ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w95 1/6 стр. 6-10
  • Иако жалиме, не сме без надеж

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Иако жалиме, не сме без надеж
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Смртта влегува во човечкото семејство
  • Верни луѓе кои жалеле
  • Жалоста во времето на Исус
  • Каква е надежта за мртвите?
  • Практична помош за оние кои жалат
  • Вистинска надеж за твоите најмили што умреле
    Што навистина учи Библијата?
  • Што се случува со нашите блиски кои умреле?
    Спознание кое води до вечен живот
  • Сигурна надеж за мртвите
    Кога ќе умре некој што го сакаш
  • Дали е погрешно да се оплакува?
    Разбудете се! 2001
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
w95 1/6 стр. 6-10

Иако жалиме, не сме без надеж

„Не сакам да не знаете за умрените, за да не жалите како и другите, што немаат надеж“ (1. СОЛУНЈАНИТЕ 4:13).

1. Што доживува човештвото секој ден?

ДАЛИ ти починал некој што си го сакал? Без оглед на староста, повеќето од нас биле ожалостени со загубата на некој роднина или пријател. Можеби тоа бил дедо или баба, татко или мајка, сопружник или дете. Староста, болестите и несреќите редовно ја жнеат својата жетва. Криминалот, насилството и војните го придаваат својот дел кон јадот и жалоста. Секоја година во светот просечно умираат по повеќе од 50 милиони луѓе. Дневниот просек во 1993 година беше 140.250 лица. Данокот на смртта ги погодува пријателите и семејството, а чувството на загуба е длабоко.

2. Зошто не е нормално да умираат деца?

2 Зарем можеме да не сочувствуваме со едни родители во Калифорнија (САД) кои трагично изгубија бремена ќерка во една каприциозна сообраќајна несреќа? Со еден удар, тие ја изгубија својата единствена ќерка и бебето кое требаше да им биде прво внуче. Сопружникот на жртвата ја изгуби жената и својот прв син или ќерка. За родителите е, на некој начин, неприродно да им умре дете, сеедно дали е сѐ уште мало или е постаро. Не е нормално децата да умираат пред своите родители. Сите ние го сакаме животот. Затоа, смртта е вистински непријател (1. Коринтјаните 15:26).

Смртта влегува во човечкото семејство

3. Како можеби се одразила смртта на Авел врз Адам и Ева?

3 Гревот и смртта царуваат околу шест илјади години од човечката историја, уште од побуната на нашите прародители, Адам и Ева (Римјаните 5:14; 6:12, 23). Библијата не ни кажува како реагирале тие на смртта на својот син Авел кој бил убиен од страна на брат му Каин. Од повеќе причини, тоа мора да било за нив едно опустошувачко искуство. Тогаш, за првпат ѝ погледнале в лице на човечката смрт која се одразувала на лицето на нивниот сопствен син. Ги согледале плодовите од својата побуна и од продолжената злоупотреба на слободната волја. Каин, пак, и покрај предупредувањата од страна на Бог, одбрал да го направи првото братоубиство. Дека Ева била длабоко погодена од смртта на Авел се гледа од самото тоа што, кога го родила Сет, рекла: „Господ ми даде син место Авела, кого го уби Каин“ (1. Мојсеева 4:3-8, 25).

4. Зошто не можел митот за бесмртност на душата да ги утеши по Авеловата смрт?

4 Нашите прародители исто така ја согледале реалноста на Божјата пресуда врз нив — ако се побунат и бидат непослушни, ‚ќе умрат‘. И покрај Сатановата лага, митот за бесмртност на душата очигледно сѐ уште не бил развиен, па така не можеле да извлечат некаква лажна утеха од тоа. Бог му рекол на Адам: „[Ќе] се вратиш во земјата, од која си земен; зашто си земја, и во земја ќе се вратиш“. Тој не спомнал некакво идно постоење на бесмртна душа на небо, во пекол, во лимбус, во чистилиште или на некое друго место (1. Мојсеева 2:17; 3:4, 5, 19). Како живи души кои згрешиле, Адам и Ева на крајот ќе умрат и повеќе нема да постојат. Цар Соломон бил инспириран да напише: „Живите знаат, дека ќе умрат, а мртвите ништо не знаат, и веќе за нив нема награда, зашто и споменот за нив е предаден на заборавот, и љубовта нивна, и омразата нивна и љубомората нивна веќе исчезнале, и ќе немаат дел довека во ништо, што станува под сонцето“ (Проповедник 9:5, 6).

