ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • Ангелот Гавриел дошол кај Марија
    Поуки од Библијата
    • Ангелот Гавриел ѝ се појавува на Марија

      ПОГЛАВЈЕ 69

      Ангелот Гавриел дошол кај Марија

      Ангел му се појавува на Јосиф во сон

      Марија ѝ била роднина на Елисавета. Таа била млада и живеела во градот Назарет во Галилеја. Марија била верена за Јосиф, кој бил дрводелец. Кога Елисавета била во шестиот месец од бременоста, ангелот Гавриел ѝ се појавил на Марија. Тој ја поздравил и ѝ рекол: „Јехова ти укажа голема чест, Марија“. Таа не сфатила што сакал да каже Гавриел. Затоа, тој ѝ рекол: „Ќе забремениш и ќе родиш син. Дај му го името Исус. Тој ќе владее како Цар, и неговото Царство ќе трае засекогаш“.

      Марија рекла: „Ама јас уште не сум мажена. Како може да имам дете?“ Гавриел ѝ одговорил: „За Јехова ништо не е невозможно. Ќе добиеш син со помош на светиот дух. И твојата роднина Елисавета забремени“. Тогаш Марија рекла: „Јас сум Јеховина робинка. Нека биде како што кажа“.

      Јосиф ја зема Марија за жена

      Марија отишла во еден град во планините кај Елисавета. Кога стигнала кај неа и ја поздравила, Елисавета почувствувала дека бебето во неа потскокнало. Тогаш се исполнила со свет дух и рекла: „Марија, Јехова многу те благослови. Колкава чест е мајката на Месијата да дојде кај мене!“ Марија рекла: „Со сета душа го славам Јехова“. Таа останала кај Елисавета три месеци, а потоа се вратила дома во Назарет.

      Кога Марија му кажала на Јосиф дека е бремена, тој повеќе не сакал да ја земе за жена. Но, еден ангел му се појавил на сон и му рекол: „Не плаши се да се ожениш со неа. Таа не направи ништо лошо“. Така Јосиф се оженил со Марија.

      „Сѐ што сакаше Јехова да направи, направи на небото и на земјата“ (Псалм 135:6)

      Прашања: Што ѝ рекол Гавриел на Марија за детето што требало да го роди? Како се чувствувале Елисавета и Марија поради тоа што им се случило?

      Матеј 1:18-25; Лука 1:26-56; Исаија 7:14; 9:7; Даниел 2:44; Галатите 4:4

  • Ангели го објавиле раѓањето на Исус
    Поуки од Библијата
    • Ангели им го објавуваат на овчарите раѓањето на Исус

      ПОГЛАВЈЕ 70

      Ангели го објавиле раѓањето на Исус

      Цезарот Август, кој владеел со Римското Царство, наредил сите Евреи да отидат во својот роден град за да се попишат. Бидејќи Јосиф потекнувал од Витлеем, тој и Марија тргнале на пат кон ова место. Полека се наближувало времето Марија да се породи.

      Кога стигнале во Витлеем, единственото место за ноќевање што го нашле било една штала. Таму Марија го родила Исус. Го повила во нешто топло, и нежно го ставила во јаслите.

      Во близина на Витлеем, некои овчари биле на отворено во текот на ноќта и ги чувале своите овци. Одеднаш, пред нив се појавил еден ангел и славата на Јехова блеснала околу нив. Овчарите многу се исплашиле, но ангелот им рекол: „Не плашете се. Имам една многу убава вест. Денес во Витлеем се роди Месијата“. Во тој момент, на небото се појавиле многу ангели, кои велеле: „Слава на Бог на небото, а мир на Земјата“. Потоа ангелите наеднаш ги снемало. Што направиле овчарите?

      Тие си рекле еден на друг: „Веднаш да одиме во Витлеем“. Така отишле и ги нашле Јосиф и Марија во шталата заедно со нивното бебе.

      Сите што слушнале што им рекле ангелите на овчарите биле восхитени. Марија многу размислувала за зборовите на ангелите и никогаш не ги заборавила. Овчарите се вратиле кај своите стада, и му благодареле на Јехова за сѐ што виделе и чуле.

      „Јас дојдов од Бог и сега сум овде. Не дојдов сам од себе, туку тој ме испрати“ (Јован 8:42)

      Прашања: Како ангелите го објавиле раѓањето на Исус? Кого нашле овчарите во Витлеем?

      Лука 2:1-20; Исаија 9:6

  • Јехова го заштитил Исус
    Поуки од Библијата
    • Марија и малиот Исус се на магаре, а Јосиф оди покрај нив

      ПОГЛАВЈЕ 71

      Јехова го заштитил Исус

      Во една земја која се наоѓала источно од Израел живееле луѓе кои верувале дека ѕвездите можат да ги водат. Една ноќ, неколку луѓе од Истокот виделе нешто што личело на сјајна ѕвезда како се движи по небото, и почнале да ја следат. Оваа „ѕвезда“ ги одвела во Ерусалим. Таму, тие ги прашувале луѓето: „Каде е детето што ќе биде цар на Евреите? Дојдовме да му се поклониме“.

      Кога Ирод, кој бил цар на Ерусалим, слушнал дека се зборува за нов цар, многу се загрижил. Тој ги прашал главните свештеници: „Каде треба да се роди овој цар?“ Тие му одговориле: „Пророците напишале дека ќе се роди во Витлеем“. Тогаш Ирод ги повикал овие неколку луѓе што биле од Истокот и им рекол: „Одете во Витлеем и најдете го тоа дете. Потоа вратете се кај мене и кажете ми каде се наоѓа. Сакам и јас да му се поклонам“. Но, тоа било лага.

      „Ѕвездата“ почнала повторно да се движи. Луѓето ја следеле сѐ до Витлеем. Кога виделе дека таа застанала над една куќа, влегле внатре. Таму биле Исус и мајка му, Марија. Луѓето му се поклониле на малиот Исус и му подариле злато, темјан и смирна. Дали Јехова бил тој што им помогнал на овие луѓе да го најдат Исус? Не.

      Таа ноќ, Јехова во сон му рекол на Јосиф: „Ирод сака да го убие Исус. Земи ги жена ти и син ти и оди во Египет. Останете таму додека не ти кажам дека е безбедно да се вратите“. Јосиф и неговото семејство веднаш тргнале за Египет.

      Јехова им рекол на луѓето од Истокот да не се враќаат кај Ирод. Кога Ирод видел дека ги нема, многу се разгневил. Бидејќи никаде не можел да го најде Исус, наредил да бидат убиени сите машки деца во Витлеем што биле на слична возраст како Исус. Но, Исус бил на сигурно во далечниот Египет.

      Со текот на времето, Ирод умрел. Јехова му рекол на Јосиф: „Сега е безбедно, може да се вратите назад“. Јосиф, Марија и Исус се вратиле во Израел и се населиле во градот Назарет.

      „Така ќе се исполни мојата реч што излегува од мојата уста... и ќе го изврши она поради кое сум ја испратил“ (Исаија 55:11)

      Прашања: Зошто Исус бил во опасност? Како Јехова го заштитил Исус?

      Матеј 2:1-23; Михеј 5:2

  • Исус како дете
    Поуки од Библијата
    • Исус на 12 години седи меѓу учителите во храмот

      ПОГЛАВЈЕ 72

      Исус како дете

      Јосиф и Марија живееле во Назарет заедно со Исус и со нивните други синови и ќерки. Јосиф се грижел за своето семејство така што работел како дрводелец. Исто така, тој го поучувал своето семејство за Јехова и за неговиот Закон. Тие редовно оделе во синагогата за да го слават Јехова, и секоја година патувале до Ерусалим за празникот Пасха.

      Кога Исус имал 12 години, неговото семејство тргнало на долг пат за Ерусалим. Градот бил полн со луѓе кои дошле да ја прослават Пасхата. По празникот, Јосиф и Марија тргнале на пат кон дома. Тие мислеле дека Исус е некаде со нивната група, но по некое време сфатиле дека го нема. Не бил ниту меѓу роднините.

      Така Јосиф и Марија се вратиле во Ерусалим, и цели три дена го барале своето дете. На крајот, го нашле во храмот. Таму Исус седел меѓу учителите, внимателно ги слушал и им поставувал тешки прашања. Учителите биле толку изненадени од Исус што почнале тие да му поставуваат прашања нему. Биле восхитени од одговорите што им ги давал Исус. Можело јасно да се види дека Исус добро го разбира законот на Јехова.

      Јосиф и Марија биле многу загрижени. Марија рекла: „Дете, те баравме насекаде! Каде беше?“ Исус одговорил: „Не знаевте ли дека сум овде, во домот на мојот Татко?“

      Исус се вратил во Назарет заедно со своите родители. Јосиф го учел Исус да биде добар дрводелец. Што мислиш, каков бил Исус како млад? Додека растел, Исус станувал сѐ помудар, и многу го сакале и Бог и луѓето.

      Јосиф и Марија седат на маса заедно со Исус и некои негови браќа и сестри

      „Задоволство ми е да ја вршам твојата волја, Боже мој, и твојот закон е длабоко во мене“ (Псалм 40:8)

      Прашања: Каде бил Исус кога Јосиф и Марија го нашле? Зошто бил таму?

      Матеј 13:55, 56; Марко 6:3; Лука 2:40-52; 4:16; 5. Мојсеева 16:15, 16

  • Јован го подготвил патот за Месијата
    Поуки од Библијата
    • Јован Крстител кај реката Јордан го поучува народот

      ПОГЛАВЈЕ 73

      Јован го подготвил патот за Месијата

      Јован, синот на Захарија и Елисавета, станал пророк кога пораснал. Јехова му дал задача да објавува дека наскоро ќе дојде Месијата. Јован не поучувал во синагогите или во градовите, туку во пустината. Многу луѓе од Ерусалим и од цела Јудеја доаѓале за да го слушаат. Тој ги учел дека мора да престанат да прават лоши работи ако сакаат да го радуваат Бог. Откако ги чуле поуките на Јован, многумина се покајале за своите гревови и тој ги крстил во реката Јордан.

      Јован живеел многу скромно. Носел облека од камилски влакна и јадел скакулци и див мед. Затоа луѓето се прашувале каков човек е тој. Дури и горделивите фарисеи и садукеи дошле да го видат. Јован им кажал: „Мора да се смените и да се покаете. Немојте да си мислите дека сте нешто посебно само затоа што велите дека сте деца на Авраам. Тоа не значи дека сте деца на Бог“.

      Многу луѓе го прашувале Јован: „Што треба да правиме за да го радуваме Бог?“ Јован им одговорил: „Ако имате две облеки, дајте му ја едната на оној што нема ниту една“. Знаеш ли зошто го рекол тоа? За да ги поучи дека, за да го радуваат Бог, мора да ги сакаат другите.

      Јован им рекол на даночниците: „Бидете чесни и немојте да крадете од луѓето“. А на војниците им кажал: „Не примајте поткуп и не лажете“.

      Дури и некои свештеници и левити дошле кај Јован за да го прашаат: „Кој си ти? Сите сакаат да знаат“. Јован им одговорил: „Јас сум гласот од пустината кој ги води луѓето до Јехова, токму како што прорече Исаија“.

      На луѓето многу им се допаднале учењата на Јован. Многумина мислеле дека можеби тој е Месијата. Но, Јован отворено им кажал: „Доаѓа некој што е поважен од мене. Јас не сум достоен ни да му ги одврзам сандалите. Јас крштавам со вода, а тој ќе крштава со свет дух“.

      „Тој дојде заради сведоштво, да сведочи за светлината, за да можат најразлични луѓе да поверуваат преку него“ (Јован 1:7)

      Прашања: Зошто Јехова им го испратил Јован на луѓето? Како реагирале луѓето на пораката на Јован?

      Матеј 3:1-11; Марко 1:1-8; Лука 3:1-18; Јован 1:19-28; Исаија 40:3

  • Исус станал Месија
    Поуки од Библијата
    • Откако Јован го крстил Исус, Божјиот дух слегува во облик на гулаб

      ПОГЛАВЈЕ 74

      Исус станал Месија

      Јован проповедал: „Доаѓа некој што е поважен од мене“. Кога Исус имал околу 30 години, од Галилеја отишол кај реката Јордан. Таму Јован ги крштавал луѓето. Исус сакал Јован да го крсти и него, но Јован му рекол: „Не можам јас да те крстам. Ти треба да ме крстиш мене“. Исус му одговорил: „Јехова сака ти да ме крстиш“. Така влегле во реката Јордан и Јован целосно го потопил Исус во водата.

      Потоа, Исус се кренал од водата и се помолил. Во истиот момент, небесата се отвориле и Божјиот дух слегол врз него во облик на гулаб. Тогаш Јехова од небото рекол: „Ти си мојот Син, кој многу го сакам. Ти си ми по волја“.

      Кога светиот дух дошол на Исус, тој станал Христос, односно Месија. Оттогаш Исус почнал да ја врши задачата за која Јехова го испратил на Земјата.

      Веднаш откако се крстил, Исус отишол во пустината и останал таму 40 дена. Кога се вратил, отишол да се види со Јован. Додека му се приближувал, Јован рекол: „Ова е Божјето Јагне! Преку него ќе им се простат гревовите на луѓето“. Со овие зборови им покажал на луѓето дека Исус е Месијата. А дали знаеш што му се случило на Исус додека бил во пустината? Ајде да видиме.

      „Од небото се слушна глас: ’Ти си мојот сакан Син! Ти си по мојата волја‘“ (Марко 1:11)

      Прашања: Зошто Исус се крстил? Зошто Јован рекол дека Исус е Божјето Јагне?

      Матеј 3:13-17; Марко 1:9-11; Лука 3:21-23; Јован 1:29-34; Исаија 42:1; Евреите 10:7-9

  • Ѓаволот го искушал Исус
    Поуки од Библијата
    • Исус одбива да скокне од највисокиот дел на храмот

      ПОГЛАВЈЕ 75

      Ѓаволот го искушал Исус

      Исус одбива да претвори камења во лебови

      Откако Исус се крстил, светиот дух го одвел во пустината. Цели 40 дена не јадел ништо, и затоа бил многу гладен. Тогаш Ѓаволот дошол кај него за да го наведе да му згреши на Бог, и му рекол: „Ако навистина си Божји Син, кажи им на овие камења да станат лебови“. Но, Исус му одговорил така што цитирал од Божјата Реч: „Напишано е дека на човекот не му треба само храна за да живее. Тој треба да го слуша и секој збор што доаѓа од Јехова“.

      Потоа, Ѓаволот му рекол на Исус: „Ако навистина си Божји Син, скокни од највисокиот дел на храмот. Напишано е дека Бог ќе ги прати своите ангели да те фатат за да не паднеш“. Но, Исус повторно цитирал од Божјата Реч: „Напишано е дека не треба да го испитуваме Јехова“.

      Исус ја одбива понудата на Сатана да му ги даде сите царства на светот

      На крајот, Сатана му ги покажал на Исус сите царства на светот, сето нивно богатство и слава, и му рекол: „Сите овие работи ќе ти ги дадам ако ми се поклониш само еднаш“. Но, Исус му одговорил: „Бегај, Сатано! Напишано е дека треба да му служиме само на Јехова“.

      Тогаш Ѓаволот си заминал, а кај Исус дошле ангели и му дале нешто да јаде. Оттогаш, Исус почнал да ја проповеда добрата вест за Божјето Царство. Тој бил испратен на Земјата токму поради тоа. На луѓето им се допаѓало тоа што го кажувал Исус, па затоа го следеле каде и да одел.

      „Кога [Ѓаволот] зборува лага, го зборува своето, бидејќи е лажливец и татко на лагата“ (Јован 8:44)

      Прашања: Со кои три работи бил искушан Исус? Како Исус му одговорил на Ѓаволот?

      Матеј 4:1-11; Марко 1:12, 13; Лука 4:1-15; 5. Мојсеева 6:13, 16; 8:3; Јаков 4:7

  • Исус ги истерал продавачите од храмот
    Поуки од Библијата
    • Исус со камшик ги истерува животните од храмот и им ги превртува масите на менувачите на пари

      ПОГЛАВЈЕ 76

      Исус ги истерал продавачите од храмот

      Пролетта во 30 год. од н.е. Исус отишол во Ерусалим. Во градот имало многу луѓе кои дошле таму за Пасхата. Како дел од празникот, тие принесувале животински жртви во храмот. Некои луѓе сами си носеле животни, а други купувале во Ерусалим.

      Кога Исус влегол во храмот, видел како луѓето внатре продаваат животни. Тие заработувале пари токму во домот на Јехова во кој луѓето доаѓале за да му служат. Како реагирал Исус? Тој направил камшик од јажиња и ги истерал овците и говедата од храмот. Им ги превртел масите на менувачите на пари и им ги истурил парите на земја. На оние што продавале гулаби Исус им рекол: „Носете го тоа одовде! Домот на мојот Татко не е место за трговија!“

      Луѓето во храмот биле изненадени од тоа што го направил Исус. Неговите ученици се сетиле на следново пророштво за Месијата: „Многу ќе го сакам домот на Јехова“.

      Подоцна, во 33 год. од н.е., Исус по вторпат го исчистил храмот. Тој не дозволувал луѓето да покажуваат непочитување кон домот на неговиот Татко.

      „Не можете да им робувате и на Бог и на богатството“ (Лука 16:13)

      Прашања: Што направил Исус кога видел дека некои продаваат животни во храмот? Зошто Исус постапил така?

      Матеј 21:12, 13; Марко 11:15-17; Лука 19:45, 46; Јован 2:13-17; Псалм 69:9

  • Жената кај бунарот
    Поуки од Библијата
    • Исус зборува со една Самарјанка кај бунарот на Јаков

      ПОГЛАВЈЕ 77

      Жената кај бунарот

      По Пасхата, Исус и неговите ученици тргнале назад кон Галилеја преку Самарија. Во близина на градот Сихар, Исус застанал кај бунарот на Јаков. Додека таму се одмарал, неговите ученици отишле во градот за да купат храна.

      По некое време, кај бунарот дошла една жена да нацрпи вода. Исус ѝ рекол: „Дај ми малку вода“. Таа му рекла: „Зошто ми зборуваш кога знаеш дека сум Самарјанка? Евреите не зборуваат со Самарјаните“. Исус ѝ одговорил: „Да знаеше кој сум, ти ќе ми побараше вода и ќе добиеше вода што дава живот“. Таа го прашала: „Ама како? Немаш ни кофа да нацрпиш вода“. Исус ѝ рекол: „Секој што ќе се напие од водата што јас ја давам никогаш повеќе нема да биде жеден“. Тогаш жената му рекла: „Господине, дај ми од таа вода“.

      Исус ѝ рекол: „Викни го маж ти да дојде“. Таа одговорила: „Немам маж“. Исус ѝ рекол: „Така е. Си била мажена пет пати, а сега живееш со човек со кого не си во брак“. Жената рекла: „Гледам дека си пророк. Мојот народ верува дека можеме да му служиме на Бог на оваа планина, но Евреите велат дека мора да му служиме во Ерусалим. Ама кога ќе дојде Месијата, тој ќе ни каже како да му служиме на Бог“. Тогаш Исус кажал нешто што дотогаш не го кажал на никого: „Јас сум Месијата“.

      Исус зборува со Самарјани

      Жената брзо отишла во градот и им рекла на Самарјаните: „Мислам дека го најдов Месијата. Знае сѐ за мене. Дојдете и видете сами!“ Тие отишле со неа кај бунарот, и таму Исус почнал да ги поучува.

      Самарјаните го викнале Исус да остане во нивниот град. Тој останал таму два дена за да ги поучува луѓето, и многумина поверувале во него. Тие ѝ рекле на Самарјанката: „Сега, откако слушнавме што кажува овој човек, знаеме дека тој е оној што ќе го спаси светот“.

      „’Дојди!‘ И секој што е жеден, нека дојде. Секој што сака, нека земе бесплатно од водата на животот“ (Откровение 22:17)

      Прашања: Зошто Самарјанката се изненадила кога Исус почнал да ѝ зборува? Што ѝ рекол Исус?

      Јован 4:1-42

  • Исус проповедал за Божјето Царство
    Поуки од Библијата
    • Исус и еден ученик проповедаат

      ПОГЛАВЈЕ 78

      Исус проповедал за Божјето Царство

      Кратко откако се крстил, Исус почнал да проповеда: „Божјето Царство е близу“. Додека тој патувал низ Галилеја и Јудеја, неговите ученици го следеле. Кога Исус се вратил во својот град Назарет, влегол во синагогата, го отворил свитокот на Исаија и пред сите прочитал: „Јехова ми даде свет дух за да ја проповедам добрата вест“. Потоа рекол: „Ова пророштво се исполни денес“. Иако луѓето сакале да гледаат како Исус прави чуда, тој добил свет дух главно за да ја проповеда добрата вест за Божјето Царство.

      Потоа Исус отишол кај Галилејското Море. Таму нашол четири свои ученици, кои биле рибари. Тој им рекол: „Дојдете со мене, и ќе станете рибари на луѓе“. Овие ученици се викале Петар, Андреј, Јаков и Јован. Тие ја оставиле својата работа како рибари и веднаш тргнале по Исус. Заедно со него патувале низ цела Галилеја и проповедале за Божјето Царство. Тие проповедале во синагогите, на пазарите и по улиците. Каде и да оделе, ги следела голема група луѓе. За Исус се зборувало насекаде, дури и во далечната Сирија.

      Со текот на времето, на некои од своите следбеници Исус им дал моќ да ги лекуваат луѓето и да истеруваат демони. А други оделе со него додека проповедал од град во град и од село во село. Голем број верни жени, меѓу кои биле Марија Магдалена, Јоана и Сусана, оделе со Исус и со неговите следбеници и им помагале.

      Откако ги обучил своите ученици, Исус ги испратил да проповедаат. Додека оделе низ Галилеја, тие им помогнале на многу луѓе да ја прифатат пораката и да се крстат. Толку многу луѓе сакале да станат ученици на Исус што тој ги споредил со нива спремна за жетва. Исус рекол: „Молете го Јехова да испрати повеќе работници за жетвата“. Подоцна, тој избрал 70 свои ученици и ги испратил да проповедаат во Јудеја двајца по двајца. Тие им проповедале за Божјето Царство на најразлични луѓе. Кога се вратиле, учениците биле многу радосни и едвај чекале да му кажат на Исус како си поминале. Добрата вест сѐ повеќе се ширела, а Ѓаволот не можел да направи ништо за да го спречи тоа.

      Исус сакал неговите ученици да продолжат со тоа важно дело и откако тој ќе се врати на небото. Затоа им рекол: „Проповедајте ја добрата вест по целата Земја. Учете ги луѓето за Божјата Реч и крштавајте ги“.

      „И на другите градови морам да им ја објавам добрата вест за Божјето царство, бидејќи за тоа сум испратен“ (Лука 4:43)

      Прашања: Каква задача им дал Исус на своите ученици? Како се чувствувале учениците поради нивната задача?

      Матеј 4:17-25; 9:35-38; 28:19, 20; Марко 1:14-20; Лука 4:14-21; 8:1-3; 10:1-22

  • Исус правел многу чуда
    Поуки од Библијата
    • Болни луѓе доаѓаат кај Исус за да ги излекува

      ПОГЛАВЈЕ 79

      Исус правел многу чуда

      Исус дошол на Земјата за да ја објавува добрата вест за Божјето Царство. Со помош на светиот дух што го добил од Јехова, тој направил многу чуда со кои покажал што ќе стори во иднина како Цар. Исус можел да лекува секакви болести. Каде и да одел, кај него доаѓале болни луѓе, и тој ги лекувал. Слепите почнувале да гледаат, глувите да слушаат, сакатите да одат, а ги лекувал и оние што биле обземени од демони. Луѓето оздравувале дури и ако само го допреле работ на неговата облека. Постојано го следеле многу луѓе. Исус им помагал дури и кога сакал да биде сам.

      Еднаш, додека Исус бил во една куќа, некои луѓе донеле парализиран човек на носилка. Но, во куќата имало толку голема гужва што не можеле да го внесат човекот внатре. Затоа направиле дупка во покривот и го спуштиле долу. Исус му рекол на човекот: „Стани и оди“. Човекот навистина станал, и луѓето биле восхитени.

      Во друга прилика, додека Исус влегувал во едно село, 10 мажи болни од лепра стоеле малку подалеку од него и викале: „Исус, помогни ни!“ Во тоа време, лепрозните луѓе не смееле да се доближуваат до други луѓе. На 10-те лепрозни Исус им рекол да одат во храмот. Според Јеховиниот закон, така требало да направи секој што ќе оздравел од лепра. Тие тргнале и, додека уште оделе по патот, оздравеле. Кога сфатил дека повеќе не е болен, еден од нив се вратил за да му се заблагодари на Исус и да го слави Бог. Иако сите 10 оздравеле, само еден му кажал фала на Исус.

      Една жена која 12 години била многу болна, очајно сакала да се излечи. Додека Исус бил меѓу група луѓе, таа му се приближила од зад грб и го допрела работ на неговата облека. Во истиот момент, нејзината болест исчезнала. Тогаш Исус прашал: „Кој ме допре?“ Жената се исплашила, но сепак дошла пред него и му ја кажала вистината. Исус ја утешил и ѝ рекол: „Ќерко, оди си во мир“.

      Еден угледен човек по име Јаир го молел Исус: „Те молам дојди кај мене! Мојата ќеркичка е многу болна“. Но, уште пред Исус да стигне таму, девојчето починало. Кога дошол пред куќата на Јаир, видел многу луѓе кои плачеле за девојчето. Исус им кажал: „Не плачете — таа само спие“. Тогаш го фатил девојчето за рака и рекол: „Дете, стани!“ Ќерката на Јаир станала во истиот момент. Исус им кажал на родителите да ѝ дадат да јаде. Можеш ли да си замислиш колку биле среќни?

      Исус ја воскреснува ќерката на Јаир

      „Бог го помаза со свет дух и сила, а тој минуваше низ земјата правејќи добро и лекувајќи ги сите кои Ѓаволот ги угнетуваше, зашто Бог беше со него“ (Дела 10:38)

      Прашања: Зошто Исус можел да лекува секакви болести? Што се случило со ќерката на Јаир?

      Матеј 9:18-26; 14:36; Марко 2:1-12; 5:21-43; 6:55, 56; Лука 6:19; 8:41-56; 17:11-19

  • Исус избрал дванаесет апостоли
    Поуки од Библијата
    • Исус и 12-те апостоли

      ПОГЛАВЈЕ 80

      Исус избрал дванаесет апостоли

      Откако Исус проповедал околу една и пол година, дошло времето да донесе една важна одлука. Тој требало да избере ученици со кои најмногу ќе соработува и кои ќе предводат во христијанското собрание. За да може да направи добар избор, на Исус му била потребна помош од Јехова. Тој отишол на една планина каде што можел да биде сам, и таму се молел цела ноќ. Утрото, Исус повикал некои од своите ученици и од нив избрал 12 апостоли. Се сеќаваш ли како се викале? Тие биле Петар, Андреј, Јаков, Јован, Филип, Вартоломеј, Тома, Матеј, Јаков — синот на Алфеј, Тадеј, Симон и Јуда Искариот.

      Андреј, Петар, Филип и Јаков

      Андреј, Петар, Филип и Јаков

      Овие 12 апостоли требало да патуваат со Исус. Откако ги обучил, тој ги испратил да проповедаат. Јехова им дал моќ да истеруваат демони и да лекуваат болни.

      Јован, Матеј, Вартоломеј и Тома

      Јован, Матеј, Вартоломеј и Тома

      Исус ги сметал апостолите за свои пријатели и имал доверба во нив. Фарисеите мислеле дека тие се необразовани и прости луѓе. Но, Исус ги ценел и ги обучил за делото на проповедање. Тие требало да останат со него и во најважните моменти од неговиот живот, на пример кратко пред да умре и по неговото воскресение. Исто како Исус, и повеќето апостоли биле од Галилеја. Некои од нив биле женети.

      Јаков — синот на Алфеј, Јуда Искариот, Тадеј и Симон

      Јаков — синот на Алфеј, Јуда Искариот, Тадеј и Симон

      Апостолите биле несовршени и правеле грешки. Понекогаш зборувале без да размислат, а донеле и некои лоши одлуки. Освен тоа, понекогаш биле многу нестрпливи, па дури и се расправале кој од нив е најважен. Сепак, апостолите биле добри луѓе кои го сакале Јехова. Подоцна, тие требало да бидат темелот на христијанското собрание.

      „Ве нарекувам пријатели, бидејќи ви објавив сѐ што чув од мојот Татко“ (Јован 15:15)

      Прашања: Кои биле 12-те апостоли на Исус? Каде ги испратил Исус своите апостоли?

      Матеј 10:1-10; Марко 3:13-19; 10:35-40; Лука 6:12-16; Јован 15:15; 20:24, 25; Дела 2:7; 4:13; 1. Коринќаните 9:5; Ефешаните 2:20-22

  • Проповедта на гората
    Поуки од Библијата
    • Исус ја одржува Проповедта на гората пред големо мноштво луѓе

      ПОГЛАВЈЕ 81

      Проповедта на гората

      Исус ги избрал своите 12 апостоли, и потоа тргнал да си оди од планината. Додека се симнувал, сретнал голема група луѓе. Тие биле дојдени од Галилеја, Јудеја, Тир, Сидон, Сирија и од другата страна на реката Јордан. Со себе носеле и луѓе што биле болни или, пак, измачувани од демони. Исус ги излекувал сите, а потоа седнал и почнал да го поучува народот. Тој објаснил што треба да правиме ако сакаме да бидеме пријатели со Бог: треба да бидеме свесни дека не можеме без Јехова и треба да научиме да го сакаме. Но, не можеме да го сакаме Бог ако не ги сакаме луѓето. Треба да бидеме добри и фер со сите, дури и со оние што не се однесуваат убаво со нас.

      Исус рекол: „Не треба да ги сакате само вашите пријатели. Треба да ги сакате и непријателите и да им простувате на луѓето од срце. Ако некој ви се лути поради нешто, брзо одете кај него и извинете му се. Со другите однесувајте се како што сакате и тие да се однесуваат со вас“.

      Исус ја одржува Проповедта на гората пред големо мноштво луѓе

      Исус им дал добри совети на луѓето и за материјалните работи. Тој рекол: „Поважно е да бидеш пријател со Јехова отколку да бидеш многу богат. Парите може да ти ги украдат, но пријателството со Јехова никој не може да ти го украде. Престанете да се грижите што ќе јадете, пиете или облечете. Погледнете ги птиците. Бог се погрижил секогаш да имаат што да јадат. Грижите нема да ви го продолжат животот. Не заборавајте, Јехова знае што ви треба“.

      Луѓето првпат слушнале некој да поучува така. Нивните верски водачи не ги учеле за такви работи. Зошто Исус бил толку добар учител? Бидејќи сѐ што кажувал доаѓало од Јехова.

      „Земете го мојот јарем на себе и учете од мене, зашто јас сум благ и со понизно срце, и ќе најдете поткрепа за своите души“ (Матеј 11:29)

      Прашања: Што треба да правиме за да бидеме пријатели со Јехова? Како сака Јехова да се однесуваме со другите?

      Матеј 4:24 — 5:48; 6:19-34; 7:28, 29; Лука 6:17-31

  • Поуки од Исус за молитвата
    Поуки од Библијата
    • Еден фарисеј се моли на јавно место, а луѓето застануваат и го гледаат

      ПОГЛАВЈЕ 82

      Поуки од Исус за молитвата

      Фарисеите правеле сѐ за другите да мислат дека се многу побожни. Правеле добри работи само за другите да ги видат. Исто така, се молеле на места каде што имало многу луѓе. Фарисеите учеле напамет долги молитви и постојано ги повторувале во синагогите и на раскрсниците за другите да ги слушнат. Затоа, луѓето многу се изненадиле кога Исус им рекол: „Немојте да се молите како фарисеите. Тие мислат дека ќе го воодушеват Бог со тоа што кажуваат многу зборови, но не е така. Молитвата е нешто лично меѓу вас и Јехова. Не повторувајте едно исто. Јехова сака да му кажете како се чувствувате.

      Едно дете се моли на колена

      Еве како да се молите: ’Татко наш, кој си на небесата, да се свети името твое. Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата‘“. Освен тоа, Исус им кажал да се молат да имаат храна за тој ден и да им бидат простени гревовите, а да се молат и во врска со лични работи.

      Исус рекол: „Постојано молете се и не се откажувајте. Продолжете да барате добри работи од вашиот Татко, Јехова. Секој родител сака да му дава добри работи на своето дете. Ако детето ти побара леб, ќе му дадеш ли камен? Или ако ти побара риба, ќе му дадеш ли змија?“

      Потоа Исус објаснил која била поуката: „Ако вие знаете да им давате добри работи на вашите деца, колку повеќе вашиот Татко, Јехова, ќе ви даде свет дух! Само треба да го замолите за тоа“. Дали ти го правиш тоа? За кои работи му се молиш на Јехова?

      „Молете, и ќе ви се даде. Барајте, и ќе најдете. Чукајте, и ќе ви се отвори“ (Матеј 7:7)

      Прашања: Како Исус ги поучил своите ученици да се молат? Дали ти се молиш за работите што ти се важни?

      Матеј 6:2-18; 7:7-11; Лука 11:13

  • Исус нахранил илјадници луѓе
    Поуки од Библијата
    • Апостолите делат храна на големо мноштво луѓе

      ПОГЛАВЈЕ 83

      Исус нахранил илјадници луѓе

      Кратко пред Пасхата во 32 год. од н.е., апостолите се вратиле од патувањето на кое биле за да проповедаат. Бидејќи Исус видел дека се уморни, се качил со нив на чамец, и заедно тргнале кон Витсаида за да се одморат. Но, кога се приближиле до брегот, Исус видел дека илјадници луѓе дошле таму и го чекаат. Иако сакал да биде насамо со апостолите, тој бил љубезен со луѓето. Ги излекувал сите што биле болни и почнал да ги поучува. Цел ден им зборувал за Божјето Царство. Кога денот бил при крај, апостолите дошле кај Исус и му рекле: „Луѓето сигурно се гладни. Ќе им кажеш ли да одат да си купат нешто за јадење?“

      Едно дете му дава на Исус кошница со леб и риби

      Исус одговорил: „Не мора да одат. Дајте им вие нешто да јадат“. Апостолите го прашале: „Сакаш да одиме и да им купиме леб?“ Филип, еден од апостолите, рекол: „Ама дури и да имаме многу пари, пак не можеме да купиме доволно леб за сите“.

      Исус ги прашал: „Колку храна имаме?“ Андреј одговорил: „Имаме пет леба и две мали риби. Ама што е тоа за целиот овој народ?“ Исус рекол: „Донесете ми ги лебовите и рибите“. Потоа им рекол на луѓето да седнат на тревата во групи од по 50 и од по 100 души. Исус ги зел лебовите и рибите, погледнал кон небото и се помолил. Потоа им ја подавал храната на апостолите, а тие им ја делеле на луѓето. Така убаво се најале сите 5.000 мажи, како и жените и децата. На крајот апостолите ја собрале храната што останала за ништо да не се фрли. Наполниле 12 кошници со храна. Тоа навистина било големо чудо, нели?

      Луѓето биле толку воодушевени што сакале да го постават Исус за цар. Но, Исус знаел дека уште не било дојдено времето што Јехова го одредил за да стане цар. Затоа им рекол на луѓето да си одат, а апостолите ги пратил да одат од другата страна на Галилејското Море. Откако апостолите се качиле на чамецот, Исус отишол сам на планината. Зошто? Бидејќи сакал да одвои време за да му се моли на својот Татко. Колку и да бил зафатен, Исус секогаш наоѓал време за да се моли.

      „Немојте да работите за храна што пропаѓа, туку за храна што останува за вечен живот, која ќе ви ја даде Синот човечки“ (Јован 6:27)

      Прашања: Како Исус покажал дека се грижи за луѓето? Што учиме од ова за Јехова?

      Матеј 14:14-22; Лука 9:10-17; Јован 6:1-15

  • Исус одел по вода
    Поуки од Библијата
    • Исус оди по вода и му вели на Петар да дојде кај него

      ПОГЛАВЈЕ 84

      Исус одел по вода

      Исус можел да лекува болни и да воскреснува мртви, но имал моќ и над ветрот и дождот. Откако се молел на планината, Исус погледнал кон Галилејското Море и видел дека беснее бура. Апостолите биле на чамецот и се мачеле да веслаат спроти ветрот. Исус слегол до брегот и тргнал кон нив одејќи по водата. Кога апостолите виделе дека некој оди по водата, многу се уплашиле. Но, Исус им довикнал: „Не плашете се, јас сум!“

      Исус оди по вода и му вели на Петар да дојде кај него

      Петар рекол: „Господару, ако навистина си ти, заповедај ми да дојдам кај тебе“. Исус му рекол: „Ајде, дојди!“ Така, среде силната бура, Петар излегол од чамецот и почнал да оди по водата кон Исус. Но, кога се доближил до него, погледнал во големите бранови и се уплашил. Петар почнал веднаш да тоне. Тогаш извикал: „Господару, спаси ме!“ Исус го фатил за раката и му рекол: „Зошто се исплаши? Зар немаш вера?“

      Исус и Петар се качиле на чамецот, и бурата веднаш престанала. Можеш ли да си замислиш како се чувствувале апостолите? Тие му рекле на Исус: „Навистина си Божји Син“.

      Исус и во други прилики покажал дека има моќ над временските услови. Еднаш, додека со апостолите пловел кон другата страна на морето, заспал во чамецот. Одеднаш настанала силна бура. Брановите удирале во чамецот, и тој почнал да се полни со вода. Апостолите го разбудиле Исус, силно викајќи: „Учителе, ќе умреме! Помогни ни!“ Исус станал и му рекол на морето: „Смири се!“ Во истиот момент, ветрот и морето се смириле. Исус им рекол на апостолите: „Зарем немате вера?“ Тие почнале да си велат еден на друг: „Дури и ветрот и морето го слушаат“. Апостолите научиле дека, ако имаат целосна доверба во Исус, не треба да се плашат од ништо.

      „Не плаши се, само верувај!“ (Марко 5:36)

      Прашања: Зошто Петар почнал да тоне? Што научиле апостолите од Исус?

      Матеј 8:23-27; 14:23-34; Марко 4:35-41; 6:45-52; Лука 8:22-25; Јован 6:16-21

  • Исус лекувал во сабота
    Поуки од Библијата
    • Фарисеите испрашуваат еден човек кој порано бил слеп

      ПОГЛАВЈЕ 85

      Исус лекувал во сабота

      Фарисеите го мразеле Исус и барале причина да го уапсат. Тие велеле дека не смее да лекува болни луѓе во сабота, на денот за одмор. Една сабота, Исус видел слеп човек како проси на улица. Тогаш им рекол на учениците: „Гледајте како овој човек ќе оздрави со Божја помош“. Исус плукнал на земја, направил кал и со неа му ги намачкал очите на човекот. Потоа му рекол: „Оди, измиј си ги очите во езерцето Силоам“. Откако човекот го направил тоа, за првпат во животот можел да гледа.

      На луѓето не им се верувало што се случило. Тие рекле: „Ова ли е човекот што седеше и просеше, или само личи на него?“ Тој одговорил: „Јас сум тој. Бев слеп од раѓање, ама сега гледам!“ Луѓето го прашале: „Како прогледа?“ Кога им кажал што се случило, тие го одвеле кај фарисеите.

      Човекот им раскажал на фарисеите: „Исус ми стави кал на очите и ми кажа да се измијам. Јас го послушав, и еве, сега гледам“. Фарисеите му рекле: „Штом Исус лекува на денот за одмор, неговата моќ не е од Бог“. Но, други рекле: „Ако неговата моќ не беше од Бог, воопшто немаше да може да лекува“.

      Фарисеите ги викнале родителите на човекот и ги прашале: „Како тоа вашиот син сега гледа?“ Тие биле исплашени бидејќи фарисеите се заканувале дека секој што ќе поверува во Исус ќе биде исклучен од синагогата. Затоа одговориле: „Не знаеме. Прашајте го него“. Фарисеите продолжиле да го испрашуваат човекот, и на крајот тој им рекол: „Ама ви кажав сѐ што знам. Зошто уште ме прашувате?“ Фарисеите биле гневни и го исфрлиле надвор.

      Подоцна, Исус го нашол човекот и го прашал: „Веруваш ли во Месијата?“ Тој одговорил: „Да знаев кој е тој, ќе верував“. Исус му рекол: „Јас сум Месијата“. Колку добар бил Исус! Освен што го излекувал човекот, му помогнал и да стекне вера во него.

      „Вие сте во заблуда, бидејќи не ги познавате ниту Писмата ниту Божјата моќ“ (Матеј 22:29)

      Прашања: Како Исус му помогнал на слепиот човек? Зошто фарисеите го мразеле Исус?

      Јован 9:1-41

  • Исус го воскреснал Лазар
    Поуки од Библијата
    • Воскреснатиот Лазар и неговите сестри, Марија и Марта

      ПОГЛАВЈЕ 86

      Исус го воскреснал Лазар

      Исус имал тројца блиски пријатели кои живееле во Витанија. Тоа биле Лазар и неговите две сестри, Марија и Марта. Еден ден, додека Исус бил во областа Переја, Марија и Марта му испратиле една важна порака: „Лазар е многу болен. Те молиме дојди што побрзо!“ Но, Исус не тргнал веднаш. Почекал два дена, а потоа им рекол на учениците: „Да одиме во Витанија. Лазар заспа, но јас ќе го разбудам“. Апостолите рекле: „Штом спие, ќе му биде подобро“. Тогаш Исус отворено им кажал: „Лазар умре“.

      Кога Исус пристигнал во Витанија, Лазар веќе четири дена бил во гробот. Многу луѓе биле дојдени кај Марта и Марија за да ги утешат. Кога Марта слушнала дека Исус дошол, побрзала да го пресретне. Таа му рекла: „Господару, да беше ти овде, брат ми немаше да умре“. Исус ѝ рекол: „Брат ти пак ќе живее, Марта. Веруваш ли во тоа?“ Таа му одговорила: „Верувам дека ќе стане кога ќе почне воскресението“. Исус ѝ рекол: „Јас сум воскресението и животот“.

      Потоа Марта отишла кај Марија и ѝ кажала: „Дојде Исус!“ Марија брзо отишла кај Исус, а по неа оделе и други луѓе. Таа паднала пред него и не можела да престане да плаче. Марија рекла: „Господару, да беше ти овде, брат ми уште ќе беше жив!“ Исус видел колку ѝ е тешко, па почнал да плаче и тој. Кога луѓето ги виделе неговите солзи, рекле: „Видете колку многу го сакал Лазар“. Но, некои се прашувале: „Зошто Исус не си го спаси пријателот?“ Што направил Исус потоа?

      Тој отишол кај гробот, на чиј влез имало голем камен. Потоа заповедал: „Тргнете го каменот“. Марта рекла: „Ама поминаа четири дена! Телото сигурно мириса“. Сепак го тргнале каменот, и Исус се помолил: „Татко, ти благодарам што ми ги слушаш молитвите. Знам дека секогаш ме слушаш, но сега зборувам наглас за луѓето да знаат дека ти ме испрати“. Потоа гласно извикал: „Лазар, излези!“ Тогаш се случило нешто неверојатно — Лазар излегол од гробот, целиот завиткан во ленено платно. Исус рекол: „Одвиткајте го и пуштете го да оди“.

      Многумина што го виделе тоа поверувале во Исус. Но, некои отишле кај фарисеите и им кажале што се случило. Од тој момент, фарисеите сакале да ги убијат и Лазар и Исус. Јуда Искариот, еден од 12-те апостоли, скришно отишол кај фарисеите и ги прашал: „Колку пари ќе ми дадете ако ви помогнам да го фатите Исус?“ Тие му рекле дека ќе му дадат 30 сребреници, и оттогаш Јуда почнал да бара прилика да им го предаде.

      „Вистинскиот Бог е за нас Бог кој спасува. Јехова, Севишниот Господар, може да го избави човекот од смртта“ (Псалм 68:20)

      Прашања: Раскажи како Лазар воскреснал. Што сакале да направат фарисеите кога слушнале што се случило со Лазар?

      Матеј 26:14-16; Јован 11:1-53; 12:10

  • Последната Пасха на Исус
    Поуки од Библијата
    • Исус ја воспоставува Господаровата вечера со своите единаесет верни апостоли

      ПОГЛАВЈЕ 87

      Последната Пасха на Исус

      Евреите ја прославувале Пасхата секоја година на 14-тиот ден од месецот нисан. Тоа го правеле за да се потсетат дека Јехова ги ослободил од ропството во Египет и ги донел во Ветената земја. Во 33 год. од н.е., Исус и апостолите ја прославиле Пасхата во горната соба на една куќа во Ерусалим. На крајот на вечерата, Исус рекол: „Еден од вас ќе ме предаде“. Апостолите многу се изненадиле и го прашале: „А кој?“ Исус им одговорил: „Оној на кого ќе му го дадам ова парче леб“. Тогаш му го дал лепчето на Јуда Искариот. Веднаш потоа, Јуда станал и излегол од собата.

      Исус се помолил, раскршил еден леб и им го дал на апостолите што останале со него. Тогаш им рекол: „Јадете од овој леб. Тој го претставува моето тело, кое ќе го дадам за вас“. Потоа зел вино, се помолил и им го подал на апостолите. Исус им рекол: „Пијте од ова вино. Тоа ја претставува мојата крв, која ќе ја дадам за да им бидат простени гревовите на луѓето. Ви ветувам дека ќе бидете цареви со мене на небото. Правете го ова секоја година за да се сеќавате на мене“. Следбениците на Исус сѐ уште го прават тоа секоја година на истата вечер. Тој состанок сега се нарекува Господаровата вечера.

      Откако завршила вечерата, апостолите почнале да се расправаат кој од нив е најголем. Но, Исус им рекол: „Најголем меѓу вас е тој што се смета себеси за најмал, односно за најмалку важен.

      Вие сте мои пријатели. Ви кажувам сѐ што сака мојот Татко да ви кажам. Наскоро ќе одам кај него на небото. Вие ќе останете, и луѓето ќе знаат дека сте мои ученици кога ќе видат дека се сакате еден со друг. Сакајте се како што јас ве сакав вас“.

      На крајот, Исус се помолил и побарал од Јехова да ги штити сите негови ученици. Го замолил Јехова да им помага сложно да соработуваат еден со друг. Исто така, се молел да се свети Божјето име. Потоа, Исус и апостолите му пееле фалбени песни на Јехова и излегле надвор. Полека наближувало времето Исус да биде уапсен.

      „Не плаши се, мало стадо, зашто волјата на вашиот Татко е да ви го даде царството“ (Лука 12:32)

      Прашања: Што им ветил Исус на апостолите? За кои важни работи Исус ги поучил апостолите на последната Пасха што ја прославил со нив?

      Матеј 26:20-30; Лука 22:14-26; Јован 13:1, 2, 26, 30, 34, 35; 15:12-19; 17:3-26

  • Исус бил уапсен
    Поуки од Библијата
    • Јуда го предава Исус во градината Гетсиманија

      ПОГЛАВЈЕ 88

      Исус бил уапсен

      Исус и апостолите поминале низ долината на Кедрон и продолжиле кон Маслинската Гора. Било после полноќ, а на небото имало полна месечина. Кога стигнале во градината Гетсиманија, Исус им рекол: „Бидете овде и останете будни“. Потоа отишол малку подалеку во градината и клекнал на колена. Му било многу тешко и се молел. Во молитвата му рекол на Јехова: „Нека биде како што сакаш ти“. Тогаш Јехова испратил ангел за да го охрабри. Кога Исус се вратил кај апостолите, видел дека тие заспале. Тој им рекол: „Станете! Сега не е време за спиење! Дојде часот да им бидам предаден на моите непријатели“.

      На Јуда му даваат вреќичка со пари

      По кратко време дошол Јуда, а со него имало голема група луѓе кои носеле мечеви и стапови. Јуда знаел дека Исус е во градината бидејќи тој и другите апостоли често доаѓале таму со него. Јуда им рекол на војниците дека тој ќе им го покаже Исус. Затоа отишол до него и му рекол: „Здраво, учителе“, а потоа го бакнал. Исус му рекол: „Јуда, со бакнеж ли ме предаваш?“

      Исус истапил напред и ги прашал луѓето: „Кого барате?“ Тие одговориле: „Исус од Назарет“. „Јас сум тој“, им рекол Исус. Тогаш луѓето се тргнале наназад и паднале на земја. „Кого барате?“, пак ги прашал Исус. Тие одговориле со истите зборови: „Исус од Назарет“. Тогаш им рекол: „Ви кажав дека јас сум тој. Пуштете ги моите ученици да си одат“.

      Кога Петар сфатил што се случува, извадил меч и му го отсекол увото на Малх, кој му бил роб на првосвештеникот. Но, Исус му го допрел увото и го излекувал. Потоа му рекол на Петар: „Остави го мечот. Ако се бориш со меч, од меч ќе загинеш“. Војниците го фатиле Исус и му ги врзале рацете, а апостолите побегнале. Потоа луѓето го одвеле Исус кај главниот свештеник Ана. Откако Ана го испрашал Исус, го испратил во куќата на првосвештеникот Кајафа. Но, што се случило со апостолите?

      „Во светот имате неволја, но бидете храбри, јас го победив светот“ (Јован 16:33)

      Прашања: Што се случило во градината Гетсиманија? Што учиме од она што го направил Исус таа ноќ?

      Матеј 26:36-57; Марко 14:32-50; Лука 22:39-54; Јован 18:1-14, 19-24

  • Петар одрекол дека го познава Исус
    Поуки од Библијата
    • Во дворот на Кајафа, Петар одрекол дека го познава Исус

      ПОГЛАВЈЕ 89

      Петар одрекол дека го познава Исус

      Додека Исус бил со апостолите во горната соба, им рекол: „Оваа ноќ, сите ќе ме напуштите“. Петар рекол: „Јас нема! Дури и сите други да те напуштат, нема шанси јас да те напуштам“. Но, Исус му рекол: „Пред петелот да запее, трипати ќе речеш дека не ме познаваш“.

      Подоцна, кога војниците го одвеле Исус во куќата на Кајафа, повеќето апостоли побегнале. Но, двајца од нив го следеле заедно со другите луѓе од групата. Едниот бил Петар. Тој отишол во дворот на куќата на Кајафа и се греел крај огнот. Но, една слугинка го погледнала и рекла: „Знам кој си! Ти беше со Исус!“

      Петар одговорил: „Не е точно! Не знам што зборуваш!“ Потоа тргнал кон портата. Но, една друга слугинка го видела и им рекла на луѓето: „Овој човек беше со Исус!“ Петар рекол: „Јас не го ни познавам Исус!“ Тогаш еден човек рекол: „И ти си со нив! По зборувањето се гледа дека си од Галилеја, како Исус“. Но, Петар упорно тврдел: „Не го познавам!“

      Во тој миг запеал петел. Исус се свртел и го погледнал Петар во очи. Тогаш Петар се сетил на зборовите на Исус, излегол надвор и силно заплакал.

      Во меѓувреме, членовите на Судскиот совет се собрале во куќата на Кајафа за да му судат на Исус. Тие веќе биле решени да го убијат, само требало да најдат за што да го обвинат. Бидејќи не можеле да најдат ништо против Исус, Кајафа отворено го прашал: „Дали си Син на Бог?“ Исус му одговорил: „Да“. Тогаш Кајафа рекол: „Не ни требаат други докази. Слушнавте и сами — го навреди Бог!“ Членовите на судот се согласиле: „Заслужува смрт“. Тие почнале да му удираат шлаканици и да го плукаат. Освен тоа, му ги покриле очите, го удирале и велеле: „Ако си пророк, кажи кој те удри!“

      Кога се разденило, го одвеле Исус во салата на Судскиот совет и повторно го прашале: „Дали си Син на Бог?“ Исус им одговорил: „Вие сами велите дека сум“. Тогаш рекле дека е виновен бидејќи го навредил Бог и го одвеле во палатата на римскиот управител Понтиј Пилат. Што се случило потоа? Ајде да видиме.

      „Часот... веќе дошол, кога ќе се распрснете, секој во својата куќа, и ќе ме оставите сам. Но јас не сум сам, бидејќи Таткото е со мене“ (Јован 16:32)

      Прашања: Што се случило во дворот на куќата на Кајафа? За што бил обвинет Исус?

      Матеј 26:31-35, 57 — 27:2; Марко 14:27-31, 53 — 15:1; Лука 22:55-71; Јован 13:36-38; 18:15-18, 25-28

  • Исус умрел на местото Голгота
    Поуки од Библијата
    • Додека Исус е на столбот, во близина стојат еден стотник и некои од неговите ученици, меѓу кои и Марија и Јован

      ПОГЛАВЈЕ 90

      Исус умрел на местото Голгота

      Главните свештеници го одвеле Исус во палатата на управителот Пилат. Тој ги прашал: „За што го обвинувате овој човек?“ Тие му одговориле: „Вели дека е цар!“ Пилат го прашал Исус: „Дали си ти царот на Евреите?“ Исус му одговорил: „Моето Царство не е дел од овој свет“.

      Тогаш Пилат го испратил Исус кај Ирод, владетелот на Галилеја, да види дали тој ќе најде нешто против него. Бидејќи Ирод не нашол ништо против Исус, го вратил кај Пилат. Затоа Пилат му рекол на народот: „Ниту Ирод ниту јас не најдовме ништо против овој човек. Ќе го ослободам“. Но луѓето почнале да викаат: „Погуби го! Погуби го!“ Тогаш војниците почнале да го камшикуваат Исус, да го плукаат и да го удираат. На главата му ставиле круна од трње и со потсмев му велеле: „Здраво, царе на Евреите“. Пилат повторно им кажал на луѓето: „Не најдов ништо лошо кај овој човек“. Но, тие силно викале: „Прикови го на столб!“ Тогаш Пилат наредил Исус да биде погубен.

      Војниците го однеле Исус на местото наречено Голгота, го приковале на столб и потоа го исправиле столбот. Исус се помолил: „Татко, прости им. Не знаат што прават“. Луѓето го исмевале Исус со зборовите: „Ако си Божји Син, слези од столбот! Ајде, спаси се“.

      Еден од злосторниците што биле приковани до него му рекол: „Сети се на мене кога ќе дојдеш во своето Царство“. Исус му ветил: „Ќе бидеш со мене во рајот“. Попладнето, по целата земја се спуштила темнина која траела три часа. Во близина на столбот стоеле некои од учениците, меѓу кои била и Марија, мајката на Исус. Исус му рекол на Јован да се грижи за Марија како за своја мајка.

      На крајот, Исус рекол: „Довршено е!“ Ја наведнал главата и умрел. Во тој момент настанал многу силен земјотрес. Во храмот, тешката завеса која ја одделувала Светињата од Светињата над светињите се расцепила на половина. Еден војник рекол: „Тој навистина беше Божји Син“.

      „Колку и да има Божји ветувања, преку него станаа ’да‘“ (2. Коринќаните 1:20)

      Прашања: Зошто Пилат дозволил Исус да биде убиен? Како Исус покажал дека повеќе се грижи за другите отколку за себе?

      Матеј 27:11-14, 22-31, 38-56; Марко 15:2-5, 12-18, 25, 29-33, 37-39; Лука 23:1-25, 32-49; Јован 18:28 — 19:30

  • Исус воскреснал
    Поуки од Библијата
    • Две жени се изненадени што гробот на Исус е празен

      ПОГЛАВЈЕ 91

      Исус воскреснал

      Откако Исус умрел, еден богат човек по име Јосиф го замолил Пилат да му дозволи да го земе телото од столбот. Јосиф го завиткал телото на Исус во чисто платно со посебни мириси и го ставил во нов гроб. Потоа, на влезот на гробот дотркалал тежок камен. Главните свештеници му рекле на Пилат: „Можно е некои од учениците на Исус да го украдат неговото тело и потоа да речат дека оживеал“. Затоа Пилат им рекол: „Убаво затворете го гробот и поставете стража“.

      По три дена, рано наутро некои жени отишле кај гробот и виделе дека каменот е тргнат од влезот. Внатре имало еден ангел кој им рекол: „Не плашете се. Исус воскресна. Одете и кажете им на неговите ученици да отидат во Галилеја за да се сретнат со него“.

      Во меѓувреме, Марија Магдалена отишла да ги најде Петар и Јован. Таа им рекла: „Некој го зел телото на Исус!“ Петар и Јован веднаш отрчале кај гробот. Кога виделе дека е празен, се вратиле дома.

      Кога Марија повторно отишла кај гробот, внатре имало двајца ангели. Таа им рекла: „Не знам каде го однеле мојот Господар“. Тогаш видела еден човек и помислила дека е градинарот. Затоа му рекла: „Господине, те молам кажи ми каде си го однел“. Но, кога тој ѝ рекол: „Марија!“, таа сфатила дека тоа е Исус. Тогаш радосно извикала: „Учителе!“, и го прегрнала. Исус ѝ кажал: „Оди кај моите браќа и кажи им дека си ме видела“. Марија веднаш отишла кај учениците и им рекла дека го видела Исус.

      Подоцна истиот ден, двајца ученици оделе од Ерусалим за Емаус. По патот им се придружил еден човек и ги прашал за што разговараат. Тие му одговориле: „Па зарем не слушна? Пред три дена главните свештеници го погубија Исус. А сега некои жени велат дека е жив!“ Човекот им рекол: „Зар не им верувате на пророците? Тие рекоа дека Христос ќе умре и ќе воскресне“. Потоа продолжил да им објаснува и други работи од Светото писмо. Кога стигнале во Емаус, учениците го поканиле човекот да дојде со нив. Пред да вечераат, тој се помолил за лебот и тие сфатиле дека тоа е Исус. Тогаш тој исчезнал.

      Двајцата ученици брзо отишле во Ерусалим во куќата во која биле собрани апостолите и им кажале што се случило. Додека биле внатре, пред нив се појавил Исус. Во почетокот, апостолите не можеле да поверуваат дека тоа е Исус. Но, тој им рекол: „Погледнете ги моите раце, допрете ме. Напишано е дека Христос ќе воскресне од мртвите“.

      „Јас сум патот и вистината и животот. Никој не доаѓа кај Таткото, освен преку мене“ (Јован 14:6)

      Прашања: Што се случило кога жените отишле кај гробот на Исус? Што се случило на патот за Емаус?

      Матеј 27:57 — 28:10; Марко 15:42 — 16:8; Лука 23:50 — 24:43; Јован 19:38 — 20:23

  • Исус им се појавил на рибарите
    Поуки од Библијата
    • Исус разговара со своите апостоли додека се пече риба на оган

      ПОГЛАВЈЕ 92

      Исус им се појавил на рибарите

      Некое време откако Исус им се појавил на апостолите, Петар решил да лови риби во Галилејското Море. Тома, Јаков, Јован и некои други ученици исто така отишле со него. Цела ноќ ловеле, но не уловиле ништо.

      Рано наутро следниот ден, додека биле во чамецот, виделе дека на брегот стои еден човек. Тој им довикнал: „Фативте ли нешто?“ Тие му одговориле: „Не, ништо!“ Човекот им рекол: „Фрлете ја мрежата од десната страна на чамецот“. Кога го направиле тоа, мрежата се наполнила со толку многу риби што не можеле да ја повлечат во чамецот! Тогаш Јован сфатил дека тој човек е Исус, и рекол: „Тоа е Господарот!“ Петар веднаш скокнал во водата и почнал да плива кон брегот. Другите ученици тргнале по него со чамецот.

      Кога стигнале на брегот, виделе леб и риби како се печат на оган. Исус им кажал да донесат малку и од нивните риби. Потоа им рекол: „Дојдете да јадете“.

      Петар доаѓа кај Исус на брегот, а другите ученици стигнуваат по него со чамец

      Откако јаделе, Исус го прашал Петар: „Ме сакаш ли повеќе од риболовот?“ Петар рекол: „Да, Господару, знаеш дека те сакам“. Исус му рекол: „Тогаш храни ги моите јагниња“. Потоа пак го прашал: „Петар, ме сакаш ли?“ Петар одговорил: „Господару, знаеш дека те сакам“. Исус му рекол: „Паси ги моите овчички“. Тогаш го прашал истото по третпат. Петар многу се натажил и рекол: „Господару, ти знаеш сѐ. Знаеш дека те сакам“. Исус му рекол: „Храни ги моите овчички“. А потоа додал: „Продолжи да ме следиш“.

      „[Исус] им рече: ’Тргнете по мене, и ќе ве направам рибари на луѓе!‘ И веднаш ги оставија мрежите и појдоа по него“ (Матеј 4:19, 20)

      Прашања: Какво чудо направил Исус кај Галилејското Море? Што мислиш, зошто Исус трипати го прашал Петар дали го сака?

      Јован 21:1-19, 25; Дела 1:1-3

  • Исус се вратил на небото
    Поуки од Библијата
    • Исус се вознесува на небото додека апостолите го гледаат

      ПОГЛАВЈЕ 93

      Исус се вратил на небото

      Исус се сретнал со своите следбеници во Галилеја. Тој им дал една важна заповед: „Одете и поучувајте ги луѓето од сите земји. Учете ги за работите што ги научивте од мене и крштавајте ги“. Потоа им ветил: „Запамтете, секогаш ќе бидам со вас“.

      Откако воскреснал, во текот на 40 дена Исус им се појавил на стотици свои ученици во Галилеја и во Ерусалим. Тој им кажал важни поуки и направил многу чуда. Потоа на Маслинската Гора, се сретнал со своите апостоли за последен пат.

      Претходно, додека биле во Ерусалим, Исус им рекол: „Останете во овој град. Чекајте да го добиете она што ви го вети мојот Татко“. Но, тие не сфатиле што сакал Исус да им каже со тоа. Затоа го прашале: „Сега ли ќе станеш цар на Израел?“ Исус им одговорил: „Сѐ уште не е дојдено времето што Јехова го одреди за да станам цар. Наскоро ќе добиете сила од светиот дух и ќе ми бидете сведоци. Проповедајте во Ерусалим, Јудеја, Самарија и во најдалечните места на Земјата“.

      Тогаш Исус почнал да се крева кон небото. Учениците гледале во него, но одеднаш еден облак им го скрил од погледот и повеќе не можеле да го видат.

      Учениците заминале од Маслинската Гора и отишле во Ерусалим. Тие редовно се состанувале во една куќа, се молеле и чекале Исус да им даде нови упатства.

      „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14)

      Прашања: Каква заповед им дал Исус на своите ученици? Што се случило на Маслинската Гора?

      Матеј 28:16-20; Лука 24:49-53; Јован 20:30, 31; Дела 1:2-14; 1. Коринќаните 15:3-6

Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
Одјави се
Најави се
  • македонски
  • Сподели
  • Подесување
  • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
  • Услови за користење
  • Полиса за приватност
  • Поставки за приватност
  • JW.ORG
  • Најави се
Сподели