ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • Неволји што влеваат надеж
    Стражарска кула 2011 | 1 Мај
    • Неволји што влеваат надеж

      „Во последните денови ќе настанат особено тешки времиња“ (2. ТИМОТЕЈ 3:1)

      ДАЛИ си чул, или можеби со свои очи си видел, некој од следниве жалосни настани?

      ● Од смртоносна болест умираат десетици лица.

      ● Од глад згаснуваат стотици животи.

      ● Во земјотрес гинат илјадници луѓе, а уште поголем број остануваат без покрив над главата.

      На следниве страници ќе прочиташ некои отрезнувачки факти во врска со овие настани. Исто така, ќе видиш дека во Библијата било проречено дека тие ќе се случуваат во „последните денови“.a

      Меѓутоа, целта на овие статии не е да те убедат дека живееме во свет исполнет со неволји. Веројатно и ти од прва рака ги гледаш овие проблеми. Наместо тоа, наменети се да ти влеат надеж. Тие покажуваат дека исполнувањето на овие шест пророштва значи дека „последните денови“ наскоро ќе завршат. Ќе бидат изнесени некои вообичаени приговори на овие факти, како и неколку причини зошто можеме да очекуваме дека ќе дојдат подобри времиња.

      [Фуснота]

      a Нешто повеќе за тоа зошто Бог ги допушта овие лоши работи можеш да прочиташ во статијата „Зошто Бог ги допушта злото и страдањата?“ на страници 16-17 од ова списание.

  • Пророштво 1: Земјотреси
    Стражарска кула 2011 | 1 Мај
    • Пророштво 1: Земјотреси

      „Ќе има силни земјотреси“ (ЛУКА 21:11)

      ● Вини, која имала 16 месеци, била извлечена од урнатините на Хаити. ТВ-екипата што известувала на лице место за тој катастрофален земјотрес, го чула нејзиниот тивок плач. Вини го преживеала земјотресот, но не и нејзините родители.

      ШТО ПОКАЖУВААТ ФАКТИТЕ? Кога во јануари 2010 год. Хаити беше погоден од земјотрес со јачина од 7 степени според Рихтеровата скала, загинаа повеќе од 300.000 лица. Други 1,3 милиони луѓе за миг останаа без покрив над главата. Иако беше многу разорен, земјотресот на Хаити не беше единствен. Во периодот од април 2009 до април 2010 год., во целиот свет имаше уште најмалку 18 поголеми земјотреси.

      ВООБИЧАЕН ПРИГОВОР. Бројот на земјотреси во денешно време не е поголем од бројот на земјотреси во минатото. Разликата е во тоа што современата технологија овозможува полесно да се рашири веста за нив.

      ДАЛИ ОВОЈ ПРИГОВОР ИМА ОСНОВА? Размисли за следниов факт: Библијата не става акцент врз бројот на земјотресите во последните денови, туку нагласува дека „на разни места“ ќе има „силни земјотреси“. Затоа, тие ќе бидат една впечатлива карактеристика на овој значаен период од историјата (Марко 13:8; Лука 21:11).

      ШТО МИСЛИШ ТИ? Дали сме сведоци на силни земјотреси, како што било проречено во Библијата?

      Можеби земјотресите сами по себе не се доволно убедлив доказ дека живееме во последните денови. Сепак, тие се само едно од пророштвата што се исполнуваат пред наши очи. Да разгледаме уште едно пророштво.

      [Истакната мисла на страница 4]

      „Ние [геофизичарите] ги нарекуваме силни земјотреси. Сите други ги нарекуваат ужасни земјотреси“ (КЕН ХАДНЕТ, ГЕОЛОШКИ ИНСТИТУТ НА САД)

      [Извор на слика на страница 4]

      © William Daniels/Panos Pictures

  • Пророштво 2: Глад
    Стражарска кула 2011 | 1 Мај
    • Пророштво 2: Глад

      „Ќе има глад“ (МАРКО 13:8)

      ● Еден човек бара засолниште во селото Куаратаџи (Нигер). И неговите браќа, сестри и братучеди дошле од внатрешноста на земјата за да не умрат од глад. Сепак, човекот лежел сам врз едно чергиче. Зошто бил сам? „Бидејќи не може да го прехрани [семејството], од срам не сака да ги погледне в лице“, објаснува Сиди, поглаварот на селото.

      ШТО ПОКАЖУВААТ ФАКТИТЕ? Низ целиот свет, секој ден речиси секој седми човек нема доволно за јадење. Тој број е уште поголем во супсахарска Африка, каде што се смета дека секој трет постојано гладува. За да си претставиме што значи тоа, замисли си едно семејство кое се состои од татко, мајка и бебе. Ако има храна само за двајца, кој од нив ќе остане гладен? Таткото? Мајката? Бебето? Овие семејства секојдневно мора да донесуваат ваква одлука.

