ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • Зошто на некои им е тешко да го сакаат Бог
    Стражарска кула 2013 | 1 Ноември
    • [Слики на страница 3]

      ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ЛАГИ ШТО ГО ОЦРНУВААТ БОГ

      Зошто на некои им е тешко да го сакаат Бог

      „,Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум‘. Тоа е најголемата и прва заповед.“ (Исус Христос, 33 год. од н.е.)a

      На многу луѓе им е тешко да го сакаат Бог. Им се чини дека тој е несфатлив, далечен, па дури и суров. Еве што рекле некои:

      • „Иако му се молев на Бог за помош, чувствував дека е многу далечен, речиси недостижен. За мене тој беше само едно несфатливо суштество без чувства“ (Марко, Италија).

      • „Иако верував во Бог, ми се чинеше премногу далечен. Си замислував дека е многу строг и дека едвај чека да нѐ казни за нешто. Не верував дека е сочувствителен и добар“ (Роса, Гватемала).

      • „Како дете мислев дека Бог постојано гледа дали правиме грешки за веднаш да нѐ казни. Подоцна, ми се чинеше дека се држи настрана од нас — како еден премиер кој владее со луѓето, но воопшто не му е гајле за нив“ (Рејмонда, Канада).

      Што мислиш ти? Дали е тешко да го сакаме Бог? Многу верници со векови си го поставувале ова прашање. Всушност, во текот на средниот век, повеќето христијани воопшто не му се молеле на Семоќниот Бог. Зошто? Затоа што имале морбиден страв од него. Историчарот Вил Дјурант напишал: „Како можел еден обичен грешник да се осмели да му се помоли на некој што е толку страшен и далечен?“

      Зошто луѓето почнале да мислат дека Бог е „страшен и далечен“? Што вели Библијата за Бог? Дали ќе ти биде полесно да го сакаш откако ќе ја дознаеш вистината за него?

      a (Матеј 22:37, 38).

  • Прва лага: Бог нема име
    Стражарска кула 2013 | 1 Ноември
    • [Слика на страница 4]

      ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ЛАГИ ШТО ГО ОЦРНУВААТ БОГ

      Прва лага: Бог нема име

      ШТО МИСЛАТ НЕКОИ

      „Не постигнавме согласност ни во однос на тоа дали воопшто треба да зборуваме за некакво име на Бог, а уште помалку кое би било тоа име“ (професор Дејвид Канингем, Theological Studies).

      ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА

      Бог рекол: „Јас сум Јехова. Тоа е моето име“ (Исаија 42:8). Јехова е хебрејско име кое значи „оној што предизвикува да стане“ (1. Мојсеева 2:4, фуснота).

      Јехова сака да го користиме неговото име. Во Библијата пишува: „Повикувајте го неговото име! Објавувајте им ги на народите неговите дела! Разгласувајте дека неговото име е возвишено!“ (Исаија 12:4).

      Исус го користел Божјето име. Во една молитва, тој му го рекол на Јехова следново во врска со своите ученици: „Им го објавив твоето име и ќе го објавувам“. Зошто Исус им го објавил Божјето име на своите ученици? Во истата молитва тој рекол: „За љубовта со која ме сакаше ти [Бог] да биде во нив и јас во единство со нив“ (Јован 17:26).

      ЗОШТО Е ВАЖНО ДА ЈА ЗНАЕМЕ ВИСТИНАТА

      „Оној што не го знае Божјето име, не го познава ни Бог како личност... А ако Бог за него е само една безлична сила, тогаш не може да го сака“, напишал теологот Валтер Лаури.

      Кога некој го крие, односно го заменува Божјето лично име со титули, тоа е исто како да го сече од страниците на Библијата

      Иако секоја недела одел во црква, Виктор не се чувствувал близок со Бог. „Кога дознав дека Бог се вика Јехова, како да се запознав со него“, вели тој. „Имав чувство дека конечно се сретнав со оној за кого сум слушал толку многу. Почнав да го гледам како вистинска личност и како близок пријател.“

      И Јехова станува близок со луѓето што го користат неговото име. Во врска со оние „што размислуваат за неговото име“, Бог ветува: „Ќе бидам милостив кон нив како што човек е милостив кон својот син кој му служи“ (Малахија 3:16, 17). Освен тоа, Бог ги наградува оние што го повикуваат неговото име. Библијата вели: „Секој што го повикува името на Јехова, ќе биде спасен“ (Римјаните 10:13).

  • Втора лага: Бог е мистерија
    Стражарска кула 2013 | 1 Ноември
    • [Слика на страница 5]

      ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ЛАГИ ШТО ГО ОЦРНУВААТ БОГ

      Втора лага: Бог е мистерија

      ШТО МИСЛАТ НЕКОИ

      Христијанската религија „во своите три основни правци — католицизмот, православието и протестантизмот, го застапува верувањето дека Бог се состои од три личности: Бог Отецот, Бог Синот и Бог Светиот дух. Според христијанската теологија, целта на ова учење не е да покаже дека постојат три бога, туку дека тие три бога во суштина се едно“ (The New Encyclopædia Britannica).

      ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА

      Исус, Божјиот син, никогаш не тврдел дека е еднаков или „единосуштен“ со неговиот Татко. Напротив, тој рекол: „Си заминувам кај Таткото, зашто Таткото е поголем од мене“ (Јован 14:28). Исто така, на своите ученици им рекол: „Одам горе кај мојот Татко и вашиот Татко, кај мојот Бог и вашиот Бог“ (Јован 20:17).

      Светиот дух не е личност. Првите христијани ‚се исполниле со свет дух‘, а Јехова рекол: „Ќе го излеам својот дух на најразлични луѓе“ (Дела 2:1-4, 17). Тоа покажува дека светиот дух не е дел од тројство, туку силата со која се служи Бог.

      ЗОШТО Е ВАЖНО ДА ЈА ЗНАЕМЕ ВИСТИНАТА

      Според католичките изучувачи Карл Ранер и Херберт Форгримлер, тројството „не може да се сфати без објава, а дури и со објава, пак не може потполно да се разбере“. Можно ли е да сакаш некој што не може да се сфати и да се запознае? Учењето за тројство само ги спречува луѓето да го запознаат и да го засакаат Бог.

      Тројството било таква препрека за Марко. Тој вели: „Мислев дека Бог сака да скрие кој е и поради тоа ми беше далечен, мистериозен и непристаплив“. Но, во Библијата пишува дека „Бог не е Бог на нередот“ (1. Коринќаните 14:33). Тој не се крие од нас. Напротив, сака да го запознаеме. Исус рекол: „Го почитуваме она што го познаваме“ (Јован 4:22).

      „Кога сфатив дека Бог не е дел од некакво тројство, конечно можев да се зближам со него“, вели Марко. Ако на Јехова гледаме како на реална личност, а не како на некое мистериозно битие, ќе ни биде многу полесно да го сакаме. Во Библијата пишува: „Кој не покажува љубов, не го запознал Бог, зашто Бог е љубов“ (1. Јованово 4:8).

  • Трета лага: Бог е суров
    Стражарска кула 2013 | 1 Ноември
    • [Слика на страница 6]

      ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ЛАГИ ШТО ГО ОЦРНУВААТ БОГ

      Трета лага: Бог е суров

      ШТО МИСЛАТ НЕКОИ

      . „Веднаш по смртта, душите на оние што умираат во смртен грев се симнуваат во пеколот, каде што за казна се мачат во ‚вечен оган‘“ (Catechism of the Catholic Church). Некои верски водачи велат дека пеколот е состојба на целосна одвоеност од Бог.

      ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА

      . „Онаа душа што греши, таа и ќе умре“ (Езекиел 18:4). Мртвите „не се свесни за ништо“ (Проповедник 9:5). Ако душата умира и не е свесна за ништо, како може да се мачи во „вечен оган“ или да страда затоа што е вечно одвоена од Бог?

      Во Библијата, и хебрејскиот и грчкиот збор што честопати се преведуваат со „пекол“ се однесуваат на симболичното место во кое заминуваат мртвите луѓе. На пример, кога Јов многу страдал, му се молел на Бог: „О, да ме скриеше во гробот [„во пеколот“, Превод на МПЦ]“ (Јов 14:13). Јов сакал да почива во гробот, а не да оди во некое место на маки далеку од Бог.

      ЗОШТО Е ВАЖНО ДА ЈА ЗНАЕМЕ ВИСТИНАТА

      . Суровоста не е привлечна особина. Луѓето не можат да го сакаат Бог ако тој е суров. Росио од Мексико вели: „Уште од мала ме учеа дека има пекол. Толку се плашев од Бог што не можев да си замислам дека тој има добри особини. Мислев дека е гневен и нетрпелив“.

      Она што го кажува Библијата за начинот на кој Бог суди, како и за состојбата на мртвите, ѝ помогнало на Росио да го смени своето мислење за Бог. „Се почувствував ослободена — како да ми се симна голем товар од срцето“, вели таа. „Сега сум уверена дека Бог ни го мисли најдоброто, дека нѐ сака и дека и јас можам да го сакам него. Тој е како татко кој ги држи своите деца за рака и нежно се грижи за нив“ (Исаија 41:13).

      Многумина се трудат да живеат побожно поради стравот од пекол, но Бог не сака да му служиме затоа што се плашиме од него. Наместо тоа, Исус рекол: „Сакај го Јехова, својот Бог“ (Марко 12:29, 30). Освен тоа, кога ќе се увериме дека Бог никогаш не постапува неправедно, ќе имаме доверба дека нема да постапи неправедно ни кога ќе суди во иднина. Исто како Елиу, пријателот на Јов, со доверба ќе можеме да речеме: „Не е можно вистинскиот Бог да прави зло, Семоќниот да постапува неправедно!“ (Јов 34:10).

  • Вистината може да те ослободи
    Стражарска кула 2013 | 1 Ноември
    • ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ЛАГИ ШТО ГО ОЦРНУВААТ БОГ

      Вистината може да те ослободи

      Еден ден, додека бил во Ерусалим, Исус му зборувал на народот за својот Татко, Јехова, и го открил вистинското лице на верските водачи во негово време (Јован 8:12-30). Од она што го кажал учиме како да ги преиспитаме верските учења што се раширени денес. Исус рекол: „Ако останете во моите зборови, навистина сте мои ученици, и ќе ја запознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8:31, 32).

      „Останете во моите зборови.“ Така Исус го дал мерилото според кое треба да процениме дали некои верски учења се ‚вистина‘. Секојпат кога ќе чуеш нешто за Бог, прашај се: ‚Дали ова е во склад со Исусовите зборови и со останатиот дел од Светото писмо?‘ Потоа биди како оние кои, откако слушнале што кажал апостол Павле, ‚ги истражувале Писмата‘ за да видат дали тоа што го дознале е точно (Дела 17:11).

      Марко, Роса и Рејмонда, кои беа спомнати во првата статија, темелно ги преиспитале своите верувања така што ја проучувале Библијата со Јеховините сведоци. До каков заклучок дошле?

      Марко: „Тој што ја проучуваше Библијата со мене и жена ми ја користеше за да ни одговори на секое прашање. Нашата љубов кон Јехова сѐ повеќе растеше, а ни се подобри и бракот!“

      Роса: „Во почетокот си мислев дека Библијата е само една филозофска книга во која луѓето се трудат да објаснат каков е Бог. Меѓутоа, со текот на времето, Библијата ми даде одговор на сите прашања. Сега Јехова ми е реален. Тој е личност во која можам да имам доверба“.

      Рејмонда: „Го молев Бог да ми помогне да го запознаам. По кратко време, јас и маж ми почнавме да ја проучуваме Библијата. Конечно ја дознавме вистината за Јехова! Чувствувавме бескрајна радост кога сфативме каков Бог е тој“.

      Библијата не само што ги разоткрива лагите за Бог туку ни ја открива и вистината за неговите прекрасни особини. Таа е Божја Реч и ни помага „да го спознаеме она што Бог ни го подарил“ (1. Коринќаните 2:12). Увери се и самиот како Библијата може да одговори на некои вообичаени, но сепак многу важни прашања за Бог, за неговата намера и за нашата иднина. Одговорот на некои од тие прашања можеш да го прочиташ на „Библиски учења > Одговор на библиски прашања“ на www.pr2711.com/mk. На истата интернет-страница можеш да побараш библиски курс, а за тоа можеш да замолиш и некој Јеховин сведок. Уверени сме дека, ако ја проучуваш Библијата, ќе видиш дека е многу полесно да го сакаш Бог отколку што можеби си мислиш.

Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
Одјави се
Најави се
  • македонски
  • Сподели
  • Подесување
  • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
  • Услови за користење
  • Полиса за приватност
  • Поставки за приватност
  • JW.ORG
  • Најави се
Сподели