-
Дали сите „христијани“ навистина се христијани?Стражарска кула 2012 | 1 Март
-
-
Дали сите „христијани“ навистина се христијани?
КОЛКУ христијани има во светот? Според еден атлас, нивниот број во 2010 год. изнесувал речиси 2,3 милијарди (Atlas of Global Christianity). Но, истиот атлас покажува дека тие христијани припаѓаат на повеќе од 41.000 деноминации — секоја со свои учења и правила на однесување. Соочени со ваквиот неверојатно голем број „христијански“ религии, сосема е разбирливо што некои се збунети, па дури и разочарани. Можеби се прашуваат: Дали сите што тврдат дека се христијани, навистина се христијани?‘
Да го погледнеме ова прашање од еден сосема друг агол. Од еден патник обично се бара да му каже на граничниот службеник какво државјанство има. Освен тоа, треба да го докаже својот идентитет приложувајќи некаков документ, на пример, пасош. И еден вистински христијанин мора да направи нешто повеќе отколку само да изјави дека верува во Христос. Треба да го потврди тоа и на други начини. Кои?
Зборот „христијанин“ почнал да се користи некаде по 44 год. од н.е. Библискиот историчар Лука напишал: „Во Антиохија учениците за првпат беа наречени христијани“ (Дела 11:26). Забележи дека оние што биле наречени христијани му биле ученици на Христос. Што значи да се биде ученик на Исус Христос? Во еден речник е дадено следново објаснување: „Да бидеш ученик на Исус значи безусловно да му го посветиш целиот свој живот.... сѐ до последниот здив“. Според тоа вистински христијанин е оној што потполно и безусловно ги следи учењата на Исус основачот на христијанството.
Можно ли е да се најдат такви верници меѓу многуте луѓе што денес се изјаснуваат како христијани? Што рекол самиот Исус по што ќе се препознаваат неговите вистински следбеници? Одговорот на овие прашања го наоѓаме во Библијата. Во следните статии ќе разгледаме пет изјави на Исус што ни откриваат кои се негови вистински следбеници. Ќе видиме како христијаните во првиот век покажале дека одговараат на тој опис. Исто така, ќе видиме и кои од оние што денес се изјаснуваат како христијани одговараат на истиот опис.
-
-
„Останете во моите зборови“Стражарска кула 2012 | 1 Март
-
-
„Останете во моите зборови“
„Ако останете во моите зборови, навистина сте мои ученици, и ќе ја запознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (ЈОВАН 8:31, 32)
Што значи тоа? Исусовите „зборови“ се однесуваат на неговите учења, кои доаѓаат од повисок извор. „Самиот Татко, кој ме испрати, ми даде заповед што да кажам и што да зборувам“, рекол Исус (Јован 12:49). Во една молитва до својот небесен Татко, Јехова Бог, тој рекол: „Твојата реч е вистина“. Исус честопати цитирал од Божјата Реч за да го поткрепи она што го кажувал (Јован 17:17; Матеј 4:4, 7, 10). Според тоа, вистинските христијани ‚остануваат во неговите зборови‘, односно ја прифаќаат Божјата Реч, Библијата, како ‚вистина‘ и како највисок авторитет за своите верувања и постапки.
Какви биле првите христијани? Апостол Павле, кој напишал најмногу библиски книги, имал високо ценење за Божјата Реч, какво што имал и Исус. Павле напишал: „Целото Писмо е вдахновено од Бог и корисно“ (2. Тимотеј 3:16). Мажите што биле именувани да ги поучуваат другите христијани морале „цврсто да се држат за сигурната и веродостојна Божја Реч“ (Тит 1:7, 9 The Amplified Bible). Христијаните во првиот век биле опоменати да отфрлат секакво ‚мудрување и празна измама, која се темели на човечки преданија, на начелата на овој свет, а не на Христовите учења‘ (Колошаните 2:8).
Кој е таков денес? Според Догматскиот устав за Божественото откровение, усвоен во 1965 год. и цитиран во Катехизмот на Католичката црква: „Црквата не ја темели својата увереност во своите откровенија само на Светото писмо. Затоа, со иста доверба треба да се прифатат и да се почитуваат и светите традиции и Светото писмо“. Во една статија во списанието Maclean’s била цитирана една свештеничка од Торонто (Канада), која прашала: „Зар треба да нѐ води некаков ‚револуционерен‘ глас од пред две илјади години? Ние имаме свои генијални идеи, кои постојано се подриваат затоа што треба да ги поврзуваме со учењата на Исус и на Светото писмо“.
Во една католичка енциклопедија, за Јеховините сведоци пишува: „Библијата е единствен темел за нивните верувања и правила на однесување“ (New Catholic Encyclopedia). Неодамна во Канада, кога една жена што е Јеховин сведок сакала да му се претстави на некој човек, тој ѝ упаднал во зборот велејќи: „Знам кои сте“. Потоа, покажувајќи кон нејзината Библија, додал: „Библијата ви е како потпис“.
-
-
„Не се дел од светот“Стражарска кула 2012 | 1 Март
-
-
„Не се дел од светот“
„Светот ги замрази, бидејќи не се дел од светот“ (ЈОВАН 17:14)
Што значи тоа? Бидејќи не бил дел од светот, Исус бил политички неутрален и не се мешал во општествените конфликти во негово време. Тој рекол: „Да беше моето царство дел од овој свет, моите слуги ќе се бореа за да не им бидам предаден на Евреите. Но моето царство не е одовде“ (Јован 18:36). Исто така, Исус ги советувал своите ученици да ги отфрлат ставовите, говорот и однесувањето што се осудени во Божјата Реч (Матеј 20:25-27).
Какви биле првите христијани? Според Џонатан Дајмонд, писател на религиозни теми, христијаните во првиот век „одбивале да учествуваат во [војните]; без оглед на последиците — понижување, затвор или смрт“. Тие избрале да страдаат наместо да се откажат од својата неутралност. Се издвојувале од другите и по високиот морал. На христијаните им било речено: „Поради тоа што повеќе не трчате со нив во истата таа тиња на распуштеноста, се чудат и зборуваат срамно за вас“ (1. Петрово 4:4). Историчарот Вил Дјурант напишал дека христијаните „со својата побожност и пристојност го вознемирувале паганскиот свет кој бил луд по задоволства“.
Кој е таков денес? Во врска со неутралноста на христијаните, една католичка енциклопедија вели: „Приговорот на совеста нема никаква морална основа“ (New Catholic Encyclopedia). Една статија од весникот Reformierte Presse наведе дека, според извештајот на организацијата за човекови права наречена Африкански права, во геноцидот во Руанда што беше извршен во 1994 год. учествувале сите цркви „со исклучок на Јеховините сведоци“.
Осврнувајќи се на холокаустот за време на нацистичкиот режим, еден професор во средно училиште изразил жалење што „ниту една група или организација на граѓани не го кренала својот глас против многуте лаги, злосторства и ѕверства“. Откако го посетил Меморијалниот музеј на холокаустот во САД, тој напишал: „Таму ми се расчисти дилемата“. Дознал дека Јеховините сведоци цврсто се држеле за своите верувања иако биле сурово малтретирани.
Што да се каже за нивниот морал? „Повеќето млади католици не се сложуваат со она што го вели црквата за заедничкиот живот пред брак и за предбрачниот секс“, пишува во списанието U.S. Catholic. Во ова списание е цитирана и следнава изјава на еден ѓакон: „Гледам дека голем број парови — би рекол и повеќе од половина — веќе живееле заедно пред да дојдат да се венчаат“. Но, како што стои во една енциклопедија, Јеховините сведоци „строго се држат за високи морални мерила во својот живот“ (The New Encyclopædia Britannica).
-
-
Да „се сакате еден со друг“Стражарска кула 2012 | 1 Март
-
-
Да „се сакате еден со друг“
„Нова заповед ви давам: сакајте се еден со друг! Како што јас ве сакав, така и вие сакајте се еден со друг. По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако се сакате еден со друг“ (ЈОВАН 13:34, 35)
Што значи тоа? Христос им рекол на своите ученици да се сакаат така како што ги сакал тој. Како ги сакал тој? Неговата љубов ги надминувала сите расни и полови предрасуди што постоеле во негово време (Јован 4:7-10). Љубовта го мотивирала да го жртвува своето време, сили и удобност за да им помага на другите (Марко 6:30-34). На крајот, Исус покажал најголема можна љубов. „Јас сум добриот пастир“, рекол тој. „Добриот пастир го полага својот живот за овците“ (Јован 10:11).
Какви биле првите христијани? Во првиот век, христијаните се нарекувале „браќа“ и „сестри“ (Филимон 1, 2). Во нивното собрание биле добредојдени луѓето од сите народи затоа што христијаните верувале дека „нема разлика помеѓу Евреин и Грк, бидејќи над сите е истиот Господар“ (Римјаните 10:11, 12). По Педесетница 33 год. од н.е., учениците во Ерусалим ‚ги продавале своите сопствености и имоти, а приходот им го делеле на сите, секому колку што му требало‘. Зошто? За да можат новокрстените уште некое време да останат во Ерусалим и да ‚му се посветат на апостолското учење‘ (Дела 2:41-45). Што ги поттикнало да го направат тоа? Помалку од 200 години по смртта на апостолите, Тертулијан напишал што велеле другите за христијаните: „Видете колку се сакаат... спремни се дури и да умрат еден за друг“.
Кој е таков денес? Во една книга пишува дека низ вековите, оние што се изјаснувале како христијани „си нанеле еден на друг многу поголеми страдања од оние што ги претрпеле заради ревноста на неверниците“ (Историја на подемот и падот на Римското Царство — The History of the Decline and Fall of the Roman Empire, 1837). Според една неодамнешна анкета во САД, расни предрасуди најмногу покажуваат религиозните луѓе — од кои повеќето се изјасниле како христијани. Верниците во една земја честопати немаат никаква врска со припадниците на истата религија во друга земја и затоа не можат ниту, пак, сакаат да им помогнат на своите соверници кога ќе се најдат во неволја.
Во 2004 год., откако Флорида ја погодија четири урагани во период од два месеца, претседателот на Центарот за управување со кризи на Флорида отишол да провери дали правилно се користи помошта што била испратена. Тој рекол дека ниедна друга група не била толку добро организирана како Јеховините сведоци, и се понудил да им обезбеди сѐ што ќе им затреба. Претходно, во 1997 год., една екипа за помош составена од Јеховини сведоци им однела лекови, храна и облека на своите браќа и сестри и на други луѓе во Демократска Република Конго. Јеховините сведоци од Европа донирале помош во вредност од еден милион американски долари.
-
-
„Им го објавив твоето име“Стражарска кула 2012 | 1 Март
-
-
„Им го објавив твоето име“
„Им го објавив твоето име на луѓето што ми ги даде од светот... Им го објавив твоето име и ќе го објавувам“ (ЈОВАН 17:6, 26)
Што значи тоа? Исус го објавувал Божјето име така што го употребувал кога проповедал. Кога читал од Светото писмо, како што имал обичај, тој го изговарал Божјето лично име (Лука 4:16-21). Исус ги поучил своите ученици да се молат со следниве зборови: „Татко, нека се свети името твое“ (Лука 11:2).
Какви биле првите христијани? Апостол Петар им рекол на старешините во Ерусалим дека Бог си зел од сите луѓе „народ за своето име“ (Дела 15:14). Апостолите и другите ученици проповедале дека „секој што ќе го повика името на Јехова, ќе биде спасен“ (Дела 2:21; Римјаните 10:13). Исто така, тие го користеле Божјето име во библиските книги што ги напишале. Во Тосефта, збирка еврејски закони која била завршена некаде во 300 год. од н.е., го пишува следново во врска со христијанските списи што биле палени од противниците: „Книгите на евангелистите и книгите на минимите [за кои се смета дека се еврејски христијани] не ги штедат од огнот, туку ги палат на лице место... па така горат и страниците каде што се појавува Божјето име“.
Кој е таков денес? Во предговорот на библискиот превод Revised Standard Version, издаден од Националниот совет на Христовите цркви во САД, стои: „Употребата на кое и да е лично име за едниот и единствен Бог, како да постојат други богови од кои тој треба да се разликува, престанала во јудаизмот пред ерата на христијанството и потполно е несоодветна за сеопштата вера на христијанската црква“. Затоа, во тој превод, Божјето име е заменето со зборот „ГОСПОД“. Неодамна, Ватикан им го упати следново барање на своите бискупи: „Божјето име во облик на тетраграмот ЈХВХa не треба да се користи ниту да се изговара во песните и молитвите“.
Кој го користи и го објавува Божјето име денес? Кога Сергеј бил тинејџер и живеел во Киргистан, гледал филм во кој било спомнато Божјето име, Јехова. Оттогаш, не го имал чуено Божјето име цели десет години. Подоцна, кога Сергеј се преселил во САД, му дошле на врата две жени што биле Јеховини сведоци и му го прочитале Божјето име од Библијата. Сергеј многу се израдувал што нашол луѓе кои го користат името Јехова. Интересно е тоа што за терминот „Јехова Бог“ еден речник ја дава следнава дефиниција: „Врховното и единствено Божество кое го признаваат и обожаваат Јеховините сведоци“ (Webster’s Third New International Dictionary).
[Фуснота]
a На македонски јазик, Божјето име обично се транслитерира како „Јехова“.
-
-
„Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана“Стражарска кула 2012 | 1 Март
-
-
„Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана“
„Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот“ (МАТЕЈ 24:14)
Што значи тоа? Во своето евангелие, Лука напишал дека Исус ‚почнал да оди од град во град и од село во село, проповедајќи и објавувајќи ја добрата вест за Божјето царство‘ (Лука 8:1). И самиот Исус рекол: „Морам да... ја објавам добрата вест за Божјето царство, бидејќи за тоа сум испратен“ (Лука 4:43). Тој ги испратил и своите ученици да ја проповедаат добрата вест по градовите и селата. Подоцна им рекол: „Ќе ми бидете сведоци... сѐ до крајот на земјата“ (Дела 1:8; Лука 10:1).
Какви биле првите христијани? Учениците на Исус веднаш почнале да го прават она што им го рекол тој. „Секој ден, во храмот и од куќа до куќа, без престан поучуваа и ја објавуваа добрата вест за Христос“ (Дела 5:42). Во проповедањето не учествувала само една избрана група. Историчарот Неандер забележал дека „Целзиј, првиот писател против христијанството, се потсмевал на фактот дека луѓе што работеле со волна, чевлари, кожари, најнеписмени и најпрости луѓе, биле ревносни проповедници на евангелието“. Во својата книга, професор Жан Бернарди напишал: „[Христијаните] требало да одат и да зборуваат насекаде и со секого. На патиштата и во градовите, на плоштадите и во домовите на луѓето. Сеедно дали биле добредојдени или не... До сите краишта на Земјата“ (The Early Centuries of the Church).
Кој е таков денес? „Тоа што црквата не ја сфатила сериозно својата одговорност да проповеда и да поучува е една причина за денешниот општ пад на духовноста“, напишал англиканскиот свештеник Дејвид Вотсон. Во својата книга, Хозе Луис Перез Гвадалупе пишувал за дејноста на евангелистите, адвентистите и другите верски групи и дал забелешка дека „не одат од куќа до куќа“. Но, за Јеховините сведоци напишал: „Тие совесно одат од куќа до куќа“ (Why Are the Catholics Leaving?).
Џонатан Турли ја изнел следнава интересна и реалистична забелешка во годишникот што го издава Като институтот: „Кога ќе се спомнат Јеховините сведоци, повеќето луѓе веднаш помислуваат на проповедници што им доаѓаат на врата во незгодно време. За Јеховините сведоци, проповедањето од куќа до куќа не е само начин да ја шират својата вера туку тоа е самата суштина на нивната вера“ (Cato Supreme Court Review, 2001-2002).
[Рамка на страница 9]
Кои се вистинските христијани?
Врз основа на библиските критериуми што беа разгледани во овие статии, која религија денес ги носи обележјата на вистинското христијанство? Иако постојат десетици илјади групи и деноминации кои се изјаснуваат како христијански, имај на ум што им рекол Исус на своите следбеници: „Не секој што ми вели: ‚Господару, Господару‘, ќе влезе во небесното царство, туку оној што ја врши волјата на мојот Татко, кој е на небесата“ (Матеј 7:21). Ако препознаеш кои се оние што ја вршат волјата на Таткото — што покажува дека се вистински христијани — и ако се поврзеш со нив, ќе можеш да добиеш благослови што ќе траат вечно под власта на Божјето Царство. Од Јеховините сведоци кои ти го дадоа ова списание можеш да дознаеш нешто повеќе за Божјето Царство и за благословите што ќе ги донесе тоа (Лука 4:43).
-