ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • kl погл. 3 стр. 23-31
  • Кој е вистинскиот Бог?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Кој е вистинскиот Бог?
  • Спознание кое води до вечен живот
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • ВИСТИНСКИОТ БОГ ИМА ИМЕ
  • ЗОШТО ТРЕБА ДА ГО УПОТРЕБУВАШ БОЖЈЕТО ИМЕ
  • ОСОБИНИТЕ НА ВИСТИНСКИОТ БОГ
  • „БОГ МИЛОСРДЕН И МИЛОСТИВ“
  • БАВЕН НА ГНЕВ, НЕПРИСТРАСТЕН И ПРАВЕДЕН
  • ,ЈЕХОВА, НАШИОТ БОГ, Е ЕДИНСТВЕН‘
  • Да ги запознаеме Јеховините патишта
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2005
  • Бог има име
    Учи од Големиот Учител
  • Јехова — вистинскиот и жив Бог
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
  • Слави го Јеховиното величествено име
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2013
Повеќе
Спознание кое води до вечен живот
kl погл. 3 стр. 23-31

Поглавје 3

Кој е вистинскиот Бог?

1. Зошто многумина се сложуваат со уводните зборови на Библијата?

КОГА во јасна ноќ ќе погледнеш кон небото, зарем не си восхитен од глетката на толку многу ѕвезди? Како го објаснуваш нивното постоење? А што е со живите суштества на Земјата — шарените цвеќиња, птиците со нивните прекрасни песни, силните китови кои скокаат во океанот? Списокот е бесконечен. Сето ова не можело да настане случајно. Не е ни чудо што многумина се сложуваат со уводните зборови на Библијата: „Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“! (1. Мојсеева 1:1).

2. Што вели Библијата за Бог, и на што нѐ охрабрува таа?

2 Меѓу човештвото постои голема поделеност по прашањето за Бог. Некои мислат дека Бог е некаква безлична сила. Милиони луѓе ги обожаваат умрените претци, верувајќи дека Бог е премногу далечен за да можеме да му се приближиме. Но, Библијата открива дека вистинскиот Бог е реална личност која покажува срдечен интерес за нас како поединци. Затоа, таа нѐ охрабрува ‚да го бараме Господа‘, кога вели: „Он не е далеку од секого меѓу нас“ (Дела 17:27).

3. Зошто е невозможно да се направи лик на Бог?

3 Како изгледа Бог? Неколкумина негови слуги имале визии за неговата славна присутност. Во нив тој се симболизирал себеси како седнат на престол, со застрашувачка сјајност која се шири од него. Меѓутоа, оние кои ги виделе таквите визии, никогаш не опишале некакво одредено лице (Даниил 7:9, 10; Откровение 4:2, 3). Тоа е затоа што „Бог е Дух“; тој нема физичко тело (Јован 4:24). Всушност, невозможно е да се направи некаков точен физички лик на нашиот Творец, затоа што „Бога никој никогаш не Го видел“ (Јован 1:18; 2. Мојсеева 33:20). Сепак, Библијата ни кажува многу за Бог.

ВИСТИНСКИОТ БОГ ИМА ИМЕ

4. Кои се некои значајни титули што се применети на Бог во Библијата?

4 Во Библијата, вистинскиот Бог е опишан со изрази како што се ‚Семоќен Бог‘, ‚Севишен‘, „Голем Творец“, „Голем Подучувач“, ‚Суверен Господ‘ и ‚Цар на вечноста‘ (1. Мојсеева 17:1, НС; Псалм 49:14; Проповедник 12:1, НС; Исаија 30:20, НС; Дела 4:24, НС; 1. Тимотеј 1:17, НС). Размислувањето за овие титули може да ни помогне да растеме во спознанието за Бог.

5. Кое е Божјето име, и колку често тоа се појавува во Хебрејските списи?

5 Меѓутоа, Бог има единствено име кое само во Хебрејските списи се појавува скоро 7.000 пати — многу почесто од која и да е друга негова титула. Пред околу 1.900 години, од суеверие Евреите престанале да го изговараат божественото име. Библискиот хебрејски јазик се пишувал без самогласки. Затоа, не може точно да се каже како Мојсеј, Давид или другите од старо време ги изговарале четирите согласки (יהוה) кои го сочинуваат божественото име. Некои научници укажуваат дека Божјето име можеби се изговарало „Јахве“, но не се сигурни. Македонскиот изговор „Јехова“ се употребува веќе одамна, а неговиот еквивалент на многу јазици денес е нашироко прифатен. (Види 2. Мојсеева 17:15; Судии 6:24.)

ЗОШТО ТРЕБА ДА ГО УПОТРЕБУВАШ БОЖЈЕТО ИМЕ

6. Што вели за Јехова Осија 12:5, и зошто треба да го употребуваме неговото име?

