Гледиште на Библијата
Потопот — факт или бајка?
‚И сите животни влегоа при Ноја во ковчегот, две по две‘ (1. Мојсеева 7:8, 9).
КОЈ не чул за потопот од времето на Ное? Веројатно уште од детство ја знаете приказната. Навистина, ако отидете во локалната библиотека да испитате за потопот, можеби ќе најдете многу повеќе книги на таа тема напишани за деца отколку за возрасни. Оттаму, можеби ќе одлучите да го сметате извештајот за потопот само како приказна за пред легнување. Многумина мислат дека извештајот за Ноевиот потоп, заедно со голем дел од остатокот на Библијата, не е ништо повеќе од бајка или, во најдобар случај, морална поука измислена од човек.
Изненадува тоа што дури и некои од оние кои тврдат дека ги положуваат своите религиозни верувања врз Библијата се сомневаат дека потопот навистина се случил. Католичкиот свештеник Едвард Џ. Меклин еднаш изјавил дека приказната за Ное била наменета да се толкува како „алегорија или литературна форма“, а не како историја.
Меѓутоа, дали библискиот расказ за потопот е само алегорија, која никогаш не била наменета да се толкува дословно? Дали самата Библија допушта такво гледиште?
Веродостојни детали
Прво, разгледајте го извештајот од Мојсеј во книгата 1. Мојсеева. Таму ги наоѓаме конкретната година, месец и ден кога поројот започнал, кога арката застанала и кога Земјата се осушила (1. Мојсеева 7:11; 8:4, 13, 14). Иако на другите места во 1. Мојсеева секогаш не се запишувани конкретни датуми, овие датуми го нагласуваат фактот дека Мојсеј гледал на потопот како на вистински настан. Споредете го библискиот призвук на вистината со класичните уводни зборови на многу бајки: „Некогаш во старо време . . .“
Како друг пример, размислете за самата арка. Библијата опишува кораб со должина од околу 133 метри, со сооднос помеѓу должината и висината од 10 спрема 1 и сооднос помеѓу должината и ширината од 6 спрема 1 (1. Мојсеева 6:15). Па, Ное воопшто не бил бродоградител. И запомнете, тоа било пред повеќе од 4.000 години! Сепак, арката била изградена со пропорции кои биле идеални за нејзината функција како пловен сандак. Всушност, современите поморски архитекти откриле дека сличните соодноси се соодветни за структурна цврстина и стабилност на отворено море. Иако Библијата не одредува точно колку време Ное поминал градејќи ја арката, извештајот остава простор за изградба која траела 50 или 60 години (1. Мојсеева 5:32; 7:6). Овие фактори стојат во потполна спротивност на добро познатата приказна која се наоѓа во вавилонскиот еп за Гилгамеш. Епот опишува една масивна, несмасна коцка од околу 60 метри на секоја страна која била изградена за само седум дена. За разлика од таа вавилонска легенда, библискиот извештај за потопот влева доверба во неговата точност.
Освен извештајот од 1. Мојсеева, Писмото десет пати укажува на Ное или на глобалниот потоп. Дали овие осврнувања покажуваат дека инспирираните писатели гледале на потопот како на вистинита историја или како на бајка?
Потврдена автентичност
Во Писмото, Ное се појавува во две родословија на нацијата Израел, од кои втората завршува со Исус Христос (1. Летописи 1:4; Лука 3:36). И двајцата составувачи на овие генеологии, Ездра и Лука, биле вешти историчари и сигурно верувале дека Ное бил вистинска личност.
На други места во Библијата, Ное е вброен меѓу други историски личности, спомнат како човек на праведност и вера (Језекиил 14:14, 20; Евреите 11:7). Дали би имало смисла библиските писатели да вклучат еден митолошки лик како пример за следење? Не, затоа што тоа лесно би можело да ги наведе оние кои ја читаат Библијата да заклучат дека верата е вон моќта на луѓето и дека можат да ја покажуваат само ликовите од книгите за деца. Ное и другите мажи и жени од вера биле наброени бидејќи биле луѓе со слабости и со чувства како нашите (Евреите 12:1; спореди Јаков 5:17).
Во останатите осврнувања на Писмото, за Ное и за потопот се зборува во контекстот на уништувањето кое Бог го донел врз безверната генерација која го опкружувала Ное. Забележете го Исусовото осврнување на потопот, запишано во Лука 17:26, 27: „Како што беше во Ноевите дни, така ќе биде и во деновите на Синот Човечки: јадеа, пиеја, се женеа, се мажеа, сѐ до оној ден, кога Ное влезе во ковчегот, и дојде потопот, па ги погуби сите“.
Исус Христос бил сведок на настаните кои ги опишал затоа што тој живеел на небото пред својот живот на Земјата (Јован 8:58). Кога потопот би бил само бајка, тогаш или Исус имплицирал дека неговата идна присутност е измислена или, пак, зборувал невистина. Ниеден заклучок не е во склад со останатиот дел од Писмото (1. Петрово 2:22; 2. Петрово 3:3—7). Според тоа, како резултат на личното набљудување, Исус Христос верувал дека библискиот извештај за глобалниот потоп е автентична историја. За вистинските христијани, тоа без сомнение е најубедлив доказ дека потопот од времето на Ное бил факт, а не бајка.
[Извор на слика на страница 14]
L. Chapons/Illustrirte Familien-Bibel nach der deutschen Uebersetzung Dr. Martin Luthers