ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w03 15/8 стр. 25-28
  • Дали сесрдно го бараш Јехова?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Дали сесрдно го бараш Јехова?
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Некои што сесрдно го барале Јехова
  • Во склад со неговата волја
  • Колку сесрден си ти?
  • Сесрдните напори наградени
  • Ревносно барај го Јеховиниот благослов
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2010
  • Бог „ги наградува оние што ревносно го бараат“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2013
  • Сериозен напор — кога е благословен од Јехова?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2002
  • Наградите за упорноста
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
w03 15/8 стр. 25-28

Дали сесрдно го бараш Јехова?

ЕДЕН христијанин силно посакувал да ја сподели добрата вест од Библијата со другите патници во возот со кој патувал секој ден (Марко 13:10). Меѓутоа, стравот го парализирал. Дали се откажал? Не, тоа го направил предмет на горлива молитва и работел на тоа да научи како да започне разговор. Јехова Бог одговорил на молитвите на овој човек и му дал сила да сведочи.

Таквата сесрдност е многу важна кога го бараме Јехова и неговиот благослов. Апостол Павле рекол: „Оној кој му пристапува на Бог мора да верува дека тој постои и дека ги наградува оние кои сесрдно го бараат“ (Евреите 11:6). Не е доволно само да го бараме Јехова. Грчкиот збор преведен со ‚сесрдно бара‘ е облик што укажува на интензитет и одлучен напор. Ова ги вклучува целото срце, ум, душа и сила. Ако сесрдно го бараме Јехова, тогаш не се однесуваме незаинтересирано, штедејќи се себе или, пак, рамнодушно. Напротив, покажуваме искрена ревност кога го бараме (Дела 15:17).

Некои што сесрдно го барале Јехова

Писмото изобилува со примери на луѓе што вложувале сериозни напори во барањето на Јехова. Еден таков човек бил Јаков, кој енергично се борел до зори со еден материјализиран Божји ангел. Како резултат на тоа, на Јаков му било дадено името Израел (се бореше со Бог) зашто тој се „борел“ или „истрајал“, „се напрегал“, „издржал“ со Бог. Ангелот го благословил поради неговите сесрдни напори (Битие 32:24—30).

Потоа тука е и жената од Галилеја, чиешто име не е спомнато, која 12 години страдала од крвавење поради што ‚многу претрпела‘. Во таква состојба, не требало да се допира до други луѓе. Сепак, собрала храброст да отиде и да го види Исус. Постојано си велела: „Ако ги допрам само неговите горни облеки, ќе оздравам“. Замисли си ја како се пробива низ ‚мноштвото што го следело и го туркало [Исус]‘. Кога ги допрела неговите горни облеки, почувствувала дека ‚пресушил нејзиниот извор на крв‘ — нејзината хронична болест била излекувана! Кога Исус прашал: „Кој ми ги допре горните облеки?“, таа се уплашила. Но, Исус топло ѝ рекол: „Ќерко, твојата вера те оздраве. Оди си во мир и биди здрава од својата мачна болест“. Нејзините напори биле наградени (Марко 5:24—34; Левит 15:25—27).

Во една друга прилика, една Феничанка сесрдно го преколнувала Исус да ја излекува нејзината ќерка. Исус одговорил дека не е исправно храната од децата да им ја даде на кученцата. Со тоа мислел дека не може да се грижи за не-Израелците на сметка на Евреите кои го заслужувале тоа. Сфаќајќи ја поентата на неговата илустрација, жената сепак го преколнувала: „Да, Господи; но кученцата сепак јадат од трошките што паѓаат од масата на нивните господари“. Нејзината силна вера и искреност го поттикнале Исус да рече: „О жено, голема е твојата вера; нека ти биде како што сакаш“ (Матеј 15:22—28).

Што ќе се случело со овие поединци да не истраеле во своите напори? Ќе добиеле ли благослови ако се откажеле кога наишле на првата пречка или одбивање? Не! Овие примери добро ја опишуваат поентата за којашто Исус поучувал, имено дека ‚смелата упорност‘ е исправна, па дури и неопходна кога се бара Јехова (Лука 11:5—13).

Во склад со неговата волја

Во претходно споменатите извештаи за луѓе што биле излекувани на чудесен начин, дали, за да бидат излекувани, се барало само сесрдност од нивна страна? Не, она за што тие молеле морало да биде во склад со Божјата волја. На Исус му била дадена чудесна моќ за да даде извонреден доказ дека тој е Божји Син, ветениот Месија (Јован 6:14; 9:33; Дела 2:22). Освен тоа, чудата што ги вршел Исус дале претслика за величествените земни благослови што Јехова ќе ги излее врз човештвото за време на Христовото илјадагодишно владеење (Откровение 21:4; 22:2).

