Изгубено царство кое ги збунило библиските критичари
„Порано, историјата на асирското царство беше едно од најзагадочните поглавја во аналите на светот.“ „Сѐ што беше познато за древната Ниневија се содржеше во расфрлените навестувања и пророштва кои алудираат на тоа во Библијата, како и во случајните и фрагментни забелешки за асирската историја на Диодор Сицилиски . . . и други.“ (Cyclopædia of Biblical Literature, том I и III, 1862)
ГРЧКИОТ историчар Диодор Сицилиски живеел пред 2.000 години. Тој тврдел дека Ниневија била четириаглест град; четирите страни изнесувале вкупно 480 стадиуми должина. Тоа е површина од 60 милји! Библијата ни дава слична слика, опишувајќи ја Ниневија како голем град од „три дена одење“ (Јона 3:3).
Библиските критичари од 19. век одбиле да поверуваат дека непознат град од древниот свет можел да биде толку голем. Тие исто тврделе дека ако Ниневија некогаш постоела, мора да била дел од некоја стара цивилизација која му претходела на Вавилон.
Ова гледиште било спротивно со 1. Мојсеева, десето поглавје, кое наведува дека правнукот на Ное, Нимрод, ја основал првата политичка држава во областа Вавел, односно Вавилон. „Од таа земја“, продолжува Библијата, „излезе Асур, и ја соѕида Ниневија и Ровот град, и Халах, и Дасем меѓу Ниневија и Халах; тој е град голем“ (1. Мојсеева 10:8-12). Забележи, цитатот ги опишува четирите нови асирски града како еден „град голем“.
Во 1843, францускиот археолог Пол-Емил Бота открил урнатини од една палата која изгледала како да е дел од некој асирски град. Кога веста за ова откритие допрела до јавноста предизвикала голема возбуда. „Јавниот интерес се зголеми“, објаснува Алан Милард во својата книга Treasures From Bible Times, „кога се утврди дека палатата му припаѓала на Саргон, царот на Асирија, именуван во Исаија 20:1, за кого беше прашање дали постоел бидејќи по друг пат не се знаеше за него.“
Во меѓувреме, еден друг археолог, Остин Хенри Леард, почнал со ископувања над урнатините на местото наречено Нимрод, околу 42 километри југозападно од Корзабад. Се покажало дека урнатините биле од Халах — еден од четирите асирски градови споменати во 1. Мојсеева 10:11. Потоа, во 1849, Леард откопал урнатини на една масивна палата на местото наречено Кујунџик, помеѓу Халах и Корзабад. Палатата била дел од Ниневија. Меѓу Корзабад и Халах лежат урнатини од други населби, вклучувајќи го и насипот наречен Карамлес. „Ако ги земеме четирите големи насипи Нимрод [Халах], Кујунџик [Ниневија], Корзабад и Карамлес, како агли на квадрат“, забележал Леард, „ќе откриеме дека неговите четири страни сосема точно одговараат на 480 стадии или 96 километри на еден географ, што ги сочинуваат трите дена пат на пророкот [Јона].“
Значи, очигледно е дека Јона ги вклучил сите тие населби во еден ‚голем град‘, нарекувајќи ги сите по името на градот кој најпрвин е наведен во 1. Мојсеева 10:11, имено, Ниневија. Слично е направено и денес. На пример, постои разлика помеѓу првобитниот град Лондон и неговите предградија, кои заедно го сочинуваат она што понекогаш се фразира како „Поголем Лондон“.
Еден дрзок асирски цар
Палатата во Ниневија имала преку 70 соби, со ѕидови долги скоро три километри. На овие ѕидови се наоѓале изгорени остатоци од скулптури кои биле спомен на воените победи и другите достигнувања. Повеќето биле сериозно оштетени. Меѓутоа, кон крајот на својот престој, Леард открил една соба во впечатливо зачувана состојба. На ѕидовите се наоѓал приказ кој покажувал освојување на еден добро утврден град, со заробеници кои маршираат пред освојувачкиот цар кој седел на трон надвор од градот. Над царот се наоѓал еден натпис кого експертите за асирско писмо го превеле на следниов начин: „Сенахирим, цар на светот, цар на Асирија, седи на нимеду-престол и го оценува пленот од Лахис (Ла-ки-су)“.
Денес, овој приказ и натпис можат да се видат во Британскиот музеј. Тоа се совпаѓа со историскиот настан запишан во Библијата, во 4. Царства 18:13, 14: „Во четиринаесеттата година на царот Језекиј асирскиот цар Сенахирим тргна против сите утврдени градови на Јуда и ги презеде. Тогаш јудејскиот цар Језекиј испрати до асирскиот цар во Лахис да кажат: ‚Виновен сум; оди си од мене; сѐ што ќе ми наложиш, ќе поднесам‘. И асирскиот цар му наложи на јудејскиот цар Језекиј триста таланти сребро и триста [триесет, NW] таланти злато“.