5. Која е вистинската надеж за мртвите?

5 Колку само се точни овие зборови! Вистина, кој се сеќава на своите претци од пред двесте-триста години? Честопати, не се знае ни каде им се гробовите или, пак, истите се долго време запуштени. Дали тоа значи дека нема надеж за нашите сакани кои умреле? Не, во никој случај. Во врска со својот починат брат Лазар, Марта му рекла на Исус: „Знам дека ќе воскресне при воскресението, во последниот ден“ (Јован 11:24). Еврејскиот народ верувал дека во некое идно време Бог ќе ги воскресне мртвите. Па сепак, тоа не ги спречувало да жалат поради загубата на некој сакан (Јов 14:13).

Верни луѓе кои жалеле

6, 7. Како реагирале на смртта Авраам и Јаков?

6 Пред скоро четири илјади години, кога умрела Авраамовата жена Сара, ‚дошол Авраам да ја изжали и да ја исплаче‘. Божјиот верен слуга ги покажал своите длабоки чувства поради загубата на својата сакана и лојална жена. Иако бил храбар човек од акција, не се срамел да ја изрази со солзи својата жалост (1. Мојсеева 14:11-16; 23:1, 2).

7 Сличен бил и случајот на Јаков. Како реагирал тој кога бил наведен да верува дека дива ѕверка го убила син му Јосиф? Во 1. Мојсеева 37:34, 35 читаме: „И ја раскина Јаков облеката своја, па се препаша со покајнички кострет околу себе; и тагуваше по синот свој многу дни. И се собраа сите синови негови и ќерки негови да го тешат; но тој не можеше да се утеши, туку велеше: ‚Со тага во адот ќе појдам по синот мој.‘ Така го оплакуваше таткото негов“. Да, човечки е и природно да се изрази жалоста кога ќе умре некој сакан.

8. Како најчесто ја изразувале Израелците својата жалост?

8 Некои можеби мислат дека според современите или месните мерила, Јакововата реакција била претерана и мелодраматична. Но, тој израснал во друго време и во друга култура. Неговиот израз на жалење — носење кострет — е прво споменување на овој обичај во Библијата. Меѓутоа, како што е изразено во Хебрејските списи, оплакувањето било изразувано и со редење, со составување таговни песни и со седнување во пепел. Очигледно, Евреите не биле спречувани да ја изразат својата искрена жалостa (Језекиил 27:30-32; Амос 8:10).

Жалоста во времето на Исус

9, 10. а) Како реагирал Исус на Лазаровата смрт? б) Што ни кажува Исусовата реакција за него самиот?

9 Што може да се рече за Исусовите први ученици? На пример, кога умрел Лазар, неговите сестри Марта и Марија во солзи и со плач тажеле поради неговата смрт. Како реагирал совршениот човек Исус кога дошол кај нив? Јовановиот извештај вели: „Марија, штом пристигна таму, каде што беше Исус и кога Го виде, падна пред нозете Негови и рече: ‚Господи, да беше Ти овде, немаше да умре брат ми.‘ Исус, пак, кога ја виде како плаче, и Јудејците што беа дошле со неа како плачат, се натажи и се возмути, па рече: ‚Каде сте го положиле?‘ Му рекоа: ‚Господи, дојди и види!‘ Исус просолзи“ (Јован 11:32-35).

10 „Исус просолзи.“ Овие два збора кажуваат многу за Исусовата хуманост, за неговото сочувство, за неговите чувства. И покрај тоа што бил потполно свесен за надежта во воскресение, ‚Исус плачел‘ (Јован 11:35, King James Version). Извештајот продолжува со коментарите на посматрачите: „Гледај, колку го милувал [Лазара]“. Се разбира, ако совршениот човек Исус плачел поради загубата на својот пријател, тогаш не е срамота да тажи и плаче и еден денешен маж или жена (Јован 11:36).