Божјата волја за оние што ја практикуваат вистинската религија повеќе не е да имаат чудесна моќ, како што е способноста да лекуваат и да зборуваат јазици (1. Коринќаните 13:8, 13). Неговата волја за нашево време вклучува добрата вест за Царството да се објавува по целата земја за ‚сите видови луѓе да можат да дојдат до точно спознание на вистината‘ (1. Тимотеј 2:4; Матеј 24:14; 28:19, 20). Божјите слуги со право можат да очекуваат нивните горливи молитви да бидат чуени доколку вложуваат сесрдни напори во склад со неговата волја.

Некои можеби се прашуваат: ‚Зошто да се напрегаме кога Божјата намера и онака ќе се исполни?‘ Иако е вистина дека Јехова ќе ја исполни својата намера без оглед на човечките напори, нему му е мило кога има поединци што се вклучени во вршењето на неговата волја. Јехова може да се спореди со еден човек што гради куќа. Градителот има целосен план за проектот, но избира градежни материјали што се достапни локално. На сличен начин, Јехова има проект што треба да се исполни денес и задоволен е што може да ги користи своите слуги, кои спремно се нудат (Псалм 110:3, NW; 1. Коринќаните 9:16, 17).

Разгледај го искуството на младиот Тошио. Кога тргнал во средно училиште, сакал да даде што е можно подобро сведоштво на своето посебно подрачје. Секогаш ја имал Библијата при рака и вложувал свесен напор да биде примерен христијанин. При крајот на првата учебна година, се појавила прилика да одржи говор пред класот. Тошио му се молел на Јехова за помош и бил воодушевен кога видел дека целиот клас внимателно го слуша неговиот говор со наслов „Мојата цел да направам кариера во пионерската служба“. Објаснил дека сака да биде полновремен министер на Јеховините сведоци. Еден од учениците се согласил да ја проучува Библијата со него и напредувал до степен на крштавање. Сесрдните напори на Тошио во склад со неговите молитви биле богато наградени.

Колку сесрден си ти?

Можеш на различни начини да покажеш дека сесрдно го бараш Јехова и неговите благослови. Прво, има некои основни работи што можеш да ги направиш, како, на пример, добро да се подготвуваш за христијанските состаноци. Со помош на добро смислени коментари, мотивирачки говори и делотворни презентации, откриваш со каков интензитет го бараш Јехова. Исто така, можеш да ја покажеш својата сесрдност со тоа што ќе го подобриш квалитетот на твојата служба. Зошто не се обидеш да бидеш попријатен во пристапот на врата и да користиш делотворни уводи што одговараат на твоето подрачје? (Колошаните 3:23). Со тоа што ќе се посвети со цело срце, еден христијански маж можеби ќе може да прифати доделби во собранието како, на пример, да служи како слуга помошник или како старешина (1. Тимотеј 3:1, 2, 12, 13). Ставајќи се на располагање, и ти можеш да ја доживееш радоста од давањето. Можеби ќе можеш да се пријавиш да служиш на некој градежен проект на некоја подружница или да служиш во некоја канцеларија на подружница на Јеховините сведоци. Ако си квалификуван самец, можеби ќе сакаш да присуствуваш на Школата за обука на слуги, која оспособува духовни мажи за да бидат добри пастири. Ако си во брак, мисионерската служба може да биде еден начин да ја покажеш својата сесрдна желба да му служиш повеќе на Јехова. Една можност може да биде и тоа да се преселиш таму каде што има поголема потреба од објавители на Царството (1. Коринќаните 16:9).

Она што навистина е важно е духот со кој исполнуваш некоја доделба. Сеедно каква одговорност ти е дадена, изврши ја сесрдно, одлучно и со „искреност на срцето“ (Дела 2:46; Римјаните 12:8). На секоја доделба треба да гледаш како на прилика да покажеш колку копнееш да му донесеш слава на Јехова. Постојано моли се за помош од Јехова и давај го најдоброто од себе. Тогаш ќе пожнееш богати награди.

Сесрдните напори наградени

Се сеќаваш ли на христијанинот кој се молел да го совлада својот страв за да може да им проповеда на другите патници во возот? Јехова ја благословил неговата искрена желба. Братот работел на тоа да има пријатен пристап, избирајќи теми со кои ќе може да започне разговор. Можел делотворно да ја користи Библијата за да му посведочи на еден човек што бил загрижен за стресните меѓучовечки односи. Неколку повторни посети во возот довеле до домашна библиска студија. Јехова навистина го благословил поради неговите сесрдни напори!

Ти можеш да имаш слични резултати ако продолжиш сесрдно да го бараш Јехова. Ако понизно истраеш и со цело срце се предадеш на која и да било теократска активност во која си вклучен, Јехова ќе те користи во склад со неговите намери и ќе излее богат благослов врз тебе.

[Слика на страница 26]

Што ќе се случело со оваа жена да не истраела?

[Слика на страница 27]

Дали истрајуваш кога го преколнуваш Јехова за неговиот благослов?

[Слики на страница 28]

Како можеш да покажеш дека сесрдно го бараш Јехова?

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели