-
Вистинита приказна што вреди да се чуеСтражарска кула (За јавност) 2016 | Бр. 4
-
-
ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | БИБЛИЈАТА — КАКО БИЛА ЗАЧУВАНА?
Вистинита приказна што вреди да се чуе
Меѓу сите книги со религиозна содржина, Библијата посебно се издвојува. Ниедна друга книга не извршила толкаво влијание врз верувањата на толку многу луѓе и во текот на толкав временски период. Од друга страна, ниедна друга книга не била изложена на толку многу испитувања и критики.
На пример, некои изучувачи сметаат дека Библијата што ја имаме денес не е веродостоен препис на изворниот текст. „Не можеме со сигурност да кажеме дека денешниот текст во Библијата е ист со текстот во изворните списи“, вели еден професор по религија. „Имаме само копии полни со грешки, а поголемиот дел од нив биле направени со векови по изворните примероци, и очигледно е дека се разликуваат од нив во илјадници аспекти.“
Други, ја оспоруваат точноста на Библијата поради религијата на која ѝ припаѓаат. На пример, Фајзел, кој израснал во семејство што не е христијанско, бил поучуван дека Библијата е света книга но дека била изменета. „Затоа, кога некој ќе ми зборуваше за Библијата, го слушав со резерва“, вели тој. „Се прашував: Како да му верувам кога првобитната Библија веќе не постои? Сегашниот текст е изменет!“
Важно ли е да се знае дали Библијата била изменета? Размисли за следниве прашања: Дали ќе можеш да веруваш во убавите ветувања за иднината што се запишани во Библијата ако не си сигурен дека тие стоеле и во изворниот текст? (Римјаните 15:4). Дали одлуките во врска со работата, семејството или религијата би ги темелел на библиските начела ако Библиите што ги имаме денес се само копии со многу грешки?
Точно е дека првобитните примероци од Библијата веќе не постојат, но зачувани се многу стари преписи, меѓу кои и илјадници библиски ракописи.a Како овие ракописи го преживеале забот на времето, ги издржале нападите од противниците и ја задржале својата порака непроменета? Како тоа што опстанале докажува дека можеш да ѝ веруваш на Библијата денес? Прочитај ги одговорите на овие прашања во следните статии.
a Библиските ракописи се рачно напишани преписи на некои делови од светите списи во минатото.
-
-
Библијата го преживеала забот на времетоСтражарска кула (За јавност) 2016 | Бр. 4
-
-
ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | БИБЛИЈАТА — КАКО БИЛА ЗАЧУВАНА?
Библијата го преживеала забот на времето
ЗАКАНА: Писателите и препишувачите на Библијата главно пишувале на папирус и на пергаментa (2. Тимотеј 4:13). Зошто овие материјали го довеле во опасност опстанокот на Библијата?
Папирусот се кине, избледува и со текот на времето ја губи цврстината. „На крајот, од едно парче папирус може да остане само мрежа испреплетени конци или грст прашина“, велат египтолозите Ричард Паркинсон и Стивен Кверки. „Кога е ставен во нешто, еден свиток може да фати мувла или да изгние од влагата, а ако е закопан, може да го изедат глодари или инсекти, особено белите мравки.“ Некои папируси, пак, откако биле пронајдени биле изложени на преголема сончева светлина или влажност, што уште повеќе го забрзало нивното распаѓање.
Пергаментот е поиздржлив од папирусот, но и тој може да се уништи ако погрешно се ракува со него или ако е изложен на екстремни температури, на влажност или на светлина.b И пергаментот го напаѓаат инсекти. Затоа, во врска со древните записи, една историска книга вели дека „било чиста реткост некој да остане неуништен“ (Everyday Writing in the Graeco-Roman East). Ако на сличен начин пропаднеле и библиските записи, пораката што ја содржеле засекогаш ќе била изгубена.
КАКО ОПСТАНАЛА БИБЛИЈАТА: Еврејскиот закон налагал секој цар да си ги препише за себе првите пет книги од Библијата (5. Мојсеева 17:18). Освен тоа, професионалните препишувачи направиле толку многу ракописи што до првиот век од н.е. светите списи ги имало во синагогите низ целиот Израел, па дури и во далечната Македонија! (Лука 4:16, 17; Дела 17:11). Како некои стари ракописи преживеале до наше време?
Ракописите познати како Свитоците од Мртвото Море преживеале со векови затоа што биле складирани во пештери на подрачја со сува клима
„За да ги сочуваат свитоците од светите списи, Евреите ги ставале во ќупови“, вели Филип Комфорт, изучувач на Новиот завет. Очигледно, и христијаните подоцна продолжиле да го прават истото. Затоа, некои рани библиски ракописи биле пронајдени во глинени ќупови, како и во темни сопчиња и пештери и во особено суви подрачја.
КРАЈНИОТ ИСХОД: Илјадници библиски ракописи, од кои некои се стари и преку 2.000 години, опстанале до ден-денес. За ниеден друг запис од старо време не се пронајдени толку многу ракописи што потекнуваат од толку одамна.
a Папирусот е материјал за пишување направен од едно водно растение со истото име. Пергаментот е направен од животинска кожа.
b На пример, официјалниот потпишан примерок на Декларацијата за независност на САД бил напишан на пергамент. Денес, по помалку од 250 години, тој е толку избледен што буквите едвај се читаат.
-
-
Библијата ги издржала нападите од противницитеСтражарска кула (За јавност) 2016 | Бр. 4
-
-
ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | БИБЛИЈАТА — КАКО БИЛА ЗАЧУВАНА?
Библијата ги издржала нападите од противниците
ЗАКАНА: Многу политички и верски лица имале цели што биле во судир со пораката од Библијата. Честопати, својот авторитет го користеле за да ги спречат луѓето да ја поседуваат, препишуваат или преведуваат Библијата. Да земеме два примера:
Околу 167 год. пр.н.е.: Антиох IV (Епифан), кој потекнувал од сириската династија Селеукиди, сакал да им ја наметне грчката религија на Евреите, па затоа наредил да бидат уништени сите примероци на Хебрејските списи. Тој испратил службеници „да ги искинат и да ги изгорат сите свитоци од Законот што ќе ги најдат, и да ги убијат сите што црпеле сила и утеха од него“, напишал историчарот Хајнрих Гретс.
Средниот век: Некои католички водачи биле гневни бидејќи обични луѓе го проповедале она што стоело во Библијата а не учењата на католичката црква. Затоа, секој што поседувал било која од библиските книги, освен Псалмите на латински, бил прогласуван за еретик. Еден црковен собор ја спровел на сила оваа одлука така што им наредил на некои свои луѓе „детално, верно и упорно да ги бараат еретиците... така што ќе ја пребаруваат секоја сомнителна куќа и подземна просторија... Куќата во која ќе бил пронајден некој еретик требало да биде уништена“.
Ако непријателите успееле да ја уништат Библијата, нејзината порака ќе била изгубена засекогаш.
Англискиот превод на Библијата од Вилијам Тиндејл опстанал иако бил забранет и многу негови примероци биле запалени, а самиот Тиндејл бил погубен во 1536 год.
КАКО ОПСТАНАЛА БИБЛИЈАТА: Царот Антиох сакал да ги преобрати Евреите што живееле во Израел, но еврејски заедници имало и во многу други земји. Всушност, според проценката на некои изучувачи, до првиот век од н.е. повеќе од 60 отсто Евреи живееле надвор од Израел. Во своите синагоги тие чувале примероци од светите списи — истите списи што ги користеле и многу други генерации по нив, вклучувајќи ги и христијаните (Дела 15:21).
Во текот на средниот век, оние што ја ценеле Библијата продолжиле да ја преведуваат и да прават примероци од неа и покрај прогонството. До средината на 15 век, делови од Библијата веројатно биле достапни на дури 33 јазици — и тоа уште пред да биде измислена печатарската машина со подвижни букви. Според тоа, Библијата била преведувана и умножувана со невидена брзина.
КРАЈНИОТ ИСХОД: И покрај заканите од моќни цареви и свештеници што биле во заблуда, Библијата е најиздаваната и најпреведуваната книга на сите времиња. Таа извршила влијание врз законите и јазиците на некои земји, како и врз животите на милиони луѓе.
-
-
Библијата опстанала и покрај обидите да биде изменетаСтражарска кула (За јавност) 2016 | Бр. 4
-
-
Масоретите многу внимателно ги препишувале светите списи
ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | БИБЛИЈАТА — КАКО БИЛА ЗАЧУВАНА?
Библијата опстанала и покрај обидите да биде изменета
ЗАКАНА: Заканите однадвор, како што биле забот на времето и нападите од противниците, не успеале да ја уништат Библијата. Но, некои препишувачи и преведувачи се обиделе да ја изменат нејзината порака. На пример, понекогаш се обидувале да го сменат библискиот текст за да одговара на нивните учења, наместо да ги сменат своите учења за да одговараат на Библијата. Да земеме неколку примери:
Местото на обожавање: Меѓу четвртиот и вториот век пр.н.е., писателите на Самарјанскиот пентатеухa на крајот на 2. Мојсеева 20:17 ги додале зборовите „на планината Гаризим. И таму изгради жртвеник“. Со тоа Самарјаните сакале да изгледа дека, според светите списи, имале право да изградат храм на планината Гаризим.
Учењето за тројство: По помалку од 300 години откако било завршено пишувањето на Библијата, еден писател што го застапувал тројството, на крајот од 1. Јованово 5:7 ги додал зборовите „на небото: Отецот, Словото и Светиот Дух; и Троица се едно“. Тие зборови не постоеле во изворниот текст. Според библискиот изучувач Брус Мецгер, овие зборови „почнале сѐ почесто да се сретнуваат во ракописите на Старолатинскиот превод и на [латинската] Вулгата од шестиот век наваму“.
Божјето име: Следејќи го еврејското суеверие, многу библиски преведувачи одлучиле да го отстранат Божјето име од светите списи. Тие го замениле со титули како „Бог“ и „Господ“, изрази што во Библијата се користат не само за Творецот туку и за луѓе, предмети за идолопоклонство, па дури и за Ѓаволот (Јован 10:34, 35; 1. Коринќаните 8:5, 6; 2. Коринќаните 4:4).b
КАКО ОПСТАНАЛА БИБЛИЈАТА: Прво, и покрај тоа што некои препишувачи биле немарни, па дури и спремни да лажат, голем број други биле многу вешти и одговорни препишувачи. На пример, во периодот меѓу шестиот и десеттиот век од н.е., Масоретите ги препишувале Хебрејските списи и го создале масоретскиот текст. Се вели дека Масоретите ги броеле зборовите и буквите за да бидат сигурни дека не се провлекла некоја грешка. Ако се сомневале дека во текстот од кој препишувале има грешка, тоа го забележувале на маргините. Масоретите не се осудувале да го менуваат библискиот текст. Како што напишал професорот Моша Гошен-Готстајн, „ако свесно направеле такво нешто, тоа за нив ќе бил најстрашниот можен престап“.
Второ, многубројните ракописи што ги имаме денес, всушност, им помагаат на библиските изучувачи да ги пронајдат грешките. На пример, верските водачи со векови го поучувале народот дека нивните преводи на латински го содржат автентичниот библиски текст. Сепак, во 1. Јованово 5:7 ги вметнале зборовите што беа наведени претходно. Таа грешка се провлекла и во Преводот на МПЦ. Но, што станало јасно кога биле пронајдени други ракописи? Брус Мецгер напишал: „Освен на латински, зборовите [во 1. Јованово 5:7] ги нема во ниту еден друг ракопис од старо време (сириски, коптски, ерменски, етиопски, арапски, славонски)“. Затоа, кога некои преводи биле ревидирани, овие зборови биле отстранети.
Chester Beatty P46, библиски ракопис на папирус од околу 200 год. од н.е.
