Време за радост на Балканот
Било 1922 година. Во Инсбрук, Австрија, се одржувал еден состанок на искрените Библиски студенти, како што тогаш биле познати Јеховините сведоци. Меѓу присутните бил Франц Брант, еден млад човек од Апатин во Војводина, Србија. Во моментот кога говорникот го спомнал Божјето име, Јехова, толпата почнала да свирка, не дозволувајќи му да продолжи и состанокот бил прекинат. Сепак, она што Франц го чул му оставило длабок впечаток и почнал да ја проповеда добрата вест за Царството. Тоа биле скромните почетоци на возбудлив духовен раст во една од Балканските земји.
ЗА ПОВЕЌЕТО луѓе денес името Југославија создава слика на војна и крвопролевање. На ум доаѓаат потресни слики на ужасни масакри, очајни бегалци, уништени домови и измачени сираци. Не можат да се опишат со зборови очајничката болка и бедата предизвикани од војната што го покоси Балканскиот Полуостров од 1991 до 1995, уништувајќи ја сета надеж за среќна и безгрижна иднина со човечки напори. Како последица од војната, луѓето од поранешна Југославија сега се измачуваат со економски неволји и крајна сиромаштија.a
Наспроти таквото страдање, тешко дека некој ќе очекува да најде среќни луѓе во овој дел од светот. Меѓутоа, колку и да изгледа чудно, такви луѓе сепак постојат. Всушност, кон крајот на 20 век, тие доживеаја ден на посебна радост. Но, каква врска со сето ова има Франц Брант, младиот човек спомнат во почетокот?
Духовен пораст на Балканот
Франц Брант бил возбуден од новите вистини што ги чул и одлучил дека мора да ја шири добрата вест. Нашол работа како бербер во Марибор, град во Словенија близу границата со Австрија, и почнал да им проповеда на своите муштерии, кои обично седеле и молчешкум слушале додека ги бричел. Како резултат на неговите напори, во доцните 1920-ти имало мала група на објавители на Царството во Марибор. Библиските говори се одржувале во еден ресторан, кој подоцна соодветно бил наречен Рибен ресторан „Novi svet“.
Со текот на времето, добрата вест се раширила низ целата земја. Од помош во оваа експанзија било користењето на „Фото-драмата на Создавањето“ (осумчасовна презентација што вклучувала филмови, дијапозитиви и снимки). Потоа, кога во 1930-те Јеховините сведоци во Германија се нашле под сурово прогонство, редовите на Сведоците во царството Југославија биле зајакнати со германски пионери кои побегнале од својата татковина. Жртвувајќи го својот комфор или удобност, тие тргнале да проповедаат до најоддалечените делови на оваа планинска земја. Во почетокот изгледа имало мал одѕив на нивната порака. Во раните 1940-ти само 150 објавители известиле служба.
Во 1941 дојде до жестоко прогонство кое траеше сѐ до 1952. Каква само радост беше кога конечно, на 9 септември 1953, под комунистичкиот систем на владеење на маршал Тито, Јеховините сведоци беа законски регистрирани! Таа година имаше 914 објавители на добрата вест, а бројот постојано се зголемуваше. До 1991, бројот на објавителите порасна на 7.420, а таа година на Меморијалот присуствуваа 16.072 лица.
Од 16 до 18 август 1991, во Загреб, Хрватска, беше одржан првиот меѓународен конгрес на Јеховините сведоци во оваа земја. Имаше 14.684 присутни од земјата и од странство. Овој незаборавен конгрес го подготви Јеховиниот народ за испитите што лежеа пред него. Меѓу последните возила што го поминаа контролниот пункт помеѓу Хрватска и Србија беа автобусите што ги носеа српските делегати дома. Кога помина последниот автобус, границата беше затворена и почна војната.
Јеховиниот народ има причини да се радува
Годините на војна се покажаа како време на сурови испити за Јеховините сведоци на Балканот. Сепак, тие имаат причина да се радуваат зашто Јехова го благословува својот народ таму со извонреден пораст. Од 1991, бројот на објавители на Царството на подрачјето на поранешна Југославија се зголеми за повеќе од 80 проценти. Во 2001 службена година беше постигнат највисок број од 13.472 објавители.
Канцелариите во Загреб и Белград се грижеа за работата на Јеховините сведоци во целата поранешна Југославија. Со порастот и со политичките промени, беше неопходно да се отворат нови канцеларии во Љубљана и во Скопје, како оние во Белград и во Загреб. Во овие канцеларии служат приближно 140 членови. Повеќето од нив се млади и полни со ревност и љубов кон Јехова. Голем број од нив се вклучени во преведувањето на помагала за проучување на Библијата на македонски, словенечки, српски и хрватски. Каков само благослов е што поголемиот дел од списанијата и од литературата на Јеховините сведоци на овие јазици се издава симултано со оригиналните англиски изданија! Овие публикации им помагаат на многу луѓе да најдат утеха и надеж.
Друга причина за радост е поддршката што несебично ја даваат голем број полновремени слуги од други земји. Во последниве години беа изградени значителен број прекрасни Сали на Царството, што придонесе за радост на собранијата. Сепак, ги чекаше уште поголема радост. Како беше можно тоа?
Единствен проект
Многу објавители честопати се прашуваа: „Ќе го имаме ли некогаш Преводот Нов свет на наш јазик?“ Со години ја негуваа надежта да слушнат такво известување на некој обласен конгрес. Сепак, како можеше да се преземе таков огромен проект, со оглед на тоа што преведувачките тимови на овие јазици беа формирани само неколку години пред тоа, и кога имаше релативно малку преведувачи?
Откако ги испита работите, Водечкото тело одобри еден заеднички проект во кој македонскиот, српскиот и хрватскиот преведувачки тим требаше тесно да соработуваат и на тој начин да извлечат корист од заедничката работа и предлози. Хрватскиот тим требаше да го преземе водството.
Ден на радост
Јеховините сведоци на Балканот никогаш нема да го заборават 23 јули 1999. Серијата обласни конгреси „Божјата пророчка реч“ истовремено требаше да се одржи во Белград, Загреб, Сараево и во Скопје. Едно време не беше сигурно дали конгресот ќе може да се одржи во Белград, зашто за време на бомбардирањето од страна на НАТО не беа дозволени никакви јавни собири. Колку само беа среќни браќата од изгледот да се дружат еден со друг по месеци на несигурност! Меѓутоа, реалноста ги надмина очекувањата.
Во петокот попладне, во сите четири конгресни градови беше дадено специјално известување. 13.497-те делегати беа во исчекување на она што требаше да се случи. Кога говорникот конечно го објави Преводот Нов свет на Христијанските грчки списи на српски и хрватски и им кажа на присутните дека преводот на македонски добро напредува, делегатите не можеа повеќе да се воздржат. Громогласниот аплауз не го остави говорникот да го доврши известувањето. На конгресот во Сараево, ненадејна тишина ги опфати присутните кои беа потполно изненадени. Потоа тишината беше проследена со долготраен аплауз. Во Белград солзи радосници се слеваа по образите на многумина, а говорникот, пред да може да го доврши известувањето, беше прекинат со повторен аплауз. Колку само беа среќни сите!
Овој подарок беше уште поскапоцен поради фактот што Јеховините сведоци добија право за печатење на хрватскиот и на српскиот превод на Библијата. На тој начин, Преводот Нов свет на Христијанските грчки списи на овие два јазика беше комбиниран во едно издание со превод на Хебрејските списи на истиот јазик. Освен тоа, Библијата на српски беше отпечатена и на латиница и на кирилица.
Со благодарност за сите благослови и за добиеното водство, Јеховиниот народ на Балканот искрено се согласува со зборовите на Давид: „Ако тргнам и низ долината на смртната сенка, нема да се уплашам од злото, зашто Ти [Јехова] си со мене“. И покрај сите неволји со кои и понатаму се соочува, тој е одлучен да ја направи ‚радоста Јеховина своја тврдина‘ (Псалм 23:4; Неемија 8:10, NW).
[Фуснота]
a Поранешна Југославија се состоеше од шест републики — Босна и Херцеговина, Македонија, Словенија, Србија, Хрватска и Црна Гора.
[Слика на страница 20]
Првата група објавители од Марибор, Словенија, проповеда на далечни подрачја