ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • „Полни со радост и со свет дух“
    ,Сведочи темелно за Божјето Царство‘
    • ЕДИНАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ

      „Полни со радост и со свет дух“

      Павле се справува со противници што не сакаат да ја прифатат добрата вест

      Се темели на Дела 13:1-52

      1, 2. Што било посебно во врска со патувањето на кое требало да тргнат Варнава и Савле, и како нивната служба помогнала да се исполни Дела 1:8?

      ОВА е посебен ден за собранието во Антиохија. Од сите тамошни пророци и учители, светиот дух ги избрал токму Варнава и Савле да ја однесат добрата вест во далечни местаa (Дела 13:1, 2). Се разбира, некои и порано биле испраќани на вакви задачи. Но, во минатото мисионерите патувале во краеви каде што христијанството веќе имало пуштено корени (Дела 8:14; 11:22). Овој пат, Варнава и Савле — заедно со Јован Марко, кој ќе им биде помошник — ќе заминат во земји каде што повеќето луѓе сѐ уште ја немаат слушнато добрата вест.

      2 Околу 14 години пред тоа, Исус им го рекол следново на своите ученици: „Ќе ми бидете сведоци во Ерусалим, во цела Јудеја и Самарија и сѐ до крајот на земјата“ (Дела 1:8). Тоа што Варнава и Савле биле избрани да служат како мисионери уште повеќе го забрзало исполнувањето на овие пророчки зборови на Исус!b

      Одвоени „за делото“ (Дела 13:1-12)

      3. Зошто било тешко да се оди на далечен пат во првиот век?

      3 Денес, благодарение на современите превозни средства, како што се автомобилот и авионот, луѓето можат да поминат големи далечини за само час или два. Но, во првиот век од н.е. не било така. Во тоа време, оние што патувале по копно главно пешачеле, и тоа честопати низ нерамни предели. Било многу напорно да се пешачи по цел ден и да се поминат само 30-ина километри!c Затоа Варнава и Савле, кои несомнено се радувале на новата задача, сигурно биле свесни дека таа од нив ќе бара труд и големи жртви (Мат. 16:24).

      ПАТУВАЊЕТО ВО ПРВИОТ ВЕК

      Во древниот свет, патувањето по копно било побавно, понапорно и веројатно поскапо отколку патувањето со брод. Сепак, до многу места можело да се стигне само пеш.

      Патникот можел за еден ден да пропешачи 30-ина километри. Притоа бил изложен на секакви временски услови — сонце, дожд, жега и студ — па дури и на опасноста да биде нападнат од крадци. Апостол Павле напишал дека често патувал и дека бил „во опасност од реки, во опасност од разбојници“ (2. Кор. 11:26).

      Во Римското Царство постоела разгранета мрежа од поплочени патишта. Покрај главните патишта имало ноќевалишта кои биле оддалечени едно од друго на околу еден ден одење. Меѓу нив имало гостилници, каде што можеле да се набават основните работи. Писателите од тоа време ги опишуваат овие ноќевалишта и гостилници како нечисти места во кои имало влага и болви и кои биле преполни со луѓе. Тие места биле на лош глас бидејќи во нив престојувале луѓе од дното на општеството. Сопствениците на ноќевалиштата честопати ги ограбувале патниците, а меѓу другите услуги, им нуделе и проститутки.

      Без сомнение, христијаните се труделе максимално да ги избегнуваат ваквите места. Но, кога патувале во земји каде што немале роднини или пријатели, веројатно не им преостанувало ништо друго, освен да преспијат во некое вакво ноќевалиште.

      4. а) Под чие водство биле избрани Варнава и Савле, и како реагирале нивните соверници на ова? б) Како можеме да ги поддржуваме оние на кои им се дадени задачи во собранието?

      4 Но, зошто светиот дух конкретно заповедал Варнава и Савле да бидат одвоени „за делото“? (Дела 13:2). Библијата не го дава одговорот. Сепак, знаеме дека светиот дух го водел избирањето на овие мажи. Ништо не покажува дека пророците и учителите во Антиохија имале некаков приговор на таа одлука. Напротив, тие едногласно ја поддржале. Замисли како мора да се чувствувале Варнава и Савле кога нивните духовни браќа, без ронка завист, постеле и се молеле, па ги положиле рацете врз нив и ги отпуштиле! (Дела 13:3). И ние треба да ги поддржуваме оние на кои им се дадени задачи во христијанското собрание, меѓу кои спаѓаат и мажите кои се поставени за надгледници. Наместо да им завидуваме, треба особено да ги цениме „со љубов поради нивната работа“ (1. Сол. 5:13).

      5. Опиши што правеле Павле и неговите соработници за да сведочат на островот Кипар.

      5 Откако пешачеле до Селеукија, пристаниште во близина на Антиохија, Варнава и Савле се качиле на брод за островот Кипар, кој бил оддалечен околу 200 километри.d Бидејќи бил родум од Кипар, Варнава сигурно со душа чекал да им ја пренесе добрата вест на луѓето во својот крај. Откако стигнале во Саламис, град на источниот брег на островот, овие мажи не губеле време, туку веднаш почнале „да ја објавуваат Божјата реч во еврејските синагоги“e (Дела 13:5). Варнава и Савле го минале Кипар од крај до крај, при што најверојатно сведочеле во поголемите градови. Во зависност од тоа по кој пат оделе, овие мисионери можеби пропешачиле околу 160 километри!

      ВО ЕВРЕЈСКИТЕ СИНАГОГИ

      Зборот „синагога“ дословно значи „собирање, собир“. Во почетокот се однесувал на заедница или собрание од Евреи, но, со текот на времето, почнал да го означува и местото или градбата каде што се собирале Евреите.

      Се смета дека синагогите почнале да се појавуваат или во текот на 70-годишното изгнанство на Евреите во Вавилон или веднаш потоа. Тоа биле места каде што верниците добивале поука, го славеле Бог и му се молеле, ги читале Писмата и биле поттикнати да живеат според нив. Во првиот век од н.е., во секој град во Палестина имало синагога. Во поголемите градови имало повеќе од една, а во Ерусалим имало многу.

      По изгнанството во Вавилон, многу Евреи не се вратиле во Палестина. Освен тоа, мнозина патувале во други земји од деловни причини. Веќе во 5 век пр.н.е., имало еврејски заедници во 127-те покраини на Персиското Царство (Ест. 1:1; 3:8). Со време, биле основани еврејски заедници и во градовите низ целото Средоземје. Овие распрснати Евреи станале познати под името Дијаспора, а и самите основале синагоги во сите места каде што се населиле.

      Во синагогите, секоја сабота се читал и се објаснувал Законот. Се читало од подиум, кој од три страни бил опкружен со седишта. Секој оддаден Евреин можел да чита, да проповеда и да ги охрабрува присутните.

      6, 7. а) Кој бил Сергиј Павле, и зошто Варисус сакал да го спречи да ја слушне добрата вест? б) Како се справил Савле со противењето на Варисус?

      6 Во првиот век од н.е., Кипар бил потонат во лажни верувања и обичаи. Ова особено станало очигледно кога Варнава и Савле стигнале во Пафос, на западниот брег на островот. Таму се сретнале со Варисус — „еден гаталец, лажен пророк“, кој бил „со проконзулот Сергиј Павле, разборит човек“.f Во првиот век, голем број угледни Римјани — дури и еден „разборит човек“ како Сергиј Павле — честопати барале помош од гатачи или астролози кога требало да донесат важна одлука. Меѓутоа, Сергиј Павле се заинтересирал за пораката за Царството и замолил „да ја чуе Божјата реч“. Ова воопшто не му се допаднало на Варисус, кој бил познат и под називот Елим, што значи „гаталец“ (Дела 13:6-8).

      7 Варисус се противел на пораката за Царството. Всушност, единствен начин да ја заштити својата влијателна положба како советник на Сергиј Павле бил „да го одврати проконзулот од верата“ (Дела 13:8). Но, Савле немал намера да дозволи еден дворски магионичар да го спречи Сергиј Павле да ја слуша пораката. Затоа, што направил? Извештајот вели: „А Савле, кој се викаше и Павле, откако се исполни со свет дух, продорно го погледна [Варисус] и рече: ’Сине ѓаволски, полн со секаква измама и пакост, непријателу на секоја праведност, зарем нема да престанеш да ги искривуваш правите Јеховини патишта? И затоа, еве, Јеховината рака доаѓа врз тебе: ќе ослепиш и некое време нема да го гледаш сонцето‘. И веднаш падна на него густа магла и темнина, па одеше наоколу барајќи луѓе за да го водат за рака“.g Кој бил резултатот од ова чудо? Проконзулот, откако видел што се случило, станал верник, бидејќи бил восхитен од Јеховиното учење (Дела 13:9-12).

      Еден брат, кој во раката држи отворена Библија, ја брани вистината на суд пред еден судија.

      Исто како Павле, и ние смело ја браниме вистината кога се соочуваме со противење

      8. Како ќе покажеме дека сме смели како Павле?

      8 Павле не се исплашил од Варисус. Исто како него, и ние не треба да се плашиме кога противниците се обидуваат да ја поткопаат верата на оние што се интересираат за пораката за Царството. Се разбира, начинот на кој зборуваме треба секогаш да биде „пријатен, зачинет со сол“ (Кол. 4:6). Но, истовремено, не сакаме да го доведеме во опасност духовното добро на заинтересираното лице само за да избегнеме расправии. Освен тоа, не треба да дозволиме стравот да нѐ спречи да ја разоткриваме лажната религија, која и понатаму ги искривува „правите Јеховини патишта“, како што правел и Варисус (Дела 13:10). Исто како Павле, смело да ја објавуваме вистината и да им помогнеме на искрените луѓе. Иако можеби нема да биде толку очигледно дека Јехова ни помага како што било во случајот со Павле, можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе го употреби својот свет дух за да ги привлече достојните лица кон вистината (Јован 6:44).

      „Збор на охрабрување“ (Дела 13:13-43)

      9. Како Павле и Варнава дале одличен пример за оние што предводат во собранието денес?

      9 Очигледно, се случила една промена кога овие мисионери си заминале од Пафос и се качиле на брод за Перга, која се наоѓала на брегот на Мала Азија, на оддалеченост од околу 250 километри. Дела 13:13 се осврнува на нив со изразот „Павле и оние што беа со него“. Одовде може да се заклучи дека оттогаш натаму Павле веројатно презел водство во она што го правеле како група. Сепак, ништо не покажува дека Варнава му завидувал на Павле поради тоа. Напротив, двајцата продолжиле заедно да ја извршуваат Божјата волја. Павле и Варнава се одличен пример за оние што предводат во собранието денес. Наместо да се натпреваруваат за поголем углед, христијаните се сеќаваат на зборовите на Исус: „Сите вие сте браќа“. Тој исто така рекол: „Кој се возвишува, ќе биде понижен, а кој се понизува, ќе биде возвишен“ (Мат. 23:8, 12).

      10. Опиши го патувањето од Перга до писидиска Антиохија.

      10 Откако стигнале во Перга, Јован Марко ги оставил Павле и Варнава и се вратил во Ерусалим. Не е кажано зошто си заминал толку ненадејно. Како и да е, Павле и Варнава продолжиле понатаму, патувајќи од Перга до писидиска Антиохија, град во провинцијата Галатија. Ова било напорно патување затоа што писидиска Антиохија се наоѓала на надморска височина од околу 1.100 метри. Опасните планински превои биле озлогласени и поради честите разбојнички заседи. Згора на сето тоа, Павле веројатно не бил добар со здравјето.h

      11, 12. Како Павле се обидел да ги заинтересира своите слушатели кога зборувал во синагогата во писидиска Антиохија?

      11 Во писидиска Антиохија, Павле и Варнава влегле во синагогата во сабота. Извештајот вели: „По јавното читање на Законот и на Пророците, настојниците на синагогата испратија по нив, велејќи: ’Луѓе, браќа, ако имате некаков збор на охрабрување за народот, кажете го!‘“ (Дела 13:15). Тогаш Павле станал да зборува.

      12 Тој им се обратил на присутните со следниве зборови: „Луѓе, Израелци и вие останатите, кои се боите од Бог“ (Дела 13:16). Меѓу оние што го слушале имало Евреи и преобратеници во еврејската вера. Како успеал Павле да ги заинтересира овие слушатели кои не ја сфаќале улогата на Исус во Божјата намера? Прво, тој дал краток преглед на историјата на еврејскиот народ. Објаснил како Јехова го возвишил народот додека биле „дојденци во египетската земја“ и како, по нивното избавување, околу 40 години ги поднесувал во пустината. Павле, исто така, раскажал како Израелците ја зазеле Ветената земја и како Јехова им ја разделил со ждрепка (Дела 13:17-19). Некои сметаат дека апостолот ги кажал овие работи осврнувајќи се на некои делови од светите списи што веројатно биле прочитани кратко пред тоа како дел од службата во саботниот ден. Ако е така, тогаш ова е уште еден пример за тоа дека Павле знаел како на сите луѓе да им биде сѐ (1. Кор. 9:22).

      13. Како би можеле да допреме до срцето на оние што нѐ слушаат?

      13 И ние треба да се трудиме да ги заинтересираме за пораката луѓето на кои им проповедаме. На пример, ако знаеме на која религија ѝ припаѓа човекот со кого разговараме, ќе можеме да зборуваме на тема што посебно го интересира. Освен тоа, можеме да цитираме делови од Библијата кои веројатно му се познати. Може да имаме успех и ако човекот сам прочита одредени стихови од својата Библија. Труди се да најдеш начин да им допреш до срцето на оние што те слушаат.

      14. а) Како Павле почнал да зборува за добрата вест за Исус, и кое предупредување го дал? б) Како реагирал народот на говорот на Павле?

      14 Во продолжение, Павле зборувал за тоа како лозата на царевите во Израел водела до спасителот, Исус, чие доаѓање го најавил Јован Крстител. Потоа опишал како Исус бил убиен и подигнат од мртвите (Дела 13:20-37). „Затоа браќа“, им рекол на крајот, „знајте дека преку него ви се објавува простување на гревовите и дека преку него секој што верува е прогласен за невин.“ А потоа им го дал следново предупредување: „Гледајте да не дојде на вас она што е речено во Пророците: ’Гледајте, вие кои имате презир, чудете се и исчезнете! Зашто, јас правам дело во вашите денови во кое не би поверувале дури и ако некој ви раскаже сѐ за него‘“. Говорот на Павле наишол на крајно поволна реакција. „Народот ги молеше да им зборуваат за тоа наредната сабота“, вели Библијата. Освен тоа, откако бил „распуштен собирот во синагогата, многу Евреи и богобојазливи преобратеници во еврејската вера“ тргнале по Павле и Варнава (Дела 13:38-43).

      „Одиме кај незнабошците“ (Дела 13:44-52)

      15. Што се случило следната сабота откако Павле го изнел својот говор?

      15 Следната сабота, „речиси целиот град“ се собрал да го слуша Павле. Ова не им се допаднало на некои Евреи, кои почнале „со хулење да противречат“ на она што тој го зборувал. Тогаш Павле и Варнава смело им рекле: „Речта Божја требаше најпрво вам да ви биде кажана. Но бидејќи вие ја отфрлате и не се сметате себеси за достојни за вечен живот, еве, одиме кај незнабошците. Зашто, Јехова вака ни заповеда: ’Те поставив за светлина на народите, да бидеш спасение до крајот на земјата‘“ (Дела 13:44-47; Иса. 49:6).

      Павле и Варнава се истерани од писидиска Антиохија од страна на непријателски настроени противници.

      „Тие почнаа да ги прогонуваат Павле и Варнава... А учениците беа полни со радост и со свет дух“ (Дела 13:50-52)

      16. Како реагирале Евреите на силните зборови на мисионерите, и што направиле Павле и Варнава кога се соочиле со нивното противење?

      16 Незнабошците кои слушале се радувале, и сите кои исправно гледале на вечниот живот станале верници (Дела 13:48). Наскоро Јеховината Реч се раширила низ целиот крај. Но, Евреите реагирале на сосема поинаков начин. Всушност, мисионерите им рекле дека, иако Божјата Реч прво им била проповедана ним, тие самите избрале да го отфрлат Месијата, и затоа ги чекала осуда од Бог. Евреите ги подбуцнале угледните жени и водечките мажи во тој град, па тие почнале „да ги прогонуваат Павле и Варнава“ и ги истерале од својот крај. Што направиле Павле и Варнава? Извештајот вели: „Го истресоа правот од своите нозе за сведоштво против нив и отидоа во Иконија“. Дали тоа било крај за христијанството во писидиска Антиохија? Се разбира дека не! Учениците кои останале биле „полни со радост и со свет дух“ (Дела 13:50-52).

      17-19. Како може да го следиме добриот пример на Павле и Варнава, и како тоа ќе ни донесе радост?

      17 Од начинот на кој овие верни Божји слуги се справиле со противењето учиме нешто многу важно. Ние не престануваме да проповедаме, дури и кога угледни луѓе од светот се обидуваат да нѐ спречат да ја објавуваме нашата порака. Освен тоа, забележи дека Павле и Варнава го истресле „правот од своите нозе“ кога луѓето од Антиохија ја отфрлиле нивната порака. Ова не значело дека им биле лути на жителите на овој град. Напротив, така само покажале дека нема да сносат одговорност за она што ќе им се случи на тие луѓе. Овие мисионери сфатиле дека немаат контрола над тоа како ќе реагираат другите на пораката. Но, она што можеле да го контролираат било дали самите ќе продолжат да проповедаат. И, тие навистина продолжиле кога стигнале во Иконија!

      18 Што се случило со учениците кои останале во Антиохија? Точно, мнозина во тој град се противеле на пораката. Но, радоста на учениците не зависела од тоа дали другите ја прифаќаат добрата вест. Исус рекол: „Среќни се оние што ја слушаат речта Божја и ја држат!“ (Лука 11:28). Учениците во Антиохија биле решени да го прават токму тоа.

      19 Исто како Павле и Варнава, никогаш да не заборавиме дека ние сме должни да ја проповедаме добрата вест. Дали оние што нѐ слушаат ќе ја прифатат пораката или не, зависи само од нив. Доколку ни се чини дека нема голем одѕив кај оние на кои им проповедаме, да извлечеме поука од учениците во првиот век. Ако ја цениме вистината и дозволиме да нѐ води светиот дух, и ние ќе бидеме радосни, дури и кога се соочуваме со противење (Гал. 5:18, 22).

      ВАРНАВА — „СИН НА УТЕХАТА“

      Јосиф, левит родум од Кипар, бил христијанин кој во првиот век предводел во собранието во Ерусалим. Апостолите му дале уште едно име кое одговарало на неговиот карактер — Варнава, што значи „син на утехата“ (Дела 4:36). Кога ќе видел дека некому од соверниците му треба помош, Варнава веднаш се трудел да помогне.

      Варнава приложува две ќесиња со пари.

      На Педесетница 33 год. од н.е., биле крстени 3.000 нови ученици. Веројатно мнозина од нив дошле во Ерусалим за празникот и не планирале да останат во градот толку долго колку што останале. За да бидат згрижени овие луѓе, на собранието му биле потребни материјални средства. Затоа Варнава продал едно парче земја и великодушно ги приложил парите кај апостолите (Дела 4:32-37).

      Како зрел христијански надгледник, Варнава спремно им помагал на другите. Токму тој му помогнал и на новообратениот Савле од Тарс, иако сите други ученици се плашеле од него затоа што порано ги прогонувал (Дела 9:26, 27). Варнава реагирал понизно кога Павле им дал строг совет нему и на Петар во врска со тоа како еврејските и нееврејските христијани треба да постапуваат едни со други (Гал. 2:9, 11-14). Од овие неколку примери се гледа дека Варнава навистина живеел во склад со своето име — „син на утехата“.

      a Види ја рамката „Варнава — ’Син на утехата‘“.

      b Во ова време, имало собранија барем до сириска Антиохија, која била на околу 550 километри северно од Ерусалим.

      c Види ја рамката „Патувањето во првиот век“.

      d Во првиот век, еден брод можел да плови околу 150 километри на ден доколку ветровите биле поволни. Но, ако временските услови не биле добри, таквото патување можело да трае многу подолго.

      e Види ја рамката „Во еврејските синагоги“.

      f Кипар бил под управа на Римскиот сенат. Главниот управител на островот бил тамошен висок службеник кој ја носел титулата проконзул.

      g Оттука натаму, за Савле се употребува името Павле. Некои сметаат дека тој решил да го користи ова римско име во чест на Сергиј Павле. Сепак, тоа што го задржал ова име и откако си заминале од Кипар укажува на едно друго објаснување — имено, Павле, кој бил „апостол испратен кај другите народи“, оттогаш решил да го користи римското име кое веројатно го имал уште од детството. Можеби се решил за името Павле и затоа што грчкиот изговор на неговото хебрејско име, Савле, е многу сличен на изговорот на еден грчки збор што нема убаво значење (Рим. 11:13).

      h Неколку години подоцна, Павле го напишал своето писмо до Галатите. Во него, тој пишува: „Првиот пат ви ја објавив добрата вест [кога] бев болен“ (Гал. 4:13).

  • „Зборуваа смело во името на Јехова“
    ,Сведочи темелно за Божјето Царство‘
    • ДВАНАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ

      „Зборуваа смело во името на Јехова“

      Павле и Варнава покажуваат дека се понизни, истрајни и смели

      Се темели на Дела 14:1-28

      1, 2. Што се случило додека Павле и Варнава биле во Листра?

      ВО Листра владее метеж. Еден човек, сакат од раѓање, скока од радост откако двајца непознати луѓе го излекувале. Народот не може да си дојде при себе од ова чудо, а еден свештеник донесува венци за двајцата мажи кои мноштвото ги смета за богови. Неколку бикови мукаат и бревтаат додека свештеникот на Зевс се подготвува да ги заколе. Павле и Варнава не можат да поверуваат во она што се случува! Раскинувајќи ги своите облеки, тие се втурнуваат меѓу луѓето молејќи ги на сет глас да не им се клањаат, но едвај успеваат да ги спречат во тоа.

      2 Тогаш стигнуваат еврејски противници од писидиска Антиохија и од Иконија. Со злобни клевети, тие им го трујат умот на жителите на Листра. Истото мноштво, кое пред кратко време сакало да им принесе жртви на Павле и на Варнава, одеднаш се свртува против нив и го засипува Павле со камења сѐ додека тој не паѓа во несвест. Откако му го истураат сиот свој гнев, тие го влечат надвор од градот неговото тело, полно со модринки и рани, и го оставаат мислејќи дека е мртов.

      3. Кои прашања ќе ги разгледаме во ова поглавје?

      3 Што водело до овој немил настан? Што можат денешните објавители на добрата вест да научат од она што се случило со Варнава, Павле и со превртливите жители на Листра? И како можат христијанските старешини да го следат примерот на верните Варнава и Павле, кои истрајно ја вршеле својата служба и зборувале „смело во името на Јехова“? (Дела 14:3).

      „Големо мноштво... станаа верници“ (Дела 14:1-7)

      4, 5. Зошто Павле и Варнава отпатувале за Иконија, и што се случило таму?

      4 Кратко пред тоа, Павле и Варнава биле истерани од римскиот град Антиохија (во Писидија) откако еврејските противници ги подбуцнале луѓето против нив. Но, наместо да се обесхрабрат, двајцата го истресле „правот од своите нозе“ за сведоштво против жителите на тој град што не ја прифатиле нивната порака (Дела 13:50-52; Мат. 10:14). Потоа мирно си заминале и ги оставиле тие противници да си ја чекаат казната што ќе ја добијат од Бог (Дела 18:5, 6; 20:26). Со несмалена радост, овие мисионери го продолжиле своето проповедничко патување. Пешачејќи околу 150 километри на југоисток, тие стигнале до една плодна висорамнина опкружена со планинските венци Таурус и Султан.

      5 Најпрво, Павле и Варнава запреле во Иконија, град во кој сѐ уште преовладувала грчката култура и кој, всушност, бил еден од најважните градови во римската провинција Галатија.a Во овој град имало влијателна еврејска заедница, како и голем број преобратеници во еврејската вера. Според својот обичај, Павле и Варнава влегле во синагогата и почнале да проповедаат (Дела 13:5, 14). Тие зборувале „на таков начин што големо мноштво Евреи и Грци“ станале верници (Дела 14:1).

      ИКОНИЈА — ГРАД НА ФРИГИЈЦИТЕ

      Градот Иконија бил сместен на една добро наводнета и плодна висорамнина. Тој се наоѓал на крстосница низ која минувал важен трговски пат што ја поврзувал Сирија со римската провинција Азија, со Грција и со Рим.

      Главно божество на населението во Иконија била фригиската божица на плодноста, Кибела, а обичаите поврзани со нејзиното обожавање содржеле елементи од обожавањето на грчките богови, преземени во хеленистичкиот период. Градот паднал под римско влијание во 65 год. пр.н.е., а до првиот век од н.е. станал голем и напреден трговски и земјоделски центар. Иако во Иконија имало влијателна еврејска заедница, се чини дека во градот главно преовладувала хеленистичката култура. Всушност, во извештајот од Дела се спомнува дека жителите биле Евреи и Грци (Дела 14:1).

      Иконија лежела на границата меѓу Ликаонија и Фригија, кои се наоѓале во Галатија. Некои писатели од старо време, меѓу кои и Цицерон и Страбон, велат дека Иконија била ликаонски град. Од географска гледна точка, градот навистина бил сместен во таа област. Меѓутоа, во извештајот од Дела се прави разлика меѓу Иконија и Ликаонија, каде што се зборувал „ликаонски јазик“ (Дела 14:1-6, 11). Од таа причина, критичарите тврделе дека книгата Дела содржи неточни податоци. Но, во 1910 год., археолозите откриле написи во тој град што покажуваат дека во Иконија навистина се зборувал фригискиот јазик уште два века откако Павле и Варнава биле таму. Според тоа, писателот на Дела не згрешил кога направил разлика меѓу Иконија и градовите во Ликаонија.

      6. Зошто Павле и Варнава биле добри учители, и како може да го следиме нивниот пример?

      6 Зошто начинот на кој зборувале Павле и Варнава родил таков плод? Павле имал огромно познавање на Светото писмо. Тој вешто цитирал делови од историските и пророчките списи, како и од Мојсеевиот закон, за да докаже дека Исус е ветениот Месија (Дела 13:15-31; 26:22, 23). А во зборовите на Варнава, пак, се гледала вистинска заинтересираност за луѓето (Дела 4:36, 37; 9:27; 11:23, 24). Ни Павле ни Варнава не се потпирале на своето мислење, туку зборувале „во името на Јехова“. Како можеш да го следиш примерот на овие мисионери додека проповедаш? Така што ќе ги правиш следниве работи: Темелно запознај се со Божјата Реч. Избери библиски стихови што најверојатно ќе ги интересираат твоите соговорници. Труди се на практичен начин да ги утешиш оние на кои им проповедаш. И, секогаш темели го своето поучување на Јеховината Реч, а не на својата сопствена мудрост.

      7. а) Како реагираат луѓето на добрата вест? б) Ако твоето семејство е поделено затоа што си ѝ послушен на добрата вест, на што треба да се сетиш?

      7 Меѓутоа, сите во Иконија не биле среќни кога го слушале она што им го кажувале Павле и Варнава. Лука продолжува: „Евреите што не поверуваа ги растревожија незнабошците и ги подбуцнаа против браќата“. Павле и Варнава сфатиле дека би било мудро да се задржат во тоа место и да ја бранат добрата вест, па затоа останале подолго време таму и зборувале смело. Како резултат на тоа, мноштвото од градот се поделило: едните биле „за Евреите, а другите за апостолите“ (Дела 14:2-4). Денес добрата вест наидува на слична реакција кај луѓето — едни ги обединува, но кај други предизвикува поделби (Мат. 10:34-36). Ако твоето семејство е поделено затоа што си ѝ послушен на добрата вест, сети се дека противењето честопати е реакција на неосновани гласини или на чисти клевети. Со своето добро однесување можеш да ги побиеш тие лаги и, на крајот, дури и да ги омекнеш срцата на оние што ти се противат (1. Пет. 2:12; 3:1, 2).

      8. Зошто Павле и Варнава си заминале од Иконија, и што учиме од ова?

      8 По некое време, противниците во Иконија сковале план да ги каменуваат Павле и Варнава. Кога разбрале за тоа, овие двајца мисионери решиле да проповедаат на друго подрачје (Дела 14:5-7). Објавителите на Царството постапуваат на сличен начин и денес. Кога се соочуваме со вербални напади, ние зборуваме со смелост (Фил. 1:7; 1. Пет. 3:13-15). Но, ако некој ни се заканува со физичко насилство, се трудиме да бидеме разумни и да не правиме ништо со кое би можеле непотребно да го доведеме во опасност својот живот или животот на соверниците (Изр. 22:3).

      Обратете се „кон живиот Бог“ (Дела 14:8-19)

      9, 10. Каде се наоѓала Листра, и што знаеме за нејзините жители?

      9 Павле и Варнава се упатиле кон Листра, римска колонија на 30-тина километри југозападно од Иконија. Листра одржувала блиски врски со писидиска Антиохија, но, за разлика од тој град, таму немало голема еврејска заедница. Иако жителите веројатно зборувале грчки, нивниот мајчин јазик бил ликаонски. Можеби затоа што во градот немало синагога, Павле и Варнава почнале да проповедаат на јавно место. Додека бил во Ерусалим, Петар излекувал еден човек сакат од раѓање. Во Листра, Павле излекувал човек кој исто така бил сакат од раѓање (Дела 14:8-10). Поради чудото што го направил Петар, големо мноштво луѓе станале верници (Дела 3:1-10). Но, чудото што го направил Павле, предизвикало сосема спротивна реакција.

      10 Како што беше опишано во почетокот на ова поглавје, кога сакатиот човек скокнал на нозе, мноштвото пагански жители на Листра веднаш дошле до погрешен заклучок. Варнава го нарекле Зевс, врховниот бог, а Павле Хермес, синот на Зевс и гласник на боговите. (Види ја рамката „Листра и култот на Зевс и Хермес“.) Но, Варнава и Павле биле решени да му помогнат на мноштвото да сфати дека она што го зборувале и го правеле не било во името на паганските богови, туку во името на Јехова, единствениот вистински Бог (Дела 14:11-14).

      ЛИСТРА И КУЛТОТ НА ЗЕВС И ХЕРМЕС

      Градот Листра бил сместен во една долина, недалеку од главните патишта. Цезар Август го прогласил за римска колонија и го нарекол Јулија Феликс Гемина Лустра. Гарнизонот што се наоѓал во него требало да ја брани провинцијата Галатија од племињата што живееле на околните планини. Според тоа, начинот на управување во Листра бил ист како и во другите римски градови, а титулите на службениците биле на латински. И покрај тоа, овој град си ги задржал старите обележја. Тој бил повеќе ликаонски отколку римски, како што се гледа и од извештајот во Дела каде што се вели дека мноштвото зборувало на ликаонски јазик.

      Во археолошките ископини во близина на древната Листра се пронајдени написи во кои се спомнуваат „свештениците на Зевс“, како и статуа на богот Хермес. Во таа област е откриен и жртвеник посветен на Зевс и Хермес.

      Една легенда што ја запишал римскиот поет Овидиј (43 пр.н.е. — 17 од н.е.) ни дава поголем увид во извештајот од книгата Дела. Според овој поет, Јупитер и Меркур — римски имиња за грчките богови Зевс и Хермес — ја посетиле планинската област Фригија преправени во смртни луѓе. Тие побарале гостопримство во илјада куќи, но никој не сакал да ги прими. Само еден постар брачен пар, Филимон и Баукида, ги примиле во својата скромна колиба. Поради тоа, Зевс и Хермес го претвориле тој дом во храм од мермер и злато, а домаќините ги поставиле за свештеник и свештеничка во него, но ги уништиле куќите на сите други што одбиле да ги примат. Во една книга се вели: „Ако луѓето во Листра се сетиле на таа легенда кога виделе како Павле и Варнава го излекувале сакатиот човек, тогаш воопшто не е чудно што сакале да им изразат добредојде принесувајќи им жртви“ (The Book of Acts in Its Graeco-Roman Setting).

      Павле и Варнава не им дозволуваат на жителите на Листра да ги обожаваат. Мноштвото свири на инструменти, подготвува жртви и им се клања на Павле и Варнава.

      „[Обратете се] од тие ништожни работи кон живиот Бог, кој ги создаде небото и земјата“ (Дела 14:15)

      11-13. а) Што им кажале Павле и Варнава на жителите на Листра? б) Која поука можеме да ја извлечеме од зборовите на Павле и Варнава?

      11 И покрај сета таа збрка, Павле и Варнава сѐ уште се труделе на најдобар начин да допрат до срцето на своите слушатели. Опишувајќи ја оваа случка, Лука спомнал и еден делотворен начин на кој добрата вест им се проповедала на не-Евреите. Забележи како Павле и Варнава им се обратиле на своите слушатели: „Луѓе, зошто го правите тоа? И ние сме само луѓе, како и вие! Ви ја објавуваме добрата вест да се обратите од тие ништожни работи кон живиот Бог, кој ги создаде небото и земјата и морето и сѐ што е во нив. Тој во поранешните поколенија дозволи сите народи да одат по своите патишта, иако не ве остави без сведоштво за себе: правеше добро, ви даваше дожд од небото и плодоносни времиња и ги полнеше вашите срца со храна и веселост“ (Дела 14:15-17).

      12 Кои поуки можеме да ги извлечеме од овие значајни зборови? Прво, Павле и Варнава не сметале дека се подобри од оние на кои им проповедале. Не се преправале дека се нешто што не се. Напротив, понизно признале дека ги имаат истите слабости како и не-Евреите што ги слушале. Точно, Павле и Варнава добиле свет дух и биле ослободени од лажните учења. Исто така, им била дадена надежта дека ќе владеат со Христос. Сепак, им било јасно дека и жителите на Листра можеле да ги добијат истите тие дарови ако му се послушни на Христос.

      13 Со каков став им проповедаме ние на другите? Дали ги сметаме за рамни на себе? Дали и ние, исто како Павле и Варнава, не бараме слава за себеси додека им помагаме на луѓето да ги дознаат вистините од Божјата Реч? Чарлс Тејз Расел, кој бил извонреден учител и предводел во проповедничкото дело кон крајот на 19-тиот и во почетокот на 20-тиот век, дал добар пример за ова. Тој напишал: „Не бараме луѓето да ни оддаваат посебна чест и почести нам лично, ниту на она што го пишуваме; ниту пак сакаме некој да нѐ нарекува Пречесен или Рави“. Брат Расел имал слична понизност како Павле и Варнава. Исто како нив, и ние не сакаме луѓето да ни се восхитуваат нам кога проповедаме, туку сакаме да им помогнеме да се обратат „кон живиот Бог“.

      14-16. Кои други две работи ги учиме од она што Павле и Варнава им го кажале на жителите на Листра?

      14 Размисли за уште една работа што можеме да ја научиме од нивните зборови. Павле и Варнава биле приспособливи. За разлика од Евреите и преобратениците во Иконија, жителите на Листра немале речиси никакво познавање на Писмата, ниту пак на односот што Бог го имал со израелскиот народ. Но, мнозина од оние што ги слушале Павле и Варнава биле земјоделци. Листра имала блага клима и нивите во тој крај богато раѓале. Тие луѓе можеле да видат безброј работи, како на пример плодоносните годишни времиња, кои им ги откривале Божјите особини. Затоа овие мисионери ја искористиле таа заедничка појдовна точка за да им помогнат да ја разберат вистината (Рим. 1:19, 20).

      15 Дали можеме и ние да бидеме приспособливи? Иако еден земјоделец може да посее исто семе на повеќе ниви, тој користи различни методи за да ја подготви почвата за сеење. На некоја нива, земјата можеби е веќе мека и погодна да го прими семето, но на друга можеби ѝ треба поголема подготовка. И симболичното семе што ние го сееме секогаш е исто — тоа е пораката за Царството од Божјата Реч. Сепак, ако сме како Павле и Варнава, ќе се обидеме да ги согледаме околностите и верувањата на луѓето на кои им проповедаме. А потоа ќе дозволиме ваквиот увид да влијае врз начинот на кој ќе им ја пренесеме пораката за Царството (Лука 8:11, 15).

      16 Од извештајот за Павле, Варнава и жителите на Листра учиме уште нешто. И покрај нашите најискрени напори, семето што го сееме понекогаш ќе биде грабнато или ќе падне на каменито место (Мат. 13:18-21). Ако се случи такво нешто, не очајувај. Како што Павле подоцна ги потсетил христијаните во Рим, „секој од нас [вклучувајќи го и секое лице со кое зборуваме за Божјата Реч] ќе положи сметка за себе пред Бог“ (Рим. 14:12).

      „Му ги доверија на Јехова“ (Дела 14:20-28)

      17. Каде отишле Павле и Варнава откако си заминале од Дерва, и зошто?

      17 Откако жителите на Листра го одвлечкале Павле надвор од градот и го оставиле таму сметајќи дека е мртов, учениците се собрале околу него, а тој станал и се вратил да преноќева во градот. Следниот ден, Павле и Варнава тргнале на пат долг 100 километри за Дерва. Можеме да си замислиме колку болно било за Павле ова напорно патување, со оглед на тоа што бил каменуван само неколку часа пред тоа. И покрај сѐ, тој и Варнава истрајале и, кога пристигнале во Дерва, направиле „многу ученици“. А потоа, наместо да тргнат по пократкиот пат кон сириска Антиохија, градот од каде што го почнале патувањето, тие се вратиле „во Листра, во Иконија и во [писидиска] Антиохија“. Со која цел? Да ги зајакнат „учениците, храбрејќи ги да останат во верата“ (Дела 14:20-22). Каков извонреден пример дале овие двајца луѓе! Поважно им било доброто на собранието отколку нивната лична удобност. Патувачките надгледници и мисионерите денес го следат нивниот пример.

      18. Што прави едно старешинство кога одлучува дали ќе препорача некој брат да биде именуван за старешина?

      18 Освен што ги зајакнале учениците со своите зборови и пример, Павле и Варнава им поставиле старешини „во секое собрание“. Иако биле „испратени од светиот дух“ на ова мисионерско патување, Павле и Варнава сепак постеле и се молеле кога му ги довериле старешините на Јехова (Дела 13:1-4; 14:23). Слично нешто се прави и денес. Пред да препорача некого да служи како именуван брат во собранието, старешинството разгледува дали тој ги исполнува библиските барања, при што во молитва бара водство од Бог (1. Тим. 3:1-10, 12, 13; Тит 1:5-9; Јак. 3:17, 18; 1. Пет. 5:2, 3). Не е најважно колку долго тој брат е христијанин, туку важно е она што го зборува и го прави, како и мислењето што другите го имаат за него, бидејќи таквите работи се показател во која мера светиот дух дејствува во неговиот живот. Дали ќе биде препорачан да служи како пастир на стадото зависи од тоа дали ги исполнува барањата за надгледници што се изнесени во Библијата (Гал. 5:22, 23). Покраинскиот надгледник има одговорност да именува браќа кои ќе служат на ваков начин. (Спореди со 1. Тимотеј 5:22.)

      19. За што се свесни старешините дека ќе положат сметка, и како го следат примерот на Павле и на Варнава?

      19 Именуваните старешини знаат дека ќе положат сметка пред Бог за начинот на кој постапуваат со собранието (Евр. 13:17). Исто како Павле и Варнава, старешините предводат во проповедањето. Тие ги зајакнуваат соверниците со своите зборови и спремни се да го стават доброто на собранието пред својата лична удобност (Фил. 2:3, 4).

      20. Како ни користи читањето на извештаите за трудот што верно го вложуваат нашите браќа?

      20 Кога конечно се вратиле во сириска Антиохија, од каде што и го започнале патувањето, Павле и Варнава раскажале за сѐ што направил „Бог преку нив и дека на незнабошците“ им ја отворил „вратата кон верата“ (Дела 14:27). Додека читаме за трудот што верно го вложуваат нашите браќа и гледаме како Јехова ги благословува нивните напори, охрабрени сме и понатаму да зборуваме „смело во името на Јехова“.

      a Види ја рамката „Иконија — град на Фригијците“.

Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
Одјави се
Најави се
  • македонски
  • Сподели
  • Подесување
  • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
  • Услови за користење
  • Полиса за приватност
  • Поставки за приватност
  • JW.ORG
  • Најави се
Сподели