Арката на Ное и бродоградбата
ПОВЕЌЕ од 40 години работам како архитект за бродоградба и како поморски инженер. Мојата работа се состои од конструирање на пловни објекти со различен облик и големина, како и на механичките и други системи што ги движат ваквите објекти. Во 1963 година, додека сѐ уште живеев во Британска Колумбија (Канада), еден Јеховин сведок ми покажа дека во библиската книга 1. Мојсеева, арката на Ное е опишана како долга кутија, или ковчег. Овој опис ме заинтересира и затоа решив потемелно да го испитам.
Извештајот од 1. Мојсеева покажува дека Бог решил да пушти потоп на целата Земја за да ја исчисти од злобата. Но, пред да го стори тоа, му рекол на Ное да направи арка за да може во овој голем Потоп да се спаси себеси и своето семејство, како и примероци од животинскиот свет. Бог му дал упатства на Ное арката да биде долга 300 лакти, широка 50 лакти и висока 30 лакти (1. Мојсеева 6:15). Според една внимателна проценка, ова би значело дека арката била долга 134 метри, широка 22 метра и висока 13 метри.a Таа имала зафатнина од 40.000 кубни метри, што значи дека нејзиниот волумен бил скоро ист со волуменот на луксузниот прекуокеански брод Титаник.
Каква била арката?
Арката имала три ката и ова ѝ давало поголема цврстина и стабилност. Нејзината вкупна површина внатре изнесувала околу 8.900 квадратни метри. Била направена од смолесто дрво, што значи дека било водоотпорно, веројатно чемпрес, и однатре и однадвор била премачкана со смола (1. Мојсеева 6:14-16). Извештајот не кажува како Ное ги споил гредите. Но, уште пред да зборува за Потопот, Библијата спомнува дека се ковале орудија од бакар и од железо (1. Мојсеева 4:22). Всушност, во изградбата на некои дрвени бродови и до ден-денес се користат дрвени клинови, кои се наречени мулти-федери, и тоа може да било случај и со арката.
Арката имала внатрешни прегради, врата од страната, како и цохар во висина од еден лакот, што можеби означува закосен покрив под кој имало отвори за проветрување и за светлина. Но, во извештајот од 1. Мојсеева не се спомнува дека арката имала бродска кобилица или клун ниту, пак, едра, весла или кормило. Всушност, истиот еврејски збор за „арка“ се користи и за кошницата премачкана со смола во која мајка му го ставила Мојсеј кога бил бебе и го пуштила да плови по реката Нил (2. Мојсеева 2:3, 10).
Добри пловни карактеристики
Должината на арката била шест пати поголема од нејзината широчина и десет пати поголема од нејзината височина. Многу современи бродови се прават со слични пропорции, иако размерот должина-широчина зависи од силата што е потребна за тие да се движат низ водата. Но, арката требало само да се одржува на површината. Колку добро ќе може да го прави тоа?
Начинот на кој пловниот објект одолева на ветрот и на брановите зависи од неговите пропорции. Библијата вели дека Потопот бил предизвикан од силни дождови, а спомнува и дека подоцна Бог пуштил да задува ветар (1. Мојсеева 7:11, 12, 17-20; 8:1). Иако Библијата не кажува колку биле силни брановите и ветрот што дувал, најверојатно и брановите и ветрот биле силни и променливи исто како што знаат да бидат и денес. Колку подолго и посилно дува ветрот, толку повисоки и поодалечени еден од друг се брановите. Освен тоа, можеби високите бранови биле резултат и на сеизмичкото движење на копното.
Благодарение на своите пропорции, арката била стабилна и не се превртела. Самата конструкција овозможила арката да го издржи силното дејство на високите бранови кои можеле да предизвикаат силно да се лула по должина (напред-назад). Претераното лулање — кога бранот го крева едниот крај на пловилото, а потоа нагло го спушта назад во морето — би било многу непријатно за луѓето и за животните што биле во неа. Освен тоа, ваквото лулање го става пловниот објект под силен притисок. Неговата конструкција мора да е доволно јака за да не се свитка премногу на средината кога големите бранови истовремено ќе го подигнат и од двата краја. Од друга страна, пак, кога некој голем бран ќе го крене на средината, при што краевите остануваат да висат во воздух, клунот и крмата можат да се свиткаат надолу. Бог му дал упатства на Ное должината и висината на арката да бидат со размер 10 спрема 1. Подоцна, бродоградителите морале да научат од сопствено лошо искуство дека пловните објекти можат да го издржат притисокот од силните бранови само ако должината и длабочината им се со ваков размер.
Безбедна и удобна
Бидејќи арката била во облик на ковчег, силата која ја одржувала над водата била сразмерно распределена по целата должина. Истото било случај и со нејзината тежина. Најверојатно Ное се погрижил товарот во арката — како животните така и храната што им била потребна за да преживеат внатре подолго од една година — да биде рамномерно распределен. Ако тежината е распоредена правилно, се намалува дополнителниот притисок на товарот врз конструкцијата на пловниот објект. Сѐ на сѐ, два главни фактора придонеле арката и нејзините патници да го пребродат општиот Потоп — таа била конструирана според упатствата што ги дал Јехова, и тој ја заштитил. Без сомнение, Бог се погрижил на крајот арката да застане на безбедно и сигурно место.
Кога темелно го испитав сето ова, дојдов до заклучок дека она што го вели Библијата за арката на Ное е реалистично и во склад со современите методи на бродоградба. Се разбира, многу поединости за арката и за Потопот не се спомнуваат во извештајот од 1. Мојсеева. Се надевам дека еден ден, откако ќе започне воскресението, ќе го сретнам Ное овде на Земјата токму меѓу човечките семејства и меѓу животните кои преживеале благодарение на арката во која тој вложил толку голем труд и време (Дела 24:15; Евреите 11:7). Најпрво ќе им се заблагодарам нему и на неговото семејство. А потоа ќе го опсипам со прашања! (Приложено.)
[Фуснота]
a Еден лакот е древна единица за мерење должина која одговара отприлика на растојанието од лактот до врвот на прстите на раката. Изгледа дека во времето на Израелците лакотот бил стандардна мерка за должина која изнесувала 44,5 сантиметри.
[Рамка/слика на страница 22]
МАКЕТА НА АРКАТА
Можеш да си направиш и да тестираш своја сопствена макета на арката со помош на приложената мостра. (Можеш да направиш поголема макета ако пропорционално ја зголемиш мострата што е дадена подолу.) Обичната хартија може да стане водоотпорна ако целосно ја премачкаш со восок или со масни боици. Потоа можеш да ја свиткаш хартијата и краевите да ги залепиш со селотејп или со лепак. Стави и товар на подот на арката — на пример, залепи метални парички на еднакви растојанија на дното на макетата — така што отприлика една третина до една половина од неа ќе се најде под вода.
За да видиш како арката можела да го издржи Потопот, стави ја макетата во средината на една када наполнета со вода, паралелено со долгата страна на кадата. Обиди се да правиш мали постојани бранови користејќи празен четириаголен тетрапак кој ќе го потопуваш ритмично и полека во водата на другата страна од кадата, како што се гледа на сликава.
[Графикон]
(Види во публикацијата)
СВИТКАЈ СВИТКАЈ
СВИТКАЈ СВИТКАЈ
[Слика]
Пропорциите на арката биле слични на пропорциите на прекуокеанските бродови
[Графикон/слики на страници 20 и 21]
(Види во публикацијата)
Преден дел
Страна
Горен дел
Преден дел
Страна
Горен дел
[Слики]
Арката имала сличен волумен како „Титаник“
[Извори на слики]
Планот на Титаник: Со љубезна дозвола на Dr. Robert Hahn/www.titanic-plan.com; фотографија: Со љубезна дозвола на The Mariners’ Museum, Newport News, VA