Јеховините сведоци во земјите на поранешна Југославија — приказна за вера и единство
Ова подрачје на кое етничките и верските разлики предизвикаа големо крвопролевање и омраза, е сведок на една извонредна приказна за вера и храброст. Зборувајќи за група Сведоци кои преживеаја една од најдолгите опсади во современата историја, еден брат раскажува: „Иако меѓу нас имаше Хрвати, Срби и Бошњаци — истите три групи кои надвор се убиваа меѓу себе — ние бевме обединети затоа што му служевме на ист Бог, Јехова“. Од овој извештај ќе дознаеш како браќата останале верни и во време на мир и во време на војна. Ова навистина ќе ти ја зајакне верата.
ПОДРАЧЈЕТО на поранешна Југославија се карактеризира со зачудувачка разноликост. Тоа е подрачје на кое се испреплетуваат различни култури, јазици и религии. За жал, кога ќе се спомне Југославија, мнозина веднаш помислуваат и на војни и немири. Од убиството на Франц Фердинанд во 1914 год., па сѐ до неодамнешното етничко чистење, во овој дел на Балканскиот Полуостров немаше многу периоди на мир. Во војните што се водеа на овие простори, народите се бореа за независност, па така поранешните републики станаа независни држави. На крајот, Југославија се распадна, и сега на нејзината некогашна територија се наоѓаат земјите Босна и Херцеговина, Македонија, Словенија, Србија, Хрватска и Црна Гора.
Од вителот на сите тие политички, етнички и верски судири, се раѓа една извонредна приказна за љубов, единство и доверба. Јеховините сведоци ги надминаа предрасудите и непријателствата што го потресоа Балканот. Иако се со различно потекло, тие се обединети затоа што ѝ се лојални на една многу повозвишена влада — Божјето Царство.
ПОЧЕТОЦИТЕ
Како почнал Јеховиниот народ да проповеда на овие простори? Нашата приказна започнува со еден млад бербер, Франц Бранд, родум од Војводина. Барајќи работа, Франц заминал за Австрија, каде што ја запознал вистината. Во 1925 год., се вратил во својот роден град и почнал да им ја пренесува на другите. Ѝ се придружил на една група луѓе кои ја читале и проучувале книгата Студии на Светото писмо (Studies in the Scriptures), која ја добиле од некои роднини од САД.
Членовите на групата сфатиле дека треба да проповедаат, па затоа превеле на српски две брошурки во кои биле објаснети библиските учења. За жал, пред да почнат да ги делат брошурките, ги посетил еден влијателен брат кој се свртел против организацијата и основал своја секта. Тој ги убедил сите, освен Франц, да ги прекинат контактите со Истражувачите на Библијата.
Потоа Франц се преселил во Марибор, каде што нашол работа во една берберница. Му сведочел на сопственикот на берберницата, Рихард Тауц, кој ја прифатил вистината. Франц и Рихард им проповедале на сите што доаѓале во берберницата, и така добиле прекар „бербери библијаши“. Муштериите многу внимателно ги слушале — а како и не би слушале кога остриот брич им минувал по лицето! Меѓу нивните муштерии биле и еден политичар по име Ѓуро Џамоња, како и Рудолф Кале, сопственик на работилница за поправка на машини за пишување. И двајцата брзо напредувале и по кратко време се крстиле. Ѓуро расчистил со политиката и помогнал да се основа здружението „Светилник“, што бил официјалниот назив на Здружението на Истражувачите на Библијата во Кралството Југославија. Регистрирањето на ова здружение им овозможило на браќата слободно да проповедаат и да одржуваат состаноци.
„ФОТОДРАМАТА“ ГО РАЗГОРУВА ИНТЕРЕСОТ ЗА ВИСТИНАТА
Во 1931 год., подружницата на Јеховините сведоци во Швајцарија испратила двајца браќа да ја прикажуваат „Фотодрамата за создавањето“ во поголемите градови низ цела Југославија. Салите биле преполни, а присутните внимателно слушале додека Ѓуро ги објаснувал сликите. Низ целата земја, „Фотодрамата“ побудила голем интерес за библиската вистина. Во меѓувреме, браќата во Марибор одржувале состаноци и на словенечки и на германски јазик. А во Загреб и во околината се состанувале групи за да ги проучуваат публикациите што биле преведени на хрватски.
Потоа браќата решиле да почнат да ја преведуваат Стражарска кула на словенечки и на хрватски, што во тоа време било навистина голем потфат. Откако било преведено списанието, една сестра го умножувала користејќи машина за пишување и индиго-хартија. На овој начин можеле да се добијат само 20 примероци. Подоцна бил набавен мимеограф, односно машина за умножување, па така тиражот на Стражарска кула пораснал на 200 примероци.
Браќата и сестрите ги земале овие списанија и потоа патувале со воз во различни делови од Југославија за да проповедаат. Сведоците од Словенија понекогаш изнајмувале камион, а најмувале и возач, кој не бил Сведок. Тој ги возел до местото каде што сакале да проповедаат и ги чекал цел ден, сѐ додека не завршеле. Во тоа време, објавителите не биле добро поучени како да проповедаат, и понекогаш не биле баш тактични. Сепак, Јехова го благословил нивниот труд и им помогнал да ги најдат ‚оние кои исправно гледале на вечниот живот‘ (Дела 13:48).
Франц Загмајстер раскажува: „За вистината слушнав во 1931 год. од тетка ми Терезија Градич и маж ѝ Франц. Тој беше еден од првите објавители во Словенија. Иако пред тоа беше голем противник на религијата, Франц почна со жар да ја чита Библијата. Тоа ми остави толку силен впечаток што и јас почнав да го проучувам Светото писмо. Иако семејството ми се противеше, сакав да им го кажувам и на другите она што го учев. Кога свештеникот од нашата парохија разбра за тоа, веднаш ме повика на разговор. Ми рече дека не смеам да имам Библија затоа што не можам да ја разберам. Но, јас не сакав да му ја дадам мојата лична Библија. Подоцна, кога почина татко ми, свештеникот ме застана на улица, бесен затоа што не платив ниедна миса за татко ми. Му реков: ‚Би платил за сто, па и за илјада миси, кога тоа би му помогнало на мојот татко‘.
‚Ќе му помогне, ќе му помогне!‘ — рече свештеникот.
‚Ама, ако татко ми е на небо‘ — реков јас — ‚тогаш не му се потребни Вашите миси. А ако е во пеколот, тогаш нема да има никаква корист од нив.‘
‚А што ако е во чистилиштето?‘ — одврати свештеникот.
‚Господине‘ — му реков — ‚добро знаете дека имам голем имот. Ако ми докажете на темел на Библијата дека човекот има бесмртна душа што продолжува да живее по смртта, дека има пекол и чистилиште, и дека Бог е некакво Тројство, веднаш ќе појдам кај адвокат да ви препишам сѐ што имам.‘
Тој бесно ме погледна, запали цигара и си замина.“
ПРИСТИГНУВААТ ПИОНЕРИ
Во текот на 1930-тите, ревносни Божји слуги придонесоа светлината на вистината да блесне и во Југославија. На пример, во Марибор, Грете Штаудингер и Катарина Конечник почнале со феријална пионерска служба, а подоцна им се придружила и Каролина Стропник. Во Мостар, главниот град на Херцеговина, еден диригент на оркестар кој се викал Алфред Тучек ја прифатил вистината и станал пионер. Душан Микиќ, 23-годишен младич од Загреб, ја добил брошурката Каде се мртвите? И тој напредувал брзо, се крстил и почнал со пионерската служба. Редовите на пионерите наскоро биле зајакнати со ревносни браќа и сестри кои пристигнале од Германија.
Додека вистината пуштала сѐ подлабоки корени во Југославија, во Германија делото на проповедање било забрането. Тогаш подружницата во Швајцарија испратила 20 искусни пионери во Југославија. Меѓу нив биле Мартин Пецингер, Алфред Шмит, Винко и Јозефине Платајс, како и Вили и Елизабет Вилке. Иако не зборувале ни словенечки ни српско-хрватски, овие самопожртвувани пионери смело проповедале користејќи картички за сведочење, и така поставиле темел за понатамошен напредок на делото.
ПИОНЕРИТЕ НАИДУВААТ НА ПРОБЛЕМИ
Ревноста за Јехова и љубовта кон луѓето им помогнале на пионерите да се изборат со проблемите што ги имале затоа што не го знаеле јазикот, а и немале многу пари. Освен тоа, не им било лесно да патуваат од место до место. Често се случувало да пешачат и до 40 километри, и тоа по лошо време и преку тешко проодни терени за да стигнат до зафрлените села. Една пионерка се сеќава дека пешачела боса од село до село за да не ѝ се искинат чевлите. Мартин Пецингер, кој подоцна стана член на Водечкото тело, имаше пријатни спомени од времето кога со ранец полн со литература патувал низ внатрешноста на земјата и им проповедал на сите што сакале да слушаат.
Проблемот со превозот малку се средил кога еден брат од Швајцарија купил велосипеди што им ги подарил на овие верни пионери. Тие велосипеди со децении се користеа во службата.
Иако луѓето во Југославија беа познати како гостољубив народ, пионерите честопати се соочувале со прогонство затоа што црквата ширела верска омраза. Свештениците имале големо влијание врз верниците, особено во помалите села. Понекогаш ги терале децата да одат по пионерите и да фрлаат со камења по нив. Исто така, ги подбуцнувале властите да им прават проблеми на пионерите, да им ја одземаат литературата и да ги апсат.
Во една прилика, додека проповедале во едно селце во Хрватска, Вили Вилке слушнал силно викање од сред село. Заедно со жена му и уште една пионерка, Грете Штаудингер, тој ден ја нуделе брошурката Праведен владетел, на чија насловна страница имало слика од Исус Христос. Вили се присетува: „Се стаписав кога ја видов жена ми опколена од група разбеснети луѓе со српови во рацете. Во близина, една друга група ги палеше нашите брошурки“.
На пионерите не им било јасно зошто тие скромни селани биле толку бесни, а сестра Вилке не го знаела јазикот доволно добро за да разбере. Но, Грете течно зборувала германски и хрватски. Им пришла на луѓето и ги прашала: „Луѓе, што правите?“
„Не го сакаме крал Петар!“ — извикале речиси во еден глас.
„Не го сакаме ни ние“ — им одговорила Грете.
Изненадени, луѓето покажале на сликата од брошурката, и прашале: „Тогаш, зошто ширите пропаганда за него?“
Тогаш Грете сфатила во што е работата. Една година пред тоа, во 1934 год., бил убиен југословенскиот крал Александар I, а син му Петар требало да го наследи на престолот. Но, селаните сакале автономија, а не српски владетел. Кога ја виделе сликата на Исус Христос, помислиле дека тоа е крал Петар!
Недоразбирањето било расчистено и пионерите им дале на овие луѓе темелно сведоштво за Царот, Исус Христос. Некои што ги запалиле своите брошурки, побарале други. Пионерите си заминале од селото радосни и уверени дека Јехова ги заштитил.
Тие морале да ги земаат предвид и локалните обичаи. Кога проповедале во Босна, во селата со претежно муслиманско население, морале посебно да внимаваат да не ги навредат мештаните. На пример, ако погледнеле некоја мажена муслиманка в очи, маж ѝ можел многу да се налути.
Во тоа време, во земјата имало многу малку собранија и групи. Затоа, понекогаш на пионерите им било тешко да најдат каде да преспијат откако цел ден проповедале во некое далечно село. Бидејќи имале малку пари, не можеле да си дозволат да преноќат во некоја гостилница. Јозефине Платајс се сеќава: „Во едно село, никој не сакаше да нѐ прими дома затоа што сите се плашеа од католичкиот свештеник. Веќе се стемнуваше кога тргнавме да си одиме од селото. На излегување оттаму, видовме едно големо дрво под кое имаше куп суви лисја, и таму преспавме. Како перница ни послужи торбата со алишта, а маж ми си го врза велосипедот со јаже за глуждот. Кога се разбудивме утрото, видовме дека во близина има бунар каде што можевме да се измиеме. Јехова не само што нѐ заштити, туку и се погрижи за нашите физички потреби“.
Овие пионери почувствувале на своја кожа дека Јехова се грижи за нив дури и во малите работи. Ним објавувањето на добрата вест им било поважно отколку личната удобност.
ПРЕОЃАЊЕ ВО МАКЕДОНИЈА
Пионерите Алфред и Фрида Тучек ја искористиле можноста да ја шират пораката за Царството додека патувале од Словенија за Бугарија. Во Струмица му посведочиле на дуќанџијата Димитар Јовановиќ и му оставиле некои публикации. Еден месец подоцна, кога се враќале од Бугарија, повторно го посетиле. Кога дознале дека не ги прочитал публикациите, го замолиле да им ги врати за да му ги дадат на некој друг што со задоволство ќе ги прочита. Ова ја разбудило љубопитноста на Димитар. Ги молел да му дадат уште малку време за да ја прочита литературата. Откако го сторил тоа, сфатил дека ја нашол вистината. Тој е првиот што се крстил како Јеховин сведок во Македонија.
Димитар потоа зборувал за вистината со двајца браќа, Алекса и Коста Арсови. Набрзо во Македонија имало тројца Сведоци. Почнале да проповедаат користејќи списанија и грамофон, на кој пуштале снимени говори. Едно списание стигнало до рацете на еден евангелско-методистички пастор, а тој му го дал на еден бистар млад човек од својата црква, Тушо Царчев. На Тушо многу му се допаднало она што го прочитал и го наговорил пасторот да му набави уште списанија. Набрзо Тушо сфатил дека не е исправно да се добива плата за проповедање на добрата вест. Целиот одушевен, му го кажал тоа на својот пастор, кој после тоа престанал да му носи списанија. Но, во списанијата Тушо ја нашол адресата на подружницата во Марибор и побарал да му се испраќа литература по пошта. Браќата од подружницата стапиле во контакт со Димитар, Алекса и Коста и ги замолиле да го посетат Тушо. Кратко потоа, во Македонија била основана група.
Во 1935 год., браќата ја преместиле подружницата од Марибор во Белград, главниот град на Југославија. Надгледувањето им било доверено на Франц Бранд и на Рудолф Кале.
ЗАБРАНА НА ДЕЛОТО
Една брошура што ја издала Католичката црква во 1933 год. јасно докажува колку биле ревносни нашите браќа во тоа време. Во неа, црквата до најситен детаљ ја опишала проповедничката активност на Сведоците и предвидела дека нашето дело наскоро ќе замре. Колку само се излажала!
Во северниот дел на Југославија, свештенството било гневно поради ревносната активност на малата група пионери. Свештениците уште повеќе збеснале кога судовите ги спречиле нивните обиди да го ограничат проповедањето за Царството. Меѓутоа, на крајот, еден језуитски свештеник од Словенија станал министер за внатрешни работи. Со една од првите одредби што ги донел, тој го распуштил здружението „Светилник“, а во август 1936 год., нашето дело било и официјално забрането. Властите ги запечатиле Салите на Царството и ја заплениле целата литература. За среќа, собранијата биле однапред известени за тоа, па властите нашле само малку литература. За да може делото да продолжи, во Белград била отворена една мала издавачка куќа под името „Кула стражара“, а состаноците се одржувале во приватни домови.
Кога забраната стапила на сила, владата го засилила притисокот да се запре проповедањето. Посебна мета биле полновремените слуги, и ова уште повеќе им ја отежнало ситуацијата на браќата што зборувале германски. Многу од тие пионери дошле во Југославија токму затоа што нашето дело било забрането во други европски земји, а сега било забрането и тука. Иако биле апсени и затворани, нивната ревност не се намалила. „Понекогаш не ни беше дозволено да имаме посета во затворот, но Јехова никогаш не нѐ заборави“, рекла една сестра. „Еднаш еден брат дојде да нѐ посети, но не го пуштија да нѐ види. Тој почна толку гласно да зборува со чуварот што и ние можевме добро да го чуеме. За нас беше големо охрабрување и самото тоа што му го слушнавме гласот.“
Во тие бурни времиња, била потребна огромна храброст за да се преведе и да се подели брошурката Судијата Ратерфорд ја открива Петтата колона. Во неа отворено било кажано дека Католичката црква ги поддржува политичките планови на нацистичката влада. Била преведена на српски, хрватски и словенечки, и биле отпечатени по 20.000 примероци на секој јазик. Брошурката веднаш била забранета и била искористена како повод да се протераат пионерите дојдени од странство. Освен тоа, државниот обвинител поднел обвинение против нејзините издавачи и побарал да им биде изречена казна затвор од 10 до 15 години. И покрај опасноста, малубројните објавители во Југославија брзо ги поделиле сите 60.000 примероци.
„Во тоа време, луѓето беа жедни да читаат“, објаснува Лина Бабиќ, која ја дознала вистината при крајот на Втората светска војна и тесно соработувала со верни браќа и сестри. Таа раскажува: „Бидејќи секогаш моравме да бидеме претпазливи, почнав да ги препишувам публикациите во тетратка. Така, во случај да ме претресуваат, би помислиле дека тоа се мои лични белешки“.
ИЛИ ТОЛСТОЈ ИЛИ ЈЕХОВА
Пред светот да го зафати виорот на војната, во едно од најголемите собранија во Југославија дошло до раскол. Некои почнале да ги застапуваат гледиштата на рускиот писател и верски филозоф Лав Толстој. Тој припаѓал на Руската православна црква, но подоцна дошол до заклучок дека сите христијански цркви се расипани институции кои го претставуваат христијанството во сосема погрешно светло. Некои браќа почнале да гледаат со недоверба на сите верски организации и станале незадоволни и со Јеховината организација. Злоупотребувајќи ја довербата што му била укажана, братот што предводел во собранието во Загреб успеал да ги убеди повеќето објавители да ги прифатат гледиштата на Толстој. Неговото влијание било толку силно што повеќето браќа од собранието, над 60, усвоиле резолуција со која се одрекле од Јеховината организација.
Кога чул за ова, Рудолф Кале веднаш отпатувал од Белград за Загреб за да се состане со целото собрание. Во говорот што го одржал, им зборувал за основните библиски вистини што Јехова им ги открил преку верниот и разборит роб (Мат. 24:45-47). А потоа прашал: „Кој ве поучи за овие вистини? Толстој или Јеховината организација?“ Цитирајќи ги зборовите од Исус Навин 24:15, ги повикал оние што сакаат да останат во Јеховината организација да кренат рака. Само двајца го сториле тоа.
„Тоа беше неописливо болен момент“, раскажувал подоцна Рудолф.
Изгледало дека сето добро што било постигнато во собранието е изгубено засекогаш.
Потоа Рудолф ги повикал двајцата верни објавители да застанат до него на подиумот и рекол: „Остануваме само тројца. Ние сега го претставуваме Јеховиниот народ во овој град. Ве молам, сите останати да ја напуштите оваа просторија и да си заминете. Ве молам, оставете нѐ на мир! Ние сакаме да му служиме на нашиот Бог Јехова, а вие можете да си одите и да му служите на вашиот Толстој. Не сакаме повеќе да имаме ништо со вас“.
Неколку секунди владеела штама. Потоа, браќата еден по еден почнале да креваат рака, и да велат: „И јас сакам да му служам на Јехова“. На крајот, просторијата ја напуштиле само слугата на собранието кој станал отпадник и неколкумина негови следбеници. Овој испит на лојалност ги зајакна верните слуги на Јехова за далеку потешките испити што ги чекаа.
ВО ВИОРОТ НА ВОЈНАТА
На 6 април 1941 год., германската војска ја нападна Југославија. Зградата во која се наоѓаше нашето претставништво беше оштетена во текот на големото бомбардирање на Белград. Германските сили ја поделија Југославија. Поради борбите, едно време беше прекината комуникацијата помеѓу Бетелот во Србија и браќата во Словенија, Хрватска и Македонија. Уште потешко им беше на браќата на крајниот југ од Македонија кои останаа отсечени од Јеховината организација до крајот на војната.
Одеднаш, браќата се соочија со нови и страшни околности. Светот се втурна во меѓународен судир кој ги изложи нашите браќа и сестри на тешки искушенија и просејување. Нивната вера и нивната љубов кон Јехова и кон неговата организација наскоро беа ставени на испит.
Бетелот во Белград беше затворен, па доставувањето на духовната храна се организираше во Загреб. Браќата мораа да бидат многу претпазливи и доверливи, зашто паричните и затворските казни беа заменети со депортирање во концентрациони логори и со смртни казни.
Кога германските сили ја окупираа и ја поделија Југославија, почнаа да никнуваат концентрациони логори. Во Хрватска, логорите служеа за да се изолираат и да се погубат неколку етнички и не-католички малцинства, како и сите верски противници на тогашниот режим. Нацистите подигнаа работни и концентрациони логори и во Србија. Поради својата неутралност, повеќе од 150 наши браќа од Унгарија беа затворени во логорот во Бор. И во Југославија, Јеховините сведоци им станаа мета на нацистите. Затоа проповедничката служба се вршеше главно неформално. Објавителите беа советувани да носат само Библија и една публикација, и им беше кажано што да речат ако ги уапсат. Одржуваа состаноци во мали групи и не знаеја на кои други места се одржуваат состаноци.
Бидејќи беше опасно да се увезува литература од надвор, мораше илегално да се умножува во земјата. Браќата марливо работеа по цели ноќи на разни локации за да ги отпечатат списанијата и брошурките. Исто така, напорно работеа и на своите работни места за да заработат пари со кои го финансираа печатењето. Со помош на разни деловни врски, браќата секогаш успеваа да ги набават материјалите потребни за печатење. Додека низ Југославија се ширеше бран на национални и верски предрасуди, нашите браќа останаа обединети и со свои средства го финансираа издавањето на животодавната духовна храна. Но, како ја доставуваа до изолираните групи на нивното подрачје?