Меѓу урнатините на Ниневија пронајдени се и други натписи кои додаваат детали за инвазијата на Сенахирим над Јуда и данокот кој го платил Езекија. „Веројатно една од најзабележителните случајности кон историското сведоштво на записот е извештајот за богатството во злато земено од Езекија, триесетте (NW) таланти, кој се совпаѓа и во двата извештаи сосем независни еден од друг“, пишувал Леард. Сер Хенри Ролинсон, кој помогнал во дешифрирањето на асирското писмо, објавил дека со овие натписи „не е ни потребно да се оспорува историскиот идентитет [на Сенахирим]“. Понатаму, во својата книга Nineveh and Babylon Леард прашува: „Кој би поверувал дека е можно, односно веројатно, пред да се направат овие откритија, меѓу куповите земја и отпадоци кои го обележуваа местото Ниневија, да се пронајде историјата за војните помеѓу Езекија и Сенахирим, пишувана токму во моментот кога се случувале и тоа од страна на самиот Сенахирим, а која дури и во најситните детали го потврдува библискиот запис?“
Се разбира, некои детали од записот на Сенахирим не се совпаѓаат со Библијата. На пример, археологот Алан Милард забележува: „Најуочливиот факт се наоѓа на крајот [од записот на Сенахирим]. Езекија својот гласник и сиот данок го испратил до Сенахирим, подоцна до Ниневија‘. Асирската армија не го однела дома со триумф како што обично се случувало“. Библијата наведува дека данокот бил платен уште пред асирскиот цар да се врати во Ниневија (4. Царства 18:15-17). Зошто се појавила разлика? И зошто Сенахирим не можел да се фали со победа над јудејскиот главен град Ерусалим како што се фалел со победата над јудејската тврдина Лахис? Тројца библиски писатели го даваат одговорот. Едниот од нив, очевидец, напишал: „Тогаш излезе ангел Господов и погуби во асирскиот логор сто и осумдесет и пет илјади души. Утредента станаа, и, ете, насекаде имаше само мртви тела. И отстапи Сенахирим, царот асирски, та си отиде, се врати и живееше во Ниневија“ (Исаија 37:36, 37; 4. Царства 19:35; 2. Летописи 32:21).
Во својата книга Treasures From Bible Times, Милард заклучува: „Нема оправдана причина за сомневање во овој извештај . . . Разбирливо, Сенахирим не би ја запишал ваквата катастрофа која би ја читале неговите наследници бидејќи тоа би му го нарушило угледот”. Наместо тоа, Сенахирим се обидел да направи впечаток дека неговата инвазија над Јудеја била успешна и дека Езекија и понатаму му бил подложен, испраќајќи му данок во Ниневија.
Потврдено е потеклото на Асирија
Библиотеки кои содржат десетици илјади глинени плочки исто така се откриени во Ниневија. Овие документи докажуваат дека корените на асирското царство се од југот на Вавилон, како што означува и 1. Мојсеева 10:11. Следејќи ја оваа информација, археолозите почнале да ги концентрираат своите напори и уште појужно. Encyclopædia Biblica објаснува: „Во сето она што останало зад Асирците откриено е вавилонско потекло. Нивниот јазик и методи на пишување, литература, религија и наука биле преземени од нивните северни соседи со многу мала измена“.
Ваквите откритија ги принудиле библиските критичари да ги изменат своите гледишта. Навистина, едно искрено истражување на Библијата открива дека таа била пишувана од страна на грижливи, чесни писатели. Еден поранешен главен судија на Врховниот суд на Соединетите Држави, Салмон П. Чејс, откако ја истражил Библијата, рекол: „Тоа беше долга, сериозна и длабока студија: и употребувајќи ги истите принципи на докажување во овие религиозни работи, како што секогаш тоа го правам во световните работи, дојдов до заклучок дека Библијата е натприродна книга, дека таа дошла од Бог“ (The Book of Books: An Introduction).
Навистина, Библијата е многу повеќе отколку само точна историја. Таа е Божја вдахновена Реч, дар за корист на човештвото (2. Тимотеј 3:16). Доказите за ова се очевидни ако се истражи библиската географија. За ова ќе се дискутира во следното издание.
[Слики на страници 6 и 7]
Горе: Три детали земени од ѕиден релјеф
Долу: Цртеж на асирски ѕиден релјеф што ја опишува опсадата на Лахис
[Извори на слики]
(Со љубезна дозвола од The British Museum)
(Од The Bible in the British Museum, издадена од British Museum Press)
[Извор на слика на страница 4]
Со љубезна дозвола од The British Museum