Што вели Библијата
Дали иднината ти е предодредена?
Многу луѓе веруваат дека некоја виша сила им го предодредила животот и иднината. Мислат дека, од лулка до гроб, секој од нас живее како што му пишал Бог. Според нив, ако е Бог семоќен и ако знае сѐ, тогаш мора да ја знае секоја ситница од минатото, сегашноста и иднината
ШТО мислиш ти? Дали Бог го предодредил целиот наш живот? Со други зборови, дали навистина имаме слободна волја или само се залажуваме дека ја имаме? Што вели Библијата?
Знае или не знае сѐ?
Библијата јасно ни кажува дека некои работи Бог ги знае однапред. Во Исаија 46:10 за него се вели дека ‚од почетокот го јавува завршетокот‘. Исто така, тој користел луѓе за да запишат многу пророштва (2. Петрово 1:21). Што е најважно, тие секогаш се остваруваат бидејќи Бог ја има потребната мудрост и моќ за да ги исполни до најмала ситница. Според тоа, Бог може да предвиди, а, ако сака, и да предодреди некои настани. Меѓутоа, дали тоа значи дека однапред знае каква судбина го чека секој човек или точно колку луѓе ќе се спасат? Ова не е библиско учење.
Библијата вели дека Бог избира што ќе предвиди. На пример, Бог претскажал дека на крајот од сегашниов поредок, едно „големо мноштво“ од праведни луѓе ќе го преживеат уништувањето на злобните (Откровение 7:9, 14). Меѓутоа, забележи дека Бог не кажал точно колку луѓе ќе има во тоа големо мноштво. Зошто? Затоа што тој не ја одредува судбината на секој од нас поединечно. Него би можеле да го споредиме со еден добар татко кој има големо семејство. Тој знае дека барем некои негови деца ќе му возвратат на љубовта, но не одредил колкав ќе биде нивниот број.
Постои сличност помеѓу начинот на кој Бог ја употребува својата сила и начинот на кој ја користи способноста да предодреди некој настан. Тој е Семоќен, па според тоа има апсолутна моќ (Псалм 91:1; Исаија 40:26, 28). Но, дали тоа значи дека не ја контролира? Не. На пример, својата сила не ја употребил против непријателската војска на Вавилон, сѐ додека не дошло време за тоа. „Се воздржував“, рекол Бог (Исаија 42:14). Истото важи и за неговата способност да предвидува и да предодредува што ќе се случи. Јехова се воздржува да ја употреби од обѕир кон слободната волја што ни ја дал.
Сепак, тоа што ги контролира овие способности не е доказ дека Бог на некој начин е ограничен или несовршен. Напротив, тоа го прави уште повеличествен, и ние сме привлечени кон него бидејќи гледаме дека тој владее со љубов и со обѕир кон слободната волја на своите разумни творби, а не само затоа што е сезнаен или семоќен.
Од друга страна, ако Бог предодредува сѐ, па дури и ужасните несреќи и зла, зар не би можеле со право да го обвиниме за сета беда и страдање во светот? Јасно е дека учењето за предодреденост го оцрнува Бог. Тоа го прикажува како сурова и неправедна личност која не покажува љубов, што е сосема спротивно на она што Библијата го вели за него (5. Мојсеева 32:4).
Изборот е твој
Обраќајќи му се на израелскиот народ преку својот слуга Мојсеј, Бог рекол: „Пред вас ставам живот и смрт... Затоа избери го животот... така што ќе го сакаш Јехова, својот Бог, ќе го слушаш неговиот глас и ќе се држиш за него, зашто тој ти дава живот и долговечност“ (5. Мојсеева 30:19, 20). Ако Бог предодредил некои Израелци да го сакаат и да живеат, а други да не го почитуваат и да заслужат смрт, оваа изјава би била бесмислена и лицемерна. Дали е логично Бог, кој „ја сака правдата“ и претставува олицетворение на љубовта, да постапува на ваков начин? (Псалм 37:28; 1. Јованово 4:8).
Бог ги потикнува своите слуги да го изберат животот. Оваа покана уште повеќе важи денес, бидејќи исполнувањето на библиските пророштва покажува дека крајот на сегашниов поредок е многу близу (Матеј 24:3-9; 2. Тимотеј 3:1-5). Како можеме да го избереме животот? Во основа, на истиот начин како и древните Израелци.
Како да ‚го избереш животот‘?
Животот ќе го избереме ако ‚го сакаме Јехова, го слушаме неговиот глас и се држиме за него‘. Се разбира, ова е можно само ако добро го познаваме Бог и ако ни е јасно што бара тој од нас. Во молитва до Бог, Исус Христос рекол: „Ова е вечен живот: да Те познаваат Тебе, единствениот прав Бог, и Кого си Го пратил Исус Христос“ (нагласено од нас; Јован 17:3, Превод на Санде Тодоровски).
Ваквото скапоцено знаење може да се стекне преку Светото писмо, кое со право е наречено Божја реч (Јован 17:17; 2. Тимотеј 3:16). Овој дар е јасен доказ дека Бог не ни ја предодредил иднината, туку дека сака да донесеме одлука темелена на информациите што ни ги дава (Исаија 48:17, 18).
Тоа е исто како Бог преку Библијата да ни вели: ‚Ова е мојата намера со луѓето и со Земјата и ова треба да го правиш за да живееш вечно. Одлучи самиот дали ќе ме слушаш или не‘. Можеме да видиме дека Божјата способност да ја предодредува иднината и неговиот обѕир кон нашата слободна волја се совршено урамнотежени! Ќе го избереш ли животот „така што ќе го слушаш [Божјиот] глас и ќе се држиш за него“?
ШТО МИСЛИШ?
◼ До кој степен Бог ја користи својата способност да предвидува? (5. Мојсеева 30:19, 20; Исаија 46:10)
◼ Зошто не е логично Бог да предодредува сѐ, па дури и неволјите што ги снаоѓаат луѓето? (5. Мојсеева 32:4)
◼ Од што најмногу зависи нашата иднина? (Јован 17:3)
[Истакната мисла на страница 13]
Библијата вели дека Бог избира што ќе предвиди.