Каква е надежта за мртвите?

11. а) Што можеме да научиме од библиските примери во врска со оплакувањето? б) Зошто ние не жалиме како оние што немаат надеж?

11 Што можеме да научиме од овие библиски примери? Дека е човечки и природно да се жали и дека не треба да се срамиме да ја изразиме својата жалост. Дури и кога е ублажена со надежта за воскресение, смртта на некој близок сѐ уште претставува трауматска загуба која длабоко се доживува. Години, па можеби и децении поминати во блиско дружење и меѓусебно делење, во еден миг и трагично се завршени. Вистина, ние не жалиме како оние што немаат надеж или како оние што имаат лажни надежи (1. Солунјаните 4:13). Исто така, не сме заведени од некакви митови дека човекот поседува бесмртна душа или дека продолжува да постои преку реинкарнација. Ние знаеме дека Јехова ветил „ново небо и нова земја, на кои ќе се настани правда“ (2. Петрово 3:13). „Ќе ја избрише Бог секоја солза од очите [наши], и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина“ (Откровение 21:4).

12. Како ја изразил Павле својата вера во воскресението?

12 Каква надеж постои за оние кои умреле?b Христијанскиот писател Павле бил инспириран да ни даде утеха и надеж кога напишал: „Најпоследниот враг за уништување е смртта“ (1. Коринтјаните 15:26). Во The New English Bible стои: „Зашто последниот непријател што треба да биде поништен е смртта“. Зошто можел Павле да биде толку сигурен во тоа? Затоа што бил преобратен и научен од оној кој бил подигнат од мртвите, Исус Христос (Дела 9:3-19). Токму затоа Павле можел да рече: „Бидејќи смртта дојде преку човекот [Адам], така и воскресението од мртвите стана преку човек [Исус]. И како што по Адама сите умираат, така и во Христа сите ќе оживеат“ (1. Коринтјаните 15:21, 22).

13. Како реагирале посматрачите на воскресението на Лазар?

13 Исусовите учења ни даваат голема утеха и надеж за иднината. На пример, што направил тој во случајот со Лазар? Отишол до гробот во којшто лежело телото на Лазар веќе четири дена. Изрекол молитва, а потоа ‚извикал со висок глас: „Лазаре, излези надвор!“ И излегол умрениот, завиткан во платно по рацете и нозете, а лицето забрадено со крпа. Им рекол Исус: „Одвиткајте го и оставете го да оди!“‘ Можеш ли да си ги замислиш изненадените и радосни изрази на лицата на Марта и Марија? Колку само мора да биле стаписани соседите кога го виделе ова чудо! Не изненадува тоа што мнозина посматрачи поверувале во Исус. Меѓутоа, Неговите религиозни непријатели ‚се согласиле да Го убијат‘ (Јован 11:41-53).

14. За што било претслика Лазаровото воскресение?

14 Исус го извел тоа незаборавно воскресение пред многу очевидци. Тоа било една претслика за идното воскресение што го прорекол во една друга прилика, кога рекол: „Не чудете се на ова, зашто иде часот кога сите, кои што се во гробовите, ќе го чујат гласот на Синот Божји, и ќе излезат: кои правеле добро — ќе воскреснат за живот, а кои правеле зло, ќе воскреснат за осудување“ (Јован 5:28, 29).

15. Каков доказ за Исусовото воскресение добиле Павле и Ананиј?

15 Како што претходно беше споменато, апостол Павле верувал во воскресението. Врз која основа? Тој пред тоа бил познатиот Савле, прогонител на христијаните. Неговото име и углед ширеле страв меѓу верниците. Впрочем, зарем тој не бил оној кој го одобрувал каменувањето до смрт на христијанскиот маченик Стефан? (Дела 8:1; 9:1, 2, 26). Па сепак, на патот до Дамаск, воскреснатиот Христос го вразумил Савлета, удирајќи го со привремено слепило. Савле чул глас како му вели: „,Савле, Савле, зошто Ме гониш?‘ А тој одговори: ‚Кој си Ти, Господине?‘ А Господ му рече: ‚Јас сум Исус, Кого Го гониш ти‘“. Истиот воскреснат Христос потоа го упатил Ананиј, кој живеел во Дамаск, да отиде во куќата во која се молел Савле и да му го врати видот. Така, од лично искуство, и Савле и Ананиј ги имале сите причини да веруваат во воскресението (Дела 9:4, 5, 10-12).