6 Божјето единствено име, Јехова, служи за да го разликува од сите други богови. Поради тоа, ова име се појавува толку често во Библијата, особено во нејзиниот хебрејски текст. Многумина преведувачи не го употребуваат божественото име, но Осија 12:5 јасно вели: „А Господ е Бог Саваот; Јехова е името Негово“. Затоа е прикладно да го употребуваме Божјето лично име кога зборуваме за Бог.

7. Што учиме за Бог од самото значење на името Јехова?

7 Името Јехова е облик на еден хебрејски глагол кој значи „да настане“. Според тоа, Божјето име значи „Тој предизвикува да настане“. На тој начин, Јехова Бог се опишува себеси како Голем Наумител. Тој секогаш предизвикува неговите намери да станат реалност. Само вистинскиот Бог може со право да го носи ова име бидејќи луѓето никогаш не можат да бидат сигурни дека нивните планови ќе успеат (Јаков 4:13, 14). Само Јехова може да рече: „Така и Моето слово, што излегува од устата Моја . . . го прави она за што сум го испратил Јас“ (Исаија 55:11).

8. Која намера ја објавил Јехова преку Мојсеј?

8 Еврејските патријарси Авраам, Исак и Јаков ‚го призивале‘ името Јеховино, но не го знаеле полното значење на божественото име (1. Мојсеева 21:33; 26:25; 32:9; 2. Мојсеева 6:3, НС). Подоцна, кога Јехова ја открил својата намера дека ќе ги ослободи нивните потомци, Израелците, од египетско ропство и дека ќе им даде „земја каде што тече мед и млеко“, тоа можеби се чинело невозможно (2. Мојсеева 3:17). Меѓутоа, Бог го истакнал вечното значење на своето име кога на својот пророк Мојсеј му рекол: „Ова ќе им го кажеш на синовите Израелови: ‚Јехова, Богот на вашите претци, Богот Авраамов, Богот Исаков и Богот Јаковов, ме испрати кај вас‘. Ова е моето име до недогледно време, и ова е споменот за мене од поколение в поколение“ (2. Мојсеева 3:15, НС).

9. Како гледал фараонот на Јехова?

9 Мојсеј побарал од фараонот, царот на Египет, да ги пушти Израелците да го обожаваат Јехова во пустината. Но фараонот, кој самиот бил сметан за бог и кој обожавал други египетски богови, одговорил: „Кој е [Јехова, НС], за да Го послушам гласот Негов, и да ги пуштам синовите Израилеви? Не Го познавам Господа, ниту ќе го пуштам Израилот“ (2. Мојсеева 5:1, 2).

10. Каква акција презел Јехова во древниот Египет за да ја оствари својата намера со Израелците?

10 Јехова потоа презел постепена акција за да ја оствари својата намера, постапувајќи во склад со значењето на неговото име. Нанел десет неволји врз древните Египќани. Последната неволја ги убила сите египетски првороденци, вклучувајќи го и синот на горделивиот фараон. Тогаш Египќаните едвај чекале Израелците да си отидат. Меѓутоа, некои Египќани биле толку импресионирани од Јеховината моќ, што им се придружиле на Израелците при напуштањето на Египет (2. Мојсеева 12:35-38).

11. Какво чудо направил Јехова кај Црвеното Море, и што биле присилени да признаат неговите непријатели?

11 Тврдоглавиот фараон и неговата војска со стотици борбени коли тргнале повторно да ги заробат неговите робови. Кога Египќаните се приближиле, Бог на чудесен начин го разделил Црвеното Море така што Израелците можеле да прејдат по суво копно. Кога прогонителите навлегле во морското корито, Јехова ‚ги врзал тркалата на нивните коли, та одвај ги влечеле‘. Египетските воини викале: „Да бегаме од Израилците, зашто Господ се бие за нив против Египтјаните!“ Но, било предоцна. Огромните водени ѕидови се срушиле и ‚ги потопиле колите и коњаниците со сета војска Фараонова‘ (2. Мојсеева 14:22-25, 28). На тој начин, Јехова си стекнал големо име, а тој настан не е заборавен до ден-денес (Исус Навин 2:9-11).

12, 13. а) Какво значење има Божјето име за нас денес? б) Што треба луѓето итно да научат, и зошто?

12 Името што си го стекнал Бог, има големо значење за нас денес. Неговото име, Јехова, претставува гаранција дека сѐ што наумил, ќе се обистини. Во тоа спаѓа и остварувањето на неговата првобитна намера нашата Земја да стане рај (1. Мојсеева 1:28; 2:8). За таа цел, Бог ќе ги отстрани сите денешни противници на неговата сувереност, бидејќи изјавил: „Тие ќе познаат, дека Јас сум Господ [Јехова, НС]“ (Језекиил 38:23). Тогаш Бог ќе го исполни своето ветување дека ќе ги ослободи своите обожаватели и дека ќе ги воведе во еден нов свет на праведност (2. Петрово 3:13).