      ВООБИЧАЕН ПРИГОВОР. Земјата раѓа доволно храна за секого. Само треба да се направи подобра распределба на нејзините природни богатства.

      ДАЛИ ОВОЈ ПРИГОВОР ИМА ОСНОВА? Точно е дека земјоделците можат да произведат и да транспортираат повеќе храна од кога и да е порано. За да се реши проблемот со гладот, човечките влади би требало добро да ги распределат резервите од храна. Меѓутоа, со децении нивните обиди завршуваат со неуспех.

      ШТО МИСЛИШ ТИ? Дали се исполнува пророштвото од Марко 13:8? И покрај тоа што технологијата отишла напред, дали гладот сѐ уште ги погодува луѓето низ целиот свет?

      Земјотресите и гладот честопати им претходат на други проблеми што се јавуваат поради едно друго обележје на знакот за последните денови.

      [Истакната мисла на страница 5]

      „Повеќе од една третина од децата што умираат од пневмонија, дијареја и други болести, би можеле да преживеат ако имаат доволно храна“ (ЕН М. ВЕНЕМАН, ПОРАНЕШНА ДИРЕКТОРКА НА УНИЦЕФ)

      [Извор на слика на страница 5]

      © Paul Lowe/Panos Pictures

  • Пророштво 3: Болести
    Стражарска кула 2011 | 1 Мај
    • Пророштво 3: Болести

      „Ќе има... смртоносни епидемии“ (ЛУКА 21:11, Радосна Вест)

      ● Бонзали, здравствен работник од една африканска земја растргната од граѓанска војна, прави сѐ што може за да им помогне на рударите од неговиот град кои умираат од вирусот Марбург.a Одговорните медицински лица од еден поголем град останале глуви на неговите молби да се преземе нешто. По четири месеци конечно стигнала помош, но Бонзали бил мртов. Се заразил од истата болест што ја имале рударите кои сакал да ги спаси.

      ШТО ПОКАЖУВААТ ФАКТИТЕ? Инфекциите на дишните патишта (како што е пневмонијата), цревните зарази кои предизвикуваат дијареја, ХИВ/СИДА-та, туберкулозата и маларијата се меѓу најсмртоносните болести на денешницата. Во една од изминативе години, овие пет категории на болести покосиле околу 10,7 милиони луѓе. Со други зборови, од нив умирало приближно едно лице на секои три секунди, и тоа во текот на целата година.

      ВООБИЧАЕН ПРИГОВОР. Бројот на светското население и понатаму расте, па затоа е разбирливо што има повеќе луѓе кои се разболуваат. Се зголемува бројот на лицата што можат да се заразат.

      ДАЛИ ОВОЈ ПРИГОВОР ИМА ОСНОВА? Светското население драстично се зголемило. Но, и човекот станал постручен да ги дијагностицира, да ги држи под контрола и да ги лекува болестите. Затоа, зар не е логично да очекуваме да има помалку болести? Сепак, се случува токму спротивното.

      ШТО МИСЛИШ ТИ? Дали луѓето страдаат од ужасни болести, како што е проречено во Библијата?

      Земјотресите, гладот и болестите им го уништуваат животот на милиони луѓе. Но, причина за страдањето на милиони други е самиот човек — мнозина стануваат жртви на оние што, всушност, би требало да ги заштитат. Забележи што кажува едно библиско пророштво.

      [Фуснота]

      a Марбург хеморагичната треска е предизвикана од еден вирус што е сроден на еболата.

      [Истакната мисла на страница 6]

      „Ужасно е да те изеде лав или некое друго животно, но исто толку ужасно е однатре да те јаде некоја страшна болест и да гледаш дека истото им се случува и на други околу тебе“ (ЕПИДЕМИОЛОГОТ МАЈКЛ ОСТЕРХОЛМ)

      [Извор на слика на страница 6]

      © William Daniels/Panos Pictures

  • Пророштво 4: Недостиг на природна љубов
    Стражарска кула 2011 | 1 Мај
    • Пророштво 4: Недостиг на природна љубов

      „Луѓето ќе бидат... без природна љубов“ (2. ТИМОТЕЈ 3:1-3, Превод на д-р Д. Х. Константинов)

      ● Крис од Северен Велс работи со група луѓе кои помагаат во случаи на семејно насилство. „Се сеќавам на една жена, која беше толку претепана што не можев да ја препознаам“, вели тој. „Други жени носат толку длабоки емоционални лузни што им е срам да погледнат некого в очи“.

      ШТО ПОКАЖУВААТ ФАКТИТЕ? Во една африканска земја, речиси секоја трета жена била сексуално злоупотребувана како дете. Со едно истражување спроведено во истата земја се утврдило дека повеќе од една третина од мажите сметале дека е нормално да ги тепаат своите жени. Меѓутоа, жените не се единствените жртви на семејно насилство. На пример, речиси 3 од секои 10 мажи во Канада биле тепани или на друг начин малтретирани од своите жени.

      ВООБИЧАЕН ПРИГОВОР. Отсекогаш имало семејно насилство, само што денес му се придава поголемо значење.

      ДАЛИ ОВОЈ ПРИГОВОР ИМА ОСНОВА? Во последниве неколку децении, луѓето сѐ повеќе се свесни за оваа појава. Но, дали ваквата зголемена свесност за овој проблем го намали бројот на случаи на семејно насилство? Не. Напротив, сѐ повеќе се чувствува недостиг на љубов.

      ШТО МИСЛИШ ТИ? Дали се исполнува пророштвото од 2. Тимотеј 3:1-3? Дали мнозина немаат љубов кон своите домашни, како што природно би требало да имаат?

      Петтото пророштво чие исполнување го гледаш е поврзано со нашиот дом, Земјата. Обрни внимание што вели Библијата во врска со тоа.

      [Истакната мисла на страница 7]

      „Некои велат дека семејното насилство е едно од злосторствата што најмалку се пријавуваат. Во просек, една жена ќе биде нападната од својот партнер 35 пати пред да го пријави случајот во полиција“ (ПРЕТСТАВНИЧКА НА СОС-ЛИНИЈАТА ЗА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО ВО ВЕЛС)

  • Пророштво 5: Уништување на Земјата
    Стражарска кула 2011 | 1 Мај
    • Пророштво 5: Уништување на Земјата

      „[Ќе] бидат уништени оние што ја уништуваат земјата“ (ОТКРОВЕНИЕ 11:18)

      ● Господин Пири работи како произведувач на палмово вино во Кпор (Нигерија). Неговиот бизнис бил уништен од една огромна нафтена дамка во делтата на реката Нигер. „Таа ни ги уби рибите, ни ја оштети кожата и ни ги загади потоците“, вели тој. „Немам од што да живеам.“

      ШТО ПОКАЖУВААТ ФАКТИТЕ? Според некои стручњаци, секоја година во океаните се влеваат 6,5 милиони тони отпадоци. Се проценува дека 50 отсто од тој отпад е пластика на која ѝ требаат стотици години за да се разгради. Освен тоа што ја загадуваат Земјата, луѓето прекумерно ги експлоатираат нејзините природни богатства. Истражувањата покажуваат дека на нашата планета ѝ треба околу 1,5 година за да го обнови она што луѓето безмилосно го трошат за само една година. „Ако зголемувањето на населението и неконтролираната потрошувачка продолжат со сегашново темпо, до 2035 год. ќе ни требаат две вакви планети“, известува австралискиот весник Sydney Morning Herald.

      ВООБИЧАЕН ПРИГОВОР. Луѓето се досетливи. Можеме да ги пресретнеме овие проблеми и да ја спасиме Земјата.

      ДАЛИ ОВОЈ ПРИГОВОР ИМА ОСНОВА? Многу лица и здруженија неуморно се трудат да ја подигнат свеста на населението за животната средина. Сепак, Земјата и понатаму масовно се загадува.

      ШТО МИСЛИШ ТИ? Има ли потреба Бог да се вмеша и да ја спаси нашата планета од уништување — како што ветил?

      Освен петте пророштва што ги спомнавме, во Библијата е проречено дека во последните денови ќе се случуваат и некои убави работи. Една од тие работи ќе разгледаме во шестото пророштво.

      [Истакната мисла на страница 8]

      „Се чувствувам како да сум изгубила дел од рајот, а сум добила депонија полна со отровен отпад“ (ЕРИН ТАМБЕР, ЖИТЕЛ НА МЕКСИКАНСКИОТ ЗАЛИВ НА САД, ВО ВРСКА СО ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД ИЗЛЕВАЊЕТО НА НАФТАТА ВО 2010)

      [Рамка на страница 8]

      Дали Бог е виновен?

      Бидејќи лошите услови во кои живееме денес се проречени во Библијата, дали тоа значи дека Бог е виновен за нив? Дали тој ги предизвикува страдањата? Точен и јасен одговор на овие прашања можеш да најдеш во 11. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.

      [Извор на слика на страница 8]

      U.S. Coast Guard photo

  • Пророштво 6: Проповедање по целиот свет
    Стражарска кула 2011 | 1 Мај
    • Пророштво 6: Проповедање по целиот свет

      „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет“ (МАТЕЈ 24:14)

      ● Вајатија живее на еден далечен пацифички остров на архипелагот Туамоту. Иако овој архипелаг се состои од речиси 80 корални острови распослани на површина од преку 800.000 квадратни километри, таму живеат само околу 16.000 луѓе. Сепак, Вајатија и нејзините соседи биле посетени од Јеховините сведоци. Зошто? Затоа што тие сакаат да им ја пренесат добрата вест за Божјето Царство на сите луѓе — без разлика каде живеат.

      ШТО ПОКАЖУВААТ ФАКТИТЕ? Пораката за Царството се пренесува низ целиот свет. Само во 2010 год., Јеховините сведоци потрошија над 1,6 милијарда часови за да ја објавуваат оваа добра вест во 236 земји. Тоа значи дека секој Сведок проповедал во просек по 30 минути на ден. Во изминатава деценија тие отпечатија и дистрибуираа над 20 милијарди примероци библиска литература.

      ВООБИЧАЕН ПРИГОВОР. Библиската порака се проповеда илјадници години.

      ДАЛИ ОВОЈ ПРИГОВОР ИМА ОСНОВА? Точно е дека и други проповедале за она што го пишува во Библијата. Меѓутоа, повеќето од нив го правеле тоа само кратко време и само на одредено подрачје. За разлика од нив, Јеховините сведоци организирано им проповедаат на стотици милиони луѓе низ целиот свет. Тие продолжуваат да проповедаат и покрај жестокото противење од страна на некои од највлијателните и најбезмилосни организации во човечката историјаa (Марко 13:13). Освен тоа, Сведоците не добиваат плата за тоа што го прават, туку доброволно одвојуваат време и бесплатно ги делат библиските публикации. Нивното дело се финансира само со доброволни прилози.

      ШТО МИСЛИШ ТИ? Дали ‚добрата вест за царството‘ се проповеда по целиот свет? Дали исполнувањето на ова пророштво значи дека нѐ очекува поубава иднина?

      [Фуснота]

      a За да дознаеш нешто повеќе во врска со тоа, можеш да ги гледаш трите документарни филма Јеховините сведоци стојат цврсто наспроти нацистичкиот напад, Верни под испити и Пурпурни триаголници. Последните два филма ги нема на македонски, но достапни се на српски јазик.

      [Истакната мисла на страница 9]

      „Сѐ додека дозволува Јехова, ќе продолжиме ревносно да ја проповедаме добрата вест за Царството и ќе се трудиме на секој можен начин да дојдеме до луѓето“ (ГОДИШНИК НА ЈЕХОВИНИТЕ СВЕДОЦИ ЗА 2010)

  • Ќе дојдат подобри времиња!
    Стражарска кула 2011 | 1 Мај
    • Ќе дојдат подобри времиња!

      „Уште малку, и злиот ќе го снема... А кротките ќе ја поседуваат земјата и ќе уживаат во изобилен мир“ (ПСАЛМ 37:10, 11)

      САКАШ ЛИ да го доживееш исполнувањето на ова пророштво? Сигурно дека сакаш. Има добри причини да веруваме дека наскоро ќе дојде тоа време.

      Во претходните статии беа разгледани некои библиски пророштва што јасно покажуваат дека живееме во „последните денови“ (2. Тимотеј 3:1-5). Бог ги водел писателите на Библијата да ги претскажат тие настани за да имаме надеж (Римјаните 15:4). Исполнувањето на овие пророштва значи дека наскоро ќе им дојде крај на неволјите што ги имаме денес.

      Што ќе се случи откако ќе завршат последните денови? Божјето Царство ќе владее над целото човештво (Матеј 6:9). Размисли за тоа како Библијата го опишува животот на Земјата во тоа време:

      ● Нема да има глад. „На земјата житото богато ќе роди, по планинските врвови ќе го има во изобилство“ (Псалм 72:16).

      ● Нема да има болести. „Никој од жителите нема да рече: ‚Болен сум‘“ (Исаија 33:24).

      ● Земјата ќе биде обновена. „Ќе се радуваат пустината и безводниот крај, ќе се весели пустелијата и ќе процвета како шафран“ (Исаија 35:1).

      Ова се само некои од охрабрувачките библиски пророштва што ќе се исполнат наскоро. Слободно прашај ги Јеховините сведоци зошто се цврсто уверени дека ќе дојдат подобри времиња.

Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
Одјави се
Најави се
  • македонски
  • Сподели
  • Подесување
  • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
  • Услови за користење
  • Полиса за приватност
  • Поставки за приватност
  • JW.ORG
  • Најави се
Сподели