власти почнуваат да го сфаќаат она што Библијата отсекогаш го кажувала за децата — дека тие не размислуваат како возрасните. На пример, во Изреки 22:15 пишува: „Глупоста е приврзана за срцето на детето“. Апостол Павле, воден од светиот дух, напишал: „Кога бев дете... размислував како дете, расудував како дете. А кога станав маж, го отфрлив детинското“ (1. Коринќаните 13:11).

      Едно дете не може потполно да го разбере половиот однос, ниту пак, може да ги сфати последиците што ќе ги претрпи подоцна. Затоа, сите се согласуваат дека децата не се способни присебно да се согласат да имаат полови односи со некого. Со други зборови, ако еден возрасен човек (или доста постаро дете) има полови односи со дете, не може како изговор да рече дека детето не се противело или дека и детето го сакало тоа. Возрасното лице е виновно за силување. Тоа е кривично дело, кое често се казнува со затворска казна. Силувачот е виновен за силувањето, а не жртвата.

      Но, за жал, денес повеќето такви злосторства поминуваат неказнето. На пример, според некои проценки, во Австралија само 10 отсто од сторителите излегуваат пред суд и само малкумина се осудени. И во другите земји ситуацијата е слична. Иако властите не можат да сторат многу за да ги заштитат, христијанските семејства можат во голема мера самите да се заштитат доколку се држат за библиските начела.

      Вистинските христијани сфаќаат дека Бог, кој ги изнел тие начела во својата Реч, не се менува. Тој гледа сѐ што правиме, па дури и она што успеваме да го скриеме од другите. Библијата вели: „Сѐ е... откриено пред очите на оној кому ние мораме да му поднесеме сметка“ (Евреите 4:13).

      Бог нѐ смета за одговорни ако ги прекршуваме неговите заповеди и ги повредуваме другите. Од друга страна, тој нѐ благословува кога ги почитуваме неговите корисни заповеди во врска со семејниот живот. Кои се некои до нив?

      Семејство што го обединува љубовта

      Во Библијата читаме: „[Љубовта] совршено ве поврзува“ (Колошаните 3:14). Како што е опишано во неа, љубовта не е само чувство. Таа се гледа од начинот на кој нѐ мотивира — од однесувањето на кое нѐ поттикнува и работите што нѐ спречува да ги правиме (1. Коринќаните 13:4-8). Да се покажува љубов во семејството значи да се внимава на достоинството на секој член, да се покажува почит и да се биде љубезен. Тоа значи да се живее во склад со Божјето гледиште за секој член од семејството. Бог на секого му дава ценета и важна улога.

      Како поглавар на семејството, таткото треба да биде пример за љубов. Нему му е јасно дека, иако како маж има извесни предности, тоа не му дава слобода да биде тиранин и да ја злоупотребува својата власт врз жената и децата. Напротив, тој го следи примерот што Христос им го оставил на поглаварите (Ефешаните 5:23, 25). Затоа е внимателен со својата жена и ѝ покажува дека ја сака, а со своите деца е стрплив и нежен. Тој постојано се грижи да бидат заштитени и дава сѐ од себе за да не се случи нешто што би можело да им ги одземе мирот и беспрекорноста, или поради што ќе ја изгубат довербата и нема да се чувствуваат безбедно.

      И жената има улога која е многу важна и ценета. Во Библијата заштитничката моќ на Јехова и Исус е споредена со заштитничкиот инстинкт на мајките во животинскиот свет (Матеј 23:37). Секоја мајка треба да е цврсто решена да ги заштити своите деца. Мајчинската љубов ја тера секогаш да го стави доброто на децата пред своето. Ниту едниот ниту другиот родител нема да си дозволи другите од семејството да се плашат од него, физички да ги малтретира или грубо да се расправа со нив. Не дозволуваат ни децата да постапуваат така меѓу себе.

      Кога сите во семејството се почитуваат и се љубезни едни со други, меѓу нив има добра комуникација. Писателот Вилијам Прендергаст вели: „Сите родители треба секој ден, редовно и отворено да разговараат со своите деца“. Тој уште вели: „Се покажало дека ова е најдоброто решение за проблемот со сексуалното малтретирање“. И Библијата ги поттикнува родителите да го прават потполно истото, редовно отворено и искрено да разговараат со своите деца (5. Мојсеева 6:6, 7). Кога се следи овој совет, домот станува место каде што секој може слободно да си каже што му лежи на срце.

      Точно е дека живееме во злобен свет и дека и понатаму ќе има случаи на сексуално малтретирање. Но, многу помага ако барем дома можеме да се чувствуваме сигурни. Што и да доживее некој од семејството надвор од дома, знае каде точно да побара утеха и разбирање. Семејството може да биде како гнездо, безбедно засолниште во овој немирен свет. Бог нека ги благослови вашите напори да го направите и своето семејство такво место!

      [Фуснота]

      a Овој стар грчки збор се дефинира како: „Бесчувствителен кон семејството“. Затоа, во една Библија овој стих е преведен: „Нема да чувствуваат нормална љубов кон семејството“.

      [Рамка/слика на страница 10]

      ПРЕДЛОЗИ ЗА БЕЗБЕДЕН ДОМ

      Интернет: Ако твоите деца имаат пристап до Интернет, поучи ги на кои работи да внимаваат. Има безброј порнографски страници, чет-линии и други страници за дружење кои педофилите ги користат за да ги заведат децата. Мудро е компјутерот да стои на место каде што родителите ќе можат лесно да следат за што го користат децата. Без присуство и дозвола од родителите, децата никогаш не смеат да даваат лични податоци или да се договараат да се сретнат со некого што го запознале на Интернет (Псалм 26:4).

      Алкохол: Во многу случаи, полов напад врз дете бил извршен од некој што бил пијан. Искуствата покажуваат дека возрасните што пијат прекумерно често потешко се контролираат — под дејство на алкохол некои може да им попуштат на желбите кои инаку би ги потиснале. Во секој случај, ова е уште една причина зошто треба да се почитува библискиот совет да не се претерува со пиењето (Изреки 20:1; 23:20, 31-33; 1. Петрово 4:3).

      Приватност: Една жена раскажува: „Кога почина мајка ми, само татко ми имаше врата на собата и завеси на прозорците. Нам не ни оставаше ни малку приватност — дури ни во бањата“. Овој човек ги злоупотребувал своите ќерки. Секој член во семејството треба да сфати колку е важна приватноста. Како што понекогаш на родителите им треба да бидат сами без децата, така и на децата им треба соодветна мера приватност додека растат. Мудрите родители постапуваат со другите онака како што сакаат да се постапува и со самите нив (Матеј 7:12).

Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
Одјави се
Најави се
  • македонски
  • Сподели
  • Подесување
  • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
  • Услови за користење
  • Полиса за приватност
  • Поставки за приватност
  • JW.ORG
  • Најави се
Сподели