13 Сите оние кои ја сакаат Божјата милост, мораат да научат да го повикуваат неговото име со вера. Библијата ветува: „Секој кој го повикува името Јеховино, ќе биде спасен“ (Римјаните 10:13, НС). Да, името Јехова е многу значајно. Ако го повикуваш Јехова како свој Бог и Избавител, тоа може да те води до бескрајна среќа.

ОСОБИНИТЕ НА ВИСТИНСКИОТ БОГ

14. Кои главни особини на Бог ги истакнува Библијата?

14 Ако испитаме како Израел бил ослободен од Египет, ќе откриеме четири главни особини што Бог ги поседува во совршена рамнотежа. Неговите постапки со фараонот ја откриле неговата моќ која влева стравопочитување (2. Мојсеева 9:16). Мајсторскиот начин на којшто Бог ја решил таа сложена ситуација, ја покажал неговата неспоредлива мудрост (Римјаните 11:33). Ја открил својата правда кога одредил казна за тврдоглавите противници и угнетувачи на неговиот народ (5. Мојсеева 32:4) Една истакната особина на Бог е љубовта. Јехова покажал извонредна љубов кога го исполнил своето ветување во врска со Авраамовото потомство (5. Мојсеева 7:8). Тој покажал љубов и со тоа што допуштил некои Египќани да се одречат од лажните богови и да извлечат голема корист од тоа што зазеле став за единствениот вистински Бог.

15, 16. На кои начини Бог покажал љубов?

15 Додека ја читаш Библијата, ќе забележиш дека љубовта е Божјето главно својство, што го покажува на многу начини. На пример, тој од љубов станал Творец, така што радоста на животот најпрвин ја споделил со духовните суштества. Тие стотици милиони ангели го сакаат Бог и го фалат (Јов 38:4, 7; Даниил 7:10). Бог покажал љубов и кога ја создал и ја подготвил Земјата за човекот да живее среќно (1. Мојсеева 1:1, 26-28; Псалм 113:24).

16 Од Божјата љубов извлекуваме корист на безброј начини. Како прво, Бог со љубов ги создал нашите тела на таков прекрасен начин што можеме да му се радуваме на животот (Псалм 138:14). Неговата љубов е покажана преку тоа што тој дава ‚дождови од небото и плодоносни времиња и ги исполнува нашите срца со храна и веселост‘ (Дела 14:17). Бог дури „го остава Своето сонце да грее над лошите и над добрите, и праќа дожд на праведните и на грешните“ (Матеј 5:45). Љубовта исто така го мотивира нашиот Творец да ни помогне да го стекнеме спознанието за Него и да му служиме среќно како Негови обожаватели. Всушност, „Бог е љубов“ (1. Јованово 4:8). Но, постојат уште многу други аспекти на неговата личност.

„БОГ МИЛОСРДЕН И МИЛОСТИВ“

17. Што учиме за Бог од 2. Мојсеева 34:6, 7?

17 Откако го прешле Црвеното Море, Израелците допрва требало подобро да го запознаат Бог. Мојсеј ја почувствувал оваа потреба и се молел: „Ако, сум нашол милост пред Тебе откри ми сѐ да Те разберам, та и понатаму да најдам милост пред Тебе“ (2. Мојсеева 33:13). Мојсеј уште подобро го запознал Бог откако ја слушнал Божјата сопствена изјава: „Јехова, Јехова, Бог милосрден и милостив, бавен на гнев и обилен во срдечна доброта и вистина, кој чува срдечна доброта за илјадници, а простува грешка и престап и грев, но никако не дава ослободување од казна“ (2. Мојсеева 34:6, 7, НС). Бог ја урамнотежува својата љубов со правдата, не штитејќи ги намерните грешници од последиците на нивното престапување.

18. Како докажал Јехова дека е милостив?

18 Како што научил Мојсеј, Јехова покажува милост. Милостивото лице се сожалува на оние кои страдаат и се труди да им олесни. Затоа, Бог покажал сочувство кон човештвото така што направил подготовка за трајно ослободување од страдањето, болеста и смртта (Откровение 21:3-5). Обожавателите на Бог можат да доживеат неволји заради условите во овој зол свет, или може да постапат немудро и да се соочат со проблеми. Но, ако понизно се свртат кон Јехова за помош, тој ќе ги утеши и ќе им помогне. Зошто? Затоа што тој милостиво покажува срдечен обѕир спрема своите обожаватели (Псалм 85:15; 1. Петрово 5:6, 7).

19. Зошто можеме да речеме дека Бог е милостив?