16, 17. а) Како знаеме дека Павле не верувал во грчката идеја за вродена бесмртност на човечката душа? б) Каква цврста надеж ни дава Библијата? (Евреите 6:17-20).

16 Забележи како одговорил Савле, апостол Павле, кога бил доведен како прогонет христијанин пред намесникот Феликс. Во Дела 24:15 читаме: „Се надевам на Бога, оти ќе има воскресение на мртвите, на праведните и на неправедните“. Очигледно, Павле не верувал во паганската грчка идеја за преживување на вродената бесмртност на човековата душа, која наводно преминува во некаков митолошки задгробен живот или во некаков подземен свет. Тој верувал во воскресението и поучувал за вера во него. За некои тоа ќе значи дар на бесмртен живот како духовни суштества на небото, заедно со Христос, а за повеќето — враќање во живот на една совршена Земја (Лука 23:43; 1. Коринтјаните 15:20-22, 53, 54; Откровение 7:4, 9, 17; 14:1, 3).

17 Според тоа, Библијата ни дава јасно ветување и цврста надеж дека преку воскресението многумина ќе ги видат повторно своите сакани овде на Земјата, но под многу поинакви околности (2. Петрово 3:13; Откровение 21:1-4).

Практична помош за оние кои жалат

18. а) Какво корисно помошно средство излезе на конгресите „Божествен страв“? (Види ја рамката.) б) На кои прашања сега е потребен одговор?

18 Засега ги имаме своите спомени и жалоста. Што можеме да сториме за да го преживееме овој искушувачки период на жалост? Што можат да сторат другите за да им помогнат на оние кои жалат? Освен тоа, што можеме да сториме за да им помогнеме на оние искрени поединци што ги среќаваме во службата на подрачјето, а кои се без вистинска надеж и кои исто така жалат? И, уште каква утеха можеме да извлечеме од Библијата во врска со нашите сакани кои заспале во смрт? Следната статија ќе ни даде некои предлози.

[Фусноти]

a За повеќе информации околу оплакувањето во библиски времиња, види Insight on the Scriptures (Увид во Писмото), том 2, страници 446, 447, објавено од Библиското и трактатно друштво Стражарска кула, од Њујорк, Инк.

b За повеќе информации околу надежта за воскресение што се наоѓа во Библијата, види Insight on the Scriptures, том 2, страници 783 — 793.

Можеш ли да одговориш?

◻ Зошто може да се рече дека смртта е непријател?

◻ Како ја изразувале својата жалост Божјите слуги во библиски времиња?

◻ Каква надеж постои за саканите кои се мртви?

◻ Врз која основа Павле верувал во воскресението?

[Рамка на страници 8 и 9]

Практична помош за оние кои жалат

На конгресите „Божествен страв“ во текот на 1994-95 година, Друштвото Стражарска кула го објави излегувањето на новата брошура со наслов Кога ќе умре некој што го сакаш. Оваа охрабрувачка публикација е наменета за утеха на луѓето од сите народи и јазици. Како што можеби веќе си видел, таа го изнесува едноставното библиско објаснување за смртта и за состојбата на мртвите. Што е уште поважно, го нагласува Божјето ветување, преку Христос Исус, за воскресение во живот на очистена, рајска Земја. Таа навистина носи утеха за ужалените. Затоа, треба да биде корисно помошно средство во христијанската служба и треба да служи за подбудување на интерес кој ќе доведе до многу домашни библиски студии. Прашањата за студија се дискретно поставени во рамки што се наоѓаат на крајот од секој дел за да може лесно да се разгледуваат обработените мисли заедно со секој искрен, ужален човек.

[Слика на страница 8]

Кога умрел Лазар, Исус плачел

[Слика на страница 9]

Исус го подигнал Лазара од смртта

[Извор на слика на страница 7]

Прво оплакување, на В. Бугуро, од оригиналната стаклена плоча во Фото–драма на создавањето, 1914

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели