Радосни што научиле да читаат!
ВО НЕКОИ делови на Соломоновите Острови, дури 80 проценти од оние што сега се Јеховини сведоци морале да се борат со неписменоста. Ова не само што го ограничило нивното учество на седмичните собраниски состаноци туку и им отежнало да ја проповедаат вистината за Царството на другите. Дали е навистина возможно возрасни луѓе кои никогаш не држеле молив в рака да станат писмени?
На часовите за описменување, во речиси сите собранија на Јеховините сведоци на Соломоновите Острови, била користена брошурата Посвети се на читањето и пишувањето, издадена од Јеховините сведоци. Следниве искуства покажуваат како со оваа програма им било помогнато на стотици лица да достигнат нов степен на способност. Што е уште поважно, тоа што научиле да читаат ги оспособило да даваат подобро сведоштво за својата вера (1. Петрово 3:15).
Една мисионерка, која била доделена во собрание со повеќе од сто објавители на Царството, приметила дека на седмичната библиска студија со Стражарска кула само неколкумина имале свој примерок, а уште помалку коментирале. Која била причината? Неписменоста. Кога собранието објавило дека се формира школа за читање и пишување, мисионерката со задоволство се пријавила да биде учителка. Отпрвин дошле само неколку студенти, но наскоро почнале да присуствуваат повеќе од 40 луѓе од сите возрасти.
Какви биле резултатите? Мисионерката раскажува: „Кратко откако почнаа часовите за описменување, отидов на пазар во шест часот наутро за да купам храна за мисионерскиот дом. Таму видов некои од студентите, дури и некои многу млади, како продаваат кокосови ореви и зеленчук. Зошто? Затоа што сакаа да имаат доволно пари за да купат пенкало и тетратка за часовите за описменување! Исто така, присуството на тие часови беше поттик да имаат личен примерок на Стражарска кула“. Таа додава: „Сега, за време на собраниската студија на Стражарска кула, подеднакво учествуваат и младите и старите, и имаме живи дискусии“. Оваа мисионерка била особено среќна кога четири членови на школата ја прашале дали можат да учествуваат во јавното дело на проповедање зашто, како што рекле тие, „повеќе не се плашеле“.
Позитивните ефекти врз студентите што ги посетуваат часовите за описменување отишле подалеку отколку само да се учи читање и пишување. На пример, жената неверник на еден Сведок со години била извор на проблеми за собранието. Фрлала камења по луѓето и на најмала провокација, дури и напаѓала некои жени со стап. Кога одвреме навреме со својот сопруг присуствувала на христијанските состаноци, била толку љубоморна што тој почнал да носи темни очила за да не може го обвини дека гледа во други жени.
Меѓутоа, набрзо откако почнале часовите за описменување, оваа жена тивко прашала: „Може ли и јас да доаѓам на часови?“ Одговорот бил — да. Оттогаш не пропуштила ниеден час и ниту еден собраниски состанок. Работела напорно на часовите за читање и извонредно напредувала, и тоа многу ја радувало. Следно барање ѝ било: „Може ли да имам библиска студија?“ Нејзиниот сопруг со радост почнал да проучува со неа, и таа продолжува да напредува во способноста да чита и пишува и во спознанието од Библијата.
За еден 50-годишник што никогаш не држел молив, самото тоа, да држи молив, и да ги обликува буквите од азбуката може да биде пречка голема колку една планина. Некои толку притискаат на моливот и хартијата на почетокот што дури добиваат и плускавци на прстите. После седмици борба за да го држат и да го контролираат моливот, некои студенти со широка насмевка извикуваат: „Можам полесно да ја движам раката по хартијата!“ И учителите се радуваат кога го гледаат напредокот на студентите. Една учителка рекла: „Да се поучува класот е вистинска радост, а искреното ценење на студентите за оваа подготовка од Јехова честопати се изразува со аплауз на крајот од часот“.
Овие, сега писмени Сведоци се радуваат заедно со мисионерите. Зошто? Затоа што сега можат да ја користат својата способност да читаат и да пишуваат за да го слават Јехова.
[Слики на страници 8 и 9]
И младите и старите ги ценат часовите за описменување