Обрежувањето доказ за машкост?
ВО МНОГУ земји во светот, обрежувањето на машките деца се смета како мерка за здравствена заштита. Во други земји, пак, е нормално мажите да не се обрежуваат. За некои, како што се Евреите и муслиманите, обрежувањето не се врши само од здравствени причини туку пред сѐ од религиозни.
Но, во некои земји постојат церемонии при кои машките деца се обрежуваат кога почнуваат да стануваат мажи. Тогаш момчето го испраќаат во посебна школа во која се учи на традиционалните обичаи. Таму го обрежуваат и го држат одвоено од средината неколку седмици додека да закрепне од интервенцијата. За тоа време, момчето треба да се придржува за точно одредени ритуали и се учи да биде маж. Дали навистина е потребно момчињата да бидат обрежани на ваков начин како знак дека станале мажи? Да видиме што ни кажува Библијата за тоа како гледа Бог на оваа работа (Изреки 3:5, 6).
Како гледа Бог на обрежувањето
И некои народи во минатото, како на пример Египќаните, се обрежувале, односно ја отсекувале кожичката на машкиот полов орган. Но, Авраам не бил роден во еден од тие народи. Всушност, поголемиот дел од својот живот Авраам не бил обрежан. Освен тоа, кога сѐ уште бил необрежан, Авраам бил силен маж. Во една прилика, со само мал број луѓе тој тргнал во потера по војските на четири цара што го заробиле неговиот внук Лот и ги победил (1. Мојсеева 14:8-16). По околу 14 години, Бог побарал од Авраам да се обреже не само тој туку целото негово семејство. Зошто?
Тоа сигурно не било знак дека Авраам израснал од момче во маж, зашто кога се обрежал тој веќе имал 99 години! (1. Мојсеева 17:1, 26, 27). Еве како Бог објаснил зошто дал таква заповед: „Ќе се обрежувате, и тоа ќе служи како знак на сојузот меѓу мене и вас“ (1. Мојсеева 17:11). Со овој сојуз Бог се обврзал дека, преку Авраам, на крајот ќе бидат благословени „сите народи на земјата“ (1. Мојсеева 12:2, 3). Значи, во очите на Бог, обрежувањето немало никаква врска со машкоста. Тоа едноставно било знак дека некој е потомок на Авраам и дека е припадник на израелскиот народ, кој ја имал честа да му бидат „доверени светите Божји објави“ (Римјаните 3:1, 2).
Но, Израелците како народ покажале дека не се достојни за таа чест бидејќи одбиле да го прифатат Исус Христос, вистинскиот потомок на Авраам. Затоа, Бог повеќе не ги признавал како свој народ, и нивното обрежување веќе немало никакво значење во Божји очи. И покрај тоа, некои христијани во првиот век од н.е. тврделе дека Бог сѐ уште бара мажите да се обрежуваат (Дела 11:2, 3; 15:5). Поради тоа, апостол Павле го испратил Тит во различни собранија за да го ‚исправи она што има некаков недостаток‘. Во врска со еден таков недостаток, Павле му напишал на Тит: „Има многу непокорни, оние што кажуваат бескорисни зборови и оние што го лажат умот, особено оние што се држат за обрежувањето. Ним треба да им се затвори устата, зашто токму тие ја поткопуваат верата на цели семејства, поучувајќи за она што не треба, заради нечесна добивка“ (Тит 1:5, 10, 11).
Овие зборови на Павле важат и за нас денес. Ако еден христијанин тера некој друг да го обреже своето дете, сигурно постапува спротивно на Библијата. Наместо да „се меша во туѓи работи“, христијанинот остава родителите сами да си донесат одлука во врска со ова (1. Петрово 4:15). Освен тоа, Бог го вдахнал Павле да напише за обрежувањето што се извршувало според Мојсеевиот закон: „Дали некој е повикан како обрежан? Нека не го преправа обрежувањето. Дали некој е повикан како необрежан? Нека не се обрежува. Обрежувањето не значи ништо, и необрежувањето не значи ништо, туку важно е држењето за Божјите заповеди. Секој нека остане во онаа состојба во која бил повикан“ (1. Коринќаните 7:18-20).
Збор-два за „школите за обрежување“
Што ако некои родители што се христијани треба да решат дали нивното дете да биде обрежано? Дали би било во склад со Библијата да го пратат своето дете во едно од тие т.н. школи за обрежување што веќе ги спомнавме? Единствената цел на овие школи не е самата интервенција. Неколку седмици, децата што доаѓаат во овие школи се дружат со момчиња и учители што не го прифаќаат Јехова. Многу работи што ќе ги научат таму се сосема спротивни на високите морални мерила што се изнесени во Библијата. А Библијата предупредува: „Лошото друштво ги расипува добрите навики“ (1. Коринќаните 15:33).
Сѐ почесто има случаи кога децата од овие школи претрпуваат физички последици. Во 2003 год. весникот South African Medical Journal предупреди: „Оваа година повторно има ужасни последици од обрежувањето, и во најпознатите средства за јавно информирање низ светот се известува за случаи на смрт и осакатување... Со еден збор, многу од денешните т.н. ‚школи за обрежување‘ се чиста измама и може некого да чинат живот“.
Освен физичката штета што може да ја претрпи детето, постои уште поголема духовна штета. Она што го учат и што го прават децата во овие школи е тесно поврзано со спиритизам и со обожавање на умрените предци. На пример, наместо да признаат дека децата биле осакатени од невнимание при обрежувањето и поради несоодветните хигиенски услови, мнозина веруваат дека причината е тоа што некој фрлил магија или тоа што мртвите предци не се задоволни од нешто. Во врска со нашата поврзаност со лажните верувања, Библијата заповеда: „Не впрегнувајте се во нееднаков јарем со неверници. Зашто, што им е заедничко на праведноста и на беззаконието? Или какво заедништво има светлината со темнината?.. ‚Затоа, излезете од нивната средина и одвојте се,‘ вели Јехова, ‚и повеќе не допирајте ништо што е нечисто,‘ ‚и јас ќе ве примам‘“ (2. Коринќаните 6:14-17). Врз основа на овој совет, би било сосема немудро родителите што се христијани да ги испратат своите деца во школа за обрежување.
Што го прави христијанинот вистински маж?
Дали еден христијанин е вистински маж не се гледа по тоа дали е обрежан или не. За хистијаните е најважно да бидат како што треба во очите на Бог, а не „по тело да им угодат на другите“ (Галатите 6:12).
За да го прави она што му е угодно на Бог, христијанинот треба ‚да го обреже срцето‘ (5. Мојсеева 10:16; 30:6; Матеј 5:8). Тоа не се прави со дословно сечење со нож, туку на тој начин што ќе ги отфрлиме од себеси погрешните желби и арогантните ставови, како на пример, сфаќањето дека оној што е обрежан по тело е подобар од другите што не се обрежани. Секој христијанин што истрајува во испитите и е ‚непоколеблив во верата‘ докажува дека е вистински маж, без разлика дали е обрежан или не (1. Коринќаните 16:13; Јаков 1:12).