Дали постарите ракописи докажуваат дека библиската порака е неизменета? Откако во 1947 год. биле пронајдени Свитоците од Мртвото Море, изучувачите конечно можеле да го споредат хебрејскиот масоретски текст со текстот од некои библиски свитоци напишани повеќе од илјада години пред нив. Еден член на тимот уредници што работеле на Свитоците од Мртвото Море дошол до заклучок дека и само еден свиток „дава непобитен доказ дека еврејските препишувачи кои своерачно го препишувале библискиот текст во период подолг од илјада години, тоа го правеле точно и внимателно“.
Во библиотеката Честер Бити во Даблин (Ирска) има колекција на папируси со делови од речиси сите книги на Христијанските грчки списи, вклучувајќи и ракописи од вториот век од н.е. — што е само околу 100 години по завршувањето на Библијата. Во еден библиски речник пишува: „Освен што содржат богатство од нови информации за детали од текстот, тие папируси одразуваат и неверојатна стабилност во пренесувањето на библискиот текст низ историјата“ (The Anchor Bible Dictionary).
„Слободно може да се рече дека ниту една друга книга не е пренесувана низ вековите со толку голема точност“
КРАЈНИОТ ИСХОД: Тоа што се пронајдени толку стари и толку бројни ракописи уште повеќе докажува дека библискиот текст останал ист. Во врска со Христијанските грчки списи, сер Фредерик Кенјон напишал: „За ниту една друга стара книга не постојат толку стари и толку бројни сведоштва за веродостојноста на нејзиниот текст. Ниту еден непристрасен изучувач нема да негира дека библискиот текст денес во основа е непроменет“. А за Хебрејските списи, изучувачот Вилијам Хенри Грин рекол: „Слободно може да се рече дека ниту една друга книга не е пренесувана низ вековите со толку голема точност“.
a Самарјанскиот пентатеух е збирка од првите пет книги од Библијата во верзија што ја одобриле Самарјаните.
b Нешто повеќе можеш да прочиташ на страници 195-197 од додатокот на книгата Што навистина учи Библијата?, која е достапна и на www.pr2711.com/mk.
-
-
Зошто била зачувана БиблијатаСтражарска кула (За јавност) 2016 | Бр. 4
-
-
ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | БИБЛИЈАТА — КАКО БИЛА ЗАЧУВАНА?
Зошто била зачувана Библијата
Библијата е зачувана до ден-денес. Како резултат на тоа, лесно можеш да ја набавиш и да ја читаш. А ако одбереш добар превод, можеш да бидеш сигурен дека читаш веродостоен препис на изворниот текст.a Но, зошто Библијата успеала да го преживее забот на времето, силното противење и обидот да биде изменета, и тоа честопати на просто неверојатен начин? Што ја прави оваа книга толку посебна?
„Сега сум сигурен дека Библијата што ја имам е дар од Бог“
Многу истражувачи на Библијата дошле до истиот заклучок како и апостол Павле, кој напишал: „Целото Писмо е вдахновено од Бог“ (2. Тимотеј 3:16). Тие се уверени дека Библијата успеала да опстане затоа што е Божја Реч и затоа што Бог е тој што ја зачувал до ден-денес. Фајзел, кој беше спомнат во првата статија, решил лично да се увери во тоа така што ќе ја проучува. Она што го открил го изненадило. Сфатил дека во Библијата нема основа за многу од учењата на христијанските цркви. Освен тоа, бил среќен кога од неа дознал каква убава намера со Земјата има Бог.
„Сега сум сигурен дека Библијата што ја имам е дар од Бог“, вели Фајзел. „На крајот од краиштата, ако Бог можел да ја создаде вселената, зар не би можел да им даде книга на луѓето и да ја сочува за нив? Во спротивно би било исто како да речеш дека Бог не е доволно моќен — дека Семоќниот е ограничен во моќта! А кој сум јас да тврдам такво нешто?“ (Исаија 40:8).
a Види ја статијата „Како да избереш добар превод на Библијата?“ во изданието на ова списание од 1 мај 2008.
-