19 Многумина од оние кои се на власт, постапуваат грубо со другите. За разлика од нив, колку само е милостив Јехова спрема своите понизни слуги! Иако е највисок авторитет во вселената, тој покажува истакната љубезност, општо земено, спрема целото човештво (Псалм 8:3, 4; Лука 6:35). Јехова е милостив и спрема поединци, одговарајќи на нивните конкретни молби за благонаклоност (2. Мојсеева 22:26, 27; Лука 18:13, 14). Се разбира, Бог не е должен на никого да му покажува благонаклоност или милост (2. Мојсеева 33:19). Затоа, треба да покажуваме длабоко ценење за Божјата милост и великодушност (Псалм 144:1, 8).

БАВЕН НА ГНЕВ, НЕПРИСТРАСТЕН И ПРАВЕДЕН

20. Што покажува дека Јехова е и бавен на гнев и непристрастен?

20 Јехова е бавен на гнев. Но, тоа не значи дека тој не презема акција, бидејќи токму тоа и го сторил кога го уништил тврдоглавиот фараон и неговата војска во Црвеното Море. Јехова е и непристрастен. Затоа неговиот повластен народ, Израелците, поради нивното упорно престапување, на крајот ја загубиле неговата благонаклоност. За свои обожаватели Бог прифаќа луѓе од сите народи, но само оние кои се држат за неговите праведни патишта (Дела 10:34, 35).

21. а) Што учиме за Бог од Откровение 15:2-4? б) Што ќе ни олесни да го правиме она за кое Бог вели дека е исправно?

21 Библиската книга Откровение истакнува дека е важно да се учи за Божјите „праведни одредби“. Таа ни кажува дека небесните суштества пеат: „Големи и чудни се делата Твои, Господи Боже Седржителу! Праведни и вистинити се Твоите патишта, Цару на народите! Кој нема да се уплаши од Тебе, Господи, и не ќе го прослави името Твое? Оти само Ти си свет; зашто сите народи ќе дојдат и ќе се поклонат пред Тебе; бидејќи Твоите судови [праведни одредби, НС] станаа јавни!“ (Откровение 15:2-4). Ќе покажеме здрав страв од Јехова, или почитување кон него, ако се држиме за она за кое тој вели дека е исправно. Тоа ќе го сториме полесно ако се потсетуваме на Божјата мудрост и љубов. Сите негови заповеди се за наше добро (Исаија 48:17, 18).

,ЈЕХОВА, НАШИОТ БОГ, Е ЕДИНСТВЕН‘

22. Зошто оние кои ја прифаќаат Библијата не обожаваат некакво тројство?

22 Древните Египќани обожавале многу богови, но Јехова е „Бог кој бара исклучителна оддаденост“ (2. Мојсеева 20:5, НС). Мојсеј ги потсетувал Израелците дека „Господ [Јехова, НС] нашиот Бог, е единствен Господ“ (5. Мојсеева 6:4). Исус Христос ги повторил истите зборови (Марко 12:28, 29). Затоа, оние кои ја прифаќаат Библијата како Божја Реч, не обожаваат некакво тројство што се состои од три личности или богови во еден. Всушност, зборот „тројство“ не се ни појавува во Библијата. Вистинскиот Бог е една Личност, одделена од Исус Христос (Јован 14:28; 1. Коринтјаните 15:28). Божјиот свет дух не е личност. Тоа е Јеховината делотворна сила што Семоќниот ја користи за извршување на своите намери (1. Мојсеева 1:2; Дела 2:1-4, 32, 33; 2. Петрово 1:20, 21).

23. а) Како ќе расте твојата љубов кон Бог? б) Што рекол Исус за љубовта спрема Бог, и што треба да научиме за Христос?

23 Кога размислуваш колку е прекрасен Јехова, зарем не се сложуваш дека тој го заслужува твоето обожавање? Додека ја проучуваш неговата Реч, Библијата, ќе го запознаеш подобро и ќе научиш што бара тој од тебе за твое вечно добро и среќа (Матеј 5:3, 6). Освен тоа, ќе расте твојата љубов кон Бог. Тоа е и прикладно, зашто Исус рекол: „Возљуби Го Господа, твојот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа, и со сиот свој разум, и со сета своја сила!“ (Марко 12:30). Очигледно, Исус имал таква љубов кон Бог. Но, што открива Библијата за Исус Христос? Каква е неговата улога во Јеховината намера?

ПРОВЕРИ ГО СВОЕТО СПОЗНАНИЕ

Кое е Божјето име, и колку често е употребено во Хебрејските списи?

Зошто треба да го употребуваш Божјето име?

Кои особини на Јехова Бог особено те привлекуваат?

[Слика на страница 29]

Колку добро го познаваш Творецот на сите ствари?

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели