ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • Авраам и Сара го послушале Бог
    Поуки од Библијата
    • Авраам и Сара ги пакуваат работите пред да заминат од Ур

      ПОГЛАВЈЕ 8

      Авраам и Сара го послушале Бог

      Недалеку од Вавел се наоѓал градот Ур. Таму луѓето не му служеле на Јехова, туку на многу други богови. Но, во Ур живеел и еден човек кој му служел само на Јехова. Тој се викал Авраам.

      Јехова му рекол на Авраам: „Напушти го твојот дом и твоите роднини, и оди во земјата што ќе ти ја покажам“. Потоа Бог му ветил: „Од тебе ќе стане голем народ, и преку тебе ќе им направам добро на многу луѓе од целата Земја“.

      Авраам не знаел каде треба да оди, но имал доверба во Јехова. Така Авраам, жена му Сара, татко му Тара и внук му Лот ги зеле своите работи и послушно тргнале на едно долго патување.

      Авраам имал 75 години кога со своето семејство пристигнал во земјата што Јехова сакал да му ја покаже. Таа земја се викала Ханаан. Таму Бог му го дал на Авраам следново ветување: „Целата оваа земја што ја гледаш ќе им ја дадам на твоите деца“. Но, Авраам и Сара биле стари и немале деца. Како Јехова ќе го исполнел ова ветување?

      Авраам и неговото семејство на пат за Ханаан

      „Со вера Авраам... послуша и отиде во крај кој требаше да го добие како наследство. Отиде не знаејќи каде оди“ (Евреите 11:8)

      Прашања: Што му рекол Јехова на Авраам да направи? Што му ветил Јехова на Авраам?

      1. Мојсеева 11:29 — 12:9; Дела 7:2-4; Галатите 3:6; Евреите 11:8

  • Најпосле добиле син!
    Поуки од Библијата
    • Додека е во шаторот, Сара слуша што му велат ангелите на Авраам

      ПОГЛАВЈЕ 9

      Најпосле добиле син!

      Авраам и Сара биле во брак долги години. Откако го напуштиле својот убав дом во градот Ур, живееле во шатори. Но, Сара не се жалела поради тоа бидејќи знаела дека она што Јехова го бара е за нивно добро.

      Сара толку многу сакала да има дете што му рекла на Авраам: „Ако мојата слугинка Агара роди дете, ќе биде како мое“. По некое време, Агара родила син. Му го дале името Исмаел.

      Сара е бремена

      Со години подоцна, кога Авраам имал 99 а Сара 89 години, ги посетиле тројца мажи. Авраам ги поканил да дојдат под едно дрво за да се одморат и да им даде да јадат. Знаеш ли кои биле тие? Тие биле ангели! Овие ангели му рекле на Авраам: „Следната година во ова време, ти и твојата жена ќе имате син“. Сара била во шаторот и го слушала овој разговор. Таа се насмеала во себе и си рекла: „Како можам јас да имам дете кога сум толку стара?“

      Следната година, Сара навистина родила син, токму како што рекол Јеховиниот ангел. Авраам му го дал името Исак, што значи „смеа“.

      Кога Исак имал околу пет години, Сара видела како Исмаел го исмејува. Бидејќи сакала да го заштити своето дете, му рекла на Авраам да ги истера Агара и Исмаел откај нив. Во почетокот, Авраам не сакал да го направи тоа. Но, Јехова му рекол: „Послушај ја Сара. Јас ќе се грижам за Исмаел. А моите ветувања ќе се исполнат преку Исак“.

      Сара го држи Исак додека Агара и Исмаел си заминуваат

      „Со вера и Сара доби моќ да зачне потомок... зашто го сметаше за верен оној што ѝ даде ветување“ (Евреите 11:11)

      Прашања: Што слушнала Сара додека ангелите разговарале со Авраам? Како Јехова го заштитил Исак?

      1. Мојсеева 16:1-4, 15, 16; 17:25-27; 18:1-15; 21:1-14; Евреите 11:11

  • Жената на Лот
    Поуки од Библијата
    • Жената на Лот се претвора во столб од сол додека Лот бега од Содом со своите ќерки

      ПОГЛАВЈЕ 10

      Жената на Лот

      Лот живеел со својот чичко Авраам во земјата Ханаан. Со текот на времето, Авраам и Лот имале толку многу стока што немало доволно земја за сите. Затоа Авраам му рекол на Лот: „Повеќе не можеме да живееме заедно на исто место. Еве, ти прв одбери каде сакаш да живееш, а јас ќе одам на другата страна“. Ова што го направил Авраам било многу несебично, нели?

      Лот видел дека земјата во близина на градот Содом е многу убава. Таму имало многу вода, а имало и многу пасишта. Затоа го избрал тоа место и се преселил таму со семејството.

      Луѓето од Содом и од блискиот град Гомор биле многу лоши. Замисли, биле толку лоши што Јехова решил да ги уништи тие два града. Но, Бог сакал да ги спаси Лот и неговото семејство. Затоа, кај нив испратил двајца ангели, кои им рекле: „Брзо, бегајте од овој град! Јехова ќе го уништи!“

      Лот не заминал веднаш, туку почнал да одолговлекува. Затоа ангелите ги зеле за рака Лот, жена му и нивните две ќерки, и брзо ги изнеле надвор од градот. Тогаш им рекле: „Трчајте! Бегајте за да се спасите. И немојте да се вртите назад. Ако се свртите, ќе умрете!“

      Врз Содом и Гомор паѓа дожд од оган и сулфур

      Кога стигнале во градот Сигор, Јехова пуштил оган и сулфур од небото врз Содом и Гомор. Овие два града биле целосно уништени. А жената на Лот, бидејќи била непослушна и се свртила назад, се претворила во столб од сол. Но, Лот и неговите ќерки преживеале затоа што му биле послушни на Јехова. Сигурно им било многу жал што мајката не послушала. Навистина е многу важно секогаш да ги слушаме упатствата што ги дава Јехова.

      „Сетете се на Лотовата жена“ (Лука 17:32)

      Прашања: Зошто Јехова ги уништил Содом и Гомор? Зошто жената на Лот се претворила во столб од сол?

      1. Мојсеева 13:1-13; 19:1-26; Лука 17:28, 29, 32; 2. Петрово 2:6-9

  • Испит на верата
    Поуки од Библијата
    • Авраам и Исак патуваат кон земјата Морија

      ПОГЛАВЈЕ 11

      Испит на верата

      Авраам го поучил својот син Исак да го сака Јехова и да има доверба во сите негови ветувања. Но, кога Исак имал околу 25 години, Јехова му дал една многу тешка задача на Авраам. Што требало да направи?

      Бог му рекол на Авраам: „Те молам, земи го својот единствен син и принеси го како жртва на еден од ридовите во земјата Морија“. Авраам не знаел зошто Јехова бара такво нешто од него. Сепак, му бил послушен.

      Следното утро, Авраам тргнал со Исак и со двајца свои слуги кон Морија. По три дена одење, во далечината се појавиле ридовите. Авраам им рекол на своите слуги да чекаат таму додека тој и Исак одат да принесат жртва. Авраам му дал на Исак да ги носи дрвата за огнот, а тој го зел ножот. Исак го прашал татка си: „А каде е овцата што треба да ја жртвуваме?“ Авраам му одговорил: „Јехова ќе се погрижи за тоа, сине“.

      Кога стигнале на ридот, направиле жртвеник. Тогаш Авраам му ги врзал рацете и нозете на Исак и го ставил на жртвеникот.

      Исак лежи врзан на жртвеникот а Авраам држи нож во раката

      Кога Авраам го зел ножот, од небото се слушнал глас на Јеховин ангел, кој рекол: „Авраам! Не му прави ништо лошо на момчето. Сега знам дека имаш вера во Бог бидејќи беше спремен да го жртвуваш својот син“. Тогаш Авраам видел еден овен кој бил заплеткан со роговите во една грмушка. Веднаш го одврзал Исак и наместо него го жртвувал овенот.

      Тој ден, Јехова го нарекол Авраам свој пријател. Знаеш ли зошто? Затоа што Авраам бил спремен да направи сѐ што ќе побара Јехова од него, дури и кога не разбирал зошто.

      Авраам го одврзува Исак

      Јехова му го повторил своето ветување на Авраам: „Ќе те благословам и ќе го намножам твоето потомство, односно твоите деца“. Исто така, Јехова му ветил на Авраам дека преку неговото потомство ќе ги благослови сите добри луѓе.

      „Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16)

      Прашања: Како Авраам покажал дека има доверба во Јехова? Што му ветил Јехова на Авраам?

      1. Мојсеева 22:1-18; Евреите 11:17-19; Јаков 2:21-23

Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
Одјави се
Најави се
  • македонски
  • Сподели
  • Подесување
  • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
  • Услови за користење
  • Полиса за приватност
  • Поставки за приватност
  • JW.ORG
  • Најави се
Сподели