Стеван Станковиќ, по потекло Србин, работеше во железницата и беше спремен да им помага на своите браќа без оглед на нивната националност. И покрај опасноста, Стеван почна кришум да пренесува литература од Хрватска во окупираната Србија. Еден ден, полицијата нашла литература во куферот што го носел. Барале да им каже од каде му е литературата. Но, Стеван одбил да им каже бидејќи не сакал да ги предаде браќата. Полицајците го одвеле во затвор на испитување, а потоа го префрлиле во блискиот концентрационен логор Јасеновац. Нашиот верен брат Стеван го изгуби животот во овој логор познат по свирепоста кон затворениците.
Миховил Балковиќ, разборит и снаодлив брат од Хрватска, работеше како лимар во тие немирни времиња. Но, ги посетуваше и браќата за да ги охрабри и да им донесе литература. Неговиот внук раскажува: „Еднаш, дознал дека возот со кој патувал ќе биде претресен во следниот град. Затоа се симнал една станица порано. Иако поголемиот дел од градот бил ограден со бодликава жица, нашол премин низ едно лозје. Литературата му била на дното од ранецот, а врз неа ставил некои други намирници и две шишиња ракија. Додека претпазливо одел низ лозјето, поминал покрај еден бункер. Одеднаш еден војник извикал: ‚Стој! Кој доаѓа?‘ Кога се приближил, еден од војниците го прашал: ‚Што носиш?‘
‚Малку брашно, грав и компири‘ — одговорил дедо ми.
Кога го прашале што има во шишињата, тој им рекол: ‚Помирисајте и пробајте‘.
Војникот пробал, а Миховил му рекол: ‚Ова шише е за тебе, синко, а другото е за мене‘.
Задоволни со одговорот и со ракијата, војниците му рекле: ‚Старче, можеш да си одиш!‘
Така, литературата безбедно стигнала до своето одредиште“, завршува со приказната внукот на Миховил.
Миховил навистина бил храбар човек. На своите патувања минувал низ подрачја што биле под контрола на завојуваните страни. Понекогаш се наоѓал лице в лице со партизаните, а во други прилики со усташитеa или со четниците. Но, тоа не го плашело. Ги користел тие прилики за да сведочи и да зборува за надежта што ја нуди Библијата. За ова требало голема храброст бидејќи животот на Сведоците секогаш им бил во опасност. Миховил повеќепати бил апсен, сослушуван и затворан.
При крајот на војната, вечерта на 9 ноември 1944 год., партизаните насилно влегле во куќата на Миховил, ја заплениле литературата и го одвеле Миховил. За жал, тој никогаш повеќе не се вратил. Браќата подоцна дознале дека му била отсечена главата.
Јосип Сабо бил дете кога со својот велосипед разнесувал литература низ Славонија. Одзади, на багажникот на велосипедот, прицврстувал сандак во кој, на дното, ја ставал литературата, а врз неа редел штотуку набрани круши. Во тоа време, на влезот на речиси секое село имало барикади и стража.
„Што имаш во сандакот?“ — го прашувале војниците на секоја барикада.
„Круши за вујко ми“ — одговарал Јосип, а војниците си земале по една-две крушки. Како што наближувал до своето одредиште, имало сѐ помалку круши врз литературата. Затоа, обично одел по некое напуштено патче за да не остане без последните круши и скапоцената литература под нив.
ВЕРНИ ДО СМРТ
Лестан Фабијан, ѕидар од Загреб, им сведочел на Иван Север, Фрањо Древен и Филип Хузек-Гумбазир. Сите се крстиле во рок од шест месеци и почнале да проповедаат и да одржуваат состаноци. Вечерта на 15 јануари 1943 год., во куќата на Иван Север дошла воена патрола и ги уапсиле него, Фрањо Древен и еден друг брат, Филип Илиќ. Ја претресле куќата, ја заплениле сета литература и ги одвеле браќата.
Кога Лестан чул што се случило, заедно со Филип Хузек-Гумбазир отишле да ги утешат мајка му и сестра му на Фрањо. Но, партизаните дознале дека се таму и ги уапсиле и Лестан и Филип. Петтемина браќа објасниле на темел на Библијата дека тие му служат само на Јехова и дека се Христови војници. Бидејќи одбиле да земат оружје и да се борат во војната, биле осудени на смрт. Потоа биле држани како заробеници.
Една ноќ, војниците ги разбудиле, им наредиле да се соблечат и ги одвеле во шумата. Додека оделе натаму, им дале шанса да се премислат. Им велеле дека, ако си го сакаат семејството, треба да се откажат од својата вера. На Филип Хузек-Гумбазир му рекле дека треба да мисли на својата бремена жена и на четирите деца. Тој им одговорил дека е потполно уверен оти Јехова ќе се грижи за нив. Фрањо Древен немал жена и деца, па затоа го прашале кој ќе се грижи за мајка му и за сестра му.
Кога стигнале во шумата, војниците ги оставиле браќата да стојат на зимскиот студ. Потоа почнале да ги погубуваат еден по еден. Прво го убиле Филип Хузек-Гумбазир. Малку почекале и ги прашале другите дали можеби некој се премислил. Но, браќата останале цврсти. Потоа војниците го убиле Фрањо, па Иван, па Лестан. Последен останал Филип Илиќ, кој потклекнал на притисокот и се согласил да им се придружи на војниците. Но, три месеци подоцна се разболел и се вратил дома. Тогаш раскажал сѐ што се случило. Тој се обидел да си го спаси животот со тоа што ги погазил своите верувања, но набрзо ѝ подлегнал на тешката болест.
Во Словенија, многу наши браќа и сестри беа жртви на прогонство. На пример, Франц Дрозг, 38-годишен ковач, беше погубен затоа што не сакаше да учествува во војната. Нацистите го стрелаа во Марибор, на 8 јуни 1942 год. Некои очевидци кажуваат дека, пред да биде стрелан, на вратот му обесиле натпис: „Јас не сум од овој свет“ (Јован 17:14). Колку била непоколеблива неговата вера, се гледа од писмото што го напишал неколку минути пред да биде погубен: „Драг пријателе! Руперт, денес бев осуден на смрт. Немој да жалиш по мене. Те поздравувам тебе и сите твои. Ќе се видиме во Божјето Царство“.
Властите неуморно се обидуваа да го запрат проповедањето, но Јехова покажа дека е Бог на спасението. На пример, полицијата честопати вршеше рации и ги постројуваше жителите на некое подрачје за да им ги прегледа личните документи. Сите што изгледаа сомнително беа затворани. Во меѓувреме, други полицајци ги претресуваа куќите и становите. Браќата ја чувствуваа Јеховината заштита затоа што честопати се случуваше полицајците да ги прескокнат нивните домови, мислејќи дека веќе биле претресени. Најмалку во две прилики, во становите на браќата имаше голема количина литература, како и мимеографи. Оние што учествуваа во проповедањето во тие опасни времиња, многупати се уверија во вистинитоста на зборовите од Библијата: „Јехова е полн со сочувство и милосрден“ (Јак. 5:11).
ОСУДЕНИ НА СМРТ
Во 1945 год. заврши Втората светска војна, со што беше ставен крај на еден од најкрвавите периоди во човечката историја. По поразот на Хитлер и неговите сојузници, браќата се надеваа дека ќе биде укината законската забрана и дека повторно ќе можат слободно да проповедаат. Имаа добра причина за оптимизам бидејќи новоформираната комунистичка влада вети слобода на печатот, на говорот и на вероисповед.
И покрај тоа, во септември 1946 год., беа уапсени 15 браќа и 3 сестри. Меѓу нив беа и Рудолф Кале, Душан Микиќ и Едмунд Стропник. Истрагата траеше пет месеци. Властите ги обвинија Сведоците дека дејствуваат против народот и државата, и дека претставуваат закана за самиот опстанок на Југославија. Тврдеа дека зад нашето дело стојат Соединетите Држави и дека проповедањето за Божјето Царство го користиме како параван за да го срушиме социјализмот и повторно да се воспостави капитализам. Особено гласни беа обвиненијата на еден католички свештеник кој тврдеше дека Јеховините сведоци се американски шпиони што работат под плаштот на религијата.
На суд, обвинетите браќа смело се бранеа и дадоа добро сведоштво за Јехова и за неговото Царство. На судењето, Вјекослав Кос, еден млад брат, изјави: „Почитувани судии, оваа вера и учењата од Библијата ми ги пренесе мајка ми, и јас му служам на Бог. За време на германската окупација, мајка ми беше затворена. Моите две сестри и брат ми припаѓаа на истата вера. Бидејќи се држеа за своите верувања, беа одведени во Дахау, каде што Германците ги стрелаа под обвинение дека се комунисти. Поради истата таа вера и јас стојам пред овој суд под обвинение дека сум фашист“. Овој брат беше ослободен.
Но, судот не беше толку благ кон останатите Сведоци. Тројца од обвинетите беа осудени на смрт со стрелање, а другите добија казна затвор од 1 до 15 години. Меѓутоа, оваа неправедна пресуда веднаш предизвика бурна реакција кај нашите браќа низ целиот свет. Сведоците од САД, Канада, Велика Британија и други европски земји упатија илјадници протестни писма до југословенската влада. Испратија и стотици телеграми. Дури и некои државни службеници испратија писма во кои се зазедоа за нашите браќа. Благодарение на ваквата силна поддршка, смртните казни беа заменети со 20-годишни затворски казни.
Меѓутоа, противењето не спласна. Две години подоцна, словенечките власти ги уапсија Јанез Робас, неговата жена Марија, како и Јоже Маролт и Франчишка Вербец. Во обвинението, меѓу другото, стоеше: „,Сектата на јеховистите‘... врбува нови членови во кои всадува омраза против нашето социјалистичко уредување [и] против воената служба“. Тврдејќи дека браќата се обидуваат да ја ослабат одбранбената моќ на државата, властите ги осудија на три до шест години тешка робија.
Во 1952 год., како резултат на промената на државната политика, сите Јеховини сведоци што беа в затвор беа ослободени и пораката за Царството продолжи да се проповеда. Се обистини Јеховиното ветување: „Никакво оружје направено против тебе нема да успее, и ќе го прогласиш за зол секој јазик што ќе се подигне на суд против тебе“ (Иса. 54:17).
И покрај тоа, властите и понатаму се обидуваа да ги поколебаат браќата. Во весниците пишуваше дека Сведоците се „ментално болни“ и дека нивниот „фанатизам се граничи со лудило“. Поради постојаното оцрнување во печатот и постојаниот страв дека некој ги набљудува, имаше браќа кои станаа сомничави. Кога верните Сведоци беа пуштени од затвор, некои во собранието ги сметаа за шпиони. Сепак, Јехова користеше верни, зрели браќа за да ги зајакне собранијата.
Кога Јосип Броз Тито дојде на власт по Втората светска војна, беше очигледно дека војската ќе има многу важна улога во Југославија. Оние што, од која и да било причина, одбиваа да служат војска беа сметани за државни непријатели.
ИСПИТИ НА ВЕРНОСТА
За време на Втората светска војна, 9-годишниот Ладислав Форо од Хрватска бил на еден собир на кој морале да присуствуваат сите жители на градот. Во таа прилика, еден католички свештеник одржал проповед. По проповедта, Ладислав љубопитно ѕирнал зад завесата на бината и го видел свештеникот како си ја соблекува свештеничката одежда. Под неа носел усташка униформа и војнички појас на кој висела рачна бомба. Свештеникот ја зел сабјата, се качил на коњ и извикал: „Браќа, да одиме и да ги покрстиме! Ако некој се буни, знаете што треба да правите!“
Ладислав знаел дека еден Божји човек не треба да постапува така. Кратко потоа, заедно со својот чичко почнал да оди на состаноците што Сведоците ги одржувале во тајност. Иако неговите родители се противеле на тоа, Ладислав продолжил да оди на состаноците и духовно добро да напредува.
Кога добил покана за војска во 1952 год., Ладислав јасно кажал дека, како христијанин, сака да остане неутрален. Поради тоа, многупати бил сослушуван и врз него бил вршен притисок да положи воена заклетва. Еднаш го одвеле во касарна каде што 12.000 регрути биле собрани да дадат заклетва. Го поставиле пред нив и му обесиле пушка на рамото. Тој веднаш ја фрлил. Преку разгласот, за да можат сите да чујат, му се заканиле дека ќе биде стрелан ако повторно го направи тоа. Кога и по вторпат ја одбил пушката, го одвеле и го турнале во една јама од бомба длабока неколку метри. Била дадена наредба за стрелање, и еден војник пукал двапати во јамата, а потоа сите се вратиле во касарната. Но, куршумите го промашиле Ладислав!
Таа ноќ, воената полиција го извлекла од јамата и го одвела во затвор во Сараево. Таму му дале едно писмо во кое стоело дека некои негови соверници се сложиле да соработуваат и биле пуштени на слобода, а тој скапува во затвор со злосторници. Постојано вршеле притисок врз него и со часови го наговарале да се премисли. Но, Ладислав размислувал: ‚Зарем почнав да му служам на Јехова поради некој човек? Не! Дали сум тука за да им угодувам на луѓето? Не! Дали мојот живот зависи од тоа што велат, што мислат или што прават другите? Не!‘
Ваквото духовно гледиште му помогнало на Ладислав да остане верен во текот на тие четири и пол години што ги поминал в затвор. Подоцна служел како покраински надгледник, во што го поддржувала неговата верна сопруга Аница.
ДЕЛУМНО ЗАКОНСКО ПРИЗНАНИЕ
Откако ги раскина блиските врски со Советскиот Сојуз во 1948 год., Тито ја децентрализираше власта и постепено му даваше сѐ поголема слобода на народот. Иако режимот сѐ уште беше социјалистички, имаше поголема толеранција кон религијата.
Властите повикаа претставници на Јеховините сведоци на една средба и им предложија да состават нов писмен нацрт со права и одговорности на Заедницата, кој би овозможил законско признавање на делото на Сведоците. Браќата составија ваков нацрт и, на 9 септември 1953 год., Јеховините сведоци повторно беа законски регистрирани во Југославија.
Додека во другите комунистички земји браќата беа присилно раселувани, Сведоците во Југославија можеа слободно да се состануваат во сали кои се водеа како верски објекти. Освен тоа, ова им овозможи на браќата во Македонија да добиваат литература и да контактираат со Бетелот во Загреб. Но, иако Јеховините сведоци беа законски признати како верска заедница во 1953 год., дури по 38 години можеа слободно да проповедаат од куќа до куќа.
Во тој период, проблемите не престанаа. Бидејќи браќата остануваа неутрални, властите гледаа на нивното проповедање како на ширење пропаганда. Државната тајна полиција и нејзините доушници многу го отежнуваа проповедањето. Браќата што беа фатени како проповедаат можеа да бидат уапсени и парично казнети. Во еден извештај стоеше: „Апсењата и кривичните постапки продолжуваат. Ова особено е случај во Словенија, каде што католичката црква има силно влијание и каде што полицијата и нејзините агенти постојано набљудуваат голем број Јеховини слуги со цел да ги фатат како ја проучуваат Божјата Реч со заинтересираните. Но, браќата се решени да им ги осуетат намерите на прогонителите и да му се покоруваат на Бог, а не на луѓето“.
„ПРЕТПАЗЛИВИ КАКО ЗМИИ“
Кога проповедаа по селата во Словенија, браќата обично прво ги прашуваа домаќините да не продаваат јајца. Ако цената беше добра, ќе купеа јајца за да не предизвикаат сомневање. Кога ќе купеа доволно јајца, во следните куќи ги прашуваа домаќините да не продаваат дрва за огрев. Доколку проценеа дека е мудро, ќе го свртеа разговорот на Библијата (Мат. 10:16).
Во околината на Загреб, браќата го обработуваа подрачјето систематски, но без да привлекуваат внимание. Еден начин беше да сведочат во секоја десетта куќа. На пример, ако требаше да проповеда од првата куќа, објавителот одеше во куќите со број 1, 11, 21, 31 итн. Благодарение на нивниот труд, мнозина слушнаа за Јехова. Но, бидејќи не беше лесно да се проповеда од куќа до куќа, најчесто се проповедаше неформално.
Во Србија, браќата одржуваа состаноци во приватни домови. Дамир Поробиќ раскажува како се одржувале состаноците во куќата на баба му по Втората светска војна: „Обично доаѓаа од пет до десет луѓе. Куќата на баба ми беше идеална затоа што имаше излез на две улици. Така сите можеа да дојдат и да си одат, без да изгледа сомнително“.
Вероника Бабиќ е родена во Хрватска, а нејзиното семејство почнало да проучува во средината на 1950-тите. Се крстила во 1957 год., по што се преселила со маж ѝ во Сараево. Милица Радишиќ од Славонија се крстила во 1950 год. И нејзиното семејство се преселило во Босна. Овие семејства почнале да ја проповедаат добрата вест за Царството во Босна. Како и насекаде во Југославија, и тие морале да бидат многу претпазливи додека проповедале. Вероника раскажува: „Нѐ пријавуваа во полиција, а литературата ни ја одземаа. Нѐ апсеа, нѐ сослушуваа, ни се закануваа дека ќе нѐ стават в затвор и нѐ казнуваа парично. Но, ништо од тоа не нѐ обесхрабри и не нѐ уплаши. Напротив, ни ја зајакна верата во Јехова“.
Милица раскажува: „Еден ден, во Салата на Царството дојде еден човек кој се интересираше за вистината. Сите срдечно го примивме, па дури и некое време престојуваше кај некои браќа. На состаноците коментираше со одушевеност. Но, еднаш нашата ќерка, додека беше на работа, го видела како оди на состанок со тајната полиција. Тогаш сфативме дека полицијата го имаше пратено за да нѐ шпионира. Бидејќи се дозна дека е поврзан со полицијата, тој престана да доаѓа“.
ПРВИТЕ САЛИ НА ЦАРСТВОТО
Пред да добијат законско признание, на Јеховините сведоци им беше забрането да се собираат по куќи. Бидејќи браќата сепак го правеа тоа, се изложуваа на опасност да бидат уапсени. Меѓутоа, дури и откако добија дозвола јавно да се состануваат, не беше лесно да се најдат соодветни места затоа што многу луѓе не ги сакаа Јеховините сведоци и не сакаа да им издадат простории. Затоа браќата решија да купат објекти во кои ќе се состануваат.
Набрзо најдоа една работилница во центарот на Загреб. Ја преуредија во убава Сала на Царството со 160 места за седење, а до неа направија и мала канцеларија за печатење литература. Во оваа Сала на Царството се одржуваа и собири и конгреси. Браќата почнаа да ја користат во 1957 год., кога за првпат се одржа конгрес за Сведоците од цела Југославија. Неколку години подоцна, беше купена куќа во центарот на Загреб на улица Камауфова. Таа служеше како Бетел од 1963 до 1998 год.
Во 1957 год., браќата купија куќа во Белград, во која се наоѓаа просториите на Бетелот, како и една Сала на Царството. По некое време, во Љубљана беше купена коњушница, која беше преуредена во Сала на Царството. Во 1963 год., браќата во Сараево преуредија една гаража во Сала, која ја користеше првото собрание во Босна и Херцеговина. На некои од овие објекти имаше многу работа. Но, браќата великодушно се даваа себеси и своите материјални средства, а Јехова го благослови нивниот труд.
ПАТУВАЧКИТЕ НАДГЛЕДНИЦИ ПРИДОНЕСУВААТ ЗА ДУХОВЕН НАПРЕДОК
Во 1960 год., покраински надгледници почнаа да ги посетуваат собранијата за да им помагаат и да ги храбрат. Некои браќа беа замолени да служат како покраински надгледници за време на викендите. Тие во текот на седмицата одеа на работа, а за време на викендите ги посетуваа браќата, ги храбреа и ги поттикнуваа да бидат обединети.
„Околу една година, за време на викендите, заедно со жена ми служев како покраински надгледник“, раскажува Хенрик Ковачиќ, член на Одборот на подружницата во Хрватска. „Подоцна и полновремено служев во тоа својство. Браќата живееја многу сиромашно, и често спиевме во куќи без водовод и канализација. Но, браќата беа многу благодарни за нашите посети и секогаш нѐ пречекуваа со голема љубов и гостопримство. Често ни го отстапуваа својот кревет и ни подготвуваа јадење, иако и самите имаа многу малку. Бидејќи не сакавме да им бидеме товар, во некои собранија секоја вечер спиевме кај друго семејство.“
„Иако не беше лесно да се служи како покраински надгледник за време на викендите, за мене тоа беше најубавото искуство“, вели Шандор Палфи, кој сега служи во Одборот на земјата во Србија. „Браќата со душа чекаа да дојдеме. Беа сиромашни, но правеа сѐ за да нѐ пречекаат најубаво што можат. За нив посетата на покраинскиот надгледник беше нешто посебно.“
Додека служеше како покраински надгледник, Милош Кнежевиќ ја надгледуваше и работата на Бетелот во Југославија. За време на комунистичкиот режим, брат Кнежевиќ помогна да се решат многу судски случаи во корист на нашите браќа.
ПРЕКРАСЕН НАПРЕДОК ВО МАКЕДОНИЈА
Во 1968 година, еден млад човек од Кочани бил на факултет во Загреб и таму ја запознал вистината. Кога се вратил дома, им зборувал за добрата вест на своите роднини и пријатели.
„Тој младич ми беше прв братучед“, раскажува Стојан Богатинов, првиот крстен Сведок во Кочани. „Работев како келнер, и понекогаш со колегите разговаравме за религија. По еден таков разговор, во ресторанот дојде еден служител во православната црква. Додека го послужував, го прашав дали би можел да добијам Библија од црквата, зашто навистина сакав да дознаам повеќе за Бог. Тој ми рече дека ќе се потруди да ми набави. Наскоро имав свој примерок од ‚Новиот завет‘. Толку бев среќен, што одвај чекав да одам дома за да почнам да читам.
Се изненадив кога на пат кон дома го сретнав братучед ми, кој беше дојден од Загреб. Ме викна на гости, но му реков дека не можам зашто брзам дома за да ја читам Библијата. ‚Имам нешто интересно за тебе‘, ми рече тој. ‚Дома имам книги што ќе ти помогнат да ја разбереш Библијата.‘ Отидовме кај него и многу бев радосен кога видов дека ја има целата Библија, неколку брошури и неколку списанија Стражарска кула на хрватски јазик. Ми ги даде публикациите и веднаш почнав да ги читам. Не ми требаше многу за да сфатам дека читам нешто посебно. Не се знаев со ниеден Јеховин сведок, но сакав да ги запознаам.
Кога братучед ми се врати во Загреб, и јас отидов со него. Таму, еден гостољубив Сведок, Ивица Павлаковиќ, ме покани на гости и останав кај него три дена. Го преплавив со прашања, а тој секогаш ми одговараше користејќи ја Библијата. Тоа ми остави силен впечаток. Отидов на еден собраниски состанок и бев одушевен од срдечноста на браќата.
Ивица ме одведе и во Бетел. Оттаму си заминав со полно срце и со полни раце литература. По тие неколку незаборавни денови, се вратив во Кочани со духовното богатство што го најдов. Бидејќи во близина немаше Сведоци, почнав редовно да се допишувам со Ивица. Јас му праќав писма полни со прашања, на кои тој ми одговараше. Така научив многу работи и почнав да им ги кажувам и на другите. И жена ми и децата се заинтересираа. Наскоро сите во семејството бевме обединети во вистината и многу научивме за Библијата. Бевме среќни и почнавме ревносно да им ја зборуваме добрата вест на роднините и на пријателите. Мнозина од нив нѐ слушаа. Но, со проповедањето дојде и противењето.“
НЕЗАБОРАВЕН КОНГРЕС ВО ГЕРМАНИЈА
Иако нашите браќа во Југославија не беа толку изолирани како Сведоците во другите комунистички земји, беа малкумина и копнееја од прва рака да ја почувствуваат љубовта на нашето меѓународно братство. Затоа, кога дознаа дека во 1969 год. се планира меѓународен конгрес со тема „Мир на Земјата“, побараа дозвола од властите за да патуваат на конгресот. Беа пресреќни кога добија одобрение!
Конгресот се одржа на големиот стадион во Нирнберг (Германија), каде што само неколку децении пред тоа Хитлер, кој се закани дека ќе ги истреби Јеховините сведоци, парадираше со своите трупи. Програмата беше изнесена на многу јазици, а делегатите од Југославија многу се израдуваа кога дознаа дека ќе можат да ги слушаат говорите на својот јазик. За нив беше резервиран дел од еден спортски терен опкружен со дрвја, во близина на главниот стадион. На средината на теренот беше поставен голем подиум. Делегатите од едната страна ја слушаа програмата на српско-хрватски, а делегатите на спротивната страна слушаа на словенечки. Браќата научија многу на овој осумдневен конгрес, и тоа им ја зајакна верата!
За делегатите од сите краеви на Југославија беше организиран превоз со возови и со автобуси. Еден брат кој патувал од Хрватска раскажува: „Бевме пресреќни што ќе бидеме заедно со нашите браќа и сестри. Затоа, на прозорците на нашиот вагон гордо ставивме натписи со најава на конгресот“.
Браќата беа многу радосни што имаа можност да ги видат и да ги чујат Натан Нор и Фредерик Франц од светското седиште. Еден од делегатите раскажува: „Не можевме да го скриеме одушевувањето кога дојдоа во нашиот сектор за да нѐ поздрават“. Благословите што ги доживеаја браќата од Југославија ги надминаа сите жртви што мораа да ги направат за да присуствуваат. „За да отидеш на конгресот, беа потребни две месечни плати“, вели Милосија Симиќ која патувала од Србија. „Освен тоа, беше тешко да се добијат десет слободни денови од работа. Не знаев дали сѐ уште ќе имам работа кога ќе се вратам, но бев решена да одам. Беше неверојатно! До ден-денес, по речиси 40 години, ми потекуваат солзи радосници кога ќе се сетам на тој конгрес.“ Откако заедно со Сведоците од цела Југославија го почувствуваа единството што владее во нашето меѓународно братство, браќата се вратија дома зајакнати за предизвиците што ги чекаа.
ДОМАШНИТЕ ПИОНЕРИ СТАПУВААТ НА СЦЕНА
Пионерите од Германија што дојдоа во почетокот на 1930-тите завршија голема работа во ширењето на добрата вест. Но, со порастот на објавителите, сѐ повеќе домашни браќа почнуваа со пионерска служба. На пример, искусни пионери од Словенија беа спремни да служат во други делови од Југославија каде што имаше поголема потреба од објавители. Тие храбро се соочија со предизвиците — да научат нов јазик и да се навикнат на друга култура.
Сестра Јоланда Коцјанчич раскажува: „Пристигнав во Приштина, најголемиот град во Косово, каде што се зборува албански и српски. Иако ни јас ни Минка Карловшек не ги знаевме тие јазици, решивме да почнеме да проповедаме и така да учиме. Во првата куќа во која заѕвонивме, ни отвори најстариот син на една вдовица од Чешка. Му се обративме на словенечки, мешајќи со српски зборови и му рековме: ‚Сакаме да зборуваме со вашето семејство за добрата вест од Библијата‘.
‚Влезете‘, ни рече тој. ‚Мајка ми ве очекува.‘
Кога влеговме, неговата мајка, Ружица, веднаш дојде да нѐ поздрави. Ни објасни дека две седмици пред да дојдеме го молела Јехова да испрати кај неа некој што ќе ѝ помогне да го запознае подобро. Нејзината сестра, која е Јеховин сведок и живее во Чешка, постојано ѝ велела да му се моли на Јехова да ѝ помогне. Ружица беше уверена дека нашата посета е одговор на нејзината молитва. Така, таа нѐ учеше српски, а ние, пак, ја учевме неа за Библијата. Кај неа живееја под кирија студенти кои исто така почнаа да ја проучуваат Библијата. Еден од нив ни даде албански речник, кој го користевме да го научиме тој јазик“.
Зоран Лаловиќ од Црна Гора бил дете кога добил Библија од еден пионер од Загреб. Пет години подоцна, во 1980 год., дошол еден специјален пионер од Србија и ја проучувал Библијата со него. „Ми беше тешко да ги прекинам врските со друштвото од дискотеката“, раскажува Зоран. „Но, кога конечно го направив тоа, брзо напредував и по неколку месеци се крстив во Белград. Веднаш потоа добив задача да одржам јавно предавање, зашто немаше доволно браќа. Исто така, почнавме да ги одржуваме сите состаноци во Подгорица.“
КРШТАВАЊЕ ВО ОРИЗНИТЕ ПОЛИЊА
„Јас ги крштавав оние што беа спремни за крштавање“, вели брат Стојан Богатинов. „Немавме када, а блиската река беше многу плитка. Но, во нашата околија има многу канали за наводнување на оризните полиња. Некои од тие канали беа доволно длабоки и чисти за крштавање. Се сеќавам на првото крштавање во едно оризно поле. Додека одевме низ нивата до каналот, некој ми довикна: ‚Стојане, си викнал нови аргати!‘
‚Да, да‘, реков јас, ‚имаме многу работа.‘ Луѓето не беа свесни дека ние бевме аргати во духовната жетва што се одвиваше во Македонија.“
Браќата во Македонија немаа многу контакти со Бетелот и требаше да учат уште многу за да ги вршат работите на теократски начин. Стојан Стојмилов почнал да оди на состаноци во Германија и, кога се вратил во Македонија, бил многу радосен што и во Кочани нашол Сведоци. Тој вели: „Кога им кажав на браќата како се одржуваат состаноците во Германија, тие веднаш ме замолија да го водам Проучувањето на Стражарска кула и да одржам јавно предавање. Им објаснив дека сѐ уште не сум крстен, но тие беа упорни тврдејќи дека јас ќе го направам тоа најдобро. Се согласив и го направив тоа што ме замолија. Јас и жена ми добро напредувавме и се крстивме во оризните ниви.“
Веселин Илиев, кој сега служи како старешина во Кочани, објаснува: „Немавме големо познавање за теократската организација, но имавме голема љубов за вистината“. Со текот на времето, Јехова се погрижи сѐ да си дојде на свое место. На пример, тоа што имаше повеќе литература на македонски јазик многу придонесе побрзо да се шири веста за Царството и да се зајакнат собранијата.
МУДРО КОРИСТЕЊЕ НА ПОГОЛЕМАТА СЛОБОДА
Бидејќи Југославија не беше под руска контрола, луѓето имаа поголема слобода отколку во земјите зад таканаречената „железна завеса“. Кон крајот на 1960-тите, Југославија беше првата комунистичка земја што ги укина визите и ја намали контролата на границите. Бидејќи имаа поголема слобода да патуваат, нашите браќа од северниот дел на земјата се нафатија скришно да носат литература во земјите што се граничеа со Советскиот Сојуз во кои проповедањето сѐ уште беше под забрана.
Најпрво, браќата со товарни комбиња ја внесуваа литературата од Германија во Југославија. Ѓуро Ландиќ, кој служи во Одборот на подружницата во Хрватска, се сеќава дека нивната куќа се користела како складиште за литература сѐ до падот на Советскиот Сојуз. „Сите имавме автомобили со дупло дно и со скришни прегради под контролната табла“, раскажува Ѓуро. „Знаевме дека, ако нѐ фатат, ќе ни ги одземат автомобилите и ќе завршиме в затвор, но сепак бевме спремни да ризикуваме. Кога им ги предававме пакетите на браќата, толку се радуваа што плачеа. Тоа секогаш нѐ мотивираше повторно да одиме, без оглед на трошоците и ризикот.“
Сестра Милосија Симиќ пренесуваше литература од Србија во Бугарија. Таа вели: „Никогаш не знаев на кого треба да му ја предадам литературата — ја добивав само адресата. Еднаш, се симнав од автобусот и ја најдов куќата, но немаше никој дома. Прошетав наоколу и дојдов до куќата од друг правец. Повторно чукнав, но сѐ уште немаше никој. Го направив истото десетина пати во текот на денот. Се разбира, бев внимателна за да не се посомнева некој, но не успеав да најдам никого дома. И добро што излезе така, зашто подоцна дознав дека сум добила погрешна адреса.
Бидејќи вложив многу труд за да ја копирам и да ја исчукам на машина целата таа литература, се најдов во недоумица. Не можев едноставно да ја фрлам. Затоа, решив да ја вратам во Србија каде што ќе може добро да се искористи. Но, иако имав повратен билет, требаше да купам билет за автобус за да стигнам до железничката станица. Обично браќата на кои им ја носев литературата ми даваа пари за билет. Така правевме затоа што во земјата можеше да се внесе само ограничена сума пари. Додека одев кон билетарата, се молев на шалтерот да биде жена. Само што стигнав таму, човекот што седеше на шалтерот стана и на местото седна една жена. Во замена за билет, ѝ ја понудив облеката во која беше завиткана литературата. Таа се согласи да ја земе и ми даде билет“.
Во почетокот на 1980-тите, браќата ја преведуваа литературата на албански и македонски јазик и ги праќаа ракописите до малата канцеларија во Белград. Таму Милосија ги отчукуваше на машина. Користеше индиго за да направи осум примероци одеднаш. Ова не беше воопшто лесно затоа што мораше да чита рачно напишан текст и тоа на јазик што не го разбира.
МЛАДИ БРАЌА КОИ ОСТАНАА НЕПОКОЛЕБЛИВИ
Иако официјално имавме слобода на вероисповед, власта гледаше на нашата неутралност како на закана за единството на Југославија. Поради тоа, браќата имаа многу проблеми. За време на Втората светска војна, мнозина дури и го изгубија животот затоа што останаа неутрални. Но, во следните три децении, не покажаа сите таква цврста вера. Некои доаѓаа на состаноците и проповедаа, но кога ќе беа повикани во војска, си наоѓаа изговори да го прифатат повикот.
Младите браќа што решија да останат неутрални можеа да добијат до десет години затвор. Освен тоа, можеа да бидат осудени повеќепати пред да наполнат 30 години. Некои од оние што останаа непоколебливи и не ги погазија своите уверувања беа прилично нови во вистината. Многу од нив сега се одговорни браќа што предводат во собранијата.
ЕМОТИВЕН МЕЃУНАРОДЕН КОНГРЕС
Јеховините сведоци во Југославија никогаш порано не почувствувале колкава радост е да бидеш домаќин на меѓународен конгрес. Затоа, разбирливо е што беа пресреќни кога во 1991 год. Водечкото тело објави дека еден од меѓународните конгреси „Љубители на слободата“ ќе се одржи во Загреб!
Меѓутоа, имаше многу проблеми. Откако Хрватска прогласи независност од Југославија, над овие простори се надвиснаа тешките облаци на војната. Дали е мудро да се одржи конгресот? Безбедноста на странските и домашните делегати беше најважна од сѐ. По многу молитви и размислување, браќата решија да продолжат со подготовките.
Теодор Џерес, член на Водечкото тело, допатува во Хрватска неколку седмици пред конгресот за да помогне околу организацијата. Бидејќи сите други јавни настани во Загреб беа откажани, вниманието на јавноста беше свртено кон она што се случуваше на стадионот на Динамо. Како што се приближуваше времето за конгресот, ситуацијата во земјата стануваше сѐ понесигурна. Секој ден браќата ги одмеруваа ризиците, поставувајќи си го секогаш одново истото прашање — дали да продолжат со подготовките или да го откажат конгресот? Без престан му се молеа на Јехова, барајќи водство од него. За чудо, политичката ситуација се стабилизира и браќата можеа да го одржат конгресот од 16 до 18 август 1991 год.
Тешко е да се замисли поголем контраст. Земјата беше на работ на војна, а Јеховините сведоци во Хрватска пречекуваа илјадници гости на меѓународниот конгрес „Љубители на божествената слобода“.b Додека мнозина бегаа од Југославија, браќа и сестри од 15 земји слободно се собраа на конгресот, исполнети со христијанска љубов. Големи групи делегати пристигнуваа со авиони од САД, Канада и други западни земји. Поради воената состојба, аеродромот во Загреб беше затворен, па авионите мораа да слетуваат во Љубљана. Оттаму делегатите патуваа со автобус до Загреб. Нивната храброст беше извонредно сведоштво за домашното население, а за браќата беше извор на огромно охрабрување. Последната група од околу 3.000 делегати пристигна од Италија. Со својата топлина, срдечност и радост, тие ја распламтеа атмосферата на конгресот (1. Сол. 5:19).
Верата на браќата особено ја зајакнаа петте члена на Водечкото тело. И ден-денес мнозина со задоволство зборуваат за говорите што ги одржаа Кери Барбер, Лојд Бери, Милтон Хеншел, Теодор Џерес и Лајман Свингл. Не плашејќи се од напнатата состојба во земјата, овие браќа со долгогодишно искуство зад себе, смело дојдоа на конгресот за да ги зајакнат браќата со своите охрабрувачки говори.
Поради политичките немири, властите се плашеа да не дојде до етнички судири меѓу делегатите од разните делови на Југославија. Но, сигурно им беше големо олеснување кога видоа дека, не само што седеа заедно во мир, туку и си покажуваа срдечна братска љубов. Затоа, секој ден имаше сѐ помалку полицајци.
Овој незаборавен конгрес покажа дека Јеховините сведоци се вистинско меѓународно братство. Спомените за него им помогнаа на браќата да го зачуваат единството во тешките времиња што следеа. Автобусите со кои делегатите од Србија и Македонија се вратија дома беа меѓу последните возила на кои им беше дозволено да ја поминат границата меѓу Хрватска и Србија. Веднаш откако безбедно преминаа во Србија, таа беше затворена. Мнозина велат дека токму тогаш почна војната.
Во наредните месеци и години, републиките што порано ја сочинуваа Југославија станаа независни држави со своја влада. Војната што го потресе ова подрачје одзеде десетици илјади животи и предизвика невидено страдање. Што се случуваше со браќата во тие бурни години? Како Јехова го благослови проповедањето за Царството во овие независни држави? Да видиме.
Босна и Херцеговина во современа доба
„Беше 16 мај 1992 год. Тринаесет души седевме стуткани заедно во еден стан додека насекаде низ Сараево паѓаа гранати. Две од нив ја погодија зградата во која побаравме засолниште. Иако меѓу нас имаше Хрвати, Срби и Бошњаци — истите три групи кои надвор се убиваа меѓу себе — ние бевме обединети затоа што му служевме на ист Бог, Јехова. Взори, кога гранатирањето малку стивна, излеговме од станот за да се засолниме на побезбедно место. Исто како и претходната вечер, наглас и од срце му се молевме на Јехова, и тој нѐ услиши“ (Халим Цури).
Сараево, град кој тогаш имаше над 400.000 жители, се најде среде една од најдолгите и најтешки опсади во современата историја. Како нашите духовни браќа и сестри издржаа во сите тие етнички и верски судири што ја растргнаа земјата? Пред да ја раскажеме нивната приказна, да кажеме нешто повеќе за Босна и Херцеговина.
Босна и Херцеговина се наоѓа во срцето на поранешна Југославија — меѓу Хрватска, Србија и Црна Гора. На нејзините жители многу им се важни семејните врски и традициите, а големо значење ѝ се придава и на гостољубивоста. Слободното време често го минуваат пиејќи кафе со комшиите или седејќи во некое кафуле. Во Босна живеат три народи — Бошњаци, Срби и Хрвати. Иако мнозина велат дека не се многу побожни, токму религијата предизвика раздор меѓу овие луѓе. Бошњаците се муслимани, Србите се православни, а Хрватите се католици.
Во почетокот на 1990-тите дојде до загрижувачки пораст на верска нетрпеливост и на етничката омраза, кој на крајот доведе до невидено етничко чистење. Како што напредуваа, војските ги истеруваа цивилите од селата и градовите за да создадат етнички чисти подрачја за својот народ. Поради тоа, неутралноста на нашите браќа и сестри се најде на испит. Во Босна, како и во другите земји од поранешна Југославија, повеќето луѓе ја наследуваат религијата од своите родители. Верската припадност на едно семејство обично може да се препознае по презимето. Кога искрените луѓе ќе почнат да му служат на Јехова, другите може да ги сметаат за предавници на своето семејство и на своите традиции. Но, нашите браќа се уверија дека тоа што му се верни на Јехова им служи како заштита.
ГРАД ПОД ОПСАДА
Како што видовме, браќата од Југославија беа длабоко трогнати од љубовта и единството што ги почувствуваа на конгресот „Љубители на божествената слобода“, кој се одржа во Загреб во 1991 год. Овој незаборавен конгрес ги зајакна за премрежињата што ги чекаа. Во еден момент, Бошњаците, Србите и Хрватите, кои до вчера живееја заедно во мир во Сараево, одеднаш се најдоа во безизлезна ситуација кога градот беше опколен со војска и сите што беа во него — вклучувајќи ги и нашите браќа — се најдоа во стапица. Иако политичката состојба беше крајно нестабилна, никој не можеше да предвиди колку долго ќе потраат судирите.
„Луѓето гладуваат“, напиша во тоа време Халим Цури, старешина од Сараево. „Секој месец добиваат само по неколку килограми брашно, сто грама шеќер и половина литар масло. Секоја слободна површина се користи за да се засади зеленчук. Луѓето ги сечат дрвјата во градот за огрев. Кога ќе снема дрвја, го вадат паркетот од подот и го користат за греење и за готвење. Користат сѐ што може да гори, дури и стари обувки.“
Кога почна опсадата на Сараево, Лилјана Нинковиќ и маж ѝ Ненад останале на едната страна од градот, а нивните две ќерки на другата. „Бевме просечно семејство со две деца, стан и автомобил“, вели Лилјана. „Но, одеднаш сѐ се промени.“
Сепак, честопати можеле да ја почувствуваат Јеховината заштита. „Нашиот стан двапати беше погоден од граната, и тоа само неколку минути откако ќе излезевме“, продолжува Лилјана. „Иако беше тешко, наоѓавме радост во малите работи. На пример, бевме среќни кога ќе отидевме во паркот и ќе наберевме листови од глуварче од кои правевме салата за да не мора да јадеме само ориз. Научивме да бидеме задоволни со она што го имаме и да не ги земаме работите здраво за готово.“
ГРИЖА ЗА ФИЗИЧКИТЕ И ЗА ДУХОВНИТЕ ПОТРЕБИ
Еден од најголемите проблеми беше недостигот на вода. Во домовите ретко имаше вода. Луѓето мораа да пешачат по 5 километри за да дојдат до неа, и тоа низ делови од градот кои беа на нишан на снајперистите. Кога ќе стигнеа до местото каде што можеа да наполнат вода, мораа со часови да чекаат да дојдат на ред, а потоа полека се враќаа дома со тој тежок товар.
„Вистински испит беше кога ќе чуевме дека на кратко ќе пуштат вода во домовите“, раскажува Халим. „За тоа кратко време сите ќе можеа да се истушираат, да си ги исперат алиштата и да наполнат вода во колку што е можно повеќе садови. Но, што ако тој долгоочекуван момент дојдеше во исто време кога имавме состанок? Моравме да одлучиме — или ќе одиме на состанок или ќе останеме дома да наполниме вода.“
Иако мораа да се грижат за основните физички потреби, браќата беа свесни колку е важно да не ги занемарат своите духовни потреби. На состаноците не добиваа само духовна храна туку можеа да дознаат и кој е во затвор, кој е ранет, па дури и кој загинал. „Бевме како едно семејство“, раскажува Милутин Пајиќ, кој служи како собраниски старешина. „По состанокот, никој не сакаше да си оди дома. Обично со часови останувавме заедно и зборувавме за вистината.“
Тоа беа тешки времиња и браќата често се плашеа за својот живот. Сепак, служењето на Јехова им беше на прво место. Додека војната беснееше, уште повеќе се зближија меѓу себе и со својот небесен Татко. Децата гледаа како нивните родители верно му служат на Јехова, па и самите беа исто толку непоколебливи и верни.
Градот Бихаќ, во близина на границата со Хрватска, беше изолиран речиси четири години. Никој не можеше да излезе од него, а не можеше да се достави ни хуманитарната помош. Осман Шаќирбеговиќ, кој во тоа време беше единствениот брат во Бихаќ, вели: „Најтешко беше на почетокот од војната, и тоа не толку поради лошата ситуација туку затоа што се соочивме со нешто ново, нешто што никогаш порано не го бевме доживеале. Иако звучи чудно, кога почна гранатирањето, напнатоста попушти бидејќи наскоро сфативме дека нема секоја граната да убие некого. Некои гранати не ни експлодираа“.
Бидејќи никој не можеше да предвиди колку ќе трае војната, Бетелите во Загреб и во Виена организираа собирање и испраќање на хуманитарна помош која потоа се складираше во Салите на Царството и во домовите на Сведоците во Сараево, Зеница, Тузла, Мостар, Травник и Бихаќ. Како што војната сѐ повеќе се разгоруваше, градовите преку ноќ ќе се најдеа под опсада. Тогаш повеќе не можеше да се внесува хуманитарна помош, па резервите брзо пресушуваа. Но, и покрај тоа што многу градови во Босна беа отсечени од светот, меѓу Јеховините сведоци владееше нераскинлива братска љубов. Тоа беше во остра спротивност со етничката и верската омраза која се ширеше низ земјата уништувајќи сѐ пред себе.
РЕВНОСНИ, НО ПРЕТПАЗЛИВИ
Освен што не беше лесно луѓето да се грижат за основните животни потреби, ситуацијата додатно ја отежнуваа снајперистите кои беа распоредени околу Сараево и пукаа во недолжните цивили. Дождот од гранати продолжи да сее смрт од небото. Понекогаш движењето низ градовите што беа под опсада беше многу опасно. Луѓето постојано живееја во страв. Но, постапувајќи и мудро и смело, нашите браќа не престанаа да им ја пренесуваат добрата вест за Царството на луѓето на кои очајно им беше потребна утеха.
Еден старешина раскажува: „За време на еден од најжестоките напади на Сараево, паднаа илјадници гранати во само еден ден. Тоа саботно утро браќата им се јавија на старешините и ги прашаа: ‚Каде ќе биде состанокот за проповедање?‘“
„Гледав дека на луѓето очајно им е потребна вистината“, вели една сестра. „Токму тоа ми помогна не само да истрајам, туку и да бидам радосна и покрај тешките околности.“
Многу луѓе станаа свесни дека им е потребна надежта што ја дава Библијата. Еден брат тогаш кажа: „Наместо ние да одиме кај нив, луѓето сами доаѓаат кај нас бидејќи сакаат да учат за Бог. Едноставно доаѓаат во Салата на Царството и бараат некој да ја проучува Библијата со нив“.
Успехот што го имаа браќата во проповедањето за време на војната во голема мера се должеше на нивното единство кое сите можеа јасно да го видат. „Тоа беше големо сведоштво“, раскажува сестра Нада Бешкер, која веќе со години служи како специјален пионер. „Многу луѓе гледаа како браќа од муслиманско и српско потекло проповедаат заедно. А кога ќе видеа како сестра со хрватско потекло и сестра што порано била муслиманка проучуваат со една Србинка, едноставно мораа да признаат дека сме поинакви од другите луѓе.“
Резултатите од ревноста на нашите браќа се гледаат до ден-денес бидејќи мнозина што сега му служат на Јехова ја прифатија вистината за време на војната. На пример, бројот на објавители во собранието во Бања Лука двојно се зголеми, иако стотина објавители се преселија во други собранија.
ВЕРНО СЕМЕЈСТВО
Нашите браќа секогаш беа многу претпазливи. Сепак, некои настрадаа како последица на „непредвидените настани“ (Проп. 9:11). Едноставно, се нашле на погрешно место во погрешно време. Божо Ѓорем, по потекло Србин, се крстил на меѓународниот конгрес во Загреб во 1991 год. Откако се вратил во Сараево, повеќепати лежел затвор, каде што бил малтретиран поради својот неутрален став. Во 1994 год., бил осуден на 14 месеци затвор. Најтешко му било што не можел да биде со својата жена, Хена, и со нивната петгодишна ќерка, Магдалена.
Но, кратко откако Божо бил пуштен од затвор, се случила тешка трагедија. Едно мирно попладне, тројцата тргнале на една библиска студија во близина на нивната куќа. Додека оделе натаму, одеднаш одекнала силна експлозија од артилериска граната. Хена и Магдалена загинале на лице место, а Божо починал подоцна во болницата.
ХРИСТИЈАНСКА НЕУТРАЛНОСТ
Поради сѐ посилните предрасуди, речиси никој немаше разбирање за неутралниот став на браќата. Собранието во Бања Лука се состоеше главно од млади браќа кои војската сакаше да ги испрати на боиштата. Поради тоа што беа решени да останат неутрални, честопати беа тепани.
Осман Шаќирбеговиќ раскажува: „Полицајците честопати нѐ сослушуваа и нѐ нарекуваа кукавици затоа што не сакавме да земеме оружје и да ги браниме своите семејства“.
Обично Осман ги прашувал полицајците: „Вашиот пиштол ви е заштита, нели?“
„Се разбира“, одговарале полицајците.
„Би го замениле ли за топ за да имате подобра заштита?“
„Да.“
„А дали топот би го замениле за тенк?“
„Нормално.“
„Би го направиле сето тоа за да се заштитите што е можно подобро“, им велел Осман на тоа. „А мене ме штити Семоќниот Бог Јехова, Творецот на вселената. Зарем би можел да имам подобра заштита?“ Полицајците сфаќале што сака да им каже и го оставале на мир.
ПРИСТИГНУВА ХУМАНИТАРНА ПОМОШ
Иако браќата од околните земји знаеја дека Сведоците во Босна живеат во многу тешки услови, едно време не беше возможно да испратат хуманитарна помош. Но, во октомври 1993 год., властите дадоа до знаење дека постои можност да се внесе хуманитарна помош во земјата. И покрај опасноста, нашите браќа решија да го искористат тоа. На 26 октомври, пет камиони натоварени со 16 тони храна и огревно дрво, тргнаа од Виена за Босна. Како ќе помине овој конвој низ многуте подрачја на кои сѐ уште се водеа жестоки борби?c
Во текот на патувањето, браќата неколкупати се најдоа во смртна опасност. „Едно утро тргнав доцна“, раскажува еден од возачите. „Возев зад неколку други камиони кои исто така носеа хуманитарна помош. Додека се приближував до еден контролен пункт, сите камиони застанаа зашто војската ги проверуваше документите. Одеднаш се слушна снајперски истрел и видовме дека е погоден еден возач кој не беше Сведок.“
Бидејќи само на возачите им беше дозволено да влезат со камионите во Сараево, останатите браќа што патуваа со нив мораа да чекаат надвор од градот. Но, не се откажаа од намерата да ги охрабрат браќата во градот. Некако пронајдоа телефон, и им се јавија на објавителите во Сараево за да се соберат. Така, телефонски одржаа охрабрувачко јавно предавање кое им беше многу потребно на тие браќа. Во текот на војната, патувачките надгледници, бетелските слуги и членовите на Одборот на земјата многу пати си го ризикуваа животот за да им помогнат на своите браќа да опстанат, и физички и духовно.
Речиси четири години на браќата во Бихаќ не можеше да им се достави помош. Но, иако дословната храна не можеше да ги помине барикадите околу градот, нашите браќа успеваа да се снабдат со духовна храна. Како? Имаа пристап до еден телефон и факс, преку кои одвреме-навреме ја добиваа Нашата служба за Царството и некои броеви на Стражарска кула. Потоа ја умножуваа литературата на машина за пишување за да може секое семејство да има по еден примерок. Кога почна војната, во Бихаќ имаше само тројца крстени објавители. Имаше и 12 некрстени објавители, кои две години желно ја чекаа првата прилика за да можат да се крстат.
На браќата им беше многу тешко затоа што беа изолирани толку долго. „Оние со кои проучував никогаш пред тоа немаа присуствувано на конгрес, ниту, пак, знаеја како изгледа посета од покраински надгледник“, раскажува Осман. „Често разговаравме за времето кога ќе можеме да уживаме во дружењето со браќата.“
Замисли си колку беа радосни браќата кога на 11 август 1995 год., во Бихаќ пристигнаа две возила со впечатливи ознаки „Јеховини сведоци — хуманитарна помош“! Тоа беа првите приватни возила што донесоа хуманитарна помош во градот откако започна опсадата! Пристигнаа токму кога браќата мислеа дека се на крај на силите — и физички и психички.
Во Бихаќ, соседите гледаа како Сведоците си помагаат едни на други. На пример, помагаа да се поправат искршените прозорци. „Моите комшии беа вчудовидени“, вели Осман, „зашто знаеја дека немаме пари. Тоа беше големо сведоштво за кое зборуваат до ден-денес.“ Во Бихаќ сега има ревносно собрание со 34 објавители и 5 пионери.
НЕЗАБОРАВНО ПАТУВАЊЕ
Нашите браќа повеќе пати си го ризикуваа животот за да однесат храна и литература до разорените градови во Босна. Но, патувањето на кое тргнаа на 7 јуни 1994 год., беше нешто посебно. Рано утрото, од Загреб тргнаа три камиони во кои беа членовите на Одборот на земјата и други браќа. Целта им беше да однесат хуманитарна помош и да одржат посебен собир со скратена програма — првпат по три години!
Еден од градовите во кои се одржа овој посебен собир беше Тузла. Кога почна војната, во собранието во Тузла имаше само 20-ина објавители. Колку се изненадија браќата кога дојдоа околу 200 луѓе на собирот! Се крстија 30 лица. Денес во Тузла има три собранија со над 300 објавители.
Во Зеница, браќата успеаја да најдат место каде ќе го одржат собирот, но не можеа да најдат соодветен базен за крштавање. На крајот, најдоа едно буре што можеше да се употреби за таа цел. Единствениот проблем беше што имаше непријатен мирис затоа што претходно во него се чувале риби! Меѓутоа, на оние што го прифатија повикот на Исус да бидат „рибари на луѓе“ и сакаа да се крстат, тоа воопшто не им пречеше (Мат. 4:19). Говорот за крштавање го одржа Херберт Френцел, кој сега е член на Одборот на подружницата во Хрватска. Тој раскажува: „Толку долго чекаа да се крстат што ништо не можеше да ги спречи! По крштавањето, се чувствуваа како да извојувале голема победа!“ Денес во Зеница има ревносно собрание со 68 објавители.
Во Сараево, програмата можеше да се одржи само во близината на една раскрсница која постојано беше изложена на снајперски оган. Кога браќата безбедно пристигнаа на собирот, се најдоа во недоумица — како да се пронајде место за крштавање, но и како да не се излее водата која беше скапоцена во тоа време. За да има доволно вода да се крстат сите, кандидатите се наредија по висина и беа крштавани од најмалиот па до најкрупниот!
Тој ден, браќата и сестрите беа пресреќни! Не дозволија ужасните настани околу нив да им ја засенат неизмерната радост што ја чувствуваа затоа што заедно го обожаваа Јехова. Денес во Сараево има три напредни собранија.
ПО БУРАТА
Кога повторно се отворија патиштата за снабдување, животот стана малку полесен. Меѓутоа, етничкото чистење и насилното протерување продолжија. Ивица Арабаџиќ, старешина кој служи во Хрватска, раскажува како тој и семејството биле истерани од својот дом во Бања Лука. „Дојде еден човек со пушка во рацете и ни рече да си одиме, зашто тоа сега е негова куќа. Него го избркале од сопствената куќа во Шибеник, затоа што е Србин. Сега сакаше ние да си одиме од дома. Еден воен полицаец со кого ја проучував Библијата се зазеде за нас и ни помогна. Иако не можевме да си ја задржиме куќата, успеавме да направиме размена — нашата куќа за куќата на тој човек од Шибеник. Не беше лесно да си го оставиме домот и собранието кое ни помогна да ја дознаеме вистината, но немавме избор. Понесовме само малку работи и тргнавме да ја најдеме нашата ‚нова‘ куќа во Хрватска. Но, кога пристигнавме во Шибеник, видовме дека некој веќе се вселил во куќата што сега ни припаѓаше нам. Не знаевме што да правиме. Браќата срдечно нѐ пречекаа, а еден старешина нѐ прими во својот дом. Кај него останавме една година, додека не се реши нашето станбено прашање.
Иако во Босна и Херцеговина сѐ уште се чувствува политичка нестабилност, библиската вистина се шири во оваа земја во која речиси 40 отсто од населението се муслимани. По војната, нашите браќа изградија нови Сали на Царството. Една од нив, Салата во Бања Лука, не е само многу потребно место за состанување. Со нејзината изградба, всушност, беше извојувана значајна правна победа. Браќата со години се обидуваа да добијат дозвола за изградба на Сала на Царството во овој крај каде што Српската православна црква има многу силно влијание. По војната, иако Јеховините сведоци беа законски регистрирани, нивната молба да изградат Сала на Царството во Бања Лука беше одбиена. На крајот, по многу молитви и со голем труд, браќата ги добија потребните документи. Оваа победа претставува законски преседан за сите Сали на Царството што ќе се градат во иднина во тој дел на Босна и Хецеговина.
Верската слобода им го отвори патот на 32 специјални пионери — мнозина од нив од други земји — да помагаат на подрачјата каде што има поголема потреба од објавители. Нивната ревност во службата и нивното совесно придржување за теократскиот ред е голем благослов за собранијата.
Во Сараево, каде што нашите браќа пред повеќе од една деценија секојдневно им беа на нишан на снајперистите, денес во мир се одржуваат конгреси на кои доаѓаат делегати од сите делови на поранешна Југославија. Иако во минатиот век војните ја разорија оваа убава планинска земја, Јеховините слуги што живеат во неа уште повеќе се зближија бидејќи меѓу нив владее „нелицемерна братска љубов“ (1. Пет. 1:22). Денес, 16 собранија со 1.163 објавители во Босна и Херцеговина обединето го слават вистинскиот Бог, Јехова.
Хрватска во современа доба
Веднаш по меѓународниот конгрес во Загреб, во 1991 год., границата помеѓу Хрватска и Србија беше затворена. Војската ги уништи или постави барикади на главните патишта и мостови, па многу делегати од источниот дел на Хрватска не можеа да се вратат дома. Сведоците од другите делови на земјата покажаа искрена братска љубов — иако и самите живееја скромно, ги примија тие браќа во своите домови.
Во Загреб, сирените се слушаа дење и ноќе, предупредувајќи на опасност од воздушни напади. Луѓето трчаа во засолништа, каде што некои остануваа и по неколку седмици, па дури и месеци. Бидејќи подрумот во Бетелот беше сигурно место, градските власти одредија да служи како јавно засолниште. Така браќата имаа одлична можност да сведочат, а случајните минувачи што доаѓаа таму добиваа повеќе од засолниште. На пример, еден ден, сирените се огласија и, како и обично, луѓето што во близина се возеа во еден трамвај се стрчаа во засолништето под Бетелот. Додека сите напнато исчекуваа што ќе се случи, еден старешина од Бетел ги праша дали би сакале да гледаат дијапозитиви од меѓународниот конгрес што се одржа во Загреб само неколку месеци пред тоа. Сите се согласија и потоа рекоа дека многу им се допаднале сликите.
Поради оружените судири, беше многу тешко да се оди на состаноци. За жал, и некои Сали на Царството беа оштетени од куршумите и гранатите. Но, браќата ја ценеа духовната храна повеќе од кога и да било порано и ‚не ги пропуштаа своите состаноци‘ (Евр. 10:25). На пример, врз Шибеник шест месеци паѓаа гранати и поради тоа не беше возможно браќата да се собираат во Салата на Царството. Еден од тамошните старешини раскажува: „Живеевме надвор од градот, и проучувањето на книга и Стражарска кула се одржуваше во мојата куќа. И покрај тешката ситуација, не престанавме ревносно да проповедаме. Сведочевме во соседството и во околните села. Сите знаеја дека сме Јеховини сведоци. Гледаа дека се разликуваме од другите“.
БРАТСКА ЉУБОВ ВО ВРЕМЕ НА ВОЈНА
Многу браќа што ги изгубија домовите беа сместени кај соверниците, а собранијата преземаа сѐ што беше потребно за да им помогнат. На пример, во Салата на Царството во Осиек, браќата срдечно дочекаа едно семејство кое штотуку беше избегало од Тузла, и тоа во многу тешки околности. Сите во собранието се израдуваа кога дознаа дека сопругата е нивна духовна сестра.
Властите му дозволија на тоа семејство да се всели во една куќа, но таа беше стара и трошна. Кога браќата видоа во колку лоша состојба е куќата, веднаш притрчаа на помош. Едни донесоа шпорет, други прозорец, а трети врата и кревет. Некои донесоа градежни материјали, а други храна и дрво за огрев. Веќе следниот ден семејството имаше една соба во која можеше да живее. Сепак, на куќата ѝ требаа уште многу поправки за да може да се помине зимата во неа. Затоа собранието направи список на работите што беа потребни, а објавителите дадоа што можеа. Иако и самите беа сиромашни, успеаја да соберат сѐ што беше потребно — од лажици до ќерамиди.
Додека војната и понатаму беснееше, резервите со храна брзо беа исцрпени. Подружницата вложуваше големи напори да ги задоволи и духовните и материјалните потреби на браќата. Во соработка со Водечкото тело, подружницата организираше собирање храна, облека, обувки и лекови. Во почетокот, помошта главно доаѓаше од браќата од Хрватска, но бидејќи и самите беа во тешка ситуација, не можеа многу да направат. Во меѓувреме, и браќата од Австрија, Германија, Италија и Швајцарија почнаа великодушно да праќаат облека и лекови, како и библиска литература. Камиони пристигнуваа дење и ноќе. Ги возеа доброволци кои ги ставаа потребите на своите браќа во Хрватска пред својата лична безбедност. Од главното складиште во Загреб, хуманитарната помош се праќаше до собранијата на кои им беше потребна.
Браќата во Хрватска добиваа хуманитарна помош, но се прашуваа како да им помогнат на своите браќа во Босна. Камиони натоварени со 16 тони храна и огревно дрво се упатија накај босанската граница. Ова беше доста ризично затоа што имаше многу извештаи за паравоени единици кои пљачкаат и убиваат. Секоја средба со нив можеше да значи губење на хуманитарната помош и смрт за оние што ја пренесуваа.
Еден брат раскажува: „Возевме низ шумата, минувајќи низ многу контролни пунктови, а понекогаш и долж самата борбена линија. И покрај опасноста, безбедно стигнавме до Травник. Еден војник слушнал дека доаѓаме, па отрчал во куќата каде што беа собрани браќата. ‚Стигнаа вашите со камиони‘, извикал. Браќата беа пресреќни. Ја внесовме храната во куќата, разменивме неколку зборови, а потоа моравме да продолжиме. Требаше да однесеме помош и во други градови“.
Многу браќа испратија писма до Бетелот во Загреб, за да се заблагодарат за помошта што ја добија. Едно собрание напиша: „Многу сме ви благодарни што толку напорно работите за да можеме редовно да ја добиваме духовната храна. Ви благодариме и за хуманитарната помош што ни ја пративте — ни беше и повеќе од потребна. Од дното на душата ви благодариме за сиот ваш труд, љубов и грижа“.
Во едно друго писмо пишуваше: „Овде имаме неколку браќа што се бегалци и што немаат никакви приходи. Кога ја добија помошта и кога видоа колку многу работи имаше за нив, очите им се наполнија со солзи. Љубовта и грижата, дарежливоста и несебичноста на нивните браќа длабоко ги трогна и ги охрабри“.
Во тие тешки времиња, се вложуваа посебни напори за да можат нашите браќа да ја добиваат духовната храна која им беше неопходна за да останат цврсти во верата. Беше очигледно дека и Јеховиниот дух им помага не само да издржат во тие страшни услови, туку и да се зајакнат духовно (Јак. 1:2-4).
ПОРАКА КОЈА КРЕПИ И ВЛЕВА НАДЕЖ
Хуманитарните организации правеа сѐ што можеа за да помогнат во материјален поглед, но само Јеховините сведоци даваа помош која носи трајно решение на сите проблеми. Браќата не го чекаа крајот на војната со скрстени раце — даваа сѐ од себе за да им ја пренесат на луѓето добрата вест за Царството.
Вуковар беше еден од градовите кои претрпеа најголемо разорување. Поради тоа, повеќето жители, вклучувајќи ги и нашите браќа, мораа да бегаат од градот. Сепак, една сестра која се викаше Марија остана. Иако четири години немаше никаков контакт со браќата од Хрватска, таа ревносно продолжи да им проповеда на малкуте луѓе што останаа во градот. Нејзината ревност беше богато наградена! Колку беа изненадени браќата кога на обласниот конгрес во 1996 год. дојдоа 20 лица од Вуковар!
Нашата порака влева надеж, но има и моќ да ги менува животите на луѓето. Во почетокот на војната, еден млад војник многу брзо напредувал во една елитна единица на хрватската армија. Во 1994 год., додека чекал воз, го добил трактатот Кој навистина владее со светот? Веднаш го прочитал и дознал дека за насилствата меѓу луѓето е одговорен Сатана, а не Бог. Таа вистина му оставила силен впечаток. Една причина зошто станал војник била за да го одмазди убиството на својата 19-годишна сестра и на уште двајца членови од своето семејство кои биле убиени во текот на војната. Иако имал намера да оди во селото во кое живееле убијците, она што го прочитал во трактатот го навело да се подзамисли. Почнал да ја проучува Библијата и да се менува како личност. Се крстил во 1997 год. На крајот, сепак отишол во селото каде што живееле оние што му го убиле семејството — но не за да се одмазди. Бил радосен што можел да им ја пренесе добрата вест за Божјето Царство на луѓето кои требало да дознаат колку милостив е Бог.
Ревноста на објавителите во службата, дури и за време на најжестоките судири, придонесе за извонреден пораст во Хрватска. Од почетокот на војната во 1991 до крајот во 1995 год., бројот на пионери порасна за 132 отсто. Бројот на библиски студии порасна за 63 отсто, а бројот на објавители за 35 отсто. Нема сомнение дека браќата во Хрватска смело ја проповедаа Божјата реч, а Јехова богато го благослови нивниот труд.
САМОПОЖРТВУВАНИ БРАЌА
Кратко пред меѓународниот конгрес во 1991 год., во Хрватска пристигнаа првите мисионери од Гилеад. Тоа беа Даниел и Хелен Низан од Канада. Освен нив, беа повикани и брачни парови од другите европски земји кои знаеја хрватски.
Меѓу нив беа Хајнц и Елке Полак од Австрија. Кога беа повикани во Хрватска во 1991 год., тие служеа како специјални пионери на југословенското подрачје во Данска. Војната изби баш кога почнаа со патувачката служба. Првата покраина во која служеа опфаќаше подрачја што беа зафатени со војната — Далмација и делови од Босна. „Не беше лесно да ги посетуваме браќата во Босна за време на војната“, вели Хајнц. „Не можевме да патуваме со нашиот автомобил зашто беше многу опасно, па затоа зависевме од нередовниот јавен превоз. Не можевме да носиме многу работи — само неколку торби и една машина за пишување.
Моравме да се снаоѓаме. Еднаш, кога одевме од Тузла за Зеница, војниците го запреа автобусот. Ни рекоа дека е премногу опасно да продолжиме. Сите моравме да слеземе. Но, ние знаевме дека браќата во Зеница нѐ чекаат, па затоа почнавме да прашуваме дали некој од другите возачи може да нѐ поведе со себе. Конечно, наиде еден конвој од цистерни со гориво кои имаа исправни документи. Еден од возачите се согласи да нѐ префрли. Додека се возевме, ја искористивме приликата да му сведочиме, а тој со внимание нѐ слушаше.
Подоцна, повторно моравме да застанеме поради престрелки на патот и да продолжиме со патувањето по споредни патишта. Тие беа во многу лоша состојба, а згора на тоа имаше и многу снег. Често моравме да застануваме за да им помогнеме на другите камиони кои беа заглавени во снегот. Во еден момент, на конвојот беше отворен оган, и моравме што побрзо да заминеме од тоа подрачје. Стигнавме до градот Вареш, кој беше оддалечен околу 50 километри од нашето одредиште. Таму застанавме да преноќеваме.
Возачот спиеше на седиштата, а јас и Елке се стуткавме во задниот дел од кабината обидувајќи се да се згрееме. Тоа ми беше најдолгата ноќ во животот. Сепак, следниот ден, кога конечно стигнавме во Зеница, браќата беа пресреќни што нѐ гледаат. Навистина, сиот труд се исплати! Иако немаа ни вода ни струја, сторија сѐ за да нѐ пречекаат што е можно поубаво. Иако беа сиромашни, во духовен поглед беа богати и се гледаше дека многу ја сакаат вистината.“
Од војната до денес, во Хрватска дојдоа речиси 50 специјални пионери од Австрија, Германија, Италија и други земји. Подоцна, Јеховината организација обезбеди уште поголема помош и охрабрување со тоа што испрати уште мисионери. Овие ревносни полновремени слуги даваат голем придонес и во службата на проповедање и во собранијата.
„НЕ МИ СЕ ВЕРУВА ДЕКА ГО ДОЧЕКАВ ОВА!“
До крајот на 1980-тите, Стражарска кула излегуваше на хрватски еднаш месечно, а се преведуваше од германски на хрватски. Браќата што ја преведуваа не живееја во Бетел. Но, од 1991 год., литературата почна да ја преведува преведувачки тим во Бетел. Со текот на времето, Водечкото тело одобри да почне да се работи на Превод Нов свет на Христијанските грчки списи. Дотогаш се користеше превод стар над 150 години, кој содржеше многу застарен јазик и непознати изрази за денешниот читател. Хрватскиот тим предводеше во тој проект, а со него блиску соработуваа српскиот и македонскиот тим, па така сите имаа корист од заедничката работа и размената на знаење и искуство.
Јеховините сведоци од Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Македонија долго ќе го паметат петок, 23 јули 1999 год. На сите четири обласни конгреси „Божјата пророчка реч“ во исто време беше објавено излегувањето на Превод Нов свет на Христијанските грчки списи на хрватски и српски, а присутните беа известени дека наскоро ќе излезе и преводот на македонски. Се разлеа громогласен аплауз, па говорниците мораа да почекаат за да го довршат своето изнесување. Ѝ немаше крај на радоста, а многу делегати не можеа да ги задржат солзите радосници. „Не ми се верува дека го дочекав ова!“, рече еден долгогодишен старешина. Браќата го добија преводот на целата Библијата на овие три јазици на обласните конгреси во 2006 год.
До 1996 год., активностите на Јеховините сведоци во Хрватска и во Босна и Херцеговина ги надгледуваше Одбор на земјата под водство на подружницата во Австрија. Во 1996 год., беше именуван Одбор на подружницата од четири члена за да го надгледува проповедањето на тоа подрачје. Очигледно е дека Јехова го благословува сето ова.
НОВ БЕТЕЛ И САЛИ НА ЦАРСТВОТО
Како и на други места, напредокот го почувствува и бетелското семејство во Загреб. Од само 10 члена, тоа порасна на околу 50. Но, бидејќи во Бетел имаше место за само четири-пет брачни парови, некои бетелски слуги живееја во изнајмени станови во близина.
Набрзо откако беше именуван Одбор на подружницата, Водечкото тело одобри да се купи плац со објект соодветен за нов Бетел во Загреб. Браќа од Хрватска, како и меѓународните слуги за градба, набрзо го доградија постоечкиот објект. Прекрасниот нов Бетел стана центар на теократските активности на овие простори. На 23 октомври 1999 год., свечено беа отворени новиот Бетел и Салата на Царството што е во негов склоп, како и зградата со две Сали на Царството во центарот на Загреб. На отворањето присуствуваа делегати од 15 земји, меѓу кои и брат Герит Леш од Водечкото тело, кој го одржа говорот за посветување. Следниот ден, во Домот на спортовите се одржа посебна програма на која присуствуваа 4.886 лица. Тоа беше незаборавен ден за Јеховините слуги во Хрватска — меѓу кои имаше некои што верно му служеа на Јехова 50 или повеќе години, дури и во текот на некои од најужасните времиња во современата историја!
Во Хрватска со засилено темпо се работеше и на изградба на нови Сали на Царството. До 1990 год., многу собранија се собираа во подруми или во приватни станови. На пример, собранието во Сплит 20 години се состануваше во мала просторија во една приватна куќа. Иако имаше само 50 столчиња, понекогаш бројот на присутни беше двојно поголем, поради што мнозина мораа да стојат во дворот. Собирите и конгресите се одржуваа на истото место, а присуствуваа и над 150 луѓе. Денес во Сплит има четири собранија кои одржуваат состаноци во две прекрасни Сали на Царството. Поради сѐ поголемиот број објавители, сега собирите се одржуваат во конференциската сала на еден хотел. Отсекот за изградба на Сали на Царството, кој работи под надзор на Регионалната канцеларија за проектирање во Селтерс, и понатаму го организира градењето на практични и убави Сали на Царството.
И помладите и постарите браќа кои доброволно учествуваа во изградбата на Сали на Царството завршија огромна работа. Досега во Хрватска се изградени 25 нови Сали, а 7 се реновирани. Тоа придонесе за понатамошен напредок на делото за Царството, кој служи на Јеховина слава.
ИЗВОНРЕДЕН НАПРЕДОК
Во 1991 год., кога Хрватска стана независна држава, сѐ уште беа на сила старите закони за религија сѐ додека не беа изгласани нови. Речиси 90 отсто од жителите на новооснованата држава беа католици, и затоа Црквата имаше силно влијание врз власта. Сепак, поради законскиот статус што го имаа Јеховините сведоци во минатото и затоа што беа на добар глас како примерни граѓани, на 13 октомври 2003 год. Министерството за правда донесе одлука со која Јеховините сведоци во Хрватска беа регистрирани како верска заедница. По сите тешки години, браќата беа пресреќни што добија законско признание!
Во почетокот на 1990-тите, за сите републики на поранешна Југославија се одржуваше само една Школа за пионери. Сега само во Хрватска има по неколку класови секоја година. Во септември 2008 год., во Хрватска имаше 69 собранија во кои служеа 5.451 објавител. Посебно охрабрување е тоа што на Спомен-свеченоста присуствуваа 9.728 лица. Сево ова покажува дека има потенцијал за уште поголем пораст.
Иако верската нетрпеливост е многу раширена и животните притисоци се сѐ поголеми, Јеховините слуги во оваа земја се решени повеќе од кога и да е порано да продолжат да ја проповедаат добрата вест за Божјето Царство, без оглед на тоа што би можел да направи Сатана во својот гнев (Отк. 12:12). Најважно нешто во животот на повеќето луѓе е секојдневната борба за преживување. Сепак, меѓу нив има и лица кои се духовно гладни и кои воздивнуваат поради бедната морална состојба во светот (Езек. 9:3, 4; Мат. 5:6). Јеховините сведоци ги бараат таквите и им помагаат да му служат на единствениот вистински Бог, велејќи им: „Дојдете! Да појдеме на Јеховината гора, во домот на Богот Јаковов! Тој ќе нѐ поучува за своите патишта, и ќе одиме по неговите патеки“ (Иса. 2:3).
Македонија во современа доба
„Прејди во Македонија и помогни ни“, рекол човекот што апостол Павле го видел во видение во првиот век (Дела 16:8-10). Заклучувајќи дека Бог ги повикува да ја објавуваат добрата вест за Божјето Царство на тоа необработено подрачје, Павле и неговите соработници спремно го прифатиле повикот, и набрзо христијанството почнало да цвета во тој крај. И во денешна Македонија, која опфаќа мал дел од подрачјето на античка Македонија, добрата вест брзо се шири. Како дошло до тоа?
По Втората светска војна, Македонија стана најјужната република во Југославија. Независна држава стана во 1991 год. Две години подоцна, во 1993 год., Јеховините сведоци многу се радуваа кога беа и законски регистрирани во новооснованата држава. Тоа овозможи да се отвори претставништво под надлежност на австриската подружница. Така, во 1993 год., беше купена куќа на ул. Алжирска, во Скопје, по што македонскиот преведувачки тим се пресели од Загреб во новиот Бетел во Скопје.
Михаел и Дина Шибен дојдоа од Германија за да служат во покраинска служба, а потоа во Македонија беа пратени и Даниел и Хелен Низан, кои дотогаш служеа во Србија. Беше основан Одбор на земјата и Бетелот почна со работа.
ОГРАНИЧУВАЊЕ НА УВОЗОТ НА ЛИТЕРАТУРА
Иако Јеховините сведоци беа законски регистрирани, имаа проблеми со увозот на литература. Од 1994 до 1998 год., владата го ограничи увозот на списанија по еден примерок на објавител. Затоа, за интересентите браќата мораа да прават фотокопии на статиите за проучување од Стражарска кула. Но, можеа да се добиваат списанија и преку пошта од другите земји, а и оние што доаѓаа во Македонија смееја да внесат помала количина списанија. На крајот, по неколкугодишна судска постапка, Врховниот суд донесе пресуда во корист на Сведоците, кои оттогаш добија дозвола да увезуваат литература колку што сакаат.
Во август 2000 год., бројот на објавители достигна 1.024, со кои првпат беше надмината бројката од 1.000 браќа и сестри што известија служба! Бидејќи почнаа да се издаваат сѐ повеќе публикации на македонски и бројот на објавители растеше, куќата на ул. Алжирска стана претесна за потребите на сѐ поголемото бетелско семејство. Следната година беа купени три мали соседни куќи, кои беа срушени за да се направи простор за две нови згради. Денес 34-те членови на македонското бетелско семејство работат и живеат во три добро опремени згради. Тие радосно го пречекаа брат Гај Пирс од Водечкото тело, кој го одржа говорот за посветувањето на Бетелот на 17 мај 2003 година.
ИЗГРАДБА НА САЛИ НА ЦАРСТВОТО
Браќата и сестрите од цела Македонија се многу благодарни за програмата за изградба на Сали на Царството во земји со ограничени средства. Една петчлена група за изградба на Сали на Царството беше пратена да им помага на собранијата при изградбата на Салите. Во периодот помеѓу 2001 и 2007 год., беа изградени девет нови Сали на Царството. Овие петмина браќа и сестри од различни националности дадоа убаво сведоштво додека работеа сложно, во мир и без никакви националистички предрасуди. Еден трговец што дојде да види една штотуку завршена Сала на Царството забележал колку квалитетно е направено сѐ, и рекол: „Оваа зграда навистина е изградена со љубов“.
Кога групата ја градеше новата Сала во Штип, еден сосед не веруваше дека проектот ќе успее затоа што членовите на групата му изгледаа премлади и неискусни. Но, кога Салата беше довршена, дојде кај браќата со планови за својата куќа и ги молеше да му ја изградат. Им рече дека скапо ќе им плати бидејќи беше одушевен од квалитетот на нивната работа. Многу се зачуди кога браќата му рекоа дека не ја граделе Салата за пари туку затоа што го сакаат Бог и своите ближни.
ПРЕВОД НОВ СВЕТ
Во меѓувреме, една друга мала група браќа и сестри беа посветени на една поинаква задача — преведување на Светото писмо — превод Нов свет на македонски јазик. Јехова ја благослови нивната напорна работа. За пет години успеаја да ја завршат целата Библија. Браќата беа пресреќни кога на Обласниот конгрес „Избавувањето е многу близу“, кој се одржа во Скопје во 2006 год., брат Герит Леш, член на Водечкото тело, го објави излегувањето на овој нов превод на Библијата. Одекна громогласен и долготраен аплауз, а мнозина не можеа да ги запрат солзите. Некои веќе на пладневната пауза седеа и со уживање почнаа да го читаат на свој мајчин јазик овој извонреден превод на Божјата Реч.
Многу Македонци длабоко ја ценат Библијата. На пример, Орхан почна да ја проучува Библијата пред шест години. Тогаш беше неписмен, но братот што го поучуваше му помогна да научи да чита и да пишува. Откако се крсти пред три години, ја има прочитано Библијата шест пати!
Едно време Орхан беше единствениот Сведок во Ресен. Но, мнозина зборуваа пофално за тој човек кој порано беше неписмен. Некои родители ги замолија браќата да проучуваат со нивните деца зашто сакаа и тие да бидат како Орхан. Бидејќи сѐ повеќе луѓе се интересираа за вистината, со текот на времето, во Ресен почна секоја седмица да се одржува Собраниско проучување на книга. Еден интересент стана некрстен објавител, а Орхан сега служи како општ пионер и слуга-помошник.
ПРЕОЃААТ ВО МАКЕДОНИЈА
Во јули 2004 год., еден брачен пар специјални пионери од Албанија дојдоа за да им проповедаат на Албанците, кои сочинуваат 25 отсто од населението во Македонија. Набрзо стана јасно дека им е потребна помош зашто беа единствените објавители на подрачје со над половина милион Албанци. Затоа, една година подоцна им се придружи уште еден брачен пар од Албанија. Овие четири специјални пионери почнаа да ѝ помагаат на малата група од седум заинтересирани лица во Кичево, на подрачје кое е населено претежно со албанско население. Следната пролет, оваа мала група беше пресреќна кога на Спомен-свеченоста присуствуваше 61 лице. Говорот беше изнесен и на албански и на македонски. Оттогаш групата порасна, и сега има 17 ревносни објавители, а на состаноците обично има повеќе од 30 присутни.
За да се обработат сите подрачја во Македонија, Водечкото тело одобри една посебна акција која траеше од април до јули 2007 год. Целта беше да се проповеда на подрачја што дотогаш не беа обработени и да се шири добрата вест меѓу албанското население.
Одѕивот беше извонреден. Со голема ревност, 337 браќа и сестри од седум земји спремно дојдоа да помогнат. Што постигнаа? Добрата вест се проповедаше низ цела Македонија, на преку 200 подрачја на кои живеат околу 400.000 луѓе, а повеќето од нив никогаш порано ја немаа слушнато библиската порака. Во текот на четирите месеци додека траеше акцијата беа дадени над 25.000 книги и преку 40.000 списанија. Објавителите поминаа околу 25.000 часови во службата и беа започнати повеќе од 200 библиски студии.
„На некои им се наполнија очите со солзи кога слушнаа од каде сме дојдени и зошто“, рече еден брат. „Други, пак, беа длабоко трогнати од она што го прочитаа од Божјата Реч.“
Браќата и сестрите кои учествуваа во акцијата беа од срце благодарни за тоа. Една сестра напиша: „Една учителка ни рече: ‚Бог нека ве благослови. Ова што го правите е прекрасно. Многу ми се допаѓа она за што зборувате!“
„Не беше лесно да се остави тоа мисионерско подрачје“, рече еден брат. „Видовме колку луѓето се жедни за вистината, и на крајот со тешко срце се збогувавме со оние со кои почнавме да проучуваме.“
„Жал ни е што не зедовме повеќе денови одмор“, рече еден брачен пар, „зашто сега гледаме колку голема потреба од проповедници има овде.“
Изразувајќи ги чувствата на мнозина, еден брат рече: „Не се сеќавам дека некогаш порано сме биле толку среќни како семејство“.
Во планинското подрачје недалеку од Тетово, една група објавители проповедаа во село во кое никогаш порано не било сведочено. Двајца почнаа да проповедаат од левата страна на улицата, а други двајца од десната. Поминаа само три куќи и веќе целата улица знаеше дека дошле Јеховини сведоци. Набрзо веста се рашири по целото село и голема група заинтересирани жени се собраа околу сестрите. Малку подолу на улицата, група од 16 мажи со нетрпение ги чекаа браќата. Домаќините брзо изнесоа четири столчиња за објавителите, а еден човек им свари кафе. Објавителите им дадоа литература на сите и, вешто користејќи ја Библијата, почнаа да им зборуваат за вистината на насобраните луѓе.
Мнозина поставуваа прашања и внимателно слушаа. На крајот, многу од селаните не сакаа да си заминат додека лично не се поздравија со објавителите. Но, браќата малку се уплашија кога видоа како им приоѓа една постара жена со кренат бастун. „Ќе видите вие!“, викна таа мавтајќи со бастунот кон нив. Зошто оваа жена им беше толку лута на браќата? „На сите им дадовте книга, само мене не ми дадовте! И јас сакам од таа големата, жолтата книга“, рече покажувајќи на книгата Библиски приказни, каква што добила и нејзината комшика. Браќата веднаш ѝ ја дадоа последната книга што ја имаа.
ИМ СЕ ПРОПОВЕДА НА РОМИТЕ
Во Македонија има многу Роми што зборуваат македонски, но мајчин јазик им е усниот ромски кој е мешавина од неколку ромски дијалекти. Според некои извори, во Скопје се наоѓа најголемата ромска населба во Европа со околу 30.000 жители. Во населбата Шуто Оризари има зграда со две Сали на Царството во кои одржуваат состаноци три ромски собранија. На тоа плодно подрачје проповедаат 200 објавители кои уживаат во својата служба. Односот е 1 објавител на 150 луѓе, што е најдобар сооднос во земјата. Ромите многу добро реагираат на вистината, што јасно се гледа од тоа што на Спомен-свеченоста во 2008 год. дојдоа 708 лица!
Што се презема за да им се помогне на понизните и духовно гладни Роми да учат за Божјата намера на својот мајчин јазик? Во 2007 год., на ромски јазик беше преведен нацртот за специјалното предавање кое еден старешина, по потекло Ром, го изнесе пред 506 присутни кои внимателно слушаа. Објавителите од разните националности — Роми, Македонци и Албанци — беа радосни кога на обласниот конгрес во 2007 год. излезе брошурата Што бара Бог од нас?, на ромски јазик. Дотогаш објавителите најчесто ги водеа библиските студии на својот јазик користејќи публикации на македонски. Сега ја користат и брошурата Што бара Бог на ромски за да допрат до срцата на Ромите кои ја сакаат вистината.
Денес во Македонија има 1.304 објавители во 21 собрание кои вредно го следат примерот на апостол Павле. Многу Македонци ја бараат вистината и со ценење ја прифаќаат. Тоа покажува дека и денес има добра причина да се ‚прејде во Македонија‘.
Србија во современа доба
Србија се наоѓа во срцето на Балканот. Тоа е земја со голема културна разноликост во која живеат луѓе од различни националности. Токму во Белград, во 1935 год., беше отворен Бетел кој се грижеше за подрачјето на поранешна Југославија, што доведе до извонреден теократски напредок. Но, како браќата од Србија во поново време им помагаа на своите соверници во соседните новоосновани држави?
Додека границите меѓу републиките се затвораа, а насекаде владееше верска и етничка омраза, браќата од различни националности работеа заедно во мир во Бетелот во Загреб. Сепак, поради етничките предрасуди кои беснееја надвор од него, на крајот браќата од Србија мораа да заминат. Во 1992 год., по речиси 50 години, нашата литература повторно почна да се преведува на српски во Белград. Овој чекор беше и мудар и навремен.
Во Босна се водеа жестоки борби и браќата имаа голема потреба од хуманитарна помош. Подружницата во Австрија организираше испраќање на помош, а браќата во Србија беа во најдобра состојба да ја достават во оние делови од Босна кои беа под српска контрола.
Иако војната не се прошири во Србија, сепак последиците од неа се чувствуваа и таму. Поради економските санкции, беше тешко да се увезува литературата од Германија, каде што се печатеше. Кога собранијата ги немаа најновите списанија, браќата едноставно проучуваа статии од постарите броеви сѐ додека не дојдеа понови изданија. И покрај сѐ, не пропуштија ниту еден број.
ПОМОШ И ЗАЈАКНУВАЊЕ
„Кога пристигнавме во Србија во 1991 год., политичката ситуација во земјата беше прилично нестабилна“, раскажа мисионерот Даниел Низан. „Но, бевме восхитени од ревноста што ја покажуваа браќата, и покрај тешките услови во кои се наоѓаа. Се сеќавам колку пријатно бевме изненадени јас и мојата сопруга кога видовме дека ќе се крстат 50 лица на првиот еднодневен посебен собир на кој присуствувавме. Тоа многу нѐ охрабри.“
Даниел и Хелен Низан беа од голема помош во организирањето на работата во штотуку отворениот Бетел во Белград. Се наоѓаше на ул. Милорад Митровиќ и во него имаше место за десет луѓе. Во приземјето имаше и Сала на Царството. Бидејќи преведувачкиот тим растеше, беше потребен поголем простор. На крајот, браќата најдоа соодветен плац за Бетел и започна изградбата. Кон крајот на 1995 год., бетелското семејство се пресели во новите објекти.
Бидејќи стануваше сѐ потешко, луѓето беа поспремни да ја прифатат вистината. А како што растеше бројот на објавители, растеше и потребата од грижливи надгледници. Оваа потреба делумно беше задоволена со специјални пионери од Италија — енергични и самопожртвувани полновремени слуги кои беспоштедно се трошеа за другите. Иако не им беше лесно да научат нов јазик и да се вклопат во една непозната култура, и тоа во воени услови, тие ‚им помагаа и ги зајакнуваа‘ браќата во Србија (Кол. 4:11).
Пионерите од други земји помогнаа на различни начини, но најважно од сѐ, „со себе донесоа теократско искуство“, рече Рајнер Шолц, кој служи како координатор на Одборот на земјата во Србија. Денес, 55 собранија во Србија се благодарни за помошта што ја добиваат од 70 специјални пионери.
НЕВИДЕНА ИНФЛАЦИЈА
Србија не можеше да ги избегне тешките економски последици од војната, особено инфлацијата која излезе од контрола. Според еден извештај, „за 116 дена — од октомври 1993 год. до 24 јануари 1994 год. — вкупната инфлација достигна 500 билиони проценти“. Мира Благојевиќ, која служи во Бетел од 1982 год., се сеќава дека на пазар морала да носи цела торба пари само за да купи малку зеленчук.
Една друга сестра, Гордана Сиришки, раскажува дека мајка ѝ од својата пензија можела да купи само една ролна тоалетна хартија. „Навистина е тешко да се сфати како луѓето преживуваа во тоа време“, вели Гордана, „кога сѐ што имаа наеднаш стана безвредно. Благодарение на нашето меѓународно братство, ние добивавме хуманитарна помош од други земји. Но, додека луѓето ја губеа довербата во банките и во владата, мнозина стекнуваа вера во Бог, а браќата станаа уште поблиски едни со други.“
ПРЕВЕДУВАЊЕ НА БИБЛИЈАТА
Со години, преведувачките тимови во Југославија работеа заедно на едно место, во Бетелот во Загреб. Откако започна војната, секој тим се врати во својата земја, но останаа во контакт со преведувачкиот тим во Загреб. Оваа соработка се покажа особено корисна кога српскиот тим започна да ги преведува грчките списи од Светото писмо — превод Нов свет. Целта беше српскиот превод да излезе на обласниот конгрес на Јеховините сведоци во 1999 год.
Меѓутоа, додека преведувачите привршуваа со преведувањето, земјата се подготвуваше за војна. По бомбардирањето сигурно ќе имаше проблеми со телефонските линии, а ќе беше тешко и да се испрати преведениот материјал од Белград до печатницата во Германија. Во вторник, на 23 март, беше речиси сигурно дека набрзо ќе дојде до воздушни напади, па браќата кои го подготвуваа ова конгресно издание работеа цела ноќ, и успеаја рано наутро да ги испратат електронските фајлови во Германија. Неколку часа подоцна започна бомбардирањето. Иако мораа да побегнат во засолниште, членовите на преведувачкиот тим беа среќни! И покрај бомбардирањето и честите прекини на струја, браќата продолжија да преведуваат други публикации. Честопати мораа да престанат со работата и да отрчаат на побезбедно место. Иако тоа беа тешки времиња, сите беа среќни што можеа да учествуваат во подготовката на скапоцената духовна храна.
На нивната радост ѝ немаше крај кога на обласниот конгрес во јули 1999 год. излезе српскиот превод на Грчките списи — превод Нов свет. Делегатите беа восхитени и благодарни што го добија овој превод на својот мајчин јазик. Неколку години подоцна, во 2006 год., комплетното Свето писмо — превод Нов свет излезе на српски јазик, и на кирилица и на латиница.
РАСТЕ ВЕРСКАТА НЕТРПЕЛИВОСТ
Бидејќи Српската православна црква има силно влијание во оваа земја, многу луѓе сметаат дека да се биде Србин значи да се биде православен. За нив, оној што не е православен христијанин не е Србин. И покрај тоа, во текот на 1990-тите, многу луѓе ја прифатија пораката на надеж од Библијата. До крајот на војната во 1999 год., бројот на објавители порасна речиси двојно повеќе, достигнувајќи 4.026.
Овој духовен напредок на Божјиот народ ја разбесни Православната црква. Распламтувајќи ги патриотските чувства кај луѓето, таа се обиде да го спречи нашето христијанско проповедничко дело. Во обид да ги обесхрабрат браќата, противниците користеа отворено насилство и законски малверзации. На пример, сѐ уште имаше 21 брат во затвор затоа што беа политички неутрални. Повеќето од нив беа пуштени кратко по војната, благодарни што Јехова им ја зајакна верата во тој тежок период.
Ненадејно, на 9 април 2001 год., Сојузното министерство за внатрешни работи го забрани увозот на нашата литература. Зошто? Тврдеа дека нашите публикации лошо влијаат врз младите во земјата. На списокот на забранети публикации беше и Библијата!
Поради негативните извештаи за нашето дело кои се ширеа преку телевизијата и весниците, понекогаш станарите ги напаѓаа браќата во служба. „Додека проповедавме од врата до врата се случуваше да добиеме по некоја тупаница или шлаканица“, раскажа еден специјален пионер. „Понекогаш фрлаа камења по нас.“ Освен тоа, и некои Сали на Царството беа оштетени. Денес браќата во Србија можат слободно да се состануваат, иако и понатаму мора да бидат претпазливи.
Јеховините слуги продолжуваат ревносно да проповедаат. Тие потврдуваат дека немаат предрасуди и покажуваат вистинска христијанска љубов. Во изминативе години беа организирани успешни акции за проповедање. Браќата од други европски земји го користеа својот годишен одмор за да проповедаат на необработени подрачја во Србија и во Црна Гора. Сепак, има уште многу работа за да им се пренесе добрата вест на речиси три милиони луѓе кои живеат во тие делови на земјата.
Денес Бетелот во Белград го сочинуваат три згради кои се опкружени со прекрасна градина. Одборот на земјата, кој се состои од три члена, го надгледува делото во Србија и во Црна Гора. Јехова го благословува својот народ во оваа земја која ги почувствува разорните последици од војната. Затоа името Србија сега може да нѐ потсети и на ревноста и на непоколебливоста на Јеховините сведоци.
Косово во современа доба
Нетрпеливоста која тлееше меѓу Србите и Албанците на Косово во 1980-тите, во следната деценија се разгоре и прерасна во отворени судири, кои предизвикаа многу страдања и болки. Во оваа ситуација, нашите браќа и сестри имаа можност да покажат „нелицемерна братска љубов“ кон соверниците од сите националности (1. Пет. 1:22). Освен тоа, тие беа послушни на Христовата заповед ‚да ги сакаат своите непријатели и да се молат за оние што ги прогонуваат‘ (Мат. 5:43-48). Сепак, понекогаш тоа не беше лесно.
„Муслиманите не се баш пријателски настроени кон нашите браќа што пред тоа беа муслимани“, објаснува Салиу Абази, поранешен муслиман, кој зборува албански. „Нашите семејства имаат чувство дека им го вртиме грбот затоа што сме избрале друга вера. Освен тоа, поради напнатоста меѓу Албанците и Србите, за поранешните муслимани не е секогаш лесно да им проповедаат на Срби.“
И покрај тоа, во неговата куќа се состануваа 30 лица од различни националности. Салиу додава: „Во тоа време, состаноците се одржуваа на српски јазик, а литературата ја добивавме од Белград. Еден ден, на мојата врата ненадејно се појави полиција. Токму тогаш браќата од Белград ја истоваруваа литературата и сите бевме собрани заедно. Кога им кажав на полицајците дека тие луѓе ми се браќа, не можеа да разберат како е можно Срби и Албанци да бидат браќа“. Во 1998 год., оваа група објавители успеаја во Приштина да изнајмат просторија која ја користеа како Сала на Царството.
Пролетта 1999 год., етничката нетрпеливост и национализмот достигнаа невидени размери. „Еден сосед ни се закани дека ќе ни ја запали куќата ако јас и син ми не сакаме да одиме во војна“, раскажува Салиу. „Политичката ситуација страшно влијаеше врз луѓето. Бидејќи не ја признаваа поранешната српска влада и нејзините закони, станаа насилни и правеа што сакаа.“
Како што ситуацијата сѐ повеќе се влошуваше, стануваше сѐ потешко за Србите на Косово. За време на војната во 1999 год., илјадници Срби и Албанци беа принудени да бегаат во соседните земји. Сепак, среде тие крвави етнички судири, Салиу си го стави животот на коцка криејќи ги своите браќа од српска националност во својот дом.
ЈЕХОВА ИМ ПОМОГНА ДА СЕ ПРОМЕНАТ
„Меѓу Србите и Албанците постои голема омраза“, раскажа една сестра. „На тоа нѐ учат уште од мали. Дури и откако ќе ја дознаеме вистината, не е лесно да се ослободиме од таквите чувства. Мнозина од нас морале да се променат од корен за да почнат да размислуваат како Јехова. Таа омраза беше толку вкоренета кај мене што, дури и откако дознав дека Јехова е љубов, секогаш гледав да избегнувам една сестра во собранието затоа што беше Србинка. Но, колку повеќе проучував, сфаќав дека учењата на другите религии разединуваат, но вистината од Јеховината Реч ги обединува луѓето.“ Божјата Реч има моќ да менува животи. Дали ѝ помогнала и на оваа сестра да ја облече новата христијанска личност? Таа вели: „Денес сум среќна што можам да служам во исто собрание со моите српски браќа и сестри“ (Кол. 3:7-11; Евр. 4:12).
Единството на вистинските христијани е нешто посебно во овој религиозно разделен свет. Додека во жарот на национализмот луѓето палеа куќи и фрлаа бомби, нашите браќа патуваа за Белград на обласниот конгрес што се одржа во јули 1998 год. Во истиот автобус заедно и во мир патуваа Албанци, Македонци, Роми и Хрвати. Дашурие Гаши, која патуваше на тој конгрес за да се крсти, раскажува: „Кога војниците го запреа автобусот, не можеа да се изначудат. Среде сета таа етничка омраза која владееше на овие простори, ние бевме обединети како еден народ — Јеховин народ“.
Една млада Ромка ја дознала вистината како дете од своите тетки кои живеат во странство. Првата пречка што морала да ја надмине била неписменоста. Но, од љубов кон Јехова, за време на трите години додека ја проучувала Библијата, научила да чита и да пишува. Втората пречка било противењето од страна на нејзиниот дедо, кај кого живеела. „Се искраднував од дома за да одам на состаноци“, вели таа. Но, кога се враќала, дедо ѝ ја тепал. „Ме тепаше поради вистината, но немав намера да се откажам. Размислував за тоа колку страдал верниот Јов. Многу го сакав Јехова и не сакав да престанам да проучувам.“ Сега таа служи како пионер, и ја проучува Библијата со две неписмени девојки. Иако никогаш не одела на училиште, благодарна е што Теократската школа за служба ѝ помага да ги поучува другите.
Пред да ја запознае вистината во Германија, во 1993 год., Адем Грајчевци бил муслиман. Потоа, во 1999 год., се вратил во родното Косово, каде што, како и многу други кои станале Сведоци, морал да се соочи со предрасудите и противењето од страна на семејството. „Кога ја запознав вистината“, вели Адем, „многу ми помогна тоа што дознав дека Сатана владее со светот и дека тој стои зад сите ѕверства што се случуваат.“ На татко му воопшто не му било мило што Адем прифатил христијанска вера, па му рекол да избира помеѓу Јехова и семејството. Адем го избрал Јехова, духовно напредувал и сега служи како старешина. За среќа, со текот на времето татко му омекнал и сега повеќе ја почитува неговата одлука.
Како дете, Аднан, синот на Адем, воопшто не бил заинтересиран за религија. Активно се занимавал со боречки вештини и неговите соперници му дале прекар Убиец. Но, се откажал од сето тоа кога вистината конечно го допрела до срце. Добро напредувал и се крстил. „Кратко откако се крстив, морав да донесам одлука“, вели тој. „Имав одлична работа и добро стоев во материјален поглед. Но, трпеше мојата духовност и ми остануваше многу малку време за служба. Сфатив дека е време за промена и дадов отказ од работа.“ Започнал со пионерската служба, бил именуван за слуга-помошник, и подоцна бил повикан во првиот клас на Школата за организациско оспособување во Албанија. Аднан е сега старешина и со својата сопруга, Хедије, служат како специјални пионери. Што мисли за одлуката што ја донел? „Не можам да бидам посреќен“, вели тој. „Воопшто не жалам што ја избрав полновремената служба.“
МУ СЛУЖАТ НА ИСТ БОГ И ДОБИВААТ ИСТА ПОУКА
Денес, сите шест собранија на Косово одржуваат состаноци во изнајмени објекти. Некои собранија се мали. На пример, собранието во Пеќ има 28 објавители. Бидејќи на Косово има многу мал број именувани браќа, некои собранија немаат јавно предавање секоја седмица. Сепак, тие, како браќата и сестрите во Пеќ, секоја седмица имаат Проучување на Стражарска кула, а ги одржуваат и другите собраниски состаноци.
Со години, Одборот на земјата во Србија со љубов се грижеше за браќата на Косово во најтешките моменти. Но, во 2000 год., со цел да се задоволат потребите на браќата, Водечкото тело одобри подружницата во Албанија да го надгледува проповедничкото дело на Косово.
Сѐ до неодамна, повеќето Јеховини сведоци на Косово беа Срби, па затоа состаноците се одржуваа на српски јазик, а браќата спремно им помагаа на оние што зборуваат албански да ја следат програмата. Сега ситуацијата е обратна. Повеќето браќа на Косово се Албанци. Со исклучок на едно српско собрание, состаноците се одржуваат на албански, а на браќата им е мило да ги преведуваат говорите на српски за да можат и српските браќа да извлечат корист од програмата. Собирите и обласните конгреси се одржуваат на двата јазика. На пример, целата програма за обласниот конгрес во 2008 год. беше изнесена на албански и преведувана на српски, а клучните говори ги изнесоа на српски старешини од Косово. Еден брат објаснува: „Иако надвор владее омраза, ние сме собрани во салата како едно обединето семејство“.
И покрај тоа што повеќето жители на Косово се муслимани, тие ја почитуваат Библијата и мнозина се спремни да разговараат за религија. Браќата на Косово беа среќни кога во 2008 год. го достигнаа новиот најголем број од 164 објавители. Со целосна доверба во Јехова, тие се решени и понатаму трудољубиво да проповедаат на своето подрачје и да им ја пренесуваат добрата вест на луѓе од најразлични националности.
Црна Гора во современа доба
Црна Гора е земја на големи разноликости и на природни убавини од кои на човек му застанува здивот. Некои ја сметаат за скриен бисер на Медитеранот. Таа опфаќа 293 километри од преубавиот јадрански брег. Кањонот на реката Тара е еден од најдлабоките и најдолги кањони во Европа. Скадарското Езеро е најголемото езеро на Балканот, а покрај него се наоѓа еден од најголемите птичји резервати на континентот. И сите овие богатства се сместени во толку мала земја!
За жал, нејзината историја е обележана со војни, судири и страдања. Сите тие неволји низ кои минувал црногорскиот народ оставиле длабоки траги врз традициите, менталитетот и културата. Во црногорската култура многу се ценат јунаштвото, чесноста, достоинственоста, скромноста, самопожртвуваноста и почитта кон другите. Мнозина од овие жилави, смели Црногорци ја прифатија добрата вест за Царството и верно ја бранат библиската вистина.
ДУХОВЕН НАПРЕДОК
Зарем може некој што присуствувал на историскиот конгрес кој се одржа во 1991 год. во Загреб да го заборави единството и љубовта на браќата кои дојдоа таму од сите краишта на поранешна Југославија? „Во тоа време веќе мирисаше на војна, па беше опасно да се патува од Црна Гора за Хрватска“, раскажува Саво Чепрњиќ, кој кратко пред тоа почнал да ја проучува Библијата. „Се изненадив кога видов колку автобуси пристигнаа на конгресот без никакви проблеми. Уште посилен впечаток врз мене оставија мирот и единството меѓу Сведоците. Првиот ден имаше стотици полицајци, но кога видоа дека сме мирољубиви, следните денови дојдоа само неколкумина.“
Пред да започне војната, еден брачен пар редовно патувал од Хрватска во Црна Гора за да ја проучува Библијата со Саво. Но, како продолжил Саво да проучува откако границите се затвориле?
„Заинтересираните кои веќе подолго време проучуваа мораа да ги поучуваат другите“, објаснува Саво. „Еден крстен брат ја проучуваше со мене книгата Ти можеш да живееш засекогаш во Рајот на Земјата. Но, кога тоа веќе не беше можно, продолжи да ме поучува еден интересент. До 1992 год., групата што се собираше за Собраниско проучување на книга и за проучување на Стражарска кула во градот Херцег Нови порасна на 15 души.“ Саво, жена му и ќерка му продолжиле да напредуваат и се крстиле во 1993 год. Денес, во овој живописен приморски град има Сала на Царството и собрание со 25 објавители.
Во почетокот на 1990-тите, една група објавители се собираа во Подгорица. Групата стануваше сѐ поголема, па затоа во 1997 год. беше одлучено да се купи плац на кој ќе биде изградена Сала на Царството. На купеното земјиште имаше еден ѕид, кој браќата решија да го остават заради поголема приватност. Но, еден полицаец што живееше во сутеренот на соседната зграда ги замоли да го урнат за да му влегува повеќе светлина во мрачниот стан. За да задржат добрососедски односи, браќата го срушија ѕидот и на негово место ставија ограда. Нивната спремност да му излезат во пресрет на овој човек подоцна даде одлични резултати.
Кога другите станари од таа зграда почнаа да прават проблеми, овој полицаец ги предупреди дека лично ќе се погрижи да завршат на суд доколку ја оштетат Салата. Сега браќата се состануваат во убава Сала на Царството, во чиј склоп има и стан за специјални пионери, како и голем покриен паркинг кој може да се користи кога има покраински собири.
Но, во Никшиќ работите не одеа толку добро. Во 1996 год., тамошните Сведоци купија плац за Сала, но соседите не сакаа во никој случај да им дозволат да градат. Браќата деноноќно го чуваа градилиштето плашејќи се дека противниците ќе се обидат да направат штета. Еден ден, тамошниот свештеник собра група од 200 луѓе кои влегоа на градилиштето наоружани со пиштоли и со палки. Пукаа во воздух и почнаа да ја уриваат Салата цигла по цигла. Полицијата мирно го набљудуваше сето тоа и не презеде ништо.
Бидејќи ситуацијата не можеше да се реши по мирен пат, браќата почнаа да бараат друго место за градење. По четири години, купија куќа која ја преуредија и ја претворија во Сала на Царството. Во почетокот се чинеше дека нема да има проблеми со соседите, но неколку месеци подоцна Салата изгоре во пожар под сомнителни околности. Меѓутоа, нашите непоколебливи браќа не кренаа раце. Повторно се фатија за работа и изградија Сала на истото место. Оттогаш веќе немаа проблеми.
Четирите собранија во Црна Гора ги надгледува Одборот на земјата во Србија. Бидејќи соодносот меѓу објавители и жители е 1 спрема 2.967, браќата се благодарни за помошта на шесте специјални пионери. Повеќето Црногорци сметаат дека верата повеќе е поврзана со традицијата отколку со читањето на Библијата. Но, нашите браќа и сестри во Црна Гора верно, истрајно и смело продолжуваат да им ја проповедаат добрата вест.
Словенија во современа доба
Оваа земја, која се наоѓаше во северозападниот дел на поранешна Југославија, стана независна држава во 1991 год. Откако стекна независност, таа доживува постојан економски раст, а во 2004 год. стана и членка на Европската унија. Иако е релативно мала, Словенија ја краси голема природна разноликост. Во неа се наоѓаат величествените Алпи, како и планински езера, бујни шуми, огромни варовнички пештери и прекрасното словенечко крајбрежје. За нешто повеќе од еден час, може да се стигне од студените алпски падини до маслинарниците и лозјата на топлиот јадрански брег. Освен тоа, културните и историските знаменитости им нудат на посетителите бескрајни можности за истражување. Но, убавината на оваа мала земја не се состои само од национални паркови и историски градови. Словенија има и богато духовно наследство.
САЛИ НА ЦАРСТВОТО И ПИОНЕРИ
Сигурно се сеќавате дека токму Марибор беше градот каде што двајца бербери почнаа да проповедаат за својата нова вера. Еден ресторан се покажа како погодно место за одржување на состаноците на малата група која беше основана таму. Подоцна овој ресторан доби и соодветно име — Нов свет. Денес Јеховините сведоци во Словенија му се благодарни на Јехова што имаат убави Сали на Царството каде што ги одржуваат своите состаноци и се поучуваат за Библијата. Поради порастот на бројот на објавители и поволните околности во текот на 1990-тите, беше основан и Регионален одбор за изградба. Со помош на повеќе од 100 доброволци и со финансиска помош од други земји, од 1995 год. до сега, собранијата изградија или реновираа 14 Сали на Царството.
Како што растеше бројот на објавители, така се зголемуваше и бројот на општи пионери — од 10 во 1990 год. до 107 во 2000 год. Меѓу нив беше и Аница Кристан, која пред да ја запознае вистината била член на Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Југославија.
Браќата и сестрите кои дојдоа од другите земји за да служат во Словенија му дадоа голем замав на проповедничкото дело. Во 1992 год., пристигнаа и првите мисионери, Франко и Деби Дагостини. Кога подоцна тие беа преместени во Африка, во Словенија беа испратени двајца нови мисионери од Австрија, Даниел и Карин Фридл. Неодамна таму беа доделени уште два пара мисионери од Гилеад, Џефри и Тоња Пауел и Јохен и Михаела Фишер. Тие, заедно со специјалните пионери од Австрија, Италија и Полска, се фатија за работа со длабока љубов кон Јехова и со горлива желба да им помогнат на луѓето.
ОДБОРИ ЗА КОНТАКТИРАЊЕ СО БОЛНИЦИТЕ
Во 1994 год., во Бетел започна со работа Службата за болнички информации и беа основани два Одбора за контактирање со болниците. Некои од браќата во тие одбори се сретнаа со министерот за здравство, кој потоа организираше состанок со директорите на сите болници во Словенија. Браќата им објаснија каква улога имаат овие одбори и зошто Јеховините сведоци не примаат трансфузија на крв. Благодарение на ова, докторите беа поспремни да соработуваат со пациенти што одбиваат трансфузија, а во некои стручни медицински списанија излегоа и статии за бескрвно лекување.
Во 1995 год., докторите во Словенија ја направија првата операција на отворено срце без трансфузија. Медиумите известија за успехот на оваа операција, а хирургот и анестезиологот што ја изведоа напишаа научен труд за неа. На тој начин беше отворена вратата за бескрвно лекување, и сега сѐ повеќе доктори се спремни да ја почитуваат желбата на Јеховините сведоци да се лекуваат без крв.
ПОВЕЌЕ ОБЈАВИТЕЛИ — ПОГОЛЕМИ ПОТРЕБИ
По политичките промени во 1991 год., Водечкото тело реши да се отвори Бетел во Словенија за подобро да се организираат теократските активности. Во центарот на Љубљана беше купена еднокатница. Таа беше реновирана и, на 1 јули 1993 год., беше подготвена за вселување на бетелското семејство. Во почетокот, тоа имаше 10 члена, но за една деценија бројот порасна на 35. Затоа беше изнајмена една куќа во близина во која беа сместени кујната, трпезаријата и пералницата. Во меѓувреме, бетелските доброволци се преселија во станови во соседството за да има повеќе место за канцеларии. Бетелот во Словенија стана подружница на Јеховините сведоци во 1997 год.
Кога Водечкото тело ја одобри изградбата на нов Бетел, браќата почнаа да бараат соодветен плац. Откако разгледаа околу 40 локации, го избраа земјиштето во градот Камник, кој се наоѓа во подножјето на прекрасните Алпи, на 20-тина километри од Љубљана. Наскоро ги исполнија урбанистичките барања, добија дозволи за изградба, беше купено земјиштето, беше склучен договор со една градежна фирма, а беа повикани и меѓународни слуги за изградба да се вклучат во проектот. Се чинеше дека сѐ е спремно и дека работата може да почне.
Но, кога се расчу што ќе се гради на тоа место, соседите веднаш се спротивставија. На денот кога требаше да почне изградбата, демонстрантите поставија барикади и го спречија пристапот до градилиштето. Наскоро истакнаа транспаренти со кои јавно го изразуваа своето негодување. Шест дена подоцна, околу пладне, 30-ина полицајци пристигнаа за да ги штитат работниците на јавните служби кои беа испратени да ги тргнат барикадите. Демонстрантите ги навредуваа полицајците. Но, во меѓувреме, проектот беше одложен, па тој ден на градилиштето немаше ни браќа ни работници од градежната фирма. Бидејќи работата беше одложена, противењето почна да стивнува, а браќата продолжија да бараат мирно решение.
Демонстрантите трипати ја урнаа оградата околу градилиштето, но по еден месец изградбата сепак започна и продолжи без никакви проблеми. Всушност, она што започна како напад на Јеховиниот народ имаше поволен исход затоа што го привлече вниманието на средствата за јавно информирање. На телевизија, радио и во дневниот печат, повеќе од 150 пати беше известено за настаните поврзани со изградбата на Бетелот. Тој беше завршен по околу 11 месеци и, во август 2005 год., бетелското семејство се пресели во својот нов дом.
Оттогаш наваму, односот на соседите кон браќата сосема се промени. Многу од нив дојдоа да го разгледаат Бетел. Еден од оние што во почетокот се противеа, подоцна многу се заинтересира за градежниот проект. Сакаше да знае кои сме и што ќе се работи во таа зграда. Кога дојде да го разгледа Бетел, се зачуди од срдечниот пречек и од чистотата на зградата. „Соседите ме прашуваат дали сум сега на ваша страна“, им рече на браќата, „а јас им велам ‚Колку што порано бев против нив, сега сум за нив, бидејќи тоа се добри луѓе‘“.
Сите беа радосни кога на 12 август 2006 год., Теодор Џерес од Водечкото тело го изнесе говорот за свеченото отворање на Бетелот пред 144 присутни од 20 земји. Во Љубљана се одржа посебен состанок, на кој брат Џерес изнесе говор пред 3.097 лица што дојдоа од цела Словенија, од Хрватска и од Босна и Херцеговина.
СВЕТЛА ИДНИНА
Јеховините сведоци во Словенија се потполно уверени дека нивниот небесен Татко и понатаму ќе ги води и ќе ги благословува. На обласниот конгрес во 2004 год., браќата беа пресреќни што ги добија Христијанските грчки списи — превод Нов свет на својот јазик. Сега имаат убав нов Бетел, голем број ревносни пионери, и решени се и понатаму да ја извршуваат својата задача да проповедаат и да ги поучуваат луѓето (Мат. 28:19, 20).
Во Словенија, луѓето се главно римокатолици, а во комунизмот многумина станаа атеисти. Освен тоа, многу од нив се притиснати од животните грижи или, пак, се преокупирани со материјалистички цели. На други, пак, им е најважен спортот или забавата. Сепак, сѐ уште има искрени лица кои сакаат да дознаат повеќе за Божјите ветувања кои се запишани во Библијата.
Делото и понатаму напредува. Во август 2008 год., најголемиот број на објавители изнесуваше 1.935, а околу четвртина од објавителите беа во некој облик на пионерска служба. Се проповеда и на други јазици — на албански, англиски, кинески, српски и хрватски, како и на словенечки знаковен јазик. За разлика од скромните почетоци во Словенија, кога само двајца бербери ја проповедаа добрата вест, сега едно меѓународно мноштво ревносни проповедници ги бараат достојните лица кои имаат желба да му служат на вистинскиот Бог, Јехова (Мат. 10:11).
На делот од Балканот што порано беше познат како Југославија, имаше многу судири кои на луѓето им донесоа страдање и болка. Но, и покрај верската нетрпеливост и етничката омраза, меѓу Јеховините слуги владее љубов. Ова е знак дека тие се вистински ученици на Христос и дека служењето на вистинскиот Бог, Јехова, е повозвишено од сѐ што може да понуди овој свет. Оваа љубов, каква што покажува и Бог, поттикнува и сѐ поголем број други луѓе да ја прифатат вистината и им помага на браќата да останат непоколебливи и решени обединето да му служат на Јехова во сета вечност! (Иса. 2:2-4; Јован 13:35).
[Фусноти]
a Усташите беа припадници на фашистичкото револуционерно движење кое со поддршка од Католичката црква се бореше за независност на Хрватска. Беа озлогласени по својата свирепост.
b Поради политичката состојба во земјата, во називот на конгресот беше додаден зборот „божествената“ за да биде јасно за каква слобода станува збор.
c Види ја статијата „Помагање на нашата фамилија верници во Босна“, во Стражарска кула од 1 ноември 1994, страници 23-27.
[Истакната мисла на страница 18]
Додека низ Југославија се ширеше бран на национални и верски предрасуди, нашите браќа останаа обединети
[Истакната мисла на страница 23]
‚Дали сум тука за да им угодувам на луѓето? Не! Дали мојот живот зависи од тоа што велат, што мислат или што прават другите? Не!‘
[Рамка на страница 4]
Земја на спротивности
Ако прашате неколку луѓе да ви кажат кои се културните разлики во поранешна Југославија, веројатно ќе добиете различни одговори. Но, сите ќе се сложат дека во неа живееја седум различни народи со различна религија, а некои од нив имаат дури и посебен јазик и писмо. Етничките групи главно се разликуваат по верската припадност. Пред повеќе од 1.000 години, христијанството се поделило на Римокатоличка и Православна црква. Границата помеѓу католичкиот запад и православниот исток минува низ срцето на поранешна Југославија. Во Хрватска и Словенија живеат главно католици, а во Србија и Македонија повеќето се православни христијани. Во Босна живее мешавина од народи со исламска, католичка и православна вероисповед.
Освен по верската припадност, овие народи се разликуваат и по јазикот. Повеќето жители на подрачјето на поранешна Југославија, со исклучок на Косово, зборуваат некој јужнословенски јазик. Иако секоја земја си има свој јазик, Србите, Хрватите, Бошњаците и Црногорците можат многу лесно да се разберат зашто јазиците се многу слични. Но, во Косово, Македонија и Словенија се зборуваат малку поразлични јазици. Кон крајот на 19 век се вложувале напори да се обединат сличните јазици, но таа идеја пропадна со распадот на Југославија во 1991 год. Во текот на изминатава деценија, сите земји се потрудија да го зацврстат својот национален идентитет, па така во некои јазици беа воведени нови зборови за да се направи разлика од јазиците на околните народи.
[Рамка/слика на страница 6]
Еден часовничар ја објавува добрата вест во Славонија
Во 1930-тите, Антун Абрамовиќ патувал од едно село во друго низ Хрватска и поправал рачни и ѕидни часовници. Во една гостилница, му дошла в раце една од нашите брошурки. Кога ја прочитал, веднаш му било јасно дека тоа е вистината, која веднаш го допрела до срце. Потоа напишал писмо до Бетелот и замолил да му пратат и друга литература. По кратко време, му се заветувал на Јехова и се крстил. Потоа, кога патувал од село до село, не само што им ги поправал часовниците на луѓето, туку и им сведочел. Така можел да проповеда без да привлече внимание, што било многу важно бидејќи делото било забрането. Во едно мало место, Привлака, запознал некои луѓе што од срце ја прифатиле вистината. Со текот на времето, таму било основано едно мало собрание. Оттаму, вистината се раширила во Винковци и во околината.
За време на Втората светска војна, брат Абрамовиќ учествуваше во илегалното печатење на литература која се делеше низ цела Југославија. Поради својата ревност, се најде меѓу 14-мина браќа што, во 1947 год., беа осудени на долги години затвор. Откако беше пуштен на слобода, служеше како патувачки надгледник. Целиот свој живот му служеше на Јехова со несмалена ревност.
[Рамка/слика на страница 8]
Еден диригент станува пионер
Пред многу години, во Босна и Херцеговина, диригентот на Кралскиот гардиски оркестар, Алфред Тучек, добил библиска литература од својот колега Фриц Грегер. Веројатно кон крајот на 1920-тите, Алфред стапил во контакт со здружението „Светилник“ во Марибор и изразил желба да служи како општ пионер. Тој бил еден од првите општи пионери во Југославија. Иако имал добро платена работа како диригент на воениот оркестар, љубовта кон Јехова го поттикнала да ја остави работата и ‚да не се обѕрнува на она што е одзади‘ (Лука 9:62). Во почетокот на 1930-тите, патувал со пионерите од Германија и ја прикажувал „Фотодрамата за создавањето“. Помогнал и да се направат картички со мапа на подрачјата за да се организира проповедањето во Југославија. Во 1934 год., се оженил со Фрида, пионерка од Германија. Најпрво служеле во Сараево. Подоцна ја проповедале добрата вест во Македонија, Црна Гора, Хрватска и Србија. Во почетокот главно патувале со велосипеди, но подоцна користеле мотоцикл. Иако во тоа време проповедањето било забрането и малкумина ја прифаќале добрата вест, Алфред и Фрида сфатиле дека е многу важно да им сведочат на што е можно повеќе луѓе.
[Рамка/слика на страница 12]
И во добро и во лошо
Мартин Пецингер служел во неколку централноевропски земји пред да добие задача да ја надгледува групата пионери во Југославија. Токму во овој период ја запознал Гертруд Менде, ревносна пионерка од Германија, со која подоцна се оженил. Кога им било потребно лекување, пионерите морале потполно да се потпираат на Јехова. Иако немале здравствено осигурување, секогаш ја добивале потребната помош. Во некои тешки ситуации Јехова ги користел луѓето што биле пријателски настроени. На пример, додека брат Пецингер бил во Загреб, тешко се разболел, а сестра Менде била таму за да му помогне.
Гертруд раскажува: „Во средината на 1930-тите, и јас и Мартин добивме задача да служиме во Сараево. Но, работите не се одвиваа како што очекувавме. Една вечер, на Мартин не му беше добро и во текот на ноќта температурата му се качила на речиси 40°С. Следното утро, кога отидов да го видам, газдарицата кај која живееше беше многу загрижена. Заедно се обидовме да го лекуваме со еден народен лек — варено вино со многу шеќер. Но, не му беше подобро. Се јавив кај повеќето лекари чии имиња ги најдов во телефонскиот именик, но никој не сакаше да дојде. Сите имаа некој изговор.
Газдарицата предложи да се јавиме во болница. Му се јавив на директорот и му објаснив дека Мартин лежи в кревет со температура над 40°С. Тој беше многу љубезен и испрати брза помош. Кога го внесуваа Мартин во колата, газдарицата ми рече: ‚Веќе нема да го видиш‘.
Згора на сето тоа, немавме ни пари. Единствениот приход што како пионери го добивавме беа прилозите за литературата, а со нив одвај се врзуваше крај со крај. Не знаевме што да правиме, а не знаевме ни колку ќе чини лекувањето. Д-р Талер го прегледа Мартин и постави дијагноза: ‚Мартин има плевритис (воспаление на белодробната обвивка) и мора да биде опериран. Ќе му треба време за да закрепне‘.
На д-р Талер очигледно му беше јасно во колку тешка економска ситуација сме, и затоа ни рече: ‚Сакам да им помагам на луѓе што имаат вера како вас‘, и не му наплати на Мартин за операцијата. Со Јеховина помош ја пребродивме таа тешка ситуација. Поради болеста на Мартин, не можевме да одиме во Сараево и се вративме во Германија“.
[Рамка/слика на страница 16]
Дење на работа, ноќе крај печатарската машина
ЛИНА БАБИЌ
РОДЕНА 1925
КРСТЕНА 1946
НЕКОИ ПОДАТОЦИ: Служи во Бетел од 1953 год. Во тоа време Јеховините сведоци беа законски признати. Помагала околу печатењето и испораката на списанијата и литературата. Денес верно служи во Бетелот во Загреб.
ОТКАКО браќата беа пуштени од затвор, веднаш почнаа да се прават подготовки за да се печатат списанијата. Но, имаше малку браќа, а многу работа. Кога го сфатив ова, се пријавив да помогнам, иако бев вработена. Така, цел ден поминував на работа, а потоа до доцна во ноќта работев на печатарска машина.
Во тоа време, подружницата во Загреб немаше свои простории. Еден постар брачен пар, Петар и Јелена Јелиќ, предложија да умножувавме литература во нивниот еднособен стан. Собата немаше ни цели 20 квадратни метри. На дрвена рамка стававме чаршаф. Потоа рамката ја поставувавме врз креветот и на неа ги редевме отпечатените страници. До креветот имаше маса врз која стоеше рачниот мимеограф. Со него печатевме околу 800 страници на час. Во споредба со денешните печатарски машини, тоа е ништо, но ние бевме среќни што — стрпливо и со многу труд — можевме да печатиме сѐ што ни беше потребно.
Навистина бевме трогнати кога гледавме како брат и сестра Јелиќ стрпливо чекаат да завршиме со работата и да ги тргнеме отпечатените страници за да можат да си легнат. Никогаш не се жалеа. Напротив, беа среќни, а од очите им зрачеше радост затоа што така помагаа во делото за Царството. Секогаш кога можеше, Јелена заедно со неколку други постари сестри помагаше да се наредат, да се спојат и да се свиткаат отпечатените страници. Нивната помош беше скапоцена.
Во 1958 год., набавивме електричен мимеограф што многу ни ја олесни работата. Во 1931 год., кога почнавме со печатење, тиражот беше само 20 примероци од секое списание, но во почетокот на 1960-тите, печатевме 2.400 примероци на три јазици — хрватски, српски и словенечки. Иако не можевме да произведуваме книги, отпечативме многу брошурки. Во 1966 год., имавме најголем тираж. Книгата Работи во кои е невозможно Бог да лаже беше отпечатена во една локална печатница и беше издадена како комплет од 12 брошурки. За да се добијат 50.000 книги на сите три јазици, требаше да се отпечатат 600.000 брошурки.
Денес служам во Бетел во Загреб. Среќна сум кога размислувам за годините што ги поминав во Јеховината служба и кога гледам како Тој го благословува делото за Царството во сите земји од поранешна Југославија.
[Рамка/слика на страница 24]
„Утре сѐ може да биде поинаку“
ИВИЦА ЗЕМЉАН
РОДЕН: 1948
КРСТЕН: 1961
НЕКОИ ПОДАТОЦИ: Поради неутралност, пет пати лежел во затвор. Подоцна служел како покраински надгледник за време на викендите, а денес служи како старешина во едно собрание во Загреб.
МОИТЕ родители беа во вистината, и дома вистината беше главна тема на нашите разговори. Кога добив покана за војска, се пријавив и реков дека сакам да дадам изјава. Откако го објаснив мојот неутрален став, бев изведен пред суд и осуден на девет месеци затвор. Кога ме пуштија, дома веќе ме чекаше уште една покана за војска. Повторно излегов на суд, но овој пат ме казнија со една година затвор. Кога бев ослободен, веќе ме чекаше трета покана и трето судење. Овој пат казната изнесуваше 15 месеци затвор. Четвртиот пат добив 20 месеци, а петтиот пат две години затвор — сѐ на сѐ, над шест години затвор. Сето ова се случуваше во периодот помеѓу 1966 и 1980 год.
Двапати бев пратен на Голи Оток. Целиот остров беше затвор главно за политички осуденици. Со мене постапуваа исто како и со другите затвореници. Имавме задача „да го затрупаме морето“. За таа цел, од едниот крај на островот на другиот, носевме камења кои ги стававме на дрвени носилки. Натоварени, тие тежеа по стотина килограми. Откако ќе ги истуревме во морето, повторно се враќавме по други камења, и така цел ден.
Кога вторпат бев испратен на Голи Оток, беше обичај секој нов затвореник да го стават еден месец во самица. Беше страшно затоа што си заклучен и потполно сам. Тој месец се молев повеќе од кога и да е порано. Немав ни Библија ни библиски публикации. Ми беше многу тешко зашто бев потполно отсечен. Единствено охрабрување ми беше едно писмо што ми го пратија родителите. Токму тогаш почувствував колку се силни зборовите на апостол Павле: „Кога сум слаб, тогаш сум силен“ (2. Кор. 12:10). Бев навистина среќен и духовно јак кога излегов од затвор и повторно најдов работа.
Во еден друг затвор, морав да одам кај психолог кој многу грубо ме изнавреди. Ми викаше и ми изнакажа сѐ и сешто, па дури и дека не сум нормален. Не смеев да кажам ниту збор ниту, пак, да се бранам. Следниот ден, истиот тој психолог ме викна, и со сосем поинаков тон ми рече: „Размислував за тебе и сметам дека не ти е местото во овој затвор. Ќе ти најдам работа надвор од затворот“. На мое изненадување, навистина го направи тоа. Не знам зошто го смени мислењето, но од тоа научив дека никогаш не треба да се плашиме и да мислиме дека нема излез. Утре сѐ може да биде поинаку. Благодарен сум му на Јехова за сите тие искуства кои ме зближија со него.
[Рамка/слика на страница 26]
‚Смеат ли луѓето да разговараат за фудбал?‘
ХЕНРИК КОВАЧИЌ
РОДЕН: 1944
КРСТЕН: 1962
НЕКОИ ПОДАТОЦИ: Во 1973 год., служел како покраински надгледник за време на викендите, а потоа, од 1974 до 1976 год., служел како полновремен патувачки надгледник. Сега е член на Одборот на подружницата во Хрватска.
НИКОГАШ не знаевме дали ќе си дојдеме дома од служба. Полицијата честопати нѐ апсеше и нѐ сослушуваше. Луѓето обично имаа погрешна претстава за нашата активност.
Еднаш, во полициската станица ми рекоа дека смееме да зборуваме за Бог само на места што се наменети за таа цел, а не на улиците или од куќа до куќа. Исто како Неемија, и јас му се помолив кратко на Јехова да ми помогне да ги најдам вистинските зборови. Потоа го прашав иследникот: „Дали луѓето од овој град смеат да разговараат за фудбал само кога се на стадион или можат да го прават тоа и на други места?“ Ми одговори дека луѓето можат да зборуваат за фудбал каде што сакаат. Потоа му реков: „Тогаш и за Бог може да се зборува секаде, а не само во црква или во некој друг верски објект“. Иако мене и братот што беше со мене нѐ испрашуваа пет часа, на крајот нѐ пуштија.
Кога размислуваме за 40-те години поминати во служба, јас и жена ми, Ана, можеме да кажеме дека не би ги менувале за ништо на светот. Радосни сме што им помогнавме на речиси 70 лица да ја запознаат вистината. Секоја задача што ни ја дава Јехова може само да ни го збогати животот.
[Рамка/слика на страница 38]
Ветивме дека ќе се вратиме
ХАЛИМ ЦУРИ
РОДЕН: 1968
КРСТЕН: 1988
НЕКОИ ПОДАТОЦИ: Учествувал во организирањето и делењето на хуманитарна помош во Сараево. Сега служи како старешина, член на Одборот за контактирање со болниците и како законски претставник на Јеховините сведоци во Босна и Херцеговина.
ВО 1992 год., Сараево беше под опсада. Кога не можевме да добиеме нова литература, проучувавме постари списанија. Со помош на една стара машина за пишување, браќата ги умножуваа статиите за проучување. Иако во градот имаше само 52 објавитела, на состаноците имаше над 200 присутни, а водевме околу 240 библиски студии.
Во ноември 1993 год., за време на најтешкиот период од војната, се роди нашата ќерка Аријана. Во тоа време беше многу тешко да се има мало дете. Понекогаш по цели седмици немавме ни вода ни струја, а мебелот го користевме за огрев. Кога одевме на состаноци, моравме да поминеме низ многу опасни делови од градот. Снајперистите пукаа на секој што ќе го видеа, па затоа некои улици и барикадите моравме ги поминувавме со трчање.
Еден мирен ден, јас, мојата жена и бебето, заедно со брат Дражен Радишиќ се враќавме од состанок кога одеднаш се слушнаа истрели од митралез. Легнавме на земја, но еден куршум ме погоди во стомакот. Почувствував неподнослива болка. Многу луѓе видоа од прозорците што се случи, а некои храбри момчиња истрчаа од куќите и нѐ прибраа на безбедно. Брзо ме однесоа во болница, каде што лекарите веднаш сакаа да ми дадат трансфузија. Му објаснив на докторот дека совеста не ми дозволува да примам крв. Ме убедуваа да се премислам, но јас останав на мојата одлука и бев спремен да се соочам со последиците. На крајот, сепак ме оперираа. Операцијата траеше два и пол часа, и сѐ се заврши добро иако не примив трансфузија.
По операцијата, морав да одморам, што беше невозможно зашто беснееше војна. Решивме да одиме кај роднините во Австрија. Меѓутоа, единствениот излез од Сараево беше еден пат кој водеше низ тунел под аеродромот. Тунелот беше долг 900 метри и висок околу 1,2 метри. Жена ми го носеше бебето, а јас се напрегав да го носам багажот. Но, бидејќи скоро бев опериран, таа мораше да ми помогне.
Не се опишува со зборови колку убаво ни дојде престојот во Австрија. Но, кога заминувавме од Сараево, им ветивме на браќата и на нашиот Творец дека ќе се вратиме. Ни беше тешко да се збогуваме со роднините во Австрија, особено со мајка ми. Но, им објаснивме дека му ветивме на Бог оти ќе се вратиме ако ни помогне да излеземе од Сараево за да здивнеме малку. Како тогаш би можеле да му кажеме: „Фала што ни помогна да дојдеме овде. Многу ни е убаво тука и би сакале да останеме“? Освен тоа, им бевме потребни и на браќата во Сараево. Жена ми Амра многу ми помогна во целиот тој период.
Така, во декември 1994 год., повторно се најдовме во тунелот што водеше до Сараево. Овој пат се враќавме во градот. Кога видоа дека излегуваме од тунелот, луѓето нѐ прашуваа: „Што правите? Сите сакаат да си заминат одовде, а вие се враќате во град што е под опсада?“ Кога повторно се видовме со нашите браќа во Салата на Царството во Сараево, почувствувавме неопислива радост. Никогаш не зажаливме што се вративме.
[Рамка на страница 48]
Хрватските острови
Хрватското крајбрежје е долго 1.778 километри и има над 1.000 острови, а околу 50 од нив се населени. Некои немаат ни квадратен километар, а најголемите зафаќаат површина од над 400 квадратни километри.
Жителите на овие острови главно се занимаваат со рибарство, со одгледување маслинки и винова лоза, и со градинарство. Во националниот парк Корнати, во кој спаѓаат 140 острови и гребени, се наоѓаат места кои се вистински рај за нуркачите. Жителите на Крпањ и Зларин се занимаваат со вадење корали и морски сунѓери. Островот Хвар е познат по лавандата, медот и маслото од рузмарин. На оголениот остров Паг овците пасат од ретките билки и од солената трева, која му дава посебен вкус на млекото од кое се прави и познатиот пашки кашкавал.
Јеховините сведоци се трудат да им проповедаат на сите островјани. За да се стигне до некои острови, доволно е само да се помине еден мост, но до некои треба да се патува со траект. Браќата многу сакаат да организираат посебни акции во кои објавителите поминуваат по два-три дена проповедајќи на некој остров. Но, не е секогаш лесно да се разговара со островјаните затоа што некои од нив имаат посебен дијалект кој посетителите тешко можат да го разберат.
Сепак, убаво е што некои од жителите на островите ја прифаќаат добрата вест. На Корчула има и собрание со 52 објавитела. Бидејќи ова собрание се наоѓа на остров, на браќата од копното што држат јавни предавања не им е лесно да стигнат таму. Но, тие самопожртвувано му помагаат на ова островско собрание да остане обединето со меѓународното христијанско братство (1. Пет. 5:9).
[Рамка/слика на страница 56]
„Отидов во затвор 11 дена порано“
ПАВЛИНА БОГОЕВСКА
РОДЕНА: 1938
КРСТЕНА: 1972
НЕКОИ ПОДАТОЦИ: Почнала да служи како пионер во 1975 год. Две години подоцна станала првиот специјален пионер во Македонија и им помогнала на 80 лица да ја запознаат вистината.
МНОГУ пати кога проповедав, луѓето ме пријавуваа во милиција. Така, завршував во станицата на испрашување — понекогаш и со часови. Повеќепати бев парично казнета. На суд бев лажно обвинета дека сум непријател на државата и дека ширам прозападна пропаганда. Еднаш бев осудена на 20 дена, а другпат на 30 дена затвор.
Затворската казна од 20 дена требаше да ја издржувам токму кога требаше да се одржи нашиот обласен конгрес. Го замолив судот да ми ја одложи казната, но мојата молба беше одбиена. Затоа решив да отидам во затвор 11 дена порано. Затворските службеници се изненадија кога ме видоа. Не им се веруваше дека некој би сакал да отиде в затвор што е можно побрзо. Имав можност да им сведочам, а тие ми ветија дека ќе направат сѐ што е во нивна моќ за да ми излезат во пресрет. Единаесет дена подоцна, во затворот дојде еден милицаец за да провери дали сум се пријавила за издржување на казната. Можете да замислите колку беше изненаден кога затворските службеници му рекоа дека веќе 11 дена сум таму! Така, на крајот, сепак можев да присуствувам на конгресот.
[Рамка/слика на страница 62]
„Се трудеа да ни го дадат најдоброто“
ШАНДОР ПАЛФИ
РОДЕН: 1933
КРСТЕН: 1964
НЕКОИ ПОДАТОЦИ: Неговите родители ја запознале вистината во логор, веднаш по завршувањето на Втората светска војна. Служел како покраински надгледник, прво за време на викендите, а потоа полновремено. Сега е член на Одборот на земјата.
БИДЕЈЌИ моите имаа унгарско потекло, партизаните нѐ испратија во логор во кој останавме некое време. Но, на крајот ова излезе добро зашто токму таму моите родители ја запознаа вистината. Додека бев млад, вистината не ме интересираше многу. Сепак, врз мене имаше големо влијание брат Франц Бранд кој живееше кај нас неколку години. Тој ме замоли да му преведам некои публикации од унгарски на српски. Се согласив, мислејќи дека му правам услуга. Подоцна дознав дека немало потреба за преведување — братот само сакал да ги прочитам публикациите. Неговата тактика беше успешна — се крстив кратко потоа, во 1964 год.
Моите најубави спомени се од времето кога служев како патувачки надгледник. Тоа не беше секогаш лесно бидејќи браќата беа многу сиромашни. Честопати спиев во истата соба со семејството кај кое бев сместен. Но, вредеше човек да се жртвува. Бев пресреќен кога гледав колку браќата се радуваат на посетата од покраинскиот надгледник — со душа чекаа да дојдеме. Се трудеа да ни го дадат најдоброто. Зарем можев да не им бидам благодарен?
[Рамка/слика на страница 66]
„Каде да ги најдам тие луѓе?“
АГРОН БАШОТА
РОДЕН: 1973
КРСТЕН: 2002
НЕКОИ ПОДАТОЦИ: Бил војник во Ослободителната војска на Косово (ОВК), а сега служи како општ пионер и слуга-помошник
ВО ТЕКОТ НА војната видов ужасни злосторства, како што беше убивањето мали деца, и затоа заклучив дека нема Бог. Си мислев: ‚Ако има, зошто не преземе нешто за да ги спречи овие страдања?‘ Мојата вера доживеа уште еден удар кога видов како муслиманските верски водачи ја поддржуваа војната против Србите. Пред војната бев муслиман, но до крајот на војната станав атеист и ѝ се приклучив на Ослободителната војска на Косово. Иако бев во неа само кратко време, стекнав голема почит од другите и добив многу повластици. Поради сето тоа станав насилен и горделив.
За жал, така се однесував и со својата жена, Мерита. Мислев дека мора секогаш да ме слуша и да го прави она што ќе ѝ го кажам. Мерита одвреме-навреме разговарала со Сведоците во текот на војната и имаше некои нивни публикации. Една вечер, пред да си легне, ми рече: „Земи ги и прочитај ги. Пишува за Бог“. Збеснав кога помислив дека таа мене сака да ме учи за Бог. За да не се скараме, Мерита отиде да си легне.
Кога останав сам со публикациите, решив да ја прочитам брошурата Што бара Бог од нас? Потоа ја прочитав брошурката Време за вистинска подложност на Бог. Како муслиман, се изненадив кога видов дека во неа се цитирани стихови од Коранот. Потоа прочитав и некоја Стражарска кула и Разбудете се! Ноќта веќе беше прилично одмината, кога отидов во спалната и ја разбудив Мерита. „Кој ти ги даде овие?“ — ја прашав. „Каде да ги најдам тие луѓе?“
Бев длабоко трогнат од она што го прочитав, но жена ми не можеше да поверува во тоа и се плашеше да не направам нешто лошо. Сепак, истата ноќ ѝ телефониравме на една сестра која ни кажа кога и каде ќе има состанок. Следното утро отидовме на состанокот. Бев восхитен кога видов колку се пријатни и срдечни браќата. Не можев да верувам дека постојат такви луѓе. Јасно се гледаше дека се поинакви од другите. Во текот на состанокот, се сетив на едно прашање и сакав што побрзо да го чујам одговорот, па дури и кревав рака за да го поставам. Старешините не знаеја зошто сум толку нестрплив, па малку се плашеа. Сигурно им падна камен од срце кога дознаа дека само сакам да знам што треба да правам за да станам Јеховин сведок.
Истиот ден почнав да ја проучувам Библијата. Морав да променам многу работи кај себе, и тоа не беше лесно. Сакав да престанам да пушам и сфатив дека треба да ги прекинам контактите со поранешните пријатели. Се молев и редовно одев на состаноци, и тоа ми помогна да се покаам за она што го правев во минатото и да ја облечам новата личност. Вистината потполно го промени мојот живот и животот на моето семејство. Денес заедно со сопругата служиме како општи пионери, а во 2006 год. станав слуга-помошник. Сега им помагам и на други да разберат зошто луѓето страдаат и како Јехова наскоро ќе ги реши сите наши проблеми.
[Рамка/слика на страница 76]
„Изгледаше како Јехова да ги заслепува“
ЈАНЕЗ НОВАК
РОДЕН: 1964
КРСТЕН: 1983
НЕКОИ ПОДАТОЦИ: Одлежал три години затвор поради својата вера. Сега е член на Одборот на подружницата во Словенија.
ВО ДЕКЕМВРИ 1984 год., неколку пати добив покана за војска. Кога на вратата ми оставија писмено предупредување дека по мене ќе дојде воена полиција, решив да појдам во касарната и да го објаснам својот став. Но, тие не сакаа ни да чујат за тоа и направија сѐ што беше во нивна моќ за да ме присилат да служам војска. Ми ја избричија главата, ми ја одзедоа цивилната облека и ми дадоа војничка униформа. Кога одбив да ја земам, сосила ми ја облекоа, а потоа ми тутнаа пенкало во раката и се обидоа да ме присилат да потпишам дека ќе служам воен рок. Но, јас одбив да го сторам тоа.
Исто така одбив да учествувам и во утринското вежбање и поздравувањето на знамето. Кога четворица војници ме одведоа во дворот и ми наредија да вежбам, јас не сакав да ги кренам рацете. Се обидуваа сосила да ми ги кренат сѐ додека не сфатија колку е бесмислено тоа што го прават. Понекогаш ќе впереа пушка во мене и ми се закануваа дека ќе ме убијат. А, некогаш, пак, се обидуваа да ме поткупат со кафе и со колачи.
На некои им се плачеше од мака што не сакав да попуштам. Други збеснаа кога не сакав да плукнам на сликата на маршал Тито што ја ставија пред мене. По неколку дена, се обидоа да ме присилат да носам оружје, но го одбив и тоа. Ова се сметаше за сериозно кршење на воените правила, па еден месец бев во притвор во касарната. Потоа поминав неколку седмици во затвор во Загреб, додека ја чекав пресудата. Во ќелијата цела ноќ гореше црвено светло, а во тоалет можев да одам само ако чуварот беше добро расположен.
На крајот бев осуден на три години робија на Голи Оток, каде што беа испраќани најлошите осуденици. Ме одведоа во тој затвор, кој беше познат по насилството меѓу затворениците, а на рацете имав синџири бидејќи не сакав да земам оружје. Таму сретнав уште четворица Јеховини сведоци кои исто така беа затворени поради својата неутралност.
Не смеевме да имаме Библија ниту друга литература. Но, таму веќе имаше една Библија. Семејството ми испраќаше Стражарска кула во кутија со двојно дно. Стражарите никогаш не открија дека имаме литература ниту дека држиме христијански состаноци. Понекогаш ќе се појавеа, а литературата што не успеавме да ја скриеме стоеше на видливо место, но изгледаше како Јехова да ги заслепува и ништо не забележуваа.
По една година бев префрлен во Словенија за да го одлежам остатокот од казната. Се оженив со Рахела додека уште бев в затвор. Кога конечно бев пуштен, заедно почнавме со пионерска служба. Од 1993 год. служиме во Бетел во Словенија.
[Табела/графикон на страници 72 и 73]
ЗНАЧАЈНИ НАСТАНИ ВО ЗЕМЈИТЕ НА ПОРАНЕШНА ЈУГОСЛАВИЈА
1920-тите Во Марибор се состанува мала група за да ја проучува Библијата
1930-тите Пионери од Германија пристигнуваат во Југославија
1935 Во Белград е отворено претставништво за да го надгледува проповедничкото дело
1940
1941 Германците ја окупираат Југославија; следи жестоко прогонство
1950
1953 Јеховините сведоци се законски признати, но немаат потполна слобода за да проповедаат од куќа до куќа
1960
1969 На овој стадион во Нирнберг е одржан меѓународен конгрес
1970
1990
1991 Во Загреб е одржан првиот меѓународен конгрес. Стигнуваат и првите мисионери од Гилеад. Во Словенија е отворен Бетел кој го надгледува подружницата во Австрија. Започнува војната
1993 Јеховините сведоци во Македонија се законски признати
1994 Во Словенија е основан Одбор за контактирање со болниците
2000
2003 Јеховините сведоци во Хрватска се законски признати. Свечено отворање на новиот Бетел во Македонија
2004 Излегуваат Христијанските грчки списи — превод Нов свет
2006 Свечено отворање на новата подружница во Словенија. Целото Свето писмо — превод Нов свет излегува на хрватски, српски и македонски. Во Белград е основана група на кинески јазик
2007 Во Македонија првпат се одржува специјалното предавање на ромски јазик. Излегува и првата публикација на ромски јазик
2010
[Графикон]
(Види во публикацијата)
Вкупно објавители
Вкупно пионери
14.000
10.500
7.000
3.500
1940 1950 1960 1970 1990 2000 2010
[Карти на страница 9]
(Види во публикацијата)
ЧЕШКА
АВСТРИЈА
ВИЕНА
СЛОВАЧКА
БРАТИСЛАВА
УНГАРИЈА
БУДИМПЕШТА
РОМАНИЈА
БУГАРИЈА
ГРЦИЈА
АЛБАНИЈА
ТИРАНА
ЈОНСКО МОРЕ
ИТАЛИЈА
ЈАДРАНСКО МОРЕ
ПОРАНЕШНА ЈУГОСЛАВИЈА
СЛОВЕНИЈА
ЉУБЉАНА
Марибор
Камник
ХРВАТСКА
ЗАГРЕБ
СЛАВОНИЈА
Осиек
Вуковар
Винковци
Привлака
Јасеновац
Шибеник
Сплит
ДАЛМАЦИЈА
Голи Оток
Паг
Корнат
Зларин
Крапањ
Хвар
Корчула
БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА
САРАЕВО
Бихаќ
Бања Лука
Тузла
Травник
Зеница
Вареш
Мостар
СРБИЈА
БЕЛГРАД
ВОЈВОДИНА
Бор
ЦРНА ГОРА
ПОДГОРИЦА
Никшиќ
Херцег Нови
Тара
Скадарско Езеро
КОСОВО
Пеќ
Приштина
МАКЕДОНИЈА
СКОПЈЕ
Тетово
Кочани
Штип
Кичево
Струмица
Ресен
Забелешка: Обединетите нации известија дека „Косово прогласи независност од Србија во февруари [2008 год.]“. Со цел да се реши спорот околу политичкиот статус на Косово, Генералното собрание на ОН побара „стручно мислење од Меѓународниот суд на правдата“.
[Слика на страница 3]
Франц Бранд
[Слики на страница 5]
Рудолф Кале и една од неговите машини за пишување
[Слика на страница 7]
Браќата во Словенија изнајмуваа камион за да проповедаат
[Слика на страница 10]
Првите пионери се соочуваа со многу проблеми
[Слика на страница 13]
Алфред и Фрида Тучек со своите велосипеди
[Слика на страница 14]
Рудолф Кале пред Бетелот во Белград
[Слика на страница 20]
Франц Дрозг и неговото писмо
[Слики на страница 27]
Горе: во Љубљана една коњушница беше преуредена во Сала на Царството; долу: една од првите Сали на Царството во Загреб
[Слика на страница 29]
Стојан Богатинов
[Слика на страница 31]
Во заднина: меѓународниот конгрес „Мир на Земјата“ што се одржа во 1969 год. во Нирнберг (Германија); горе: воз со делегати од Југославија; долу: Рудолф Кале, Натан Нор и Гинтер Кинц
[Слика на страница 32]
Ѓуро Ландиќ
[Слика на страница 34]
Милтон Хеншел, и крштавањето на меѓународниот конгрес „Љубители на божествената слобода“ во Загреб (1991)
[Слика на страница 37]
Лилјана со ќерките
[Слики на страница 40]
Хуманитарната помош пристигна со камион од Австрија
[Слика на страница 42]
Семејството Ѓорем, 1991 год.
[Слика на страница 44]
Крштавање во буре за риби, во Зеница, 1994 год.
[Слики на страница 47]
Хуманитарна помош во Загреб
[Слика на страница 50]
Елке и Хајнц Полак
[Слики на страница 53]
Одборот на подружницата, горе, одлево надесно: Ѓуро Ландиќ и Хајнц Полак; долу, одлево надесно: Херберт Френцел и Хенрик Ковачиќ; Бетел
[Слика на страница 60]
Доставување на хуманитарна помош во Босна
[Слики на страница 63]
Одборот на земјата, од лево: Шандор Палфи, Рајнер Шолц, Дамир Поробиќ; Бетелот во Белград
[Слика на страница 64]
Салиу Абази
[Слика на страница 68]
Собранието во Пеќ денес
[Слики на страница 71]
Сала на Царството во Подгорица; проповедање во Подгорица
[Слика на страница 74]
Стариот град Пиран
[Слика на страница 78]
Стариот Бетел во Љубљана, 2002 год.
[Слика на страница 79]
Бетел во Камник, 2006 год.
[Слика на страница 79]
Одборот на подружницата на Словенија, од лево: Исо Марович, Јанез Новак, Даниел Фридл, Бранко Прескер